ГОРАТА СЕ СТРЕСЕ СЕ РОДИ ГЛУШЕЦ

Баронот Минхаузен

Сотир Гроздановски

ГОРАТА СЕ СТРЕСЕ СЕ РОДИ ГЛУШЕЦ

*****************

После десетина месеци од како Зоран Заев седна во премиерската фотелја на македонската влада, се случи уште еден неуспешен удар врз коалицијата на СДСМ. Но, Зоран Заев му докажа на Христијан Мицкоски дека е  "поитер" лажго и од него и  дека може да го надмудри новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ полесно, од што тој мислеше. Или, можеби, сето тоа беше и договорена игра, за после отстранувањето на опозициските пратеници од Собранието,  полесно да се дојде до заедничката цел на двајцата "крвни непријатели", СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Да се дојде до потполно разобличување на Република Македонија и како таква да се турне во НАТО и ЕУ, за нејзините војници да бидат топовско месо за туѓи интереси, а македонската земја мета на туѓите деструктивни оружја.  

На 11 април 2018 година во Собранието на Република Македонија одново ликуваше губитникот на минатите парламентарни избори, македонскиот Минхаузен, Зоран Заев. ВМРО-ДПМНЕ не успеа да обезбеди доволно раце во македонскиот законодавен дом, за  да ја урне владата на СДСМ. Да ја урне  и со тоа да го смени актуелниот премиер Зоран Заев, те преку нови предвремени парламентарни избори, Македонците да дојдат до нова влада. Влада, која би го променила курсот на македонската држава во позитивна насока. Да се откачи од канџите на Грција и да започне нов пат кон посигурна иднина, па дури и по  цена на  невлегување во НАТО и ЕУ.

Со оваа политичка фарса во македонското Собрание, на  Зоран Заев одново му се дувна во плеќите  за и понатака да го држи цврсто кормилото на македонскиот кораб, во одредената му насока. Со игнорирање на се' помасовните протести и не слагања  на македонскиот народ во земјата и во дијаспората со антинародната политика на СДСМ и албанските коалиционери, се оди на се' или ништо, при тоа намерно предизвикувајќи тензии, кои можат да доведат до трагедија. Тоа не е патот кои македонскиот народ треба да го изоди само за да ги задоволи себичните и не чесни игри на нашите соседи. 

И не се само Заев и неговите послушници,  од неговата влада, кои имаат такви намери. Има и многу други како нив. И тоа луѓе кои се сметаат за "Македонци" - космополити, слободоумни, па дури и свемирци,  тврдејќи дека  политиката на Заев е исправна и корисна за Македонија.

Господ нека им помогни, зошто таков е нивниот свет во кој живеат.

Во последно време особено се истакнува уште еден барон Минхаузен од Канада, по име Цане Соколовски. Жалам  што неможам да пронајдам некои  поинтересни податоци за оваа "македонска" "ѕвезда" на мудроста што би ги интересирало нашите читатели. Па затоа, пошто "Македонски Збор" не е место за такви текстови, навратите во Фејсбук, ќе се сретнете со неговите "мудрости" кој безплатно им ги сервира на љубопитните читатели на начин, како баронот Минхаузен после враќањето од боиштето за времето на руско-турката војна. Навистина интересни мудрости, до колку уживате во неговиот начин на презентација. 

И на крајот на краиштата, за овој пат само можеме да констатираме дека:

сепак,  ГОРАТА СЕ СТРЕСЛА СЕ РОДИЛ ГЛУШЕЦ ! 

Горан Момироски

Горан Момироски

ЗОШТО Е ИМЕТО БЕЗБЕДНОСНО ПРАШАЊЕ

*****************

Британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет е интелигентен дипломат од кариера кој што точно знаел какви последици ќе предизвика неговата последна изјава.

Неговото тврдење дека прашањето за името е централно регионално безбедносно прашање бездруго не е проста ПР операција на една членка на ЕУ и НАТО која сака да и' помогне на владата во обидот на граѓаните да им објасни дека треба да прифатат промена на името.

