СЕГА МУ Е МАЈКАТА - ЌЕ ЈА СУРЕДИМЕ ?!

Од десно на лево: Вучиќ, Борисов, Ципрас и романскиот домаќин со пораката - СЕГА МУ Е МАЈКАТА!

 

Сотир Гроздановски

ВО БУКУРЕШТ СЕ ВРАЌААТ ГРОБАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

*********************

 

 

Историјата се повторува, но сега , по се' изгледа,  за "последен пат". Се повторува за да се доврши работата од 1913 година, затвори македонското прашање и  му се стави капак на  злосторствата извршени врз Македонците и нивните вековни животни простори. Се повторува, за да им се овозможи на гробарите да ги изгризат и коските оставени од времињата, кога  ни го јадеа месото. 

Спрема вестите кои ни доаѓаат од Атина,  центарот на осветничкиот и злосторнички дух од минатото, во Букурешт деновиве  се одржува средба на високите претставници од Грција, Бугарија, Србија и Романија. Средбата ќе била посветена на проблемите кои го оптоварувале Балканот, меѓу кои и проблемот со името на Македонија и идентитетот на македонскиот народ. По се' изгледа, и овој пат нема да има претставници од македонската влада, бидејќи тие ќе имале средба на уште "повисоко" ниво во Виена. Па така, од сите страни  сардисани,  како доказ дека нашето идно непостоење ќе биде запечатено, за секогаш.

Букурешката средбата е заправо подготовка  за заедничкиот настап  на Самитот во Софија закажан за 17 мај 2018 година, на кој, во главно, ќе се расправало за  земјите од Западен Балкан  и нивните аспирации за влез во евроатлантските институции. И така со ред, без око да им трепне за иднината на Македонија,  македонскиот народ и неговите аспирации. Баш како што се однесувале и за времето кога се бореле кој поголемо парче од македонската теритоија ќе грабне за себе. 

Но  сепак е најважно што мислиме ние за овие белосветски мешетари и нивните злосторнички планови. Ќе седиме ли и понатака со скрстени раце и  му се молиме на Господа да ни помогне, а ние да ги собереме плодовите од неговата работа? По мое, немаме време за седење и чекање некој друг да ни ја сочува државата и нејзиното име. Оние во кои верувавме дека работаат за нас, не напуштија. Тие работаат против сите наши интереси.  

Зарем не ни беа доста лагите и криминалните дејствија на сите досегашни  македонски влади кои не доведоа до ова тереџе во кое сите заедно се најдовме денес? Зарем не ни е срам од понижувачките формулации со кои се служат соседите и целиот свет, само да не прикажат како самоубијци, а особено повторни убијци на сите веќе загинати за ова што денес ни го продава недоветниот  Заев со неговите послушници? Треба ли да дочекаме еден по еден да не туркаат по затвори чувани од неговите миленици, Албанците? Не ни е ли доста од примитивизмот на овие властодршци кои го игнорираат  и понижуваат својот сопствен народ во полза на разни странски т.н. пријатели и стратешки партнери  и масовни убијци? 

Времето не гази, браќа и сестри! Никој нема да ни ги реши проблемите со кои се соочуваме. На кого му е потребна ЕУ и НАТО без Македонци? Само на непријателите на мирот! На оние кои ги убиваа нашите браќа и сестри во Граѓанската војна во Грција. Ги гореа со своите напалм бомби. Ги гореа и децата и жените и старците, за да ги снема од нивните домови, а случајно преживеаните и денес да плачат и молат само да си ги видат гробовите и урнатините од домовите на претците свои, но за нив Грците за секогаш ги затворија вратите. И ние со нив преговараме за нашето име?

******

Разбудете се  веќе  еднаш со песната : "НАРОДЕ МАКЕДОНСКИ". Нека ечи заедно со сите други  кои нашите претци ги створиле за нас, за да не ја доживееме нивната судбина.

Загоричани - изгорено и оплачкано од грчките разбојници - Андарти, пандант на американскиот Клук-клукс-клан.

проф., д-р Тања Каракамишева

Проф., д-р Тања Каракамишева

"ЕПА ШТО НЕ КАЖАВТЕ ПОРАНО"

*****************************

Има многу неточни работи кои во последно време кружат во политичката јавност, а за кои многу пати сум пишувала, ама чинам дека е вредно да бидат повторени уште без број пати, за да нема после коментари "епа што не кажавте порано".

 

1.  Првата неточна работа или поточно информативен спин што кружи во јавноста е дека само Македонскиот идентитет ни бил стекнато право, а не и името!

Ова е опасна теза која не смееме да ја проголтаме како кленови затоа што не е точна, јалова е, а се однесува на нешто што нам ни е најсвето!

Идентитетот на еден народ е најтесно поврзан со името на народот. Ако идентитетот на Македонците е стекнато, вродено право, исто тоа важи и за името Македонија.

Оттука, невозможно е да се преговара за промена на името, а да не се преговара и за идентитетот. Националниот идентитет исто како и националното име е дел од нашиот правен идентитет како држава, тоа се два елемента во нашата лична карта кои ако ги промениме во еден дел ќе треба да ја смениме целосно.

Во правото националниот идентитет и националното, државното име се jus cogens категории. Тоа значи дека името на државата и името на нацијата се фундаментални принципи чие што дерогирање или присилна промена според меѓународното право е ЗАБРАНЕТО.

Името на државата и идентитетот на народот се ИНХЕРЕНТНИ категории и вредности кои ние како Македонци сме ги добиле многу пред официјалното прекрстување на грчкиот регион Македонија кој до 1988 година се нарекувал "северен регион на Грција".

