ОВА Е НАША ЗЕМЈА, НАША ТАТКОВИНА!

Сотир Гроздановски

КОЈ Е СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ - КАТИН

***

Во с. Наколец, Долна Преспа, на 19 август 1941 година е роден Славе Николовски-Катин, познат само како Славе Катин и во меѓународната јавност по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно, на етничка Македонија и на животот на Македонците во дијаспората. 

Во  биографијата на Славе Катин можат да се најдат и други податоци за неговото животно движење. Имено, непосредно по  раѓањето, неговото семејство се преселува во Љубојно, родното место на неговата мајка Сандра (од семејството Грежловци), каде Славе го гоминува поголемиот дел од детството и во кое постојано се навраќа да ужива во своите детски спомени. Како вљубеник во литературата, Славе Катин поседува над 4000 разни публикации, како ретко кој од неговата фела.

Образованието, основното и осумгодишното училиште (со мала матура) го завршува во училиштето "Димитар Вкахов" во Љубојно, а средно техничко, геодетски отсек, во училиштето "Здравко Цветковски" во Скопје. Студирал две години Геодезија на Вишата геодетска школа во Белград, а се школувал и во Торонто, Канада, а дипломирал на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет "Блаже Конески" при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје.

По завршувањето на средното образование, неколку години Славе Катин работи како геометар во Собранието на Опшината Ресен. Како студент во Белград, во почетокот на 1966 година, заминува за Канада, каде останува четири години. Во Торонто се школува на специјализираниот Институт за англиски јазик и литература "Раепсон". Извесен период работи како геодет. Пројавува голем интерес за  македонската колонија, во која активно се вклучува.  Во 1978 година бил избран за секретар во црковната управа на Македонската соборна православна црква "Свети Климент Охридски". За време на престојувањето во Торонто, Славе Катин се бавел и со новинарство, активно соработувајќи со писаните гласила во Канада и Соединетите Американски Држави, меѓу кои и со списанието "Духовна искра" од Торонто.

Во летото 1970 година, по препорака на тогашниот југословенски амбасадор Митко Чаловски, се вратил во Македонија како студент на Владата на тогашната Социјалистичка Република Македонија, преку Матицата на иселениците од Македонија. Заедно со неколку други студенти од Канада и Австралија, имал статус и бенефиции како странски студент во Македонија, со цел пак да се врати во Канада. Меѓутоа, љубовта беше посилна од се', во 1972 година стапил во брак со Нада Иванова, професорка по македонски јазик и литература и така си останал таму каде и срцето од секогаш му било. Во родната Македонија, во прекрасниот македонски бисер, Охрид.

По дипломирањето на Филолошкиот факултет (1974), Славе четири години работел како координатор и стручен преведувач во Хидробиолошкиот завод во Охрид. Тоа било во периодот на истражувањето на Охридското Езеро, утврдено со Договорот помеѓу Заводот и Смитсоновата фондација од Вашингтон. Во овој период, интензивно работи  и на повеќе преводи од научен и стручен карактер, од македонски на англиски и обратно за потребите на Заводот, но и на други преводи на научни трудови, објавувани во земјата и странство.

Славе Катин, од 1979 до 1990 година работи во својата преведувачка и новинарска професија на повеќе одговорни места во Република Македонија, како и во Комисијата за меѓунационални и религијски односи.

Во 2001 година Славе Катин заминува во заслужен "одмор" но, со цел да се посвети на неговата вистинска љубов-иселеништвото, новинарството и книжевноста.

Како главен и одговорен уредник на една од престижните издавачки куќи-Книгоиздателството "Македонска искра" од Скопје, тој постигнал видни резултати во издаваштвото, особено во учебникарството. Славе Катин уредил и објавил неколку стотини наслови од кои најголем број се учебници и дидактичка литература, кои значат голем прилог и придонес во образованието на Република Македонија и за учениците во дијаспората. Потоа дела на македонски иселеници, асосијации и организации во Канада, САД , Австралија и Европската унија, како и книги на бројни познати и непознати автори од Македонија и се разбира, дела од неговото лично творештво.

