Александар Русјаков

Александар Русјаков

СОЛЗА ЗА МАКЕДОНИЈА

**********

Одамна зборувам и пишувам дека жените треба да ја преземат Македонија. Машката политика се покажа досега како кукавичка, полтронска и без 'рбетна. Погледнете околу себе! Жени се борат против неуставниот закон за двојазичност, жени го составија прогласот што ги разбесна Фрчковски и неговата срамна лажна авангарда, жена во моментов ја брани Македонија од идентитетскиот терор што го живееме на конференцијата за човекови права во Женева, најмногу се жени во партијата на Солза Грчева.

*******

Борис Дамовски, Игор Дурловски, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Јанче Ченто се во домашен притвор, додека десетици други што учествуваа во протестите против уривање на уставниот поредок на македонија се' уште се во истражен затвор, сите под срамно и бесмислено обвинение за тероризам, спакувано во полициско-политички монтиран процес, само затоа што ја бранеа татковината од нејзино целосно демонтирање, кое се случува токму во моментов.

Една од причините за тортурите врз овие луѓе е стравот што требаше да се вгнезди во сите оние што ќе сакаат да застанат на патот на идентитетскиот геноцид врз Македонците, чиј замав силно го чувствуваме. Стравот навистина се случи, па октроираната влада на Џес Бејли, потпомогната од молкот на опозицијата, тргна во распродажба на националните интереси. Но стравот е природна состојба, која парализира, ама како што доаѓа, така и си оди. Дека ова е така, видовме вечерта на 27 февруари, кога околу 15.000 Македонци излегоа на мирен протест во одбрана на името и идентитетот, одбележувајќи една година од почетокот на протестите за "За заедничка Македонија", но и десет години од се'народниот митинг за одбрана на името што се случи во 2008 година, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ ги интензивира разговорите со Грција и ја смисли онаа будалаштина за референдум. Но за митингот, малку подолу.

"Срамна сурија" е насловот на колумната на Љубомир Фрчковски, со која не' поздрави нас, 200 луѓе што испративме проглас за непромена на името и прекин на разговорите. Ние сме таа срамна сурија. А мене, ете, феноменално ми е тоа име. Знае Фрчковски понекогаш креативно да ме изненади. Срамна сурија е супер име за панк-бенд. Да го имав, така ќе си го наречев. Е, ама немам панк-бенд. Затоа ќе му го посветам на професорот овој панкерски пасус.

Фрчко, брат, џабе сереш! Прочитан си. Од збор до збор си прочитан и тоа во автобиографијата на Киро. Си давал грчки поткуп за промена на името. Плус млатиш жени. Му доаѓаш нешто како некреативна варијанта на Харви Вајнштајн. Ама и чудно еволуираш. "Нашето паметење, сета наша историја, антропологија на идентитетот се поврзани со ИМЕТО. Не смеат да ни ги земат паметењето и самоидентификацијата. Ќе не' осакатат дефинитивно ако не' НАЧНАТ на тоа прашање", вака беседел Фрчко во 2004 година. Изгледа бил срамна сурија, ама му акнале некој еликсир на мудрост, па еве го сега каде е. Толку за него.

И би протест за името. На минусни температури, среде снежна вејавица. Без подршка од политичките партии. Околу 15.000 луѓе од Скопје и внатрешноста на Македонија излегоа да кажат НЕ за промена на името и идентитетот. Една чудна, но прекрасна топлина се ширеше меѓу народот. Позитивна енергија на сплотеност и љубов кон татковината, среде политичко и климатско невреме. Пораката беше пратена. Рацете подалеку од името и идентитетот. Оти македонската пролет започна. Срамот падна само врз македонските медиуми. Ниту еден од нив не се појави да проследи како 15.000 луѓе ја пеат химната. Потоа мора да преземаат од странците. Срам невиден!

