Ana & Sotir

 СРЕЌНИ БОЖИЌНИ И НОВОГОДИШНИ ПРАЗНИЦИ НА НАШЕТО СЕМЕЈСТВО И СИТЕ НАШИ ПРИЈАТЕЛИ ВО СВЕТОТ

"Македонски Збор"

  MERRY CHRISTMAS AND HAPPY NEW 2018 YEAR TO OUR FAMILY AND ALL OF OUR FRIENDS

"Macedonian Word"

Sotir & Ana

Професорка Гордана Силјановска-Давкова

  ЗАДОЦНЕТО НО НЕ ЗАБОРАВЕНО

********

МАКЕДОНСКАТА АКАДЕМСКА ЗАЕДНИЦА ВО ОДБРАНА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ИМЕТО НА МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВА И ИМЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

******************

 

 

 

ИМЕТО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Е НЕРАЗДЕЛНО ОД ИМЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

 

Името е најсилниот идентитетски знак, вели професорката Гордана Силјановска-Давкова во нејзиното гостување во емисијата "Отворено Студио" и додава дека правото на самоопределување е загарантирано за сите народи и дека самото во самоопределувањето, односно во неговата суштина секогаш влегуваат името, јазикот, знамето, тоа се елементите кои што постојат.

"Кога велите референдум или Собрание, името Република Македонија не го донело Собранието и ниту  е уставно име туку е неразделно од името на Македонскиот народ кој што претходи на создавањето на македонската држава. Не сум имала избор, сум го наследила од многу претходни генерации, ниту пак вие сте имале избор и тоа е дел од идентитетот. Неразбирливо е како може една генерација да одлучува во името на сите предходни генерации и во името на идните генерации и тоа со какво мнозинство" вели Силјановска.

Според неа најдобро е да се сочува континуитетот на името Република Македонија, зошто тое е нешто што опстојува од АСНОМ до денес. Силјановска вели дека може нешто да се додаде, ама Република Македонија мора да остане како име.

 

http://www.kurir.mk

22 декември 2017 година

 

Проф., Гордана Силјановска-Давкова

 

 

ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ ЌЕ ДОВЕДЕ ДО НЕ ФУНКЦИОНАЛНА И ПАРАЛИЗИРАНА ДРЖАВА

****************

 

 

Јас не сум чула да има влада која функционира со преведувачи. Ќе дојде до парализа на постапките и отстапува од она што е во Рамковниот договор, рече професорката Гордана Силјановска-Давкова во нејзиното гостување во емисијата Отворено Студио.

- Таму е јасно напишано дека во кривичните и граѓанските постапки било која обвинета особа или било која друга странка има право на превод на државен трошок на сите документи во согласност на сите релевантни акти на Советот на Европа. Овде тоа не го пишува. Овде пишува дека има двојазичност и тоа сигурно ќе доведе до голема конфузија во спроведувањето. Кога ги спомнав органите, точно во Рамковниот договор пишува дека пратениците МОЖАТ да се обраќаат на пленарните седници и на јазикот што зборуваат 20%. Некој сега им наметнува дека МОРА, вели Силјановска.

Според Силјановска истиот пример е и за судовите. Таа посочува дека дури и ако еден член во постапката е припадник на албанската заедница се' мора да биде двојазично. Тоа според неа е наметнување.

- Во законот има суми кои навистина се за размислување. Сто и шест милиони денари за 2018-та година. Шеснаесет милиони денари за 18 и за 20-ти член од законот за јазици, девеесет милиони  за различни буџетски корисници. Тоа е нешто што мислам дека ќе доведе до не функционална или парализирана држава, посочи Силјановска.

Таа потенцира дека ваквиот закон излегува не само од рамките на Рамковниот договор, туку излегува и од амандманот 5. Но, во новиот закон јасно се посочува дека покрај државните органи двојазични ќе станат фирмите, претпријатијата, правните лица, агенциите, дирекциите итн кои се на територијата на цела држава.

Според неа, ова ќе ја блокира и економијата на Република Македонија.

- Оваа земја има приоритети и тие се забележани во рамките на пржинскиот договор, во рамките на стратегијата и тие навистина се насушни за реформите во Република Македонија, вели професорката на правниот факултет.

Таа вели дека овој закон не влегува во тие приоритети, но претпоставува законот е дел на меѓупартискиот договор.

- Овој закон не е приоритет за нашата евроинтеграција. Ние имаме досега 8 извештаи на европската комисија и 17 извештаи за НАТО. Никаде во извештаите не пишува дека треба да донесеме закон за јазици. Тоа што во стратегијата 2019-2020 на оваа влада е посочен овој закон воопшто не значи дека заслужува да има европско знаме, вели Силјановска.

Таа откри дека на минатата седница на Венецијанската комисија која се одржала во декември, на дневен ред се нашле пакет закони од Македонија што се однесуваат на реформи во судството, додека законот за јазици не се нашол на дневен ред.

- Бев 8 години во Венецијанската комисија и бев потпретседател на една од 7-те поткомисии на поткомисијата за малцинство и ја знам процедурата. Венецијанската комисија не е собир на трговци, туку е комисија за демократија преку правото. Значи прво таа не е квазиуставен суд. Логиката на Венецијанската комисија е во фазата на подготовката на законите, кога предлог закон треба да добие мислење од неа. Која е логиката да вие изгласате еден закон, а посфестум Венецијанската комисија да даде мислење. Јас имам голема дилема не само ко'га ќе биде на дневен ред барањето на Македонија и дали воопшто стигнало до таму, рече Силјановска.

Таа исто така посочи дека, кога се носел законот за јазици, во 2008-та година, тогашниот претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски, ставил вето на тој закон со образложение дека има проблем со Уставот.

 Оттука Силјановска кажа дека, ако тогаш се имало проблем со уставната рамка, може да се замисли што се случува тогаш со  овој текст на законот и затоа таа заедно со другите професорки во нивното отворено писмо го повикале претседателот на државата да стави вето на овој закон.

