ОВА НЕМА НИКОЈ И НИКОГАШ ДА НИ ГО ЗЕМЕ

Георги Константиновски

Сотир Гроздановски

АРОГАНТНОСТА И НЕПРИЈАТЕЛСКОТО ОДНЕСУВАЊЕ НА  АРХИТЕКТИТЕ ОД СРЕДИНАТА НА СДС СПРЕМА МАКЕДОНСКОТО ИСТОРИСКО НАСЛЕДСТВО Е НЕПРИФАТЛИВО

 

 "За 10 години, барокот ќе се распаднел и  Скопје ќе изгледало ужасно"

 

Ова се злонамерни предвидувања на така наречениот доајен на македонската архитектура, Георги Константиновски. Тој,  во времето кога крајот на неговото животно постоење рапидно се приближува и кога и тој наскоро ќе исчезне од сеќавањата на македонскиот народ, се' уште самобендисано и злобно, би можел да речам и детински, посакува се' што било пред него и после него да не постој и да се уништи за секогаш. Размислува за делата на неговите колеги од големиот проект "Скопје 2014" како  за дела со кои  Македонија се срамела и  кои би требало да се урнат, за да се кренело напред, во нов и "современ развоен" почеток.

Почеток назад во времињата кога тој имал  збор во градењето на  бетонски висококатници нужни во повоените прилики кога  народот требаше да добие било каков кров над главата. Или пак како во Албанија за времето на Енвер Хоџа,  кога земјата  им се покриваше со стотици бетонски бункери,  за одбрана од самите себе си.

Желбите да нестане се' што не' личи  на  "грандиозните" архитектонски проекти кои ги створила неговата интелигенција и научна умешност од неговата ера, како на пример студентскиот дом "Гоце Делчев" без купатила и без  животен простор  поголем од простор за две кокошки, во кој би ги дале своите плодови, не се вредни за уривање на ниту еден споменик изграден во чест  на македонски јунак, кој го положил животот пред олтарот на Татковината.

Замислете си за минут, господине Константиновски, нa некој како вас или како  на вашиот газда кои денес "јаде живи луѓе"   му го урне гробот на вашиот или неговиот татко, дедо, мајка, дете или... затоа што на некој како вас не му се допаѓал?  Дека архитектонски не изгледал  по негов вкус...?

Да се избришат, зошто тоа на некој од надворешните сили и арамии на македонското древно минато не им одговара? Не  им одговара, зошто  нивните истории ги втемелиле и написале врз нашето минато и врз  славата на нашите, македонски претци?  

Тоа е зло чинителство, а не обновувањето на богатото минато на една голема и моќна светска цивилизација, ма колку и да кошта, за која во времињата на нашите школски години и од политички причини многу не се зборувало, а уште помалку  предавало во македонските училишта, освен начелно.  Се тврдеше дека тоа нема врска со нас Македонците. Дека е тоа се' грчко. Не се зборуваше, за да не се навредат нашите соседи. Исто  како и денеска, со доаѓањето на власт  на новите домашни предавници од составот на СДС, но и од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. 

Резултатите од таквото однесување во нашето образование? Хендикепираност на сегашните македонски кадрови,  зошто не ја препознаваат вредноста на она што нашите претци ни го оставиле во аманет! 

Да се избрише се' што е поубаво и по атрактивно и за македонските граѓани, но и за  добронамерните посетители од другите земји од светот,  кои имаат што да видат од нашата историја и културното наследство. Да им покажеме дека не е се' грчко што досега виделе и слушнале и дека Македонија не е дрво без корен. Ако тоа ние самите не го напишеме и не го докажеме со вистински факти и археолошки артифакти, другите тоа ќе го направат, како и што го правеле во времињата кога Македонците немале пристап до веродостојни историски извори. Ако се плашиме од арамиите на македонското историско и културно наследство и ги исполнуваме нивните желби одејќи и до најбизарните барања како менување на името на македонската држава и светиот идентитет на македонскиот народ, ние повеќе не заслужуваме ниту држава, ниту ние да постоиме како луѓе и народ со свое име. Во тој случај, вие господине Константиновски, не сте македонски архитект и треба да си отидете таму, каде што припаѓате.

Господине Константиновски, македонскиот народ не се подготвува за самоубојство и за некоја си "Нова, Горна, Долна, Источна, Западна Македонија" без минато и достоинство, минимум за да се биде човек. Се бори за опстанок во својата исконска Македонија. Би требало да се подготвува за поарно утре, по достоинствено, до колку луѓето кои ги школувал го поведат и им го покажат патот. А тоа не сте вие и сите како вас.  

Уривањето на се' што им ветивте на Грците и на Бугарите, вклучувајќи го   менувањето на името наше исконско и идентитетот на народот македонски  за влез во ЕУ и НАТО  го започнавте прво со вашата срамна "шарена револуција" и нагрдувањето на македонските градови и села, а за замена, дозволивте "украсување" на земјата македонска, со албански знамиња и споменици. Споменици  на злосторници, на кои им ја предадовте и власта над Македонија, зошто не сте способни самите со неа да управувате. 

