ЗАРЕМ И ОВОЈ СПОМЕНИК ЌЕ ГО РУШИТЕ ?

Тања Каракамишева-Јовановска.

ПРАВНА ИНКВИЗИЦИЈА

професор д-р Тања Каракамишева-Јовановска

********************

Велат злобата и омразата се силни негативни чувства што го парализираат и обземаат духот и умот на човекот. Колку повеќе се хранат, толку повеќе се шират и метастазираат како најлош вид на рак. Омразата и злобата во очите и во постапувањето на сегашната власт кон опозицијата, извира од сите страни.

Без разлика дали работите имаат правна или  друга природа, потребата да се сотре и жив да се спали политичкиот противник е мотивот на секоја нивна нарачана и преземена акција. Таа нивна политичко канибалска потреба руши се' пред себе, го ништи принципот на еднаквост на сите и на секого пред Уставот и пред законите, ја поганува и валка неповредливоста на фундаменталните човекови права и слободи, ја руши по сите основи и ја разградува по сите шавови уставноста и законитоста, и на голема врата внесува тотално безредие, анархија, политички реваншизам и крвави пресметки, изживување врз човекови животи и судбини на цели семејства.

Македонија, благодарение на сегашнава инквизиторска власт е вратена во состојбата што сме ја читале во делата на Томас Хобс, Џон Лок, Жан Жак Русо.

Вратена е во времето на каубојците и индијанците кога поглаварот давал наредби кој треба да биде егзекутиран, а извршителите чекале  подготвени за егзекуција од најсуров вид, без разлика дали имало или немало причина за тоа.

Македонија не е демократска земја.

Ова што го живее Македонија, не може да се опише ниту како режим, бидејќи и режимот има каков таков систем со правила. Одозгора насадената власт во Македонија ниту почитува, ниту се раководи од некакви правни правила. Единствените правила по кои се мотивира и постапува се злобата, омразата, осветата и политичкиот реваншизам, од најсуров вид.

Да се сотре племето, да се исуши каузата, да се пеплоса Македонштината, да се искорне патриотизмот, да се испогани националното, да се сардиса Македонија. Тоа се правилата на игра на оваа власт. И согласно на тие и такви правила за терористи се прогласуваат луѓе што имаат патриотски чувства, луѓе што поседуваат висок степен на морал, чест, интегритет, достоинство, родољубивост, традиционални вредности, патриотизам, затоа, што тие вредности и принципи се мислени именки, за овие што се на власт.

За терористи се прогласуваат лица што немаат ниту една сива, а камоли црна дамка во својот професионален и приватен живот. Луѓе, што си ја сакаат својата Татковина, луѓе, што чесно и со гордо крената глава ги претставувале нејзините интереси и ја ширеле Македонската култура како нешто најсвето, најдрагоцено, најљубено. За терористи, овој наш проклет правосуден систем ги прогласи луѓето што повеќе од 70 дена на мирен и достоинствен начин ја ширеа љубовта за Татковината низ улиците ширум Македонија. Тоа им е единствениот  "грев" што може да им се припише на организаторите на граѓанската иницијатива "За заедничка Македонија",  "грев" што ги сплоти Македонците во едно срце кое секоја вечер точно во 19 часот, во еден такт, биеше пред Македонското Собрание.

"Терористи" што повеќе од 70 дена ширеја мир, почит, достоинство, национална гордост. "Терористи" што сплотија и старо и младо, и партиски определени и партиски неопределени граѓани, "терористи" што националното го ставија на педестал, почитувањето на државата и нејзините институции, пред се', "терористи" што успеаја да ги поврзат сите луѓе без разлика на нивната етничка, верска и друга припадност и да ги заштитат нивните интереси, "терористи" што секојдневно пееја во еден глас за доброто на сите во Македонија. "Терористи" што успеаја за нешто повеќе од два месеца да сплотат над 150.000 граѓани низ македонските улици.

Тоа беше и остана нивниот најголем  "грев" кој мораше да биде најстрого казнет за да не се повтори уште еднаш, казна која треба да ја видат сите оние што размислуваат да ја продолжат благородната идеја. Пораката што вчера ја испрати "нашиот" правосуден систем е очајна и антимакедонска. Пораката има за цел да одзвонува во ушите на секого од нас дека вака ќе помине секој што чувствува патриотски и што и' мисли добро на државата. Како во времето на инквизицијата кога се беселе и колеле луѓе на плоштад за да видат сите. За да се втера страв во коски меѓу граѓаните.

Во 21 век сведоци сме на една морбидна и тажна Македонска правна инквизиција на своите чеда по наредба на некои други "свои чеда", а по нарачка на туѓи моќни сеирџии.

 

Објавено на 28 ноември 2017 година во

kurir.mk

Игор Дурловски (лево) Борис Дамовски (средина).