 

http://www.kurir.mk

23 декември 2017 година

Скопски Универзитет "Св. Кирил и Методиј"

 

 

Интервју

КОЈА Е ПРОФЕСОРКАТА ГОРДАНА СИЛЈАНОВСКА - ДАВКОВА

******************

 

 

 

Професорката Гордана Силјановска- Давкова од Правниот факултет "Јустинијан први" е инспирација за студентите заради нејзините предавања, професионалност и објективност. Таа знае и пријателски да биде расположена. Заедно со професорот Димитар Галев се омилени меѓу студентите од овој факултет.

***************

"Најфасцинантно кај неа е тоа што на предавањата, покрај програмата што е задолжителна од учебниците, внесува и многу други теми, како историски, така и актуелни. Навистина е чест да се слушнат ставовите и елаборирањата на експерт од нејзиниот ранг и задоволство ми е што можам да речам дека ми предавала". Ни напиша нејзина студенткиња.

Дека почитта е взаемна, ни потврди и Силјановска-Давкова во ова интервју.

- Ретка привилегија е да бидете катаден опкружени со млади љубопитни, потенцијално храбри и бунтовни луѓе - вели таа.

Факултети.мк: Студентите од Вашиот факултет Ве избраа за еден од најинспиративните професори. Ви значи ли ова?

- Нема позначајно признание за мене годинава. Повеќе ми значи и од трудот објавен од Routledge, на крајот на годинава. Дојде како круна, по неколкугодишните студентски евалуации, меѓу кои и неколкуте петки, како и по прекрасните студентски пораки до Дедо Мраз на факултетската елка годиниве.  Ми дојде како волшебен лек, среде тешката настинка. Ми го стопли срцето и разбистри умот. Ме потсети дека вреди да се сака професијата, да се ужива сократовски во студентско-професорските дијалози, да се стимулира критичкото мислење, да се трага и почитува различниот став, да се биде подготвен и посветен учител, но и љубопитен ученик, кој прашува, слуша, споделува дилеми, не' секогаш има единствени и сигурни одговори, се сомнева во конечни вистини, цел живот учи. За мене, часовите не се врзани за катедрата и учебниците, туку и за билетристиката во која има подлабоки правни и политиколошки анализи одошто во многу научни трудови, за преизвиците од реалноста, кои бараат креативен, а не догматски пристап. Студентите и јас сме како Петко и Робин Крусо и обратно.

Факултети.мк: Што Ве инспирира Вас кај студентите, за да им бидете и секако да останете посветени?

- Во ова време - невреме, за особена почит е студентската желба за знаење и студирање. Јас сум во факултетов заради студентите и со своето однесување се обидувам да ги убедам дека направиле добар избор што решиле да студираат на "мојот" факултет и дека тој е и "нивен".

Студентите се хетерогена популација, а учењето-студирањето е индивидуален чин,  но ретка привилегија е да бидете катаден опкружени со млади, љубопитни, потенцијално храбри и бунтовни луѓе. Интелектуален и педагошки предизвик е да креирате и негувате  отворен, пријатен, полемичен и критички амбиент, арена во која има место за секој кој сака да праша, да одговори, да аргументира, да се согласи или не, но и да молчи и слуша, ако сака. Се разбира, во секоја генерација има и погласни и поактивни, но и потивки и помолчеливи студенти. Важно е да се познаваат студентите и да се гради индивидуален пристап кон секој од нив. Важно е да се учат на култура на дијалог, на дискусија "ad rem"  а не "ad hominem", да се охрабрат, поттикнат, разберат. Да не ги заборавам студентските бисери: слободоумни, вредни, луцидни, млади луѓе, ставови ве радуваат и збунуваат, ве тераат на промисла, на преиспитување, длабоко ве замислуваат и вознемируваат, ве инспирираат да читате, да проверите, да учите, да им се посветите уште повеќе.

Факултет.мк: Има ли некоја посебна причина што ве натера да ја изберете оваа професија и како е денеска да се биде учител?

- Се разбира. Од дете ми оставаа силен впечаток ликовите на исклучителните учители, во книгите, но и во текот на моето образование. Тие придонесоа да сакам да учам и да го ценам знаењето, да бидам одлична ученичка и студентка. И денес ги носам во мислите, заради темелноста, строгоста и правичноста. Тие ја родија кај мене желбата да бидам учителка, но ја зацврстија студентите со ваквите признанија!

Се надевам дека ќе ги оправдам!

 

http://www.fakulteti.mk

Објавено на 10 јануари 2017 година

Академик Катица Ќулавкова.

 

 

СО ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ СЕ ОТФРЛА МУЛТИЕТНИЧКИОТ КАРАКТЕР ВО ДРЖАВАТА

**********

 

Не постои јазик во Европа што е прогласен за службен на државно рамниште, а да се зборува или да се учи произволно, по волја, вели академик Катица Ќулакова во нејзиното  гостување во емисијата "Отворено Студио". Таа додава дека државниот јазик е административен, работен и е задолжителен јазик кој треба да го учат сите граѓани во основно и средно образование.

- Во собранието од лани се наметнува реторика на ултиматум на зборување на албанскиот јазик и користење како работен јазик во собранието. Претекот на зголемување на правата на јазикот на 20% популација да се наметне како втор еднаквоважен државен јазик. Во нивната декларација поаѓаат од ставот на конститутивна нација. Според уставот и според преамбулата само македонскиот народ се именува како народ, а сите други заедници или етноси се наметнуваат како делови од народ. Претензијата за признавање на албанскиот народ како конститутивна нација всушност и наметнува признавање на албанскиот јазик за втор државен јазик, вели Ќулавкова.

Таа додава дека воведувањето на овој јазик не е проблем до колку на цела територија е лоциран албанскиот народ, а не на одредена територија. Според неа не постојат елементи со кои се оправдува воведувањето на албанскиот јазик за да биде втор државен јазик на цела територија на Република Македонија.

