Митрополитот Повардарски г. Агатангел

МИТРОПОЛИТОТ ПОВАРДАРСКИ НЕ ЈА ПРИЗНАВА ЕГЗАРХИЈАТА ЗА МАЈКА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ЗОШТО Е ТОА ПОНИЖУВАЊЕ ЗА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

***************************

Македонија, 21 ноември 2017 година

 

Деновиве, следејќи ги реакциите на јавноста, како и интересот на медиумите за неодамнешното барање до Бугарската православна црква за признавање на автокефалност на нашата древна Македонска православна црква - Охридска архиепископија, чувствувам потреба јавно да ги соопштам своите лични ставови и несогласувања во врска со ова значајно духовно и национално прашање, наведува во денешното соопштение митрополитот Повардарски г. Агатангел во врска со барањето на МПЦ - ОА до БПЦ.

Моите размислувања на оваа тема, како што додава, се добро познати во јавноста и во повеќе наврати директно и темелно ги имам образложено и на предходнитЕ Синодски седници, но и непосредно во неофицијалните разговори со своите браќа архиереи, со своето свештенство и со своите духовни чеда.

"Барањето до БПЦ за признавање на автокефалноста на МПЦ -ОА сметам дека е само уште едно продолжение, една додадена страница од неодамнешниот договор за добрососедство кој го потпишаа македонската и бугарската влада. Овој договор во својата суштина наликува на повоен договор помеѓу победник и поразен. Се' уште не можам да разберам зошто ние без ниту една причина ја прифативме улогата на поразена страна. Веројатно, некоја следна генерација ќе даде одговор на ова прашање. Во ниту една точка од Договорот за добрососедство не е заштитен ниту македонскиот народ, ниту македонските национални интереси и затоа сметам дека ова ќе има далекусежни и погубни последици како за Македонците во Република Македонија, така и за македонскиот народ кој живее и во соседните земји, но и во дијаспората. За жал, со само еден потпис успеавме да згазнеме врз вековните страдања, омаловажувања, негирања и понижувања на македонскиот народ, што бугарската држава систематски ги има вршено и за време на окупацијата, но и потоа при спроведувањето на тивкиот геноцид во Пиринска Македонија, наведува" г. Агатангел.

Бугарија, според него, пропушти историска шанса да се извини и да побара прошка за злоделата и sверствата кои биле спроведувани од нивните предци. Во контекст на тоа додава дека ова можеше да биде духовен лек и цврст темел на нашето братство и добрососедство.

"Мојата вознемиреност и моите несогласувања околу нашето барање до БПЦ се поттикнати од фактот дека живееме во време кога интензивно се работи на решавање на т.н. "македонско прашање" кое, како краен резултат треба да избрише се' што е македонско од нашите сеќавања. Ако договорите кои ги потпишуваме го уништуваат националното чувство на македонскиот народ, тогаш тезата за "мајка - црква" има за цел да го затне изворот и да го затрупа бунарот од кој нашиот народ се напива веќе два милениуми. Денес може некој ќе успее да го покрие македонското национално чувство, но сигурен сум дека нема да може да ја избрише библиската и свештената историја на македонскиот народ. Македонците, христијанството го примиле уште од апостолско време и за ова имаме бројни примери во Новиот завет на Светото писмо, па затоа е апсурдно да се тврди дека некој ќе не роди во иднина. Нашите великодостојници и интелектуалци кои ја промовираат оваа теза пред петнаесетина години на истиот начин и со истите методи го бранеа Нишкиот договор. Не можеш да бидеш духовен и национален водач ако го повредуваш, понижуваш и разнебитуваш народот, тогаш го промашуваш основниот принцип на духовноста. Некои наши професори тврдат дека ќе имало "Соломонско решение" на нашиот црковен проблем, кој по правило треба да биде втемелен врз мудроста и правдата. Ако црковното прашање се решава по примерот на договорот за добрососедство, тогаш не може да стане збор за  "Соломонско решение", туку многу повеќе за присила, брзоплетост и наивност. Се плашам дека на сличен начин и врз исти основи ќе бидат водени разговорите со БПЦ. Се надевам дека нема да бидам во право. Сметам дека неискреноста и прикриеното лицемерие ќе доведе до уште едно национално понижување и распламтување на неединството кај македонскиот народ што секако задира во доменот на духовноста, па никој нема да може да ме обвини дека се занимавам со голема политика. БПЦ многупати досега можеше да покаже евангелиска љубов и духовна величина и одлучно да застане на патот на неправдата и национализмот по кој се тргнати останатите соседни помесни Православни цркви. Доволно ќе беше да се повика на своето чекање на прифаќањето на нивната автокефалност", вели г. Агатангел.