 

ДРАГА БАГРО, КАЈ ТОЈ ГАЗИ СО ДЕЛО И СО ЉУБОВ, ВИЕ НИТУ КАЛТА НЕ СТЕ

ДАМОВСКИ ЗА ДУРЛОВСКИ

***********************

30 ноември 2017 година

(ФБ статус на Борис Дамовски - средина)

 

 

До: Административно октроираната субталентирана артишизоидна номенклатура подлизурковци кон ништото која џвака против Игор Дурловски.

Драга багро,

кај Тој гази со дело и со љубов, вие ниту калта не сте

 

 

Ана и Игор Дурловски на една од светските оперски сцени.

ИГОР ДУРЛОВСКИ

*********************

 

Игор Дурловски е македонски оперски пејач роден во Битола во 1977 година, а студирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Биљана Јовановска-Јакимовска. Се усовршувал во Камерното Студио на Оливера Милјаковиќ, во Виена, Австраија.

Веќе неколку години, светот го запознава басот Игор Дурловски како интерпретатор на партии од оперскиот и концертниот репертоар. Тој ги интерпретира музичките стилови со вистинска палета на расположенија, почнувајќи од улогата на Плутоне во Евридика на Јакопо Пери, до ролјата на свештеникот во операта "Посета на старата дама" на Готфрид Фон Ајнем.

Неговиот мудар славјански тон кој е вистинско богатство за ушите на слушателите, зема замав  во повеќе оперски куќи во светот.

Дурловски е познат во оперските куќи во светот, меѓу кои  : Wiener Cammeroper, Wiener Concert House, Оперската куќа во Мунстер, Националната опера и театар во Сараево, Хрватскиот народен театар во Загреб, Осиек и Риека, Тиранската опера, Битолската опера и други. Соработувал со Wienna Residence Orchestra, Источно-западниот симфониски оркестар, Белградската филхармонија, Софиската филхармонија, Ансмбалот за современа музика "Алеа".

Забележливи се и неговите гостувања на реномираниот фестивал ОХРИДСКО ЛЕТО. 

 

 Извор за текстот:

mk.vikipedija

Михајло Маневски

  МИХАЈЛО МАНЕВСКИ

ОВА ШТО СЕ СЛУЧУВА Е БЕЗУМИЕ, ЛИНЧ НА ЛИЦАТА КОИ МИСЛАТ ПОИНАКУ

********************* 

На 30 ноември 2017 година во емисијата "60 минути со Горана Момировски" на Алфа телевизија гостуваше Михајло Маневски. Тој со своето 27 годишно искуство, како Јавен обвинител на сите нивоа, како Претседател на Судот и како поранешен министер за правда говори за одлуките кои ги донесе Обвинителството за случајот за упад во Собранието и вели дека истите се безумие и линч.

- Човек ни на сон неможе да сонува дека може во Република Македонија да бидат пријавени толку многу лица за ова кривично дело затоа, што ова кривично дело има соодветни обележја и соодветни елементи за неговото издржување, а од ова што денеска го имаме како сознание и она што е јавно објавено, мислам дека во конкретниот случај не постојат, ама баш, никакви елементи ни допирни точки за тоа да некој од овие лица што се пријавени, а нели тоа се пратеници, јавни личности, културни работници од различни професии, родољуби граѓани кои што си ја сакаат својата земја каде што неможете да видите на што и каков товар обвинителството им става на нив, истакна Маневски.

Тој посочи, дека подолго време од владеењето на оваа гарнитура на Зоран Заев и СДСМ ќе се види, во континуитет, рушење на одредени значајни темелни столбови, на кои се крепи Република Македонија.

- Првата работа што беше направена е вклучување на Тиранската платформа со која се руши унитарниот карактер на Република Македонија со донесување на Закон за јазици и двојазичност на целата територија на државата и преиспитување на оние случаеви кои што се завршени со правосилни пресуди за наводно утврдени факти.

- Втората работа е вклучување на договорот за добрососедство и соработка со Република Бугарија како еден значаен сегмент кои што мора да се има во предвид и кои што во основа ја руши Република Македонија. Во тој договор со еден потпис, Зоран Заев ги избриша Македонците во Република Бугарија, вели Маневски.

Поранешниот министер констатираше дека народот е сведок за вандализмот што се случува на секое ниво. Маневски додава дека ќе се рушат музеи, ќе се рушат поставки, споменици, да не се пеат песни испеани веднаш по Илинденскиот период, за војводи, херои кои што го положиле животот за создавањето на оваа држава низ векови и сега ние, вели, се наоѓаме пред еден sид. Како да одговориме?

