ОВИЕ ЛИ СЕ ТЕРОРИСТИТЕ ГОСПОДИНЕ ПРЕМИЕРУ? СРАМИТЕ СЕ!

За "заедничка Македонија". Од лево, Владо Јовановски, глумец и десно, Игор Дурлевски, оперски пеач.

Ристо Никовски

 

ДОГОВОР МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА ИМА

СЕ ВИКА

"ПРИВРЕМЕНА СПОГОДБА"

********************

Пишува : Ристо Никовски

 

 

Соодветно на ситуацијата, грчките изјави се топло - ладни. За да нема дилеми, Коsијас два пати ни порача дека проблемот со името има четири сегменти - името и неговата употреба, идентитетот, јазикот и меѓународните кратенки (кои, впрочем, автоматски ќе мора да се прилагодат ако дојде до промена на името на државата).

По првата изјава, тој се обиде да го промени неспорниот впечаток и рече дека никогаш не го доведувал во прашање идентитетот на народот, што нема врска со вистината иако настојува да се затскрие зад изразите кои ги користи.  Неговата најнова изјава, пак, од 4 декември 2017 година дадена во интервју за "Етнос", заслужува посебно внимание. Прво, тој се залага да се постигне "праведен, а не гнил компромис", што поддржувачите на власта (како "Слободен печат") го извлекоа во наслов. Пораката до читателите е - Грција мисли на нас и бара праведно решение а не гнило. Затоа, не  треба да се плашиме од решението кое (ќе) следи. Ако некој, меѓутоа, го чита текстот, ќе види дека таквиот компромис Коsијас го очекува од нас, а не од двете страни. А за нив, "праведно" решение е само откажувањето на Македонците од самите себе и нивно бришење како народ. За Атина, се' друго е гнило.

Но, тој не застанува тука. Дали изигрува лудило или само се прави недоветен, самиот знае. Рекол - "нашите соседи веруваат дека можат да стигнат до интеграција во институциите без договор со нас - нешто што е невозможно".  Нашиве, создавајќи позитивна клима, голтаат се', не се моментално тука, а некој мораше да му одговори дека ДОГОВОР МЕЃУ ДВЕТЕ ЗЕМЈИ ИМА и тоа од не така далечната 1995 година. Се вика - "Привремена спогодба", која е депонирана во ООН. Таа е направена со текст подготвен во Вашингтон и во американска режија. По пат, треба да се потсети и дека Атина е осудена од Меѓународниот суд за правда, од Хаг, за неспроведување на истата оваа спогодба, токму околу нашите интеграции. Што сака, всушност, Атина ? Каков нов договор, кој пак нема да го почитува ?

Факт е дека на Данајците (Грците) не смее да им се верува дури и кога ти носат подароци. Арно ама, оваа безобразна манипулација и тешка и навредлива измама навистина ги преминува сите граници. Премногу дури и од една Грција.

На премиерот Ципрас му е секако тешко. Пред да дојде на власт, тој јавно покажуваше разбирање за нашите аспирации и не се согласуваше со грчките империјалистички политики кон Македонија. Меѓутоа, како премиер, мора да води сметка за мнозинството во земјата, кое одлучува кој ќе владее. Деновиве (8 декември 2017 година) тој е во Белград на средба со претседателот на Србија и премиерите на Бугарија и Романија. 

Во последно време се повторуваат вакви и слични средби меѓу нашите соседи, без Македонија, што индицира нови поделби и прегрупирања во регионот, кои се апсолутно непотребни и контрапродуктивни. Можеме со висока доза на сигурност дури да тврдиме дека дел од предходните вакви средби беа свикани токму заради разврските кои претстојат околу Македонија. Изјавата на Ципрас, пак, по средбата во Белград, директно потврдува дека таму станало збор и за нашата земја. Ципрас рекол - договор е можен ако "престанеме со изјави дека сме единствени потомци на Александар Велики и со иредентистички тврдења". Со други зборови ако целосно капитулираме. Симбол на нашиот "иредентизам" е постоењето на македонскиот народ. Тоа мора секому да му биде јасно.

Очигледно е дека се стега обрачот околу Македонија и тоа со наша согласност дури и иницијатива. Капитулантскиот договор со Бугарија покажа дека нашата нова власт веќе нема скрупули и дека не чула за нешто што се нарекува национален интерес. Се чини дека се тие глобалисти и интернационалисти и, како такви, не ги интересираат ситници како сопствениот народ. Двете предходни ориентации се толку важни, што се' друго, е небитно. Иако јавно не се изјаснуваат, тие се веројатно спремни да одат во Ирак, Авганистан, Сирија ... а сега и во Ерусалим, да ги решаваат тамошните проблеми, бидејќи така налагаат американските интереси. А за Балканот, кој и така одамна е буре со барут, нека му ја мислат другите.

Изјавите кои претставниците на власта ги даваат околу грчкиот проблем со нашето име главно  се наивни, не фундирани, волунтаристички та дури и смешни. Како да се од друг континент, да не речеме планета. Факт е дека од време, на време, ќе се сопнат и ќе кажат нешто издржано, ама тоа се губи во морето нелогичности. И тие споменуваат дека идентитетот не е во прашање, што е чисто замајување. Крајно е неприфатливо што јавно ја критикуваат поранешната гарнитура за политиката околу името. Без оглед дали квалификациите се точни или не, тоа е непристојно и срамно плукање во сопственото лице, што зборува за нивниот аматеризам и комплекси.

