ТУЃО НЕ БАРАМЕ, СВОЕ НЕ ДАВАМЕ!

Тања Каракамишева-Јовановска

 Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска 

ТУЃО НЕ САКАМЕ, СВОЕ НЕ ДАВАМЕ

*************

 

И покрај сите видови и форми на притисоци, влевање страв на различни начини, внесување нетрпеливост и закани дека некој, негде, некому, нешто ќе му наштети на Македонецот ако отиде на протест, еве фала му на Бога, живи и здрави сме и ништо не ни фали!

После гордите Вевчанци, после патриотите Прилепчани, на 27 февруари 2018 година го почувствуваме патриотскиот пулс и на Скопјани, кој дава надеж дека Македонците никогаш нема да се откажат од своето и дека секогаш достоинствено, храбро и со ум ќе го бранат својот дом, ќе ја бранат својата Татковина!

И покрај ладното време и покрај снегот кој не престана да паѓа, улиците во центарот на Скопје беа претесни од илјадниците Македонци кои за цело време додека одеше групата по утврдената маршута не застанаа со пеење Македонски песни и со скандирање Македонија, Македонија! Со гордост и достоинство чекоревме заедно како еден, исполнети со најисконската мисла и желба, да го одбраниме нашето Библиско име и да му покажеме на светот дека во Македонија живее горд народ, кој нема да дозволи да се менува името, идентитетот, јазикот, историјата, традицијата. Им покажавме на домашните политичари, ама и на странците дека Заев, или кој било друг политичар нема мандат да преговара за менување на нашето вековно име и идентитет! Никој не ги овластил за такво нешто и додека сме живи нема да му дозволиме такво нешто!

Македонците не дале мандат и овластување за такво нешто!

Македонците никогаш, по ниту една цена, за ниту еден влез во каква било организација, алијанса или што и да е нема да дозволат условување од типот ВЛЕЗ ВО ЕУ И НАТО САМО СО ПАЗАР, СО ТРАМПА НА НАШЕТО ИМЕ!

Ниту едно членство во ниту една организација, па нека е и светска, планетарна организација не е поважно од нашиот идентитет, од нашето име!

Ако го изгубиме нашето име, идентитет, јазик и тоа што не прави Македонци, нема да влеземе како Македонци во НАТО и во ЕУ. Ќе влеземе како безлични луѓе, безимени, осакатени, умрени во душата. Тоа никогаш и никој нема да може да го поправи. Ќе ги оставиме нашите деца без име и без идентитет, ќе ги умреме уште не родени идните генерации, затоа што ние сме потклекнале, затоа што ние не сме имале свест и совест дека вечно им го одземаме апсолутното право да бидат Македонци!

Никој како човек, ниту една генерација како колективитет, нема право да одзема права на друг, да укинува име и идентитет на генерациите што доаѓаат, да преименува луѓе кои сега се живи и кои не се согласуваат да бидат ословувани како горномакедониџи, северномакедониџи, новомакедониџи или нешто друго од тие глупи и идиотски фрази!

Ние од секогаш сме биле, денес сме и ќе останеме Македонци! Нашите деца, внуци, правнуци, се и ќе останат Македонци!

ТОЧКА! 

http://www.dudinka.org

28 февруари 2018 година

 

 

ИМЕТО НЕ ГО ДАВАМЕ, 27 февруари 2018 година, Скопје

Стојан Андов

Сотир Гроздановски

СО ШТО 200-ТИТЕ ИНТЕЛЕКТУАЛЦИ ЈА ЗАГРОЗУВААТ НАЦИОНАЛНАТА ГОРДОСТ ГОСПОДИНЕ АНДОВ?

************

Имав и порано прилика да ве гледам  и слушам,   господине Стојан Андов, и по нешто да забележам од вашите капитулантски самобендисани и арогантно-цинични совети за доброто и лошото, прифатливото и неприфативлото и до колку сме сакале да опстанеме на овие балкански ветрометини, поарно би ни било да ги слушаме надворешните "пријатели", зошто без нив ќе сме биле изолирани и оставени ко сирачиња без леб и без сол. И сето тоа  упатено кон нас Македонците дома и надвор. 

Прифаќајќи ги вашите "бисерни" мудрости  како детска болест, која ќе биде кусотрајна со некој беззначаен ефект, наивно поверував дека, сепак, еден ден, кога вашиот разум ќе ја согледа длабочината на амбисот створен  во времињата  кога вашата политичка и бахата моќ го достигна својот зенит,  ќе застанете и ќе ја промените  насоката која  денес вас и сите нас може да не одведе во вистински неповрат. Тука намерно не го споменувам умот, зошто вистинскиот толкувач на неговата работа е, сепак, РАЗУМОТ.  

Но за жал, до ден денешен вашиот разум никако да проработи, туку со конечното појавување на "спасителот" Зоран Заев, подлабоко се скри во умот, кои  и така одамна не беше во полза на народот, од кој потекнувате.

Во вашата колумна од 20 февруари 2018 година, значи неодамна, пишувате пак на својот бахат и потценувачки начин. Навредувајќи ги 200-тите македонски интелектуалци, патриоти и национално длабоко освестени и загрижени, вие заправо го навредувате македонскиот народ дома и во странските земји, кои не се сложуваат со вас и со деструктивно-примитивно-предавничките политики на вашите истомисленици од СДСМ и неговата владина коалиција. Вие, другар  господине Андов уште на самиот почеток вашите писанија ги  започнувате вака:

"Деновиве околу 200 интелектуалци напишаа, потпишаа и објавија документ со кој се бара од нашата влада веднаш да ги прекине преговорите за решавање на спорот во врска со името на нашата земја. Верувам дека тоа го сторија мотивирани од здравиот разум и чувството на национална гордост. Текстот содржи многу убедувања, искази и осуди, но главно е во рамките на мотивите кои ги принудиле овие угледни луѓе да состават и да објават таков документ.