Но македонските медиуми не само што не присуствуваа, туку отидоа чекор подалеку. Канал 5 одработи за Грците. Не грчки медиум, туку тие први ја објавија веста за палење на грчко знаме. На 15.000 народ да имаш еден ваков смешен инцидент, знаејќи колку македонски знамиња се запалени низ Балканов и да поентираш за Грците, кои буквално сакаат да го согорат нашиот идентитет, е крајно мизерно. Ај, може ќе лапнат сега некој грант од Атина. МВР излегоа најсмешни. Објавија дека еден полицаец бил удрен со камен, а дека во паркот "Жена-борец" нашле скриени молотови коктели и привеле некого за тоа. Фала му на Бога, никој не фрли молотов коктел, па сега муабетов дека бил скриен, станува бесмислен. По протестите на шарените, каде што меѓу другото беше симнато и искинато македонското знаме, во една ноќ беа тешко повредени со бекатонски плочки над 30 полицајци, но и одвратната реплика "Куманово да ви се деси", на МВР најпаметно му е да си молчи за овој мирен се'македонски протест и да се грижи во иднина функционери на ДУИ да не им претепуваат жени полицајки.

 

Проф. Солза Грчева

Одиме понатаму. Во неделата професорката Солза Грчева ја промовира својата партија Глас за Македонија. Тоа е жената што во 2014 година одби да биде дел од цијашкото сценарио што го одработуваше Зоран Заев, па остана во Собранието како опозиционерка и паралелно се тепаше со "мажиштата" од македонските и албанските партии. Единствена гласаше против Пржинскиот договор и СЈО, инаку и двата антиуставни чинови , договорени недемократски од странци и партиски поглавари, а за уривање на уставниот поредок на Македонија, кои, секако, еден ден ќе доживеат судска разврска. Во изминатиов период Солза Грчева на јавни настапи и дебати жестоко се бори за македонските национални интереси и за создавање правна држава со силно образование и наука. Јас досега имам гласано за ВМРО-ДПМНЕ затоа што ја помрдна Македонија од мртва точка, градеа театри и музеи, од друга страна различната опција ми беше киднапираното и безидејно СДСМ и Соросовиот калифат, што, еве, излезе погубно за нас како држава, но никогаш не сум се согласувал и јавно сум ги напаѓал заради нивната надворешна политика, односно желбата да најдат заедничко решение за името со Грците и ставање на истото тоа на референдум. За разлика од нив, сега за сега Солза Грчева ги отсликува моите политички ставови. Во статутот на нејзината партија пишува непромена на уставното име, македонскиот јазик како единствен официјален јазик и ревизија на сите антиуставни акти и договори од независноста наваму.

Одамна зборувам и пишувам дека жените треба да ја преземат Македонија. Машката политика се покажа досега како кукавичка, полтронска и без'рбетна. Погледнете околу себе! Жени се борат против неуставниот закон за двојазичност, жени го составија прогласот што ги збесна Фрчковски и неговата срамна  и лажна авангарда, жена во моментов  ја брани Македонија од идентитетскиот терор, што го живееме, на конференцијата за човекови права во Женева, најмногу се жени во партијата на Солза Грчева. Редно време е да воведеме малку политички матријархат во земјата на божицата мајка, Македонија.

 

Пс. Се гледаме утре, во 13 часот, на плоштадот, за одбрана на името и идентитетот. УТРЕ И СЕКОЕ ДРУГО УТРЕ!

 

03 март 2018 година

http://www.novamakedonija.com.mk

 

Грчкиот парламен

Република

***********

 ГРЧКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ ВО ХОР

УСТАВОТ МОРА ДА СЕ МЕНУВА, ЗНАЕ ЛИ ЗАЕВ ШТО ПРАВИ?

 

 

Промена на Уставот, името кое нема да зрачи иредентизам. Меѓународен договор кој ќе доведе до промена на уставните одредници кои содржат иредентизам. Грчкиот политички врв речиси хорски ги повторува строго зацртаните позиции на Атина, во момент кога преговорите за името влегуваат во својата последна, критична фаза. 