- "Нелегално поставениот закон со европско знаменце доведе до илузија за важноста и опстанокот на државата или приоритет на албанската заедница, а всушност е приоритет на албанските политички лидери. Територијалната реорганизација во 2004 година доведе до конфузија, а воедно и Рамковниот Договор од 2001 година. Во Рамковниот Договор не само што не се предвидени вакви барања и измени на законот за јазици, туку толкувањата на поединци формираат лажна илузија и погрешно јавно мнение." Рече Ќулакова.

Таа посочи дека дел од регулативите што ги предизвика законот веќе се применуваат. Така на пример во одредени училишта веќе постојат албански класови кои учат на албански јазик, во јавната и во државната администрација има двојазични формулари и документи и на овој начин македонскиот јазик се става во нерамноправна улога.

Ќулавкова потенцираше дека Европската Унија, која ја сметаме за парадигма на цивилизираност, различно го решава ова прашање. Европа допушта нерамноправност по однос на јазичните права посебно на Балканот.

- Само Република Македонија настојува да биде лидер во административната, работната, образовната маргинализација на македонскиот државен јазик. Овој процес се легитимираше со Закон во 2008, за да се преувеличи до апсурд, во предлог-законот од оваа 2017 година". Истакна Катица Ќулавкова

Таа се осврна и на драконските казни кои се предвидени во предлог законот за јазиците. Посочи, дека кога нема казни за етничките заедници кои не го зборуваат македонскиот јазик, зошто би имало и за албанскиот јазик.

- "Имено, со овој закон се отфрла мултиетничкиот карактер во државата и се наметнува бинационалниот карактер. Со вакви радикални закони на границата на уставноста и противуставните делови од законот за воведување на два државни јазика, ќе додје до непоправливи последици со кои ќе се менува целата структура на органите во Република Македонија и ќе влијае на работењето и функционирањето". Рече Ќулавкова.

Според неа, со донесувањето на овој закон се менуваат елементите на идентитетот на Република Македонија при тоа бинационалноста и ќе се рефлектира на личната карта и идентитетот на Република Македонија.

Бидејќи сме во постапка на евентуално договарање за промена на името или задржување на постоечкото име, од исклучителна важност се задржување на културните елементи како јазикот кои се репрезентативни за македонскиот идентитет, заклучи Ќулавкова.

 

http://www.kurir.mk

22 декември 2017 година.

Васко Ефтов водител на ТВ говорна програма: "Во Центар"

 

НОВА МАКЕДОНИЈА Е НАЈНЕСРЕЌНИОТ ПРЕДЛОГ ЗОШТО СО ТОА ИМЕ МАКЕДОНИЈА ГО ГУБИ ИДЕНТИТЕТОТ

*********

Васко Ефтов "Во Центар"

 

Политичкиот аналитичар и новинар Васко Ефтов во својата емисија "Во Центар" жестоко реагираше на наводите во грчките медиуми дека македонската влада прифатила и самата го дала предлогот за промена на името "Нова Македонија".

- Дури и оној штетен предлог "Централнo Балканска Република" кој е уценувачки и понижувачки би бил подобар од овој предлог "Нова Македонија", вели Ефтов, кој во понатамошниот тек на емисијата елаборираше токму зошто овој предлог "Нова Македонија" e најштетен по македонските национални интереси.

Тој вели дека токму овој предлог им овозможува и на Грците и на Бугарите да се чувствуваат како победници. Вардарска Македонија, Северна Македонија, Горна Македонија би биле проблем за Бугарија поради Пиринска Македонија, додека Нова Македонија, како предлог, би им овозможило на Бугарите да кажат дека сме коминтерновска творба, а на Грците дека немаме никаква врска со Античка Македонија.

Според Ефтов, со името "Нова Македонија", Македонија истовремено го губи и своето име и својот идентитет и повторно за пример го зема името "Централно Балканска Република" и вели:

- До колку го земеме тоа несреќно име или  несреќен предлог Централно Балканска Република, ние сигурно нема да бидеме Централно Балканци, но со име Нова Македонија, ние веднаш стануваме Ново Македонци, после 1944 година. Тоа всушност е политиката на Грција и Бугарија. Со овој предлог Македонија би го изгубила своето име, но, и идентитетот, јазикот и се' она друго што се врзува за Македонците, додаде тој.

Ефтов ја проблематизираше и изјавата на Талат Џафери во која тој вели дека самото собрание има легитимитет и право да одлучува за промена на името. Џафери потенцираше во емисијата Патот Кон на Алсат М, дека промена на името може да се направи во Собранието, до колку за таоа изрази желба парламентарното мнозинство како резултат на континуираната висока подршка на граѓаните за евроинтегративните процеси. Граѓаните му дале целосен легитимитет на Собранието, да во нивно име одлучи по однос на прашањето за промена на името.

Како разултат на сето ова Васко Ефтов го предупреди македонскиот народ и повикува на мобилизација за да не се дозволи да дојде до промена на уставното име на Македонија.

 

http://kurir.mk

18 декември 2017 година

Крсте Петков Мисирков 1874 - 1926

 

143 години од раѓањето и 91 година од смртта на Крсте Петков Мисирков

********

СВЕСТА И ЧУВСТВОТО ДЕКА СУМ МАКЕДОНЕЦ ТРЕБА ДА СТОЈАТ ПОВИСОКО ОД СЕ' ДРУГО НА СВЕТОВ

 

На 26 јули 1926 година во Софија почина таткото на македонистиката, основоположникот на македонскиот литературен јазик и на автохтоноста на македонската национална свест, најзначајниот Македонец во почетокот на 20 век, Крсте Петков Мисирков. Тој е роден на 18 ноември 1874 во Постол - денешна Вергина и некогашна Пела, во Егејскиот дел на Македонија. Завршил учителска школа во Белград, духовна академија во Полтава, а историско-филозофски факултет во Санкт Петербург. Еден е од основачите на Младата македонска книжевна дружина во 1891 година, а во Москва во 1900 го основал Тајниот македонско-одрински комитет и бил негов претседател, а потоа во 1902 година бил еден од основачите на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург.