Меѓутоа, не секогаш здравиот разум е навистина здрав разум. А и националната гордост понекогаш не е во склад со околностите кои ја поткрепуваат, туку и едната и другата категорија во практиката понекогаш се покажале само како лош привид. Ниту амбициите биле поставени врз вистинскиот разум, ниту пак воделе кон заштита на нашата национална гордост, туку и едниот и другиот елемент директно ги загрозувале".

Господине Андов, вие и владата од вашето време заедно со господинот Глигоров, веќе ни поставивте еден посредник кој би требало да не прекрсти сите заедно, колку не има и било каде да сме, заедно со нашата Татковина. Немајќи храброст ниту знаење ниту пак познавање на меѓународното право и начинот на кој функционираат Обединетите Нации, при тоа не одрекнувајќи се од стечените  диктаторски навики,  без консултации со македонскиот народ прифативте тоа што денес ни дојде на наплата, за нешто што никогаш не сме го посакувале, ниту ни беше потребно.

Вие уште тогаш се одрекнавте и од името и од идентитетот на македонскиот народ, наседнувајќи на провидните лаги на истите сегашни "сојузници и доказани" пријатели верувајќи свесно или несвесно дека во спротивно би  биле  народ за отстрел и без перспектива за опстанок.  Го искасапивте Уставот, се одрекнавте од Македонците надвор од републичките граници на Македонија и од јазик и култура и историја, што денес во потполност се реализира и во писмена форма.  Вие го фрливте на сметлиште македонското историско знаме, придонесовте многу македонски синови и ќерки да изгинат во предавничката војна со албанските терористи од надвор и од внатре како вовед во дестабилизацијата, федерализацијата, обезименувањето и на крај до тотално разнебитувањето на Македонија преку двојазичноста и препуштањето на виталните национални, државни и безбедносни институции на албанските терористички структури од надвор и од внатре. И вие зборувате за разумот и гордоста на 200-тите интелектуалци да се во "нескладност со околностите кои во практиката, понекогаш се покажале само како лош привид"?

Со кражбата на општомакедонскиот имот и обесправувањето на својот сопствен народ во  неговата сопствена држава, створена со многу жртви во Втората светска војна вие, господине Андов и уште доста "Мохиканци" заедно со нивните  "Мохиканчиња" кои на измама и со помош на надворшни фактори ја зазедоа македонската држава и ја претворија во "случајна држава" во која е се' можно,  немате право да зборувате за некој разум, зошто неможете да се пофалите дека  го имате. 

Тие интелектуалци кои  ги прикажувате како предавници на македонските национални интереси и гордоста македонска (која за вас не значи многу), се последната надеж на македонскиот народ кои се трудат по цена на сопствени жртви својата храброст и знаења да ги користат во борбата со "Голијатот" на денешниот свет, како би го спречиле тоа што е направено од понатамошна ескалација и тоа што се подготвува од неразумните, да се реализира.

Вие, господине Андов продолжувате со вашите писанија да ги прикажувате вашите искривени тези како заслуга и се' што денес се случува со преговорите за името и се' друго, за што народот нема појма, како услуга за која, ние, сите заедно минус вие "спасителите" на Македонија не сме благодарни па "бараме преку лебот погача". Е тоа е навистина разумно од вас почитувани Стојане.

"Одлуката на владите на Македонија и на Грција да почнат преговори со кои ќе биде решен овој веќе 27 годишен спор, кој не само што ни причинува големи штети, туку се' повеќе станува важен фактор кој може да ја наруши стабилноста во регионот, предизвикана од неодложните потреби овој спор што поитно да се реши. Притоа одговорноста е на секој од двете влади за тоа каков ќе биде исходот од овие преговори.

На владите и на едната и на другата земја им се потребни сугестии и предлози што ќе дојдат од јавноста, пред се' од интелектуалните кругови, за тоа како да се водат преговорите, на што да се засноваат нашите ставови итнт. Но во целина земено, оваа храбра одлука на двете влади да почнат преговори со цел дефинитивно да го решат овој спор, треба да биде широко подржана".

Амин Андоне! Од вашата уста, во Господови уши. 

Па зарем сите демонстрации на македонскиот народ и повици на сите здрави интелектуални сили во Република Македонија за донесување на заедничка стратегија во полза на македонските национални интереси не се доволни за решавање на вашите "добро намерни сугестии" од вашиот последен параграф минус последната капитулантска реченица?

Топката е во вашето двориште, господине Андов. Покажете му го последниот параграф на премиерот Заев, постапете по барањето на интелектуалната стручна заедница, формирајте групи, разговарајте, поставете ги македонските црвени линии како што тоа со децении ги прават Грците и донесете одлука за секогаш, без страв од никого. Но, не се плашете да побарате совет и од народот, кој на крајот на краевите  е тој, кој ќе  ги плати сметките, а владата ќе ги добие и идните избори. Во спротивно, сите заедно ќе одите во тропотарницата на македонската, но и на светската историја како прва држава и влада кои кукавички самите си го ставивме јажето околу вратот и нестанавме од списокот на народите, но и од сеќавањата на државите и народите кои не признаа со нашето уставно име Република Македонија. Не признаа, но ние ги изневеривме.

Тоа ќе биде вистинска причина да бидеме, не само изолирани, туку и презрени  од сите нив над 140 членки на ОН и сметани за не достоини партнери за соработка. Бидејќи ако не си го почитувате својот сопствен народ и самите си ја предавате својата држава на вековниот непријател без и трунка на отпор, не сте за било чие почитување и респект. Па...

 

АКО ТОА ДО СЕГА НЕ СТЕ ГО РАЗБРАЛЕ, ДРУГАР АНДОВ, НЕМА НИКОГАШ НИ ДА ГО РАЗБЕРЕТЕ!