*************

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос сликовито објаснува дека под иредентизам мисли на три работи: не може во никој случај новото име да подразбира промена на границите, не може да упатува на етничка припадност вон границите на ПЈРМ. И трето, не може ова име да упатува на јазик надвор од границите, што би предизвикало малцинска права и во оваа област. И на сето тоа го предупредува македонскиот премиер Зоран Заев дека не е свесен во каква опасност влегува кога вели дека би потпишал договор спротивен на македонскиот устав.

- Не може во моментов кога доаѓаат да се догвараат за компромисот кон кој и тие се стремат, да ти кажат: овој компромис ќе го направиме, но не можеме сега да го смениме Уставот. Ќе го смениме во иднина. Дали е тоа демократска земја ? Премиерот на оваа земја не разбира каква опасност предизвикува самиот кога изјавува дека е спремен да потпише еден договор што е спротивен со Уставот? Можете да си замислите некој лидер од Западот, од ЕУ, да кажеше такво нешто? - вели Павлопулос.

И новиот алтернативен министер за одбарана на Грција, Фотис Кувелис објаснува што е потребно да се реши долгогодишниот спор меѓу двете земји. Потребна е одредница на едно име што нема да создава конфузии и секако потребен е еден меѓународен договор што води кон промена на кои било уставни одредби што го потенцираат иредентизмот од страна на ПЈРМ, вели Кувелис и додава дека тоа е негов став, но и став на грчкото Министерство за надворешни работи.

Заев во меѓувреме најави дека во втората половина на овој месец шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас доаѓа во Скопје на средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров, а нова рунда за преговарачкиот процес под раководство на медијаторот Метју Нимиц се очекува да биде закажан на крајот на март или почетокот на април. Очекува Коѕијас во Скопје да ја презентира грчката нацрт верзија за решавање на спорот за името.

- очекуваме првата драфт верзија да дојде со министерот Коѕијас,  така е договорено. Нека дојде, имаме право на свои коментари или било што. Ова може да помогне, но може и воопшто да не се разгледува, може да не биде и предмет на разговорите. Сепак, не е на одмет секој развој на идеи кои би се случиле, а би биле од помош да бидат разгледувани од која било страна ако дојде на маса, рече Заев.

Тој порачува дека и двете страни остануваат на познатите ставови, кои без сомнение се силно спротивставени, но сепак, вели, дека е оптимист дека е можно решение за деценискиот проблем. На крајот Заев истакнува и дека за преговорите со Грција е можно да се изгради национален концензус иако опозициската ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати порача дека не се согласува со неговата политика на еднострано попуштање, додека Атина од своја страна практично не се помрднува од почетните позиции.

 

http://www.republika.mk

05 март 2018 година

Генерал, Михајло Апостолски, 1906 - 1987 г.

 

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ 78

************

МАКЕДОНИЈА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА

(1941 - 1945)

 5.2. Засилувањето на оружената борба во Македонија

 

При крајот на декември 1941 година раководството на НОД во вардарскиот дел на Медонија се нашло во тешка состојба. Покраинскиот воен штаб (ПВШ) и партизанските одреди биле распуштени, во Покраинскиот комитет (ПК) настанала поларизација на две групи, одредено влијание имал и Бојан Б'лгаранов, претставник на БРП, врските со ЦК на КПЈ не функционирале, а бугарскиот окупатор ги засилил мерките и ја започнал насилната мобилизација на македонското население во бугарската окупаторска војска. На 26 и 27 декември бил одржан состанок на ПК на кој било криткувано распуштањето на ПВШ и на партизанските одреди, потоа биле извршени промени во ПВШ, а во новиот состав влегле: Михајло Апостолоски (командант), Трајко Бошкоски ( политички комесар), Страшо Пинџур (помошник - командант), Борко Талески и Цветко Узуновски (членови. На истиот состанок ПК донел одлука во најскоро време да се одржи покраинско партиско советување.