Да не заборавиме дека официјално, нашето прво државно име било Народна Република Македонија, република што функционирала во рамките на Федеративна Народна Република Југославија со Уставот од 1946 година.

2. Втор важен момент е дека Република Македонија има аплицирано за членство во ООН под уставното име, значи не под привремената референца!

 Еве еден конструктивен предлог до Грците со цел да се заштити меѓународното право како и да се тргне нели наводната најголема болка на Грците, а тоа е иредентизмот од нашата страна.

Со оглед дека тие дури во 1988 година го ставиле името  Македонија на својот северен регион без за тоа Македонија да направи драма или каква било друга реакција во меѓународната заедница, сега е ред во истиот тој добрососедски дух Грците да не драматизираат и да го прифатат нашиот конструктивен преедлог.

Имено, во меѓународното, и во правото воопшто важи правилото "кој е прв во времето, посилен е во правото" (Qui Prior Est Tempore, Potior Est Jure).

Ако Македонија е прва во времето и прва се нарекла Македонија,тогаш мора да е посилна и во правото.

Нашиот фер предлог до Грците е да си го променат името на нивниот регион во "регион јужна Македонија".

Така, нашето име ќе си  остане РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА erga omnes, а нивниот регион би имал ново име "Јужна Македонија".

Win-win ситуација за двете држави во духот на взаемното почитување и во духот на почитувањето на основните човекови права!

Кога Ирците од Република Ирска немаат проблем со името Северна Ирска, тогаш зошто Грците би имале проблем со ново име на регионот јужна Македонија?

 

21 април 2018 година

http://www.dudinka.org/tanja-karakamisheva/

 

Професор Џејмс Петифер

Проф., Џејмс Петифер

ВРЕМЕ Е ДА ПРЕКИНАТ ПРЕГОВОРИТЕ ЗА "ИМЕТО" СО АТИНА

********************

Лично гледиште

 

Во својот говор од 15-ти април 2018 година, како што пишува атинскиот весник "Катимерини", Генералниот секретар на НАТО, Џенс Столтенберг, ги повика Грците и Турција да ги подобрат меѓусебните односи и изјави дека нивните моментални проблеми, кои  доведоа до воена жртва минатата недела, не се проблем на НАТО. На прв поглед, ова е разумно гледиште од истакнатата меѓународна личност, гледиште кое треба да се почитува. Но ова гледиште нужно ќе го предизвика прашањето "за што, всушност, служи НАТО?", кога две членки на НАТО во регионот на источниот Медитеран можеби се приближуваат кон поширок конфликт, според многумина набљудувачи. Во овој контекст, несреќните министри за надворешни работи на Македонија и Грција го продолжуваат процесот на инсцинирани состаноци, на кои единствена агенда е серија можни опции за името, од кои повеќето се во оптек барем десет години и кои се навредливи за поголем дел од жителите на двете земји.

Да беа тензиите помали во регионот, можеби ова и немаше да биде толку битно. Дипломатите се тие кои се задолжени за разговори во меѓународниот свет и ним им е потребно нешто за што ќе разговараат. Но прашањето за името не е тоа во моментов. Поврзаноста со можно членство во НАТО се претставува како лек за сите болести на македонската јавност, а секој со детално познавање на ситуацијата на теренот знае дека тоа не е точно. Земјата е блиска со НАТО многу години. Лично се сеќавам на интервју со поранешниот Претседател Киро Глигоров во 1994 година кога се развиваше кризата со Косово, во кое го прашав кој е неговиот план ако кризата се влоши и започне наплив од бегалци во таа идна криза. Тој одговори дека на крајот Македонија не би имала многу опции освен да соработува со НАТО, што и се случи, на голема чест на народот, со отворање на огромни кампови на места како Чегране за оние кои бегаа од војната.

Во пост-конфликтниот период, земјата исто така имаше добри односи со НАТО, особено преку праќање на пешадија во меѓународните коалиции. Затоа, НАТО нема некоја основа за поплаки во однос на македонскиот придонес кон војната против тероризмот и меѓународната безбедност. Ваквите политики секако можат да продолжат под било која идна македонска влада ако така сака народот. Големиот притисок кој се употребува кон елитата на Македонија да го смени името за да се обезбеди полноправно членство во ЕУ и НАТО е не само морално бесправен, туку и дестабилизирачки во поглед на регионалните односи.

Позадината на притисокот од ЕУ и НАТО е непријатна и на други начини. Двете земји се третираат како адолесцентни од страна на "возрасните" членки на ЕУ и НАТО, а вистината е дека и двете земји тивко сториле доста на билатерален план за подобрување на односите. Луѓето од Република Македонија патуваат на одмор во Грција и работаат без проблеми, луѓето од Грција посетуваат места како Охрид, убаво си поминуваат и се добредојдени. Сепак, постојат сериозни прашања за човековите права, како што се употребата на македонскиот јазик и културната политика во северна Грција и тие треба да се решат. Познато е дека Европскиот суд за човекови права, Европската комисија против расизам и нетолеранција, како и самите Обединети нации, во повеќе наврати бараа Грција (и Бугарија) итно да го признаат своето големо македонско малцинство - како Македонци - и да престанат да ги прогонуваат. Основното признавање на основните човекови права на една етничка група е очигледен начин да се подобрат меѓусоседските односи, а не да се влошат, како што тврдат Грција и Бугарија.

Почнав да патувам и да студирам во Македонија и регионот пред повеќе од триесет години, откако првпат го посетив Скопје во 1968 година како студент на Оксфорд, со цел да помогнам при реконструкцијата по земјотресот. Се сеќавам на паднатите цркви и минариња по улиците кои лежеа во купишта шут како да беше вчера.