Во неговиот творечки опус од 55 дела, посебно внимание заслужуваат книгите:

- Македонците во САД и Канада (на македонски и англиски); Македонските православни цркви во Австралија, Канада и САД; Илинден 1903-2003 и македонските иселеници; Македонски холокауст; Македонскиот иселенички печат (на македонски); како и делата - Придонесот на Македонија во светската цивилизација; Од Панонија до Егеј; Во чест на св. Кирил и Методиј; 40 Поклоненија на гробот на св.Кирил во Рим и Ореолот на Дева Марија и Св. Богородица Сливничка во Преспа, (во коавторство со академик д-р Антоније Шкокљев-Дончо и проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ), потоа Macedonia in Ancient Times (Македонците во античкиот период), The Balkans and Macedonia (Балканот и Македонија) (во коавторство со академик д-р Антоније Шкокљев-Дончо и Ристо Стефов).

Семејството на Славе и Нада Николовска, родена Иванова во Виница 1949 година, во раните години.

Но, прикаската за ова заслужно македонско семејство Николовски, не завршува тука. Должни сме да речеме неколку реченици и за другата половина, а тоа е сопругата на Славе Катин, Нада Николовска, родена Иванова, во Виница во 1949 година. Таа  денес е пензионерка, а беше советник и инспектор по македонски јазик во Бирото за развој на образованието при Министерството за образование на Република Македонија. 

Нада Николовска-Катин е автор на дваесетина учебници и друга литература и на повеќе од дваесет дидактички дела по македонски јазик кои значат голем придонес во наставниот процес во училиштата во Македонија. Нејзините дела, во исто време се и афирматори и бранители на македонскиот јазик и литературата во земјата и светот. 

Благодарејќи му на порталот "Македонска нација" и Славе Катин,  овој пат  ќе имаме можност да се запознаеме со дел од неговата преводителска работа. Во повеќе продолженија ќе ви го презентираме  историскиот роман "Александар Велики" од германскиот научник Урлих Вилкен преведен од него и прилагоден од англиски на македонски, како "Александар Македонски".

Заедно ќе го запознаеме, уште повеќе,   славниот водач на македонската држава и народот македонски по кои се грабат нашите соседи, но и целиот свет,  настојувајќи,  нас Македонците да не развластат од славното минато, во своја корист.

Но, затоа, по тоа!

 

Ваш Сотир

Урлих Вилкен

АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

ДЕЛ 01

*******

 

Вовед во студиите за Александар Македонски

 

Денес, ние Македонците, правдољубивите научници и реалниот свет сме сведоци на тоа дека одреден број земји, "потковани" со ненаучни факти и невистини, а подржани од некои глобални политики на одредени големи сили, за жал и голем срам, сакаат да ни го одземат нашето минато, сегашност и иднина и да ја изменат античката македонска библиска и денешна историја, култура, религија, јазик и македонската вистина.

Често се поставуваат прашањата: Од каде потекнува Александар III Македонски? Кој е Александар Велики? Какво е неговото потекло, образование, воспитание? На која нација му припаѓал? Кои беа неговите знаења, умеења, намери, погледи, постигнувања? Каков бил неговиот однос кон културите надвор од античката Македонска империја кон античките Елини-Грци и кон нивните градови-држави (полиси), кон империите, кон глобалниот свет воопшто? Како тој станал најголем освојувач во целокупната историја на човештвото?

Mногу прашања, многу одговори од илјадници научници, намерници и вљубеници во ликот и делото на Големиот Александар Трети Македонски, кој оставил вечни траги и за кој се напишани милиони страници од папируси до современи средства за информирање.

Затоа и нашата  цел е читателите на веб порталот "Македонска нација" да ги запознаеме со дел од вистината за Александар и неговата античка Македонска империја. За политичките, културните, интелектуалните и економските прилики, неприлики и тенденции на античките Елини-Грци и тогашниот свет во четвртиот век пред Христа. Да ги запознаеме како Александар Трети Македонски отвори една нова страница во историјата на светот и со своето животно дело го определи развитокот за многу наредни векови.

