ТЕ САКАМЕ ТАТКОВИНО МИЛА!

Александар Русјаков

Александар Русјаков

ЗА ПОЛИТИЧКИТЕ СЛЕПЦИ

***********

 

Видела жабата коњ, па ја кренала ногата да ја потковаат и неа, ама налетал шлепер и ја прегазил. Вака некако изгледа Македонија, како глупа жаба, откако Владата реши  да протера руски дипломат, угодувајќи им на своите забегани спонзори, Велика Британија, САД, ЕУ и НАТО. За да биде глупоста уште поглупава, со подржка на оваа глупа одлука се приклучи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие па уште се истопорија да ни објаснат дека нивни партнери отсекогаш биле Вашингтон, Брисел и Лондон. Истава песна постојано ја пеат и сдсмјаните. И не само тие, затоа што расипанава плоча за партнерството со САД, ЕУ и НАТО и немањето алтернатива без нив, како навиени ја верглаат еден куп новинари, интелектуалци, академици, уметници, активисти, односно, според мене, таканаречената интелектуална бижутерија.

Очигледно јас и тие имаме сосема различни визии за тоа што е партнер. Ма не само различни визии , јас и тие припаѓаме на различни времиња, епохи, имаме различен ментален склоп. Нашиве политичари и интелектуалнава бижутерија се од средниот век,  за нив партнерство е кога посилната единка во врската може и смее да ја тепа послабата страна, да и' заповеда, да ја малтретира, да ја крене на клоци, додека понижената страна треба молкум да го прифаќа тоа и со наведната глава да го трпи насилството. Јас, за разлика од нив, сметам дека во врска, двајцата партнери треба да се рамноправни, да се разбираат еден со друг, да се дополнуваат. Дваесет и седум години во нашево "партнерство", САД, ЕУ и НАТО, па и Велика Британија, која сега се оддели од Брисел, кон нас се однесуваат насилнички, не ни признаваат идентитет, не' понижуваат и омаловажуваат, постојано сме под нивните закани и уцени, не признаваат никакви судски пресуди донесени во наша корист од нивните судови, а ние мораме да ги слушаме домашниве црпнати политичари како ни зборуваат за партнерство, пријателство и единствен избор. Не сте, бре, вие никакви партнери со Вашингтон, Брисел и со Париз, туку обични спонзоруши со камењарска политичка матрица.

За разлика од нас, Австрија, Португалија, Грција и Израел не се обѕрнаа на британската хистерија и не протераа руски дипломати. Зошто е ова така? Па, затоа што овие држави држат до себе, рамноправни се во партнерството, го гледаат пред се' својот интерес, а не само британскиот. За нив Русија е моќна држава, економска, политичка и воена сила, тие не сакаат да си ги расипат сосема односите со неа заради будалаштините на Лондон. И тука, вообичаено, доаѓа делот кога треба да закрекаат жабјите хорови за да ни објаснат дека нема што ние да ги гледаме Австрија или Израел, затоа што тие биле поголеми и помоќни држави од нас. Тоа ви е логиката на полтронот, лигушот, упикувачот, спонзорушата, тоа ви е филозофијата на неандерталецот, кој мора да молчи кога посилниот од него во племето ќе дојде да му ги земе жената и децата. Каква мизерија! Пазете им го муабетов, Австрија е силна, затоа може да и' каже фак оф на Британија, ние сме малечки и слаби и затоа ќе си ја пикнеме главата во нивниот задник и ќе си молчиме додека тие ни прдат. А ха, океј, Австрија е силна, а Грција бе? Тие колку се силни? Земја што е на раб на економски колапс, држава пред банкрот, со непоимливо огромни финансиски долгови токму кон истиве на кои им се тресеме, а згора на тоа и историски должник на Британија затоа што половина од нејзината територија (Беломорска Македонија) тие им ја дадоа, ама и заштитија кога ние по Втората светска војна речиси си ја повративме и покрај сето ова, слабата, задолжена и зависна Атина му покажа шипак на Лондон. И што друго да каже човек? Добро бре тикви едни, а Русија нели е посилна од нас?

Всушност, тука воопшто не се работи за тоа кој е посилен, а кој послаб. Не постои закон што вели дека малите држави не смеат да водат мудра политика. Историјата покажала дека никој не може толку да те понижи колку што самиот можеш да си го направиш тоа. Не станува збор ни за тоа дали некој тука е русофил или англофил, ниту пак е прашање што тоа Русија сторила за нас низ историјата. И Русија и Британија ни направиле неправди низ историјата. Ама тоа навистина не е важно во случајов со протерувањето на рускиот дипломат. Се работи за политичко слепило што се граничи со малоумност, Најпрво, во старт е сомнителна хистеријата на Лондон за труењето на некогашните руски агенти, сега британски државјани. Ова личи на светската хистерија по рушењето на малезискиот авион во Украина кога моронската мејнстрим-пропагандна машинерија без докази почна да се дере "Путин ги уби нашите деца". 

Но уште пострашен а фактот што сето ова изгледа како хистеријата околу наводното хемиско оружје на Садам Хусеин, по која следуваше воената интервенција врз Ирак кога беа убиени над милион цивили. И најдоа хемиско оружје? Тикви најдоа. 

Пред извесно време излезе и таканаречениот Чилкот-извештај, во кој и официјално е потврдено дека хемиско оружје било лага, само измислица за инвазија на Ирак. Еден ден, кога ова ќе стане нормална планета, лудаците Клинтон и Блер ќе одговараат за геноцид против човештвото. Мириса дека и лондонската хистерија слично ќе заврши. Не залудно и Скотланд Јард предупредува да се смири тензијата додека не заврши истрагата. Но ова веќе е крајно забегана планета, на лудациве не им се потребни докази за да обвинат и пресудат. Зошто се ставаме самите себеси во ситуација утре, ако се докаже дека Русија нема никаква врска со труењето, да мораме да се извинуваме? Затоа што државата ни ја водат политички слепци, спонзоруши и одработувачи на туѓи манијакални барања.