Првпат своите записи на македонски јазик со македонска азбука ги објавил во 1900 година. Но неговото капитално дело е студија "За македонцките работи" објавена во 1903 година во Софија, која веднаш е запленета и уништена од бугарските власти, со исклучок на десетина примероци од кои дознаваме за визиите на овој македонски национален деец. Оваа полемичка книга е филозофска расправа во која се третира нашето јазично, историско и етнографско прашање. Нејзиното излегување ќе му го направи животот трагичен, со ставовите искажани во неа и во други негови јазички, историски и етнографски списи ќе се стави, според зборовите на Атанас Вангелов "во позиција сам против сите".

 

Судир со раководството на ВМРО

Неговиот судир со раководството на ВМРО беше во однос на методите на борбата за слобода на Македонија, зашто не може да ги прифати идеите на "раководците" на Илинденското востание дека слободата се печали со оружје и со крв. "Една тајна политичка и, уште, револуционерна организација", вели Вангелов, "што треба да најде и да потроши 'крв' како цена за 'слободата', а не може да допушти еволуционизмот од типот на Мисирков, кој, во суштина, тврди дека 'крвта' е поскапа од 'слободата', а не - обратно". Мисирков отворено и бесстрашно се залагаше за национално ослободување без крвопролевање, жестоко им се спротивставуваше на револуционерните идеи. За него тие идеи беа насилни средства со разрушувачка моќ што не му се својствени на културниот човек, кој треба да гради, а не да урива; "работењето наше ќе требит да бидит на почва на народното просветеиње", вели тој, "мирно, легално, еволуционо". Веруваше во постепени промени од внатре, истакнувајќи ја како најважна задашата да се зачува целоста на Македонија преку зачувувањето на целоста на Турција и свртувањето кон мирна културна работа.

 

Судир  со тогашните пропаганди во Македонија

Мисирков ќе дојде во судир и со тогашните пропаганди што беснееја во Македонија- турска, грчка, српска, бугарска. Не е точно, објаснува тој, дека нема Македонци затоа што: а) немало национална свест; б) улога во историјата на Балканот; в) државна и културна традиција... "Ако сега нашите противници допушчаат образуаин'ето на по мали етнографцки целини од по голема, као последица на историцка неопходност, и ако досега гледале на Македонците како на Бугари, то зошчо сега они не можат и не сакаат да допушчат образуаин'ето от таиа голема етнографцка целина, шчо ие велеле сите, па и они бугарцки народ, две по малечки целини бугарцка и македонцка?" Затоа што нема логичен одговор на таквото прашање, објаснува проф. Вангелов, легитимно е бараањето да се утврди нормата на литературниот македонски јазик, кој постои како говорна практика, и тоа: како по однос на бугарскиот, така по однос на српскиот, а за грчкиот јазик и да не зборуваме.

Токму тоа го стори Крсте Петков Мисирков, вели Вангелов, со една назнака во Предговорот на својата книга "За македонцките работи", каде што даде сосема кус и основен нацрт на таа норма: "Како последуач на идеиата за полно оддел'аин'е на нашите интереси од интересите на Балканцките народи и за самостоино културно-национално развииаин'е, иас и ие написаф на централното македонцко наречие, коие за мене от сега на тамо имат да бидит литературен македонцки иазик".

Во оваа значајна студија тој ги назначил и посочил посебноста на македонскиот народ и посебноста на македонскиот јазик, кој ќе се потпира на централните македонски говори, врз кои соседните јазици не можеле да вршат големо влијание. 

 

Забелешка и на Русија

Мисирков, вели Ангелов, често ја подвлекувал улогата на Русија како бранителка на словенството на Балканот, но и' замера дека само по однос на Македонија "си ги измила рацете". "Може ли единка", заклучува Вангелов, "да издржи таков огромен притисок од сите страни, со сите средства и во - континуитет?"

Во 1902 година заедно со Димитар Чуповски, Н. Димов, Г. Константиновиќ и др. го основа Македонското студентско друштво, кое во 1903 година прераснува во Македонско научно-литературно другарство "Свети Климент". Членовите на ова другарство од своите редовни седници праќале барања до руската влада и до владите на другите европски држави да му се признае правото на македонскиот народ на самостојност, да му се признае правото на литературен јазик, правото на обновување на Охридската архиепископија. 

По завршувањето на факултетот Мисирков го напуштил Петроград, се вратил во Македонија, добил служба во Битолската гимназија, во која се вработил како егзархиски професор, но како сведок на убиството на рускиот конзул во Битола, Ростовски, морал повторно да замине во Русија.

Веднаш по почнувањето на Првата балканска војна, во ноември - декември 1912 година, бил пратен на Балканот како воен дописник на руските весници "Голос Москви" и "Одескиј листок". По враќањето од фронтот, разочаран од трагичните резултати од војната, од не решавањето на македонското прашање и од поделбата на Македонија, тој го пишува својот "Дневник", во кој, според зборовите на историчарот Р. Терзиовски, "наидуваме и на некои содржини, кои се чини не се вклопуваат и зачудувачки се разликуваат од очекуваното".

Во некои документи од тој период, вели Терзиовски, "К.П. Мисирков се декларира и своерачно се потпишува како 'македонски Бугарин', го разјаснува своето 'бугарско потекло', говори за 'вековната корена бугарска култура во Македонија', расправа за  'неоспорното бугарско сознание на Македонците', Македонија ја нарекува 'исконска света бугарска земја'...итнт". Според Терзиовски тој, "...во неможност да го бара максимумот,...мора да се помири со возможното, изгледното".

По неуспехот на Балканските војни Мисирков ќе напише: "Ние, Македонците, каква и да е нашата желба, не можеме да не водиме сметка за реалност и за стварноста. Единството и целосноста, политичката независност на Македонија се наш идеал, за остварување на тој идеал ние многупати сме ја молеле царска Русија...меѓутоа, поради неможноста да се постигне тој идеал, ние треба да се помириме со поинакво решавање на македонското прашање".