- Ние се бориме со културни средства, со демократски средства, правни средства. Меѓутоа, видете тие со што се борат и какви мерки се преземаат? Со конструкции, конструирани кривични пријави за лица, највидни граѓани, за најтешко кривично дело. Тоа го нема во ниедна држава. Триесет и шест "терористи". Македонија во лицето на светот ќе биде терористичка држава. Заврши господинот Михајло Маневски.

 

30 ноември 2017 година

kurir.mk

Андон Лазов Јанев - Ќосето

АКО ЌОСЕТО Е КРИВ ШТО УБИВАЛ НЕПРИЈАТЕЛИ НА МАКЕДОНИЈА, ТОГАШ КРИВИ СЕ И ДАМЕ ГРУЕВ И ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ И НИКОЛА КАРЕВ А И МАКЕДОНСКИТЕ ПАРТИЗАНИ

***************************

http://netpress.com.mk

 

Андон Лазов Јанев - Ќосето, бил револуционер, а не убиец, согласни се историчарите. Некои опозициски структури се обидуваат да ја маргинализираат улогата на Ќосето во историјата, но историчарите се децидни дека тие што ја критикуваат неговата улога, не ја познаваат доволно сопствената историја, пишува порталот  "Курир".

Бранко Героски, уредникот на  "Плусинфо" и весникот "Слободен печат" кои отворено ги бранат политиките на СДСМ,  во своја колумна остро го нападна поставувањето на споменикот на Андон Лазов Јанев во Скопје и неговата улога во македонската историја.

- Уф, голема полемика затеравме за споменик на еден мал човек. Така е тоа кога некој сака да не направи малоумни, да ни покаже, па и уште да ни докаже, дека Андон Ќосето е парадигма на Македонецот, дека ние Македонците имаме само војсководци, генерали, комити и ајдуци за славење (некој спомна и специјалци - Ќосето, демек, бил првиот македонски специјалец!), дека државите се градат само со гнев и со кама, а не со перо, не со стетоскоп, не со сликарска четкица и не со многу други алатки што служат за создавање вредности во науката, уметноста и културата воопшто. Споменикот на Ќосето ќе им го подариме да си го однесат и да си го гледаат во дворот на затворот во Идризово., напиша Героски.

Сепак, историчарите се согласни дека Андон Јанев - Ќосето имал голем придонес во македонската револуционерна борба кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Тие потенцираат дека кога станува збор за помалку познати личности, да остават работите да ги објаснат историчарите, без да се политизираат работите.

Героски, кој за Ќосето вели дека е "џелат што убил сто души за сто години живот", очигледно смета дека револуционерите се бранеле со молчење. Доколку Андон Јанев е виновен што убивал државни непријатели, тогаш по логиката на Героски виновни се и Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Питу Гули, Никола Карев и партизаните.

Историчарот Никола Жежов вели дека Ќосето бил ценет војвода и човек од доверба, кој уште од најмали години се вклучил во македонското револуционерно движење. Најпрво соработката со Организацијата започнала преку Даме Груев, член на ЦК. Наредбите што ги изрекувала Организацијата за евентуални казнувања и смртни пресуди на шпиони, предавници и претставници на најразлични балкански пропаганди врз Македонија во тој временски период, ги извршувал токму Ќосето, посочи Жежов.

- Тоа што Ќосето го извршувал, односно евентуални смртни пресуди, било изречено од самиот ЦК на ВМРО. Покрај Даме Груев, лично со Ќосето соработувал и му давал наредби Христо Татарчев, првиот претседател на ЦК на ВМРО. Подоцна, кога Ќосето станал комита и војвода, неговата соработка била огромна и со Гоце Делчев, дури во моментите кога Ќосето ги запишувал своите спомени и му ги пренесувал на еден бугарски историчар, кога зборувал за Гоце Делчев, плачел како мало дете и тоа на 70-80 годишна возраст. Тој имал извонредна соработка и со војводата Јане Сандански. Неговото учество не е само во ликвидации на предавници и шпиони, туку учествувал и во разни киднапирања на претставници од турската власт за кои, подоцна, Организацијата побарувала паричен откуп и на тој начин доаѓала до парични средства. Потенцира Жежов.

Околу кампањите за оцрнување на вакви, големи историски имиња, историчарот Жежов смета дека за тоа, делумно,  придонесува фактот што до сега во Република Македонија многу малку пристигнувала литература за ваквите војводи, кои, како што рече, и' се недоволно познати на македонската јавност.

Стручната јавност потсетува дека Ќосето учествувал во Илинденското востание, а своја чета имал во југоисточниот дел на Македонија. Професорот Ванчо Ѓорѓиев вели дека критиката за делувањето на Ќосето се должи на некомпетентноста и непознавањето на сопствената историја.