За ова срамете се! Како врвни интелектуалци и така наречен "крем" на академската заедница на Македонија.

Драги мои читатели, во продолжение на текстов ќе ви ги пренесам  и најважните "бисери" од  интервјуто на овој само уважен архитект, заедно со неговиот видео запис. Да го видите и самите да ја протолкувате  неговата порака  со која отворено бара од нас, македонскиот народ, доброволно да се откажеме од самите себе си и од сите белези на македонската древна, средновековна и онаа поблиска историја до времето на новата влада на СДС на чело со  Зоран Заев. Да се одрекнеме,  пред да почне "цивилизираната" инквизиција да пали и руши све до што ќе стигне. 

Ево што вели господинот Георги Константиновски во неговото "инспиративно" интервју за емисијата на ТВ Окно скопски од  24 февруари 2014 година:

- Говори за бруталните интервенции врз модернистичките објекти во градот; за неинвентивните декорации и градби од проектот Скопје 2014; за личните искуства во обновата на Скопје; за храбрата модернистичка архитектура и за новите објекти кои не' обележаа како град на кичот и невкусот.

- Потоа, "преоблекувањето" во барокно руво на зградата на Стоковната куќа, НАМА и Комората, било злосторство. Со тоа тие ги навредувале архитектите и нивното авторско право.

- Ваквиот однос спрема она што во еден временски период претставувало одраз на современиот живот и архитектура не постоело ниту во една цивилизирана земја. Вели нашиот архитект.

- Понатака, господинот Константиновски тврди дека било потешко да се направи објект во духот на модерната, отколку да се копира нешто што некогаш постоело. 

- Стручњаците од  Oбединетите Нации по земјотресот направилe прекрасна анализа на градот и ни рекле дека ако се држиме до нив, Скопје ќе прерасне во еден од најубавите градови во светот.(?) 

- Архитектите се плашеле да го кренат својот глас поради тоа, што биле  загрижени за нивните работи. И на крајот,

- За Скопје да може да оди понатаму, требало да ги тргнеме објектите од Скопје 2014.

Како американски студент, во негово време, нашиот сонародник е за сигурно запознат со многу нешта кој просечниот човек немал прилика ниту да сонува. Но, сепак  би му препорачал на нашиот уважен архитект да го погледне видео записот на грчката ТВ СКАЈ под наслов: "Документи што го шокираа светот" во кој се зборува за стварањето на новата грчка држава после нивната револуција од 1821; како е створена и од кои елементи е скроена грчката "еднонационална демократска држава"; од каде толку иториско-културни обележја по нивните главни градови денес, а кои во текот на долгите историски превирања, странски освојувања и мешање на разни народи, петвековно владеење на Османлиите, ги снемало во виорот на човековите злодела. Од сите тие антички убавини останале само  некои непрепознатливи фрагменти, од кои израснале нови и убави копии на нивното славно минато.

Не се ли сите тие монументи копии од некои преостанати слики и приказни сочувани по странските музејски визби или измислени од грчките сликари, архитекти, разни фалсификатори, квази професори и "стручњаци" за античката историја и што ли не друго? Па сигурно да се!

Потоа, почитуван Константиновски, прошетајте се до Баварија и посетете го Минхен, каде ќе ја видите копијата на градот Атина.  За сигурно ќе се запрашате од каде Атина во Минхен, град и симбол на древна Грција, на простор далеку од античкиот свет, на место во чија земја не постоат никакви археолошки артифакти, а сепак таа е тука. Ако побарате податоци за тој "феномен", ќе пронајдете дека тоа е дел на љубовта кoja ja чувствувале баварскиот владар Лудвиг I и неговиот малолетен син Ото, спрема старогрчката култура.

Ако го посетите прекрасниот маузолеј на американскиот 16-ти по ред претседател Абрахам Линколн во Вашингтон, ќе видите масивни и прекрасни декоративни столбови, реликвии од античките времиња. Исто така и по многу други светски метрополи, во кои многу луѓе ниту чуле нешто повеќе за Грција, освен за неспособноста да си ги враќа долговите и  неспособноста да управува самата со себе.  Треба ли сето тоа да се уништува заради болните желби на грчките политичари, до коски уплашени од  злосторствата над македонскиот народ во егејскиот дел на Македонија, па сега со разнебитувањето на Република Македонија, како жив пиемонт на македонскиот народ од цел свет, сакаат од сето тоа да побегнат?

