РАЗИГРАНИ ПИРИНСКИ МАКЕДОНЦИ

Екатерина Захариева

БУГАРИЈА И ГРЦИЈА СЕ ПОДГОТВЕНИ ДА И' ПОМОГНАТ НА МАКЕДОНИЈА ЗА РЕФОРМИТЕ

*************

Пишува: Сотир Гроздановски

 

Откако се смести во угодните премиерски фотелји, Зоран Заев и неговата влада реди "успеси", а со нив и пофалби од секаде. Неговите европски пријателеи, по се' изгледа, како да ја завршија работата започната од пред 100 години, па сега очекуваат да ги соберат плодовите, цврсто верувајќи дека најдоа партнер, кој ќе ги доврши планираните "доброчинителства" за решавање на "македонското прашање". Да, нивната работа е завршена, само македонскиот народ како да не им е "дораснат", па од време на време ги куди и гледа со недоверба во нивните вистински  и "чесни" намери, но и во  мудроста и "големите" државнички квалитети на нашиот премиер.

Локалните избори  покажаа како, сепак, голем дел од Македонците го сакаат нашиот премиер и затоа му дозволија да ги води како Самуилови слепци во уште поголеми работни победи. Најверојатно ќе го посетат и Прилеп за да се уверат дали Александар Македонски е се' уште таму, каде го поставил нашиот сонародник Џорџ Атанасовски од Флорида. Пошто е  Битола блиску, па можеби ќе скокнат и до таму да погледаат дали неговиот татко Филип е се' уште на градскиот плоштад и постојано ги нервира нашите соседи, Грците, кои и покрај сите неслоги, секој ден го празнат битолскиот пазар.

Но, шегата настрана. Има и добри работи. Со Господ напред, за некои 20 години, Бугарите и Грците, нашите најверни пријатели уште од давнина, ќе не внеселе во братската заедница на народите и народностите која сега се вика Европска Унија и нивниот НАТО, кој сака да не брани, пак, од самите нас, за да не си ги извадиме очите, од пре голема љубов спрема себе си, а особено спрема нашата татковина.

Би можеле таа "среќа" да ја доживееме и порано, ама прво треба сите "реформи" да ги завршиме. Како прво, името на Македонија, кое им сметало на нашите соседи, Грците, а ние како, ете, дека тоа него сваќаме, па се премислуваме и како да не ни се брза. Но, изгледа и тоа ќе биде до година, зошто договорот со Бугарија како да ние, сега за сега, доста. А за законот за двојазичноста, гајле да не бериме. И тоа ќе биде. Само трпение. Тука ние Талат Џафери, Ахмети, Османи, па ако треба ќе им се придружи и најголемиот пријател на Македонија и Македонците, Сали.

Ама не смееме да ја заборавиме и нашата најголема пријателка од Бугарија, Екатерина Захариева, министерка за надворешни работи на нејзината земја. Таа многу ни  ја фали  ЕУ и НАТО, па и нас не препорачува да им се придружиме во идните 20 и кусур години. Без гајле да бидеме, зошто Бугарија и Грција, можеби и Албанија и Црна Гора ќе ни помогнат во тоа. Но сега за сега, за сигурни ни се Бугарија и Грција.

"За почеток, неопходно е да се изгради доверба меѓу политичките раководства. Тие имаат долг пат да изодат и многу реформи да се направат, за да почнат преговорите со ЕУ. Ние разговаравме со Грција и подготвени  сме да испратиме експерти кои ќе и' помогнат на владата да ги спроведе неопходните реформи", вели нашата Екатерина Захариева, а ни пренесува  македонскиот дневник  mkd.mk и продолжува.

На прашањето дали Македонија би можела да и' се приклучи на Европската Унија под нејзиното име, Захариева одговара, како и секогаш, мудро и самоуверена дека тоа нема да било можно и дека мора прво да се изнајде решение, за што Македонија и Грција веќе водат интензивни преговори.

Во продолжение на разговорот со претставникот на редакцијата на споменатиот македонски весник, Захариева додава дека меѓу некои од политичките лидери во земјата преовладувала агресивна анти-бугарска политика со "екстремно силни анти-бугарски пораки", особено во последните неколку месеци и во кампањата за локалните избори.

"Но, граѓаните на Македонија со нивните гласови јасно покажаа дека се против таквите политики". Вели таа.

И на крајот од овој разговор, госпоѓата Захариева тврди дека Владата на Македонија имала јасен план за реформи и има планови за заедничка седница со бугарската Влада во блиска иднина.

Уф, уф, што ми е мило и драго за тоа. Се плашев дека тоа ќе го прескокне и нема да ни го соопшти, ама, сепак била доследна на нејзината Бугарештина! 

Е, па мој народе, добро ни порачува нашата пријателка. Очекувавме повеќе од тоа што си го баравме? Или вие драги сонародници, кои како слепи Самуилови војници ја погрешивте адресата, па му ги дадовте сите свои гласачки ливчиња на другарот Заев и неговата тајфа за магарешки товар дрва, или нешто зејтин, брашно или пак некоја стотка за цигари.

Алал да ви е верата. Сепак, заработивте барем нешто, толку, колку и заслужувате!

********************

Анита Димова

СЕПТЕМВРИСКОТО ВОСТАНИЕ ВО БУГАРИЈА ОД 1923 ГОДИНА И УЧЕСТВОТО НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА

***************

МРАЧЕН НАСТАН СО КРВАВ ЕПИЛОГ

Пишува: Анита Димова

 

По ослободувањето на нашите соседи и по создавањето на нивните национални држави, Македонија ја доживеа најтрагичната судбина. Македонскиот народ во новите историски услови, освен за слобода требаше да се бори за обединување на татковината. Во тие напори, подршка и помош бараше од прогресивните движења на земјите што ја поделија Македонија: Србија, Бугарија и Грција.

