... ИМЕТО НАШЕ Е МАКЕДОНСКО А ТАТКОВИНАТА МАКЕДОНИЈА!

Митрополит Повардарски +Агатангел.

 

 

Митрополит Повардарски +Агатангел 

( Станковски )

МАКЕДОНИЈА И НЕЈЗИНАТА ИСТОРИСКА ШАНСА

 

 

 

Драги мои Македонци! 

Воведени сме во големо и страшно искушение. Стоиме пред еден од најголемите предизвици во нашата историја. Дојдено е времето да ги покажеме својата душевна и духовна сила. Од нашите постапки и од нашата цврста волја зависи иднината и опстојот на нашиот народ и на нашата држава. Пред нас  е исправен нечестивиот со неговите поделби и немири. Без наше учество во неговото недело, неговите намери се безвредни, а неговата сила е бессилна и хаотична. Неговата намера е јасна, а неговите постапки се очигледни. Ни се предлага безумство и нечуена лудост. Не само што сме присилени да се самоукинеме како македонски народ, туку треба и да им бидеме благодарни за тоа на новите кумови.

Но нека биде јасно еднаш за секогаш, името наше е македонско, а името на нашата татковина е Македонија, такво сме го наследиле како македонски народ, такво ќе им го предадеме на идните генерации. 

Во последните децении, оние што требаше да се грижат за народната благосостојба, во борбата за власт и овоземска слава бесрамно газејќи преку се' го изморија народот, ја исцедија неговата сила, го доведоа до апатија и безволност. Тажно е да се биде сведок на ваквото време, тешко е да се поднесе целото секојдневие. Конечно треба да разбереме дека никому ништо нему должиме и никој и ништо на овој свет не е вреден за таква голема жртва, каква се бара од нас. Македонија не е само денеска, таа е древна цивилизација од која се состои темелот на нашето национално битие. Затоа да бидеме силни и достојни за животот што го живееме и за богатството што сме го наследиле. Не смееме да дозволиме во блиска и во далечна иднина од нас да се срамат нашите ќерки и синови. Ако предлозите што доаѓаат однадвор се невидена дрскост и нечуена срамота, тогаш уште посрамота се оние што се согласуваат и молчат пред нив, а земаат плата од нашите тешко спечалени пари.

Имаме шанса, драги мои, да ги посрамиме сите оние што имаат задни и нечесни намери. Нашето одлучно "НЕ" ! на нивните предлози е нивниот најголем пораз. Нашата решителност и одважност за националните прашања силно ќе одекнат во светот. Преку нив ќе си го зачуваме образот и ќе го надградиме нашиот углед. Не постои власт во светот што може да оди против својот народ. Оној што се обидел да оди спротивно од народните потреби и интереси неславно и во срам завршува на ѓубриштето на историјата. Наивци се оние што мислат дека се конструктивни ако молчешкум се фатат на орото со непријателот. Треба и нив како македонскиот народ да ги разбудиме и освестиме. Ова мое писание е уште еден повик за отрезнување и вразумување.

Нека им биде јасно на сите дека ние Македонците не преговараме, ниту прифаќаме никакво име за својата држава освен Република Македонија, ниту пак имаме намера да си поигруваме со нашиот вековен македонски идентитет. Народното единство е нашиот спас, без него сме сите ние скршливи стебленца на силниот и непредвидлив ветер. Во нашата добра намера за свој сојузник го имаме Бога. Тој секогаш ги штити и крепи онеправдените. Го чека Бог нашето срце, нашата молитва, нашата подготвеност. Ќе ни помогне да излеземе од бездната во која со децении не' туркаат славољупците и среброљупците. Ние самите на себе сме си најголемиот пријател, да не очекуваме дека некој одстрана ќе се застапи за нас. Ако имаме пријатели, што бездруго е така, ќе бидеме бескрајно благодарни. За непријателите, пак, ќе се помолиме да ги вразуми Бог, никого нема да мразиме, ниту пак да го осудуваме. Љубовта го создава, обликува и спасува светот. Ние ќе престојуваме во љубовта, но вистината и правдата, секогаш јавно и без  стеснување ќе ја кажуваме и сведочиме. Со таков смирен дух ќе се избориме за своите права и во иднина ќе го браниме она што макотрпно и со многу труд низ вековите сме го стекнале. Оние што без срам и одобрение од народот преговараат за бесмислени прашања како што се името на државата, јазикот и идентитетот на македонскиот народ што поскоро нека се вразумат и нека ги усвојат гореспоменативе начела. Нека ги тргнат настрана личните интереси и суети. Нека сфатат конечно дека нив никој не ги овластил да преговараат за прашања поврзани со македонската историја, со македонскиот јазик, име и идентитет. Секој што понатаму ќе продолжи да преговара и да им се умилкува на странските и грчките политичари е само еден дрзок слабак што мисли високо за себе. Нека бидат свесни нашите преговарачи дека вечно ќе останат запаметени како предавници и одродници во нашето историско сеќавање. Такво наследство ќе им остават и на нивните деца, внуци и правнуци.