- Се работи за инсинуации кои доаѓаат од некомпетентни луѓе. Тие не ја познаваат ниту историјата на Организацијата, ниту нејзините цели. Ќосето десет години посветил на македонската револуционерна борба. Човек кој е од доверба на Централниот комитет на Организацијата. Ангажиран е од благајникот и можеби најагилниот човек на Организацијата, Даме Груев, потоа на Христо Татарчев и на Гоце Делчев. Андон Ќосето бил целосно под инструкции на Гоце Делчев. Учествува во безброј акции кои ги извела Македонската револуционерна организација, од прибирање материјални средства за одбрана на членството, за заштита на населението од разни насилници и натрапници, во тоа време. Тој делува, не само, против османлиската власт, туку и против останатите пропаганди во Македонија.

Ќосето бил целосно и до крај посветен на Организацијата. Ако одиме по логиката на девалвација на делото на Ќосето, треба во ист кош да ги ставиме сите револуционери од 1903 и борците од 1941 до 1944. Посочи професорот Ванчо Ѓорѓиев

 

***********

Генерал-мајор Иван Цончев 1859 - 1910

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ 59

МАКЕДОНИЈА ВО XIX ВЕК

 

9. Илинденското востание

> Продолжение <

 

Доаѓајќи на чело на ЦК, Гарванов го исполнил ветувањето дадено на Цончев - ги смени Гоце Делчев и Ѓорче Петров од Задграничното претставништво, а за нови претставници ги поставил Димитар Стефанов и Туше Деливанов. И покрај тоа, Гоце Делчев и Ѓорче Петров и натаму останале најавторитетните столбови на Организацијата врз кои се потпирале сите патриотски кадри во борбата против врховизмот. Од таа смена Цончев немал никаква корист, а Гарванов повеќе не бил во состојба со ништо да му помогне.

Михајловски и Цончев, како извршители на државните задачи, требало во Македонија да предизвикаат бунт со цел, покрај другото, да ја разнебитат Внатрешната организација на револуционерен и политички план, иницијативата да ја преземат во свои раце и Бугарија дефинитивно да ја претстават пред Европа, такаречи, за клучниот фактор при решавањето на македонската криза.

Подготовките што се вршеле во Бугарија за предизвикување востание во Македонија ја принудиле Високата Порта да преземе контрамерки за да не ја затекнат настаните неподготвена. Таа со нота побарала од големите сили да извршат "енергичен притисок" врз Бугарската влада за да ги распушти "македонските комитети", а од март 1902 година започнала да подготвува и да испраќа значајни воени сили во Македонија во граничните реони со Бугарија.

Додека испраќаните поединечни врховистички чети во Македонија биле прогонувани и враќани назад од силите на Организацијата, во самата Бугарија, преку весникот "Изгрев", "Право" а особено весникот "Дело", таа веќе водела пропагандна битка против подготовките на врховистите за воена интервенција во Македонија, жигосувајќи ги пред целата јавност и нивната политика и нивната акција како непријателски чин против Македонија која тие, наводно, сакале да ја ослободуваат. Но, немало сила што можела кнезот, министерот за одбрана и генералот Иван Цончев да ги одврати од нивниот план - да предизвикаат крвопролевање и пепелишта во Македонија, нарекувајќи ги нив "востание".

Горноџумајското "востание" започнало на 23 септември 1902 година и со повеќе паузи траело до средината на ноември. Во Македонија биле префрлени не околу 400 "четници", како што се тврдеше до неодамна, туку околу 2.500 подофицери и војници од резервниот состав на бугарската армија и голем број офицери.  Тоа била сила за респектирање, а која не би можела да се подготви и да се префрли преку граница без учество на државни структури. Од месното македонско население во овие настани учествувале околу 350 селани.

Османлиската армија, добро и навреме подготвена, брзо ја поразила Цончевата армија, оставајќи зад себе бројни жртви, изгорени и опустошени села во реоните на судирите, како и двеилјадна бегалска маса засолнета преку границата. Благодарение на енергичниот отпор на Организацијата против врховистичката наезда оваа провокација била локализирана, а со тоа и последиците биле ограничени.

Врховистичкото востание во Европа и меѓу дипломатските кругови на големите сили предизвикало жив интерес и ги засилило обидите преку реформи македонската криза да се ограничи и да се реши пред таа сериозно да ескалира. Инаку, речиси за сите било јасно дека  "востанието" било организирано во Бугарија, додека македонското востание допрва ќе следи.

Османлиската влада, пак, ја искористила бугарската инвазија за да ги прогласи серионо загрозени своите интереси во  "македонските вилаети" и да продолжи да ги засилува своите гарнизони со што, всушност, ја зпочнала  "војната" против Внатрешната организација и македонското население како нејзина основна база, со намера за да го спречи претстојното востание.

 

> Продолжува <

Битола, засолниште на бегалците од Леринско, Костурско ...