Низ годините, владите во Македонија сторија многу со што можат да се гордеат, а многу скорешни достигнувања се заборавија од страна на меѓународните Западни дипломати постојано обземени со сплеткарење и од страна на нивните гласноговорници. На пример, владата на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ многу добро се справи со меѓународната банкарска криза од Грција, со разумна политика која секако негативно се одрази на стандардот на живеење, но кој донесе и стабилност. Силна централна влада беше неопходна за ова. Овој факт воопшто не постои во сегашниот дискурс. Има и други неправди. Притисокот од Берлин да се прифатат илјадници економски мигранти е особено неправичен со оглед на тоа дека токму германската политика е таа која ја предизвика кризата.

Како треба да се прекинат преговорите? Македонската влада и повеќе од доволно слуша од не-Македонци што треба да се прави, особено од меѓународни фигури чија вистинска лојалност можеби лежи на друга страна. Нерадо коментирам, но ми се чини дека најдобро би било, како суверена и слободна држава, Македонија да ги прекине преговорите за името зашто не постои добро време да се реши прашање во кое една земја или етничка група не го признава правото на постоење на друга земја. Ова е поентата на кампањата на Македонското меѓународно движење за човекови права "НАШЕТО ИМЕ Е МАКЕДОНИЈА".

Наместо тоа, Македонија и Грција можат да го продолжат постепениот процес на подобрување на меѓународните односи случај по случај. Исто така, по мое мислење, со оглед на несреќната историја на странско мешање во Македонија, централниот фактор во сегашната криза, владата не би требала да одолговлечува во прогласување персона нон грата и одземање на дипломатски и други визи на лица за кои ќе се покаже дека дејствувале спротивно на интересите на земјата. Ако има лица во високите ешалони на сегашната влада кои спаѓаат во оваа категорија, тогаш тоа е прашање за македонскиот народ, а за на странците, како ќе дејствуваат.

 

Професорот Џејмс Петифер e автор на единаесет книги за балканот по Отоманската империја и предава на Универзитетот Оксфорд, Велика Британија.

*************

- Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) активно работи на полето на човекови и национални права на Македонците и другите обесправени народи од своето основање во 1986 година. За повеќе информации: 1-416-850-7125, inf@mhrmi.org, www.mhrmi.org. twitter.com/mhrmi, facebook.com/mhrmi, instagram.com/MacedonianHumanRights, mhrmi.org/OurNamIsMacedonia  #НашетоИмеЕМакедонија

 

 

Миленко Неделковски

 

 

 Миленко Неделковски

ЕДНОУМИЕ

*******************

Лично гледиште

 

 

Од гостувањето, настапите и доручекот на Федерика Могерини во Македонија најмногу ми остави впечаток, односно ме исплаши, потенцирањето и радувањето (инсистирањето) дека и позицијата на СДСМ и опозицијата  ВМРО-ДПМНЕ, биле услогласени и со еднаков став кон Евроатланските интеграции. Значи, помеѓу Заев и Мицковски нема никакви разлики и несогласувања околу оваа агенда која значи промена на име, идентитет и власт (ќе ја преземат албанците) во државава. Исто си мислат за тоа, исто си мислат за протерувањето на рускиот дипломат, исто си мислат за руското влијание во Македонија, исто не ни смеат да си мислат за американското влијание во Македонија. Што е, побогу, разликата помеѓу овие две партии?!

За таква едногласност беа пофалени и пратениците во Собранието, но и политичарите поединечно. Кој на средба, кој на доручек, ама со иста наредба; МОРАТЕ СИТЕ ИСТО ДА МИСЛИТЕ. Тоа во теоријата на политичката наука и во историската пракса се вика ЕДНОУМИЕ. Едноумието по дифолт значи диктатура и режим. Значи тортура, замолкнување на интелектуалата, бришење на медиумите.

Ако сите мислат исто, ако нема различни ставови, ако нема размислување за алтернативи - тогаш, ние не сме луѓе, ами бројлери. Како е можно од здраворазумски луѓе, ако воопшто има такви во Собранието и партиите, да се бара сите да мислат исто?!

Да е бељата поголема, Данајскиот подарок што Могерини го носи за сите да продолжат да мислат исто, е лист хартија што веќе 9 пати ни го даваат. Ист лист, како на пример оној добиен од Оли Рен пред 9 години. Пред 9 години, како и сега, со таа препорака можат политичарите да го забришат валканиот газ (и образ) и ништо повеќе.

Како во случајот кога во јануари дојде Столтенберг, сите како попчиња се собраа. Сите од сите партии, сите што во рамките на една партија се искарани меѓу себе - сите и сега ја ислушаа Федерика Могерини, политичарка од Италија, каде нејзината партија е со рејтинг како онаа на Бачев во Македонија. Значи, никаков. И сите се согласија дека ќе мислат исто ко неа. Односно ко политичарка од Италија која во својата земја доаѓа од партија која има влијание ко онаа на Павле Трајанов - никаков.

Инаку, за разлика од поимањето на оние што следеле "Кумровачка школа", или "Конрад Аденауер" обуки, или "Млади лидери" на Хорхе, или најразличните Соросови обуки... - Собранието има цел да собере репрезенти од народот кои ќе го застапуваат народот и неговиот диверзитет во размислувањата. И затоа да се дебатира, разговара, аргументира и ГЛАСА.

Тоа е сврхата на Собранието. А не дневниците и патните трошоци на пратениците. Оти, видите вака, проста е работата и лесно се гледа. Имено, ако сите 120 пратеници се истомисленици околу ова што Могерини го проповедаше во Собранието, тогаш значи дека и граѓаните, кои се преку своите претставници (парламентарци) претставени во тој НАРОДЕН и ЗАКОНОДАВЕН дом, МИСЛАТ ИСТО?!!