Искусниот дипломат кој долго време е во Македонија точно знае дека мешањето на странците во ова емотивно прашање нема да му помогне на процесот на решавање на името ниту на премиерот во убедување на народот да се смени името.

Напротив, мораше да знае дека изјавата само дополнително ќе предизвика пцовки, клетви и обвинување дека Заев нема да донесе автентична одлука од македонски интерес, туку по налог на трети фактори.

Гарет мора да знае дека така искажаната порака кај најголем дел од граѓаните беше доживеана како отворена закана од типот "или ќе го смените името или ќе се соочите со војна". Народ со толку многу фрустрации, предавства и разочарувања зад себе едноставно не може да види друга логика и порака во зборовите на Гарет кој морал да го предвиди тоа. И затоа мораше да биде повнимателен.

Посебен проблем е тоа што изјавата на британскиот амбасадор доаѓа само три дена откако британска лабораторија не успеа да најде докази дека Москва извршила напад на двоен агент на англиско тло. А Македонија без докази во знак на солидарност со Лондон протера дипломат од земја членка на Советот на безбедност на Обединетите нации.

Што е друга можна причина за ваква силна изјава на Гарет? Единствено дека тој има прецизни податоци за конкретна безбедносна закана за Македонија и регионот. И тука реалните сценарија и конспиративни теории се десетици на број.

Главната меѓу нив, а таа сигурно ја знае и Гарет, е тезата според која Албанците во Македонија нема да издржат уште едни пропаднати преговори за името и нова блокада за НАТО и ЕУ и ќе се обидат да најдат друг пат до Брисел.

Тој пат, според сите води преку обединување со своите браќа преку границите, пред се' преку Тирана, која е веќе во НАТО, а ако ги надмине пречките во судските реформи и неколку други поглавја може релативно брзо да започне преговори за членство. Тоа секако нема да биде во наредните 5 години, но секако ќе биде побрзо од македонското сценарио кое без решение на името ќе заглави десетина години.

Вооружените групи со калашњикови во Скопје за кои  зборуваат албанските политичари и сеуште свежата крв од Диво Насеље доаѓаат само како зачин на зборовите на Гарет, кој морала да предвиди дека традиционално конспиративно настроениот македонски граѓанин ќе ги поврзе и од тоа ќе гради ставови и стравови.

Други можни реални причини за крајно сериозните пораки на Гарет се неговите информации за евентуални воени планови на Русија на Балканот или за настаните кои што претстојат на Косово откако Харадинај го понижи Белград со апсењето на српскиот функционер одговорен  за Северно Косово.

Во оваа група причини спаѓаат и опасностите од терористички напади на ИСИС во регионот, иако дури и на добар демагог ќе му биде тешко да објасни поврзаност на прашањето за името со било која од погоре наведените прашања.

Практично, Гарет наместо да помогне во општата конфузија дотури во огнот масло и состојки кои произведуваат страв. И тоа токму во моментот кога покрај со сите редовни глупости се соочуваме со вооружени пресметки на членови на владеачка партија. Партија која тврди дека има неограничена подршка токму од луѓето во чие име настапува Гарет.

Амбасадорот пред повторно да шири страв и паника од војна во земја која не започнала конфликт со никого досега мора да знае дека Македонија нема проблем ниту со НАТО ниту со ЕУ, најголем број граѓани се за членство. А нема проблем ниту со еден свој сосед во смисла на безбедност.

Затоа, ако веќе сака да зборува за безбедност, нека каже точно кој е закана и од што треба да се плашиме.

Вака само непотребно го наруши неговиот личен имиџ и имиџот на неговата држава како сериозни фактори на Балканот. И тоа на стотина дена пред конференцијата во рамките на Берлинскиот процес која ќе се одржи во Лондон.