Во повеќе продолженија ќе се обидеме да го претставиме историскиот роман "Александар Велики" од германскиот научник Урлих Вилкен (Ulrich Wilcken, "Alexander The Great") преведен и прилагоден од англиски на македонски како "Александар Македонски" од Славе Николовски-Катин, а во издание на Издавачката куќа "Мисла" од Скопје, во 1988 година. Преводот на делото "Александар Македонски" беше прво дело за античка Македонија на македонски јазик и беше добро прифатен пред триесетина години.

Тој ги отвори широко портите ние, денешните Македонци да се запознаеме со нашето минато, а таа дејност да ја продолжат бројни интелектуалци, зошто во овој долг и богат со настани временски период, само два народа се нарекле Македонци: античките Македонци и сегашните Македонци кои денес живеат на просторот на етничка Македонија и на сите континенти во светот.

Често, за преведувачот на вака голем, значаен и одговорен превод, на латински се вели - "traduttore, traditore" ("преведувачот е издаица"), сепак, авторот на овие редови се потруди да биде реален и преводот од англиски на македонски на романот да го приспособи за читателите на македонски јазик, со цел преводот да биде најсоодветен на оригиналот на преводот од германски на англиски јазик.

Уште на почетокот авторот Урлих Вилкен во романот "Александар Македонски" пишува, дека откако се беше појавило од донекаде заостанатата античка македонска нација за да присвои за себе поголем дел од античка Елада-Грција и Азија, Александар Македонски сигурно загосподарил, со човековата имагинација.

Природата на оваа појава е комплексен феномен. Доволно е да се рече дека има многумина со името Александар, веројатно толку многу, колку што ги има и оние што покажуваат голем интерес за него. Сложената природа на Александар бара јасно испитување на дилемата во која современиот научник често се наоѓа самиот себеси.

Се доаѓа до сознанието дека навистина се работи за тројца Алекдсандровци, или подобро речено, Александар на три понекогаш јасни, понекогаш нејасни посебни нивоа.

Првиот од нив е митолошко-романтичниот Александар. Тој е Александар кој се појавува во литературата на осумдесет нации, од британските острови до Малајскиот Полуостров.

Тој е херој во многу религиозни и световни дела во европскиот средновековен романтичарски период, квази-посветен човек во талмудската литература, Бог во Коптската црква на Египет, а и нов Ахил во грчката традиција. Неговото персиско име Искандар, се' уште предизвикува необични реакции кај некои народи кои се населени во пустите предели што се протегаат од Каспиското Море, до горните притоки на реката Инд.

Горчливите спомени за Александар, како освојувач, се' уште се многу силни во народниот фолклор. Така еден патник од Запад, со цел да го проследи патот на Александар преку Азија бил изложен на пцоски на некои авганистански селани, само поради тоа што прашал дали Александар поминал оттаму.

Според многу легенди, тој е крал, херој, бог, освојувач, филозоф, научник, пророк, државник и визионер, чии што идеали за универзалното братство се сметаат како основа на стоицизмот, кој датира три века пред христијанството. Тој, исто така, е пијаница, убиец на родителите, арамија и колач. Обвинуван е од развратниците дека не ги почитува чувствата на сите возрасти. Накусо, тој е џин во литературата и во народната традиција и неговото име и подвизи, измислени или вистинити, веројатно се нашироко познати повеќе од кои да било до денешно време.

Вториот Александар  е историскиот Александар. Познато е дека со својот татко Филип Втори Македонски, потчинал и скарал многу грчки градови на кои во тоа време беше им поминал златниот период. Следејќи го Филипа, преминал од Европа во Азија, а на бојното поле го уништил древното, но колебливо величество на Персиската империја.

Бидејќи ја исполнил својата улога како водач на света војна против традиционалниот непријател, Александар ја довел војската дури до реката Инд, крајот на тогашниот познат свет, а се вратил за да умре во Вавилон, во својата триесет и трета година од животот. За овој неверојатен поход се познати оскудни податоци со несредена хронологија.

Сигурно е дека тој го променил делот на светот низ кој поминал, поставувајќи ги темелите за евентуално воведување на елинската (грчката) цивилизација во огромниот дел на Западна Азија. Процесот на елинизација делумно довел до развој на институции кои, покрај другото, овозможиле ширење на римската хармонија и на христијанската религија.