Излезете на улица и проверете дали сите мислат исто? И оние од албанската заедница и Ромите и оние наклонети кон СДСМ и оние што се наслонети на ВМРО-ДПМНЕ? Исто ли тие наши сограѓани мислат за ЕУ-НАТО интеграциите, исто ли мислат за продавањето на името, исто ли мислат за 9-тата препорака, исто ли мислат за законите со и без европско знаменце? Ако мислат исто, тогаш е во ред. Но, ако не мислат исто, тогаш Собранието со пратениците не се претставници на народот, како што е замислено според Уставот. Значи дека пратениците и Собранието се ОДНАРОДЕНИ?

А такво Собрание треба да се сруши, а пратениците да се набркаат. Бидејќи народот не го претставуваат.

Тие во Собранието, кои си штедат од патни трошоци и дневници и секоја година од тие пари  жглап си купуваат по еден 60-тина квадрати стан во Скопје (ама не во Топлана, туку во Аеродром), ако се сигурни дека не сум во право и дека нивните гласачи ги подржуваат, нека ИЗГЛАСААТ ЗАКОН со кој директно ќе се проверат пред народот.

Односно нема да се кријат и шлепаат под сукњата на Груевски, Мицкоски, Заев, Ахмети...

Значи, ако сте толку ербап, бујрум изгласајте нов изборен закон што ќе биде со модел, Македонија да е една изборна единица. При гласањето да постојат отворени листи на партии и здруженија. А гласачот да може на тие листи директно да заокружува имиња на неколку кандидати.

На пример, гласам за ВМРО-ДПМНЕ, ама не за Александар Николовски. Или, гласам за СДСМ ама не за Шеќеринска. Па така, со една чиста ситуација да се види кои се народни претставници, а кои се клонирани овци ко легендарната Dolly.

Тоа воедно ќе е можност Мицкоски и Заев на листите да стават габаритни ликови, препознатливи и ценети од народот. Ликови за кои граѓанинот ќе гласа оти го препознава. А не да се тоа листи на  no name персони кои ниту некој ги знае ниту познава, а мандат добиваат благодарејќи на партискиот рејтинг и послушноста кај лидерот. За најголемиот дел од собраниските делегати разбираме дека воопшто постоеле дури откако ќе мине година две од нивниот пратенички мандат. Нов систем на гласање, директен систем, на начин Собранието да добие фактички претставници на народот, а не партиски послушници.

Се' друго е ЕДНОУМИЕ!

 

Скопје, 21 април 2018 година

http://dudinka.org/едноумие/

 

 

Сремски фронт

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

МАКЕДОНИЈА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА 

(1941 - 1945)

ДЕЛ 87

***********

 

 

 

12. УЧЕСТВОТО НА МАКЕДОНСКАТА ВОЈСКА

ВО ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ЈУГОСЛАВИЈА 

 

Главниот штаб на македонската војска, во согласност со новата формација добиена од Врховниот штаб на НОВЈ, на 8 декември 1944 година извршил општа мобилизација на населението на старост од 18 до 30 години во војската, а над 30 години во милицијата. Според наредбата на Главниот штаб на македонската војска од 6 декември 1944 година, во составот на 15-тиот македонски корпус влегле 42-рата и 48-мата ударна дивизија. Покрај наведените единици, од 18 февруари 1945 година во составот на 15-от корпус влегле и Првата и Втората артилериска бригада. По извршените воено-политички и материјално-технички подготовки, Главниот штаб на Македонија, во согласност со наредбата на Врховниот штаб на НОВЈ, на 1 јануари 1945 година издал наредба за префрлување на единиците на 15-тиот македонски ударен корпус од Македонија во Срем. До 16 јануари 1945 година овој корпус бил префрлен во Срем во целиот свој состав, освен Првата и Втората артилериска бригада, кои пристигнале во почетокот на март 1945 година. По пристигнувањето во Белград, единиците биле разместени во Белград и околу Земун. Во меѓувреме, на 5 јануари 1945 година еден дел од силите на НОВ на Македонија стациониран во Скопје, а потоа и во Штип, најотворено се спротивставиле на учеството на македонските единици на Сремскиот фронт, исфрлајќи ја паролата "За Солун". Побунетите војници побарале продолжување на воените дејства за ослободување на делот на Македонија под Бугарија и делот на Македонија под Грција. Но, тие барања, во тој момент не биле во прилог на општата југословенска стратегија и политика за иднината на федеративна Југославија и биле осудени од политичкото и воено раководство на НОВ и ПО на Македонија.

Бројната состојба на македонскиот 15-ти корпус на 21 јануари 1945 година изнесувала 15.400 борци од кои 126 биле жени. Во дополнителната бригада што служела за пополнување на единиците во текот на борбата се наоѓале 4.000 луѓе. Артилериските бригади пристигнале во бројна состојба од по 1.250 луѓе. На тоа треба да се додаде дека за сето време додека траела борбата во Срем а и подоцна, се' до крајот на војната, од Македонија биле упатувани воени контингенти до конечната капитулација на Германија. На тој начин од Македонија во завршните операции за ослободувањето на Југославија биле испратени околу 25.000. Тоа бил најелитниот дел од македонската војска, односно една третина од нејзиниот состав. Покрај 15-тиот македонски корпус, на Сремскиот фронт се борел и македонскиот баталјон "Јане Сандански". Овој баталјон составен од доброволци-Македонци кои живееле во Белград и во неговата околина. Неговата бројна состојба изнесувала 350 борци.