БПЦ и денес, како што додава, има извонредна можност да стекне огромен углед пред православните христијани во целиот свет и да постави пример на братска љубов на кој долго ќе се сеќаваат нашите потомци. Според него, ако постапуваме врз основа на искрена љубов, меѓусебно почитување и прифаќање, тогаш престојуваме во Христа и ја живееме и ја сведочиме Неговата спасоносна порака. На овие принципи треба да  се држи и нашето признание и нашата автокефалност.

"На крајот би сакал да порачам, македонскиот народ трпеливо, без ширење на омраза и без јад во душата да ги издржи сите искушенија. Праведниот Бог ги штити онеправдените и ги умудрува и охрабрува несилните. Ако можеле нашите црковни патријарси, во услови на отворена општествена негација да  соберат сила и храброст да прогласат афтокефалност на МПЦ и да изградат Жива Црква - закрилничка на македонскиот народ, зарем тогаш ние кои што  го живееме нејзиниот најслободен период сега отворено ќе ја погазиме  оваа одлука и ќе го негираме сиот овој период во кој создадовме многу подобро организирана Црква во однос на некои наши соседски Цркви кои високо мислат за себе и претендираат да породуваат нешто што постои две илјади години, вели" г. Агатангел.

Очекувам во иднина, додава тој, сосема неаргументирано и жестоко да бидат напаѓани, понижувани и расчеречувани сите оние кои ќе се осмелат да ги штитат националните и црковните интереси на македонскиот народ.

"Јас, уште сега им простувам на сите напаѓачи и го молам Бога да ги избави од бес и да им го покаже патот на вистинската човечност. Јас и во иднина во доменот на моите духовни сили ќе ги бранам интересите на нашата Црква и на нашиот народ. Слободата на мојата мисла не може никој да  ми ја одземе. Сесрдно му благодарам на Бога за тој неизмерен дар", наведува митрополитот Повардарски, г. Агатангел.

 *********************

 

Предраг Димитровски

РАКАТА ДА МУ СЕ ИСУШИ КОЈ ЌЕ СТАВИ ПОТПИС НА НАЈАВЕНАТА СПОГОДБА

*****************************

Пишува: Предраг Димитровски

 

Не, не, немојте веднаш авторот на овој текст да го обвинувате за оваа клетва, зошто таа не е негова, ниту пак помислил, а уште помалку, да ја изустил. Ова е чисто таткова клетва.

Екатерина Захариева и Никола Димитров

Според книгата на професорот Марко Китевски, "На клетва лек нема", објавена во 90-тите години на сега веќе минатиот век, клетвите стигаат до деветто колено, а татковата, заедно со кумовата, се смета за најтешките. Зошто? Затоа што таткото обично не проколнува, ама ако некогаш го стори тоа, за клетвата има длабока причина и ја кажува од срце. Тежината на кумовата клетва, пак, произлегува од фактот дека кумот се смета за врска меѓу човекот и Бога и како таков учествува при крштевање, венчавање и на сите поважни моменти во животот на кумашинчето.

