ИМЕТО МАКЕДОНСКО Е НА МАКЕДОНЦИТЕ

Сотир Гроздановски 

СВЕТСКО СЕ'МАКЕДОНСКО ДВИЖЕЊЕ ЗА ОДБРАНА НА МАКЕДОНСКОТО ДОСТОИНСТВО И ИМЕТО НА МАКЕДОНСКАТА РЕПУБЛИКА 

*****

На секаде по светот каде што живеат Македонци, масовни протести против ненародните и предавнички политики на актуелната  власт во Република Македонија. Протести против двојазичноста во цела Македонија;  против капитулантскиот договор со Бугарија за така наречените "добрососедски" односи меѓу двете држави и народи; против нагрдување на Македонија со рушење на споменици на истакнати борци кои ги вградиле своите животи во длабоките темели на македонската држава од древните времиња до АСНОМ 1944  и од 2001 година, до денешни дни. Но особено, против промена на името на македонската држава и идентитетот на македонскиот народ.

Не изостана и гневот насочен  кон црковните великодостојници на Македонската Православна Црква кои со деградирањето на  Охридската Архиепископија од "Мајка" во "Ќерка"  на Бугарската Православна Црква, длабоко ги навредија и понизија македонските православни верници. Но сепак, најмногу ги заболе нивното предавничко однесување спрема својата сопствена Татковина, кога му се придружија на Зоран Заев и неговата владејачка гарнитура во разнебитувањето на  Македонија и продавањето на идентитетот на македонскиот народ. 

Гневот на Македонците се' уште не го постигна својот зенит, но ја докажа одлучноста на македонскиот народ да се избори за своите права на самоопределување во својата сопствена национална држава, Република Македонија. Мирните и достоинствени  протести се проширија   низ Македонија, Европа, Канада, САД, Австралија... За разлика од некои други граѓански немири и протести во минатото, овие имаа карактеристични обележја: Не беа организирани и предводени од политичари со нечисти намери, туку од самиот народ, сите здружени не како партиски војници, ами како војници на Македонија. По се' изгледа, народот македонски си ја презема судбината и судбината на својата држава во свои сопствени раце, се' повеќе губејќи ја довербата во корумпираните раководства, на политичките партии.

Овие се'народни протести, во светски размери, беа карактеристични и по тоа, што двете "најголеми" политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ видно се дистанцираа од своите "приврзаници гласачи", игнорирајќи го својот сопствен народ со  провидни "грижи и почит" кон жените. 

Дури повеќе илјадниот народ  протестира по улиците во заштита на својата држава која  рапидно пропаѓа во без дно а нејзиното име се продава како сувенир на грчките пазари,  претседателите, Мицкоски и Заев со своите полтрони им делат цвеќиња на своите женски соработнички, расфрлувајќи се по повод  Денот на жените 8. март со пофалби за нивните заслуги за "народ".

Какви пораки овие самобендисани партиски лидери им испраќаат на другите илјадници жени кои оставајќи си ги своите семејства или сите заедно, цели семејства, се борат за многу поважни цели? Знаат и тие, но и оние завиткани во националните знамиња пред македонските парализирани институции бранејќи ја својата и иднината на поколенијата македонски, уште не родени.

Ентузијазмот и увереноста дека само со борба  се добива и брани слободата, одново ги покрена Македонците да излезат од своите топли домови. Да излезат и да се борат за спас на својата држава и својот национален идентитет. 

Секој од нас е должен да ги стави  своите  интелектуални способности во одбрана на нашата Татковина и нашиот вековен македонски идентитет. Зошто со губењето на македонската држава, несме ништо. Постануваме средство за поткусурување, во рацете на нашите непријатели.

Ниту една организација со ограничено времетраење, вклучувајќи ги НАТО, ЕУ не е по важна од нас, Македонците, од името на нашата татковина, нашиот јазик, историја, култура, уметност, традиции и нашите песни и ора.

Кој мисли подруго, не е Македонец!   

Сиднеј, Мелбурн, Њујорк, Вашингтон ..

 

 

Интервју со Ацо Крстески, генерален секретар

СРЕЌЕН ЕДНОГОДИШЕН РОДЕН ДЕН НА МАКЕДОНСКИОТ НАЦИОНАЛЕН ФРОНТ

************ 

 

Деновиве, Македонскиот Национален Фронт го прославува својот прв роденден и своето официјално претставување пред македонската јавност. Заедно со нашите честитки и сонароднички желби за успешна работа во полза на македонските национални интереси, ви го донесуваме и интервјуто на Генералниот секретар господинот Ацо Крстески, дадено за Баркод.мк. 

Како и самиот Ацо Крстески вели, појавата на оваа кровна македонска организација на повеќе македонски патриотски друштва ширум Македонија и дијаспората е "логичен продукт на кулминацијата на политичката неправда во Македонија". (С.Г.)