 

 

Македонски Манифест

ДО ПАРЛАМЕНТОТ И СОВЕТОТ НА ЕУ  

ФАШИЗМОТ ТРОПА НА ПОРТИТЕ НА ЕУ

*************

 

(Повод: нацифашистичката демонстрација против Република Македонија на митингот во Атина на 4-ти февруари 2018-та година)

 

Уважени,  дали го следевте нацифашистичкиот собир против Република Македонија на плоштадот Синтагма во Атина на 4-ти февруари 2018 година ? Сто и пеесет илјади грла му посакуваа исчезнување на нивниот северен сосед од лицето на земјината топка. Уште пострашен беше оној грчки митинг, од тој тип во Солун, на почетокот на девеесеттите од минатиот век со разулавена толпа од милион протестанти. 

Неодамнешниот митинг во Атина исто така беше проектиран на таа бројка. Но ако не ја постигна, не значи дека со така подивеното битие тој нема неа да ја постигне на следниот митинг. Но, зарем и бројката од сто и пеесет илјадна жестока толпа во нацифашистичка екстаза  е за занемарување кога е насочена да уништи цел еден мирољубив народ?

Дали сте размислувале каква е таа темна страст, господа пратеници, на која вие и вашите правни и други институции гледате со вчудовидувачка рамнодушност. Додуша ние Македонците, имајќи го предвид вашиот документ со име "Лисабонска декларација" од 1991 година и можете да го сфатите тоа. Тоа, дека просветителска Европа на Француската буржуаска револуција, онаа на Волтер и другите енциклопедисти, како и Европа на Иго и Бакунин, денес мртва. Таа денес како да нема други освен профитабилни материјалистички, геостратешки, колонијалистички и слични идеи. Богатите ЕУ банки се тука да управуваат  софистицирано со новиот светски колонијализам, потпомогнати, се разбира, по потреба и од моќните бомбардери на НАТО-алијансата која ја скицира планетарната слика на пеколот.

Уважени, веројатно знаете дека на самиот почеток, првиот член од Конвенцијата на ОН за заштита на човековите права гласи: "Сите народи имаат право на саноопределување", што значи и на сопствено име, посебно ако некои од нив него не' со столетие-две, туку со милениуми го носат како колективен архетип на душата, каков што е случајот со македонскиот народ, кој во минатото му дал многу културно-цивилизациски дарови на Западот, картезијански, а сега во либералкапиталистичка одежда на сопствениот егоизам. Неговиот сегашен пример на односот кон Република Македонија е од најсофицистиран и истовремено најподол тип на таков егоизам кој, се разбира, по дефинициј е антихуманистички, антикултурен и антицивикизациски. Бидејќи, ако не знаете,  култура и цивилизација се поими кои во некои аспекти битно се разликуваат.

Уважени, зарем не сте свесни дека првин со вашата перфидна Лисабонска декларација, потоа и со целиот притисок што го вршите врз Македонија да се преименува, до денес, и' го попречувате патот на една малечка и мирољубива земја за интеграција меѓу народите во светот, не само во вашиот нарцистички Запад, за "културен натпревар меѓу народите" како што прекрасно го дефинира македонскиот револуционер и визионер Гоце Делчев. 

Господа од бриселскиот ЕУ естаблишмент, свесни ли сте дека вашиот проект, со подршка и на Вашингтон, за да биде комплетно западното "цивилизациско" чудовиште, кон Република Македонија е геноцид, оти сите антрополози се согласуваат во едно: дека најстрашна од сите смрти, имено, е идентитетската смрт, онаа која вие безсрамно и вон меѓународното право сте и' ја подготвиле и намениле на малата Република во срцето на Балканот, кој исто така сеуште го сметате за еден вид на нецивилизирана, митоманска и варварска зона. Измисливте и формиравте регион под фантомско име Западен Балкан на пониска раса, не како вашата ариевската, и го држите во цивилизациски карантин, како што го правеа и се уште го прават тоа Американците со Индијанците.

Ете, тоа е главно вистината што сака да ви ја каже во очи Македонски Манифест, почитувани пратеници и друг висок естаблишмент во бриселска ЕУ. Вистината за која вие или не сте свесни, или замижувате пред неа. Или и едното и другото, што е поверојатно. Но тоа, пријатели на Мефисто, може на ЕУ, која е конструкт само на неколку најмоќни со колонијалистичко минато држави, да и' се врати како бумеранг. Да и' се врати Третиот вообновен Четврти рајх на фашизмот.  

Односот кон Македонија на ЕУ е таков и премногу јасен знак. Лисабонската ЕУ-декларација е типичен нацифашистички, ариевски документ на тој план. Размислете добро во стилот на Декартовото "Мислам, значи постојам" и ќе видите дека е така. Нацифашистичкиот митинг на плоштадот Синтагма во Атина на 4-ти февруари исто така par excellence се вклопува во таа грда ЕУ-слика. Бидејќи Грција е ваша членка и миленичка. Тоа е тоа. Цивилизациско и културно помрачение на арогантната колонијалистичка Европа, која не само што сеуште не се откажува, туку уште повеќе ги засилува денес своите колонијалистички претензии во нов стил и на нов начин.

На крајот можеби ќе прашате, господа пратеници и другиот ЕУ- естаблишмент, зошто кај нас во Македонија немаше реакции на нацифашистичкиот митинг во Атина ни од владачката СДСМ, ниту од опозициската ДПМНЕ. За албанските етнички партии, пак, не трба посебно да ви објаснуваме. Тие се целосно на ваша позиција за преименување и идентитетска ликвидација на Македонија, а се' со цел, заедно со НАТО како извршител ја бомбардиравте во 1999-та Србија, а три години подоцна во 2001 ги подржавте бесрамно албанските терористи во Македонија. Двете најголеми македонски партии, посебно онаа на за ваши темни потреби востоличена марионетска влада, пак, во недостаток на морал, храброст и родољубиви чувства полтронски коленичат пред вас и Вашингтон. Тоа е, господа, сега засега цивилизацискиот дострел на ЕУ, која дури и пред Гете шурува со Мефистофел.