Просто е неверојатно дека МНР, Димитров, зборува за "преговори" со Грција и "преговарачи", a не за класична медијација, а се спомнуваат и "разликите" со Грција, а во резолуцијата 817/93, од каде извираат сите наши последователни голготи пишува за "разлика". Двата израза се блиски колку и Водно и Монт Еверест. Тој и премиерот гледаат и добра волја во Атина што звучи крајно аматерски. Треба да им е јасно дека Грција ќе направи се'  да не дојде до решение, дури да е и ерга омнес во прашање. Ако тоа го стори, која и да е нивна влада веднаш ќе падне. Токму затоа, во периодов кој претстои, тие ќе поставуваат се' поголеми и по ригидни барања со цел да добијат максимални отстапки од нас, без ништо да рескираат.

Ако сепак не дојде до решение, тие ем нас ќе не обвинат за неуспехот, ем овие придобивки ќе им бидат капитал за во иднина. Тие се сега за прв пат под жесток американски притисок и затоа мораат да тактизираат и тоа умешно го прават. За разлика од нашиве.

Добро е што новата гарнитура го актуализира решението на проблемот со името. Голема грешка беше што долго време истиот се држеше под килим. Цената за тоа ја плаќаме токму сега. Меѓутоа, генерално во политиката и нагласено во дипломатијата, не е дозволено залетување (на пример  околу учебниците)  бидејќи секоја неумереност скапо се плаќа. Силен е впечатокот дека такво нешто ни се случува во моментов. Неспорно е дека САД се по секоја цена спремни да го решат името заради нашиот прием во НАТО, ама тоа за опитни политичари е одличен повод нешто да се ќари. Да се дојде  до подобро решение отколку што би било реално во нормални прилики. Напротив, нашиве политичари, изигрувајќи добра волја, покажуваат само спремност за капитулација. Така барем изгледа, камо среќа да не е така.  За некои од нив, кои уште пред повеќе години ќе не внесуваа во НАТО за шест месеци, изгледа дека е тоа поважно од се' друго.

Чести се изјавите дека без НАТО и ЕУ Македонија ќе се распадне што нема блага врска со вистината. Други (Нано Ружин, на пример) ја потцентуваат сопствената земја и шират дефитизам. А некој си Руди Лазаревски, во "Слободен печат", "патриотски" повикува - "Ние мораме да го смениме уставното име, ако сакаме идните генерации да добијат шанса ... да одат на Марс". Тој веројатно од таму паднал та сака да се врати, ама зошто не меша сите нас? Нека си оди сам.

Должност е на секоја власт да ги решава проблемите. Меѓутоа секогаш има и граници кои не смеат да се преминат. Нема во светот проблем кој не може да се реши за ден, недела или месец. Меѓутоа, се' се сведува на прашањето - кој и какви концесии или отстапки ќе даде. Ништо друго. На таа основа, сите проблеми се идентични.

Во нашиов случај, името на државата е само симболот зад кој се крие националниот идентитет на македонскиот народ. Тој е во прашање, ништо друго. Околу тоа веќе никој не смее да има сомнежи, бидејќи отворено е на маса. Најмалку политичарите. За Атина и Софија ние со векови не постоиме како народ. По распадот на Југославија и за Вашингтон, Брисел...

Тоа е нашата реалност ама и предизвик. Никој политичар нема право на грешка околу ова фундаментално прашање кое се сведува на да се биде или не.

П.С. Да спомнеме уште една наша понижувачка и срамна реакција. МНР, Димитров, на министерка од Косово и' рекол дека - "Одлуката на косовската влада да им додели по 10.000 евра на семејствата на осудените за "Диво насеље", не е во духот на градење европска иднина за регионот заснована на владеењето на правото, што е заеднички интерес на двете земји"! Просто неверојатно. Косово отворено го подржува тероризмот на нашите граѓани во Македонија и се меша во нашите внатрешни работи земајќи си право да ги игнорира нашите судови,а ние зборуваме за некаков дух. Навистина духовито. Не само што го виткаме 'рбетот пред Вашингтон и Брисел, почнавме и пред Приштина.

Еееееј, до кај стигнавме! Кај ли ќе ни биде крајот?

 

http://www.dudinka.org

13 декември 2017 година

 

Никола Груевски

ГРУЕВСКИ ПОБАРА ДА БИДЕ ИЗБРАН НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ И РАКОВОДСТВО КОЈЕ ЌЕ ЈА ВРАТИ ВМРО-ДПМНЕ НА ВЛАСТ

**************

 

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе Одлука со која што 22 и 23 декември 2017 година ги утврди како датуми за одржување на вонредниот 16-ти Конгрес. Вонредниот 16-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи во Валандово, а согласно Статутот на Партијата на него ќе учествуваат 544 делегати од редовниот 15-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението од Партијата испратено до медиумите доцна вечерва.

Врз основа на Статутот на Партијата, Централниот комитет усвои заклучок согласно кој кандидат за претседател на Партијата може да предложат најмалку 30 делегати на Конгресот. Еден делегат може да подржи само една кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Кандидатурите може да се поднесуваат најдоцна до 21 декември до 15 часот до правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, во архивата на Партијата.