МАКЕДОНЦИТЕ И ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

1945 - 1949

Глава Петта

ДЕЛ 59

*********

Пишува: Наум Пејов

(Продолжение) 

2. Теророт 1945 - 1946

 

> Теророт во Костурско <

 

Во мај 1945 година двапати беше блокирано селото Апоскеп, вели бегалката Божана Анастасова - Шантанова што било и причина да го напушти своето село. "При првата блокада го собраа населението в сред село и почнаа да го малтретираат, а во исто време пљачкаа поодделни куќи. Откако ја извршија пљачката, уапсија повеќе селани меѓу кои: Никола Поп Јанов, Мито Влаов, Стефан Миљов, Тоде Бубев, Стефан Бубев, Трифун Бубев, Димитар Шалевски, Илија Шалевски, Танас Калајџиев и Андон Јакимов и откако ги подложија на мачење, ги одведоа во затворот во Костур, каде ги подложија одново на мачење, а на жените им ги исекоа косите. Меѓу уапсените беа Евангелија Закова и Вена Поп Димитрова."

На 28 април 1945 година во текот на ноќта, беше извршен препад од група монархофашисти во селото Граче. Беа опљачкани повеќе куќи. На 25 мај истата година селото Граче пак беше блокирано, населението собрано на сред село и подложено на тешки мачења. Особено тешко беа тепани Софија Кирчова и Канза Веловска.

Селото Дреничево исто така беше опљачкано, а на 28 август 1945 година од вооружена група монархофашисти беше убиен Павле Дутовски, во моментот кога си работеше на полето.

На 4 мај 1945 година беше блокирано и опљачкано селото Добролишта  од наоружена банда на чело со Андон Аманатидис. Покрај пљачкосувањето многу селани - мажи и жени, беа мачени, а особено Ангелина Петровска, Каљопа Новачева и Лабрија Губиенова.

Бегалката Маки Томовска од село Света Недела раскажува дека причината да го напушти своето село бил теророт и неизвесноста за судбината на Македонците во нивниот крај. На 5 мај 1945 година било блокирано селото и вршена пљачка и терор. Уапсени биле двајца селани, а Сидера Соколова и други жени подложени на мачења. Во пљачката и теророт учествувале и познати соработници на окупаторот од село Света Недела Анастасис Стамбулидис и Андонис Анастасидис.

Населението на гратчето Рупишта исто така настрада од теророт. На 19 април 1945 година беше извршена рација и уапсени повеќе граѓани учесници во движењето на отпорот. Меѓу уапсените, чиј број достигна до околу 50 души беа: Димитар Маровски, Леонид Џувара, Јорго Маловски, Никола Узуновски. Тие беа одведени во костурскиот затвор, а потоа во логорот "Павлос Мелас" во Солун. Покрај тоа, потполно ги демолираа просториите на комитетот на ЕАМ и АКЕ, а Мартула Вервери, која ја затекнаа во просториите на ЕАМ ја тепаа до безсвест. Протагонисти на овој терор во Рупишта беа Ѓеорги Митрушис, Василис Соколо, Никос Маридидс, Кендрос Стејлис и други.

На 27 април 1945 година беше блокирано селото Песјак. При блокадата, покрај масовното малтретирање на селаните од болките умре Томе Димовски, а Димитар Колевски долго време не можеше да се дигне од постела. Во исто време и на ист начин постапија и во селото Марковени, каде Христо Манолевски беше мачен до безсвестие.

Селото Сетома беше два пати опљачкано од вооружени контраши и воени единици: на 10 мај 1945 година и на 20 јуни истата година. При тоа тешко мачење беше пповредена Зоица Лазарова.

На 21 јуни 1945 година беше блокирано селото Тиолишта, населението собрано в сред село и подложено на мачење. Од мачењето умре Василка Поп Панајотова, а Катина Делева ја фрлија од еден балкон при што  и' беше скршена едната нога. Откако го измачија населението и го опљачкаа селото, се повлекоа, а со нив одведоа две жени: Анастасија Грежова и Софија Костадинова. Во овие акции учествуваа и четите на Николас Коларас и Андреас Попандопулос. На ист начин ги опустошија сите села источно од Костурското Езеро и Кајларско. Во селото Комуничево ги уапсија Самара Стефанова - Влаова и Стефо Дуевски. Од многу мачења, Глигор Поп Атанасов по неколку дена умре во костурскиот затвор. Од тешки мачења во селото, умре и Димитар Дуевски.