Храброст и смелост ни треба во овие моменти. Нека се чуе на секаде по светот дека Македонците се горд и достоинствен народ и не потпаѓаат лесно на лаги и манипулации. Нашата решителност нека ги утеши и оние наши браќа и сестри од соседството што цел еден век живеат во тортура, омаловажување, негирање и понижување. Еднаква е нашата одговорност, како за нас така и за нив. Нашата храброст ќе го спречи нивното понатамошно осипување и одродување. Ништо на овој свет не е повредно од нашето достоинство и од нашата чест.

 

Да не дозволиме странци и не Македонци да ја кројат нашата иднина.

 ИМАМЕ ИСТОРИСКА ШАНСА ДА СЕ УТВРДИМЕ КАКО СЕРИОЗЕН НАРОД И СЕРИОЗНА ДРЖАВА. ОВОЈ ПЕРИОД Е НАЈСЕРИОЗНИОТ ТЕСТ ЗА НАШАТА ЗРЕЛОСТ КОЈ МОЖЕМЕ И МОРАМЕ УСПЕШНО ДА ГО ПОЛОЖИМЕ.

**********

http://www.novamakedonija.com

10 февруари 2018 година

 

Македонија пред Балканските војни
1912 и 1913 година.

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ 73

***********

Македонија во периодот на Балканските војни до почетокот на Втората светска војна на Балканот

(1912 - 1941)

 10. Политичките сили на националноослободителното движење по војните

 

 

Сосема природно, сето она што се случувало во македонското националноослободително движење во периодот по војните 1912 - 1919 година, поточно во првите две децении по Мировната конференција во Париз, во својата основа претставува продолжување на она што се случувало во движењето по Илинденското востание. А тоа значи дека без оглед на промените што ги носело времето, и уште повеќе, без оглед на драматичност на настаните што се одвивале, идејното и програмското структуирање на силите во македонското националноослободително движење, започнато по Илинденското востание, продолжило и по Првата светска војна. А тоа пак, заслужува да се подвлече, било сторено во услови на поделена Македонија и под власт на три држави, т.е. во радикално променети геополитички услови. Тоа само по себе, зборува за самостојноста на македонското ослободително движење, како и на неговите програмскополитички цели. Се разбира, оваа констатација не значи дека по Првата светска војна македонското националноослободително движење својата активност ја продолжило без да наидува на проблеми.

Како прво и основно, пред Балканските војни Македонија претставувала единствена етничка и политичка целост. Во неа биле силите и раководниот центар на ослободителното движење. По поделбата и по концентрацијата на голема бегалска маса од Македонија во Бугарија, каде што пристигнал и најголемиот дел од кадровскиот состав на револуционерното движење, тоа не било повеќе случај. Поради тоа, по војните и во еден период од 20 години, базата на македонското ослободително движење ќе се најде во редовите на македонската емиграција во Бугарија. Таа, македонската емиграција во Бугарија, ќе ја преземе врз себе пренесената од Македонија идејнополитичка и програмска поларизација од времето пред Балканските војни. Се разбира, при тоа не станува збор за механички пренос на идеите од едно во друго време. Во прашање се само општите рамки на двете програмски ориентации на ослободителното движење, десница и левица. Во новите услови по војните и двата блока на ослободителното движење ќе бидат изложени на влијанието на новите идеологии што ќе се појават во светот - комунизмот и фашизмот. Поради тоа, положбата на македонската емиграција во Бугарија, формите на нејзиното организационо поврзување и дејствување како база на националнореволуционерното и културно-политичко дејствување  во новите услови по војните предизвикува посебен интерес, имајќи го предвид натамошниот развој на националноослободителното движење.  Впрочем, македонската емиграција во Бугарија уште во времето на нејзиното појавување, се стекнала со значајна улога во дефинирањето на програмскополитичките цели на националнослободителното движење во земјата. Со оглед на тоа, интерес предизвикува етаблирањето на македонската емиграција во Бугарија, начинот на нејзиното поврзување со новата средина и нејзиното израснување во значаен политички фактор. Тоа е фактор што се стекнал со значајни позиции во периодот меѓу двете светски војни и што ќе остави длабоки траги во развојот на националноослободителното движење.