 

12 април 2018 година

http://www.opserver.mk

 

 

Методија Андонов-Ченто

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

МАКЕДОНИЈА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА

(1941 - 1945)

ДЕЛ 85

**********

 

10.7. Одгласот на Првото заседание на АСНОМ и реализацијата на неговите решенија

 

Разбирливо е што Првото заседание на АСНОМ добило голем одглас. Освен во вардарскиот дел на Македонија, Заседанието имало одглас и во другите делови во кои живееле Македонците. Забележливиот одглас, покрај другото, се должи на прифатливоста на резултатите во создавањето на новата македонска држава. Не треба да се потценува улогата на Пезидиумот на АСНОМ, кој вложил доста големи напори за објаснување на донесените решенија. Неговиот претседател дејствувал доста сугестивно затоа што самиот тој, иако не бил комунист, го прифатил повикот на НОД и се согласил да се вклучи во движењето за да помогне во остварувањето на вековниот идеал-борбата за слобода и за создавање македонска држава да стаса до целта.

Факт е дека најголемиот број забелешки на резултатите од Првото заседание на АСНОМ биле изнесени во врска со тоа, што македонската држава се создавала само на еден дел од етничката територија на Македонија. Се приговарало дека војната во Македонија и создавањето на државата биле предводени од Срби. Ваквите реакции биле поизразени во некои бугарски кругови. Македонското раководство, а особено претседателот Методија Андонов-Ченто, настојувале да ги убедат неистомислениците дека иако во Антифашистичката војна имало по некој Србин, имало и по некој Бугарин, како и учесници од другите националности во Македонија. Но, според Ченто, тие Срби што учествувале во војната не биле оние од времето кога Македонија била под српска власт, од редот на оние што не ги признавале македонската нација и македонската држава. Всушност, требало да се разуверат опозициските тврдења дека АСНОМ, неговите решенија и нивната реализација не биле во функција на создавањето македонска национална држава.

Во презентацијата и популаризацијата на решенијата на Првото заседание на АСНОМ се вклучиле весниците што излегувале во Македонија, "Млад борец", "Македонка", "Наша хроника" и други.

Заседанието добило одглас и кај Македонците во егејскиот дел на Македонија. Тие во него гледале пример за нешто слично во начинот на нивното политичко организирање, вклучувајќи го и правото на самоопределување. Решенијата на АСНОМ ги охрабриле и ги поттикнале Македонците поотворено и порешително да ги поставуваат барањата за остварување на своите права во Грција. Овие решенија добро ги прифатила и македонската емиграција во Бугарија. Тоа особено дошло до израз по 9 септември 1944 година, кога капитулирала царска Бугарија и се нашла во незавидна меѓународна изолација. Голем одглас Првото заседание на АСНОМ и конституирањето на новата македонска држава имале во југословенските републики, но и во повеќе европски земји, како и во Соединетите Американски Држави.

Продолжува

Филип II Македонски

ДЕСЕТ ФАКТИ ЗА ГОЛЕМИОТ ФИЛИП II МАКЕДОНСКИ

**************

 Можеби очекувавте дека во овој текст ќе прочитате за Александар Македонски, но и покрај тоа што тој ја изградил најголемата империја што некогаш постоела, говориме за кралот Филип II, без кој Александар не би бил владател на светот.

 

Филип бил роден во Пела во 382 п.н.е., како најмлад син на царот Аминта III и царицата Евридика. Во младоста (од 386 п.н.е. до 365 п.н.е) бил заложник во Теба, водечки град во Грција во тоа време. Дури престојувал во Теба, се здобил со грчко воено и дипломатско искуство од страна на Епамонил, тебански генерал. Смртта на неговите постари браќа, Александар II и Пердика III, му овозможиле да го наследи македонскиот трон во 359 п.н.е.. На почетокот бил регент на неговиот малолетен внук Аминта IV, но подоцна ја презема целата власт во своите раце.

 

Реформи и походи

*******************

Наскоро по доаѓањето на власт, Филип извршил реформи во државата и вовел постојана платена војска со прочуената македонска фаланга, како основна воена единица, а вовел и коњаница, направи за опсада на градови и фрлање на камења и стрели. Неговите воени способности придонеле Кралството Македонија да стане регионална сила.