Најевидентно во тој однос е учеството на Македонците од Пиринскиот дел на Македонија и на македонската емиграција, речиси во сите случувања во Бугарија. Но, обично се манипулираше со нивните национални чувства и скоро секогаш го извлекуваа подебелиот крај. Ваков крвав епилог имаше и Септемвриското востание во кое учествуваа пиринските Македонци.

*************

 

Македонија и македонскиот народ во севкупната историја на човештвото се препознатливи по неколку основни карактеристики. Тоа се вековните борби на Македонците за слобода и сопствена држава, на дело покажаниот степен на толеранција во однос на малцинските заедници, те учество во повеќе востанија и во процесот на изградување на државноста и несебичното учество во ослободителните акции, на соседните народи. 

Првите две карактеристики во нашето досегашно историско опстојување се аргументирано потврдени, а за третата постојат сведоштва во архивските збирки што се однесуваат на настаните на Балканот во текот на 19  и првата половина на 20 век.

 

ПОЛОЖБАТА

***************

И покрај се', по ослободувањето на нашите соседи и по создавањето на нивните национални држави, Македонија ја доживеја најтрагичната судбина. Со Балканските и Првата светска војна беше поделена.

Бидејќи дотогашните природни и стопански врски со другите делови на Македонија беа пресечени со една вештачка граница, македонскиот народ од овој дел на Македонија, Пиринскиот, беше принуден својата животна егззистенција и стопанска активност, со мали исклучоци, да ја побара и преориентира исклучиво во земјоделство и сточарство. Тоа придонесе овој дел на Македонија да остане отсечен и заостанат во секој поглед.

Посебен проблем настанал со доселувањето на  македонското население пребегнато од Егејска Македонија. Во Пиринскиот дел на Македонија по завршувањето на Првата светска војна се доселија повеќе од 4.500 бегалски семејства, бројка што претставува 16,7 % од вкупното население. Овој факт ја отежнуваше уште повеќе положбата околу распределбата на земјата, а особено тешко за решавање беше станбеното прашање. Згора на сето тоа, бугарската официјална власт во својата државно-административна поделба, овој дел на Македонија се' уште го водеше како нова земја и кон него се однесуваше како кон колонија од која само се бараше, а во неа ништо не се вложуваше. Таму не беа градени фабрики, училишта, болници, патишта и железници, ниту пак друг вид стопански објекти.

Македонскиот народ во новите историски услови, освен за слобода, требаше да се бори и за обединување на татковината. Во тие напори, подршка и помош бараше од прогресивните движења на земјите што ја поделија Македонија: Србија, Бугарија и Грција. Тоа особено дојде до израз во периодот меѓу двете светски војни. Најевидентно во тој однос е учеството на  Македонците од Пиринскиот дел и на македонската емиграција, речиси во сите случувувања во Бугарија.

 

Јане Сандански 1872-1915, Музеј на македонската борба Скопје.

Една од првите такви македонски организации беше и онаа под името Привремено претставништво на Обединета внатрешна македонска револуционерна организација во чии редови по завршувањето на Првата светска војна влегоа најистакнатите раководители на некогашното ВМРО на Гоце Делчев, како: Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, Петар Поп Арсов, Туше Делииванов, Ризо Ризов и други. 

На иста борбена линија беа и раководителите на Серскиот револуционерен округ и следбеници на Јане Сандански, кои беа поборници за македонската самостојност. Особена активност Привременото претставништво разви во времето кога во Париз се прекројуваше картата на Европа. Тие испратија и свој претставник и апел до Конференцијата во кој се бара национално самоопределување на македонскиот народ.

Наспроти тоа, ВМРО на Тодор Александров и Александар Протуѓеров, која беше на линијата за присоединување на Македонија кон Бугарија, се' повеќе ја губеше подршката од македонското население. Во владата на Александар Стамболиски, главно имаше позитивен став спрема македонското прашање. Лично тој имаше позитивен однос кон прогресивните револуционерни и национално-ослободителни организации на македонскиот народ.

Но, наспроти ваквиот став на претставниците на бугарската влада, официјалните органи на власта во Пиринска Македонија се однесуваа како кон колонија, во која со нивна помош се разви корупцијата, црната берза, шверцот и експлоатацијата до највисок степен, што придонесе да се нема доверба во таквата власт.

Од друга страна, бугарската крупна буржуазија, која неуморно материјално и морално ги поткрепуваше најреакционерните партии и организации, таквата состојба ја користеа преку организацијата на Тодор Александров, а во меѓувреме готвеше и државен удар.

 

СЕПТЕМВРИСКОТО ВОСТАНИЕ

*************************************

По воведувањето на воено-фашистичката диктатура во Бугарија, ЦК на Бугарската комунистичка партија (БКП) ги согледа своите погрешни ставови, а пак по острата критика на која беа подложени од страна на коминтерната, БКП зазеде нов став и курс кон оружено востание за извојување на работничко-селанска власт во Бугарија. Влегува во преговори со ВМРО на Тодор Александров и постигнуваат договор со заеднички отстапки, за оружената акција во однос на Пиринскиот дел на Македонија.

Познавајќи го добро расположението на македонскиот народ во овој дел, Окружниот комитет реши да го испрати Методи Алексиев во Софија и таму со помош на воено-техничкиот центар при ЦК на БКП да се изработи дефинитивен план за востанието. Овој план предвидуваше тоа да не се крева во целиот округ, туку само во Разлошко, а партиската организација во Горна Џумаја да испрати еден одред на помош на востаниците во Дупница. Што се однесува на Петричка, Мелничка и Неврокопска околија, да извршат подготовки, но да не се креваат на востание.