Партиско советување било одржано на 7 јануари 1942 година во Скопје. На ова советување, познато како Јануарско, не биле повикани сите членови на Пленумот на ПК, а повикот не содржел дневен ред. Поканетите биле известени дека ќе се "заземе став по прашањето за мобилизацијата и војниците кои дошле на отсуство". Со советувањето раководел Бане Андреев, а на дневниот ред биле поставени низа прашања од воена и од политичка природа.

Во почетокот на 1942 година ПВШ донел повеќе заклучоци што имале стратегиско значење за натамошниот развој на оружената борба. За да се спроведат на теренот, ПВШ формирал свој Оперативен воен штаб во кој влегле Перо Ивановски како командант, Трајко Бошковски и Киро Крстевски како членови. Кон средината на април 1942 година, Оперативниот воен штаб од Скопје заминал на терен. Но, поради паѓањето на командантот во рацете на бугарската полиција, Оперативниот воен штаб не успеал да се состане со одредите. Пролетта 1942 година била испратена директива за исфрлање партизански групи, кои претставувале јадра за формирање нови партизански одреди. Напоредно со новите партизански одреди било формирано ново воено и политичко раководство на НОД.

Покраинскиот воен штаб (ПВШ) на состанокот во Скопје одржан во средината на март 1942 година, изврши анализа на дејствувањето на првите партизански одреди и заклучил дека е потребно да се направат измени и во организацијата и во тактиката на оружената борба. Покрај тоа, на истиот состанок биле донесени и следните заклучоци:

- партизанските одреди се ставаат под непосредна команда на Покраинскиот воен штаб;

- новоформираните одреди во својот состав да имаат од две до три чети;

- снабдувањето на одредите со храна, облека, оружје и опрема да се врши преку акции против непријателот и непосредно од селата;

- одредите да не се врзуваат за своите роднокрајни места, туку широко да маневрираат. На оние одреди што дејствувале на територијата под бугарска окупација им се препорачувало, во случај на тешка состојба, да се префрлат на територијата под италијанска окупација.

При крајот на мај 1942 година, пред се' на барање од окружните комитети и месните организации, дошло до промена на постојниот ПК и до формирање Привремен покраински комитет на КПЈ за Македонија. Во составот на Привремениот ПК на КПЈ за Македонија влегле: Цветко Узуновски, Мара Нацева, Мирче Ацев, Цветан Димов и Љупчо Арсов. Со формирањето на новото раководство на НОД се надминала создадената состојба, се започнало со формирањето на новите партизански одреди, се засилила оружената борба и се вршеле подготовки за формирање Главен штаб на македонската војска.

Кон средината на јуни 1942 година Привремениот ПК на КПЈ за Македонија извршил реорганизација и преименување на Покраинскиот воен штаб во Главен штаб на Народноослободителните партизански одреди на Македонија (ГШ на НОПОМ). Во составот на ГШ влегле: Михаило Апостолски - командант, Цветко Узуновски, Мирче Ацев, Страшо Пинџур и Љупчо Арсов - членови. ГШ на НОПОМ решил да го обнови Оперативниот воен штаб како посебен орган на ГШ. Во составот на Оперативниот штаб влегле: Трајко Бошковски - командант, Стив Наумов - политички комесар и Киро Крстевски - одговорен за снабдување. Во текот на 1942 година во Македонија биле формирани девет партизански одреди со различна бројна состојба.