***** 

Баркод.мк: Што е Македонскиот Национален Фронт и кои се неговите цели и задачи?

Ацо: Македонскиот Национален Фронт е логичен продукт на кулминацијата на политичката неправда во Македонија. Со години губиме дел од интегритетот на државата, со што се доведе во прашање и самиот опстанок како на државата, така и на нацијата. Ниту една политичка партија не застана на страна на Македонската нација, туку се определија за граѓанска опција, така што Македонецот се почувствува напуштен и издаден. Реакцијата е создавањето на Македонскиот Национале Фронт, кој ќе го поврати изгубеното чувство на Македонците, чувството за опстанокот, просперитетот и суверенитетот.

 

Баркод.мк: Што мислите за менталната политичка состојба во Македонија?

Ацо: Моменталната политичка состојба во Македонија е стасана до точката на вриење. СДСМ си ја одработува агендата добиена од Западот, преку својот претставник Бејли, кој ги има вмешано своите прсти во секоја институција на Македонија, со што Македонија е потполно парализирана во своето функционирање како суверена држава. Ние сме буквално окупирани. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ ја напушти својата десна политика, која и онака беше умерена и помина на централистичко управување, кое не може да вети спас за Македонија. Во една ваква поставеност на двете најголеми политички партии, во една ваква конфузна состојба на силите, користат само албанските политички партии, кои отворено настапија со своите мегаломански барања и успеаја да наметнат спроведување на сите нивни намери. Со помош на Зоран Заев, поставија на чело на законодавниот дом, по не легален пат, свој човек Албанец, кој што добро не и' мисли на Македонија, туку напротив, ќе ја искористи секоја можност Македонија да ја подели на два дела.

 

Баркод.мк: Што ќе прави МНФ во наредниот период што доаѓа и за што се борите вие?

Ацо: МНФ, засилено се организира на целокупната територија на Македонија, па и во Дијаспората преку здружување на што поголем број на македонски патриотски здруженија и организации кои се залагаат за македонските национални интереси. Ќе ги организира сите овие во една сплотена сила, која ќе ги спречува штетните влијанија на актуалната власт за разнебитувањето на Македонија. Нема да прифатиме никаква промена на нашето име, јазик и нација, ќе се бориме за укинување на штетниот договор со нашиот сосед, Бугарија. Ние сме за договор за добри и пријателски односи со нашите соседди, но исклучиво на реципроцитет, на взаемно почитување и не мешање во внатрешната политика од страна, без да се менува нашата историја. Нашата историја е една; ние сме потомци на нашиот прадедо Александар Македонски. Ќе се бориме со сета сила за еднојазичност во државата; само македонскиот народ е државотворен народ во Македонија, а другите малцинства треба да ја почитуваат Македонија и нејзините симболи. Со години не се спроведува законот за употреба на знамиња. Кога одам од Тетово за Охрид, мислам дека поминуван низ Албанија. Ова повеќе нема да го дозволиме и ќе мора примената на овој закон и во овој дел од Македонија да се почитува. Почнуваме да вршиме притисоци и на нашето министерство за надворешни работи, да не ја распродава Македонија на секој еден што ќе посака на било кој начин од суверенитетот од Македонија. Македонија е на македонскиот народ и само тој одлучува за неа, а не некои личности кои за малку пари се во состојба и сопствената мајка да си ја продадат.

 

Баркод.мк: Каква е политичката култура на македонските граѓани? Со оглед на тоа што нашето општество е етнички поделено, дали политичката култура е иста кај сите етнички заедници?

Ацо: За жал, не! Во овие моменти, Македонците, а и сите други се многу збунети, чувствата се менуваат скоро секојдневно под силното влијание на пропагандната западна машинерија. Има разни слоеви на луѓе со многу различни размислувања и заклучоци. Македонскиот народ во главно е поделен на две групи: една група е за зачувување на унитарна Македонија, а другата е занесена од неколкумина корумпирани политичари од западната врхушка. Додека пак албанската страна и покрај тоа што е исто така поделена на две влијанија од југо исток и запад, сепак е единствена во една заедничка целина - Голема Албанија.

 

Баркод.мк: Можна ли е примена на демократијата во Македонија како во Германија каде што живеете и работите вие?

Ацо: Мислам дека се' уште не е можно, бидејќи организираноста на државите е потполно различна. За да се примени германскиот систем во Македонија, потребни се големи промени во целокупното македонско општество, а најбитното е што треба да се менува целокупниот Устав на Македонија. Еден странец во Германија, за да добие германско државјанство, мора да се откаже од сопственото државјанство на матичната земја од која доаѓа, што значи во Германија  луѓето со германски документи и со право на глас се само Германци, а не и сите можни националности кои се тука. Големиот број на Турци кои живеат во Германија и се без германски документи, немаат право за гласање. И не само Турците, сите оние без германска лична карта, не можат да гласаат, иако имаат престој и право на работа во Германија. 