Тука К. Мисирков прави хиерархија на интересите на Македонија, смета дека е подобро Македонија да остане цела отколку да биде распокината и поделена меѓу балканските државички кога веќе не и' е дозволено самата да претставува одделна политичка единица. Во врска со ова прашање, Атанас Вангелов го наведува и мислењето на Блаже Конески: "Дека во системот на погледите на Мисирков целоста на Македонија секогаш имала примат, на кој во определените услови морале да му се потчинат  другите прашања од суштествена важност, може  особено добро да се види од овие редови: 'Од македонцко гледиште соедининејн'то на цела Македонија со Бугарија или Србија или Грција не јет желател'но, но не јет и страшно. Значи нема зашчо да се бориме со него (...)' Мисирков се плашеше од делба на Македонија" констатира Конески.

Овие промени се случуваат кон средината на дејноста на Мисирков, додека при крајот на животот тој пак се враќа на своите изворни ставови и гледишта. Низ текстовите на Крсте Петков Мисирков повторно извираат толку многу идеи за издигање на националното зреење на македонскиот нраод со изобилство на конкретни погледи и ставови со кои до крајот на својот живот ја градеше идната визија за својата македонска нација и слободна татковина Македонија.

За да се види влогот на Мисирков во афирмацијата на македонската нација доволно е да потсетиме само на неколку негови погледи и размисли искажани во статиите и написите од тој период: 

"Мојот македонски патриотизам и тука го победува бугарскиот патриотизам. Македонците и' се нужни на Македонија; само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив. Македонците или треба да си останат на родните места, па ако сака и ѓаволот да ги владее, или пак, ако им е судено да се местат, тие треба да се преместат од едниот крај на Македонија во друг крај, но пак на Македонија, а не на Бугарија, Србија или Елада. Изгонети од грчка Македонија, Македонците требаше да отидат во српска Македонија, да образуваат воени населби и да го дочекаат денот кога би можеле да се вратат на родните пепелишта. Ќе речете: така не може да размислува еден Бугарин. Да, но така може и треба да разислува еден Македонец".

"Нека ми биде простено, но јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници и само потоа интересите на Бугарија и Југославија. Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас Македонците да не' прашаат за сите прашања што не' засегнуваат нас и нашите соседи, а не да се свршува се' само со спогодби помеѓу Бугарија и Србија за нас, но без нас."

..."И во Бугарија и во Србија треба да помнат едно: во Македонија има население со огнено патриотско чувство и со определена национална свест за која треба да се води сметка... Србите и Бугарите треба добро да помнат дека тоа национално чувство и свест кај Македонците постојат не од вчера...туку од пред основањето на Охридската архиепископија, за време на целото нејзино постоење и по нејзиното уништување, се' до ден денешен."

..."Време е да го отстраниме бугарскиот параван што ни го преградува патот за непосредно обраќање кон совеста на цивилизирана Европа за помош и соработка."

..."Формирањето на македонскиот литературен јазик е духовна потреба кај нас, со која се мислит да се стави крај на злоупотребите на пропагандите со нашите интереси..."

А ево шт напиша само една година пред смртта:

"Како Бугарин јас одамна би рекол: Каква ти Македонија! И тука ни е добро, нема зошто да мислам за она што е веќе загубено. Но како Македонец, јас во Бугарија се чувствувам како на туѓина, каде што навистина се наоѓам меѓу родни браќа, но не сум си дома, во својата татковина.  Таа е таму, каде што сум се родил и каде што треба да си ги оставам коските, каде што треба да отиде мојот син, ако не ми биде судено да отидам јас лично.

Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од се' друго на светов. Македонецот не  треба да се слева и да се обезличува живејќи меѓу Бугари и Срби. Ние можеме да ја констатираме близоста на српските, бугарските и македонските интереси, но се' треба да биде оценувано од македонско гледиште.

Беззаветната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот нациоанлен дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите - ете ги главните црти на македонскиот национализам, изјаснет преку "простачките умувања на  еден човек што уште не си ја знае народноста"("Мир" - "Самоопределување на Македонците", 25.3.1925).

Тешко болен, умира во Софија на 26 јули 1926 година и е погребен на Централните софиски гробишта.

Според изданието на Државниот архив на Македонија "Крсте Петков Мисирков - Писмо (1911 - 1917)" Воведот на Атанас Вангелов "Духовниот лик на Крсте Петков Мисирков", Скопје 2007.

 

http://www.mkd.mk

 26 јули 2017 година

 

Крсте Петков Мисирков 1874 - 1926

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ 63

МАКЕДОНИЈА ВО XIX ВЕК

*****************

9.2. Македонија по Илинденското востание

 

Во "За македонцките работи" Крсте Петков Мисирков аргументирано го докажува и го брани постоењето на македонската нација и го истакнува барањето за афирмација и за употреба на македонскиот јазик како литературен јазик на македонскиот народ. Книгата се појави на крајот од 1903 година во Софија. Таа била пречекана жестоко непријателски од противниците на самостојна Македонија, запленета и уништена, а авторот, душмански и физички нападнат, бил принуден да избега во Русија. Сепак, извесен број примероци од книгата биле растурени и спасени за во 1945 година таа да послужи како основа при прифаќањето и озаконувањето на македонскиот јазик и правопис.

Ако се исклучи појавата на книгата за "Македонцките работи" од К.П.Мисирков, која сама по себе претставува посебно поглавје во нашата историја, годините по поразот на Илинденското востание ги карактеризираат три крупни настани кои се случиле паралелно, а кои  по својата содржина само навидум не се поврзани. Тоа биле Мирцштершките реформи, зад кои стоеле соседни држави, како и судбината, односно иднината на македонското национално ослободително движење, зад кое стоела ТМОРО.