При формирањето на Привремениот ПК и преименувањето на ПВШ во ГШ на НОПОМ биле преземени мерки  со кои се создале поповолни услови за разгорувањето на оружената борба. Привремениот ПК ма КПЈ за Македонија и ГШ на НОПОМ направиле квалитетен чекор во тој поглед кога во фокусот ги поставиле прашањата за поврзувањето на партизанските одреди и за обединувањето на борбата на македонскиот народ од сите делови на Македонија како услов за сплотување на македонските сили и за создавање единствен македонски националноослободителен фронт, што било мошне значајно за натамошното организирање на оружената борба. По тој повод Привремениот ПК и ГШ на НОПОМ им издале директиви на Окружните комитети во Битола и во Струмица да воспостават врска и соработка со Леринската организација на КПГ и Петричката организација на БРП, а преку нив и со националноослободителните движења во егејскиот и во пиринскиот дел на Македонија.

Во текот на 1942 година народноослободителното движење на Македонија се развило во неколку фази:

Првата фаза започнала со излегувањето на новите одреди во април и траела до јули 1942 година. Во тој период се развивала политичката агитација и се одвивало военото организирање, а во Скопско, Велешко, Прилепско, Битолско, Крушевско и во Ресенско излегле одреди и се вршеле оружени акции.

Втората фаза траела од јули до есента 1942 година. Во тој период се зацврстил Главниот штаб, а некои членови на ПК и на Главниот штаб заминале на терен за да ја пренесат директивата за засилување на оружената борба и да им помогнат на месните воени штабови и партиски организации.

Третата фаза започнала есента 1942 година, кога Главниот штаб започнал да презема мерки за реорганизација и за поголема самостојност на партизанските одреди. Во оваа фаза одредите добиле задача секојдневно да вршат акции на железничките линии и патните комуникации, да прекинуваат телефонски линии, да вршат диверзии во рудниците што ги користеле окупаторите. Поради таквите акции одредите почнале да се движат на поширок простор од роднокрајната територија. На тој начин поголемиот дел од територија бил покриен со партизански одреди, оружената борба се засилила во сите краеви и се создале основните претпоставки за формирање македонска регуларна војска.

 

Македонска војска влегува во Битола.

5 Оперативни зони 1943 година

На 25 февруари 1943 година во Македонија пристигнал Светозар Вукмановиќ-Темпо во својство на делегат на ВШ на НОВ и ПО на Југославија. Како резултат на дотогашната организациона воено-политичка работа и активност на македонските комунисти, тој затекнал состојба на јасна политичка определба на македонскиот народ за водење оружена борба.

Во духот на признавањето полни национални права на народите на Југославија, а со цел НОД во Македонија да биде раководено од едно авторитетно национално партиско тело, во Скопје бил формиран ЦК на КП на Македонија, кој на 19 март 1943 година во Тетово ја одржал и својата прва седница. Едновремено биле формирани пет оперативни зони и пет обласни комитети, а биле донесени и одлуки за префрлање на ЦК на КПМ и на ГШ на НОВ и ПО на Македонија во територијата на западна Македонија и за формирање на нови партизански одреди. И покрај тешкотиите во спроведувањето на набележаните задачи, процесот на оружената борба не можел да биде прекинат. Борбата постепено земала се' поширок замав, потоа се издигнала на релативно повисок степен и опфатила нови подрачја.

На првиот состанок официјално бил избран составот на ЦК на КПМ: Лазар Колишевски-политички секретар; Мара Нацева-организационен секретар; Цветан Узуновски, Страхил Гигов, Кузман Јосифовски и Бане Андреев-членови. На истиот состанок, освен политичкото, било реорганизирано и военото раководство на македонското националноослободително движење, односно Главниот штаб на НОПОМ бил реорганизиран во Главен штаб на Народноослободителната војска и партизанкси одреди на Македонија (ГШ на НОВ и ПОМ). Заедно со наредбата на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ за формирање на петте оперативни зони во територијата на Македонија, биле прецизирани и задачи на ГШ на НОПОМ и на штабовите на оперативните зони за да воспоставата соработка со движења на отпорот во соседните земји.

Концептот на ГШ на НОВ и ПОМ бил Македонија да се покрие со потребниот број штабови и партизански одреди на кои ќе се темели натамошниот развој на оружената борба. Со тоа практично се започнало со реализацијата на усвоениот концепт за развојот на оружената борба во текот на 1943 година.