 

Баркод.мк: Кој елемент на современото општествено живеење е најголемата пречка за дебалансот на различните видови власти во еден политички систем?

Ацо :  Ако зборуваме за Македонија, тоа е корупцијата! СДСМ, под силен притисок на нелегалниот странски капитал, извршува секаква наредба која ќе и' се додели, не водејќи, притоа,  сметка дали ја разнебитува Македонија или не. Македонија е едно експериментално поле на мегаломанските странски политики, кои сакаат кај нас да соберат искуство и со тоа искуство да одат понатаму во разнебитувањето на цела Европа. На ВМРО-ДПМНЕ  и' претстој големо реорганизирање на сопствените сили за да ја преземе власта и да го спречи понатамошното уништување на Македонија.

 

Баркод.мк : Што мислите за 27 април 2017 година?

Ацо : Па 27 април е денот кога народот влезе во Собранието да си ја брани Македонија. Точно е дека внатре имаше немили сцени и дека беа физички повредени некои пратеници, но исто така треба да се земе во предвид дека народот, кој можеби физички не беше повреден, ама долго време беше повредуван психички. Таква тортура доживуваше секојдневно, а гледам дека денес е уште полошо. Ние го повикуваме Претседателот Иванов да им даде аболиција на сите учесници кои се под кривична одговорност, бидејќи ако можеше да се амнестира УЧК, да се аболицира Заев, тоа може да важи и за обичниот македонски народ. Јас сум убеден дека со аболиција ќе има едно национално помирување меѓу Македонците.

 

Баркод.мк : Каде ја гледате Македонија во наредните 10 години?

Ацо : Претстојува голема борба на политичките сили во Македонија во нареднот десетгодишен период. Странскиот фактор уште долго време ќе биде присатен со своето влијание во Македонија и нема така лесно да се откаже од своите намери. Потребна е глобална промена на целокупната светска политика и создавање на амбиент каде странското влијание ќе се исклучи. Е, под вакви услови е можен просперитетот на нашата напатена држава. Веќе неколку европски земји го најавија менувањето на курсот на водењето на политиката, не согласувајќи се со останатиот дел на Европа. Има и надеж дека нешто се менува во позитивна смисла. Ако со тек на времето се отфрли странското влијание кај нас и во Европа, тогаш под такви услови е можна и коалиција на двете најголеми македонски политички партии, со што Македонија ќе може да стане и македонска и да работи на својот просперитет и подигање на стандардот на живеењето на народот. Дали ова ќе се случи, мислам дека е можно. 

*************

Ристо Никовски

Ристо Никовски

УЛТИМАТУМОТ НА ЦИПРАС

*************

 Стојан Андов, во најновата колумна во "Фокус" (од 09 февруари 2018 г.). тврди дека "Македонија има стратегија за спорот со Грција, само што ВМРО-ДПМНЕ се' уште не ја признава".

 

Ова е класична контрадикција во која авторот самиот се матира. Како може Македонија да има стратегија, а ДПМНЕ, кој до скоро беше околу 11 години на власт и претходно уште четири, вкупно 15 од четврт век независност - не ја признавал? Чија е тогаш таа стратегија? На СДСМ? Смешно, зарем не? До Заев, од проблемот со името подеднакво "бегаа" и СДСМ и ВМРО-то. А во сите овие 25 години, не само што немавме никаква стратегија, немавме ни став околу ова прашање освен премолчениот-да се држи под маса. Ништо повеќе. Најстрашно е што никој во замјава не беше надлежен и немаше никаков континуитет во неговото следење, за да имаме барем некаква документација, историјат... А, немаме ништо. Најдобар доказ за тоа е што во МНР не само што нема отсек или одделение туку ни човек кој бил или е задолжен. Денес, повторно немаме никаква стратегија освен што сакаме решение по секоја цена. Колку е тоа контрапродуктивно, се уверуваме секој ден.

Факт е дека сега, за прв пат, сите користат унифицирана оценка: тоа е "грчки проблем со нашето име". Во се' друго, какофонијата останува. Цело време сметавме дека е тоа нивни проблем, што е точно, ама беше голема грешка што не се сваќаше дека последиците се целосно наши, што е клучно. Грците мува не ги лази вака да остане уште 100 години.

Нашата комплетна дезориентираност сега го доживува својот врв бидејќи новата власт сака решение по секоја цена, а воопшто не е свесна за ризиците и катастрофалните политички и дипломатски последици кои може да ги предизвика. Еуфорично, тие сакаат бргу во НАТО и ЕУ и се' друго не им е важно. Тоа е чист аматеризам. Ако кажеш дека мораш да го гледаш филмот а карти нема, препродавачите веднаш ги креваат цените. Тоа е алфа и омега на секоја слична ситуација. А нашиве "политичари" јавно и' порачуваат на Атина дека патот за Брисел мора да ни се отвори.