И, сега што мислите, чија е споменатата клетва? Нема да ве оставам во дилеми и веднаш ќе ви кажам - на проф. Димитар Димитров, татко на актуелниот министер за надворешни работи  Никола Димитров. Содржана е во колумната "Уште еден акт на велепредавство", што е дел од книгата на проф. Димитров насловена како "Името и умот", објавена во 1999 година од издавачката куќа "Наше дело". За да нема нејаснотии, (до) објаснувања, изговори за контекстот итн. колумната ќе ја пренесеме во целост:

"На дело е уште еден удар по македонското национално битие во негативна традиција на Берлинскиот конгрес (1878), на Букурешкиот договор (1913) и на комунистичкиот удар против АСНОМ-ската држава (четириесеттите). "Спорот" со Грција, од почетокот е во функција на таа традиција; во него Јенсен ја препозна стратегијата на геноцидот врз македонскиот народ, а Џонатан Ејал виде камуфлажа за "вистинскиот проблем" на Македонија, што го претставува самото македонско раководство - делегитимираната "комунистичка клика". Во конвергенција со автономниот стратешки интерес на македонскиот народ беа гестовите на Бадентер, на Желев и на други државници кои го подржаа неговото легитимно право на своја држава - Република Македонија. Судот на најмеродавното тело на Европската заедница (Бадентеровата комисија) беше недвосмислен: името на државата (Република Македонија) не подразбира територијални претензии, односно закана по идентитетот на друга држава. Од каде, тогаш, таа толкава сила на грчката "инерпретација", која, практично услови, пред повеќе од две години, промена на името во БЈРМ, измена на Уставот, а сега условува нови измени на Уставот и одземање на знамето? Зад тоа гледам, надвор, робување на хипотеката од споменатата негативна традиција од страна на европските, на светските институции и на најсилната држава; а, дома - континуитет на недемократската, ненародна власт која практикува велепредавство. Народната волја кристално се изрази на митингот против Лисабонската декларација, во Манифестот за одбрана на името, во изјавите на многубројни асоцијации: Сојузот на студентите, на Светскиот македонски конгрес, на Хелсиншкиот парламент, на Синодот, на "Достоинство", на опозиционите политички партии итн. Таа народна волја инспирира и  една широка граѓанска асоцијација за одбрана на името, на државата, на нацијата: на Националната конвенција. Власта во неа виде свој противник и одби да ја регистрира. Така, суштински македонскиот народ и натаму е предмет на манипулации, без свое автономно и демократско (ре) презентирање. Аранжманот на сегашниот чин, надвор и дома, е понижувачки, срамен и апсурден. Се користи војната во Босна и Херцеговин и во Хрватска за притисок врз нас, а ние со Словенците сме надвор од војната! Словенија се остава на мир и така треба да биде, зашто таа е Република Словенија, а нас не (мал) третираат како југословенски проблем, зашто ние сме Бивша Југословенска Република Македонија. Претседателот на републиката, два месеца перманентно присутен на Охридско лето, на Струшките вечери и на Охридскиот маратон, кукавички се крие; валканата работа му ја врши еден недоветен министер; Парламентот, во контрадикција со поимот, молчи; новинарството се става во пандурска улога на беспоговорно алиби на власта, како опиум за народот. А ништо не се решава: името (БЈРМ - тој ковчег за нацијата) си останува, исто, визно-пасошкиот режим.

Укинувањето на ембаргото не е соодветен еквивалент; тоа е домен на реципроцитет. Материјалната помош како награда на "македонската кооперативност", извинете,  смрди на проституција, како и недамнешната идеја за централна балканска република што ја обелодени Тупурковски. Македонскиот народ е пред судбински тест.

На политичката опозиција и на граѓанските асосијации им претстои одговорна работа на проект на темелно движење на отпорот, од кое ќе произлезе влада на национален спас и вонредни избори. Раката да му се исуши - кој ќе стави потпис на најавената спогодба!"

 

Навистина, чудни се патиштата Господови, особено оние поврзани со личната карма. Споредбата со актуелниот политички миг со оној од времето кога е пишувана колумната, на користената термилогија, па ако сакате и на личностите, кои се препознаваат, останува работа на субјективна процена и оценка. Не знам дали актуелниот министер за надворешни работи се сеќава на тоа што пишувал неговиот татко, но би било добро да се потсети, посебно пред почетокот на завршниот чин за расплет на македонскиот јазол. Зашто, шармот во надворешната политика не минува и бргу се заборава, ама татковата клетва останува. 

ДО ДЕВЕТТОТО КОЛЕНО!

 

Преземено од : http//republika.mk

 

 

МАКЕДОНСКИ СВЕТСКИ КОНГРЕС

**********

КРАЈ НА РАЗГОВОРИТЕ ЗА ДРЖАВНОТО ИМЕ НА МАКЕДОНИЈА!