Господа, неофашизмот сериозно тропа на портите на ЕУ. Тероризмот (париска Батаклан, Лондон, Берлин, Мадрид, Брисел...) се гласни сигнали за тоа, а вие сакате идентитетски да ја задавите, да и' го сопрете здивот на малата Република Македонија со страшниот притисок да се преименува. Свесни ли сте што правите? Зарем и' беа малку две крвави светски војни на арогантната Европа?  Само како брзо ги заборави таа нив. И' треба ли и трета таква или слична катастрофа за малку да се опамети таа? За да биде малку поморална, да го надмине својот материјалистички либералкапиталистички нарцизам и егоизам? И' треба ли некоја Октомвриска револуција со нов елан, возобновување на Интернационалата на пролетерите (сиромашните и онеправдените) кои ќе тргнат и против силните бомбардери на вашето и американското НАТО, во кое насилнички не' туркате, за да се опамети таа? Тоа се многу сериозни прашања.

Размислете естаблиштменти господа од ЕУ за тоа  додека не е доцна. Вклучете го вашиот заспан мозок, употребете го правилото, но и вашиот морал ако воопшто преживеал некој атом од него. Направете го тоа пред се' заради вас. Заради некои светли историски мигови на западната европска цивилизација, на некои за жал вие сега не сте им достојни и ги газите и гаснете.

МАКЕДОНСКИ МАНИФЕСТ:

Ефтим Клетников-поет, Стојан Стојков-композитор, Слободан Пренџов- професор, Фима Клетникова-поетеса, Александар Русјаков-режисер и писател, Дардан Венетски-новинар, Запро Запров-диригент, Цветан Гавровски-професор, Сотир Костов-правник, Олгица Трајковска-правник, Мелпомени Корнети, амбасадор, Наташа Котлар-историчар.

 

http://www.svest.mk

08 февруари 2018 година 

Проф. Тања Каракамишева

Тања Каракамишева

ЕДНО ДА СИ ЗНАЕТЕ, ЕДНО ДА ВИ Е ЈАСНО ВАМ ОД ВЛАСТА

***********

 

1. Ако насилно, без наша волја ни го смените името, идентитетот, јазикот, историјата и се' што е Македонско со некаква бесмислена и за нас неважечка спогодба договорена далеку од очите на граѓаните, бидете подготвени за долга и мачна сутска постапка на светско ниво во која нема да ве спасуваат ни Европската Унија, ниту Свети - ЕУ.

2. Тие што ве љуљаат сега само за да не избришете од картата на живите народи, кога ќе го сторите тоа, ќе ве помножат со нула, нема да ве познаваат веќе, бидејќи нема да им бидете потребни, а непотребните во светската политика се фрлаат на првиот завијок. Тие ќе ве фрлат, ама затоа на ред ќе дојдеме ние кои ќе ве влечкаме по белосветски рочишта додека сте живи и додека не ја исправиме оваа планирана неправда, беда од недостоинство и национален срам.

3. Се' што избришавте, се' што кукавички тргнавте, се' што допрва ќе избришете и ќе поганите, се' што ќе срушите и уништите еден ден ќе биде вратено назад, таму каде што му е местото, таму каде што му припаѓа, на македонскиот народ!

 

27 февруари 2018 година

http://media24.mk

 

Професор Нестор Огинар

Огинар до Фрчкоски

"ИНТЕЛЕКТУАЛЦИТЕ" ОД ТВОЈОТ СОЈ НИКОГАШ НЕ ЌЕ МОЖАТ ДА ИСЧЕКОРАТ ОД ПЛАТОНОВАТА ПЕШТЕРА

************

Професорот Нестот Огинар, кој заедно со неговата сопруга, Милица, е еден од  потписнците на писмото од 200 интелектуалци за прекин на преговорите за името му напиша отворено писмо на проф. Љубомир Фрчкоски, кој во својата колумна за порталот "Либертас" потписниците на писмото ги нарече "срамна сурија".

 

Во прилог ви го пренесуваме неговото отворено писмо:

Даниеле, Даниеле,

Ти пишувам од "провинцијата" Њујорк каде што за последниве 50 години научив дека мојата Македонија, таму од другата страна на океанот, има премногу "интелектуалци" од твојот сој кои што никогаш не ќе можат да исчекорат од Платоновата пештера.

Те познавам како еден од "се' знајните", "се' присатните архитекти" на Вавилонската кула што ја изградивте на македонска почва и бевте скапо платени од раката на Мамнон. Повеќе од четврт век ти и таквите како тебе се вградивте во темелите на таа кула и секоја година ги менувате тулите и камењата, заедно.

Менивте и Устав и Име и Знаме, и ... менивте се', а сепак вие останавте непроменети на самиот врв на кулата..., се' до ден денешен.

А денес, кога таа кула се урива незапирливо, затоа што темелите вие ги копавте, ти повторно се обидуваш да останеш на тој врв, играјќи ја пак улогата на незаменливиот "УМ" на една лажна и неодржлива конструкција.

Во немоќ да се изразиш на македонски јазик, кој што очигледно го потценуваш и со намера да го нагласиш својот космополитанизам, ти го прекриваш твојот текст со англосанксонски и латински зборови на кои би ти позавидел и еден Вујаклија.

Пишуваш на јазик на кој ништо не си научил од Блаже конески. Ти кој што никогаш не си излегол од твојата провинција без да ти платат оние во власта на кои наизменично им служиш, менувајќи се според дневните потреби, се дрзнуваш да ни држиш лекции мене и на мојата сопруга, меѓу другите.

Ти, кој што со години живееш во балонот на твојата самобендисаност, гледајќи се себеси катаден во водата во која одамна се удави младиот само вљубен Нарцис, немаш ниту интелектуално право, ниту знаење, ниту морал да зборуваш на теми за кои би паднал на првиот испит пред вистински критериуми.

Те оставам да чмаеш и да трепериш во студот и темнината на пештерата на Платон затоа што немаш ниту храброст, ниту доблест да излезеш надвор на виделината каде што грее македонското Сонце.

Сакам да знаеш дека: "Цинизмот е последниот збег на неранимајкото", а тој збег повеќе не може да ја крие суровата голотија на твојата универзитетска катедра, што со години не заслужено ја узурпираш.