Грците знаат што сакаат и соодветно се однесуваат. Така, имавме изјава од Коѕијас дека и идентитетот и јазикот се на маса како теми на преговорите. Тоа воопшто не е спорно ама, обично, не се кажува гласно. Не е баш мудро да се фалиш дека некому му го оспоруваш идентитетот и со сила сакаш да му го менуваш. Тоа не е цивилизациско однесување и тешко може да се прифати. По исклучок, бесрамноста на Коѕијас преизвика и наша реакција кога Димитров му одговори дека ако  се доведуваат во прашање идентитетот и јазикот, не може да има договор. Добро е што реагиравме ама повод беше само искреноста на Грците, а не суштината на спорот која се концтрира токму на промена на нашиот македонски национален идентитет, а името на државата е само покритие на вистински намери и планови. Зошто ние не го поставуваме прашањето за нашето малцинство во Грција? Зошто не  бараме да се вратат имотите на протераните Македонци?  Зошто не бараме оштета за нелегалната блокада на границата? Од што се плашиме? Зошто си молчиме и се правиме недоветни, како да сме најголеми криминалци фатени на дело? Да биде ситуацијата дури трагична, ама и смешна, бараме некакви гаранции за идентитетот, како да сме тенџериња. Може би од судот во Хаг?

Нашата реакција се сведува на целосно толерирање на грчката агресија? Ако не беше така, ќе ги браневме нашите интереси. Ќе водевме некоја пропаганда што ни се случува, каде сме дотерани...која секако ќе влијае врз медијаторот, светските фактори, меѓународната јавност...Место тоа, ние не прашуваме ни зошто во предлозите на Нимиц има "пакети"? Ако  е само името во прашање, ќе не прекрстат и завршена работа. Што мајка бараат "пакетите"? Или, зошто нашето име, кое во никој случај нема да биде Македонија, како до сега, туку некаква нова ознака или референца, нема да се преведува? Зошто ќе биде на македонски ама на латиница? Треба ли да бидеме вештачка, измислена држава? И најглупавиот ќе разбере дека нешто се крие. А, нема што друго освен идентитетот на народот. Грците веќе ни порачаа дека зборот "Македонија" ќе ни го дозволат (?!?) во името ама тоа ќе биде чиста географска одредница, без никаква врска со нашето (досегашно) име. Ќе асоцира само на истоимениот регион. Не водат жедни преку вода, а ние како да несме тука.

Откако Коѕијас се "истрча", со јасна порака околу идентитетот, која веројатно била договорена, за да не си правиме бајрам на умот и да бидеме спремни што не очекува, се јави премиерот Ципрас, кој постави отворен ултиматум. Во разговор со пратениците на Сириза, тој ем се обиде да не го споменува директно нашиот национален идентитет, ем да ни порача дека или ќе капитулираме, или за нас нема ништо од патот кон Брисел, за кој толку мечтаеме. Излагањето на Ципрас е абецеда на грчката политика и стратегија. За разлика од нас, тие цело време работаат плански и надолги патеки и кај нив нема ништо случајно. Сега ги билдаат своите позиции бидејќи видоа со кого имаат работа.

Прво, Ципрас стави до знаење дека - "проблемот со името ќе се затвори само со сложено име и за надворешна и за внатрешна употреба, за кое треба уставна промена, за името навистина да биде ерга омнес. Не може да биде една употреба надвор а друга да биде името во Уставот. Секако предуслов  е и повлекување на секаков сомнеж за иредентизам". Според него, "тоа е единствената рамка која го гарантира затворањето на проблемот". Рекол дека грчката Влада сака да го затвори проблемот -"со достоинство и патриотска одговорност". За жал, ние не сме во можност да одговориме во иста мерка бидејќи партијата на власт веќе се легитимира дека не е патриотска, а во меѓувреме покажа дека и достоинството (договорот со Бугарија) не и' е силна страна. Значи, алот ни е во калот. Најверојатно, нивното однесување во случајов ќе биде спротивно на грчкото - "без достоинство и со патриотска неодговорност". Така и започнаа.

Второ, по повод протестите во Солун и Атина и барањата да не ни се дозволи користење на терминот "Македонија" во нашето име, Ципрас објаснил дека Грција ништо не дава туку се обидува да добие назад некои работи?! Појаснил дека нашето име Македонија, за веднаш да се исправи и, место име, да каже -"терминот Македонија" во името на нашата држава, Грција го прифатила уште  од времето на Југославија и дека тоа стои и во референцата од ООН. Не можело назад. Каква широкоградост! 

Трето, како нивна главна цел, Ципрас посочил-"да ги убеди соседите да запрат да го користат терминот Македонија без никаква одредница, што јасно ќе става до знаење дека нема ниту географска, ниту историска врска со грчка Македонија...да ги убеди да не присвојуваат, да вратат назад симболи и имиња што не им припаѓаат...и да ги убеди соседите да ги запрат иредентистичките ставови".