На 23 септември 1923 година одредот кој имаше околу 200 востаници се упати кон Дупница. Но, по веста дека таму нема никаква востаничка акција се повлече кон Разлог. Востаничкитте дејства во овој округ во почетокот имаа успех. По кратка борба касарната во Разлог беше заземена без жртви.

Власта на востаниците се прошири и на гратчето Банско и на околните села: Белница, Добриништа, Бачева, Елешница, Годлево, Горно Драглиште, Дебарско и Долно Драглиште. Меѓутоа, ваквата состојба траеше мошне кратко. Согледувајќи ја безизлезната состојба во која се најде, раководството на востанието донесе одлука да се преговара со оружените сили на ВМРО на Тодор Александров.

Судбината на востаниците од Разлошко не ја споделија и учесниците во востанието од Горноџумајскиот одред. Поголемиот дел од нив, неговите водачи, а посебно раководителите на Окружниот комитет на БКП во Горна Џумаја, беа масакрирани. Иван Илиев беше убиен истиот ден на 23 септември пред очите на неговата сопруг. Коста Сандев, раководител на воениот одред беше sверски убиен на 26 септември 1923 година. Тодор Чопов, внукот на Гоце Делчев, кој беше испратен на преговори со ВМРО на Александров, го убија на 27 септември истата година.  Димитар Ацев и Никола Лисичев беа обесени во Горна Џумаја на деветти октомври. Методи Алексиев беше еден од среќните, кој по 23 септември се најде во четите на Алеко Василев. Меѓутоа, веќе наполно фашизираната ВМРО не го заборави неговото учество во Септемвриското востание и по една година, на деветти октомври 1924 година го погуби.

Учеството на всевдоавтономическата организација на ВМРО на Тодор Александров во превратот на деветти јуни, а подоцна и во задушувањето на Септемвриското востание, дефинитивно ја разоткри нејзината предавничка улога на оваа организација пред очите на широките народни слоеви во Пиринскиот дел на Македонија и сред македонската емиграција во Бугарија. Падна маската од лицето на оваа организација. Прокламираниот принцип за водење борба за самоопределување на македонскиот народ, за своја самостојна државна единица, наводно врз принципите на старата Македонска револуционерна организација од времето на Гоце Делчев, по последните настани загуби секакво  значење. Вака разоткриената организација на Тодор Александров, а особено по неговото убиство кога на негово место дојде Ванчо Михајлов, тој ниту можеше ниту пак сакаше да ја крие својата терористичка активност во корист на најреакционерни влади и на самиот царски двор на бугарската држава.

И оттогаш, па се' до мај 1934 година, кога оваа организација беше растурена и забранета, во Пиринскиот дел од Македонија владееше отворен терор кој беше раширен низ цела Бугарија. Преку таа терористичка активност  во демократскиот и прогресивен печат во странство, Бугарија беше демаскирана како земја во која тероризмот е легализиран и за држава без никаков правен поредок.

 

http://old.makedonskosonce.com/2003/sonce 482

Јован Вранишковски

 КОЈ Е ЈОВАН ВРАНИШКОВСКИ

*******************

Роден е во Битола на 28 февруари 1966 година од татко Аргир и мајка Галена Вранишковски и крстен е како православен христијанин со име Зоран. Основно образование и математичка гимназија завршил во родниот град со одличен успех.  После отслужувањето на воениот рок во Сараево 1985 година, започнал да студира на Градежниот факултет во Скопје. Факултетот го завршил предвреме и уште истата 1990 година се запишал на Богословскиот факултет во Белград, а во Митрополијата во Битола се вработил како градежен инжинер. Во соработка со Матичната и универзитетска библиотека од Битола, ја формирал Митрополитската библиотека, во која бил и прв библиотекар. Во 1993 година заминал да ги интензивира теолошките студии во Белград кои ги завршил во јуни 1995 година. Истата 1995 година се запишал на магистерски студии во Белград на отсекот за Систематско богословие (Догматика). При крајот на 1995 година заминал во Грција (Солун) да го изучува грчкиот јазик и да запише постдипломски студии. Докторирал на Богословскиот факултет во Солун во Ноември 2011 година на тема: "Единството на Црквата и современите еклисиолошки проблеми. Споредбено излагање на теологијата на свети Максим Исповедник".

Монашкиот чин го примил на 07 февруари 1998 година, добивајќи го името Јован и истиот ден бил ракоположен во ѓаконски чин. На 08 февруари 1998 година бидува ракоположен во иеромонашки чин, а на 19 јули 1998 година во епископски чин со титула Епископ дремвитски. Поставен е за викар на Преспанско-пелагонијската Епархија, каде покрај редовните богослужби, држи и циклуси на богословски трибини и започнува темелна реконструкција на Соборниот храм "Св. Вмч. Димитрија" во Битола. Во Март 2000 година поставен е за местобљустител на брегалничката Митрополија, а во ноември 2000 година е избран за Митрополит велески и повардарски. Интронизиран е на тронот на оваа Епархија на 04 декември 2000 година.