 

24 февруари 2018 година

http://media24.mk

 

Крсто Јовановски

Крсто Јовановски

РУШЕЊЕТО НА СПОМЕНИКОТ НА ЌОСЕТО Е АКТ НА ДЛАБОКА ФРУСТРАЦИЈА И ГНЕВ КОН СОПСТВЕНИОТ НАРОД, ИСТОРИЈА И КУЛТУРА. СДСМ СО ОВА МАНИФЕСТИРА ПРИМИТИВИЗАМ И КУКАВИЧЛУК

*************

 

Која е разликата помеѓу Мула Омар, талибанскиот лидер кој даде наредба за уривање на статуата на Буда која е светско културно наследство и вчерашната наредба на СДСМ да се урне споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето? Која е разликата меѓу Ал Багдади, еден од лидерите на ИСИЛ кој даде наредба за уништување на древната Палмира и вчерашната наредба на СДСМ за уривање на споменикотт на Андон Лазов Јанев-Ќосето ? Одговорот е јасен. Разлика нема!

Ова се вандалски акти, целосно неприфатливи за 21 век. Разлика нема освен нијансата дека оние од СДСМ кои го нарачале, осмислиле и реализирале овој срамен чин, кукавички се сокрија и го урнаа споменикот во раните утрински часови.

Ова го истакна Крсто Јовановски на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ и додаде:

- СДСМ со ова манифестира примитивизам и кукавичлук. Рушењето на споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето е акт на длабока фрустрација и гнев кон сопствениот народ, кон сопствената историја и кон сопствената култура. Целта на рушењето не беше споменикот, како предмет, кој е обележје на еден човек кој животот го посветил на Македонија. Целта е рушење на идејата за Македонија со сопствена историја. Рушењето на споменикот на Ќосето е континуитет на антинационалните политики на промената на историјата на државата, нула денари за македонскиот јазик, неуставниот закон за јазици или преименувањето на аеродромот и на автопатот.

- СДСМ, рече Јовановски, испраќа порака дека во Македонија се' е менливо, дека нема историја, нема идентитетско обележје или било што од кое тие самите  не се подготвени да се откажат, да го поништат.

- СДСМ е подготвено да уништи и тоа што не се бара од нив. Но, граѓаните гледаат. Граѓаните паметат. СДСМ од ден на ден влегува во скандали, само за да ја прикрије својата неспособност. Штетата што СДСМ ја причини врз македонската држава во изминатиов период е непроценлива. Наместо инвестирање и проекти, граѓаните се сведоци на масовна деструкција. Ова не е одлика на партија која е свртена кон европска иднина и реформи во полза на граѓаните. Споменикот е легално поставен и затоа има документација. Тие скоро една година потрошија на рушење. Скоро една година и нанесуваат штета на државата. Ветуваа живот, а секој ден го претвораат во пекол.

 

27 февруари 2018 година

http://media24.mk

 

 

Љубомир Фрчкоски

Љубомир Фрчкоски

ПОТПИСНИЦИТЕ СЕ ПАРАНОИЦИ, ПРОВИНЦИСКИ УМОВИ, ПАТЕТИЧНА СУРИЈА

******

"Писмото на интелектуалците за прекин на преговорите со Грција е крик на оштетени луѓе, квази жртви, патетична сурија со провинциски ум".

 

Професорот Љубомир Фрчкоски е последен во низата т.н. либерални мислители кои се нафрлија врз двестемина потпишани под повикот за внимателност и непродавање на македонските национални интереси.

По обичај, извонредно грубо, Фрчкоски освен што  Ad hominem  ги напаѓа, истовремено во нивниот чекор наоѓа доказ дека се, всушност, искомплексирани параноици со провинциски ум, кои бараат алиби за сопствената неспособност.

"... Не можат да бидат слободни, делотворни, еманципирани, со поглед напред и со самодоверба - бидејќи ги мразат соседите, ги отфрла и не ги разбира меѓународната заедница, малцинствата ги роварат одвнатре, либералните интелектуалци ги предаваат одвнатре. Или со речникот на оваа патетична сурија: на македонскиот народ му се подготвува и води 'отсекогаш, впрочем) духовен и физички геноцид од соседите... му се копа гробница ( одвнатре и однадвор...). Тоа е нивниот хоризонт на  мобилизација и 'творештво' и отсекогаш таков бил. Со тој аноректичен интелектуален ангажман не можете да аргументирате, бидејќи своите убедувања ги базираат на фантазии за конспирација, а со фантазии не можете да полемизирате (Конисберг). Идентитетот на Македонецот, кој во своите фантазии го бранат, е негативно определен: Македонецот е тој кој се чувствува негиран, поделен, омразен и згазен, а од таа перспектива онемоќен и гневен. Тој не може, бидејќи некој друг му оневозможува, но еве тој ќе кликнел и сите (ерго омнес) ќе дознаеле за непраавдата кон него (јебао вас крик)! Од тој аспект, тоа во основа е и здодевна сурија" пишува Фрчкоски.

Професорот на Правниот факултет при УКИМ продолжува нарекувајќи ги "200-тоте од Термопилите-под Мариово", кои сега се мобилизирале "во еден посебен паничен момент-кога на тоа држење на Македонија заложник на изолацијата, на Македонија 'во дупка' и на Македонецот 'кој не може', може да му се види крајот".

"Кога има геостратешка шанса да се излезе од таа дупка, секако, ако се сака, ако се мобилизира граѓанството во еманципаторската насока, ако за тоа се има критичка интелектуална мобилизација и човечки материјал, секако. Двестоте во Суријата се симбол на Македонија која останува назад, како талог на дното од дупката во која толку долго, предолго нацијата битисуваше. Тие не се предводник кон никаде и ништо, тие се талог кој останува. И тоа може да биде интелигенцијата, секако -талог на нацијата" вели Фрчкоски.