Од друга страна, светот полека, но видливо се менува. Еднополарноста преминува во мултиполарност. Глобализацијата ја губи битката со мултикултурниот свет. Нашите политички слепци ова не можат да го видат затоа што умот им е исполнет со користољубие, а свеста им е поданичка спрема моќта колку и да е безумна таа. Русија јасно се позиционира во светската геополитичка игра, ама кај нас нема мудри политичари што ќе ја постават Македонија на средина меѓу силните, како неутрална држава отворена за сите. Залудно нашиве слепци, сите до еден, биле Титови пионери кога ништо не научиле од Тито.

 

31 март 2018 година

http://www.media24.mk

 

Тодор Петров

 

Тодор Петров

ПРЕД ДА ОДИ НА УСТАВЕН СУД, ЗАЕВ НЕКА ЈА ПРЕПРОЧИТА ГАРАНЦИЈАТА ШТО ЈА ДАДЕ ПРЕД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКАТА И ЈАВНОСТА НА 17 МАЈ 2017 ГОДИНА

*********

 

 

Премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата одржана на 27 март 2018 година изјави, "можно е покренување иницијатива пред Уставниот суд за непочитување на Уставот од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов поради непотпишувањето на Законот за употреба на јазиците."

И, бидејќи повторувањето е мајка на занењето...

Во членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот пишува, "Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите."

Во членот 52 ставовите 1,2 и 3 од Уставот пишува, "Законите и другите прописи пред влезот во сила се објавуваат во 'Службен весник на Република Македонија' најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето."

Во членот 75 од Уставот пишува, "Законите се прогласуваат со Указ. Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Република  Македонија и претседателот на Собранието. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на Законот. Собранието повторно го разгледува Законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, Законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во членот 38 од Законот за Собранието на Република Македонија пишува," (1) Претседателот на Собранието, истиот ден по донесувањето, Законот го доставува до претседателот на Републиката заради потпишување на указот за прогласување на Законот. (2) Во рок од седум дена од денот кога ќе му биде доставен Законот заради потпишување на указот на Законот, претседателот на Републиката го потпишува указот за прогласување на Законот или писмено го известува претседателот на Собранието доколку одлучи да не го потпише указот за прогласување на Законот. (3) Ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на Законот, Собранието повторно го разгледува Законот согласно со Деловникот, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на Законот. (4) По повторното разгледување на Законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањата на претседателот на Републиката."

При повторно разгледување на Законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот за прогласување на Законот.

Претседателот на Републиката е должен да го потпиште указот и доколку се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Разликата кај Закон кој се донесува со друго мнозинство гласови и Закон кој се донесува со двотретинско мнозинство, е што кај Законот кој се донесува со друго мнозинство Собранието повторно го разгледува Законот во рок од 30 дена од донесувањето, а кај Законот кој се донесува со двотретинско мнозинство нема повторно разгледување на Законот.

Претседателот на Републиката е должен да го потпише Законот ако тој се донесува со друго мнозинство при повторно донесување со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и кога Законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, но не мора! И тука нема судир на надлежностите меѓу претседателот на Републиката и Собранието на Републиката!

Во согласност со членот 87 од Уставот, "(1) Претседателот на Републиката е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности. (2) Постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува со двотретинско гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучув Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии. (3) Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот."

Мотивите за непотпишувањето на указот за прогласување на Закон се лични на претседателот на Републиката, како што е и одговорноста лична. Личните мотиви претседателот на Републиката може да ги образложи, но и не мора!

Тој што смета дека претседателот на Републиката е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности, има право да поведе постапка во Собранието. За одговорноста на претседателот на Републиката одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови (6) од вкупниот број судии (9), но на предлог на двотретинско мнозинство гласови (80) од вкупниот број пратеници (120). Се' додека не биде утврдена одговорноста на претседателот во постапката утврдена со членот 87 од Уставот, и за претседателот важи презумција на невиност!

И не мора да сме аналитичари за да истражуваме кој претседател на Републиката во својот мандат колку пати и под кои околности не потпишувал указ за прогласување на некој Закон.

Толку за надлежностите...

За актуелниот Закон за употреба на јазиците доволно е да се знае следното: донесен е на седница на Собранието одржана на 11 јануари 2018 година, претседателот на Републикат на 17 јануари 2018 година писмено го известил претседателот на Собранието дека одлучил да не го потпише указот за прогласување на Законот, со укажувања,  Законот повторно е разгледан и донесен дури на 14 март 2018 година, наместо најдоцна до 10 февруари 2018 година.

На тој начин прекршен е членот 38 став 3 од Законот за Собранието, но прекршени се и членовите 60 став 1 алинеја 4, 79, 125, 135, 139, 140, 141, 142, 149, 150, 171-а, 171-б, 171-в, 171-г, 171-д и 173 од Деловникот на Собранието.

Претседателот на Собранието насилнички оневозможи амандманска расправа, иако парламентарната опозиција имаше поднесено амандмани на Законот за употреба на јазиците во согласност со укажувањата на претседателот на Републиката од 17 јануари 2018 година.

Меѓутоа најважно во одлуката на претседателот на Републиката да не го потпише Законот за употреба на јазиците е писмената гаранција од 17 мај 2017 година, која што актуелниот премиер, ја поднесе како услов за добивање мандат за состав на Влада. Зоран Заев како мандатар од СДСМ, во писмената гаранција изјави дека ниту еден документ, платформа, декларација, акт или дејствие кои би биле спротивни на "унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултикултурноста на Република Македонија, уставниот поредок и територијалната целина на Република Македонија, државните интереси, и одлуките што ќе се носат со владеење на правото недоведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава", не можат да бидат услов ниту основа за формирање и дејствување на Владата на Република Македонија!