На повикот на Патријархот Српски г.г. Павле за литургијско и канонско единство со Пеќката Патријаршија, заедно со целиот клер и побожниот народ од неговата Митрополија е единствениот Митрополит "од расколничката Македонска Православна Црква" кој одговорил позитивно. Литургиското и канонско единство на велеската и повардарска Митрополија, која во тоа време е под негово епископство, со Пеќката Патријаршија е постигнато на 22 јуни 2002 година. Неколку дена после тоа, со примена и брутална сила од страна на полицијата во Република Македонија, целосно бесправно, без судски налог, е избркан од седиштето на Митрополијата заедно со монаштвото, кое живееше со него. На 23 септември 2002 година од страна на Соборот на Српската Православна Црква поставен е за Егзарх на сите територии на Православната Охридска Архиепископија. Многупати бидува затваран од страна на власта во Р. Македонија, која што во времето на комунизмот во суштина и ја направи схизмата на Црквата, организирајќи го и подржувајќи го пучот на прогласување неканонска автокефалија на Македонската Православна Црква. После конституирањето на Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија, на 25 декември 2003 година избран е за негов Претстоител. Заради исповедање на верата православна, во 2004 година е осуден на една година затворска казна, условно, за кривично дело "самовластие". 

Во 2005 година со правосилна пресуда на Апелациониот суд во Битола, осуден е на 18 месеци затворска казна за политичко кривично дело "распалување на национална и верска омраза, раздор и нетрпеливост". Казната ја издржувал во затворот "Идризово" кај Скопје.

На 24 мај 2005 година, денот на Светите браќа Методиј и Кирил, потврден е од страна на Неговата Светост, Архиепископот Пеќки, Митрополит Белградско-Карловачки и Патријарх Српски г.г. Павле, а согласно Спогодбата од Ниш, за Архиепископ охридски и Митрополит скопски. Истиот ден објавен е Патријаршискиот и Соборски Томос за автономија на Православната Охридска Архиепископија, чиј Претстоител на Светиот Архијерејски Синод е тој, Јован Вранишковски.

Преземено од : http://www.poa-ifo.org

 

Горната биографија на господинот Вранишковски и неговите образовни достигања се за поздравување и служат за пример на денешната младина, но неговата превртливост, не лојалност спрема својата Црква - Македонската Православна Црква, која го воздигна до највисок ранг и во релативно кусо време,  е за секоја осуда. Неговата улога на Тројански коњ во срцевината на македонскиот народ и македонската држава во полза на една туѓинска надворешна Црква и држава, учесници во поделбата на Македонија и распарчувањето на македонското ткиво не заслужува никаква почит, туку уште и поголема осуда, која им припаѓа на предавници како него.

Неговата вљубеност во црковните пари, по се' изгледа е многу пати по голема од љубовта спрема неговиот Бог, што може да се види од судските пресуди кои му наложуваат да ги стави таму од каде ги зел и тоа не малку, туку на стотини илјади евра. Спрема пишувањата на новинарот Стоилко Андреевски, судијата Тања Милевска од Велешкиот суд му изрекла, на расчинетиот владика Јован Вранишковски, две и пол години затвор и го огласила  виновен за стореното кривично дело затајување на 325 илјади евра. Тој по трет пат одговарал за проневерата, односно финансиските малверзации во трите епархии: Брегалничката, Пелагониската и Повардарската. 

Вранишковски бил товарен за ненаменско трошење на црковните пари без одлуки на епархиските одбори, а од Повардарската епархија во времето кога бил протеран, одзел џип и автомобил. Вранишковски за случајот се бранеше дека трошењето пари не било работа на обвинителството и судот, напаѓајќи ја Македонската Православна Црква дека не водела книговодство. Инаку, овој расчинет владика бил осуден и одлежал затворска казна од година и пол изречена од битолскиот суд заради поттикнување на национална, верска и расна омраза, раздор и нетрпеливост.

Се разбира дека не е можно, кога е во прашање  личност како расчинетиот македонски владика пребеган во редовите на Српската Православна Црква,  a да нe се очекуваат негирања од секоја врста и куп клевети во секоја прилика. Тоа тој го презентира дури и на еден од  Late Show - овите на Миленко Неделковски.

Заради недоволниот простор во сегашниов број на "Македонски Збор", не бевме во можност да ви го приложиме целиот разговор снимен во видеото од споменатиот SHOW, па затоа ќе ви го пренесеме реагирањето на редакцијата на "Македонско Сонце", како би јавноста во Македонија, но и многу пошироко, во заедниците на Македонците ширум светот сознале за случајов во прашање. Да се запознаеме и самите и да донесеме заклучок, со каква личност имаме работа.

Па, еве го текстот во целост:

 

 ИСКРЕНА ПОРАКА

***********************

"Јоване, постојано повикуваш на нешто духовно, на нешто свето, на нешто канонско. Ги величаш Грците, Србите и Бугарите, а ги негираш Македонците. Тие биле подобри и подуховни од нас. Ние не сме биле просветлени, а тие биле. 

Па, кој водеше толку војни на Балканот за последниве повеќе од десет години, ние или тие? Кој е најголем подбуцнувач на војните и на насилствата, Македонската Православна Црква или Српската Православна Црква? На таков начин ли и Ти се просветли покрај нив? Кој убиваше и протеруваше; кој асимилираше во Егејска Македонија изминативе децении?;  кој ги уриваше македонските гробишта во денешна северна Грција; кој ги погрчуваше имињата на Лерин, Воден, Костур, Кукуш...За таква ли просветлена Грчка црква ни зборуваш нам, Византиецу? Па, имале пет грчки патријарси. Биле фактор! Па и Сталин беше фактор и Хитлер беше фактор! Таков фактор се и грчките владици! Иредентисти и духовни асимилатори!

Ако не постојат Македонци или не ги признаваш по род, а себеси се нарекуваш Ромеј или Византинец... тогаш немаш проблеми со "комуњарската" власт, туку со народот македонски. Неговиот суд е најгорчлив. Не треба да се игра со неговото трпение, кроткоста и мирољубивоста. 