При ослободувањето на вардарскиот дел на Македонија, македонската народноослободителна војска претставувала респективна сила. Главниот штаб на македонската војска, кој по конституирањето на македонската државност на Првото заседание на АСНОМ станал извршен орган на Президиумот на АСНОМ, во ноември 1944 година располагал со 24 пешадиски, четири артилериски, три инженерски, една коњичка и една автомобилска бригада. Бригадите биле групирани во вкупно осум дивизии, а тие во три корпуси. При крајот на 1944 година македонската ослободителна војска броела 66.000 борци и старешини, нејзиниот број во март 1945 година изнесувал околу 83.000, а во текот на летото 1945 година тој нараснал на околу 110.000 лица. Вкупно, во Втората светска војна, само во вардарскиот дел на Македонија загинале околу 24.000 лица.

Македонското раководство преземало енергични мерки да се озаконат и меѓународно да се признаат придобивките од Народноослободителната и антифашистичка војна на македонскиот народ. Во таквите драматични услови, македонскиот народ успеал барем на еден дел од својата етничка територија да ги материјализира вековните стремежи на многубројните генерации револуционери, борци и патриоти и како придобивка на војната да ја создаде а потоа и да ја зачува македонската држава.

 

Продолжува

 

Александар III Македонски

Парта Босе

МАКЕДОНСКАТА ВОЈСКА И

АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ 

*****************

Александар Македонски се качил на еден подиум и со сета одлучност да почне жестока реторичка расправија, им викнал на Македонците:

 

- Целта на мојот говор не е да ве спречам да се вратите дома - што се однесува до мене, вие можете да се вратите дома секогаш кога ќе посакате. Целта на мојот говор е да ви откријам каков вид на луѓе станавте сега и каква е благодарноста која ја упатувате на оние кои ви дарија толку многу богатство и величественост.

Пред да говорам за тоа што јас сторив за вас, дозволете ми да започнам со мојот татко Филип.

Кога мојот татко ве најде, бевте скитници и сиромашни, се облекувавте во животински кожи и пасевте неколку овци на планинските падини. Тој ве најде кога со малку успех се браневте од Илирите, Трибалците и Тракијците. Наместо со вашите животински кожи, тој ве облече во наметки. Од планините, ве донесе долу во низините. Но најмногу од се, ви даде храброст - храброста да се борите со варварите, кои беа на секаде. Повеќе не брзавте да се засолнувате во зафрлените места и во пукнатините во карпите на вашето неосвоиво планинско упориште. Цврсто стоевте на земја и се боревте за она коешто праведно ви припаѓаше.

Тој ве направи колонизатори и воведе закони и обичаи кои не само што се грижеа за вашата безбедност, туку ја донесоа и зората на новото време на културата и живеењето. Од робови и од осиромашени поданици, тој ве направи владатели не само на вашата земја, туку и над варварите кои претходно ви се закануваа со опустошување на вашите имоти и со зграпчување на вашите придобивки. Тој ве направи владатели на Тесалијците, од кои секогаш имавте длабок и смртен страв. Со победата на Фокијците, тој го обезбеди нашиот пристап кон грчките полиси преку патишта кои беа широки и природни, а не тесни и непристапни. Тој ги понижи Атињаните и Тебанците до толку голема мера - а во тој поход, јас лично му помогнав кај Херонеја - така што наместо овие народи постојано да ја напаѓаат Македонија и да им плаќате данок на првите и да живеете како вазали на вторите, тие сега се потпираат на нашата помош и интервенција за да ја осигураат својата безбедност.

Тој навлезе во Пелопонез и, откако обезбеди контрола врз нивните работи, беше избран за главен заповедник над сите грчки полиси-државички во експедицијата против Персијците - слава којашто не ја присвои само за него, туку и ја дари на целата македонска нација. Овие беа предностите кои ги добивте од него - тие се големи ако гледате издвоено, но се мали со светлината на тоа што го добивте од мене.

Иако од Филип наследив само неколку сребрени и златни пехари, јас се соочив со празна ризница и со огромните долгови на Филип. Позајмив во ваша полза, за да водам експедиција од земја која не можеше да ве издржува и веднаш отворив премин кон Хелеспонт преку опасното море, кое беше контролирано од Персијците.

Откако со нашата коњица ги совладавме вицекралевите на Дариј, ние ја освоивме Јонија, Еолија, Фригија и Лидија и со опсада го заземавме Милет. Сите други народи ни се предадоа. Ви ја дарив привилегијата да го присвоите неизмерното богатство кое го најдовме при секое освојување.

Богатствата на Египет и на Кирена, кои ги освоив без борба, дојдоа во ваши раце. Богатствата на Сирија, Палестина и на Месопотамија се ваши; ваши се и богатствата на Вавилон, Бакра и Суса. Ризниците на Персијците, како и неизмерните богатства на Индијците, исто така се ваши.

Вие сте вицекралевите, војсководителите и водачите на оваа кампања. За мене не зедов ништо, освен оваа пурпурна облека и дијадемата.

Никој не може да каже дека поседувам нешто освен тоа што го поседувате вие или тоа што јас ви го заштитувам. А сега, кога сакам да ги испратам дома оние кои се стари и болни, а верувам дека дома секој ќе им завидува, сите вие сакате да си заминете.

Одете, тогаш и кажете им на луѓето дома дека вашиот крал, кој ги освои Персијците и Бактријците, кој ги потчини  Уксијанците, кој ги здроби Парќаните и кој маршираше преку Кавказ и низ портите на Персија и ги помина големите реки Оксус и Инд, кои не беа преминати од времето на Дионис, кој стигна до устието на Океанот и кој маршираше преку Гедрозиската Пустина преку која ниту една војска не преминала жива, одете и кажете им на луѓето дома дека после сите овие напори сте го оставиле зад себе човекот кој ве водел низ сето ова и дека сте го оставиле во рацете на луѓето кои ги освоил.