А сега за  вистинскиот крај на мојава приказна, ќе ви го речам и следното: 

За време  на грчката револуција од 1821 година, дури новостворените Грци се тепаа со Турците и ја уништуваа земјата до темел, заедно со се' во неа и над неа, Англичаните ги однесуваа сите богатства од земјата, а уметниците на Лудвиг I правеа копии од се' што ги интересираше и ги носеа во Баварија кај кралот.  Лудвиг I, крал како крал, наредил од сите тие цртежи и планови да се направат копии и наскоро се роди грчката стара метропола во срцето на баварската држава. По урнекот на баварската Атина, одново е изградена Атина, како "верна"  копија, од баварскиот "оригинал", од што никого него заболе главата, до денешен ден. Туристите се воодушевуваат со тоа што го гледаат, а најмалку прашуваат, кои и како ги створил.

Само  на нашите архитекти им смета се' што се наоѓа во македонската земја и што од нив се реставрира македонската култура како оригинално наследство од нашите претци, а не копии од копии како што направија Германците со грчкото наследство. 

Зошто, господине Константиновски не одете во Атина и не им речете да ги срушат сите споменици од древните времиња за кои тие тврдат дека се сите нивни и оригинални, заедно со Александар и Филип Македонски, кога целиот чесен свет знае дека тоа не е вистина? 

Имате ли храброст да им го поставите тоа прашање и да им речете дека сето тоа што им го претставуваат на светската јавност, заправо е обичен кич и само измислена копија од фалсификатори и обични лажговци и неспособни аматери како што зборувате за своите колеги, Македонци?  Дали за десет или пенаесет години ќе им се распаднат и Атина ќе им постане место од кое ќе се срамат? Ни пошто! Зошто, затоа што и вие знаете дека исто како и луѓето и спомениците требаат љубов и "докторска" грижа. А од вас ни љубов, ни грижа; само критика, закана и љубомора. 

Затоа и вие засрамете се за сето тоа што го зборувате. Засрамете се што си ја срамите својата држава и својата нација, пред целиот свет. 

Засрамете се, ако сте  Македонец!

Знам, до колку ќе имате прилика да го прочитате овој мој текст, дека ќе речете оти немам врска со архитектурата во која сте вие мајстор од висока класа. И без да ми го кажете тоа, јас и самиот го знам. Јас несум архитект. Незнам да проектирам тоа што вие знаете, но имам едно во себе почитуван Константиновски: имам чувство за убавина, пристојност и љубов кон се' што е македонско и голема почит кон туѓото. Не сум арогант и самобендисан, а што е најважно, убавината е ралитивна категорија која му припаѓа на секого. Спрема вашите оценки на делата на вашите колеги и творци на единствениот значаен проект од севкупното македонско историско и културно наследство, проектот Скопје 2014 и вашите горливи  желби да ги отстраните сите скулптури од просторот на Скопје заедно со прекрасните фасади кои го направија Скопје убав и угоден град со кој секој пристоен и просечно образован гостин и домашен граѓани се гордее, вие замене сте обичен злосторник кој не заслужува ништо повеќе, од да биде закрпа на својот газда и  партија  на која и' припаѓате. На партијата на власт која ја продава Македонија заедно со својот народ, а камоли не ќе го стори тоа, што вие намеравате. И за последно, господине Георги Константиновски,

 

Храброста е во познавањето на својата сопствена историја, а по се' изгледа, вие од архитектурата не сте мрднале ни чекор подалеку, а пак од културното однесување спрема своите колеги и обичните луѓе, уште помалку од тоа!

БЕЗ КОМЕНТАР ОД "МАКЕДОНСКИ ЗВОР". ПРОСУДЕТЕ САМИТЕ.

Владиката Тимотеј

 

 

 

 

МПЦ - ОА НЕ ГИ ДАВА ИМЕТО, ИДЕНТИТЕТОТ, УНИТАРНОСТА И РАЗГОВОРИТЕ СО БПЦ

 

 

 

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија на својата денешна седница донесе одлука да ги продолжи разговорите со Бугарската православна црква, од која бара да и' биде црква-мајка.

БПЦ, пак, за барањето на МПЦ-ОА ќе ја извести Вселенската патријаршија по Нова Година, кога делегација ќе замине таму на реставрација на нивната црква.

Истовремено, МПЦ-ОА ги реафирмира своите ставови во однос на атрибутите на Македонија, апелирајќи до власта да не се менуваат уставното име на државата, уставната позиција на македонскиот јазик и унитарниот карактер на земјата, како и да не се отстапува од македонскиот национален идентитет.

Портпаролот на МПЦ-ОА, митрополитот дебарско-кичевски и плаошки Тимотеј нагласува дека ги почитуваат правата и на другите етнички заедници, во согласност со Уставот.

 

Роберто, 26 декември 2017 година

http://expres.mk

Лига на македонските Американци - ЛОМА

Македонци во САД

АНЃУШЕВ ГИ НАВРЕДИ МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

***************

Лигата на македонските Американци (ЛОМА) ја осуди изјавата на вицепремиерот Кочо Анѓушев дека за него се прифатливи додавките "северна", "горна", "нова" за името на државата, оценувајќи ги како навреда за Македонија и за македонскиот народ.