Со изјавите за бугарштината на Миладиновци, за Самуила, како бугарски цар, за Крале Марко како голем Србин...ја прелеа чашата. Ги осквернави не само нивните коски, туку  и оние на Гоце Делчев, Никола Карев, Ченто ...на дедо ми и на дедо Ти, веројатно. 

Немаше да има никаков проблем доколку твојата ПОА работеше и дејствуваше така како што го прават останатите верски заедници. Но, Ти избра сосема поинаков пристап. А, во него гледам понизно слугување на оној кој плаќа. Гледам обид за духовно распнување на еден од најстарите народи на овие простори. Верата во бога значи да почитуваш, да сакаш, да му го свртиш образот на оној кој ти ја залепил шлаканицата. 

Жалам што народот македонски те доживува како ерес и изрод. Ова не е твојот пат до Бога. Сигурен сум. Ова е патот кој ти го посочија оние од север и оние од југ...Како што тргнале работите и оние од истокот, како да ги вмешале прстите. 

Парите се отепувачка - напишал современиот Ристо Крле!"

 

И да го завршам овој текст составен од неколку делови во едно цело, би го рекол следното:

Македонија и народот македонски секогаш се соочувалe со непријатели, внатрешни и надворешни. Со предавници и изроди и туѓи платеници, ама никогаш  како во овие "модерни" времиња во кои  се очекува демократијата, правото и правдата да завледеат на секаде. Денес се соочуваме одеднаш со наши внатрешни предавници и туѓи платеници кои бездушно, отворено и злосторнички со сите сили удрија по нашата држава и црквата македонска. Удрија по столбовите  на нашето минато, сегашност и иднината. 

Ќе издржиме ли да ги надвладееме и потполно детронираме, или ќе нестанеме без  контра удар? Зависи од секој од нас, било каде и да  сме!

 

Сотир Гроздановски 

********************

Даме Груев 1871-1906

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ 54

МАКЕДОНИЈА ВО XIX ВЕК

 

5. Основањето на Македонската револуционерна организација

 

Сите разговори, дискусии и полемики околу етничката припадност на Македонците, формирањето друштва со програми за национално ослободителна активност, изградувањето и определувањето на односот спрема странските пропаганди и последиците од нивната дејност за Македонија - целиот тој значаен интерес за иднината на Македонија и кој, како по договор, се појавил  на политичката сцена речиси истовремено и траел континуирано повеќе години - сето тоа било инспирирано од историска потреба да се започне борба со конкретна револуционерна акција која, пак, би можела да се  реализира само преку изградување на нужна  раководна институција - организација. Така, целото повеќегодишно национално и политичко раздвижување било крунисано со формирањето на онаа раководна револуционерна сила што ќе си постави задача да работи на канализирањето на ослободителните стремежи на поробените македонски слоеви, на нивното организирање, обединување и подготвување преку револуција да се постигне крајната цел. 

Економско-општествените претпоставки за остварување револуционерни промени во Македонија биле создадени. Созреаната економско-политичка криза била придружена со се' поголемата диференцијација и со заострувањето на општествените спротивности кои, пак, поради различната религиозно-етничка припадност на угнетените и угнетувачот, истовремено добивале и национална и верска обоеност.

Во свеста на македонските обесправени маси целокупната неправда, експлоатација и корупција на државниот апарат се врзувале со политичката и националната обесправеност. Значи, сите неволи, во сознанието на угнетените, се поврзувале со фактот дека Македонија се наоѓала под османлиско влијание. Се сметало дека ослободувањето од тоа владеење е апсолутно неопходно за националното и политичкото ослободување. Значи уште од почетокот се сметало дека основниот противиник против кого ќе се води борбата  биле Османлиите. И така се случило. Покрај јавното дебатирање околу прашањето за ослободување на Македонија и како да се постигне тоа (средствата),  некои интелектуалци своето внимание го фокусирале на истиот проблем, но тоа го правеле "зад завеса", конспиративно, решени да минат конкретно во акција. Идејата за создавање организација кај Даме Груев, Пере Тошев и некои други македонски интелектуалци зреела од поодамна. Според досегашните сознанија, за создавањето на Тајната организација, покрај разговорите со Гоце Делчев во Софија, со Шахов и други, поконкретно станало збор во текот на 1892 година во Прилеп, а на крајот од идната  1893 година, на  состанокот одржан на 23 октомври во Солун, се формирало раководно јадро во состав: Даме Груев, Петар Попо Арсов, д-р Христо Татарчев, Андон Димитров,  Христо Батанџиев и Иван Хаџи Николов. На 5 јануари 1894 година се одржала втората средба на истите лица на која се расправало за целта, името и нормативните акти на организацијата што ја создавале. Според Христо Татарчев, Организација била наречена "Македонска револуционерна организација", а според зачуваниот печат раководството било наречено "Македонски централен револуционерен комитет". Задача да напише проект-устав добил П.П.Арсов. На следните средби шестмината ги прифатиле неопходните документи и во согласност со нив го избрале првиот Централен комитет, чиј претседател станал Христо Татарчев, а секретар-касиер Даме Груев.

Оригинални документи за овие состаноци не се зачувани. Но, од личните спомени на учесниците, а и од уставите што се сочувани, иако не и датирани, се гледа дека целта на борбата била, исклучиво преку револуција, да се извојува политичка автономија на Македонија.

Потребата за ширење на Организацијата била поттик за свикување на  едно пошироко советување на познати членови на движењето, на кое би се дало оцена за дотогашната работа и би се прифатиле насоките за идното дејствување.  Советувањето се одржало во Ресен на 15 август 1894 година, а на него присуствувале околу 15 познати активисти. Тука биле донесени важни решенија за развитокот на Организацијата - изградување на нејзината структура, начин на финансирање, вршење пропаганда и сл. Се истакнала значајната улога што ја играле учителите на сцената на ослободителната борба и се укажало на потребата од нивната што поголема независност од Егзархијата и за нивно, како и на општините, поврзување и служење на Организацијата. По Ресенскиот состанок започнал брз развиток во изградбата на структурата на Организацијата и се создале услови за нејзината масовизација.