Зоран Заев мора да биде свесен дека писмената гаранција не беше само парада. За жал, Зоран Заев повторно излажа. Законот за употреба на јазиците е остварување на точка 2 од таканаречената "тиранска платформа", што го суспендира членот 7 од Уставот и оправдано е непотпишувањето на указот за прогласување на Законот!

Без потпис на претседателот на Републиката на указот за прогласување, Закон за употреба на јазиците НЕ ПОСТОИ!

Не е за чудо, за очекување е, сите закони во спротивност со писмената гаранција на Зоран Заев од 17 мај 2017 година да ја доживеат истата судбина како и Законот за употреба на јазиците. И тоа е демократија, барем додека оваа Влада владее...

А, демократијата, пак, не е само Собранието, туку и претседателот на Републиката со сите негови надлежности. За жал, Зоран Заев заборави на кохабитацијата и претседателот на Републиката го елиминира од сите споделени надлежности меѓу него и Владата...Зоране, Зоране, дали си свесен каде ја водиш Македонија?

 

31 март 2018 година

http://www.media24.mk

 

Егзодус на Македонците од Егејскиот дел на Македонија

 

Виктор Цветановски

НА ДЕНЕШЕН ДЕН ЗАПОЧНА ЕГЗОДУСОТ НА МАКЕДОНЧИЊАТА ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА - ОНИЕ КОИ НЕ ИЗБЕГАА, БЕА ИЗГОРЕНИ СО НАПАЛМ БОМБИ

*******

 

 

Оваа година се одбележува 80 годишнина од егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, денешна Грција, територија која многумина ја сметаат за окупирана. На денешен ден,  со авиони на Британското воено воздухопловство, започна бомбардирањето на цели села и населби со напалм бомби, што ги натера Македонците да ги напуштат своите вековни огништа и да бараат склониште во вардарскиот дел на Македонија и надвор од неа.

"Тешкотиите при патувањето по студено време оставија видливи траги на децата. И по доаѓањето во Битола, нашите деца силно плачеа, исто како и во текот на целиот пат и многу од нив повраќаа. И на нас жените, кои ги носевме малите дечиња в раце и на плеќи, егзодусот остави траги и трауми од грижа за нив, а  исто така и за нашите животи. Хигиената беше голем проблем за сите нас. Децата беа вошливи, извалкани од невозможноста да ги измиеме нив , а и самите себе. Патот од 100 км траеше осум дена. Од плачење и напор, очите на децата им беа црвени. Од облека имаа некои стари и искинати алишта", раскажува "мајката" Лена Сулевска.

Слично е и кажувањето на Елена Ефтова од село Турје, Леринско, која побегнала со 114 деца. Таа вели: "Монархофашистите со топови го бомбардираа селото. Во целост уништија над  40 куќи од кои урнати 6 и изгорени 34. Потоа влегоа во селото и го ограбија и потоа истераа 500 овци. Целата глетка ја гледавме скриени во планината. Наши борци немаше, а бесот го истурија на неколку преостанати стари жени и мажи во селото. При бомбардирањето на селото едно дете по име Лефтерија Донева, стара 10 години, беше погодена во градите и ранета во стомакот. Така тешко ранета, ја ставија во подрумот на куќата, додека траеше бомбардирањето. По бомбардиеањето го зедовме девојчето од селото, но на патот кон планината на раце ни умре, во страшни маки. Ја погребавме кај селото Рула. Нејзината мајка исто така избега со нас, но подоцна се изгубивме и не знам каде е сега", раскажува Ефтова.

Василка Делова од Лаген побегнала со уште две жени и една девојка, водејќи 71 дете. Таа сведочи : "Додека траеја нападите на владините трупи, се криевме во рововите ископани надвор од селото. Во селото доаѓавме ноќе, по храна. Кај селото Кономлади се приклучивме на втората голема група, со која побегнавме во Југославија. И после пет месеци децата не можеа да се смират од стравот и тешкотиите кои ги претрпеа на патот до Југославија. По доаѓањето, бевме сместени во домовите кои ни ги ставија на располагање тамошните власти".

Јордана Јанчова од село Трсје, Леринско по загинувањето на нејзиниот сопруг останала сама со пет деца. Таа плашејќи се и неа да не ја убијат, одлучила да побегне преку граница. " Тогаш и мајките од селото ми ги доверија нивните дечиња да ги одведам со мене, за да не настрадаат од теророт на грчката војска и бомбардирањето на американските, англиските и грчките авиони", раскажува Јордана.

 

"ТАКА ДОЈДЕ И ТОЈ ЦРН ДЕН - 24 МАРТ 1948 ГОДИНА"

"Така дојде и тој црн ден - 24 март 1948 година. Во вечерните часови почна драмата на разделба кај училиштето во моето село Рудари. Собравме околу 100 деца, поделени во групи од по 25, а на една од нив одговорна бев јас. Меѓу овие дечиња беа и моите две помали братчиња - Васил и Гоче. Ги натоваривме на запреги и тргнавме. По запрегите трчаа мајките и им ги кажуваа последните пораки на своите чеда... Сандра, запамети ја мајка...Хрисула, ќерко, немој да ми плачеш ќе се вратиме...Коста, внимавај на себе, сине", раскажува "мајка" Стоја Јанковска, која била со првата евакуација на 500 деца.

Кон полноќ стасале во Герман, а на 25 март изутрина, тргнале кон Бела Вода на југословенско-грчката граница, каде што се состанале со другите групи од селата Герман, Медово, Рабин, Штрково и цел ден се криеле од авионите. Тука ги стасале тројца водичи и им донеле погачи и сирење, последен поздрав од мајките.

"Квечерината, кога веќе немаше црни 'птици' по небото, што цел ден безуспешно не бараа, тргнавме кон границата, кон прагот на толку саканата слобода! Стасавме на една широчина, децата ги собравме во куп, ги легнавме и ги покривме со што можевме и имавме - партали, шума, гранки. Јас и некои други од групата водичи, тргнавме да ги бараме нашите граничари", раскажува "мајка" Стоја.