Реформите се однесувале на териториите во трите македонски вилаети, а требало да се спроведат од страна на османлиските власти, на чело со главниот инспектор Хилми-паша, а со помош на стручни кадри од Европа. Целта била , преку реформирањето на администрацијата, жандармеријата, финансиите и сл., да се  воспостави ред во функционирањето на државниот механизам, со што би се подобрила ситуацијата и би се одржал договорениот статус кво во османлискиот балкан. Османлиската влада не била заинтересирана за успехот на реформите, додека Организацијата, пак, сметајќи ги за недоволни, зазела  негативен став кон нив. Успехот на реформите не бил прифатлив и за соседните држави. Реформите, иако беспоговорно не биле прифатени од МРО, нивното реализирање не било попречувано.

Особено силен одглас Илинденското востание имало на соседните монархии. Тие не се надевале дека Македонската организација и македонскиот народ биле подготвени и способни за такви големи дела. Тоа силно ги вознемирило  и предизвикало и пресврт во нивната политика спрема Македонија. Содржината на таа нивна нова политика ја сочинувале: зголемена агресивност кон македонското ослободително дело, употреба на оружје во пресметките со македонските револуционерни сили и воопшто во пропагандата, курс кон договарање за поделба на Македонија, курс кон војна.

Разни чети, организирани, екипирани и раководени од офицери, под изговор за "заштита на своето население од теророт" на македонските револуционери и противници, биле испраќани во Македонија како помош на црковно-училишните пропаганди, кои се грижеле да се одржат старите и да се стекнат нови позиции на теренот. Притоа, по својот терор и по употребата на бруталните средства, најмногу се истакнувале грчките чети (андарти) раководени од Атина. Најмногу страдале македонското и влашкото население, она што речиси цело зело учество во востанието и со тоа им откажало послушност на Грчката црква и на грчката пропаганда.

Судирот на грчките, српските и врховистичките чети на македонскиот простор и жестоката пресметка со цивилното население создале хаос во животот на целокупното христијанско население. Започнало масовно емигрирање на работоспособното машко население во Америка, во соседните земји и надвор од Македонија во самата Империја.

Напоредо се водела  битка за консолидација на редовите во МОР. Растројството во Организацијата било  од таков карактер што ги засегнало сите сегменти од нејзиното живеење и функционирање како организирана револуционерна сила.

Набргу по востанието меѓу заповедните структури на Организацијата започнале засилени конзултации и анализи со цел да се даде што пореална оцена за крупните настани што се случиле и да се изградат ставови и насоки за идниот од на Илинденската револуција.

Првите разговори започнале при крајот на 1903 година, а првиот поширок состанок со најкомпетентни раководни лица  бил одржан во Софија, во јануари 1904 година. Покрај задграничните претставници д-р Христо Татарчев и Христо Матов, тука се нашле бројни и видни  реонски раководители, потоа Јане Сандански, Борис Сарафов, Димо Хаџи Димов и други. Уште во почетокот на нивните дискусии, на површината избиле двете сваќања и тенденции што постоеле во централното раководство уште пред  пред востанието.

Советувањето, имено, завршило со диференцирање на двете "струи" во раководството на организацијата, кои станале познати како десница, предводена од Христо Матов, д-р Христо Татарчев и од некои други личности, и левица, предводена од серчани, кон кои се приклучиле бројни видни револуционери од цела Македонија. Десницата инсистирала да остане остварениот статус кво во раководењето со Организацијата, додека, пак, левицата категорички била против тоа и инсистирала на суштински промени во нејзината раководна структура, на децентрализација и демократизација, како брана од повторувањето на старите грешки и за поуспешно развивање на ослободителното дело.

Собирот донел Директива за идната дејност на Организацијата а која, всушност, се појавила како програмска платформа на силите што дефинитивно во иднина ќе бидат познати како левица. Нашироко водените разговори и дискусии во Македонија довеле до едно општо сознание дека реконструкцијата и консолидацијата на Организацијата би  можеле да постигнат преку одржување окружни конгреси, како најприфатлива демократска форма за решавање на проблемите и за избор на раководството. Прв таков конгрес одржала Битолската окружна организација (Прилепски конгрес, мај 1904 година) на кој учествувале видни имиња на Организацијата - Ѓорче Петров, Даме Груев, Пере Тошев и поголем број други истакнати раководители што останале во Округот. Во дискусијата се појавило остро несогласување околу основното прашање дали да се зачува старата структура на Организацијата зашто се залагал Даме Груев, или да се оствари нејзина децентрализација и демократизација, за што се застапувале Ѓорче Петров и Пере Тошев. Оваа поделба се заострила и се проширила и на другите окружни конгреси што се одржале во следниот период, до август 1905 година, кога се одржал Серскиот, како последен окружен пред општиот конгрес закажан во октомври истата година. Во меѓувреме се одржувале и реонски собранија, така што речи си целата Организација имала можност да се произнесе околу трагичните настани од 1903 година и да ги истакне своите погледи за идниот тек на ослободителната борба.

Својата работа Рилскиот конгрес ја започнал во почетокот на октомври 1905 година, а ја завршил при крајот на месецот. На дневниот ред за разгледување биле поставени пет точки, кои ги опфаќале сите позначајни проблеми од функционирањето и борбата на Организацијата. За устројството и управувањето со Организацијата, како најважна точка, се дебатирало дваесетина дена. Тука, всушност, се судриле двете, веќе формирани "струи", кои Христо Силјанов ги нарекувал "умерено конзервативна" (десницата) и "радикално реформаторска" (левицата). 

Видни претставници на десницата, кои не биле допуштени на Конгресот, биле Христо Матов и д-р Христо Татарчев, а на левицата, Димо Хаџи Димов, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Јане Сандански... Идеите на десницата ги застапувале и ги бранеле нивните присутни истомисленици и Борис Сарафов.

По барање на Конгресот, генерал Цончев морал да ја распушти својата врховистичка организација, додека Борис Сарафов, за земените  пари од Српската влада, како противуслуга за дозволата на српските чети да влезат во Македонија и за хаосот што го создал со своите чети во земјата, бил осуден условно на смрт.