Се заедно, едно чудо глупости кои кај нас никој не ги коментира. Не реагираме, како да сме виновни за сите светски неправди. Која е таа-"географска и историска грчка Македонија", со која ние немаме врска? Преку 150 години е актуелно "Македонското прашање" кое се однесува на македонскиот народ и воопшто не ја вклучува Грција и нивните "Македонци". Каде го сместува Ципрас тоа? Или, такво нешто не постои за него? Зошто не кажува дека симболот на нашиот "иредентизам" е постоењето на македонскиот народ? Дека "запирањето на иредентистичките" ставови значи негово прекрстување поточно бришење?

Ултиматумот на Ципрас не треба да изненадува. Најнормално е во вакви ситуации сопствени позиции и аспирации да се максимилизираат и претставуваат како минимални, заради зајакнување на преговарачката позиција. Меѓутоа, силен е впечатокот дека условите на Ципрас имаат и друга димензија. Не може да не му биде јасно дека ултиматумот што го поставува е апсолутно не прифатлив за нас дури да сме поразени и во војна или да ја имаме најквинслишката власт во светската историја. Во основата, неговите услови покажуваат нагласена неспремност да се најде брзо решение. Со поставените услови, тој си ги врза и сопствените раце. Не може утре да прифати било што помалку од изложеното бидејќи тоа би било политичко самоубиство. Впрочем и по било каков договор, неговата Влада ќе падне.

Како изгледа, дај Боже, Грција ќе не спаси од сопственото понижување и откажување од самите себе. Што се тие поригорозни во нецивилизираните барања, тоа подобро за нас. Сепак, да не ги потценуваме "нашиве"! Кој знае на што се' се спремни тие? И што ветиле.

Најновата грчка позиција е добра индикација дрка, паралелно, ние мораме да бараме алтернативно решение. Тоа значи враќање на проблемот во Советот за Безбедност, преку добро осмислен и аргументиран Меморандум, упатен до генералниот секретар на ООН, со барање нашето уставно и историско име да се користи во светската организација. Тоа бара посветеност, спремност и решителност за да се постигне целта, вредности кои до сега ни недостасуваа. Ригорозната грчка позиција е одлична појдовна основа за наша офанзива во таа насока бидејќи неизбежно ќе создаде поголемо разбирање кај главните фактори во наша корист. Се разбира, до колку ние максимално се ангажираме на тој план. Само така ќе ни се отвори и патот кон Брисел.

Добро е што власта го отвори овој проблем кој предолго беше држен под маса. Решението, меѓутоа, не смее да го бара само преку наша капитулација, туку и преку меѓународните коридори кои ни стојат на располагање.

Р. Никовски, 18 фвруари 2018.

http://www.dudinka.org

 

Бугарски "ослободители" на Македонија.

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ 77

***********

МАКЕДОНИЈА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА

(1941 - 1945)

 

5. Оружената борба во Македонија (1941 - 1945)

5.1. Политичките и воените подготовки на НОД за борба против окупаторите

 

Во февруари 1940 година во Скопје се одржало советување на ПК на КПЈ за Македонија на кое се распуштил постојниот и недоволно активен Покраински комитет и се избрало ново, привремено, покраинско раководство, во чиј состав влегле: Методија Шаторов-Шарло (секретар), Перо Ивановски-Тиквар, Орце Николов, Коце Стојановски-Металец и Добривое Видиќ - членови. Новиот Покраински комитет ги поврзал сите партиски организации и го обезбедил потребното единство во раководењето. По извршената анализа на состојбата, ПК презел мерки за засилување на својата дејност. Раководството ја афирмирало борбата за национална и социјална слобода и започнало да издава прогласи, летоци и весници, кои се растурале главно меѓу македонската интелигенција и работниците.

Во јуни 1940 година, КП во Македонија ги формулирала основните елементи на својата национална програма. Покраинската конференција на КП во Македонија, одржана на 8 септември 1940 година на Водно кај Скопје, особено внимание му посветила на македонското национално прашање. На Конференцијата била донесена Резолуција на ПК на КП во Македонија во врска со целите на НОД на македонскиот народ, биле избрани нов Покраински комитет, составен од девет члена и шест делегати за Петтата земска конференција на КПЈ.

На Петтата земска конференција на КПЈ, одржана од 19 до 23 октомври 1940 година во Дубрава кај Загреб, Шаторов ги застапувал ставовите за национално ослободување и обединување на македонскиот народ и за иселување на Србите, кои биле доселени во Македонија по Првата светска војна и биле носители на големосрпската политика. Поради таквите негови ставови Шаторов бил критикуван за "застранување во однос на националното прашање и прашањето за колонистите".