Неговата оставина го опфаќа важниот и фасцинантен град во Египет, кој се' уште го носи неговото име, како и други дваесетина Александрии, расфрлени во централна Азија. Потомците на неговите војници влијаеле, можеби, врз антропоморфната форма што, евентуално, ја прифатил Буда. И во некои оддалечени долини на Каракорум и денес живеат луѓе кои, веројатно се Ариевци, зборуваат индо-ариевски јазик и водат потекло од војската на Александар. Историски, тој е рангиран меѓу најважните луѓе кои некогаш живееле врз основа на неговото духовно и телесно совршенство и врз промените што ги направил во историјата на тој дел од светот.

Третиот Александар е Александар човекот. Она што овозможува да се сфатат вистинските тешкотии на човекот е постојаниот конфликт меѓу митолошките и историските фигури.

Александар постана легенда на своето време, која се прошири во античкиот свет и го направи загатка, влијаејќи како и секое делче од сериозните или од лекомислените текстови за него.

Така, секој што сака да го изучува Александар се соочува со митолошките и со историските ликови. Она што ќе го протолкува од тоа, за него е тоа вистинскиот Александар, интерпретација што станува лична. Проблемите со кои се соочува биографот на Александар, иако не се ретки, сепак се темелат врз многу скудни податоци. Биографот на Винстон Черчил или на Франклин Рузвелт се среќава со премногу материјали што овозможуваат вистинско и сестрано проучување што ќе му дозволи на некој начин да ги редуцира многуте податоци.

Интерпретацијата чии резултати ќе зависат не само од тоа како авторот ги чита податоците, како ги селектира, туку исто така и од условите за самотот почетно селектирање, од стандардите на вештината и приоритетот на податоците.

Кога се работи за древни настани, мѓутоа, тогаш не е возможен таков произволен избор на податоци. Времето и текот на настаните си го сториле своето и неколкуте податоци што останале, мора да се прочитаат во целост. Почетните неусогласени портрети на Александар што произлегуваат од современите историчари можат да им бидат припишани повеќе на психолошките лични склоности на научниците отколку на состојбата на доказите.

 

 

 "Македонска нација"

Продолжува 

 

МАКЕДОНСКАТА ФАЛАНГА ВО АКЦИЈА.

д-р проф. Тања Каракамишева - Јовановска

Тања Каракамишева

ЗА ВРОДЕНИ ПРАВА НИКОЈ НЕ ПРЕГОВАРА

*** 

Уште еднаш да се каже еден многу важен момент за оние политичари кои имаат РАЗУМ:

За вродени, за стекнати, за инхерентни права ниту една држава во светот, ниту еден народ никогаш и никаде не преговарал!

 

Излезот од целиов овој Гордиев јазол е во заштитата на нашето вродено право да се викаме Македонци и државата да ни се вика МАКЕДОНИЈА!

Нема сила што може да ни ги земе нашите вродени права! Никој не смее да ни го одземе стекнатото право со генерации и генерации наназад, освен ако самите ние доброволно се откажеме. Ниту во ООН, ниту во Советот на Европа, никаде Македонија и Македонците не се обврзале дека ќе го дадат своето стекнато право да се нарекуваат МАКЕДОНЦИ!

Ниту ООН, ниту Тереза Меј, ниту Меркел, никој не може да не натера да направиме каква било акција против заштитата на нашите инхерентни (вродени) права! Станува збор за норми на  JUS COGENS, норми кои задолжително се однесуваат на сите!

Ниту времената спогодба, ниту евентуално новиот меѓународен договор ако се постигне меѓу двете влади како INTER PARES  договор не може да ни ги избрише нашите неотуѓиви и неприкосновени права!

Ако се  согласиме на такво нешто тогаш го кршиме меѓународното право и меѓународниот поредок за што може некоја идна генерација да не тужи!

Македонија, како демократска и европска држава е обврзана да го почитува и да го заштитува меѓународното право!

Македонија мора да ОНЕВОЗМОЖИ КАКВА БИЛО АКЦИЈА со која се кршат нормите од меѓународното право!