 

"ЛОМА безрезервно го осудува македонскиот вицепремиер Кочо Анѓушев за изјавата дека тој е подготвен да прифати Северна, Горна или Нова Македонија како име за Македонија. Господинот Анѓушев смета дека е неопходен компромис за името на Македонија за Македонците да им се приклучат на ЕУ и на НАТО и оти македонските власти имаат одговорност да најдат решение за спорот со името. Сепак, господин Анѓушев апсолутно греши - како висок владин претставник, тој има одговорност да го брани името на Македонија по секоја цена и да него разменува за илузии за економски можности и безбедност", се вели во реакцијата на здружението на македонските иселеници во САД.

"Познатиот основач на САД, Бенџамин Френклин, еднаш рекол: 'Оние кои ќе се откажат од суштинската слобода за да купат мала привремена безбедност не заслужуваат ниту слобода, ниту безбедност'.

На господинот Анѓушев би му било од полза да го послуша советот на господинот Френклин: Македонците не треба да го жртвуваат своето право на самоопределување со цел да се приклучат кон институции кои не се подготвени да ги третираат праведно и еднакво. Господинот Анѓушев, како македонски функционер, има обврска да застане во одбрана на македонскиот народ и на неговите слободи со неподлегнување на шовинистичката и дискриминаторска агенда наметната од Грција и со нетргување со македонското име за членство во елитистички организации. Тој треба да има храброст да застане и да каже: 'Ако ЕУ и НАТО не сакаат, тогаш ќе мора да не прифатат како еднакви' ", се додава во соопштението објавено на вебстраницата на ЛОМА и дистрибуирано преку социјалните мрежи.

"Коментарите на господинот Анѓушев се навреда за Македонија и за македонскиот народ. Со неговите коментари, македонската нација и идентитет добија уште еден удар. Анѓушев повлекува црвена линија за промената на идентитетот на Македонија, но не сваќа дека менувањето на нашето име ќе го промени нашиот идентитет. Кога македонските официјални претставници и граѓаните ќе сватат дека моќта да се одреди својата судбина лежи во сопствените раце, а не во ултиматумите на Грција и на Европа?", продолжува реакцијата.

"Македонците можат да имаат своја слобода, безбедност, просперитет, идентитет и име - тие едноставно мора да го бараат тоа. Ако нашите предци можеле да се откажат од своите животи за нашата слобода, тогаш можеме барем да ги почитуваме тие жртви со тоа што нема да ги превртуваме успесите и напредокот на нашите претци. За сите Македонци кои имаат две ноsе и глас: застанете и зборувајте! Нашето име е Македонија и нема да се промени!", стои во реакцијата на ЛОМА.

Според проценките на американското Биро за попис, во 2013 година во САД живееле 49,446 Македонци.

 

Роберто, 26 декември 2017 година

http://expres.mk

Јане Сандански, 1872 - 1915

 

 

 

 

 

 

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ 64

МАКЕДОНИЈА ВО XIX ВЕК

*********************

10. Младотурската револуција (1908 г.)

 

 

 

 

 

Младотурското движење на политичката сцена се појавило во 70-тите години на XIX век како рожба на новите општествени сили во Османлиската империја-буржоаските. Целта на движењето била, пред се', одржувањето на целоста на Империјата, преку спроведување реформи од демократски карактер кои, во суштина, не би значеле и поголема револуционерна промена во економско-општествениот поредок на државата, но би вовеле извесно подобрување во животот на населението и би се ублажила сериозната криза. Слабоста на буржоазијата условила на преден план на ова движење да застане интелигенцијата и тоа воената - офицерството.

Првата младотурска организација се појавила во 1889 година во Истанбул, под името "Обединение и напредок". Таа, 1891 година, основала свој центар и надвор од Империјата, во Париз, кој имал свои разграноци и во некои други градови на Европа.

Илинденското востание, Мирцштершките реформи и оружените судири во Македонија посебно ги загрижувале и го преокупирале вниманието на младотурците. Тие сметале дека се' што се случувало во Македонија, особено реформите, сериозно ја поткопувале османлиската власт во европска Турција. Тоа било причина тежиштето на младотурската дејност да премине во Македонија. Тука, всушност на 3 јули 1908 година започнало и Младотурското востание, во кое решавачка улога одиграл Третиот армиски корпус, чија главна команда била во Солун. Веќе на 24 јули во Солун стигнала веста дека султанот го востановил уставот од 1876 година. Од овој ден во Турција почнал да функционира уставниот поредок - хуриетот.

Симнувањето на апсолутизмот било пречекано со воодушевување во Македонија. Започнало збратимување меѓу раскараните од пропагандите христијани, меѓу христијани и муслимани, насекаде ечеле пораките: братство, слога, рамноправност. Од затворите биле ослободени затворениците, прогонетите се вратиле дома. Четитте на пропагандите, кои сееле пустош низ Македонија, се легализирале и се расформирале. Во движењето се вклучиле и работниците во македонските градови, кои ги поставиле и своите први класни барања.