Можеби вашите зборови ќе им бидат мили и ќе ве направат извор на завист и почит во очите на мажите и жените и побожни во очите на Господа.

Одете назад во Македонија. Заминете.

После овој говор, Александар се повлекол во својот шатор и не се појавил два дена.

Говорот имал хипнотизирачко дејство врз луѓето. Тие јурнале кон неговиот шатор и чекале тој да се појави и кажале дека нема да мрднат од место се додека Александар не излезе за да се сретне со нив. Кога конечно се појавил, тој бил толку трогнат од нивниот чин, така што од очите му се тркалале солзи. Некој старешина од пријателите истапил напред и му кажал: Ох Кралу, нас Македонците најмногу не ожалостува тоа што некои Персијци ги направи твои сродници - тие ја имаат честа да се нарекуваат себеси "сродници на Александар" - и може да те поздрават со бакнеж. А сепак, ниту еден од Македонците досега не ја уживал таа чест.

Александар го прекинал старешината: "Но, сите вас, без исклучок, ве сметам за мои сродници, а отсега натаму така и ќе ве нарекувам"

Сите недоразбирања биле надминати. И како во моментот на богослужба, кога секој се врти кон своите соседи, се ракува и изустува "МИР", сите војници се ракувале, се поттупнале по рамо или ги прегрнале своите другари - без оглед на нивната народност.

 

15 април 2018 година

http://makedonskalozha.wordpress.com

 

Ана Голејшка

 #РЕТВИТНИ ОБРОК НЕ Е РОМАНТИЧНА ПРИКАЗНА

*************

 Ана Голејшка.

Љуби до бескрај. Живеј. Рециклирај. Кажи благодарам. Превоспитај. Научи нешто. Не биди прост. Читај. Многу читај! И на крај не заборавај дека можеш да го промениш светот. 

 

Секој петок од 17 до 20 часот Љубомир, Мила, Викторија, Гоце, Дејан, Владко, Светлана, Филип, Елена, Владо...и Ана, која е и наш соговорник, во куќата "Гласност" го реализираат она што во јавноста е познато како #Ретвитни оброк. Во сабота во 12 часот, пак, ги делат оброците на бездомниците кај спомен куќата на Мајка Тереза.

Ние им појдовме на гости и во живо видовме како тоа изгледа. После две и пол години се гледа дека совршено се "во игра" и не губат време. Иако доаѓаат најчесто после работното време и често се изморени, ова за сите нив претставува задоволство, релаксација и љубов. И кога сте веќе таму и ги гледате како работаат, нема шанси да не посакате да им се придружите. Да, секој што има желба да помогне, дури и не мора да знае толку добро да готви, може да ги посети и без да се најави.

Ана Голејшка не' пречека, а разговорот почна да тече спонтано и допревме многу теми на кои досега не се обрнало толку или такво внимание. Овие момци и девојки неодамна разговараа со државните институции да се покрене прашањето за активирање на Јавна кујна, а оттаму зборувавме и за сериозноста на #Ретвитни оброк, за медиумската (не)помош, поезијата, социјалните мрежи и современото време, како и личните желби и стравови на Ана.

Во продолжение следи нашиот разговор:

 

Од спонтана иницијатива, #Ретвитни оброк трае, веќе, две и пол години, а неодамна се одлучивте да одите и чекор понатаму и приказната да добие уште посериозен тон...

**********************

_ #Ретвитни оброк расте со секоја наредна недела, во смисла дека почнуваме да отворама прашања од јавен карактер, што ни изгледаа невозможни пред да прераснеме во иницијатива. Сакаме да апелираме и до институциите кои можат да спроведат промена на закони, а со тоа да се намали фрлање на храна, односно да се редистрибуира на загрозени семејства и бездомни кои немаат основни три оброци дневно. Во мојот ум, #Ретвитни оброк останува симбол на рециклирањето и споделувањето храна, а приватно го доживувам како стожер за идниот социјален ресторан, кујна и простор во кој ќе може да се хранат многу луѓе, да се развијат готвачки професии и капацитети, ќе се зборува на убав, човечки јазик и ќе се јакнат вредностите. Од љубов кон храната и луѓето, започна сево ова!

 

Се смени ли нешто во функционирањето на #Ретвитни оброк по медиумската застапеност, која реално и не ви недостасува?

*********************

_ По многуте интервјуа, муабети, кампањи во кои РО влезе со учество како иницијатива создадена од луѓе - за луѓе, можам да кажам дека освен браво и "лајкови", вистинскиот импакт не е достигнат. За две и пол години, како што постоиме, дури сега малку мрднаа нештата, односно се отворија прашања околу донациите на храна и рециклирањето. Значи, патот е долг и ќе треба време. Воедно, тешко е да се задржат луѓе кои постојано одвојуваат од своите петоци и саботи, на своја волја. Иницијативата е столб од 20-тина постојани луѓе кои дисперзирано се мотивирани за да помогнат. Сепак, ова е огрански реализарана активност.

 

Имате ли помош од големите маркети или други компании при реализирањето на целта секој петок или се' е во ваши раце?

*********************

_ Храната, односно намирниците најчесто ни ја донираат луѓе кои сакаат да учествуваат во готвењето, но немаат време или можност, па со тоа ни ја олеснуваат целата работа. Пред да имаме донации, готвевме секој со свој буџет и кој што има или може. Голема помош ни се неколку фирми и анонимни пријатели на #Ретвитни оброк кои со набавки на производи или готвење на оброци, прават навистина голема работа. Интересно, донациите не се од маркети, туку од фирми, ресторани, обични луѓе...