Откако стасале во Долно Дупено и Љубојно, со камиони биле префрлени во Браилово каде што биле качени на воз и стасале во Скопје. "На перонот на старата железничка станица во Скопје беше приреден топол и срдечен пречек за дечињата од Егејска Македонија. Тие слегуваа од возот на куса починка, а тетките во бело, жените од Црвениот крст и од АФЖ, им даваа на дечињата бонбони, првпат во нивниот живот. Каква радост беше тоа! Малите мои не знаеја дека треба да се одвитка бонбоната од хартијата...", раскажува "мајка" Стоја и посебно нагласува дека и покрај извонредните услови за живеење и за работа, и покрај најголемата грижа што им ја давале на децата, сепак, кога тие потпораснале, плачеле и ги  барале мајките, татковците, браќата и сестрите.

"Подоцна, кога била донесена одлуката да се спојат семејствата, ги баравме родителите на  децата, преку амбасади или конзуларни претставништва, преку Црвен крст и преку прашување. Пишувавме писма, на многу добивавме одговори. Така почнуваше преписката на дечињата со својата мајка, татко, сестриче, братче", вели "мајка" Стоја. За збогум, девојчињата ја испеаја најтажната песна. 

 

"ЗБОГУМ МАЈКО, ЗБОГУМ ТАТКО И ВИЕ МИЛИ РОДНИНИ, ЈАС ОДАМ ВО ДАЛЕЧЕН КРАЈ"

Фана Мартинова, Лена Миљова, Милка Дамовска и Ксантипа Кирова од Поздивишта, Костурско, пролетта 1948 година ќе се качат на селската камбанарија и ќе ја запеат песната "Збогум мајко, збогум татко, збогум мили роднини, јас одам во далечен крај", а нивните мајки собрани на сретсело ќе слушаат и ќе плачат. "Имавме по десетина години и бевме другачки. Најпрвин го обиколивме селото, трчавме по ливадите и на крајот се качивме на највисокото место за да го видиме одозгора целото село", раскажува Фана Мартиова - Буцкова, едно од триесетината илјади егејски деца кои тие години заминаа во светот и никогаш не се вратија на родните огништа.

И денес, по 60 години, таа се чуди и не може да си објасни зошто ја запеале таа песна. Кога се симнале долу, роднините ги изгушкале и ги тешеле. Фана се сеќава дека тогаш нејзината тетка и' рекла: "Ќе одите, ама ќе се вратите, ќе заврши оваа проклета војна. Не берете гајле, таму ќе учите". "Секаде каде што одевме ни велеа ќе учите и ќе се вратите назад. Навистина, сите учевме и сите завршивме школи, но не се вративме. Ни кога заврши војната, ни по две, ни по десет години, ни по четириесет. Сме биле Македонци, вели грчкиот закон, а за такви немало враќање", раскажува Фана.

Наместо да се вратат дома, Фана, Лена, Милка и Ксантипа по годините поминати по детските домови во Романија и во Полска, ќе заминат на различни страни на светот. Лена ќе отиде во Торонто, Канада, Ксантипа ќе се омажи за Полјак и ќе остане во Полска, Милка ќе замине кај својот татко во Ташкент, а Фана ќе си дојде во Македонија. Ќе се сретнат повторно дури во 1988 година во Скопје на Првата средба на децата-бегалци.

Фана заедно со уште 166 деца од Поздивишта и со девет "мајки" тргнала пролетта во 1948 година. Со неа биле уште двајцата браќа-Васил, кој имал петнаесет години и Ташко дванаесет. Вечерта пред заминување целото семејство Мартинови седнало за последен пат на проштелната софра и чекало ноќта, еден час по полноќ, клисарот да ја удри камбааната и да го означи нивното заминување.

"Во семејството бевме деветмина. Три деца заминавме, а дома останаа дедо ми баба ми, мајка ми и татко ми и двете сестри. Сите беа мобилизирани, дури и постарата сестра Кираца, иако беше леунка со мало бебе. Беше во групата која плетеше џемпери и чорапи за партизаните. Другата сестра имаше 17 години. Со другите жени пренесуваа оружје од преспанските села до Грамос и до Вичо каде што се водеа борбите. Тоа беше многу опасна работа. Сите девојки бомбите ги носеа опашани околу половината, патроните преку рамената и така со натоварени маски, коњи и магариња со оружје и муниција заминуваа по опасните планински патеки. Ако наидеа на некаква заседа, не им бегаше смртта. Мајка ми ми раскажуваше дека граната им паднала во казанот додека готвеле манџа за партизаните. За среќа, кога ги забележале авионите, се скриле подалеку од казаните, па никој не загинал. И дедо Трпо, иако стар, се вклучи во војната. А ќе пукнеше пушка за Македонија, ќе тргнеше да се бори. Од Америка се врати за Илинденското востание. Неговата парола беше автономна Македонија. Им го даде целото стадо овци на партизаните", ја раскажува потресната приказна пред да тргне по патот без враќање.

Патувале само ноќе, пеш, а најмалите деца биле качени на воловски коли. Пред да ја преминат границата, застанале на една меѓа и седнале изморени од долгото одење. Таму ги пречекал учителот Лазо и им рекол: "Тука ќе се разделиме. Од утре за вас нема да има страв од авиони и бомби. Заминувате во слободна земја. Вашите родители порачуваат да учите добро и да ги слушате вашите воспитувачи и учители. Со вас испраќаме и наши учители. Тие ќе ве учат на македонски јазик, затоа што сите вие сте Македончиња и немојте да го заборавите тоа".