Тој потсмешливо забележува дека не било вредно труд и напор на овој профил на заробен ум да му објаснуваш дека националниот интерес на Македонија е единствено можно и впрочем најефикасно да се одбрани ако се има среќа и способност да може да се направи "плетенка" со геостратешките интереси на крупните меѓународни актери на балканската и европска сцена. Дека националните интереси ќе ги загрозиме ако останеме сами и изолирани уште еден период во иднина!

"Каков е тој ум што ова не може и не сака да го види ? Кои се тоа плачипич... аргументи од Вучичевски маштап во чокајлиева интерпретација : нечемо у ЕУ ако је услов признавање Косово" "нејќемо во ЕУ разнебитени, обезличени и сл. Кој хохштаплерај во лажење и фалсификување на позиции и факти е тоа ? Го грабнале и го држат јорганот-алиби, кој ги покрива аноректичните интелектуални телца од можната слобода и соочување со тоа дека Македонецот може да биде слободен и неомразен, можеби. Признат, а не-негиран, можеби! Во тој нов момент во нашата историја ќе се соочиме конечно со тоа што можеме кога не сме оспорувани и негирани како алиби за откажување! Со тоа кои сме и што вредиме конечно сами за себе и со слободата во наши раце?

Нормално е на некој начин што 200-те од Термопилите под Мариово - во моментот кога е можен пробив, се во панична мобилизација! Сега се бара прекин на преговорите и пад во тотална изолација која ја оценуваат како доблест! Како гордост на пропаѓање-што со Лакановски речник би бил порив на смртта (death drive) можно разнебитување-но гордо во нивните умови! Некои од нив се во карактеристична интелектуална какофонија (како што секогаш биле), па предлагаат по прифатливи имиња за државата (???) што значи не се баш за прекин, туку за поприфатливи солуции за крајот на преговорите! Некои од нив предлагаат за излез други алијанси и стратешки сојузи (и јасни антиамерикански) антиевропски и анти НАТО позиции ! Трети во таа срамна сурија предлагаат конечно во тој расплет раздружување и со Албанците, бидејќи ова била Македонија на Македонците и сега е моментот на расчистувањето и на тоа прашање во котелот на кризата која ќе се појави по евентуалниот колапс на преговорите и изолација на земјата.

Дел од нив (а тие се посебно драматични) се нудат како жртва, ја антропоморфизираат заедницата и ситуацијата во која замислуваат дека е таа: еден вели се родил во Македонија, а ќе умре, демек, во Не-Македонија? Поколенијата и претците (Ахх...) им ја подале-завештале Македонија - мајка, да ја чуваат, а тие сега рацете им треперат пред предавството што демне да го изгубат завештанието, да немаат на децата што да им остават ?". дополнува Фрчкоски.

 

24 февруари 2018 година

http://media24.mk

 

Андон Лазов Јанев-Ќосето

 

 

 

ЗДРУЖЕНИЕТО НА ВОЕНИТЕ ИНВАЛИДИ ОД 2001 ОД ВЕЛЕС БАРА ЌОСЕТО ДА СЕ ПОСТАВИ ВО ГРАДОТ

**********

 

 

 

Покрај историското и духовното разнебитување, неодамна во Македонија се започна и со физичкото разнебитување на македонската држава. Стапија во акција примитивно-вандалските планови на еден од најконтраверзните и  психички најнестабилните  "гении" од средината на архитектурата, регрутиран од владејачката гарнитура на СДСМ, мудрецот Мирослав Грчев.

Се започна со истакнати личности од времето на борбата за слобода и враќање на македонската државност, изгубена  во последните 100 години на старата ера. Изгубена државност, од исти причини, како и во овие години на 21-от век; од појава на луѓе без чувства за заедништво, минимално достоинство и гордост дека се дел од едно минато кое ги чини препознатливи во светов во кој живееме.  Дел од еден народ со име, историја, култура, традиции и свој сопствен идентитет. Македонски!

Во овој налет на вандализам, карактеристичен за окупатори од минатите војни на овие македонски и балкански простори, се започна со споменикот на еден од македонските револуционери и најблиски соработници на Гоце Делчев, Даме Груев и други водачи на македонскиот народ од времињата на Османлиската Империја, Андон Лазев Јанев-Ќосето. 

На 24 февруари 2018 година, со цел да се заштити дигнитетот на овој македонски  револуционер, Здружението на воените инвалиди од 2001 година од Велес со писмено соопштение до медиумите информира дека донело одлука да се најде решение за споменикот на Ќосето. 

Како што нагласува Стојче Гочевски, претседател на ова здружение, за оваа цел тие планираат да се обратат до Советот на општина Велес да им помогне овој споменик да се донесе во Велес и да се постави на соодветно место.

"Тоа е револуционер кој и' бил потребен на Македонија за подигнување на борбениот дух кај народот против Османлиите и предавниците кои зеле огромен замав против водачите на Организацијата за ослободување на Македонија, во тоа време.

Нашата идеја е, да дадеме иницијатива до Советот на Општина Велес да го побараат споменикот на Андон Лазев Јанев - Ќосето да се донесе и постави во родниот град Велес, како што доликува за еден бестрашен лик, на еден револуционер кој го заштитувал народот ништејќи ги предавниците на водачите на Организацијата за време на Османлиското ропство. 

За Ќосето има многу да се раскажува, бидејќи бил храбер револуционер и заштитник на народот", потенцира Гочевски во своето писмено обраќање до медиумите.

 

Сотир Гроздановски

За текстов се користени делови од текстот во

http://fokus.mk

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ 76

**********

МАКЕДОНИЈА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА

(1941 - 1945)

 

1. Втората светска војна на Балканскиот Полуостров

Втората светска војна настанала како последица на многубројните противречности и противставености меѓу победничките и поразените сили во текот на Првата светска војна. Италијанскиот фашизам  и германскиот националсоцијализам создале плодна идеолошка подлога заснована на ревизионизмот и реваншизмот за да ги приближи земјите поразени во Првата светска војна. Врз тие основи Германија, Италија и Јапонија создале сојуз наречен Троен пакт и преку политиката од позиција на сила ја истакнале својата желба за нова распределба на сферите на влијанија.