 

Кој е за тебе најтрогателниот момент од #Ретвитни оброк? 

*********************

_ Секоја сабота кога делиме храна, постои тоа чувство. Целосната емпатија што постои кај членовите и солидарноста, е нешто што мотивира. Средбите со бездомниците, бездруго се исто така тешки. По секој споделен оброк и сведочење на саботното делење, имате reality check кој не дозволува да заборавите што имате и што можете да дадете. А верувајте, имате што да дадете.

 

А најголемиот предизвик?

*********************

_ Да се одржи континуитетот, ентузијазмот, подршката и готвењето, да се биде храбар во идејата да се променат навиките на македонските граѓани,  да се биде свесен. Да се прави добро без оглед на околностите.

 

Како да се победи одбивноста или стравот кон или бездомниците?

**********************

_ Единствено преку средби со тие луѓе. И тие се луѓе како нас. Како мене и тебе. Со свои животи и судбини. На пример, со чичко Ванчо, кој доаѓа да земе оброци во петок, си правиме муабет. Ни раскажува за маките што го снашле. Човечката димензија има дом, а тоа е во очите, погледот, приказните. Сево ова не е така романтично и има своја негативна страна. Често се случува на делењето да има многу туркање, викотници и да бидете сведок на непријатни ситуации. Одбивноста најчесто е поврзана токму со овие работи, како и нивниот изглед и неможност да одржуваат хигиена. Стравот се победува со соочување. Никој не сака да го снајде таков живот.

 

Јавноста првин те запозна преку поезијата. Во една пригода изјави дека "Поезијата е глумење лудило". Какво или кое лудиоло го глумиш ти?

*********************

_ Лудилото наречено живот, со сите глупости и радости во него. Поезијата е вентил кој често се отвора и му благодарам за тоа. Готвењето е терапија, соединување, страст што мора да излезе за да нахрани. Мојата глад се претвора во туѓата ситост. Живеам како што сакам - не би се менувала за ништо со никого. Секој ден имам реални состојби за кои размислувам и ме болат многу нешта, па преку пишувањето лудилото добива смисла. Интересно е што сум изјавила, ха ха ха!

 

"Љубов на улица" излезе во 2013 година и тогаш имаше 25 години. Правиш ли анализа на својата поезија, колку еволуираше како автор за овие неколку години?

**********************

_ Правам многу работи истовремено, па творечкиот опус си дреме во компјутер. "Љубов на улица" е моето првенче и некогаш се прашувам зошто и како излезе. Еволуцијата во поезијата е можеби најпрекрасното нешто за кое никогаш не сум размислувала, а се гледа од авион.  Љубовта и понатаму го гради секој мој стих, но е обременет од мојата возраст и искуства. Автор што расте е добар автор! Инаку, не верувам во шивачки и кројачки и премерувачки тези за поезијата. Мене поезијата ми е игра и исконска потреба. Таму нема ниедно правило, освен од мојот ум и јазик и тук-таму некоја емотивна збеснатина што треба да стави печат.

 

Најчести теми за кои пишуваш се љубовта, градот, небото... И во сите твои приказни, ти си централниот лик. Зошто?

**********************

_ Затоа што сум (его)центрик и сакам да го сместувам микроскоп(јето) длабоко во мојот свет. Од таму најпријатно гледам, составувам и живеам. Себеси најдобро се (пре)познавам и така си доаѓа. Го заградив она "его" од предниот дел на зборчето, затоа што мислам дека е најдобро кога го држите за узди. Егото може да ве ре-создаде, но најлесно може да ве убие. Кај мене, служи исклучиво за медиумско набљудување на животот.

 

Социјалните мрежи за тебе се отворен, транспарентен медиум. Колку те чини таа транспарентност? Што значи за тебе таквата пристапност за - речиси сите?

**********************

_ Не ме чини ништо лично, напротив. Максимално ја користам секоја социјална мрежа за себеизраз. Ставови, фотографии, раскази, случки, споделувања. Го пренесувам мојот револт, љубов, досада. Воедно - не сум пристапна за сите. Па би полудела! Бришам пријатели кога гледам дека - не сме пријатели. Социјалните мрежи треба да ти го збогатат животот и надвор од него, а не да те претворат во црвче што живее во јаболкото наречено виртуална реалност. За мене, тие се амбивалентната (и)сторија што допрва ќе го менува светот.

 

Честопати твоите објави се обоени со ретро нота, за детството, родителите, сестра ти, градот... Ти недостасува ли Ана од тоа време?

*************************

_ Таа Ана живее во мене и многу си ја сакам. Носталгијата е мојот основен извор на задоволство. Меланхолијата исто. Разновидноста на чувствата што ги имам, потекнуваат токму од тие ноти на животот. Растев и растам покрај прекрасни луѓе, голема фамилија, секакви авантури, проблеми, болка и тоа ме прави ова што сум. Животот е овде и сега, но кога ќе се свртиме и ќе видите едно чудо нешта, сте благодарни. Барем јас сум. За сите нешта што ми се случиле. Немам зборови со кои можам да ја опишам среќата и мирот што се создаваат во мене, само поради неверојатната сила и подршка што ги имам од дома!

 

Каков став имаш кон животот?

**********************

_ Животот е за да се живее и за да се прават убави работи. Да се чита, да се разбира, да се отвараат чакри. За мене, постоењето овде не е само тело што треба да се нахрани, добро извежба за да изгледа привлечно и да се средат ноктите. За мене, умот и она отаде е прекрасна димензија. Сите сме смртни и краткотрајни овде. Прашинка. Затоа, додека сум на оваа планета, сакам да ја направам барем малку поубаво место за живеење. Животот е петтиот елемент. Само, додека да сфатиме, сме остареле и крив ни е "Цацко" што не сме љубеле повеќе! Љубете се. И мијте заби.