Фана два дена немала склопено очи и така одејќи по патот заспала и паднала без некој да ја забележи. Така продолжила да спие се' додека не се сетила дека ја нема во долгата детска колона. Во колоната ги немало ниту Данче, ниту нејзиното братче Коче. Четиригодишната Данче ја нашле како прегрнува едно дрво и плаче по мајка си, а Коче како си игра со кучето на Мартинови. "Кога ме виде кучето, се израдува како човек, ми ги стави предните нозе на рамената, а главата на градите. Боже мој, колку беше тоа тешко", раскажува Фана Мартинова-Буцкова и плаче, потресена од настанот за кој вели дека никогаш неможела да го заборави.

 

"ЈАС СУМ БОЛЕН, ОСТАВЕТЕ МЕ ДА УМРАМ, ИМАМ УШТЕ ДВАЈЦА БРАЌА, ТИЕ ЌЕ ЖИВЕАТ МЕСТО МЕНЕ"

Таа неможе да го заборави и малиот болежлив Науме, кој иако бил дете, говорел како возрастен. Бил тешко болен, па четири жени го носеле во веленце. Постојано им повторувал: "Јас сум болен, оставете ме да умрам, имам уште двајца браќа, тие ќе живеат место мене". Кога стасале во Романија, го сместиле в болница. Брзо оздравел, се школувал и станал лекар-специјалист, а неговите двајца браќа загинале во борбите како партизани на ДАГ.

Потресна била разделбата и на дедото Ламбро со неговите тројца внуци. Откако останал сам дома, ги ставил во кош, ги натоварил на коњ и им ги предал на "мајките". "Син ми е в затвор, снаа ми беше партизанка, умре од тифус во Герман, Вие подобро ќе се грижите за нив. Каде што ќе одат сите деца, нека одат и тие", им рекол.

Откако стасале во преспанското село Долно Дупени, пред да ги распоредат по куќите каде што требало да преноќат неколку дена, ги сместиле во голема сала, легнале и сите заспале. Со камиони ги однеле во Битола, ги качиле на воз и по неколку дена стасале во Романија. Фана таму останала се' до 1955 година, кога дошла во Скопје. Нејзиното семејство ќе ја доживее судбината на многу егејски семејства распрснати во светот, кои никогаш не се вратија на своите огништа. По завршувањето на војната, во нивната куќа ќе остане само нејзината баба Пена, попусто чекајќи ги да се вратат.

"Пред да заминеме, како деца ги цртавме нашите дланки на ѕидовите и диреците, на влезните врати. Ми кажуваше сестра ми дека баба ми наместо пред икона, се молела пред нашите дланки и постојано повторувала: 'Војната заврши, зошто ни ги нема децата?'. Дедо ми избега во Полска со брод преку Албанија, но не дочекал уште еднаш да се видат. Умрела на прагот на куќата со испружени раце, во 1950 година". Дедото од Полска заминал во Австралија кај ќерката. Живеел долго, 107 години. Во Македонија добил илинденска пензија.

По војната, мајка и' на Фана и помалата сестра дошле илегално во Република Македонија, лазејќи со километри. Југословенските граничари не им правеле проблеми, но затоа, пак, Грците ако ги фателе, ги стрелале на самото место. Подоцна дошол и татко и', исто така илегално. Постарата сестра не можела да замине поради малото дете и се вратила во куќата на мажот  и' кој загинал во борбите. Неговиот татко, Ване, полудел и одел на боиштето, ги превртувал  труповите барајќи го синот. Братот Васил, кој инаку бил меѓу 1.500 дечиња што биле мобилизирани да се борат во Граѓанската војна, го завршил животот во Полска во неразјаснети околности. Официјално се тврдело дека загинал во сообраќајка, но, најверојатно, бил убиен поради неговите промакедонски определувања.

 

"И НИЕ СМЕ ДЕЦА НА МАЈКАТА ЗЕМЈА..."

Буцкова не може да го свати односот на грчката влада и страшно ја боли што многумина Македончиња протерани во војната, како што вели, не можат да си ги видат повторно местата каде што го поминале детството. Во својата книга "И ние сме деца на мајката земја...", таа ќе ја пренесе интимната драма на едно дете-бегалец, сега седумдесетгодишњак, на кого во сеќавањето ќе му остане една бука, каде што мајките ги прегрнувале за последен пат своите рожби. "Дали таа бука се' уште стои таму?", ќе ја праша. "Не знам, никогаш не се вратив таму. На границата повеќепати грчките граничари ми велеа:' Не може, ти не си Грк по род за да влезеш во земјата'! Ниту мајка ми не ја видов. Загина на Вичо, копајќи ровови", ќе и' се исповеда тој. Неговата мајка била една од деветте жени од Костурско кои биле заробени од грчките војници, убиени и фрлени во траповите. Буцкова заврши литература, а потоа стана доктор по историја.

 

СТРАВОТ ОД АВИОНИТЕ ГИ СЛЕДЕШЕ И ВО НОВИТЕ ТАТКОВИНИ

"Граѓанската војна остави свои траги врз групата на нашите воспитаници. Кога се слушаше брмчење на авион, реакцијата на децата беше стереотипна. Ги собираа своите бовчи и, плачејќи, пискајќи и лелекајќи, се криеја под креветите. Кога забележувааа трактор, најпрвин беа вчудовидени, а потоа бегаа плачејќи. Ноќе, додека спиеја, децата беа прогонувани од халуцинации. Содржината на тие халуцинации беа фашистите со автомати и со ножеви в заби, кои се качуваат по скали и низ прозорците влегуваат во нивните спални, ги газат нивните бовчи и нив самите.. По цели групи деца бегаа од спалните, ноќе ги напуштаа своите кревети, се подготвуваа за бегање и чекаа наредба - кога да заминат".