- Оваа одлука беше донесена од Централниот комитете, откако претходно Претседателот Никола Груевски ја поднесе својата неотповиклива оставка. Во образложението до членовите на ЦК, Груевски истакна дека без разлика на фактот што анализите за изборните резултати се во тек, оставката ја поднесува како морален чин, бидејќи е природно човекот во кој сите имаат најголема доверба врз себе да ја земе одговорноста за поразот и покрај сите фактори кои влијаеле. Груевски потенцираше дека овие избори беа едни од најнерегуларните каде што имаше еклатантни примери на притисоци, уцени, поткуп и заплашување, но исто така и разочараност меѓу дел од традиционалните гласачи на ВМРО-ДПМНЕ. Токму заради детектирање и коригирање на си те слабости, Груевски нагласи дека мора да се земе сериозно деталната анализа на изборниот резултат. Груевски побара од членовите на ЦК да биде изгласан терминот за вонреден Конгрес и да биде избран нов претседател и раководство кое ќе ја врати ВМРО-ДПМНЕ на власт, се вели во соопштението. 

Во дел од дискусиите кои следеа беше побарано да се расправа и да се гласа за оставката на Груевски. Со оглед на тоа што таква расправа не е предвидена во правните акти на Партијата, на гласање се стави предлог барањето за организирање на вонреден конгрес.

- При првото гласање не беше постигнато потребното двотретинско мнозинство. Пред второто гласање од страна на Претседателот Груевски беше посочено дека не станува збор за гласање "за или против", него, и со дополнителни аргумени ги убедуваше членовитена ЦК да поддржат одржување на Конгрес. Потоа, во вториот обид огромно мнозинство членови на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ ја поддржаа одлуката за одржување на вонредниот 16-то Конгрес во Валандово, информираат од Партијата.

ЦК на ВМРО-ДПМНЕ дискутираше и за актуелната политичка состојба и најостро го осуди политичкиот прогон и монтираните обвиненија за измислен тероризам против пратеници, уметници, глумци, режисери и полициски службеници и генерално политички прогон на функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ.

ЦК на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека сите притворени мора безусловно да бидат ослободени и конструираните обвиненија против нив да бидат повлечени, бидејќи ваквата политика на хунтата на власт оди на штета на државата и граѓаните и дополнително ја зоврива и продлабочува кризата.

 

11 декември 2017 година

http://kurir.mk

 

Карта на Скопје

ЛАГИТЕ НА БУГАРИЗМОТ

Преземено од : http://lagitenabugarizmot.blog.com.mk/

Од 10 век Византијците зборуваат

само за етнички Бугари во Македонија.

 

Византија, Источното римско царство, своите жители ги декларираше не на етничка база, туку географски, по Темите каде што живееле. Тема е византиска воено-административна област, со своја сопствена управа, но потчинета на Византија т.е. Романија. Вистинското изворно име на Византија е Романија.

Грците, како основачи и лојални граѓани на Романија (Византија) во текот на целиот среден век, па се' до 19 век се нарекувале Ромеи (Римјани), а нивниот јазик ромејски (римски); Грците биле дел од источното римско царство-Романија, па следствено, по тогашниот византиски обичај луѓето да се декларираат по географската припадност, тие биле Ромеи-Византијци. Инаку, Многу познато е дека Грците не се Римјани, ниту пак имаат некаква лингвистичка или крвна врска со Римјаните.

Во состав на Византија имаше голем број на Теми, населени со повеќеетничко население; Византија за полесно да ги лоцира луѓето ги нарекуваше по името на Темата, а не со етничкото име, но и со тенденција сите нив да ги асимилира во Ромеи (Византијци).  Така, жителите на темата Стримиони, беа Стримионци, жителите на темата Македонија беа географски Македонци, но не и етнички.

Од 972 година, бугарската држава не постои, истата влегува во состав на Византија, во која спаѓаше и поголемиот дел на Македонија; Слободните територии на Самоил и неговите браќа не беа признати за посебна држава, туку тие беа за Византија само бунтовници. Тогаш, Византија ја дели територијата на Бугарија, на денешните Македонија, Србија, Црна Гора и дел од Албанија, на Теми. Но, за да ги асимилира различните етникуми во својата држава, Византија ги менува имињата на окупираните територии; така, територијата на источна Тракија станува тема Македонија, а жителите на темата Македонија за Византијците се Македонци, без разлика на нивната етничка припадност. Цариград и областа околу него, станува тема Тракија, а жителите на темата Тракија географски Траки. Територијата на Македонија, Црна Гора, сегашна Србија влегуваат во византиска тема Бугарија (Воулгариа)  и сите жители (Македонци, Срби, Црногорци) на темата Бугарија беа за Византија Бугари (Voulgaroi). Права, вистинска станува тема Паристрион, Загорје или Мезија (Мизија), а жителите Паристрионци, Загорци или Мизи (Ibidem,p. 43-49./ Vezi P. Diaconu, Les Petche'negues..., p. 112/115, N.Iorga, Les premieres cristallisations d'E'tat des Roumains, "Bulletin de la Section Historique", 5-8, 1920, 1,p.33-46; N. Ba'nescu, Les premiers te'moignages byzantins sur les Roumains de Bas-Danube, "Byzantinisch-Neugriechische Jahrbucher", 3, 1922, p.287-310/ N. Banescu, Les duche's byzantins de Paristrion (Paradounavon) et de Bulgarie, Bucarest, 1946, p. 101; P. Diaconu, Les Petchenegues..., p.101).