Лицата што ја создавале Организацијата и раководеле со неа произлегувале од редовите на трговците и интелигенцијата. Речиси сите видни раководители што ја граделе Организацијата и се жртвувале за нејзините цели и' припаѓале на прогресивната македонска интелигенција и ги изразувале стремежите на ситносопственичките слоеви и на македонското  обесправено и деградирано селанство.

Малку подоцна, истата година, во Организацијата се вклучил и Гоце делчев (1872-1903), чија организациона и раководна улога ќе го издигне во легенда на македонското националнослободително движење од илинденскиот период. Своето идејно и политичко оформување Гоце Делчев го стекнувал во текот на целото школување - во родниот Кукуш, во Солун и во Софија. Исклучен од военото училиште во Софија поради некако вполитички инцидент, во ноември 1894 година, Делчев се вратил во Македонија како учител во Штипско - Ново Село, се сретнал со Даме Груев кој, пак, служел како учител во градот. Во Штип имало добро уредена организација. Делчев се вклучил во нејзините  редови и заедно со Груев ќе го продолжат одот по врвиците на Револуцијата и се' до крајот на својот живот ќе останат во врвот на нејзината раководна структура, дејствувајќи повеќе одделно, отколку здружено.

Двегодишната дејност на Гоце Делчев во Штип е позната најмногу по нејзиното огромно значење што го имала за масовизирање на Организацијата и тоа преку вклучувањето на македонското село во нејзините редови. Со вклучувањето на селото во Организацијата се извршила значајна промена  во социјалниот состав на нејзиното членство и таа, од претежно градска, се преобразила во масовна организација во која доминирал селскиот елемент.

Во времето на престојот на Гоце Делчев и на Даме Груев во Штип, фактички, градот станал раководен центар на целата Организација, додека ЦК во Солун само формално фигурирал како централно раководство.

СОЛУН, 23 октомври 1893 оснивањето на МРО - Македонска Револуционерна Организација.

Гоце Делчев 1872 - 1903

Подготовките за Револуција во Македонија започнале во една хаотична ситуација во општествено-политичкиот живот на земјата, создадена од пропагандите на соседните земји.  Целата ситуација била будно следена од бројните претставници на големите сили кои, добивајќи ги информациите на прво место од надлежните државни органи, од агентите и конзулите на соседните заинтересирани држави во Македонија и од нивните влади, не биле во состојба да создадат реална и точна слика за целите и задачите на македонското револуционерно движење и пошироко за Македонија, за македонското население и за неговиот етнички состав, за неговите стремежи и сл. И така, и самите дезинформирани, тие ги дезинформирале и своите влади, што неможело да не се одрази негативно врз градењето на политиката на тие сили во врска со Македонија.

Личното истражување и прибирањето податоци од страна на некои конзули давале  пообјективни и поточни резултати отколку добиените информации од лицата - агентите, што биле директно инволвирани во македонските рабори. По неколкугодишното лично истражување, францускиот вице конзул во Битола, Леду, на својот министер за надворешни работи му испратил еден опширен извештај (јануари 1898 година) во кој изнел извонредно интересни информации за Битолскиот вилает токму за годините кога Организацијата ги правела првите сериозни чекори во својот развиток. Ги дал, како што самиот пишува, како "прилог во вид на скица... која дава процени за неговите христијански и муслимански населенија...онолку непристрасно колку тоа го овозможуваат посебните услови во овој крај, без да се води сметка за мошне спорните теории за раси и народности измислени од фантазијата на оние што го посакуваат овој крај, па затоа како база ќе послужат, колку што е можно, јазиците, обичаите и навиките на жителите".

Државните статистики на Османлиската Империја Леду ги сметал за несигурни, тие не давале поточни податоци од оние "што се составени за потребите на нивната кауза од одделни, не многу скрупулозни страни, кои се карактеризираат со неопислива конфузија што е присутна во сите нешта во Македонија". Вицеконзулот, значи, преку лично истражување подготвил своја етнографска студија, притоа судирајќи се со повеќе тешкотии, како што била измешаноста на населението поради дејноста на пропагандите, кога многу луѓе, особено во големите центри, "дури и меѓу образованите, не се во состојба да ја определат вистинската националност на сопствените семејства".

Битола, пишува Леду, станала центар признат како средиште "на бесрамни сплетки и интриги врз кои почиваат соперничките пропаганди на малите соседни држави. Треба да потсетам на прво место, подвлекува тој, дека политичките аспирации во овој крај не се темелат ниту врз јазиците, ниту врз обичаите на жителите, туку врз индивидуалните чувства, чија основа лежи, главно, во материјалните интереси и личните сметки на секој човек, и најпосле да го свртам вниманието на тоа дека е тешко да се најдат луѓе толку деградирани во морален поглед (лакоми, неискрени и сл.) како што се христијанските Македонци, што најмногу  треба да се припише на нивната сиромаштија и на понижувачкиот режим, кој е многу често жесток, што го трпат луѓето во една област во која нема ниту сигурност, ниту правда".

По појавата на "бугарската шизма", продолжува Леду, започнале, во "вистинската смисла на зборот, сепаратистичките пропаганди", кои сукцесивно ги создале "злокобните сегашни поделби" што ја довршиле "деморализацијата на овие несреќни населенија".