Овие зборови ќе ги забележи директорот на Државниот воспитен центар во Лондек - Здруј, магистер Вацлав Копчињски за драмата на децата-бегалци во првите месеци по пристигнувањето во Полска. Извештајот што ќе го подготви тој е објавен деновиве на македонски и на полски јазик заедно со другите документи за бегалците во оваа држава. Документите заеднички ги објавија Државниот архив на Македонија и Дирекцијата на државните архиви - Полска. Нив ги подготви д-р Петре Наковски, кој вели дека Македонците од Егејскиот дел на Македонија, обесправени во сопствената татковина, во полска добиле наполна почит со сите атрибути на човековото постоење. Копчињски вели  дека децата биле во постојана психичка вкочанетост, од која ги оттргнувала само бучавата на трактор, брмчењето на авион или некоја друга појава. "Тоа беше група што личеше на затвореници испратени на заточение. Се добиваше впечаток дека децата биле така специјално подготвени. Затворени во себе и во своите бовчи. Размислуваа слично и имаа нервозни, некоордирирани реакции, беа слични на автомати", го слика заедничкиот портрет на малите дечиња оттргнати од своите родители и однесени во друга земја.

Полскиот педагод подвлекува дека целата група воспитаници, заедно со постариот македонски персонал, психички била оштетена и во почетокот непријателски расположена. "Фобиите, колективните халуцинации, општата недоверба, сомневањата и сличните реакции ни зборуваа дека таа група многу претрпела, била откината од рацете на смртта, била спасена, но се плаши од новото, не е сигурна за утрешниот ден, страшното минато ја наведува на уште помрачна иднина", заклучува Копчињски, кој заедно со својот персонал ќе вложува огромни напори да ја нормализира психичката состојба на децата.

 

ЛУШПАТА НА ПОВОЕНИТЕ ОСТАТОЦИ КАЈ ДЕЦАТА ОД УЧИЛИШНА ВОЗРАСТ ПОЧНА ДА ПУКА

Во новата средина најпрво се приспособила грчко-македонската управа, заедно со учителките, и го променила својот однос спрема нив. Тоа се случило одеднаш, еден месец по прифаќањето на децата. "Од недоверба и сомневање, Румељотис  со Олга Поповска и учителките преминаа на отворена искреност, на искажување задоволство и благодарност. Лушпата на повоените остатоци кај децата од училишна возраст постепено почна да пука. Се отворија нивните срца", ќе подвлече полскиот педагог, очигледно решен да им ги намали траумите од војната на 3.590 деца.

 

И ПОНАТАМУ ОСТАНУВАШЕ ДА СЕ СОВЛАДА ГРУПАТА ОД ПОСТАРИ МАКЕДОНКИ "МАЈКИ"

Според него, доследниот, одлучен, но благ и толерантен однос на воспитувачите, токму со помошта на грчко-македонската управа, ги отстранила остатоците од сомневањето и недовербата. Заедно со управата психички оздравеле и децата. "И понатаму остануваше да се  совлада групата од постари Македонки (таканаречени мајки). Какви што биле, такви останаа. Во Центарот сеат песимизам. Небаре работаат, но нивните мисли скитаат по планините на Македонија. Тие ги парализираат нашите воспитни напори", ќе се пожали Вацлав Копчињски. Тој вели дека колку групата "мајки" стојат понастрана од воспитаниците, децата побрзо ќе се приспособт на новата средина. "Желни за учење, сакаат да работаат, сакаат меѓу себе да се натпреваруваат, сакаат да му помогнат на полското население, сакаат да бидат нормални и здрави луѓе... Нашите воспитаници, во основа, не се разликуваат од полските деца од селско потекло. Тоа се бистри деца, смели, умеат да ги образложат своите барања и да ги бранат своите права", ќе констатира полскиот педагог.

Д-р Петре Наковски, кој повеќе години трагаше по документите за бегалците во Полска, вели дека секое новодојдено време носи нови сознанија, нови ставови и оцени, но трајно останува она што е запишано. "Запишано е, а ние само го повторуваме, и тоа само затоа за подобро да се запамети дека во тоа време, додека едни настојуваа да ги бришат македонските имиња и презимиња, да ги бришат поимите Македонец, македонски и се' што беше поврзано со Македонија, други-Полјаците, во услови на тоталитарен систем, не само што настојуваа туку и упорно ги бранеа македонското име, македонското презиме, македонскиот јазик, македонското слово, писмо, песна, оро, обичај", подвлекува Наковски.

Д-р Наковски, кој инаку е дете-бегалец во Полска, нагласува дека заедно со поразените единици на ДАГ, во Албанија се повлекло неколкуилјадно цивилно население.

 

31 март 2018 година

http://www.republika.mk

 

 

 

 

 

 

 

Персеј

 ПЕРСЕЈ - ПОСЛЕДНИОТ КРАЛ НА МАКЕДОНИЈА

(179 п.н.е. - 168 п.н.е.)

***********

Монументалниот гроб на последниот крал на Македонија се наоѓа по должината на регионалниот пат 578, приближно на 60 км. помеѓу Малјано де Марси (Magliano dei Marsi) и параклисот.

***** 

 Персеј, синот на Филип V (213 п.н.е. - 166 п.н.е.) е последниот крал на Античка Македонија. Тој, за време на своето владеење се обидел да го обнови престижот на македонската монархија против Рим. Свесен за неизбежноста на судир со Рим, тој се обидел да најде сојузници и да формира сојуз со Ахајците, Родос и Селевкидите, иако за време на почетната фаза на неговото владеење тој го обновил договорот со Рим потпишан од страна на неговиот татко Филип V. Персеј го потчинил регионот Долопија, ги одбил нападите на племињата на Тракијците и се обидел да ги зајакне внатрешните позиции со склучување на политички бракови. Поради тоа, тој во 178 година ја зема за жена Лаодика, ќерката на Селеук IV Филопатор од Сирија. Потоа ја дава својата полусестра Апама за жена на Присиј II од Битинија, а подоцна својата ќерка ја дава за тракискиот крал Терес.