Тој водел повеќе успешни војни со соседите. Најпрво, во 358 п.н.е. го скршил отпорот на локалните маледонски племиња и ја проширил својата власт на север до Охридското Езеро. Во 357 п.н.е. ја зазел атинската колонија Амфипол, која управувала со рудниците за злато на планината Пангајон (словенско име Пајак). Усовршувајќи го ковањето на парите, тој ја зацврстил македонската монета, која почнала да се употребува и кај грчките градови. Во 357 п.н.е  се оженил со епирската принцеза Олимпија. Во 355 п.н.е. Филип го освојува градот Кренид, кој го преименува во Филипи. Тој исто така ги нападнал Абдера и Маронеја, на тракискиот брег. Во 354 п.н.е. ја освоил атинската колонија Метон, при што во битката го изгубил едното око.

Првиот посериозен отпор што го искусил Филип II бил од страна на Атињаните во Термопили, во 352 п.н.е. Истата година ја освоил Тесалија. Тој ја поттикнувал борбата меѓу аристократите и демократските сили во грчките градови, со цел да ја искористи нивната неслога и полесно да ги освои. За таа цел, со златото на Филип на островот Евбеја била формирана Македонската партија, платена да ги промовира македонските интереси во политичкиот живот на Грците. Меѓутоа, од 352 п.н.е. до 346 п.н.е. тој нема да продре јужно, туку ќе ги освојува источните региони доаѓајќи до реката Хебрус (словенско име: Марица).

Во 349 п.н.е. Филип ја започнува опсадата над халкидскиот град Олинг, првично негов сојузник, кој подоцна ќе склучи сојуз со Атина. Атињаните не направиле ништо да го спасат градот и тој во 348 п.н.е. е срамнет со земја, а неговите жители Филип ги продава како робови. Во 347 п.н.е. Филип ја освојува скоро цела Тракија. Во меѓувреме Атина, загрозена од македонските освојувања, понудила мир. Во 346 п.н.е. во Тесалија двете страни договориле мир. Подоцна македонските војски преку Епир навлегле на северозапад се' до Јадранско Море. Во 342 п.н.е. Филип презел успешен поход против Скитите на север.

Во 340 п.н.е. Филип ја започнува опсадата на Перинт, а птоа во 339 п.н.е и на Византион, но и двете опсади завршуваат неуспешно.

 

Битката кај Херонеја и Коринтската лига

******************************************

Неуспешните опсади на Перинт и Визант го загрозуваат влијанието на Филип кај грчките градови. Сепак, набрзо тој ги победил здружените Тебанци и Атињани во битката кај Херонеја во 338 п.н.е.

 

Мапа на територијата на Филип II од Македон.

Во 337 п.н.е. на конгресот на грчките градови во Коринт, сите тие, освен Спарта, биле приморани да го потпишат Општиот Мир диктиран од Филип II и ја формираат Коринтската лига. Условите на мирот биле: да не војуваат меѓусебно, склучување на сојузи, менување на политичкото уредување, стапување на служба во туѓи држави, објавување на војна на секој кој ќе го прекрши Мирот. Иако со овој  договор им давал автономија на полисите и не ги ставал директно под  македонска власт, тие биле зависни од Македонската држава со бројните ограничувања и немањето на надворешна политика. Филип бил избран за водач (хегемон) т.е. за политички и воен водач. Со Општиот Мир и обезбедената заднина од можни грчки востанија , тој започнал големи воени подготовки за поход што го планирал да го презеде против најголемата тогашна империја, Персија.

Сепак, Филип не успева да го поведе походот против Персија. Во 336 п.н.е. бил убиен во Ајга за време на свадбата помеѓу Александар I Епирски и Клеопатра, ќерка на Филип од неговиот брак со Олимпија. Убиецот бил Павзаниј од Орестида, еден од неговите седум телохранители. 

А сега, десетте факти за таткото кој секогаш е во сенка на својот син, Александар III Македонски :

 

10. Бил заробеник во Теба.

Околу 371 година п.н.е. постариот брат на Филип, кралот Александар Втори, бил приморан да потпише мировен договор со Теба, откако ја изгубил војната во Тесалија. Клучен услов бил да им го предаде својот 15-годишен брат Филип.

Излегло дека токму тоа било доста поволна работа за младиот принц, затоа што таму научил се' за Теба, а тоа му помогнало во неговото понатамошно владеење. Тренирал во војската на Теба (најмоќна во тоа време), но ја изучувал и нивната администрација.