Бараме без условна оставка на Нимиц и крај на разговорите за државното име на Македонија

МЕТЈУ НИМИЦ - НЕКАНЕТ НУМКО

- Светскиот  Македонски Конгрес (СМК) бара безусловна оставка на посредникот на Обединетите Нации во разговорите за државното име на Македонија со Владата во Атина, Метју Нимиц,  и апелира тој да не излегува со конкретен предлог за име на државата Македонија, затоа што проектира злосторство против човештвото и геноцид врз македонскиот народ!

СМК ги отфрла обвинувањата на Владата во Атина за иредентизам на Македонија кон Грција!

СМК истовремено го отфрла барањето на Владата во Атина за отстранување на спомениците од проектот Скопје 2014, како антицивилизациски и спротивно на политиката на добрососедство.

И покрај се' и после се', Македонците макар и еднострано декларираат дека културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чија што основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната гео-политика, дури и независно од разликите меѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации!

СМК потсетува дека барањата на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија за враќање на граѓанските, имотните и наследните права и правото на државјанство не претставува иредентизам кон родните огништа!

СМК ја обвинува токму Атина за територијални претензии кон Република Македонија, поради агресијата за монопол врз културата и историјата на Македонија после грчката окупација врз Егејскиот дел на Македонија и грчкиот геноцид врз македонскиот народ од времето на Првата и Втората балканска  војна, Првата и Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција!

СМК и натаму бара безусловен крај на разговорите за името на државата и продолжување на членството во Обединетите Нации со Резолуција  до Генералното собрание, под државното име Македонија, со можност за употреба на уставната  додавка Република како јасна разлика од истоимената северна провинција на Грција и југо-западна провинција на Бугарија, без латинична транскрипција на македонскиот јазик (The Republika  Macedonija) туку на англиски јазик (The Republic of Macedonia) со меѓународниот код МК односно МКД и нотификација на македонскиот народ и македонскиот јазик, независно од историските хипотеки - окупацијата врз Македонија и геноцид врз македонскиот народ од Балканските воини 1912-1913 година до денес.

Македонците отфрлаат пристапување на Македонија во ЕУ и НАТО поради антимакедонизмот на Грција и Бугарија, грчкиот и бугарскиот геноцид врз македонскиот народ, наци-фашистичкото барање на Грција за промена на името на државата и идентитетот на нацијата и наци-фашистичкото барање на Бугарија за промена на јазикот, културата и историјата на македонскиот народ, како вредности за солидарност на Брисел и Стразбург со Атина и Софија!

 

ЕУ И НАТО НЕ СЕ ДОСТОЈНИ ЗА ПРОМЕНА НА ИМЕТО НА ДРЖАВАТА

И ИДЕНТИТЕТОТ НА НАЦИЈАТА!

Иван Гарванов 1869 - 1907

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ 57

МАКЕДОНИЈА ВО XIX  ВЕК

 

8. Македонска револуционерна организација и соседите

 

Појавата и брзото ширење на Македонската револуционерна организација (МРО) предизвикало жив интерес меѓу владеачките кругови на соседните држави, особено на Бугарија, како и меѓу носителите на нивните религиозно-просветни институции во Македонија. Причина за тоа бил фактот што во истата територија на која тие претендирале и ја прогласувале за своја се појавил еден нов, македонски револуционерен фактор, кој бил рожба на месните економско-општествени услови, па неговите цели и стремежи биле диктирани од историската потреба на македонскиот народ за слобода, а не од претензиите на соседите за делење и заграбување туѓа територија. Во тоа лежеле основните причини за големите судири што ќе се појават меѓу МРО и носителите на надворешните интереси. Впрочем, уште пред формирањето на МРО, еден добар дел од македонската интелигенција веќе бил во судир со Егзархијата, која агресивно и систематски ги потчинувала под своја управа традиционалните самоуправни права што македонскиот народ ги уживал во минатото. И не случајно еден добар број од таа интелигенција се нашол во првите редови на МРО, продолжувајќи ја борбата против Егзархијата, сега од други позиции.