Во јануари 1941 година, проширениот Пленум на Покраинскиот комитет на КПЈ во Македонија заклучил дека крајните цели на борбата на македонскиот народ се "потполното ослободување и рамноправност". Без оглед што тоа не било децидно забележано, на тој состанок бил определен фундаментот на националната обединителна државотворна програма на македонското националнослободително движење и биле дефинирани целите на националноослободителната и антифашистичка војна на македонскиот народ.

Имајќи ја во предвид општата состојба и особено ситуацијата во цела Македонија, Методи Шаторов, како секретар на ПК, се обидел вардарскиот дел на Македонија да го претвори во пиемонт за обединување и за создавање самостојна македонска држава. Со оглед на тоа дека речиси сите балкански комунистички партии во поглед на македонското прашање изразувале големодржавни интереси, тој  најголема доверба имал во Коминтерната и во нејзиниот генерален секретар Георги Димитров. Поради тоа,  следејќи ги директивите на Коминтерната и од телеграмата на Г. Димитров до Тито, во почетокот на мај 1941 година Методи Шаторов отпатувал во Софија и воспоставил контакти со Бугарската работничка партија (БРП) која, исто така, строго ги почитувала одлуките на Коминтерната. Прито, името на ПК на КПЈ во Македонија било променето во "Покраински комитет на Работничката партија на Македонија".

Во текот на мај 1941 година, под раководството на Методија Шаторов-Шарло, повеќе партиски организации на теренот организирале воена обука, во прв ред за ракување со оружје. На 2 јуни 1941 година група младинци извршила диверзантска акција во која бил запален и уништен еден германски транспортен авион од типот "ЈУ-52", кој поради дефект на моторот се спуштил присилно на една ливада во близина на аеродромот. Потоа, во градот, бил запален и еден германски камион. На 12 јуни 1941 година во селото Горни Дисан-Кавадаречко, по една агитаторска акција, бугарските војници го убиле Диме Поп Атанасов. Тој е првата жртва на македонското националнослободително движење во борбата против бугарскиот окупатор.

По нападот врз Советскиот Сојуз, Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, при крајот на јуни 1941 година, формирал Воена комисија за работа по воените прашања. Воената комисија на ПК истовремено ги вршела и работите по военото прашање при Месниот комитет на Скопје. Конкретно, таа работела на следните задачи: собирање на оружје, муниција, експлозив и на друга воена опрема; собирање на информации за движењето на окупаорските сили и за возниот ред на железницата; организирање на диверзантски групи; обука за ракување со оружје и со диверзантски средства и друго.

По засилувањето на диверзантските акции и извршените целосни подготовки, Воената комисија на ПК и МК на Скопје донела одлука диверзантските групи да се повлечат од базата крај Вардар на планината Водно. Со обединувањето на диверзантските групи, на 22 август 1941 година бил формиран Скопскиот партизански одред. При крајот на август, по наредба на Воената комисија, Скопскиот партизански одред ја извршил првата борбена акција со нападот врз Пиротехничкиот завод во Ханриево (Ѓорче Петров) каде што Германците го складирале заробеното оружје од југословенската војска во вардарскиот дел на Македонија.

Со формирањето на месните воени комисии и на Покраинскиот штаб и со создавањето воени бази, особено по првите диверзантски акции и по формирањето на партизанските одреди се создале услови за поширока воена организација. Се воспоставувала воена соработка и со месните штабови од егејскиот и пиринскиот дел на Македонија, при што Битолскиот соработувал со Леринскиот, а Струмичкиот со Горноџумајскиот воен штаб. Всушност, подготовките за оружената борба и продолжувањето на активностите поврзани со програмата за обединување, на теренот практично ги спроведувале месните организации на македонското националнослободително движење.

На 24 јули 1941 година ЦК на КПЈ одржал специјална седница за состобата во ПК на КПЈ за Македонија. На таа седница Методи Шаторов бил обвинет за "антипартиско и контрареволуционерно дејствување", пошто била донесена одлука за негово разрешување од должноста секретар на Покраинскиот комитет и за негово исклучување од Партијата. ЦК на КПЈ го одреди Драган Павловиќ за свој повереник при ПК на КПЈ за Македонија. Во почетокот на август 1941 година Драган Павловиќ и Лазар Колишевски пристигнале во Македонија, каде што првиот имал задача да го распушти постојниот и да формира нов ПК што ќе го раководи Колишевски.