На 16 јуни 1945 година воена единица го блокира селото Жупаништа. Го собраа населението на сред село и почнаа да ги малтретираат жените барајќи   да им кажат каде им се мажите. Бидејќи народот не сакаше да ги открие бараните соселани, ја започнаа познатата тортура на грчката цивилизација. Тој ден беа уапсени  повеќе жени и мажи и опљачкани многу куќи. Меѓу уапсените и одведените во костурскиот затвор, откако предходно ги истепаа, беа жените: Лефтера Безова, Костадина Лазарева и 80 годишна Хајди Христова - Влахова и мажите: Туваре Шишков, Васил Мангов, Павле Телачкин, Кољо Бојкин, Јордан Дељов и други. Кога ги видов овие маки, вели бегалката Димитрула Лазарева, другиот ден на 17 јуни го напуштив селото и побегнав во Југославија.

Летото 1945 година при првата блокада на селото Лобаница го собраа населението и го подложија на малтретирање. Многу беа измачени: Пида Лазарева, Пандевица Мизова, Јани Марковски и други.

Во септември 1945 година беше извршен препад од вооружени џандари врз селото Дупјак.  Уапсени беа 7 младинци, меѓу кои : Глигор Панов и Атанас Този и ги подложија на тешки маки за да им ги кажат припадниците на демократските организации во селото. На малтретирање беше и Евгенија Пачова со нејзиното едногодишно дете, при што  детето и почина.

На 9 септември 1945 година четата на Коларас го уби во моментот кога работеше на неговата нива 15 годишното момче Крсто Мунџаров од селото Прекопана. Четата на Љакопулос жестоко ги истепа: Борис Бучков, Фоти Карадаков, Кузо Клеков и Јани Љољов, а потоа ги одведоа во леринскиот затвор.

На 10 септември 1946 година беше блокирано селото Вишини од грчка џандармериска единица потпомогната и од четите на Коларас и Пападопулос. Покрај пљачкосувањето и малтретирањето на населението, беа запалени куќите и плевните на следните селани: Глигор Пулев, Никола Ликов, Анастас Пандов, Коста Шолев, Стојан Поп Димитров и Јани Андреев. Тешко беа тепани: Параскева Андреева, Каљопа Шолева и Елена Дулева, а осуммина селани беа уапсени и одведени во кожанскиот затвор. Меѓу нив беа: Алеко Пунков, Петре Аџиев, Алеко Тресинов, Пандо Чапов, Христаки Дуров, Пандо Калков, Коста Калков и Васил Гергинов. Бандите на Коларас и Пападопулос извршија многу злосторства и во другите околни села: Блаца, Черешница и Тиолишта- вели бегалката Викторија Панајотова.

Во селото Кономлати имаше џандармериска станица и населението постојано живееше во страв од нивните зулуми. Зимата 1946 година, монархофашистите запалија 10 куќи и 40 плевни, а уапсија повеќе луѓе и ги одведоа во затвор.

 

> Продолжува <

 

Проф. Ангелина Маркус

ИСХРАНА НА ДРЕВНИТЕ МАКЕДОНЦИ

ПОДАТОЦИ ОД ХОМЕР ВО ИЛИЈАДА И ОДИСЕЈА

**************************

Проф., Ангелина Маркус 

 

Ако се раскажува на делови од тоа што го опишува Хомер, секој ќе помисли дека тоа е раскажување за денешните простори во Македонија, за билките, животните, обичаите, исхраната и за луѓето, исти онакви какви што биле некогаш. Хомер уште пред 3000 години го овековечил сегашното секојдневие. Затоа се навраќам на Хомер како главен извор за исхраната.

Како да го гледаме и живееме животот на македонските семејства во големи неподелени заедници за обработување на земјата, чување на стока, собирање на плодородието, подготвување на храна. Ако се направи споредба на животот на Ахил и Одисеј со живеењето на Македонците од Парнас и Фтија до Самотраки, а и Тројанските племиња, се' уште можат да се согледаат сличности. Тоа се патишта од бели камења што водат до куќи, од решан камен и плочи, градени на два спрата, до огради од лупени дабови колци и покрај нив бел глог и други грмушки насадени. Во секој двор кучиња да го чуваат имотот, свињарници, трла, питоми бели гуски и друга живина што ја имаат големите дворови.

Од описите на Хомер дознаваме дека свињите биле белозаби. И на младите момци на оро фатени забите им светкале во насмевка, пукале од здравје. Се натпреварувале да зајакнат во трки, скок, борење и фрлање камен. Убаво облечени и со гуна наметнати да се гледаат коланите и мечот со сребро и злато оковани.

Рибари седеле на брег со предолг стап и на крајот со кука свиткана ги мамеле рибите, потоа вол со рогови по вода  ги брка да се зберат во инка од платно и да се прпелкаат на земја дури ги собираат во кошници. 

Многу вештини применувале во ловот на диви свињи и елени како жртви за боговите и храна за гости по седум дена славење, јадење, пиење и пеење.