 

Се чувствуваш ли некогаш неразбрана?

**********************

_ Секој ден. Ама па што е разбраност? Немам поим! Забавно е и е жив удав кога неможеш да се најдеш со неразбраноста во себе и околу себе. Но, тоа е и најголемиот извор на инспирација.

 

На прагот си пред  нова животна декада...Која е границата помеѓу зрелост и детинетост?

***********************

_ Прекрасно е. Врска немам како ќе биде, но е прекрасно. Ги имам сите бои пред себе и во себе и на мене останува добро да ги измешам и насликам нешто ново. Постои само метафизичка граница. Детскоста ја негувам и ќе биде така додека сум жива. Детскоста е различно од детинетоста. Едново е дух и радост, другово е инфантилност и страв од обврските на животот. Не се сметам себеси за најзрела, не постои ни тоа како категорија. Мислам дека сум во супер поредок на себеси. Само да поработам повеќе на импулсивноста и да ја доживеам новата декада како букет лалиња во вазна. Со раат. И со љубов.

 

Беше дел од една кампања неодамна, па те гледаме насекаде низ градот. Кога ќе се видиш на билборд, што си помислуваш?

**********************

_ Баш сум убаво насмеана! Интересно е. Сама си го барав. Но, приказната зад ова е добра, има поента...Океј си Голејшка, продолжи понатаму.

 

Се фаќаш ли себеси во себеубедување?

************************

_ Секој ден. Па и се лажам себеси, тоа нормален процес. Најмногу се себеубедувам дека ќе се посветам на физичка активност и дека ќе престанам да драмам. И џабе. Зарем побегнал некој од себеси?

 

Од што се плашиш?

********************

_ Од природата, оти е најубаво сурова. Од загуби. Не сакам кога губам УСБ, а камо ли да изгубам човек. Но, тоа е животот.

 

На што си горда? 

********************

_ На се' што искрено сум го постигнала и ме направило подобар човек.

 

Што мислиш за стереотипите?

********************

_ Дека постојат за да видиме до кај сме. До никаде не сме, ете тоа можам да кажам :).

 

Што би сменила веднаш, а што никогаш?

********************

_ Кога ќе ти дадат слобода да смениш нешто веднаш, тие се отвора Мис на универзумот идеја = Сакам мир. Секому и секаде! Индивидуално? Би сакала да се разбудам на јахта со шампањ во рака и Боуви да ми свири на укулеле. Инаку, никогаш не би си го сменила животот што го живеам овде. И онаа максима "никогаш не вели никогаш" е "тапа". Никогаш не ја дочитав Уликс! И нема да ја дочитам. Фала Џојс, многу те сакам(е). 

 

Која е ана?

******************

_ Ана е Голејшка.

 

Порака за крај...

********************

_ Љуби до бескрај. Живеј. Рециклирај. Кажи благодарам. Превоспитај. Научи нешто. Не биди прост. Читај. Многу читај! И на крај - не заборави дека можеш да го промениш светот.

 

 

 

 

15 април 2018 година, http://www.fashionel.mk #РЕТВИТНИ ОБРОК

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

***************

Ана Бунтеска

 

КОГА ЉУБОВТА НА РАЦЕ ТИ ВЕНЕЕ

  • Има ли нешто поболно од тоа
    Жив чоек да закопаш
    Во душата своја гробно место да му направиш
    И внатре да го сместиш
    Иако уште срцето му го слушаш
    Бие исто како твоето
    И одекнува
    Нешто ти зборува
    А ти само со косата се покриваш
    И не слушаш
    Не го слушаш како цвили и преколнува
    Има ли нешто поболно од тоа
    Жив чоек во себе да убиеш
    Да ти вреска болката во умот
    И снагата да те дроби
    Да се распаѓаш
    И да посакаш месо да си откорниш
    За да не те вие плачот кој внатре останува
    И дур рацете со крвта од вашата љубов си ги гнасиш
    Знаеш дека утрото веќе нема да си иста
    Веќе никогаш повеќе иста нема да си
    Дека од утре почнува крајот
    Во кој само ќе се препелкаш
    Како риба на суво
    Со уста ширум отворена

  • Без воздух
    Без вода
    Без себе
    Има ли нешто поболно од тоа
    Во солзи да удавиш чоек
    Да му натежни снагата од плачот твој
    И удолу да го влечи
    А со него и ти удолу да одиш
    И колку е потемно
    Толку поудобно ти е
    Ти црнее виделото и душата таква ти станува
    И не ти мириса веќе на ништо
    И не ти работи ниту умот повеќе
    Само тонеш и чекаш
    Оти мора еден ден и тоа крај да има
    Кога? Не знаеш
    Како? Ете и тоа не знаеш
    Ама знаеш дека те боли
    И дека нема
    Нема ништо поболно од тоа
    Да те нема, а тука да си
    Да си жив, а умрен
    Ништо полошо и поболно нема
    Кога чоек во себе ќе закопаш
    А со него и себе ќе се погребаш
    Кога ништо не останува
    И ништо веќе не ти ни треба
    Кога арен не си
    Ниту пак арен некогаш ќе бидеш
    Оти нема ништо поболно од тоа
    Кога љубовта на раце ти венее
    И душа в раце ти испушта
    Кога умира
    Кога умираш.
    **********

    Автор, Ана Бунтеска
    http://zenskimagazin.mk

Kind regards : 25 април 2018 година

Sotir Grozdanovski broj 140