Пропагандите, Леду, ги нарекувал "партии". Само грчката и бугарската партија имале вистинско значење. Грчката партија, составена од "грчки, влашки, бугарски, албански и  српски" елементи, по својот број била супериорна, а бугарската, составена од "eгзархиски Словени", била по неа (1898 г.).

Половината од целокупното население на Македонија било македонско-христијанско. Значи, поголемиот дел од македонската територија бил покриен со компактно, еднородно население, што бил основен предуслов за организирање ослободително и револуционерно движење и за конституирање држава. Тоа аргументирано ги демнтира недобронамерните гледишта на некои поединци дека етнички земјата била толку измешана ("македонска салата") така што тоа било пречка за извојување автономија и за создавање авторитетен политички режим. Припадноста на македонскиот народ кон двете главни цркви - Грчката и Бугарската, но и поради теократскиот карактер на Турција носењето на нивното национално име (Грци, односно Бугари), биле прифаќани некритички (буквално) иако и јавно се признавало дека верската определба не можела да биде критериум за определување на националната припадност. Уште повеќе, што сите биле сведоци на честото преминување на одделни семејства и на цели села од една во друга црква, а тоа автоматски повлекувало промена и на "националното" име!

 

> Продолжува <

Етничко чистење во Егејска Македонија.

МАКЕДОНЦИТЕ И ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

1945 - 1949

Глава Петта

ДЕЛ 54

*********

Пишува: Наум Пејов

(Продолжение)

 

Втората светска војна, окупацијата и прекројувањето на Балканот, КПГ ја најде со споменатиот став: "Полна рамноправност на националните малцинства". Борбата против окупаторот, а за национална слобода, стана акциона програма на комунистичките партии од окупираните земји. Објективните услови беа изменети и се поставуваа нови задачи. Условите беа изменети и во Македонија, таа беше прекроена, а со нестабилни и цврсти граници: поради општата окупација на Балканот од Германците, сојузништвото меѓу фашистичка Италија и фашистичка Бугарија, но и нивните противречности околу Македонија; па дури и грчките аспирации околу Македонија, без оглед што со капитулацијата им отстапија дел на Бугарија и т.н.т.

Развојот, пак, на Народноослободителното движење не познаваше граници и гранични линии. Ете зошто како од политички, така и од организациони причини се наложуваше една ревизија на ставот по македонското национално прашање и неговото поставување во новосоздадените реални и објективни услови. Но, тоа претставуваше заедничка согласност на раководствата на сите заинтересирани комунистички партии, или заземање правилен став по македонското национално прашање секоја комунистичка партија поодделно. Како што е извесно, тоа не беше случај! 

Првото, неможеше да се оствари затоа што сите раководства не беа спремни за второто. Не беа спремни да заземат правилен и револуционерен став по македонското прашање и тој став да го поткрепат. Нас сега ни се познати расправиите по тоа прашање помеѓу раководството на КПЈ и БРП (k) уште во текот на 1941 година, што се манифестира по однос на Пиринска Македонија и сега. Раководството на КПГ исто така зазеде крајно опортунистички став. Тоа воопшто не покажа спремност правилно да го постави и решава македонското прашање како неминовно, објективно барање во новите услови.

Раковоодството на КПГ, очигледно го сопираше природното место и природен развоен пат на борбата на македонскиот народ од почетокот до крајот на Народноослободителната борба, па дури и тогаш, кога битката беше изгубена и власта во Грција дојде во рацете на контрареволуционерите. Ете зошто борбата на македонскиот народ во Егејска Македонија не го доби оној револуционерен замав, не ја доби својата независна физиономија, не можеа да дојдат до полн израз тежненијата и тие да бидат остварени.

Раководителите на КПГ користејќи го авторитетот на Комунистичката партија, раководството на Народноослободителната борба и партиската дисциплина на членството, систематски работеа врз тоа, македонскиот фактор да не израсне како независен и македонскиот народ да ја земе својата судбина во свои раце. Тие упорно се противеа на формирање македонска народноослободителна организација, формирање посебни, македонски партизански единици и израснување на национални кадрови. И кога се има на ум, дури тогаш може да се објасни колку беше тешка задачата на македонските борци од Егејска Македонија. Направени беа обиди да се афирмира борбата на македонскиот народ од Егејска Македонија. Но, за успехот и за таква афирмација нужен беше позитивен став на КПГ, или максимално единство на волја и акција на македонските комунисти од Егејска Македонија, кое тешко можеше да биде остварено без единствена организација и при постоење на негативниот став на раководството на КПГ. Под притисок на состојбата есента 1943 година создаден е СНОФ (Славо-македонски народноослободителен фронт) и партизански единици СНОВ (Славо-македонска народноослободителна војска).

Раководителите на КПГ, меѓутоа, уште во почетокот ги пресекоа таквите иницијативи. Затоа, што во програмските начела на ЕАМ на ПЕЕА и при спогодбите со избегличката влада не ги предвидоа и не ги бранеа правата на Македонците, ниту пак им помогнаа на Македонците да создадат сопствени сили сами да ги бранат тие права. Епилогот на таквата политика беше да се лишат од помошта на Македонците при судирите во Атина во декември 1944 година - фактор кој воопшто не беше за потценување, како тогаш така и во текот на НОДвижење.

Објективните услови создадени за времето на Втората светска војна беа такви, какви историјата ги поставува пред еден народ еднаш во текот на една генерација. После неуспехот на Илинденското востание, објективните услови за време на Втората светска војна навистина беа такви, што го поставија на дневен  ред не само ослободувањето на Вардарска Македонија, туку ослободувањето и обединувањето на цела Македонија. Ако тоа не се постигна, причините треба да ги бараме во субјективните фактори. Затоа што прашањето се решаваше на начин кој бара најмногу жртви - по пат на вооружено востание, но кој е затоа понајкраток н најреволуцонерен пат. 