Втората светска војна започнала со нападот на Германија врз Полска на 1 септември 1939 година.

Бугарија пристапила кон Тројниот пакт на 1 март 1940 година и веднаш на 2 март започнало навлегувањето на 12-тата германска армија од Романија, преку Дунав, во Бугарија. За седум дена 680.000 германски војници биле распоредени по јужните граници на Бугарија кон Грција, Југославија и Турција.

Југословенската влада, на 25 март во Виена, потпишала протокол за пристапување на Југославија кон Тројниот пакт. По организираните демонстрации на 27 март 1941 година во Белград, во Скопје и во други градови на Југославија од страна на прозападните српски политички партии и по извршениот државен удар, пактот со Германија бил отфрлен и била формирана нова, проанглиска влада, на чело со генерал Душан Симовиќ. Новата влада на 5 април 1941 година потпишала спогодба со Советскиот Сојуз за ненапаѓање .

 

2. Априлската војна од 1941 година и поделбата на Македонија

Непосредно по настаните од 27 март, Хитлер решил војнички да ја уништи Југославија и да ја разбие како држава, бидејќи таа станала не сигурен фактор за престојните акции "Марита" (нападот врз Грција) и "Барбароса" (нападот врз Советскиот Сојуз). Планот предвидувал едновремен напад врз Југославија и врз Грција во содејство си италијански и со унгарски сили, како непосредни учесници.

Кралството Југославија било нападнато на 6 април 1941 година. Истиот ден германските сили навлегле и во Македонија. Во реоните на Страцин и на Струмица се воделе жестоки борби во кои југословенската војска се обидувала да го спречи брзиот пробив на германските сили. Југословенските воздухопловни сили, стационирани во Скопје и во Куманово, се обидувале да и' се спротивстават на германската авијација, но биле разбиени. На 10 април 1941 година германските сили ја окупирале Македонија.

На 17 април 1941 година во Белград била потпишана безусловна капитулација на југословенската војска. По капитулацијата, во согласност со одлуката за разбивање на Кралството Југославија, како држава, нејзината територија била поделена  меѓу Германија, Италија, Унгарија и Бугарија. По воспоставувањето на гранците, но и поради потребите на германските сили да се подготвуваат за напад врз Советскиот Сојуз, Хитлер побарал Бугарија да ја окупира Македонија до одредената воена граница, која се протегала по линијата Пирот-Врање-Скопје, понатаму по долината на Вардар до грчката граница.

Нвлегувањето на италијанската војска во Македонија, нејзиното приближување до Охрид и неговата околина, како и повикот на Хитлер, претставувале силен мотив на Бугарската влада да ги прекине дипломатските врски со Југославија на 15 април, а веќе на 18 април 1941 година бугарската војска навлегла во Македонија. Таа во вардарскиот дел на Македонија навлегувала од три правци: Кривопаланечкиот, Беровскиот и Струмичкиот. На 19 април 1941 година бугарската војска навлегла во Тракија и во егејскиот дел на Македонија, на просторот од десниот брег на реката Марица до реката Струма. Меѓутоа, во согласност со воено-политичката состојба во глобална смисла,  како и со настаните на Балканот, со цел да се задоволат интересите на Германија, Хитлер во директивата бр.29, која се однесувала на окупацијата на Грција, меѓу другото, извршил поделба на егејскиот дел на Македонија.

Според таа директива, северна Грција, односно територијата на  егејскиот дел на Македонија била поделена на три окупациони зони: Италијанска, Германска и Бугарска. Италија навлегувала до линијата Лерин-Катерина. Германската била најголема, го зафаќала најбогатиот дел, на запад од линијата Катерина-Лерин, а на исток до реката Струма. Бугарија од егејскиот дел на Македонија го окупирала просторот од реката Струма до реката Места. Секој од окупаторите ја организирал одбраната на "својата" зона, а контролата и командата над сите зони, која била сместена во Атина , ја имала Командата на 12-тата германска армија, на чело со фелдмаршалот Лист.

Границата до каде што можела да навлезе бугарската војска во југославија, односно во Македонија, била одредена во планот на Врховната команда на Вермахтот, донесена на 27 април 1941 година.

 

3. Воспоставувањето на окупационата власт во Македонија

На 18 април 1941 година во Македонија навлегла бугарската армија и веднаш започнала со воспоставување на окупационата власт на подрачјето во границите одредени од страна на Германците. Воспоставувањето на окупациониот систем се вршело во три фази.

Првата фаза започнала со навлегувањето на воените сили и со воспоставувањето на воената власт. Таа се воспоставувала напоредно со напредувањето на воените сили, прво во големите градови и во помалите населени места, а потоа и по главните комуникациски јазли.

Во втората фаза се воспоставувала полициската власт со спроведување разни мерки : воведување полициски час, ограничување и строга контрола на движењето, издавање нови лични исправи, раселување, апсење, строга цензура, а во случај на непослушност се применувале терор и злосторства. Напоредо со тие  активности, бугарските сили вршеле силен психилошко-пропаганден притисок.

Во третата фаза, која може да се нарече и воспоставување на цивилната, односно државноадминистративната власт, се организирале и се оживувале стопанската дејсност, администрацијата, образованието, црквата, културата, здравството, информативната, финансиската и другите дејности од областа на цивилниот општествен живот.

Организирањето и функционирањето на бугарскиот окупационен систем во Македонија истовремено претставувало преземање на природните, историските, културните и сите други богатства на македонската територија, а се започнало и со асимилирање и денационализирање на македонскиот народ. За таков вид "ослободување" Бугарската влада веќе имала подготвени сили кои, за кратко време и без поголеми проблеми,  воспоставиле воена, судска и законодавна, а потоа и административна и политичка власт, како и црковна јурисдикција. Животот и функционирањето на бугарската власт во Македонија требало да бидат исти како во Бугарија.