Како што е познато, основна форма на меѓусебното поврзување на македонската емиграција во Бугарија била братството. Тоа обично се основало врз роднокраен принцип, т.е. според селото од кое доаѓале бегалците од Македонија. Најчесто, како израз на традиција и континуитет, на својата нова населба бегалците и' го давале името на селото од кое потекнувале. 

Бројот на братствата на македонската емиграција во Бугарија зависел од интензитетот на приливот на новите бегалци. Најмногу се зголемил за време на војните (1912-1918 г.). Според некои информации, во ноември 1918 година бројот на братствата веројатно изнесувал 22, додека десет години подоцна (1930) достигнал до 200. Освен тоа, покрај братствата, еден дел од припадниците на македонската емиграција, главно ветераните на Илинденското востание, биле организирани во друштва на Илинденската организација. Се разбира, бројот на братствата и на друштвата на Илинденската организација, во прицип, не го определувала нивното место во развојот на ослободителната организација  на македонскиот народ во редовите на емиграцијата во Бугарија. Впрочем, бројот на членовите на братствата не изнесувал повеќе од 3-4 проценти од вкупниот број на македонската емиграција. Меѓутоа, тоа не го намалувало нивното место во рамките на бугарската држава. Напротив, поради аспирациите на Бугарија кон територијата на Македонија, таа си го присвоила легитимитетот, дома и во светот, да говори во име на македонската емиграција во Бугарија, но и за положбата на сонародниците во Македонија. Оттука е и големото значење на братствата, уште повеќе на нивните централни органи - Националниот и извршниот комитет, за развојот и во диригирањето на националнослободителното движење на македонскиот народ во редовите на емиграцијата, па и пошироко. Впрочем, поголем дел од македонската емиграција во Бугарија, уште со самото појавување, постепено и систематски бил претворен во инструмент на политиката на Бугарија за развојот на македонското националнослободително движење. Пример за тоа претставуваат настаните поврзани со Македонско-кресенското востание (есента 1878 година). Во тој поглед особено заслужува да се укаже на формирањето на Врховниот комитет (1895 г.) за време на Фердинанд, како и на неговите настојувања ВМОРО и подготвуваното востание да ги стави под своја контрола.

Една внимателна опсервација на политичкото дејствување на Извршниот и Националниот комитет на македонските братства за време на Мировната конференција во Париз (1919 г.) и при состојбите потоа во редовите на емиграцијата сосема аргументирано ќе покаже дека раководството на македонската емиграција фактички претставувало организациона разновидност на Врховниот комитет, прилагодена на новите услови по Првата светска војна. Оттука, иако во редовите на братствата во Бугарија членувале 3-4% од вкупниот број на емиграцијата, битката за влијанието врз нив и пред се' нивното централно раководство за сето време на нивното постоење (од 1918 до 1934 г.) била жестока. И двата пола во редовите на емиграцијата, т.е. десницата и левицата, се бореле раководството на братствата, респективно на емиграцијата, да го имаат под своја контрола.  

Судирот за остварување доминантно влијание врз органите на братствата особено бил жесток во периодот 1919-1925 година. Суштината на овој судир, како и пред Балканските војни, била од програмскополитички карактер. Како основно се поставило прашањето за ослободувањето, дополнето по војните со прашањето за обединувањето на Македонија. Формално, сите учесници во тој судир  се залагале за автономна Македонија. Токму заради нејзините залагања за автономија на Македонија, старо-новата ВМРО, под раководството на Тодор Александров и на Иван Михајлов, го добила епитетот автономистичка. Меѓутоа, проблемот не бил во поимот туку во содржината, во целите, односно што се' влегло во поимот автономија. Впрочем, прашањето за каква автономија на Македонија се залагала одредена политичка струја во националноослободителното движење е тесно поврзано со прашањето што било поставено веднаш по прекинот на воените судири: чие е македонското прашање, кому му припаѓа и како може да се реши.

Во суштина, тоа и не било ново прашање. Тоа постоело пред и особено по Илинденското востание. Меѓутоа, по крајот на Првата светска војна и по поделбата на Македонија, тоа се поставило извонредно остро. Како и пред тоа така и по војните, се појавиле две, едно на друго спротивставени гледишта. Само што сега прашањето не се поставувало пред македонскиот народ внатре во Македонија, туку пред македонската емиграција во Бугарија.