Во текот на Втората светска војна и народноослободителните борби на Балканот 1941-1945 година, сознанието кај Македонците дека се работи за историски момент созреваше, поради тоа и дојде до многу судрувања уште во текот на 1941 и 1942 година со КПГ. Првото пак отворено судрување дојде после расформирањето на СНОФ и партизанските единици СНОВ во Костурско и преминот во мај 1944 година на еден партизански баталјон во редовите на Македонската партизанска војска. Тој конфликт беше решен на тој начин што беше постигната заедничка спогодба меѓу Главниот штаб на Македонија (поправо претставникот на Врховниот штаб, делегат при Главниот штаб на Македонија, Добривое Радосављевиќ) од една и Главниот штаб на ЕЛАС од друга страна.

Добривое Радосављевиќ 1915 - 1984.

Според таа спогодба, споменатиот батаљон се враќаше во  редовите на ЕЛАС со право на мобилизација и формирање на нови Македонски воени единици. Но по кратко време (горната спогодба беше остварена во јули 1944 година) во октомври 1944 година доаѓа до нови расправии меѓу Македонците и раководителите на КПГ и ЕЛАС, што доведе до повторно одделување на споменатиот партизански баралјон, на еден партизански баталјон од Воденско и еден партизански одред од Леринско и нивното повлекување на територијата на слободна Македонија. Од овие единици, во ноември 1944 година беше формиарана Прва ударна Егејска бригада (која ќе биде расформирана со победата над Германија - мај 1945 година). Покрај формирањето на оваа бригада, во исто време во Битола беше организирана конференција со делегати од Егејска Македонија и избрано политичко тело од 29 членови на чело  со комисија од 10 членови. { 4. Политичката комисија се состоеше од десет членови и тоа: Атанасов Ѓорѓи, Керамитчиев Михаил, Митревски Паскал, Николов Тодор, Пејов Наум, Поплазаров Лазар, Туруџов Ѓорѓи, Раковски Павле, Урдов Џоџо и Шупурков Наум.}

Барањата поставени при овие акции се состоеја во признавање правото на самоопределување. Раководителите на КПГ, меѓутоа, не сакаа нити да чујат за такво прашање. И според тоа, потфатот за  извршување на таа задача со сила до истерувањето на окупаторот можеше да најде отпор и кај ЕЛАС, а по истерувањето на окупаторот и на отпор кај Англичаните, со оглед на нивното присуство во Грција по истерувањето на германските окупатори.

Кога избија декемвриските настани во Грција (декември 1944 година), Првата ударна егејска бригада беше спремна да притекне во помош, но под услов да учествува како таква и со право на мобилизација на нови сили. Меѓутоа, на тоа не сакаа да се согласат раководителите на КПГ. На крајот, текот на настаните во Атина и воопшто во Грција, не беше во состојбата да го измени една бригада. Затоа беше потребна поинаква стратегија и тактика на Народноослободителното движење, како што видовме при анализата на декемвриските настани и спогодбата во Варкиза.

Во новата ситуација создадена по судрувањата во декември и спогодбата во Варкиза, што се состоеше во разоружувањето на ЕЛАС и проширување власта на буржуазијата и буржуаската влада во Атина на целата територија, македонскиот народ го очекуваше соочувањето лице во лице со вооружениот непријател. Владата од Атина, проширувајќи ја својата власт на територијата од Егејска Македонија, отпочна со масовен истребувачки терор против македонското население, како резултат на што почнаа првите емигрирања на мирното население од Егејска Македонија во соседните демократски земји и отпорот на прогресивните Македонци.

 

> Продолжува <

Блаже Конески 1921-1993

 

 

 

 

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

**********************

БЛАЖЕ КОНЕСКИ

  • КАРАОРМАН

    Караорман и Славеј Планина,
    двајца браќа, два лути ајдути.
    Караорман . постариот браток,
    а Славеј е брате помалово.
    Нигде нема лика над нивната,
    До кај држи рамната Дебарца,
    до кај држи пуста Малесија,
    до кај држи земја македонска -
    за нив народ славна песна пее,
    за нивната лика и јунаство.
    Караорман и Славеј Планино,
    ноќта вари та што ве превари,
    ве завари поле пустелио.
    Од одеи е нозе постанале,
    од одење снага премалена,
    та легна браќа да поспајат.
    До рамена рамо се гушнале,
    со едно се сакме наметнале.
    Над нив ситни-дробни sвезди горат
    и ветрец им тивка песна пее,
    песна пее за да ги успие.
    Но не спие Караорман силен,
    а саноќ се тешко издишува.
    "Караорман брате поголемо,
    каква жалба на среце те гори
    та не можеш саноќ да заспиеш?"

  • И СЛАВЕЈ ПЛАНИНА

    "Ој Славејко, мое мило брате,
    јас си имам до две лути жалби.
    Жалба ми е личната невеста
    што ја клети Турци загубија.
    Жалба ми е млада партизанка
    што ми падна во борба крвава.
    Јас на живот двете ги заљубив
    и двете ми мене загинаа.
    Кај да најдам нива убавина,
    кај да видам нивни очи,
    кај да чујам нивното зборвање?"

    "Караорман, брате поголемо,
    немој толку тага да тагуваш.
    Ти погледај дробни sвезди над нас,
    тоа ми се нивните очи.
    Ти наслушај извор кај извира,
    тоа ми е нивното зборвање,
    ти мирисни трева ка мириса,
    ка мириса смилот и ковилот,
    тоа ми е нивната душа."


    Блаже Конески

Kind regards : 10 ноември 2017 година

Sotir Grozdanovski broj 106