Во Истанбул била формирана нова влада, но во неа не влегле претставници од Младотурската партија. Солун, каде што било и седиштето на Централниот комитет "Обединение и напредок" и натаму останувал центар на младотурците. Напоредно со некои промени, главно во административната сфера, младотурците спровеле и избори за Парламентот, во кој си обезбедиле апсолутна превласт. Негов претседател стана Ахмед Риза-беј, лидерот на партијата "Обединение и напредок."

Во меѓувреме опозиционите сили, меѓу кои преовладувале клерикалните и реакцонерни сили, успеале  да ги консолидираат своите редови и да тргнат во контраофанзива. На 13 апприл 1909 година тие успеале да ја преземат власта во Истанбул и да ги истиснат младотурците од своите позиции. Но, против реакцијата во Истанбул се кренале балканските провинции, пред се' војската и населенето од Македонија. На брза рака организирани сили - војската од Третиот солунски корпус, придружена од голем број доброволци, меѓу кои и од околу 1200 Македонци, на чело со Јане Сандански, како и од албански доброволци, тргнала за Истанбул. По тридневни жестоки борби, пучистите биле поразени, а уставниот поредок вратен. На 27 април Великото народно собрание го детронирало Абдул Хамуд II и на негово место го поставило неговиот брат султанот Мехмед Решад V. По оваа победа започнала ерата на младотурското владеење во Империјата. Од нивното владеење дефинитивно зависел спасот или падот на државата.

Периодот по април 1909 година се карактеризира со динамичен политички живот, при што општествените сили во Македонија, користејќи ги новите услови, започнале да се организираат како би можеле да ја продолжат старата дејност - сега под друго име да работаат за реализација на старата програма, која и понатака останала во сила. Во тој  поглед младотурците ништо не промениле. Тие оставија Патријаршијата и Егзархијата и натаму да функционираат со сите привилегии што веќе ги имале. Уставните слободи уште им овозможиле на пропагандите да се организираат во разни клубови - бугарски, грчки, српски и други здруженија, како и да учествуваат со свои пратеници во Парламентот, но од сето тоа широките бедни и обесправени слоеви немале никаквиа полза. Тие очекувале земја, работа, леб, но младотурците не планирале да ги решаваат суштинските социјални прашања и од огромниот дел од народот во Македонија да направат свој сојузник и верен заштитник на Револуцијата и на државата.

Во македонското револуционерно движење старите поделби останале. Десницата формално ги прифатила уставните промени, но и при новите услови таа фактички продолжила да биде приврзок на великобураската анексионистичка политика спрема Македонија. Хуриетската Османлиска Империја искрено била прифатена единствено од левицата, на чело со санданистите. Од левицата изникнала Народната федеративна партија - НФП, чија програма предвидувала спроведување на радикални економско-политички реформи, кои требало да го задоволат големото мнозинство од обесправеното население, да го приврзат кон Младотурската револуција, да ја зацврстат нејзината победа и да ја спасат Империјата од сигурниот распад.

Основното барање на НФП било преуредување на Османлиската Империја врз принципот на децентрализацијата и самоуправувањето на народите, со што сите етнички средини и малцинства во Империјата би стекнале национална рамноправност. Притоа, се тргнувало од фактот дека само така и македонскиот народ ќе ги стекне своите национални права и ќе ја зачува својата територијална целовитост, а Империјата својот демократски развиток и опстанок.

Спроведувањето на таквите реформи во значителна мера претставувало промена на системот, што не би било прифатливо за младотурците, а не се совпаѓало ни со интересите на соседните монархии, на кои повеќе им одговарала една "болна" и слаба империја отколку реформирана и европски уредена држава.

По задушувањето на контрареволуцијата од 1909 година младотурците, чувствувајќи се силни, наместо да продолжат со реформите што народот во Македонија и пошироко со нетрпение ги очекувале и на таков начин да ги зацврстат своите позиции, тргнале по друга насока. Под изговор дека е нужно да се осигура безбедноста на државата, тие донеле закони со кои насилството врз оние што со воодушевување ја пречекале нивната победа го претвориле во систем на владеење. Муѓу најпознатите биле Законот против четите и Законот за колонизација на Македонија, чија примена предизвикала огромно незадоволство меѓу христијанското население. Разочарувачките акции и обидите за колонизација на Македонија со муслиманско население во меморијата на нашиот народ останале како најбрутална "придобивка" од младотурското законодавство. Веќе кон 1910 година поголемиот дел од придобивките стекнати во јули 1908 година биле уништени од самите младотурци. Поради тоа многу се влошиле односите и меѓу османлиските власти и Јане Сандански, иако тој од редовите на христијанското население во Македонија имал најголеми заслуги во борбата против апсолутизмот на султанската власт и им бил најискрен пријател на младотурците.