На преспанскиот состанок, одржан на 2 август 1943 година, било договорено да се организираат покрупни воени единици, способни да дејствуваат на пошироки подрачја во Македонија, кои би имале поголеми маневарски способности за борба против окупаторот. На овој состанок бил донесен заклучок да се започне со подготовки за свикување Антифашистичко собрание. Тука, за прв пат конкретно, станало збор и била донесена одлука да се создаде највисок орган на власта, кој воедно би бил и конститутивен орган на новата македонска држава. Решенијата на Преспанскиот состанок на ЦК на КПМ отвориле нова перспектива за ослободителна борба. Со нив се отворил пат за создавање регуларна македонска војсак и највисоки органи на народната и државната власт во Македонија.

Воените успеси и приливот на новите борци создале услови да се пристапи кон реализацијата на идејата за создавање НО војска. На 18 август 1943 година, на планината Славеј, била формирана првата регуларна воена единица, баталјонот "Мирче Ацев". Нешто подоцна, на 11 ноември 1943 година, кај Сливово била формирана и Првата македонско-косовска бригада. На тој начин се започнало со создавањето на покрупни оперативно-тактички формации на македонската НО војска. Со тоа се создавала поголема слободна територија во која военото и политичкото раководство на НОД развивале поширока политичка активност и го започнале создавањето на органите на власта.

На слободната територија во западна Македонија политичкото и воено раководство на НОД во Македонија во првата половина на октомври 1943 година издале документ познат како Манифест на ГШ. Во него ГШ ги изнел основните начела на ослободителната борба и ги соопштил македонските погледи во врска со идната заедница на југословенските народи. Таму се истакнува дека македонскиот народ во идната заедница на југословенските народи ќе биде целосно рамноправен со нив. Тоа било доста значајно, бидејќи не ретко се шпекулирало, па и во редовите на македонското  ослободително движење, дека македонскиот народ влегол во борба без негова желба и дека се борел за обновување на распадното Кралство Југославија.

Во врска со издавањето на Манифестот на ГШ, истакнати македонски интелектуалци и антифашисти, членови на АНОК, поднеле свој Приговор кон Манифестот на делот што се однесувал на пројугословенската иднина на Македонија. Тие иднината на Македонија ја гледале во самостојна, независна и обединета Македонија или во балканска федерација. Се дискутирало и околу прашањето кој орган би требало да го издаде Манифестот. Имало искажување и различни гледишта околу тоа дали барањата на македонскиот народ за неговото обединување се доволно јасни или задоволителни. Сепак, и со таа содржина што ја имал, Манифестот бил прифатен и ги обединил учесниците во борбата, така што послужил како солидна платформа за нејзиното натамошно водење. Со него се поттикнало се' поотвореното поставување на македонското национално прашање и истакнување на желбата за конечно обединување на Македонците, како приоритетни цели на борбата на македонскиот народ. Манифестот е најиздржаниот документ што бил дотогаш упатен до народот.

Во согласност со одлуката на Преспанскиот состанок на ЦК на КПМ да се пристапи кон подготовките за одржување на антифашистичкото собрание во Македонија, во првата половина на ноември 1943 година бил формиран иницијативен одбор за свикување на АСНОМ. Во неговиот состав влегле: Методија Антонов-Ченто (претседател), Страхил Гигов ( секретар), Михаило Апостолски, Цветко Узубовски, Борко темелковски и Венко Марковски (членови). 

На 30 април 1944 година овој одбор бил проширен и броел 22 члена. Веднаш по формирањето, Иницијативниот одбор врз себе презел некои од функциите што претходно ги извршувале ГШ на НОВ и ПОМ и ЦК на КПМ. Со тоа, тој ја презел улогата на политички и претставнички орган и на највисок орган на власта во македонската држава, која се наоѓала во процесот на своето создавање. Иницијативниот одбор покажал особена активност при објаснувањето на ставовите изнесени во Манигестот на ГШ на НОВ и ПОМ и во врска со подготовките за свикување на АСНОМ.