Персеј, кој бил со отворен ум, за да се здобие со популарност, се одлучил за амнестија за злосторства против македонската круна. Ги отповикал прогонствата, ги ослободил затворениците и ги опростил долговите. Со цел на објавување на поголемиот дел од овој настан, Персеј сакал имињата на корисниците на оваа иницијатива да бидат сместени во предниот дел на светилиштата на Аполон во Делфи и Делос. Неговите политички напори наскор биле наградени кога, во летото 178 година п.н.е. реконструираната Амфиктионска Лига во Делфи покажа наклоност за македонскиот крал.

Всушност, Персеј бил вешт војник како и неговиот татко Филип V, но се разликувал од него по својата учтивост, манири и дипломатијата кон грчките држави. За кратко време станал омилен кај многу непријатели на Рим, па дури и кај Ахајците, најголемите противници на Македонија. Персеј примал пратеници од грчките градови од Азија на тајни договори на Самотраки. Тој ја придобил Грција и Ахајците склучиле договор со него.

Сомнежите на Рим против обидот на Персеј да го реконструира античкиот престиж на Македонија, станале посилни од 175 п.н.е. кога, како што ни кажува Ливиј (XLI,19), делегација од Кралството Дарданија го обвини Персеј дека и потикнал неодамнешните напади од страна на Сарматите населени кај Бастарните. Инаку, Персеј уште во 182 година зел за жена една принцеза од кнежевската куќа на Бастарните. Оттука Римска делегација, предводена од конзулот Луциј Постумије Албин, била испратена да ги испита обвинувањата, иако Персеј во меѓувреме  испрати емисари преку кои се изјаснува за невин пред Римскиот Сенат.

Овие движења го мачат и кралот на Пергамон Евмен II кој побарал интервенција од страна на Римјаните. Според извештајот на Тит Ливиј, Сенатот бил предупреден за маневрите на Персеј и на тајна седница одлучил да започне војна. Во есента 172 п.н.е. во Македонија заминува формална римска делегација, а за тоа време во европските пристаништа се стационирала римската војска. Персеј на римската делегација им одговорил дека договорот од 197 - 196 г.п.н.е. го смета за раскинат, но дека е подготвен да го обнови, а на пратениците им дал рок од три дена да ја напуштат Македонија. Така отпочнала Третата македонска војна (171 п.н.е. - 168 п.н.е.). Првите години Персеј се борел на три фронта : 1. Против Римјаните кои преку Тесалија се обидуваат да навлезат во Македонија; 2. Против кралот на Пергам и 3. Против Дарданците, најголемите непријатели на Македонците. Војната меѓу македонската и римската војска била решена на 22 јуни 168 г.п.н.е. со битката кај Пидна (Тесалија), во која Римската војска победила, а на бојното поле останаа загинати 20.000 македонски војници.

По оваа битка македонската монархија била укинута, Персеј симнат од престолот и регионот поделен на четири автономни републики. Само во 148 година пред Христа, по бунтот, Македонија конечно била намалена на римска провинција. Според сведоштвото на древнит историчари (Полибиус, XXXVII 16; Ливиј , XLV 42), римскиот командант, конзулот Емилиј Паул го одвел Персеј во Рим за да го нагласи својот триумфат. Потоа Персеј бил затворен во градот Алба, кај Фукенското Езеро, каде и починал две годин подоцна.

Во јуни 2005 година, гробницата на Персеј била откриена по должината на Виа Валерија близу Малјано де Марси (Magliano de Marsi), од експедицијата формирана од страна на делегација од Министерството за наследство и култура и од експедиција на македонски археолози.

 

31 март 2018 година

http://www.media24.mk

Собата на АСНОМ во манастирот св. Прохор Пчински

 ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

МАКЕДОНИЈА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА

(1941 - 1945)

ДЕЛ 83

*********

 10. Конституирање на македонската држава (1944 г.)

10. 1. Избор на делегати за АСНОМ

 

Избирањето на делегатите за АСНОМ во рамките на македонското националноослободително движење се сметало за важно организационо, но и политичко прашање. Тоа било важно поради нивниот легитимитет, но и легитимитетот на државата. Тогаш било нужно да се одберат луѓе кои ќе бидат способни да дадат реален придонес во конституирањето на највисокиот орган на власта и највисок државен орган.

Бидејќи Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ бил најдиректно задолжен за ова прашање, тој вложил доста напори за да се реализира основната определба во поглед на кандидатите. Меѓу другото, ИО се обратил до сите народни одбори во местата каде што биле формирани, за да ги запознае со постапките за избор на делегатите.

Во однос на составот на делегатите што се избирале за Собранието, ИО се заложил тие да бидат луѓе кои, пред се', ја подржуваат идејата за создавање и конституирање на македонската држава. Не е утврден точниот број на избраните делегати, бидејќи во разни материјали од тоа време тој е различен. Сепак, како најточен треба да се земе бројот 115 делегати, односно онолку колку што се наведени во Манифестот на АСНОМ. Но, факт е дека на Заседанието присуствовале малку повеќе од половината бидејќи, поради конспиративните услови на патување до местотот на одржување, како и поради разни други пречки, не можеле сите да пристигнат навреме. Некои од нив им дале свои полномошна на други лица за да ги застапуваат. Образовниот, социјалниот и националниот состав на избраните делегати бил мошне разновиден.

 

10.2. Првото заседане на АСНОМ и неговите решенија 

 

По едногодишните подготовки, Првото заседание на АСНМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија) се одржало на 2 август 1944 година во манастирот Св. Прохор Пчински во реонот на Кумановско. Со работа започнало во вечерните часови и траело до раните утрински часови.

Донесените решенија и другите документи на Првото заседание на АСНОМ, според нивната содржина, можат да се групираат во три групи. Во првата група документи е содржана платформата врз која се конституирала македонската држава; во втората се документите со кои таа се конституирала, односно се прогласило нејзиното создавање; во третата се документите со кои македонскиот народ и националните малцинства што живееле во Македонија биле повикани да и' се приклучат на борбата за конечно ослободување на сопствената држава. Тоа се т.н. прокламативни документи.