Со оглед на тоа дека КПЈ веќе ја започнала оружената борба против германските и другите окупаторски сили, што имало практично значење за борбата на Советскиот Сојуз, Коминтерната решла партиската организација во вардарскиот дел на Македонија да се стави под раководство на КПЈ од "практични причини". Тоа значи дека по нападот на Германија врз СССР Сталин повторно го признал територијалниот интегритет на Кралството Југославија, а тоа му овозможувало на Тито да ги обедини револуционерните сили во еден фронт. На 4 септември 1941 година Тито ја известил Коминтерната за превземените мерки во Македонија. Во почетокот на септември 1941 година бил формиран нов Покраински комитет на КПЈ за Македонија во состав: Бане Андреев, Лазар Колишевски, Борка Талески-Левата, Мара Нацева и Благој Јанков-Мучето, а нешто подоцна член на ПК станала и Вера Ацева. На 24 септември 1941 година новиот ПК донел одлука за оперативно дејствување. На 26 септември 1941 година бил формиран Покраински  воен штаб за Македонија, чии членови биле: Лазар Колишевски, Цветко Узунов, Мирче Ацев, Страшо Пинџур и Михајло Апостолски. Македонскиот  воен штаб ги продолжил подготовките за оружената борба и за формирање партизански одреди. Воената организација била соодветна на партиската. На 24 септември 1941 година ПК одржал состанок на кој биле донесени одлуки за оперативно дејствување. На првиот состанок Покраинскиот воен штаб донел одлука да се збрзаат подготовките за исфрлање партизански одреди. Како најповолни реони биле одредени: Козјак, Скопска Црна Гора, Караџица, Бабуна, Пелистер, односно околу Скопје, Куманово, Прилеп, Велес, Битола, а во западна Македонија во реоните на Дебарца и на Маврово. Потоа покрај Скопскиот, во почетокот на отомври 1941 година биле формирани уште и Прилепскиот и Кумановскиот партизански одред, како и повеќе диверзантски групи. Во согласност со септемвриските одлуки на ПК и на Покраинскиот воен штаб, на 11 октомври 1941 година Прилепскиот партизански  одред извршил напад врз Полициската станица и врз затворот во Прилеп. Истовремено, борбени акции извршил и Кумановскиот партизански одред.

Во почетокот на октомври 1941 година ЦК на БРП го испратил Бојан Б'лгаранов како свој претставник во вардарскиот дел на Македонија, со задача да го контролира раководството на македонското националноослободително движење и да ја наметне пробугарската линија. Во текот на 1941 година, во услови на формирање на македонското воено и политичко раководство и со засилувањето на македонското националноослободитело движење, КПЈ и БРП, преку своите претставници Павловиќ и Б'лгаранов, влијаеле за остварување на југословенската, односно бугарската линија, што се одразило како голема пречка при организирањето и консолидирањето на македонското антифашистичко и националноослободително движење.

Почетниот подем во организирањето на оружената борба во Македонија, изразен низ остварувањето на диверзантските акции и појавата на партизанските одреди, бил подзабавен есента 1941 година. При крајот на 1941 година, по директива на ПК на КПЈ за Македонија, партизанските одреди биле распуштени.

 

Продолжува

Кочо Рацин, 1908-1943.

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

***************

КОЧО РАЦИН

Мистеријата за неговата смрт

 

Дека филмот е моќен медиум, покажа Васил Зафирчев, чиј филм за Рацин секојдневно предизвикува контраверзни бранувања во јавноста. Во медиумите се одвива вистинска борба помеѓу мистеријата на љубовта и мистеријата на смртта на Кочо Рацин. "Кого љуби Рацин?" и "Кој го уби Рацин?"

Ево што изјавуваат авторите на филмот за смртта на Рацин:

"Мислам дека тоа е убиство. Кочо Солев Рацин е намерно убиен поради неговите идеи кои на тогашната политика и' сметале. Тој бил човек со високи морални вредности, со  високи филозовски размислувања и таквите ликови во нашата историја биле ликвидирани". ("Елегија за тебе" на Рациновите средби).

Блаже Миневски: "... во базата на Лопушник Кочо бил погоден од куршумот на Мино Миновски, партизан, кој бил на стража во близина на импровизираната партизанска печатница. Поетот бил смртно ранет, но не починал веднаш туку неколку часа подоцна. Иако имало доволно време да биде однесен до партизанската болница, раководството кое било на Лопушник не презело, речиси, ништо Рацин да биде префрлен на лекување. По неколку часа агонија, поетот умира, а веднаш потоа бил погребен во импровизиран гроб таму, каде што бил убиен." ("Фокус", 15 јули 2007 година).

А ево што викаат историчарите:

Тодор Чепреганов, на прашањето "Дали, според Вас, се' уште постојат енигми за случајот со убиството на Кочо Рацин?"

- Факт е дека тој е убиен тогаш и тогаш. Меѓутоа, интерпретациите се различни за тоа што и како било. Овде неможете да имате објективност и вистина, зашто вистината е индивидуална. Познато е како реагираше брат му на Рацин во однос на истакнатата слика на Страхил Гигов затоа што сметал дека тој е еден од оние што е виновен за смртта на Коста. Човекот што го уби Рацин беше жив долго време. А да живеете со една таква мисла толку години,, е навистина тешко.