 

19 мај 2018 година

http://www.dudinka.org/тања-каракамишева-9/

 

ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНСКА ДИЈАСПОРА

ЧЕТВРТИОТ ИЛИНДЕН ЌЕ БИДЕ ДЕНОТ КОГА МАКЕДОНИЈА ЌЕ СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД Т.Н. ПРЕГОВОРИ ЗА ИМЕТО

*****

 

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) категорично го отфрла обидот на Зоран Заев да се промени Уставот и да се наметне "ново име" врз Македонија и македонскиот народ. Четвртиот Илинден ќе се случи кога вистински државник ќе се роди во Македонија и ќе ја повлече земјата од смешните "преговори" за македонското име и идентитет под покровителство на Обединетите нации.

"Ние имаме име - Република Македонија. Предлогот на Заев да се смени нашето име во 'Република Илинденска Македонија' и волјата премолчено да се согласи со грчката позиција за 'ерга омнес' како дополнение на неговите обиди да ја редефинира Македонија како бинационална држава ги загрозија столбовите на кои почива македонската нација", истакна претседавачот на ОМД Стојан Николов. "Наместо засрамувачки да се обидува да ја редефинира и преименува земјата, Заев треба да се фокусира на економијата и владеењето на правото - кои ќе доведат до создавање на работни места од приватниот сектор и намалување на зависноста од владата (и политичката партија која е на власт").

Медиумите известија дека грчката влада и опозициските партии го отфрлија предлогот на Заев како неприфатлив, што го поставува прашањето: Дали Грција навистина сака да го реши овој проблем (кој самата го потикна)? И дали Грција го сака нејзиниот северен сосед за рамноправен член на евро-атлантските институции? За жал, грчките политичари ги изиграа нивните македонски колеги во дипломатската арена.

Со цел да се покаже конструктивен, Заев уште еднаш демонстрираше наивност, понижувајќи се самиот себеси и фрустрирајќи ја македонската нација, како што направи со промената на автопатот  и аеродромот во Македонија.

ОМД го потсетува Заев и дрругите македонски политичари дека Македонците на секаде во светот никогаш нема да дозволат промена на името на Република Македонија или на нашиот идентитет како Македонци.

"Да бидеме јасни, ОМД ќе ги преземе сите чекори потребни да се оневозможи каква било промена на името. Низ годините, Македонците низ светот дале многу жртви, вклучувајќи ги тие од Илинден 1903 борејќи се за слободна и суверена држава. Македонското име, идентитет и гордост не се за продажба од било кој изгласан службеник", рече Александар Митрески, ко-основачот и заменик претседател на ОМД.

"Повторно и повторно, ОМД, има понудено експертски совет на оваа власт и на претходната за да се реши овој голем проблем за човековите права на Македонија и на македонскиот народ - и сепак, Заев и неговите соработници упорно покажуваат аматеризам, прифаќајќи грчки, бугарски и ЕУ барања, додека поткопуваат се' што е македонско - тоа  е погрешно, тоа е неприфатливо и тоа е апсурдно", рече претседателот на ОМД Методија А. Колоски.

ОМД е збунета зошто македонската власт и опозиција не можат јавно да се помират со фактот дека таканаречениот и измислен од Грците "спор за името" никогаш не бил за името, туку е за идентитетот на македонскиот народ. Ова секогаш се користело како изговор од сите грчки власти и други институции за да се избриши македонскиот идентитет.

"Изјави како 'треба да видиме предлог написмено', 'не прифаќаме измени на уставот', и 'потребен е референдум за новото име' - се лоши изговори за вистинско лидерство и ја турка Македонија подалеку од јасен крај на оваа апсурдна дебата", рече Николов.

ОМД ја повикува западната демократска заедница, со САД и ЕУ на чело, да престанат да вршат притисок врз Македонија да го смени своето име за да влезе во НАТО и ЕУ - притисок кој води спротивно на нивната иницијатива - Привремената спогодба од ООН од 1995 и Универзалната декларација на ОН за Човековите права и сите други европски конвенции.

"Низ вековите, Македонците се бореле за најосновни човекови права со своите агресивни соседи кои се стремеле да ни одземат територија и да го избришат нашиот идентитет. Во 1991, конечно ги добивме своите права за самоидентификување, демократија и отворен пазар. Македонците оптимистички гледаа кон приклучувањето во организации кои водеа кон човекови права, владеење на правото и демократија", рече Трајко Папучкоски, член на одборот на ОМД и директор на ОМД за САД.