За борба против МРО егзархиските кругови, претежно дојдени од Бугарија (професори, чиновници и др.), во соседство со Бугарската влада и Врховниот комитет, го формирале т.н. Бугарско тајно револуционерно братство во Турција, со седиште во Солун.На чело на Братството бил поставен Иван Гарванов.

Обидот на Братството да го прошири своето влијание во Македонија врз една платформа чија суштина била великобугарска, насочен против МРО, не можел да ги даде саканите резултати. Напротив, пред заканите на Организацијата дека Братството ќе биде ликвидирано, Гарванов, со помош на врховистичките фактори, успеал да постигне "помирување" со ЦК во Солун, да ја распушти својата бедна мрежа, неколкумина од неговите раководители да влезат во раководството на Организацијата. Гарванов станал член на  Солунскиот местен комитет. Тоа бил чин предавство, пред се' на Татарчев и на Хаџиниколов, што се покажал фатален за интересот на Организацијата. Во септември 1899 година Братството престанало да постои, а набрзо потоа Гарванов, по познатата провала и апсењето на ЦК во јануари 1901 година, на нерегуларен начин станал претседател на новиот ЦК и веднаш ја насочил Организацијата кон предвремено востание.

Брзиот развиток на револуционерното движење ја актуелизирал потребата за што побрзо вооружување на населението. Проблемот, меѓутоа, бил мошне сложен. Од каде да се најде оружје? Токму оваа голема потреба го натерала раководството на Организацијата да се обрати за помош до македонската емиграција во Бугарија, па и директно до Бугарската влада. Па нели и Бугарите и Србите и Грците на времето побарале и добивале помош од своите соседи?

Обидот, меѓутоа, да се добие оружје од Бугарија ги открил крајно противставените интереси на македонското ослободително движење со оние на бугарската држава. При овој обид да се добие помош од бугарската држава раководството на  Внатрешната организација (Гоце Делчев, Ѓорче петров, Јане Сандански, Даме Груев...) дефинитивно ја открило и ја разбрало целата вистина за веќе дефинираната политика на бугарската држава (чиј слуга бил и Врховниот комитет) спрема македонското ослободително дело. А таа политика накусо била ваква: востанието што го подготвувала Внатрешната организација во никој  случај не би можело да биде чин што ќе доведе до создавање на македонска автономна држава, Внатрешната организација би требало да го подготвува народот за востание и во даден момент, кога бугарската армија ќе тргне во војна против Турција да и' помогне na  бугарската  војска.

Раководството на Организацијта било принудено да го извлече единствениот правилен заклучок: вооружувањето на народот во Македонија не било пожелно за Бугарската влада. Таа не сакала да и' помага на Организација што е не зависна и со програма спротивна на бугарските државни интереси. Владата сметала дека Македонија треба да биде "ослободена" од бугарската држава. Под "ослободување" на Македонија  таа подразбирала нејзино присоединување кон Бугарија, а не и, преку револуција, извојување политичка автономија за неа, во чие име се организирало и се вооружувало македонското население. Тоа е основната причина за конфликтот што набрзо  по формирањето  на Внатрешната организација се појавил меѓу нејзиното раководство и бугарските власти и често прераснувал во оружен судир со Врховниот комитет, раководен од "демобилизирани" офицери на бугарската армија, чиј врховен командант бил кнезот.

За да ја зачува својата независност, што било услов и за ослободувањето и единството на Македонија, МРО се определила за самофинансирање и за набавка на оружје во Грција, во Македонија и во Бугарија. Пленувањето на Мис Стон и барањето откуп биле направени, имено, со таква цел.

Другите две соседни земји, исто така, имале непријателски однос спрема МРО. Тие тоа не го криеле, но од објективни причини не биле во позиција на дрзок  начин да се мешаат во работите на револуционерното движење како што правела Бугарија. Тие внимателно ги следеле настаните во Македонија и љубоморно реагирале на "поените" што ги стекнувала Бугарија, користејќи ја емиграцијата да се меша во македонските работи и особено се труделе, користејќи ги провокативните акции на Врховниот комитет, да ја компромитираат Македонската револуционерна организација, прогласувајќи ја за бугарска, дека таа наводно се борела за задоволување на великобугарските интереси, накусо, преку изопачување на фактите, правеле се' што можеле за да и'  го оспоруваат нејзиниот македонски ослободителен карактер, прикажувајќи ја, како средство на бугарската политика во Македонија.