 

10. 3. Утврдувањето на платформата на АСНОМ

 

Уште при отворањето на сесијата, а таа чест му припаднала на најстариот делегат илинденецот Панко Брашнаров, тој направил успешно мисловно поврзување на сите претходни борби на македонскиот народ со неговата тековна борба, борбата против фашизмот. Со метафоричкото искажување за поврзаноста на реката Пчиња, на чиј тек се одржувала седницата, со реките Места и Бистрица, Панко Брашнаров ја подвлекол желбата на македонскиот народ за негово обединување во етничките граници на Македонија, инаку вековна желба на сите генерации. Токму неа Панко Брашнаров ја искажал пред собраниот државотворен аудиториум. Во своето обраќање, првиот претседавач асоцијативно ја поврзал современата македонска војна со илинденските традиции и со традициите на средновековната држава на царот Самуил. Не изостанало ниту спомнувањето на македонските историски столбови на борбата за слобода, Илинден и Крушевската република.

Во двата реферата што ги поднесол Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, исто така,  била определена платформата за решенијата на АСНОМ кои требало да се донесат. Во првиот од нив, со наслов "Борбата против окупаторот", тежиштето било ставено на целокупната борба на македонскиот народ, изнесена преку историска ретроперспектива, но со посебна нагласка на последната борба од која никнувала новата македонска држава. Од друга страна, вториот реферат, со наслов "Народно-демократската власт - нејзината суштина и задачи", направил пресек на идните органи на државната власт, на нивните карактеристики и суштина, но во неговиот политички дел објаснувал и некои политички прашања. Всушност, рефератот ја објаснувал актуелната потреба во тие услови - македонската држава да биде конституирана во рамките на југословенската федерација. Во стручниот, т.н. "правен" дел од рефератот, Иницијативниот одбор ги набележал органите на власта, се задржал на нивните карактеристики и ги определил начините на нивното функционирање и на нивната хиерархијска поставеност во системот на државните органи на власта.

 

10. 4. Конститутивните акти на АСНОМ

 

Првото заседание на АСНОМ, во форма на решенија или, пак, во друга форма, донесло девет законодавни акти: 

1. Решение за утврдување на АСНОМ за врховно, законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на Демокртаска Македонија;

2. Декларација за основните права на граѓаните на Демократска Македонија;

3. Решение за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава;

4. Правилник за работа на АСНОМ;

5. Решение за образување на Законодавна комисија при Президиумот на АСНОМ;

6. Решение за Државна комисија за утврдување на престапите на окупаторот и неговите помагачи;

7. Решение за одобрување на решенијата, наредбите и задолженијата издадени од ГШ на НОВ и ПОМ и на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ;

8. Решение за оддавање признание и благодарност на Народноослободителната војска;

9. Решение за прогласување на Илинден-2 август за народен и државен празник на македонската држава.

Сите наведени решенија немаат подеднакво државноконститутивно значење. Во потесната смисла на зборот, тоа значење го имаат само некои од нив и тоа Решението за одобрување на решенијата, наредбите и другите активности на ГШ и на ИО за свикување на АСНОМ, Решението за утврдување на АСНОМ за врховно, законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт во Македонија, Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Решението за прогласување на 2 август за народен и државен празник на Македонија. Имено, Решението за одобрување на решенијата, наредбите и другите активности на ГШ и на ИО, донесено поради нужното продолжување на континуитетот на почетокот на востанието, како и Решението за утврдување на АСНОМ за врховно, законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на Македонија имале законодавно, односно уставноправно значење. Тоа уставноправно значење произлегло од самиот факт што на тој начин биле утврдени континуитетот на борбата и системот на државната власт во македонската држава, со што се означила нова етапа од нејзиното конституирање. На тој начин биле основани највисоките органи на државната власт кои, во основа, останаа непроменети низ целиот период на егзистирањето на македонската држава. Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава, како и Решението за прогласување на 2 август за народен и државен празник на Македонија ги утврдиле уставните белези кои треба да ги има секоја современа држава.

Треба да се нагласи дека Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓаните на Демократска Македонија имала посебно уставноправно и политичко значење. Иако била подготвувана во воени услови, Декларацијата ја прокламирала идната целосна  рамноправност на сите граѓани пред законите, без оглед на националната, расната, половната и верската припадност. Тоа значело признавање на малцинските и на сите други граѓански права на граѓаните на Република Македонија. Значењето на  на овој документ е дотолку поголемо што со него се прокламирале многу суптилни човекови права. При вградувањето на овие определби, еден од творците на документите, Владимир Полежиноски, доктор по право на Сорбона, се раководел од нормите на француското право, утврдени по победата на француската револуција.

 

- Продолжува -

 

 

Розита Христовска, поетеса

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

*****************

 

Розита Христовска

МАЧЕНИЧКА

 

 

  • Оваа кротка мајка
    ни даде небо.
    И крилја ни даде да летаме.
    Високо. Највисоко.

    А ние што сторивме?
    Сонцето и' го засенивме.

    Оваа плодна родилка
    ни даде ниви и полиња.
    Да сееме и да пееме.
    Да ги позлатиме со жито
    и родот да го жнееме.

    А ние што сторивме?

    Ја накотивме со кртови
    да и' ја ријат утробата.

  • Да и' ги гризат корењата.

    И води бистри ни дари
    жедта да си ја гасиме.
    Не се наситивме.
    Сега би сакале
    душата да и' ја земеме.

    Па ајде,
    нафрлете се,
    ете ја пред нас исправена.
    Мајка со душа најголема.
    Мајка страдна намачена
    од своите родени одродени
    и од туѓите посвоени.
    *********
    Автор, Розита Христовска
    17 јануари 2018 година

Kind regards : 01 април 2018 година

Sotir Grozdanovski broj 136