 

ВИЗАНТИСКИ ТЕМИ ВО 1025 ГОДИНА

Мапа на темите во Византија 1025 година, Македонија со Србија се тема Бугарија, па затоа Византијците од 10 век ги нарекуваат Македонците и Србите, Бугари, односно жителите на темата Бугарија. Денешна Бугарија е тема Паристрион, а јужна Бугарија и Тракија, е тема Македонија, па сите жители од географска Тракија, а тема Македонија, се наречени Македонци, а оние од Паристрион, Мизи и Паристрионци. Следствено од бугарската пропаганда, ако Македонците во 10 век биле Бугари, следува дека денешните Бугари не се Бугари, оти не се наречени Бугари после 972 г. туку Византијци, ги нарекуваат Македонци и Паристрионци и Мизијци, според темите на кои припаѓаат.

Така, по византиската книжнина, Македонците ги нарекуваат Бугари, по територијата каде што живеат, а темата е Бугарија, а пак Македонци за Византија се луѓето од темата Македонија (околу Одрин-Едрене), пред се' словенизирани Траки, Евреи, Ерменци, Ромеи, Грци, ит.н.т. Затоа, многу од подоцнежните писатели, хроничари и патеписци за Македонија и останатите територии од темата Бугарија го користат терминот Бугари и согласно со тоа, наоѓаат Бугари во Македонија. Но, истите тие кои се служат со тематската поделба од Византија, Македонци лоцираат во источна Тракија, каде што некогаш била византиската тема Македонија.

Најубаво ќе ја разбереме византиската терминологија на луѓето по теми, ако го разгледаме случајот со византискиот император Василиј Втори Македонецот, Бугароубиецот. Василиј Втори Македонецот припаѓа на лозата на Македонците, чиј родоначалник е Василиј Први, по потекло Ерменец, од ерменско семејство или мешано словеноерменско, кое стотина години живеело во Адријанопол-Едрене, и, поради тоа што е роден во 811 година во темата Македонија, во сите византиски извори е наречен Македонец, а неговата династија Македонци - "Македонос" (Извори: 1. Ibidem, p.228; cf.GSBH, V, p. 155/ 2. "Basil I. " Encyclopaedia Britannica. 2005./ 3. Abstracts from the International Conference ARMENIAN CONSTANTINOPLE organized by R.G. Hovannisian, UCLA, May 19-20, 2001, UNIVERSITY OF CALIFORNIA, LOS ANGELES, DICSON AUDITORIUM). Така, Ерменците и сите останати националности што живееја во темата Македонија (историјски Тракија) станаа по византиските книги Македонци, а Македонците оти живееја во темата Бугарија станаа Бугари. Василиј Втори Македонецот е најлутиот непријател на Самоил. Во 1014 година кај Беласица, Василиј Втори Македонецот ја победува македонската армија на Самоил, каде убива неколку илјади македонски војници. По оваа битка, Василиј Втори Македонецот од страна на византиските хроничари е наречен Бугароубиецот т.е. убиец на жители од темата Бугарија, а не етнички Бугари. 

Како ермено-словенот Василиј Втори Македонецот беше Македонец, така и Цар Самоил беше Бугарин за Византија-жител и владател на териториите кои припаѓале на темата Воулгарија.

Седиште на темата Бугарија било Скопје, од каде се управувал не само најголемиот дел од Македонија, туку и Србија, денешна Црна Гора и делови на Албанија. Поради тоа, Србите, како и Црногорците, за византијците претставувале Бугари-жители на темата Бугарија.

Византискиот историчар Лаоник Халкондил вели: "Трибалите, средновековно архаично име за Србите, т.е. Рашкани, сега се нарекуваат Бугари" (Laonicus Chalcondyles, P.G., t. 159, Op. cit., кол. 26).

Кедрин, најголемиот хроничар на средновековната македонска држава и Црногорците ги нарекува Бугари, а црногорскиот принц Константин Бодин, син на црногорскиот кнез Владимир и Самоиловата ќерка Косара го нарекува "Цар на Бугарите", а целата негова војска составена од Црногорци, која потоа собирала и косовари, е, окарактеризирана како војска на  "Бугари" (Georgius Cedrenus Loannis Scylitzae ope ab L Bekkero supletus et emendatus 11, Bonnae, 1839, pp 714-719) т.е. војска составена од жители на темата Бугарија. Според бугарската историја, ова би значело дека и Црногорците се Бугари. Неговиот татко Јован Владимир, кнез црногорски, византиските хроничари го нарекуваат секогаш Бугарин (жител на темата Бугарија), па затоа и бугарската црква побрза да го прогласи Црногорецот за бугарски светец и денеска неговото име се слави од БПЦ на 22 мај (Види православен календар на Бугарската Православна Црква).