Подготвувајќи го народот за востание, Организацијата напоредно создавала соспствена "држава", во османлиската држава.  Меѓу првите органи на таа "држава", како услов да се создадат и други органи, биле вооружените сили на револуцијата, односно создавањето своја  војска, така наречена Четнички институт. Неговата појава и неговото обликување имале придонес за брзото ширење на движењето речиси во целата земја, опфаќајќи го безмалку целото македонско (егзархиско и патријаршиско) население, како и голем дел од влашкото.

Најголема заслуга за формирањето и изградувањето на вооружените сили на Организацијата имал Гоце Делчев.

 

Гоце Делчев

Улогата на четите во подигањето на револуционерниот дух на македонските обесправени и понижени маси била огромна. Тие станале основни носители на револуционерната пропаганда, извршители на сите значајни задачи на надлежното раководство, доста ефикасни заштитници на интересите на народот од каде и произлегувале, со еден збор, тие станале ударната сила на револуцијата и доста успешни извршители на нејзините програмски задачи. По појавата на четите се "родиле" тајната полиција, казнената полиција, а потоа и многу важната институција - судството. Биле создадени тајна пошта и курирска служба, бил уреден начинот на водењето на кореспонденцијата - шифрата, мастилото и сл.

Внатрешната организација учествувала речиси во целокупниот општествен и приватен живот на македонскиот народ, се' со цел, преку разни пристапи, да му ја олесни тешката, пред се' економска положба на населението. Во рамките на таа грижа била создадена и економската политика на Организацијата, со основна задача, покрај другото, да се бори против чифлигарството и чифликсајбиските своеволија и да ги заштитува селаните-чифлигари. Организацијата застанала зад паролата: "Земјата на земјоделците" и настојувала да се ограничи неконтролираниот грабеж на селското и градското население од алчните градски чорбаџии и лихвари, кои преку високите камати го држеле во економско ропство и сл.

Преку сите преземени политички, просветни и економски мерки од страна на Организацијата, народот учел како да ја "нагризува" османлиската власт, како да се бори  со велесопствениците и како да се управува сам, на кој начин би можел самиот да стане носител на новата власт што се раѓала. Народот учел како да се служи со разни револуционерни средства и се подготвувал, преку востание, најпосле да се избори за својата државност и за својата слобода.

 

> Продолжува <

Каде сте Македончиња

МАКЕДОНЦИТЕ И ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

1945 - 1949

Глава Петта

ДЕЛ 57

***********

 

 

Пишува : Наум Пејов

(Продолжение)

 2. Теророт 1945 - 1946 година

 

> Теророт во ЛЕРИНСКО <

Во јуни 1945 година двајца вооружени џандари и шпионот Милтијадис Дунукас, извршија препад во куќата на Ване Русевски во село Пападија. Неговата ќерка Лефтерија и снаата Катина како и него лично најжестоко ги измачија. На крајот  џелатите му се заканија дека кога повторно ќе дојдат, ако него најдат синот му, целото семејство ќе му го интернираат. Поради тоа, целото семејство на Ване се најде принудено да го напушти своето родно огниште и да пребега преку граница.

На 18 февруари 1946 година една група од 5 грчки џандарми го "посетија" селото Долно Котори и извршија апсења. Ги уапсија жените: Султана Наумова, Катерина Папа Димитриу, Димитрула Стефаниди, Крста Вељанова и мажите Мите Вељанов, Танас Пападимитриу, Илија Недин и Димитрија Недин. Откако ги одведоа во зградата на селската оштина ги подложија на мачење цела ноќ, а утредента ги однесоа во затворот во град Лерин.