Истата година, со оглед дека на 15 мај 1943 година Коминтерната се самораспуштила, започнала да зрее идејата за создавање зеднички  балкански штаб кај претставниците на централните комитети на балканските комунистички партии. На 20 јуни 1943 година во Корчанско бил одржан состанок на претставниците на КПЈ, КПА и КПГ. Тие му дале подршка на балканскиот штаб и донеле резолуција за негово формирање. Резолуцијата, покрај другото, предвидувала: висок степен на развиеност на НОД на Балканот, постојана заемна соработка и воспоставување единство во акциите на сите народноослободителни сили на балканските земји, а се предвидувало и формирање заеднички врховен штаб како единствена команда на балканските земји.

Овие заклучоци, нешто подоцна, биле прифатени и од БКП. Меѓутоа, се поставило прашањето дали е тоа општебалкански штаб или само штаб на југославија, Албанија, Грција и Бугарија, без Романија и Турција, односно штаб на земјите меѓу кои е поделена Македонија. Тоа значи дека ниту една од балканските комунистички партии, односно земји, не сакале да го загубат делот од Македонија. поради тоа, и по интервенцијата на Советската делегација, на 9 октомври 1943 година Тито испратил порака до Светозар Вукмановиќ-Темпо сите активности во врска со формирањето на балканскиот штаб да бидат прекинати.

 

Продолжува

Никола Јонков Вапцаров. 1909 - 1942 год.

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

***************

НИКОЛА ЈОНКОВ ВАПЦАРОВ

македонски писател

роден  на 7 декември 1909  во Банско, Пиринскиот дел на Македонија,  денес Бугарија, а починал на 23 јули 1942 година во Софија, Бугарија. Бил член на сојузот на бугарските писатели и посмртно добитник на почесната Меѓународна награда за мир во 1952 година. Бил роден во семејство посветено на македонското ослободително движење. Мајка му била учителка и со самите нејзини контакти со месното население, се вклучила во ослободувањето на Македонија.

Вапцаров бил најсилен поетски талент меѓу Македонците кои твореле на други јазици, освен на македонскиот. Неговата единствена стихозбирка со наслов "Моторни песни" содржи 20 песни напишани на бугарски јазик. Нему му е доделено едно од видните места во бугарската литература, и ако тој самиот и во животот и преку својата поезија недвосмислено изјавувал дека е Македонец и дека ништо друго не би можел да биде и покрај тоа што создавал на бугарски јазик. Неговата поезија е изразито патриотска, социјална, револуционерна и хуманистичка.

Никола Јонков Вапцаров завршил основно училиште и шести клас гимназија во Разлог и потоа го прекинал образованието во гимназијата и се запишал во Морнарско-машинско училиште во Варна, каде се сретнал со марксистичко-ленинистички кружок и станал активист на кружокот. Овде го обликува своето прво поетско дело-стихозбирката "Кон светли идеали". По завршувањето на школувањето во 1932 година, Вапцаров станал машински техничар, отпрвин на  еден брод со кој патувал по северниот брег на Африка. Поради ограничената комуникација со луѓе, тој ја напуштил таа служба и се вработил во селото Кочериново како техничар во фабрика за хартија и мукава. Во 1933 година бил тепан од страна на функционери на ВМРО поради неговите политички дејствувања. Нешто потоа на патот од Горна Џумаја за Кочериново бил извршен и неуспешен атентат врз него, поради што Вапцаров напишал писмо до Ванчо Михајлов, прашувајќи го зашто сакаат да го убијат. Овој настан подоцна ќе ја инспирира стихозбирката "Песна".