По пропаста на Самоиловото царство, Василиј Втори Македонецот ја намалува диецезата на Охридската Патријаршија само на Тема Бугарија т.е. на најголемиот дел од Македонија, Србија и Црна Гора. Бугарските историчари тврдат дека Охридската Архиепископија е бугарска црква поради тоа што нејзината надлежност била за ЦЕЛА БУГАРИЈА; но, под ЦЕЛА БУГАРИЈА се подразбира целата тема Бугарија, која не ја опфаќаше денешна Бугарија-Добруџа (византиска тема Паристрион, Мезија)  и Тракија (византиска  тема Македонија), кои тогаш беа потчинети на Цариградската Патријаршија. 

Ромеите (Грците, Византијците) кои живееле во темата Бугарија се сметале за Бугари т.е. географски Бугари, жители на Византиската тема Бугарија.

Теофилакт Охридски, грк, родум од Еврип, е Архиепископ на Охридската Архиепископија од 1090 г. до 1119 г. Познат е по тоа што го има напишано "Пространото Св. Климентово Житие" каде објаснува дека за него Бугари се жителите на визнатиската тема Бугарија т.е. тоа се географски Бугари. Теофилакт и самиот себеси се сметал за Бугарин, жител на темата Бугарија, па во пространото Житие на Св. Климент запишува "Св. Климент ни го предал НА НАС БУГАРИТЕ сето она што се однесува на црквата" (Пространото Житие на Св. Климент, Охридски ракопис во Румянцев музей во Москва. Збирката на Григорович под број 818, лист стр. 11-6 до 33-б/ Архивен институт на БАН (кутия ИИИ, папка ИВ).

Како мнозинското население во византиската тема Бугарија (Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија) било словенско, Бугари за Грците биле Словените, па Теофилакт пишува во своето Житие на Св. Климент за "словенскиот или бугарскиот народ", а јазикот во темата Бугарија го нарекува бугарски. За него, Св. Климент бил "прв епископ на бугарски јазик"(Пространото Житие на Св. Климент, Охридски ракопис во Румянцев музей во Москва. Збирката на Григорович под број 818, лист стр. 11-6 до 33-б./ Архивен институт на БАН (кутия ИИИ, папка ИВ.)

Оттогаш, за Византијците и Грците зборот Бугар станал синоним за Словен, а бугарскиот јазик синоним за словенскиот јазик. Но, таа класификација на жителите по теми ги користела само и исклучиво Византија и Византијците. Жителите на темите си се изјаснувале по нивната етничка припадност. Така, НЕ ПОСТОЈ НИТУ ЕДЕН ИСТОРИСКИ ДОКУМЕНТ ОД СРЕДНИОТ ВЕК, КАДЕ НЕКОЈ МАКЕДОНЕЦ СЕ ИЗЈАСНИЛ КАКО БУГАРИН, ЖИТЕЛ НА ТЕМАТА БУГАРИЈА. ИСТИОТ СЛУЧАЈ Е И СО СРБИТЕ, ЦРНОГОРЦИТЕ И СЛОВЕНИТЕ ОД БУГАРИЈА.

"Краткото житие на Св. Климент", уште наречено "Охридска Легенда" е напишано од охридскиот Архиепископ од 13 век, гркот Димитриј Хоматијан, родум од Ликија (Мала Азија), сите словенски народи ги нарекувал Бугари-Волгарои. За Словените, грчкиот автор во "Охридска Легенда" пишува: "тие (Бугарите) беа иселени, во старо време, од воената сила на Александар, од крајот на Бруса Олимп кон Северниот океан и Мртвото Море, а откако поминало многу време, Бугарите со страшна војска го преминаа Дунав и ги зазедоа сите соседни области: Панонија и Далмација, Тракија и Илирик, а и голем дел од Македонија и Тесалија" (Охридска Легенда-автора на Житието-охридския архиепископ Димитрий Хоматиан; Ал. Милев, Гръцките жития на Климент Охридски", 1966 г.) Во истата Охридска Легенда, оригинално напишана во 13 век се вели дека папата го ракоположил Методиј за архиепископ на Моравија и Бугарија (тема Бугарија), а Климент бил ракоположен од Методиј за епископ на целиот Илирик и на "бугарскиот народ" кој ги владеел тие краишта (Ив. Дуйчев, Краткото Климентово житие от Димитрий Хоматиан, в "Климент Охридски, сборник од статии по случай 1050 години од смъртта му" БАН, София , 1966 г., стр. 161-171). За Грците, сите словенски народи што ги населуваат Илирик, Далмација и Панонија биле Бугари и ги нарекуваат со едно име, почнувајќи од 10 век. Илирик е територијата на денешна  Хрватска, Србија, Босна, па гркот  од 13 век ги нарече и Хрватите, Србите, Црногорците, Словените од Панонија ништо друго, туку Бугари. Зошто овој факт Бугарите не го користат да ги прикажат и сите јужнословенски народи како Бугари, туку само ова важи за Македонците? Или тогаш би се открила вистината дека за Византијците жителите на темата Бугарија се Бугари и тој термин се користел како синоним за Словени, почнувајќи од 10 век, кога правите Бугари и Бугарија се уништени?