Селото Бесвина, во Преспа, го блокираа повеќе пати грчки џандармериски единици и ги малтретираа селаните. Од многу ќотек полуде шеснаесетгодишната Тодора Кочовска, која ја уапсиле и ја одвеле во џандармериската станица во селото Брезница. Во јуни 1946 година од селото Бесвина уапсија 5 младинци и ги одведоа во џандармериската станица во селото Брезница. Тука ги подложија на мачење, од што младинецот Спиро Каров умрел. Поради неиздржливиот терор, група селани тргнаа кон границата да преминат во Југославија, меѓу кои: Ристана Скендерова и Ставроица Дуковска. Двете беа уапсени и одведени во затвор во Лерин. Андон Грозданов од истото село, кој со своето семејство пребега во Југославија во јули 1946 година, го раскажува следново за теророт во своето село: "Кога во село Бесвино џандармеријата воспостави седиште, му забрани на населението да се движи надвор од селото, па дури да оди и на работа. Добитокот кој што беше по колибите мораше да се доведе во селото и долго време го хранеа дома. До 27 јули 1946 година во селото ги уапсија и малтретираа, а потоа ги одведоа во леринскиот затвор: Анастас Мичовски, Борис Скедндеров, Ламбро Близнаковски. Потоа ја уапсија младинката Славка Ангелова и ја одведоа во затвор во селото Герман. Исто така беа уапсени Христо Клковски, Вангел Трајков, Васил Чоламов и одведени во леринскиот затвор. Уапсени и одведени во затвор беа и жените Доневица Дукова, Ставровица и четиринаесетгодишниот Ламбро Дуковски. При една потера на грчката џандармерија во околината на селото беше ранет младинецот Ване Гроздановски во моментот кога го чуваше своето стадо овци."

Во село Буковиќ грчките власти веднаш штом дојдоа во Преспа ги апсија и ги одведоа в затвор над 10 души меѓу кои: Пандо Ристовски, неговиот син Ристо, Васил Секуловски, Трајко Делевски, Илија Попов и Илија Георгиев. Во селото Оровник, Преспа, го убија Никола Стериов без каква и да е причина.

На 20 јули 1945 година грчката чета го блокира селото Папли и откако го собраа целото население во зградата од селското училиште, поради теророт во селото беа останати повеќе старци, жени и деца, почнаа да ги тепаат од ред и да ги бараат мажите. Потоа, жените ги натоварија на камиони и ги однесоа во затвор, а ги ослободија дури вториот ден по тешки мачења и злоставјања.

На 31 март 1946 година, денот на парламентарните избори, џандармеријска група од станицата во Брезница и војската го блокира селото Рулја и под закана дека ќе бидат уапсени и интернирани, беа натерани да гласаат. Бидејќи на тоа селаните им се спротивставија, наредниот ден, на 1 април 1946 година, одново е извршена рација во селото, беа уапсени 15 души и одведени во затвор во Лерин, меѓу кои: Илија Србинов, Илија Тошев, Митре Јованов, Доне Лазаров, Велјан Карадаков, Спиро Србинов, Митре Тачков, Лазо Рачков и Апостол Трендафилов.

Во јули 1945 година уапсени се над 10 селани од село Штрково - Преспа, меѓу кои: Божин Костовски со неговото семејство, Пандо Костовски, Алексо Георгиев и др.

При блокадата на селото Граждано - Преспа, покрај малтретирањето на населението, од митралирањето по нивите за да се собере населението летото 1945 година, ранет е Атанас Ристевски.

Селото Герман во Преспа одамна им беше трн во очите на грчките власти. Тоа е најголемото село во Преспа, каде што тешко можеше да се скрши македонскиот патриотизам. Со доаѓањето во Преспа, пролетта 1945 година, грчките власти веднаш воспоставија џандармериска станица и доведоа една чета војници. Требало тука во Герман да го скршат духот на народот за да можат полесно да господарат со Преспа. Затоа веднаш почнаа со застрашувања и терор. Му наредија на населението на куќите да истакнат грчки знамиња, се разбира за да најдат повод да го малтретираат мирното население. И навистина, тие почнаа масовен терор над старо и младо. Селаните не сакаа да истакнат грчки знамиња и тогаш џелатите отпочнаа со својата работа: почнаа да маваат на кого можеа и кого стигнуваа. Уапсија над 100 души, меѓу кои: Герман Стојчевски, Коста Гогаров, Коста Дојчиновски, Наум Којчевски, Мара Маджева итнт., запалија неколку куќи и над 150 плевни и колиби. Како и во другите села, и тука долго време беше забрането движењето на селаните надвор од селото што причинуваше голема тешкотија за исхрана на селскиот добиток.