Струјата околу Извршниот комитет на братствата застанала на стојалиштето дека македонскиот проблем е проблем на Бугарија и неговото решавање и' припаѓа на бугарската држава. Втората струја во редовите на емиграцијата сметала дека македонското прашање е македонски проблем, поврзан со ослободувањето и обединувањето на Македонија, со создавањето автономна македонска држава, втемелена на рамноправноста на сите народи што живеат во неа. Нејзината цел треба да е присутна во "свеста на македонскиот народ, без оглед на етничката припадност да се гради чувство на припадност кон заедничка нација", да се "охрабруваат сите оние што наместо името Бугари за себе го употребуваат името Македонци". 

Односот помеѓу двете струи по ова основно прашање во натамошниот развој  на ослободителната борба на македонскиот народ ќе прерасне во тежок судир, кој ќе доведее до расцеп во редовите на десницата. Имено, на Вториот конгрес на братствата, 63 делегати го напуштиле Конгресот. Една година потоа, на 4 декември 1921 година 27 братства организирале свој конгрес, на кој била основана новата "Македонска емигрантска федеративна организација" (МЕФО), чија цел била: "независна Македонија во нејзините географски и економски граници при еднакви верски, национални, граѓански и политички права на сите народи што ја населуваат, по примерот на демократска Швајцарија".

Создавањето на МЕФО како нов политички субјект во националнореволуционерното движење е израз на длабоката политичка и идејна криза низ која поминувало движењето по доживеаните порази во претходниот период. Кризата била резултат на внатрешните престројувања околу барање патишта за продолжување на ослободителното движење во новите услови. Продлабочувањето на кризата било последица и на влијанието на определени националистички кругови во Бугарија. За последниве особено било важно да ја држат македонската емиграција под своје влијание. За таа цел, веднаш по поразот на Бугарија во војната, била преземена иницијатива за обновување на дејноста на ВМОРО. Меѓутоа, повеќе не било актуелно обновувањето на старата "Внатрешна македонско-одринска револуционерна организација" туку создавањето на една нова македонска "револуционерна" организација, чиј центар ќе биде во Бугарија, а нејзината дејност ќе се одвива во Македонија, пред се' во нејзиниот вардарски дел. На чело на оваа старо-нова организација, со испуштањето на "Одринско" од името, со асистенција на Воената лига во Бугарија бил поставен Тодор Александров. Веста за основањето на ВМРО била објавена на 11 јуни 1920 година.

 

Тодор Александров 4 март 1881 - 30 август 1924 година

Обновувањето на ВМРО под раководство на Тодор Александров не го запрело процесот на раслојување во редовите на десницата. Напротив, нејзината појава и задачите што и' биле наметнати, во новите услови да се бори за старите начела на врховизмот ќе доведе до создавањето на МЕФО и до изострување на односите помеѓу двете организации до степен на оружен судир. Последиците од судирот со МЕФО особено жестоко го погодиле вардарскиот дел на Македонија. Меѓу 1919 и 1924 година од Бугарија во овј дел на Македонија биле извршени 60 навлегувања на чети. Во судирот меѓу МЕФО, ВМРО и органите на српската власт загинале над 500 луѓе, повеќе стотици биле затворени и малтретирани, повеќе десетици осудени.

Иако во битката со МЕФО ВМРО на Тодор Александров однела победа, сепак таа не успеала да ги наметне своите програмски цели во македонската борба. Прашањето на борбата за самостојна Македонија, ослободена од влијанието на бугарската политика, и натаму била извор на несогласувања и судири. Тодор Александров не успеал да изгради конзистентна програма за целите на борбата на македонскиот народ. На пример, во директивата на ЦК на ВМРО од 11 јуни 1920 година кога била основана оваа организација, се вели дека нејзина основна цел е "слободата на Македонија, под форма на автономија или независност во нејзините етнографски и економски граници". Но во истата таа директива се бара и федерален статус за вардарскиот дел на Македонија во рамките на кралска Југославија, додека за егејскиот дел на Македонија се поставува целта да се "спречи емигрирањето на народот и да се извојуваат извесни права за месна самоуправа, слобода  во јазичен, религиозен и друг однос". За пиринскиот дел на Македонија во декларацијата не се зборува ништо.  Веројатно подложен на критика поради очигледната недоследност на поставените цели на борбата за "слободата на Македонија", 17 дена подоцна, како ништо да не се случило, Александров објавил нова програмска платформа во која декларирал дека: "борбата за ослободување на Македонија ќе продолжи се' додека не се добие автономно уредување за трите дела на Македонија"!