 

9. Го наследил кралството во најлош момент.

После смртта на својот брат во 359 година п.н.е. Филип седнал на тронот. Македонија, која ја наследил, била во хаос. Илирите се подготвувале да нападнат од запад, Тракијците од исток, а Атињаните од југ ги окупирале македонските рудници и им давале подршка на ривалите на Филип.

Новиот крал реагирал со голема брзина и донесувал мудри одлуки елиминирајќи ги сите препреки. Ги подмитил Тракијците со скапоцени дарови и им го отстапил Амфипол на Атињаните со цел да купи време и да собере војска. Служејќи се со нови тактики, им се спротивставил на Илирите и целосно ги поразил во битката во 358 година п.н.е.

 

8. Ја трансформирал војската на Македонија.

Најважната промена која Филип ја вовел се однесувала на војската. Тој ја трансформирал граѓанската милиција во армија со добро обучени професионалци. Основен адут на неговата војска била фалангата, збиена и закосена формација составена од тешко вооружени војници. Секој носел 6-метарско копје, што им давало голема предност во битките. Фалангата била поделена во единици, од кои секоја имала свој заповедник, што ја олеснувало комуникацијата и маневрирањето во борбата.

 

7. Ја изградил Македонија по примерот на Персија.

Како непобедлив крал, Филип воспоставил македонска доминација над грчките полиси. Меѓутоа, главната слабост на неговото владеење лежела во недостатокот на добро структуирана и стабилна држава. Филип често се занимавал со внатрешните работи во државата.

Затоа, применувајќи го знаењето кои како млад го стегнал во Теба, одлучил да изгради поразлична Македонија по примерот на Персија. Наместо директно да ги окупира и контролира оддалечените градови, тој им давал независност, а првите луѓе директно одговарале пред него. Воспоставувајќи ваков облик на контрола, Филип ги користел нивните ресурси, а притоа не трошел ресурси за нивна контрола.

 

6. Во борбите заработил многу повреди.

Филип сакал да ја предводи војската. Лично бил на чело на коњаницата и ја делел опасноста со која се соочувале неговите луѓе. Тоа, без сомнеж, ги инспирирало неговите војници и им давало предност во тешките битки, но Филип плаќал и висока цена. Претрпел многу повреди кои трајно го промениле.

Во време кога починал, 336 година п.н.е., "спомените" од битките биле видливи на целото негово тело. Го изгубил десното око при опсадата на Метонија 354 година, кога го погодила стрела. Поткуцнувал на левата нога поради голема рана која ја заработил од тракиско копје. Ја скршил клучната коска, а една од неговите раце била, речиси, неупотреблива.

 

5. Имал седум жени

Многумина знаат дека Хенри Осми имал осум жени, но Филип Втори имал седум и тоа истовремено! Аудата, Фила, Никесиполис, Олимпија, Филина, Меда и Клеопатра, биле неговите сопруги кои во неговиот живот не влегле пораду љубов, туку поради чиста политичка амбиција.

Најдобар пример е мајката на Александр, Олимпија. Филип со неа се оженил во 357 година со цел да ја обезбеди западната граница на Македонија. Тоа се покажало како мудар потег, затоа што се зацврстил неговиот сојуз со Епир, а тоа му овозможило да се концентрира на завземање на атинскиот град Амфиполис.

 

4. Својата најзначајна битка ја добил кај Херонеа

Како што растела моќта на Филип над грчките градови, атинскиот политичар Демостен работел на градење антимакедонска коалиција со Теба, која најпосле му објавила војна на Филип. Кралот собрал војска и тргнал во пресрет на напаѓачите на југ.

Во близина на Херонеа, во 338 година п.н.е. двете големи сили се судриле. На десното грчко крило се наоѓале 300 свети тебански чети, а наспроти нив се наоѓал младиот принц Александар со својата коњица. Атињаните на левото крило нападнале први, но Филип на својата војска и' наредил да се повлече на тоа крило, со цел да остави празен простор помеѓу двете крила на Теба и Атина. Тогаш ја опколил нивната војска и потоа настрадале повеќе од половина од војската на Теба, сојузниците побегнале од военото поле и ја предале победата на Македонија.