На италијанското окупационо подрачје воено-полициската окупациона власт траела до јули 1941 година. Периодот од април до јули 1941 година, всушност, претставува интерегнум. Поранешната кралска југословенска власт ја напуштила територијата, а нова не била воспоставена. Поради тоа, италијанските воени органи ги повикале поранешните југословенски општински, судски и административни чиновници и понатаму да ја вршат власта, но да и' бидат лојални на италијанската воена власт и да соработуваат со италијанските командни места. 

Со декретот на Мусолини од 17 мај 1941 година воените власти, односно командните места, организирале и воспоставиле цивилна и судска власт во општините. Со овој  декрет било наредено, на територијата што ја окупирале италијански вооружени сили, цивилната власт во согласност на Воениот закон, да ја вршат цивилни комесари, кои ќе бидат именувани од Врховната команда, одредувајќи им исто времено територија на која ќе ја вршат власта. Цивилните комесари поставувале или отпуштале службени лица во зависност од потребите или по наредба на Врховната команда. Всушност, тие се грижеле за функционирањето на јавниот ред и за безбедноста, како и за одвивање на окупацискиот систем. Во јули 1941 година, со Декрет на кралскиот претставник на Италија во Албанија, Франческо Јакомини, окупираниот дел на Македонија од италијанските сили бил анектиран кон Албанија, со што била создадена "Голема Албанија", според програмата на Призренската лига.

 

4. Бугарскиот акционен комитет

По капитулацијата на Кралството Југославија и навлегувањето на германските сили се распаднал владеачкиот систем на Кралството и настанал период на безвластие, односно политички интерегнум. Со навлегувањето на германските сили во Македонија, од Бугарија пристигнале македонски емигранти, пробугарски ориентирани. Тие, во средината на април 1941 година во Скопје го формирале Бугарскиот централен акционен комитет, а потоа во поголемите градови низ цела Македонија, формирале уште 25 месни бугарски акциони комитети. Приврзаниците на идејата за создавање бугарски акциони комитети во Македонија, чии реализатори биле Стефан Стефанов и Васил Хаџи Кимов, сметале дека во создадените услови со окупацијата на Кралството Југославија Бугарија може да не учествува во војната. Во таквата ситуација нивната задача била да поведат борба за постигнување автономија на Македонија и нејзино присоединување кон Бугарија. Меѓутоа, откако ја воспоставила својата окупациона власт, на 7 јули 1941 година Бугарската влада донела одлука да ги распушти бугарските акциони комитети и да ја забрани нивната активност.

Покрај бугарските акциони комитети, по навлегувањето на бугарската окупаторска војска во Македонија, приврзаниците на Иван (Ванчо) Михајлов ја продолжиле соработката со  Бугарската влада, а некои од нив соработувале и со германските окупаторски команди, но и со Иван Михајлов, кој во тоа време престојувал во Загреб. На тој начин кај соработниците со окупаторските сили дошло до раслојување во две групи:

Во првата група, меѓу поистакнатите личности биле Димитар Чкатров, Спиро Китанчев, Димитар Ѓузелов и други.

Втората група ја сочинувале приврзаниците на Иван (Ванчо) Михајлов, меѓу кои особено се истакнувале Васил Хаџикимов, Стефан Стефанов, Кирил Дрангов, Борис Огненов и други.

И двете групи имале бугарска национална определба и врз таа основа ја остварувале соработката со Бугарската влада. И едните и другите го прифаќале бугарскиот карактер на македонскиот народ, но се разликувале во однос на припадноста на идната држава. Првите иднината на Македонија ја гледале во пргласувањето на автономна или независна македонска држава под протекторат на Третиот Рајх. Таа требало да има бугарски карактер, а нејзиниот официјален јазик да биде бугарскиот литературен јазик. Вторите се залагале за обединување на Македонија во рамките на бугарската држава.

И ако и двете групи настојувале да се наметнат со своите ставови кај бугарските окупаторски власти и да ги реализираат своите идеи, тие останале разочарани од односот на бугарската држава, која единствено гледала да ги искористи нив за своите окупаторски цели, воопшто не обрнувајќи внимание на нивните ставови кои биле во спротивност со политиката на Бугарската влада. Исто така, нивните идеи, освен кај мал дел од македонскиот народ, воопшто не биле прифатливи за народот, кој многу бргу ја сфатил окупаторската улога на Бугарите во Македонија и нивната намера за неговата денационализација.

Групата околу Димитар Чкатров и Димитар Ѓузелов била составена главно од месната интелигенција. По навлегувањето на германската окупаторска војска, во оваа група дошло до раслојување во две помали групи. Првата се залагала Македонија да се присоедини кон Бугарија, а втората група, во која биле Д. Чкатров, Д. Ѓузелов, С. Китинчев и други, барала да се прогласи автономна или не зависна македонска држава под протекторат на Третиот Рајх.

 

 Продолжува

Блаже Конески

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

***********  

БЛАЖЕ КОНЕСКИ

 

Ангелот на Света Софија

Во оваа песна поетот е инспириран од фреската во црквата Света Софија во Инстанбул. Таа оживеана фреска на која и' се обраќа поетот е симбол на минатото, на вечното, на нашата историја. Но, вториот дел на песната е рефлексивен и во него поетот пее за својата младост и за минливоста на животот. Двата дела на песната, Конески мајсторски ги спојува во целина, споредувајќи го ликот на ангелот со својата душа (под малтерот на ѕидот мрачен - под малтерот на мојте гради), но сепак спротиставувајќи ги како вечност (ангелот) и минливост (својот живот).

  • Ангелот на света Софија

    Ти кој што толку време мина
    под малтер на ѕидот мрачен,
    пак слободен си в простор зрачен
    - о сине тих на мисла сина -
    со живот пак ти гори видот
    и зори како небо ѕидот.

  • ("Песни")

    Но таа лика што се крие
    под малтерот на мојте гради
    и - утеха од дните млади -
    по убост како сестра ти е,
    не, нема мајстор да ја спаси,
    со мојот живот ќе се згаси.

    Автор, Блаже Конески

Kind regards : 01 март 2018 година

Sotir Grozdanovski broj 129