Дека и поимот "Бугар" означувал Словен, но, не и посебна народност во средниот век, доказ се и останатите документи од времето на охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан, ракоположен на охридскиот архиепископски трон во 1216 година. Од негово време имаме зачувано записи на Македонци кои се декларирале "по род Македонци" во времето кога Охрид бил дел од Епирската држава, па со сигурност можеме да констатираме дека Македонец во тие документи представува етникум, а не географски поим, поради тоа што Охрид припаѓал географски на Илирик, а државно на Епир. Тука имаме и запис од Иван Иерекар од селото Власто (денеска Велестово) "по род Македонец" (J.Pitra, Analecta sacra et classica specilegio Solesmensi parta,t. VI Juris ecclesiastici graecorum selecta paralipomena. Parissis et Romae 1891, col. 315). 

Во Елада и Тесалија имало голем број на словенско население, кое гркофоните го нарекувале Бугари. Во Грција никогаш не се населиле Бугари, нити пак Бугари ја владееле таа територија; во 7 век таму се забележани склавиниите, кнежевствата на племињата Милинги и Езерци, Војунити и Велегезити. За време на грчкото националослободително востание 1821-1829 г., се пееала една песна за премавнување на различностите на различните етноси кои ја населувале Елада и создавање елинска нација: "Албанци, Власи, Бугари, луѓе кои говорите на други јазици, придружете се" ( 1. Victoria Clark, Why Angels Fall. A journey through Orthodox Europe from Byzantium to Kosovo Macmillan> London, 2000 ISBN> 0 333 75185 X; 2. FATHER GREGORY TILLETT, The British Orthodox Church).

Бугарија го користи фактот што Македонија била дел од темата Бугарија, да ги прикаже Македонците како Бугари. Воедно бугарската историографија лаже дека античките Македонци се населиле во источна Тракија, темата Македонија, па по ова нивно "правило" да испадне дека жителите на темата Воулгарија се Бугари. Притоа "забораваат" да спомнат дека во Византија, како жители на темата Бугарија и Бугари (тематски, географски) фигурираат и Србите, Црногорците како и Словените од Срем. Инаку, не постој ниту еден пишан или усмен историски извор дека античките Македонци се иселиле во источна Тракија околу Едрене. А и каде таа мала територија околу Едрене би могла да ги собере сите Македонци од етничка Македонија која се простираше на 68.000 км2?

Темата Тракија беше Цариград и околината, па ако пак одиме по умот на Бугарите, зарем сите Траки отишле во Цариград и цариградските села? Знаејќи дека Траките биле најголемиот антички народ и се чудам како ги собрало сите Траки во Цариград? Би требало да се изградат илјадници облакодери од по 100 ката за да ги собере сите Тракијци во тогашниот Цариград и градот да зафаќа површина од стотина км?

Ако одиме по логиката на бугарската пропаганда дека Македонците во 10 век биле Бугари, оти живееле во темата Воулгарија, следува дека денешниве Бугари не се Бугари оти не се наречени Бугари после 972 година, туку Византијците ги нарекуваат Македонци и Паристрионци-Мизијци, според темите на кои припаѓаа.

Крај

Село Смилево

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ 61

МАКЕДОНИЈА ВО  XIX  ВЕК

************

9. Илинденското востание

(Продолжение)

 

Избраниот на Смилевскиот конгрес Главен штаб за раководење со востанието (Даме Груев, Борис Сарафов, А. Лозанчев) решил востанието да започне 20 јули 1903 година (Илинден - 2 август по нов стил). И покрај строго чувана тајна, Високата Порта го дознала дури и денот на почетокот на востанието. Само што започнало востанието, Портата ги информирала владите на големите сили, нарекувајќи ги востаничките акции "акт на разбојништво и пустошење".

Значи, првите информации за востанието јавноста ги примила од османлиските власти. Нивната содржина била : "Бугарски револуционерни банди" палат османлиски села, убиваат и масакрираат заробени војници и невино муслиманско население и  речиси сите злосторства што ги вршеле аскерот и башибозукот им ги припишувале на востаниците. Исти или слични информации сервирала и Атина, додавајќи дека "разбојничките чети" ги убивале Грците. Сите тие дезинформации, таа црна пропаганда, преточена во дипломатски извештаи се испраќала до владите на големите сили, до оние што решавале за македонската криза. Тоа го правеле и доста весници.

Август Крал, австриски конзул во Битола, претставува еден од ретките свидетели што пројавиле посебен интерес и доблест аргументирано да ја пренесат до својата влада вистината за она што се случувало во неговиот регион и за Организацијата и за востанието. Тој меѓу другото, пишува и тврди дека тука, (за разлика од Цончевото), "навистина се работи за едно востание, прво во Македонија, кое треба сериозно да се свати... Тоа е излив на незадоволството на  еден цел народ..., тоа е повик за помош на едно длабоко угнетено население кое се бори за слобода и за уредени прилики. Востанието тука е речиси општо, го опфаќа скоро целиот словенски дел на вилаетот... За одвивањето на востанието во Битолскиот вилает во светот се шират најлажни вести. Љубовта кон вистината, а не пристрасноста во прилог на христијаните..., ме принудува да констатирам, сосема спротивно на погледите што ги застапува печатот и со такво задоволство, - дека постапката на востаниците беше хумана и лојална, а постапката на Турците варварска, свирепа, азијатска. Тоа што првите не ги фаќаа своите противници со ракавици спаѓа во доменот на револуцијата..."