 

3. Грчките полиси ги контролирал преку Коринтскиот сојуз.

После победата кај Херонеа над двете најсилни полиси, идејата да ја завземе целата нивна територија созреала. Филип ги собрал сите грчки градови во Коринт и им ветил мир. Условите биле градовите држави да се здружат во Коринтски сојуз под управа на Филип.

 

2. Зад неговото убиство можеби стоел и самиот Александар.

Филип во 338 година п.н.е. сакал да се ожени со Клеопатра, жена која припаѓала на високиот сталеж во Македонија. Веројатно сакал да добие наследник со чиста македонска крв, што создало судир со неговиот син Александар, кој сакал да биде единствен наследник.

За време на прославата, Филип бил избоден од младиот Македонец Паусани. Убиецот се обидел да побегне, но го фатиле и убиле пријателите на Аллександар. Бидејќи и самиот тој бил пријател на Александар, некое време принцот бил осомничен дека тој го порачал убиството. Во секој случај, новата жена на Филип, вдовицата Клеопатра и нивното дете, набрзо биле убиени од мајката на Александар, Олимпија.

 

1. Не се знае каде се наоѓа неговиот гроб.

Археолозите во 1977 година се надевале дека ја пронашле гробницата на Филип во Егејска Македонија во близина на Солун. Меѓутоа, подоцна се воспоставило дека гробот од 317 година п.н.е. не бил на Филип.

Неодамна е испитуван уште еден гроб во близина исто така на Солун, во кој е пронајден скелет на 45-годишен маж (кој одговарал на оној на Филип за време на смртта) заедно со остатоци на една жена и бебе, поради што се повеќе се мислело дека е гробницата на македонскиот владател. Меѓутоа, друг извештај тврди дека генералот Касандер го кремирал телото на Филип, па така веројатно никогаш нема со сигурност да знаеме каде почива големиот македонски крал.

 

31 декември 2017 година

http://www.svest.mk

 

 

Славе - Катин

МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВНИ ГЛАСИЛА СО ИМЕТО "ИЛИНДЕН" ВО САД

*********

"Илинден 1903-2003 и македонските иселеници

 

Процесите на иселување во Соединетите Американски Држави започнале, речиси, во исто време како и оние во Канада. Познато е дека првите Македонци во САД се доселиле уште на крајот од 18-от век, а сите тие доаѓале преку Елис Ајланд, во Њујорк.

Со формирањето на првите друштва и друг вид асосијации и организации, меѓу иселеништвото се појавиле и првите информативни гласила. Меѓутоа, веднаш треба да се нагласи дека информативната дејност на Македонците и нивното организирано живеење во САД е многу слично, ако не и идентично на она во Канада. Всушност, весниците, билтените и другите гласила што излегувале во САД, во периодот од Втората светска војна, се дистрибуираа и во Канада и во извесна смисла претставуваа заеднички гласила. Ваква практика е присутна и денес и речиси секое гласило претставува информатор за сите Македонци на северноамериканскиот континент.

Македонците во Соединетите Американски Држави се особено организирани во македонските православни цркви, но и во различни друштва и асоцијации. Овие значајни македонски асоцијации се, всушност, афирматори на македонската вистина и мост на зближување на нивната втора татковина - САД и Република Македонија.

Со доаѓањето на Македонците во САД, за нив започнал, колкутолку, побезгрижен живот. Бидејќи од крајот на XIX и во почетокот на XX век, Соединетите Американски Држави биле "ветената земја" и, благодарение на големиот економски подем, широко ги отвориле вратите за слободно доселување од други краишта на светот, особено од Европа. Во тој период - Њујорк од своето пристаниште Елис Ајленд секојдневно пречекувал и испраќал во внатрешноста на земјата илјадници емигранти. Меѓу нив, бројноста била поголема особено по Илинденското востание и по поделбата на Македонија.

Далеку од својата родна земја - Македонија, доселениците во мислите ги носеле најмилите што останале дома и, се разбира, во своите срца ја носеле поробената татковина. Особено тешко ја поднесувале самотијата, разделбата, болката за либето...