Кога ќе се пречекорел прагот од јасен на двокрилните врати затворени со резиња и кожни ремени, дури тогаш имало што да се види во куќата.  Се гледаат големи одаи со маси и столови поставени, со килими и кожи прекриени, по sидовите ковано оружје со сребро опковано, по земја послани кожи од див брадест јарец и овчи крзна за помеко седнување.

Многу месо и многу вино се послужува, а овошје, леб и сирење во кошници не се дојадува. Има жени што го мелат белиот јачмен и пченица, други што уште од зори лебот го месат и тие што послужуваат знаат колку да зготват за сите да се нахранат. Жените во убава тенка облека со злато и јантар накит украсени, со сјајни коси негувани блеснуваат крај трпеза каде што свирач на фарминта ги развеселува сите. Тој живот е одраз на богатството од древнина стекнато со работа.

Низ цела Македонија крда од коњи паселе и витороги спори говеда, кози, овци и свињи не можеле сите штали да ги соберат, а ниту големите дворови. Сета храна што се чувала во златни и сребрени садови, во ниви посеани, лозја и овоштарници биле богатства за поколенија и до десетто колено да се храни, пишува Хомер за семејствата од Итака и Фтија, родните места на Одисеј и Ахил. Уште поголемо било богатството што се разграбувало од Пелагонија и Троја. Тежок бил патот на војување за плен. Разни пирати ограбувале и по море и по земја дури други семејства создавале за поколенија, како што тоа го правеле Македонците.

Најмногу што може да се постигне со Хомеровите описи е тоа што може да се идентификува истата храна и денеска во Македонија. Може да наброиме што тогаш постоело и денеска опстојува како билки, животни, суровини и знаењето на луѓето да го користат тоа, да се хранат и убаво да живеат.

Од дрвјата познати се и до ден денеска ги има: дабот, борот, брестот, јасенот, дренот, тополите, врбите, елата, смреката, леската, костенот, оревот и многу други дрвја и грмушки што се употребувале за греди, копја, катарки, сидра, бродови, весла и цела опрема за домаќинствата.

Овошјата се јаделе свежи и се сушеле на сонце како храна за во зима. Имало смокви, грозје, сливи, јаболка, круши, маслинки, дињи, лубеници и бобинки што ги опишува Хомер. Од жита најмногу се ценел белиот широко класен јачмен, можеби вид пченка (царевка), потоа пченицата, овесот, просото, оризот, семки од тиква, коноп, анасон, сончоглед и мак што служеле за правење леб и масла.

Од зеленчукот познати биле разни зелја, зелки, лук, кромид, морков, рен, слатки и лути корени. Заради големата употреба на меса и риби се додавале разни миризливи зачини и украсни ливчиња од магдонос, рузмарин, ловор или дафоново ливче, нане, жалфија, палма, боливач, диви и питоми маслинки, смил, босолек и зрна.

Многу биле употребувани маслата од риба, од маслинки и разни семиња. Масла за готвење, за осветлување, за мачкање по капење и миризливи масла. Храната, хигиената и негата ги правеле луѓето убави и здрави. Така се одликувале и во патување и во војни со голема издржливост и свежина.

Ако ги знаеме глинените садови, па сребрените котли и ѓумци, тави, орудија, оружје, можеме да знаеме за што служеле и како се употребувале. Со тоа Хомер ни претставува главен извор за исхраната во древнина, за рецептите, за употреба на суровини од недопрена природа и за обичаите и традициите кај Македонците.

Неверојатно сликовито во Илијадата е претставено орањето на нивите, жнеењето, веењето на житото, берењето на грозјето, пасењето на говедата, ловот и славјето на трпеза, исто  онака како што се прави тоа и денеска во Македонија.

 

Преземено од 

"Македонска Нација" 

 

Кочо Рацин 1908-1943 Споменик во Самобор-Хрватска

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

****************************

КОЧО РАЦИН

 

Кочо Рацин или целосно Коста Апостолов Солев-Рацин роден е во Велес на 22 декември 1908 година а загинал на Лопушник, Кичевско на 13 јуни 1943 година, е македонски книжевен деец и комунистички активист, најпознат по својата поезија. Се смета за еден од основоположниците на современата македонска литература, а неговата стихозбирка "Бели Мугри" , објавена во Загреб 1939 година, претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и литературната критика.

Прекарот Рацин доаѓа од неговата сакана Рахилка Фирфова-Раца. Рацин кратко време користел и друг псеудоним, Невен Пејко, кој го зеде од неговата втора љубов-Невенка Вуиќ.

Се' уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен.

Кочо (Коста Солев) Рацин уште во детството ја запознава сиромаштијата. Неговиот татко, грнчарот Апостол, не можел да му пружи којзнае какво школско образование, бидејќи грнчарскиот занает и состојбата на семејството барале многу напори и време за малечка заработувачка. Кочо можел да добие одвај еден клас нижа гимназија и веќе на својата тринаесетта година бил присилен да му се посвети, целосно, на татковиот занает.