На Рилскиот конгрес победила политиката на мнозинството, т.е. на левицата, која ја изразувала волјата на револуционерна Македонија. Десницата немала ни сили ни смелост отворено да се спротивстави на некои, за неа неприфатливи решенија без, притоа, сосема да се оголи како носител на туѓи интереси. Но, набрзо по Конгресот, таа ги подредила своите редови, решена да тргне во напад и негирање на усвоените одлуки и насоки на Рилскиот конгрес. За неа тие биле, покрај другото, и "антибугарски", па затоа решила по секоја цена да ја спречи нивната реализација.

Десницата тргнала решително против мнозинството, без да ја крије својата пробугарска ориентација, прогласувајќи ја и Организацијата за бугарска, сметајќи дека таа со својата дејност би  требало да води сметка и за интересите на Бугарија. Своите противници од левицата ги прогласила за "фракција", нарекувајќи ја "интернационала", "социјалистичка", "марксистичко-анархистичка" и сл. со цел да ја компромитира како предавничка и неспособна да  раководи со Организацијата. 

Таа, потпирајќи се врз бугарските државни структури и финансии повела кампања против Рилскиот конгрес и левицата, успеала да го провали претстојниот општ конгрес и прескокнувајќи ги сите форми на легално и демократско одлучување, преку организирање сопствени собири, самата се прогласила за мнозинство со што, всушност, се отцепила од ВМРО и се конституирала во посебна организација.

"Откако ги згазија принципите на Организацијата, тие извршија отцепување и создадоа друга - не веќе револуционерна, туку бугарска национална пропаганда", констатирале серчани во познатото Прво писмо, по повод убиството на Борис Сарафов и Иван Гарванов од санданистите.

Инсистирањето на десницата да биде призната за наследник на историската Внатрешна организација и да ја елиминира левицата, како легален и решавачки фактор на револуционерно движење, избран на Рилскиот конгрес, водело кон големи судири и неизвесности. Победата можела да ја обезбеди само преку отстранување од раководната структура на оние сили што биле бескомпромисни противници на нивната проврховистичка политика воопшто и посебно на тие од Серскиот и од Струмичкиот округ, на чело со Јане Сандански. Подготвениот заговор против него навреме бил откриен (заседата при Рашина и поразот на испратената  заговорничка чета ), за што биле обвинети Борис Сарафов и Иван Гарванов, поради што биле осудени и ликвидирани од Тодор Паница  (28 ноември 1907 година во Софија). Тој настан бил голем пораз за десницата.

Сите разногласија и судири и' го забрзале дефинитивниот распад на ВМОРО,  санкциониран на Ќустендилскиот собир наречен (конгрес) свикан од Христо Матов и неговите истомисленици во март 1908 година. Со тоа завршила  историјата на МРО, создадена 1893 година. Потоа започнала нова ера во македонското национално и револуционерно ослободително движење.

 

> Продолжува <

 

Тане Наумовски

МАКЕДОНЦИТЕ И ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

1945 - 1949

Глава Шеста

ОТПОРОТ НА НОВИОТ ПРИТИСОК

ДЕЛ 63

**********

Пишува : Наум Пејов

2. Активност на НОФ во периодот 1945 - 1946 година

 

"Од писмени и усмени излагања на Окружниот одбор на Леринско, таму положбата во последно време е многу тешка поради големиот терор кој се врши по зголемувањето на непријателската војска и џандармеријата и воспоставувањето речиси во сите села станици, што ги храбри и најстрашливите шпиони, чиј број доста се зголеми". Во истиот извештај на крајот се вели: "Овој момент дојде Лефтер, кој ни ги даде следните податоци: број на бурантарите во Леринско изнесува 2000 и повеќе црнци, општо  околу 6000. Вооружување: митролези, минофрлачи, артилерија, тенкови - заседнати се од Даулот до Кајмакчалан, каде што се закрепуваат и ги прават патиштата.

Невозможно е минувањето и затоа нема да  го пратиме Ивана и Живко, но ни јас нема да одам. Ќе го чекам овде Тане, кој осум дена е одвоен и се очекува да дојде идниот ден. Имаат забрането секакво движење на Македонците. Овците ги симнаа од планините и не дозволуваат никому да се движи по планината, а истовремено ги горат и шумите. Ноќта ги запечатуваат куќите на Македонците за да не излегуваат. Оној што успева да изваде дозвола да оди на нива, му го мерат лебот.

 Групите имаат стигнато до положба да напаѓаат за да се снабдат со леб. Јас испратив курир и им јавив да не напаѓаат по никаков начин".(подвлекол Н.П.)

Значи оценката во извештајот на "Сандански" од јули за намерата на грчката влада, се обистинува. но, исто така од цитираниот извештај на Џоџо гледаме дека на партизанските групи им беше забрането да напаѓаат, па дури и по цена да останат гладни.

Во еден свој извештај од 22 август 1945 година на Тане Наумовски до Главното раководство го пишува следното за ситуацијата на теренот:

"Во Кајларско, цели семејства - мажи и жени Македонци секојдневно ги одвлекуваат  за Тесалија, а од таму не знаеме каде ги носат. Во Соровичка околија е забрането слободното движење  на луѓето. Во планините е тешко да остане човек, а во Леринското Поле исто така. Ве молиме да донесете решение што ќе биде  до 1. септември 1945 година. Затоа што не можеме да останеме тука. Населението почна да се плаши од големите сили и од шпионите - шпионите зедоа голем кураж.

...Секој ден ни поставуваат заседи, затоа што шпионите се организирани. Ние по нив не пукаме, затоа што немаше право, а тие тоа го знаат и почнаа дури по планините да не гонат. Кога пукаме по нив, тие бегаат".

Низ сите извештај од теренот во овој период блика едно исто: "Оружје и знак за јакнење на вооружената борба". Тоа беше резултат на објективната ситуација. Но недостигаше усогласување на ставовите на КПГ и НОФ. Но независно од тоа, вооружените судрувања на македонските партизански групи со оружените сили на атинскиот режим датираат  непосредно по нивното доаѓање во Егејска Македонија по спогодбата во Варкиза, уште од пролетта и летото 1945 година. Таквите судрувања ги одбележуваа и режимските весници во Грција. Така, на пример, во солунскиот весник "Македонија" од 18 јули 1945 година читаме: "Бугарска банда со митралез нападна на сојузнички автомобил. Ранети се четири лица".