Човекот кажува дека таков бил договорот. Јас ја знам приказната дека не требало да се враќа назад и дека требало да остане во базата. Кочо Рацин бил натеран повторно да се врати, овој бил на мртва стражаи извикал "стој". Кочо бил наглув, не слушнал и овој го убил. А двајцата биле другари од Велес и да се сомневаш дека тој намерно го убил не држи." (Секој народ мора да се соочи со својата историја).

Историчарот Ѓорѓи Чакарјановски: "Она што буди сомнеж е сознанието дека еден од луѓето што вечерта биле во базата барал токму Кочо Рацин да оди кон печатницата за да им однесе храна на Миновски и на Инадески. Потоа, требало заедно да се повлечат од печатницата. Миновски, кој бил на стража, слушнал дека некој доаѓа и извикал "стој". Откако Рацин не застанал, тој пукал и не отишол да провери дали и кого погодил. Потоа поминало повеќе време откако се разбрало дека Рацин го нема и, по потрагата, да го најдат мртов." (Вистината за Рацин се' уште е закопана на Лопушник).

Неспорно е дека случајот со убиството на Рацин не е докрај истражен, дека постојат различни верзии, контрадикторни изјави и дека во сето тоа има многу сомнежи. Сето тоа трба да го истражува првенствено историската наука." (Вистината за Рацин се' уште е закопана на Лопушник).

Но, до кога ќе чекаме на историчарите?

 

Дали прашањето "КОЈ ГО УБИЛ РАЦИН?" е едно од оние прашања кои не заслужуваат одговор, додека се живи и последните учесници во НОБ?

  • Елегии за Тебе

    Вчера си појдов, наминав
    низ таја гора зелена
    под тија букви високи
    по ќилим сенки широки.

    Одев со глава замаен
    наведната, мртов, зачмаен,
    одев со грутка на срце
    и каракамен на гради.

    Деј гиди горо зелена!
    Деј гиди водо студена!
    Пилците пеат - ти плачеш,
    сонцето грее - ти темнееш.
    Ако ги криеш коските
    на дели млади јунаци
    тука што лежат по тебе
    за тија темни дубрави -
    зошто ги таеш песните?
    Зошто по тебе дрвјата
    и на дрвјата гранките
    и на гранките лисјата
    шумолат скришно таговно?

    Таму горе на небото
    зора руди, земја буди,
    ден морави шири крила
    и алова точи свила,
    таму зора црвенее -
    мое срце ми црнее.

    Ископајте длабок бунар
    извадете ладна вода
    натопете лути рани
    да не горат, да не болат.

    Зоро златна и румена!
    Зоро слатка посестримо!
    Ти изгреваш на далеку -
    дали еднаш ќе изгрееш
    силно, силно, дури милно
    над долови и над гори
    над полиња и над реки
    над мојата татковина?

    Два брега - двата стрмнини.
    А од брег на брег танок мост.
    Под мостот вода морава -
    тече и мие ранава.

    Тече од векот вековит
    и нова и се' нова по нова,
    тече, а тука маките
    се' стари и се' постари.


    Течи - и нам низ срцето
    нели и крвта ни тече?

    Скотски е, скотски животот аргатски
    у темно заѕидан,
    до скот сме синко попритиснати
    на овој свет убав.



  • Тече и влече со себе
    сичко што стои пред неа,
    а на брегови животот
    чмае у троскот зараснат!

    Течи си водо студена!
    Течи си - рони брегови!

    Кој ни ги скрши белите крилца
    крилца на галаби бели?
    Кој ни замати извори бистри
    извори на души чисти?

    И кој раздвои, и кој раздвои
    човек од човек со ѕид?
    И кој направи, и кој направи
    човек на човек роб!

    Та човек од човек
    да страда
    и тегне
    и бега
    од лулка до гроб?

    Ти да знаеш, паметуваш
    и ем да си на ум да имаш -
    работник си - и работник
    ти ќе паѓаш и се дигаш.

    Луњи ли ќе пусти дојдат
    сонце ли ќе јасно грејне -
    патиштата, патиштата
    пред тебе се на борбата.


    Како смртта вечна што е
    така борбата долго трае.
    Но од смртта е по силна
    по патиштата борбата!

    Исцедете, ограбете
    пот и труд и меса голи,
    уста пуста затворете
    да не каже оти боли.

    Очи црни ископајте
    да глејат не давајте,
    раци машки прекршете
    срце лудо наранете.

    Угаснете и светлини!
    Мрак ќе биде - каракамен.

    Има, има - в темнината
    нешто живо пак да свети:
    има болка на душата
    има души наранети.

    Болка боли - болка гори.
    болка пече, душа мори.
    А болката кога свети -
    тешко, тешко, тешко клети!

    Автор, Кочо Рацин

Kind regards : 06 март 2018 година

Sotir Grozdanovski broj 130