Со напуштањето на хуриетските принципи на владеење, прогласени во јули 1908 година, враќајќи се во значителна мера на стариот систем на управување, младотурците им дале повод на трите балкански соседи, кои одамна го очекувале моментот да го извршат своето "национално обединување" преку заграбување делови од македонската земја, да се здружат и со војна да го остварат тоа. Планот на младотурците, преку ликвидирање на апсолутизмот, но без радикални реформи во економско-општествениот систем - аграрна реформа и др., да ги придобијат широките обесправени и нездоволни слоеви во Македонија и пошироко на Балканот и да ја спасат државата од неизбежен распад, се покажал нереален.

 

> Продолжува <

 

 

Богдан Илиевски

"Со нас чекорат хероите"

СЕ БОРИМЕ ДА ЈА ЗАЧУВАМЕ ОВАА ДРЖАВА КОЈА ЈА  ИМАМЕ

 

Здружението "Граѓанска иницијатива за заедничка Македонија" организираше протести низ повеќе градови во Македонија. Еден од организаторите на протестот, Богдан Илиевски, секојдневно потенцираше дека борбата на македонскиот народ е да си ја зачува својата единствена држава. Борбата на народ кој чекори низ улиците, Илиевски ја поистовети со борбата која ја водеа големите македонски борци во 1905 година, кога  се бореле за да ја добијат, додека во сегашноста се борат, да ја зачуваат македонската држава.

- Денес е исто така еден важен ден. Песната која ја пееме вика "Со нас чекорат хероите". 

Денес е 24 април, ден на кој во 1905 година својот живот со саможртва, храбро го положија : Петар Георгиев, Јордан Иванов, Бојче Павлев, Славејко Савинов, Иван Марков, Крсто Георгиев, Милан Симеонов, Урош Костадинов, Јованчо Стефанов, Ѓорѓија Влахов, Ванчо Србаков, Јонче Спасенов, Сите предводени од големиот охридски војвода, Христо Узунов. 

Ве повикувам со громогласен аплауз да им оддадеме почит на овие храбри борци. Она за што се бореле тие тогаш, е скоро истото за што се бориме и ние денес. Тие се бореле да ја добијат, ние се бориме да ја зачуваме оваа држава, која ја имаме. Рече Илиевски.

 

http://www.kurir.mk

28 декември 2017 година

Лерин

 

МАКЕДОНЦИТЕ И ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

1945 - 1949

Глава Седма

ОДНОСИТЕ НА НОФ СО КПГ

ДЕЛ 64

*************

 

 

Пишува: Наум Пејов

1. Разногласијата меѓу раководството на КПГ и НОФ

 

Ставовите за вооружена или политичко-парламентарна форма на борба, што беа основата за разногласието меѓу НОФ и КПГ за ситуацијата во Грција повлекуваа низа последици. Придонесуваше, што е најважно, за колебањето кај НОФ дали да ја засили вооружената борба или не, а и по низа други прашања секогаш да зазема став  на исчекување за да види како ќе постапи раководството на КПГ. Така беше по основното и судбоносно прашање за јакнеењето на вооружените одреди; така беше по прашањето за стапувањето на повиканите Македонци во редовите на монархофашистичката армија за отслужување на кадровскиот рок; така беше по прашањето на парламентарните избори од март 1946 година и плебисцитот од септември истата година.

По однос на прашањето за одење или не во монархофашистичката војска, ставот на НОФ, во соодветност со општото гледање на ситуацијата во Грција беше да не се оди, додека ставот на КПГ беше да се оди. Ставот на НОФ, пак, од друга страна, не можеше да биде до крај доследен поради следното: неодsивувањето на повикот за отслужување на кадровскиот рок, повиканиот автоматски постануваше илегалец, односно по силата на законот прогонуван и мораше да се склони во планина и да се приклучи во партизанските групи. Меѓутоа, како што погоре видовме, групите немаа воопшто таква директива, тие немаа доволно оружје, а едно време (август 1945 година) добија директива и систематски да ги избегнуваат оружените судрувања со непријателските формации. А повикувањето на регрути или мобилизација на извесни годишта и категории на воени обврзници се совпаѓаа токму со овој период. Затоа ставот на НОФ за неодење во монархофашистичката војска не можеше да има полн успех.

Во еден документ-писмо, од 9 јули 1945 година, упатено до раководството на НОФ, читаме: "денес добивме писмо од нашата заднина во кое ми пишува: во село Буф дојде проглас во кој се вели дека на 18 овој месец треба да се јават на регрутна комисија сите младинци од наборите 1941-1945 година.

Поради тоа, нашата заднина сака да му каже на народот како да постапи. Ви се молам по најбрз начин да ме известите што треба да сториме и какво становиште да заземе нашата младина во оваа мобилизација".