Во 1924 година станува член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ) и набргу се истакнува како еден од најнадежните млади кадри на Комунистичката партија на Југославија, во Македонија. Во 1926 година станува дописник на весникот "Организовани радник", орган на Независните работнички синдикати на Југославија, кој е под влијание на КПЈ. Во 1926 година Рацин станува и член на Месниот комитет на СКОЈ за Велес, а во ноември 1928 година учествува во работата на Четвртиот конгрес на КПЈ во Дрезден, како единствен делегат од Македонија. По враќањето во Југославија е уапсен, но по три месеци, поради недостиг на докази, е пуштен на слобода.  Но, набрзо, во април 1929 година заминува на отслужување на воениот рок во Пожаревац.

Во обласниот комитет на КПЈ за Македонија, основан во август 1933 година, влегол и Кочо Рацин, заедно со Никола Оровчанец и Живоин Ќурчиќ и започнале со издавањето на месечниот весник "Искра" кој, за несреќа, излегол само два пати, зошто била извршена провала во јануари 1934 година. Како резултат на провалата, биле уапсени 15 македонски комунисти, вклучувајќи го и уредникот на весникот, Кочо Рацин. Во септември истата година Рацин бил осуден на четири години робија. Во Сремска Митровица останува само една година бидејќи  во декември 1935 година, по донесувањето на законот за амнестија, бил ослободен од понатамошно извршување на изречената му четиригодишна казна. Времето поминато во затворот за Рацин, всушност, претставува период на учење. Меѓу другото, со останатите затвореници, Македонци, се обидува да состави речник на македонски јазик и учествува во преводот на "Комунистичкиот манифест", на македонски јазик.

По излегувањето од затвор, Рацин работи во Белград, во печатницата на весникот "Правда". Во овој период, тој бележи особена творечка активност, која ќе кулминира во 1939 година, со издавањето на стихозбирката "Бели Мугри". Оваа  негова едина самостојна збирка издадена во Загреб, а илегално  испечатена во Самобор имала 23 стихотворби кои постанале темел, на македонското модерно поетско творештво.

 

  • КОПАЧИТЕ

    Се к'ти ноќта црна!
    Се р'ти карпа - мрак!
    И петли в село пеат
    и зората се зори -
    над карпа в крв се мие
    и темнината пие
    силно
    светнал ден!

    Пробудете се морни
    копачки и копачи -
    на трудот
    црн
    народ!
    Со мотика на рамо
    за корка сува леб,
    по патиштата стрмни,
    по полињата рамни,
    у вивналиов ден -
    да тргнеме и ние
    страдалници од век!

    На деда Богомил
    земјата ровка, мека,
    набабрена за род,
    со страдна душа чека
    ударите ни јаки
    со мотиките остри
    по троскот
    пелин
    трат!

    На работа!
    На труд!

    Да прокопаме меко
    полињата родни
    афион, тутун, житце
    да родат благородни.

    И по кривите вади
    да пропуштиме води
    за оризите млади
    и зелени лободи.

  • На работа !
    На труд!

    Да роди род богат!
    Да бликне живот млад!
    На пепел троскот, пелин
    во огин пламен јад!
    Жилите да пуштат
    корења длабоко
    плодови да бликнат
    високо, високо
    слободно
    во воздух!

    Ораме со рало
    во земјата ни златна
    колку е богата!

    На пепел троскат, пелин!
    Во огин пламен јад!

    Да престане, да снема
    тагата голема
    за голиот живот
    на човек
    станал -
    скот.

    И в таја мугра пресна
    да екне дружна песна
    на дружните удари -
    та бијат срца млади
    и растат силно гради
    пребликнати со јад!

    Од сички маки тешки
    не видовме бел ден,
    а од солзи жешки
    не стануе меден
    нашиот живот!

    На работа!
    На труд!

  • Та несме саде ние
    та несме саде тука -
    ние сме по цел свет
    безбројни
    милиони,
    на трудот
    црн -
    народ!

    Да биде честит денот
    и првата ни стапка
    у првиот ни век!
    Ќе мине силен ек
    ќе б'сне сонце златно -
    по секаде на светот
    ќе сгине срамно гнетот -
    ќе л'сне живот нов!

    И реки ќе потечат
    и бреме ќе одвлечат
    на вековите смрт!
    Реките од живи
    и пробудени сили
    на копачи
    копачки
    и страдни
    голи
    гладни
    по целата земја!

    Се кати ноќта црна!
    Се рути карпа - мрак!
    И петли в село пеат
    и зората се зори -
    над карпа в крв се мие
    и темнината пие
    силно
    светнал
    ден!


    Кочо Рацин
    *************

Kind regards : 05 декември 2017 година

Sotir Grozdanovski broj 111