"Востанието во земјата... е многу подлабоко и  пошироко отколку се мисли...", пишува меѓу другото познатиот грчки истражувач Цорбазоглу (извештај од 27 март 1904 година). Во врска со драмата во Крушево, тој додал дека "православните Грци - (патријаршисти, б.м), како што не убеди поранешниот пелагониски митрополит, соработуваа со четите врз братски ослободителен дух".

Востанието ги опфатило најголемите делови од Македонија, но најорганизирано и најдинамично се пројавило во Битолскиот округ. Се одело на уривање на се' што ја симболизирало омразената власт, но и кон освојување територии и уривање на постојната и изградување на една нова, револуционерна власт. Најконкретен израз оваа политика добила при ослободувањето на Крушево на 3 август 1903 година и формирањето на револуционерна власт, со рамноправно учество на сите "народности". Во случајот, религиозните општини биле третирани како народности: Патријаршиската (составена најмногу од Власи и извесен бој Македонци и православни Албанци), Егзархиската (составена од Македонци) и Влашката (составена од т.н. романофили, односно националисти, како што вообичаено ги нарекувале нејзините припадници). Според припадноста кон црковните општини, според вообичаените норми во државата, се определувала и националната припадност (Грци, Бугари, Романци). Од овие три религиозно-пропагандни заедници (општини) била создадена новата привремена власт на Крушевската Република, со основни органи на регуларна државна заедница - Собрание (60 претставници) и Извршно тело (Извршни совет) од 6 члена одговорни за шесте најважни сектори. Главната грижа за одбраната на слободата останала во надлежност на Горското началство кое раководело и со борбите за ослободување на градот, на чие чело стоел Никола Карев, избран на Смилевскиот конгрес.

Набрзо по ослободувањето на градот, со цел да се придобие или да се неутрализира и муслиманското население од околината, раководството го испратило познатиот Манифест во кој ги истакнале целите на револуцијата и желбата за заеднички живот во слободна Македонија.

Покрај Крушево, во округот биле ослободени уште и гратчињата Клисура (Костурско) и Невеска (Леринско).

По остварениот устрем, масовноста и динамичноста, Костурскиот реон го држи првото место од сите реони што учествувале во востанието. Во Битолскиот округ, со исклучок на Прилепско, сите други подрачја зеле учество во борбите.

На востание се кренале и другите окрузи во Македонија и во Одринско, но недоволно подготвени, а имало и други причини поради кои тие покажале слаби резултати, со исклучок донекаде на Одринско.

 

> Продолжува <

 

 

 

ВАРКИЗА-јужна Грција

 МАКЕДОНЦИТЕ И ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

1945 - 1949

Глава Шеста

ОТПОР НА НОВИОТ ПРИТИСОК

ДЕЛ 61

*********

Пишува : Наум Пејов

1. Положбата на Балканот, по Втората светска војна

 

Уште пред завршувањето на Втората светска војна физиономијата на Балканот во однос на општественото уредување беше јасно изразена. Никој не можеше да се сомнева во победата на Народната револуција во Југославија, победата на истата во Албанија, а исто така и за крајниот исход на работите во Бугарија. Грчката десница беше свесна за тежината на тој факт. Но покрај тоа, од исто толкава важност за грчката десница беше и фактот, што на Балканот имавме и една нова појава: Народната револуција во Југославија не донесе само ново општествено уредување, туку ја создаде и Народната Република Македонија, факт, за кој грчката десница, доследна на своите империјалистички аспирации, ите како водеше сметка.

Македонскиот народ во Егејска Македонија, кој во минатото не заостана во националните борби за слобода и независност,  со нескриени симпатии го дочека чинот на конституирањето на македонската Република во новосоздадената Федерација на југословенските народи. Од друга страна, внатрешните услови во Грција говореа дека во земјата постој револуционерна ситуација, со реални демократски сили, кои можат да ја победат контрареволуционерната буржуазија и националното прашање на Македонците од Егејска Македонија да се реши како составен дел од демократските задачи на Револуцијата. Значи, ситуацијата на Баалканот и во самата Грција, создадена уште пред крајот на Втората светска војна, беше основа кај Македонците од Егејска Македонија да превладее убедувањето дека дошол денот и тие да ги остварат своите национални права.

Тоа убедување кај Македонците беше онаа морална сила која ги вдахнуваше да пројават така масовен хероизам, да земат масовно учество и да поднесат тешки жртви за време на Граѓанската војна во Грција. Така може да се објасни појавата, односно конституирањето на политичката и организациона платформа на Народноослободителниот фронт-НОФ за Егејска Македонија пролетта 1945 година и огромниот авторитет што оваа организација го уживаше во Егејска Македонија, сред македонскиот народ и малцинствата.

На 23 април 1945 година беше одржан состанок на Политичката комисија, (но не во избраниот состав, бидејќи беа извршени промени) за Егејска Македонија и врз основа на дотогашната активност на теренот и новата ситуација, се постави проблемот за конституирање на единствена организација - бидејќи до тогаш  политичките агитатори и организатори на македонското движење во Егејска Македонија поставуваа основи на организацијата без единствен формален назив. Во Костурско организацијата се викаше СНОФ по називот на македонската организација од времето на НОБ, додека во Воденско се викаше ТОМО - тотална ослободителна македонска организација. На тој состанок беше решено организацијата да добие  назив Национално-ослободителен фронт на Егејска Македонија. Горниот датум, 23 април 1945 година, е земен како ден на основањето на НОФ и можеби е по правилно НОФ да се смета продолжение на Славомакедонскиот ослободителен фронт од времето на Народно-ослободителната борба за време на Втората светска војна.