Веројатно поради силната соседска пропаганда, особено бугарската, меѓу двете светски војни само едно друштво е именувано со името "Илинден". Имено, во почетокот на 1922 година, група македонски доселеници од градот Њујорк, ја основале организацијата "Илинден". Оваа организација и' испратила протестна Резолуција во врска со потпишувањето на договорот за пријателство меѓу Србија и Бугарија.

Меѓутоа, по втората светска војна, Македонците во САД започнале да го прославуваат Илинден. И кај нив, како и кај Македонците на другите континенти Илинден бил, е и ќе биде светла точка и искра на надежта за нивно опстојување. Илинденските празнувања и посвети биле на различен начин. Така, меѓу другото, заслужува да се споменат гласилата и друштвата поврзани со Илинден. 

 

МАКЕДОНСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР "ИЛИНДЕН"

ДЕТРОИТ

**************

Македонскиот културен центар "Илинден" од Детроит беше единствена институција од ваков вид во САД и Канада. Во рамките на центарот "Илинден" се печатеше списанието "Македонски Збор", кое одигра важна улога во информирањето на Македонците на северноамериканскиот континент.

Списанието "Македонски Збор" од Детроит посветило голем број материјали проследени со факти врзани за Илинден, Илинденското востание и Крушевската Република, кои оставија вистински траги во историскиот дел за Македонија.

Тоа е едно од првите македонски списанија, од ваков вид, во дијаспората што се печатеше на литературен македонски јазик и претставуваше значаен афирматор на македонското име и нација, а беше тесно поврзано со стварноста во Република Македонија.

Првиот број на списанието "Македонски Збор" излезе на први августа 1977 година за време на прославата на Илинденското востание во Детроит, а е печатен на осум страници во големина 28 X 22 cм. со латиница, чија форма ќе ја задржи и за идните броеви.

Овој број е посветен на 74-годишнина од Илинденското востание и 33-годишнината од конституирањето на македонската држава Република Македонија. Излегувањето на списанието е настан од посебен интерес во информирањето на македонската колонија во Детроит и пошироко.

Во првиот број во воведната статија се објаснува целта на списанието "Македонски Збор". Меѓу другото се вели: Списанието се планира да излегува еднаш месечно како образовно - воспитно и информативно гласило, кое ќе ја шири македонската култура, писменоста и историјата меѓу Македонците во Северна Америка (САД и Канада).

Инаку, списанието беше орган  на Македонскиот културен центар "Илинден" од Детроит, а главен и одговорен уредник, сопственик и душата на списанието беше Сотир Гроздановски, познат општественик, новинар и културен работник во македонската колонија во Детроит, роден во с. Буково - Битолско.

Исто така, за време на излегувањето на списанието, се јавуваат голем број Македонци од Детроит, Торонто и други градови како членови на издавачкиот совет, дописници и активни донатори и помагачи.

 

08 април 2018 година

http://www.mn.mk

 

Розита Христовска, поетеса

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

***************

 

МОРЕ ОД СОЛЗИ

  • И ние имаме море.
    Наше море,
    македонско,
    со длабоки солени води.

    Море од солзи
    пролевани и собирани
    од време со далечен почеток
    а ненасетен крај.

    Се бранува морето.
    Се бранува и рие.
    Длаби.

    Ги подрива бреговите
    на душите од паталците
    кинисани со бавен чекор
    во поворка од обезличени сенки.

    А патиштата пресечени
    со пречки од гревови
    на одродените слепци.

  • И уште нека течат солзи.
    Нека течат и нека печат.
    Нека преплават.

    Нека ги искинат сите окови
    и синџири од неправди
    со алки од болки.

    Нека ги отворат ширум
    вратите закатанчени,
    да ги избават од ќелиите
    мрачни и немливи
    жигосаните со печат македонски.

    Заради децата без прегратки
    со одречена иднина.
    Заради нивните солзи.
    *******

    Среда, 28 февруари 2018 година
    Розита Христовска, автор.

Kind regards : 15 април 2018 година

Sotir Grozdanovski broj 138