Лерин, - вооружена банда Бугари од заседа, на патот Лерин - Солун до селото Горничево, со митролез пукаа на сојузнички автомобил, при што беше убиен еден Англичанец, а тројца беа ранети. Исто така ранета е и Марјанти Сиому, која со истиот автомобил патуваше за Солун.

Сите бандити беа Бугари, вооружени со автоматски пушки и носеа руска sвезда".

Понатаму во написот се донесува изјавата на управителот на Лерин, кој за нападот ги обвинува "лошите соседи".

Во солунскиот весник "То фос" од 21 јули 1945 година читаме:

"Во Западна Македонија  почна систематски напад на  бугарокомунистички банди против џандармериски станици. Така во селото Кономалти - Руписко, банда  од повеќе групи го опколи селото и со минофрлачи ја бомбардира џандармериската станица. Истовремено побараа да го напушти селото. На џандармеријата и' појде од рака да ги одбие бандитите.

Друга банда ја нападна станицата во Загоричани Костурско. Џандармеријата ги изгони бандитите кои се повлекоа во блиските планини".

Такви написи можеа да се сретнат во сите грчки режимски весници, кои намерно ја изопачуваа вистината. Вооружените групи од месното македонско население кои се  кренаа со оружје во рака да ја бранат честа и достоинството на својот народ од варварските напади на грчките монархофашисти ги нарекуваа "Бугари", за да ја обманат и заблудат грчката и не само грчката јавност. Меѓутоа, како што е напред изнесено, теророт над македонското население не ја остави не засегната и најзафрлената селска колиба, каде што грчките монархофашисти можеа и ја прошируваа својата власт. Отпорот дојде како  резултат токму  на тој терор и на стремежот на македонскиот народ да осигура услови за снослив човечки живот.

Од досега изнесеното може да се извлече заклучок дека вооружената борба како претходник на вооружената борба на Демократската армија, ја поведоа македонските партизански групи на НОФ, како резултат на една објективна потреба - "особен вид на политичка борба". Ова треба да се истакне поради две причини: прво, за демократската јавност дека на македонскиот народ вооружената борба му беше наметната во одбрана на своите легитимни права на слобода и човечки живот. Второ, за историската вистина, дека вооружениот отпор не почна во Литохоро 1946 година, како што тоа сака да го прикаже раководството на КПГ. 

> Продолжува <

Виолета Танчева

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

**********************

 

Виолета Танчева-Златева е родена на 25 април 1968 година во с. Бориево, Струмичко. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Југословенска книжевност. Пишува поезија, проза и есеи. Член на ДПМ од 2000 година. Добитник е на наградата "Браќа Миладиновци", на Струшките вечери на поезијата, за најдобра поетска книга во 2015 година.

Ги објавила следните книги проза: Книга за сонот; Враќања; Враќајќи се во Бориево; Шарени писма; како и стихозбирките Мојот Пикасо; Заробеница на молкот во 2010 година...

 

ЗБОР ДВА ЗА СЕЛОТО БОРИЕВО

 

Селото Бориево е стара селска населба која потекнувала од средниот век. На почетокот селото било мало, подигнато на брегот на Моноспитовското блато, во месноста "Жабарник". Старите жители на ова село на тој простор се занимавале со лов, риболов и сточарство. Поради мочурливото земјиште, земјоделството не било застапено. Според едно предание, претходниците на бориевчани ја напуштиле првобитната местоположба на селото, веднаш по битката на Беласица во 1014 година, кога Самуиловата војска била победена од војската на византискиот цар Василиј Втори, бугароубиецот. 

Причина за напуштањето на населбата во месноста "Жабарник" била појавата на болест (воројатно маларија) од која најмногу умирале децата. Прв на ова место каде што денес е лоцирано Бориево се населил човек по име Борил. Подоцна околу неговата куќа се населиле и други семејства, па така се оформувала мала селска населба, која во чест на првиот жител Борил, ја нарекле Борилово. Со името Борилово, селото се спомнува се' до доаѓањето на Османлиите.

Дојденците, односно освојувачите, селото го нарекувале Бориево. Легендата вели дека во селото имало изградено кула во која ги обучувале војниците, кои секое утро ги пробудувала војничката труба - "бурија". Па така, според оваа легенда, од овој збор, прозлегло и името Бориево.

Во "Етнографија на Адријанопол Монастир и Салоника" , издадена во Цариград во 1878 година и статистиката на машкото население од 1873, селото се состоело од 20 семејства и 65 жители Македонци. Според статистиката на Васил К'нчов ("Македонија, Етнографија и статистика") во 1900 година селото имало 275 жители, Македонци.

Бориево било под влијание на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев, ("La Macedoine et sa Population Chre'tienne"), во 1905 година во селото живееле 352 македонски егзархисти и 64 македонски патријаршисти. Освен тоа, во селото работело и едно егзархиско училиште.

 

МНОГУИМЕНА

****************

  • С. Бориево


    Како да те именувам, многуимена
    кога и грешница за каменување си
    и светица за обожавање

    Кое име да ти го дадам
    тебе трептежна измамничке
    тебе сону недосонет
    тебе прокобо непрокопсана
    Како јагула неподатна
    ми се лизгаш низ прстите на мислата
    со поглед нурнат во длабочините

    Како сува песок ми се рониш меѓу жешките денови

  • "Рождество на Пресвета Богородица"


    на далечното лето што царува
    легнато врз татковите ниви

    И во сладоста на првите раскласени пченки во Бориево
    те мирисам
    и во топлите печени костени на калдрмата во Скопје
    Невидлива и сеприсутна
    Со сите здивови и допири во себе -
    Како да го наречам твоето чудо
    љубов, мајко многуимена ?


    Автор, Виолета Танчева -
    Златева

Kind regards : 25 декември 2017 година

Sotir Grozdanovski broj 115