НОФ на Егејска Македонија беше израз на истите идејни, идеолошко-политички и национални тежненија за кои македонскиот народ тежеше да дојдат до израз со барањето за создавање сопствена организација, сопствен орган на борбата за време на германската окупација. Треба да се одбележи дека НОФ се раѓаше не само како орган на борбата на македонскиот народ наспроти националниот и класен непријател олицетворен во атинскиот режим и контрареволуцијата во Грција, туку и како антитеза на погрешните ставови и однос на раководството на Комунистичката партија на Грција по националното прашање. Во конкретните околности се градеше и како организација која се разијдува со раководството на КПГ и во оценката на ситуацијата за формата на борбата која треба да се поведе во Грција.

Формирањето на организацијата НОФ, нејзината политичка и организациона активност, а подоцна усвоената Програма и Статут, покажуваат како се поставуваше прашањето на Македонците од Егејска Македонија, по Втората светска војна.

Спогодбата по Варкиза и погазувањето на сите нејзини одредби од страна на атинската буржуаска влада и усилбите за разбивање на демократското движење во земјата со воени средства и терор, создаваше револуционерна расположба. На територијата на Егејска Македонија тоа можеше да се види со далеку поголема јасност. За тоа беа основа и наброените елементи : спремноста на целокупниот македонски народ да ги реализира  своите тежненија, поволната балканска ситуација и истребувачкиот терор од страна на реакционерните сили.

Но, одлуката за курс на вооружена борба, подготовката и водењето на истата не можеше да биде само дело на НОФ. Тоа требаше да биде дело на КПГ- на организацијата што можеше да делува на целата територија на Грција. Ние, меѓутоа, го видовме ставот на раководството на КПГ по тоа прашање. Тој се состоеше во оцената дека постојат услови за парламентарен живот и политичка борба и неговата политичка линија беше подредена на таа оценка. КПГ беше легална организација, а НОФ илегална и неговата оцена беше дека ситуацијата е револуционерна а формата на борбата треба да биде вооружена борба. Покрај тоа, меѓу НОФ и раководството на КПГ постоеше јазот по македонското прашање, создаден уште во текот на Народноослободителното движење. Затоа НОФ, речиси, се' до крајот на 1946 година делува во несогласност со раковоодството на КПГ, иако контакти се одржувани и порано, движејќи се во склопот на гореспоменатите спротивречности. 

Ноф не можеше, поради наведените причини да биде слободен да развие полна политичка и организациона иницијатива, како до спогодбата, така и по спогодбата, поради местото кое го зазеде во односите со КПГ, што се одрази врз неговиот политички и организационен живот. Следејќи го развојниот пат на организацијата на НОФ, лесно можеше да се увериме во наведените противречности и зависноста на организацијата од ставовите на КПГ.

 

 > Продолжува <

 

Розита Христовска, Поетеса

 

 ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

**************

ТИ НЕ ЗНАЕШ

("Душоглед")

 

БЕЛА ПТИЦА

("Оловни мониста")

 

 

За да не се заборави никогаш!!!

За моите Македонци од Егејот, најубавото парче македонска земја откинато со сила, со терор, со заговор на големите разнебитувачи на оваа света земја, злосторство кое продолжува до ден денешен. За живите сведоци на грчкиот егзодус врз Македонците кој  се' уште трае, а крајот не му се гледа. За плачот на децата-бегалци расеани по светот.

 

  • ТИ НЕ ЗНАЕШ

    Да бев барем мал зрак
    секое ново утро
    ќе ти огревав во очите
    и ќе ти заоѓав на самрак
    зад градите близу срцето,
    ветре да бев палаво
    во косата ќе ти се протнев
    барем да ја помирисам,
    да не ми остане мерак
    нејзината мекост,
    да бев бршлен
    ќе се завиткав околу тебе
    и ќе пуштев корени
    таму во најдлабокото
    за никој да не ме откорне.
    Но, ништо од тоа не сум,
    ништо,
    само сум сенка
    што следи секаде
    а не може да те допре,
    со тебе заспивам
    и со тебе се будам.


    Автор: Розита Христовска
    10 декември 2017

  • БЕЛА ПТИЦА

    Таму далеку
    крај Белото Море
    еден sид од куќа стара
    обраснат во трње
    му пркоси на заборавот.

    Некогаш дом
    со џагор и смеа
    сега само урнатина
    и затрупано постоење
    со запаметени траги.

    Ниту стреа има
    да заплаче од тага
    со солзи дождовници
    по срушените гнезда
    и јатата одлетани.

    На врвот од sидот
    бела осамена птица
    со две скршени крилја
    и замаглен поглед
    устремен во далечина.

    Ниту бура ја коси
    ниту порој ја носат,
    како камен меѓник
    на светот му кажува
    до каде е Македонија.


    Автор : Розита Христовска
    о3 декември 2017

Kind regards : 15 декември 2017 година

Sotir Grozdanovski broj 113