Во едно писмо со повеќе прашања од окружното раководство за Воденски округ до Главното раководство на НОФ, датирано од 7 декември 1945 година се вели: "ќе продолжиме ли со бојкотирањето на мобилизацијата во националистичката војска?" Не е напразно во врска со ова да се нагласи една многу битна работа во раководството на организацијата. Поради двоумењето по извесни прашања, или очекување за усогласување на ставовите на НОФ и КПГ, не и достигаше на организацијата јасен, точен и определен навреме став по многу прашања во процесот на работата и раководењето. 

Флагрантен пример за тоа претставува ставот по парламентарните избори во Грција. Всушност, не може да се говори за став на НОФ, затоа што таков немаше, тој можеше да се нарече "став усогласен со ставот на КПГ." 

Парламентарните избори, како што е речено во првиот дел, се одржуваа фактички во услови на граѓанска војна во земјата, во услови на масовно прогонство на сите демократски настроени граѓани, во услови на политички хаос и беззаконие. Ставот по изборите нормално требаше да произлезе од основниот став: дали ќе се поведе вооружена борба или не. И бидејќи ставот на НОФ беше за вооружена борба, тогаш за став по изборите немаше што да се мисли. Но од наведените причини тој став требаше да се усогласи со ставот на КПГ и се' додека КПГ не го објави својот став, а тоа го стори кратко време пред изборите, НОФ не заземаше определен став.

Како што е извесно, ставот беше да се апстенира од изборите и тој став НОФ со успех го спроведе. Но, од интерес е да наведеме некои факти од предизборниот период. Меѓу задачите поставени на својата седница од 1 февруари 1946 година, Окружниот одбор на Воденски округ под наслов "Политички задачи" во точка 9 се вели: "Ќе треба да извадиме изборни книжици, дали ќе гласаме или не уште не знаеме. Тоа ќе зависи од условите, но ќе треба да го проучиме прашањето за да најдеме погодни луѓе, верни Македонци и со авторитет, за кандидирање".

Во насловот "Решенија", под точка 5 се вели: "Да ги истакнеме во првата половина на месецот кандидатите за народни претставници".

Значи, се вршеа сите подготовки за евентуално учество во изборите. Во едно свое директивно писмо до организациите, датирано од 1 март 1946 година, окружното раководство на НОФ, го поставува прашањето за изборите: "Во врска со изборите ставот ќе биде следниот. Ние ќе учествуваме само во вистински слободни избори.  Неопходен предуслов затоа е владата на Софулис да си даде оставка, кoја е одговорна пред народот и земјата. Да се формира коалициона претставничка влада, со широко учество на демократските сили. Не само учество на ЕАМ во владата на Софулис. Тој став ние не го подржуваме, туку наполно сменување на владата на Софулис и формирање на широка демократска, претставничка влада. Исто така неопходен предуслов за слободни избори е повлекувањето на Англичаните од Грција, кои се орган на англиската империјалистичка политика и грчката плутократија.

Следователно, прво и неопходно е повлекувањето на англиските војски, урнување на владата на Софулис и коалиционата влада. Покренување, значи, прво на сите наши сили и безмилосна борба за тоа и потем покренување на нашите сили за изборите".

Ќе го наведеме и следниот став од споменатото директивно писмо, бидејќи е доста карактеристично:

"Црниот фронт подготвува монархофашистички пуч. Нашиот став треба да биде определен. Ако ЕАМ и другите демократски странки во таков случај  пројават вооружен отпор и ние масовно вооружено ќе учествуваме во демократскиот фронт на отпорот. Во спротивен случај, бидејќи НОФ нема услови да држи сам проширен  воен фронт на отпор, ако не се прошири и во останатата Грција, тогаш ќе се ограничиме на одделни спротивставувања со вооружена народна самоодбрана, во случај кога ќе бидеме нападнати  (значи народот и ние) со оружје од црниот фронт и во случај на субверзивна акција, бидејќи начелно веруваме дека ЕАМ вооружено ќе се спротивстави во случај на опасност од монархофашистички пуч. Затоа и ние треба да сме готови да се најдеме на страната на демократските сили".

Ги наведов овие два цитата за да му стане јасно на читателите како организацијата во тој период го поставуваше проблемот. Од изнесеното јасно се гледа дека битката се водеше околу политичкото прашање на изборите, во кое демократските сили зазедоа негативен став во надеж, дека изборите ќе бидат пропаднати и дека ќе бидат одржани нови избори, под услови кои ги поставуваше ЕАМ. Таквата претпоставка се покажа наполно не реална, зошто како десницата во Грција, така и нивните господари во странство, беа свесни каде би ги одвело таквото решение. Покрај тоа, недовидлива се покажа и претпоставката дека ќе се изврши некаков пуч од класичен тип, па во случај "да сме готови за сопротива".

Треба да се одбележи дека во ова време беше занемарено јакнеењео на вооружените партизански групи, иако се зборуваше и за можен пуч-што се споменува и во вториот цитат. Таквиот став и кај НОФ беше резултат од влијанието на мислењето на КПГ, бидејќи во тоа време контактите меѓу раководителите на КПГ и НОФ на теренот беа почести, а единствениот став по изборите ги зближи за заеднички акции.