"Македонија треба веднаш да се повлече од Привремената спогодба на ОН, која Грција ја прекрши во 2008 година за време на НАТО самитот во Букурешт, делувајќи несоседски и време е да се стават во мирување аспирациите кон ЕУ и НАТО додека овие организации повторно не си ги применат своите вредности и да не признаат, нас како Македонци без додавки, придавки или ѕвездички", заврши Папучкоски. "Време е нашиот сосед да им се приклучи на сите други држави во 21-ов век и да ја прифати реалноста дека сме Македонци и дека нашата држава е Република Македонија".

 

http://www.mn.mk/aktuelno/

21 мај 2018 година 

Македонски партизани Караорман

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА

(1941-1945)

ДЕЛ 92

 

1. Окупацијата и поделбата на егејскиот дел

Ослободителната војна (1941-1945) во егејскиот дел на Македонија се одвивала во рамките на ослободителното антифашистичко движење на Грција. Поради тоа таа би можела да се подели на три етапи:

Првата- од почетокот на Втората светска војна 1939 до 8 ноември 1940 година, кога агресорот, користејќи ја својата надмоќ, на некои сектори успеал да ја истисне грчката војска;

Втората- од 8 ноември 1940 до 6 април 1941, кога зајакнатите грчки единици ги нападнале италијанските, ги протерале од грчката територија и зазеле градови во Албанија (Корча, Москополе, Подградец) и

Третата- по 6 април 1941 година.

На 6 април, кога германските сили ги нападнале Југославија и Грција и во двете држави отпорот бил брзо совладан. По окупацијата на Грција, егејскиот дел на Македонија бил поделен на три окупациони зони, кои им припаднале на три држави: Бугарија, Италија и Германија. Најголемиот дел, односно централната и западната област од егејскиот дел на Македонија, каде што мнозинско население било македонското, останал под управа на квинслиншкиот генерал Георгиос Чолакоглу. Неговата квинслишка власт особено го имала под внимание македонскиот народ, создала вооружена жандармерија, вршела терор и соработувала со германските власти во борбата против движењето.

Недефинираните или, пак, недоволно јасните разграничувања на окупационите сили во овој дел од Македонија создавале перманентни тензии и претензии на едните спрема другите. Бугарија имала претензии на цела Македонија, но Хитлер, сепак, покажувал наклоност кон Грците, со намера да ги придобие за да ја прифатат квислиншката влада на Чолакоглу. Така ги спречувал обидите на Бугарија за проширување на нејзината окупациона зона. Истото се случувало и со Италија, која работела на тоа да ја прошири творбата што ја направила самата, односно "Голема Албанија". Од друга страна, пак, тоа предизвикувало реакции кај Грците. Чолакоглу создал апарат за елиминирање на пропагандните настојувања и често манипулирал со наводната "автономија на Македонците". Италија ги признавала националниот идентитет на Македонците, нивниот јазик и култура и не ги оправдувала бугарските територијални претензии, мотивирани од тоа дека Бугарија се борела за "бугарското" население во Грција.

 

2. Македонските антифашистички организации

Македонската антифашистичка организација (МАО) во текот на 1941 била првата македонска организација што се појавила во овој дел од Македонија. На тоа претходеле релативно поволни услови, истата година за искажување на политички, верски и културни пројави на Македонците. Тие биле прифатени и од Пленумот на КПГ во јануари 1942 година, што ги охрабрило Македонците за антифашистички отпор. Како резултат на тоа, во 1943 година се појавил СНОФ (Славјаномакедонски народноослободителен фронт) за Костурско и Леринско, чии основачки собранија се одржале во декември 1943 , кога биле избрани окружните раководства за двата реона. СНОХ успеал да се масовизира за кратко време, но раководството на КПГ, кое со својот националистички однос не го подржало македонското движење, барало да се расформира овој фронт и да влезе во состав на ЕАМ (Грчки народноослободителен фронт), раководен од Грци. Во фазата на расформирањето на СНОФ, една група македонски активисти што не го прифатиле тоа се отцепиле, продолжувајќи ги идеите на СНОФ. Но, против нив, биле преземени воени акции. Со согласност на ГШ на НОВ на Македонија, тие биле приморани да се повлечат и да преминат на територијата на вардарскиот дел од Македонија, односно на планината Караорман.