Поради тоа што како марксист-ленинист ја пропагирал идејата за класен преврат, бугарските власти почнале да го притвораат, распрашуваат и малтретираат. Како додатен проблем, покрај тие од страна на бугарската власт, Вапцаров добил отказ од фабриката каде работел. По отказот од фабриката, Вапцаров се вработил повеќе пати и повеќе пати добивал откази. Така тој работел како машинист во парна мелница, а потоа како ложач во локомотива. Неговите промени на работа потрајале подолго време. Со секоја акција на бугарската полиција против него, кај Вапцаров се разгорувала реакцијата против постојниот капиталистичко-фашистички систем.

Тој покрај основната работа за егзистенција, се занимавал и со книжевна дејност. Тој е едeн од организаторите на "Македонскиот литературен кружок" во Софија. Од самите членови бил сметан за "срж" на кружокот. Тој се занимавал со поезија, пишувал критики и бил еден од организаторите на списанието "Литературен критик". Во тој временски интервал (1936-1942 г.) Вапцаров ги создал најзначајните стихови. Колку што е активен во непосредната револуционерна работа, исто толку е интензивен и во својата литературна дејност: во 1940 година ја издава својата прва и последна поетска збирка "Моторни песни".

Никола Вапцаров бил антифашист и настроен против таа идеологија. Во 1940 година собира потписи низ Пиринска Македонија, во тнр. "Соболева акција". Затоа е уапсен, суден и интерниран во Годеч. По враќањето од Годеч (септември 1941 г.) зема учество во саботажи против германските војски, снабдување со оружје, набавка на документи и соби за илегалци. Како соработник на воената организација на БКП во 1942 година бил фатен од бугарските власти, заедно со  Македонците Атанас Романов и Антон Попов. Во судскиот процес против ЦК БРП е осуден на смрт. Под притиок на своите роднини, Никола напишал молба за помилување,која гласела:

 

"До Негово величество царот - Софија

Осуден сум на смрт со стрелање, кривичен закон, дело нр. 585 Софиски военополски суд. Молам пресудата да биде заменета со доживотен затвор.

Никола Иванов Вапцаров,

Централен затвор".

 

И покрај тоа, на 23 јули 1942 година македонските писатели Никола Вапцаров и Антон Попов, заедно со четворица други бугарски комунисти, биле стрелани во дворот на една софиска касарна од страна на бугарските власти.

 

*********

 

ИЛИНДЕНСКА 

 

  • Никола Карев

    Вината не беше наша.
    Вината беше туѓа
    и другому тежи
    сто тона одговорност.
    Кога ќе дојде ден,
    Кога ќе стане нужда,
    Се' ќе и' раскажеме
    на мајката историја. -

    Започнаа со гнасните си раце
    да пипаат во душите на народот.
    Гневот беше толку многу накипел,
    Што не ја презеа волчата порода,
    муцуните под овчите им кожи,
    престапната и плитка лицемерност.
    Но идат дни, кога ние ќе можеме
    да фрлиме кал во мутрите им црни.

    И буната почна.
    Немаше зошто
    да дигнеме раце,
    да изостанеме,
    туку
    со крвта
    на простиот народ
    в Илинден влеавме
    наша содржина.

  • Питу Гули

    Што ќе кажете на таа вест,
    Ќе барате ли тука руски рубли? -
    во Крушево беше феудална власт
    и ете за скок -
    градат сега република!

    Тие беа исто како нас младинци.
    Исти такви собрани сме ние.
    И се биеја,
    и мреа во метежи,
    токму како што утре
    ќе умреме и ние.

    Не очајувам јас што бура ги покоси,
    Еве никнат други во расчадените пожари.
    Погледни тука - ете го Питу Гули,
    а ти пак си ...Никола Карев.

    И ако требаат пароли - добро! -
    Ќе издигнеме плакати до месечината! -
    Слободна сакаме,
    Неќеме,
    неќеме протекторати!
    *******

    Автор, Никола Вапцаров

Kind regards : 08 март 2018 година

Sotir Grozdanovski broj 131