Ситуацијата по изборите нагло се влошува. Имено, десницата го засилува до нечуени размери теророт над демократските граѓани кои апстинираа на изборите. КПГ зазема став да исфрли партизански групи. Еве што во врска со тоа пишува секретарот на Леринскиот округ на НОФ Лазар Поп Лазаров до Главното раководство на 12 април 1946 година: "Дојдов во контакт со ОК на КПГ за Леринско, кој ми стави до знаење дека по решението на Политбирото на ЦК КПГ пренесено од Покраинскиот комитет, ОК за Леринско ќе исфрли четири партизански групи на леринскиот терен, за да одговори на нападот на монархофашистите и со перспектива  за подготовка за развој и пошироко востаничко движење во Грција. Бидејќи организацијата НОФ во Леринско стана масовна и цврста, преминувајќи ја кризата, а тоа го покажа во битката на апстиненција, затоа се принудија да ја побараат нејзината помош во новата форма на борба што ја поставуваат. Сакам да го изложам развојот на ситуацијата овде, дали ќе треба да ја промениме тактиката, да ги решиме овде техничките тешкотии. Значи и ние ќе исфрлиме партизански единици, како ќе ги вооружиме и да ја прочистиме нашата тактика".

Во задачите од состанокот на Окружниот одбор на НОФ за воденски округ од 15 април 1946 година под точка 5 се вели: "да го засилиме со сите средства во луѓе и материјали нашето партизанско движење". (Наведов повеќе примери од Воденската организација која беше најактивна и постојана бидејќи постојано беше раководството-Вангел Ајановски и Мирка Гинова).

 

  • Мирка Гинова

  • Вангел Ајановски

Значи, по изборите заземен е усогласен курс од КПГ и НОФ за јакнеење на вооружената борба. Но, тоа, пак, не значи дека раководството на КПГ се определи за вооружено востание. Но, развојот на работите го видовме и во првиот дел од овој напис. Тој став имаше одраз и врз ставот на НОФ, оти во ова време беа почнати преговорите за спогодба. Одраз на таквиот став беше и решението за учество во плебисцитот од септември 1946 година. Но и плебисцитот покажа дека на грчката десница демократските форми за парламентарни избори и плебисцитот и' служат само како измама пред надворешниот свет. Така по плебисцитот дојде дефинитивно до спогодба на КПГ и НОФ,  што стана основа за силен поттик на вооруженото востание во Грција.

 

> Продолжува <

Розита Христовска, поетеса

 

 

 

 

 

 

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

*********************

НЕ ПРАШУВАЈ ШТО МИ Е

  • Не прашувај што ми е


    Кога ќе ми видиш тага во очиве,
    молчи и не прашувај што ми е,
    само дозволи ми да ја потпрам главава,
    на твоето рамо малку да се успокојам,
    и уште молчи, долго молчи, така остави ме,
    и онака само ти знаеш што ми е ...

    Нека трае долго тој невин допир,
    мојата глава припиена до твоите гради,
    ете, тоа е она нежното што ме смирува,
    кога ме галиш како да сум дете расплакано,
    е, тогаш не терај ме да ја кренам главата,
    не сакам да ми ја гледаш тагата.

    Само позајми ми малку топлина,
    ќе ти вратам стопати по толку,
    само нека ми помине тагава,
    иако незнам колку долго ќе трае,
    белки не се вгнездила во мене за секогаш,

  • зарем издајничката до крај во мене да чмае.

    Блазе си им на оние што можат да плачат,
    не знаат колку боли тагата без солзи,
    колку тежат, колку печат тие проклетите
    кога мораш да ги задржиш во себе,
    се засушиле па не можеш да ги пролееш,
    во душата како бигоришта ти налегнале.

    Додека ми трае тагава ништо не прашувај ме,
    и натаму молчи, само молчи и топли ме,
    многу ми е студено, околу срцево ми е студено,
    таму во најдлабокото, таму е најстудено,
    ако можеш, ете таму длабоко допри ме,
    можеби само така тагава ќе ми помине.

    Автор Розита Христовска
    24 март 2015 година

Новогодишна Елка 2018 година

 

***************

 НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

И НА СИТЕ НАШИ ЧИТАТЕЛИ ИМ ГИ ЧЕСТИТАМЕ

НОВОГОДИШНИТЕ ПРАЗНИЦИ СО ЖЕЛБИ

 НОВАТА 2018 ГОДИНА

ДА БИДЕ ГОДИНА ЗА

 ЗАЕДНИЧКА И СРЕЌНА

МАКЕДОНИЈА

********

 

"Македонски Збор"

Ваш, Сотир Гроздановски

 

Kind regards : 01 јануари 2018

Sotir Grozdanovski broj 116