 

3. Македонски воени единици

Воени единици составени од Македонци од егејскиот дел на Македонија се формирале во јули и август 1943 во повеќе реони во Костурско. Тие биле составени од активисти и од авторитетни личности. Нивното формирање имало политичко и национално значење за Македонците, но учествувале и во борбените дејства на страната на ЕЛАС (Ослободителна армија на Грција) во борбата против окупационите сили за ословодување на земјата. Подоцна, во текот на 1944 година, врз истите принципи биле формирани Воденскиот македонски баталјон "Гоце". Бројот на  нивните броци, зголемувајќи се постепено, до октомври 1944 година нараснал на 1500 борци.

Кога станува збор за расформирањето на македонските воени единици, клучни  биле политичките настани во Грција. Во Казерта, Италија, бил потпишан договор меѓу претседателот на владата, Папандреу, во присуство на претставник од Велика Британија, ЕЛАС да се стави под командата на коалиционата влада.. Дејството на македонските единици и' ја отежнувало позицијата на КПГ која, исто така, влегла во коалиционата влада на Грција. Папандреу и претставниците на другите партии што не го признавале  македонското малцинство во Грција не прифатиле во заедничката борба да дејствуваат посебни македонски единици, имајќи ги предвид националните аспирации на Македонците. Затоа раководството на КПГ донело решение да се расформираат македонските баталјони. Бидејќи тие одбиле да го сторат тоа, биле нападнати од страна на единиците на ЕЛАС, а потоа биле принудени да ја напуштат територијата на Грција и да преминат во вардарскиот дел на Македонија. Единиците што се повлекле и единиците "Гоце Делчев" од Бугарија, на 18 ноември 1944 година, ја формирале Првата егејска ударна бригада.

 

Продолжува

 

 

Жаклина Михајлова

  ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

******

 

 

 

 

СЕДЕНКА ВО СТОБИ

  • На сон или на јаве, на седенка заседнавме
    рано едно утро, јас, Царот и Боговите,
    кај што Еригон* и Аксиос* се спојуваат,
    за вечен век заедно да векуваат.

    Јас, како Грација, исто накитена,
    исправена во гордоста своја порабена.
    Разиграна, продуховена и преубава,
    со насмевка среќа и радост што емитува.

    Царот-како Дион* среде лозје исправен,
    со светнати очи-блесок жежок, опиен,
    од Артемида* со ниет благословен
    ко плен да очекува лесно добредојден.

    Како мимичар од глина извајан,
    таен јазик со Боговите зборува,
    да го почнат веќе договореното,
    да го направат уште нестореното.

    На Психа* и шепоти в душата да ми чепне
    на Ерос* со страст да ме гребне,
    на Купид* со копнежлива стрела да ме падари,
    на Изида* со неизмерна плодност да ме надари
    и желба во подсвест да ми вдахнат сите,
    да не го испуштам од срце низ вековите.

  • А тој, Царот, како паун да се шета,
    Од живот во живот каков што е редот,
    од паунов пердув во нов паун да се стори,
    да се прераѓа, во недоглед да се обновува
    до бесмртност името мое да го повторува.

    Амин, рекоа сите суштества Божји,
    амин, Немеза* рече и со збор и дела пресече:
    Јас и Царот да царуваме во темнина,
    Божјо благословени, добросани,
    осудени на немост и на гест, пеплосани...
    ***********


    Автор Жаклина Михајлова

************

ЕРИГОН - Црна Река, АКСИОС - Вардар, ДИОН - бог на виното, ГРАЦИЈА - божица на убавината, на китењето на разиграноста, АРТЕМИДА - божица на ловот, ПСИХА - божица на душата, КУПИД - бог на копнежот, ЕРОС - бог на љубовта, НЕМЕЗА - божица на судбината.

Kind regards : 25 мај 2018 година

Sotir Grozdanovski broj 145