Каранфил Кировски, од село Кладораби, за маките кои ги натераа да стане бегалец него и семејството, вели дека него заедно со семејството го уапсиле и го мачеле една недела, а неговиот син бил задржан во затвор цели пет месеци.

Дола Костова Џингова и Велика Алексова Костова, од село Крушоради, во октомври 1946 година беа уапсени, затворени и малтретирани во с. Овчарени и беа принудени да бегаат во Југославија. Од село Крушодари беа уапсени и лицата: Апостол Чекрев, Пандил Весов, Крсте Башов, Георги Башов, Борис Костанчев и др. Во тероризирањето на населението особено се истакнуваше поручникот Теодорос Венеатос и учителот во селото Сетина, Милитијадис Дунукос.

Четириесет монархофашистички војници предводени од офицерот Далис, пролетта 1945 година го блокираа и оплачкаа селото Ајтос, а истовремено уапсија 60 селани: старци, деца и жени и ги однесоа во затвор во Соровиќ. Истиот ден разурнаа повеќе и запалија три куќи: на Стефан Дифов, Кољо Миринов и Методија Зула. На уапсените Дончо Наов и Михајло Бошков со бричеви ги бодеа по телото, па потоа ги одведо во затвор - вели бегалката Менка Сотирова Чонтова.

Со доаѓањето на монархофашистите во селото Неволени беа уапсени и малтретирани повеќе селани, меѓу нив: Филип Танев Димитров и неговата жена, Ѓорги Хаџиев, Чуила Јуштикова, Спиро Штруимов, Илија Станичев, Георги Бибев, Атанас Бибев, Ване Жалев и Стојадин Панов.

Во текот на јуни 1945 година, грчката џандармерија и војска неколку пати го блокираа селото Баница, барајќи да уапсат поистакнати антифашисти, а истовремено извршија и грабежи во повеќе куќи. Во тие блокади го убија Пандо Мијајлов на 40 годишна возраст без каква и да е причина, а Алексо Стојанов го ранија. Токму поради таквиот див терор многу селани од Баница станаа бегалци уште со доаѓањето на монархофашистичките сили на власт.

> Продолжува <

Розита Христовска, поетеса

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

***********************

РОЗИТА ХРИСТОВСКА

"ДУШОГЛЕД"

  • БЕЛОМОРСКА ТАГА

    Таму далеку крај Белото Море,
    во едно парче македонска земја
    откинато од мајка страдалничка,
    таму се коските на моите предци,
    таму се коските на моите дедовци,
    коските на моите предци Беломорци.

    Коските свети под урнатините
    во темелите на огништата згаснати,
    коските на цел глас пиштат,
    крикот нивен до бескрај се слуша,
    со исконски пркос а не со покор,
    аманет за правда праќаат до нас.

    На гробот свеќа да им запалиме,
    браздите ние да си ги доораме,
    браздите заорани од дедовците,
    нивите ние да си ги докопаме,
    огништата стари да ги обновиме,
    заветот наш да го исполниме.

  • Корените не се корнат така со лесно,
    најдлабоки жили низ камен протегнале,
    на четири страни гранки рашириле,
    цветовите нивни со бои божествени
    низ цел свет семе наше расеале,
    наши песни беломорски распеале.

    Од кого сега правди да бараме,
    правди за нашите болки и разделби,
    за децата од мајчини пазуви одвоени,
    за браќа и сестри по светот расеани,
    за ората наши сред село недоиграни,
    за песните наши од тага испеани.

    Оние ли сега за правда да ги молиме,
    оние што сакаат да не' сотрат за навек,
    зборот наш македонски да ни го замрат,
    светото име македонско да ни го грабнат?
    Нека им суди нашата болка преголема,
    и нашата чемерна тага беломорска.

    Розита Христовска
    16 ноември 2017

Kind regards : 25 ноември 2017 година

Sotir Grozdanovski broj 109