Тодор Александров често ги менувал програмските цели за кои се залагала неговата автономистичка ВМРО.  Најголем исчекор и изненадување во тој поглед направил со воспоставување контакти со СССР и со Коминтерната. Документите што ги донесол ЦК на ВМРО во април 1924 година претставуваат речиси неверојатен потег на Александров. Радикално нова во тие акти е констатацијата дека целите на борбата на македонскиот народ во поглед на ослободувањето и обединувањето на Македонија можат да се реализираат во рамките на една балканска федерација и со поткрепа на СССР. Под влијание на СССР, тој го прифатил речиси неприфатливиот предлог - да се прекине жестокиот судир со МЕФО, а двете организации да се обединат во една, што би претставувало обединување на силите на македонското ослободително движење. Овој акт Тодор Александров, жестокиот противник на левицата во ослободителното движење, имал за цел да му се стави крај на фракционерството.

Како врв на оваа ориентација било потпишувањето на Мајскиот манифест од 6 мај 1924 година. Во Мнифестот, меѓу другото, се констатира дека "денес Македонија одново е поробена и разделена помеѓу трите балкански држави : Србија, Грција и Бугарија" и дека ниту една од нив не размислува за "самоопределување на македонскиот народ во самостојна политичка единица, ниту пак на Македонците да им го даде правото што им го осигуруваат културниот развиток како национално малцинство".

Иако по објавувањето на Манифестот во весникот "Балканска федерација", исплашен за својот живот, Тодор Александров го прогласил него за комунистичка измислица, фактот што дал согласност за неговото потпишување е извонредно значаен. Тоа покажува дека на Александров му било јасно дека ВМРО може да опстане на политичката сцена во македонското националноослободително движење само доколку нејзините цели кореспондираат со изворните стремежи на македонскиот народ. Тодор Александров го платил својот потпис на Мајскиот манифест со својот живот. И не само тој. Неговото убиство било прикажано како дело на комунистите, а тоа неговиот наследник на челото на ВМРО, Иван (Ванчо) Михајлов, во договор со националистичките кругови во Бугарија, го искористил за масакрирање на идејните членови на левицата во пиринскиот дел на Македонија и пошироко во Бугарија. 

Со погромот што го извршил врз левицата во македонското националноослободително движење, Иван Михајлов му нанел тежок удар на процесот на обединувањето на силите на ова движење не само во редовите на емиграцијата во Бугарија, туку и пошироко во Македонија. Меѓутоа, ниту овај масакр, ниту безпримерниот терор на Иван Михајлов, не го скршил духот на Македонците во Бугарија. Иван Михајлов, исто како и Тодор Александров, со организирањето на таканаречениот Голем собир во Горна Џумаја (Благоевград) во февруари 1933 година, искрено или не, тоа е друго прашање, од слични причини како и Тодор Александров се обидел да се ослободи од прегратките на бугарската политика во интерес на политичките стремежи на македонската емиграција во Бугарија. Но, и овој пат, како и девет години пред тоа со Тодор Александров, неговиот обид бил грубо оневозможен од органите на бугарската држава. Навистина, тој не  го платил тоа како Тодор Александров - со својот живот. Едноставно, бил протеран од Бугарија, а дејноста на ВМРО, на сите нејзини фракции и на други организации под нејзина контрола била забранета (19 мај 1934 г.)

 

Продолжува

 

Розита Христовска, македонска поетеса

 

 

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

 

 

 

 

ПИСАНИЈА

"Оловни мониста"

*** 

  • Камен на камен
    со векови таложен
    во утробата македонска.
    Земјата со крв натопена.
    Надгробни плочи
    на знајни и незнајни јунаци
    исплакани а недоплакани.
    На паднати бранители
    Коски врз коски
    и бигори наталожени
    со солзи засушени.
    Трупани едно на друго.
    Ред коски
    ред солзи чемерни
    на мајките траурни.
    По чеда со младост недовршена.
    Ред коски
    ред солзи невестински

  • по љубените пред Бога венчани.
    Љубени а недољубени.
    Ред коски
    ред солзи невини
    на децата по своите татковци.
    Оставени без таткови прегратки.
    На синџирот од страдања
    со алки од маки и болки
    крајот не му се гледа.
    Воздишки без утеха.
    Барем да останат писанија
    да сведочат за вистината
    за кого крвта била пролеана.
    Дека се гинело за Македонија.
    **********

    Автор : Розита Христовска

Kind regards : 15 февруари 2018 година

Sotir Grozdanovski broj 125

ГРЧКОТО ЗЛО ДА НЕ СЕ ПОФТОРИ