МАКЕДОНЦИТЕ НЕ СЕ ОВЦИ

Ерол РИЗАОВ

 

РЕФОРМСКА ВЛАДА  

ИЛИ ТРОЈАНСКИ КОЊ 

********** 

МАЏИРИ И ДОМОРОДЦИ

 

"Староседелците не ги сакаат дојденците па макар биле од иста нација, иста вера и имале исти јазик, не се омилени дури и да се од иста крв, блиски роднини и ако се од соседното маало. Мааџирите им го реметат спокојството на домородците, тие се омрзнати натрапници, сељачишта, кои им го земаат просторот на тукашните, носат нови обичаи и навики неприфатливи за автентичните, во повеќе генерации, жители на еден кварт, град или било кое населено место. Меѓутоа, кога ќе се каже дека наближува инвазија на бегалци од други држави, различни од нас, со друга вера, со друг јазик, со друга  боја на кожата, сиромашни луѓе кои бегаат од војна и од глад, тогаш, настапува прво шок, силен стрес, па вистинска паника, поопасна од таа да се инсталира депонија среде плоштадите во градовите и во населбите. Боже спаси не', доаѓаат варвари, вандали, терористи и убијци".

Со горниот наслов, господине   Ризаов, не се знае по кој пат покушавате да ги омаловажите и подцените хуманите и цивилизациските вредности  на македонскиот народ , насилно сакајќи да не прикажете како недобро намерни, не гостољубиви, народ кој е само бендисан, па и нетрпелив и со самиот себе си. Сакате да внесете црвец и во односите помеѓу Македонците од другите делови на Македонија, продолжувајќи ја старата и испробана тактика на вашите претци. Сакате, како дел од македонскиот Тројански коњ, СДС, да и' помогнете на нелегитимната "реформска влада" на премиерот Заев, полесно да ја докусури сопствената држава и народ, за кои баш и не му е многу гајле.

Вашата подршка на новата влада на господинот Заев и неговата тајфа, заедно со програмата да ја разводни уште повеќе македонската нација до непрепознатливост, не е за чудење. Та вие и така со вашето однесување не докажувате никаква лојалност спрема македонската држава и македонскиот народ, па и затоа тоа го правите. Што повеќе Мааџири - доселеници од било каде, тоа поарно. Владеењето со нив, како и во Османлиската Империја, е по лесно: секој си ја пее својата песна, дури на султанот му одговара. 

До колку сакате, господине Ризаов да го видите таквото лице кај Македонците, прво погледнете се самиот себе си на огледало и храбро прашајте го ликот кој ќе ви се појави пред вас: не сум ли баш јас наследник на народот од кои потекнувам? Имам ли право на таков начин да ги опишувам националните вредности на народот со кои моите претци владееле цели 500 години и кој и дури после толу години, сепак, така не го опишуваат, како јас него? Мене ми изгледа  дека по се' што вие искажувате спрема народот кои претрпел и премногу како последица баш од својата доброта, а можеби и доброчудна наивност, вие во себе имате особини на прикривен Тројански коњ во македонското општество, секогаш подготвен да го згази својот домаќин. Да го споменеме само оспорувањето на македонизмот кај Македонците и нарекувајќи го како неизлечива болест итнт.

Господине Ризаов, Мааџирите кои вие ги споменувате, во Македонија, во нејзиниот егејски дел, масовно навалија баш од земјата на вашите претци и направија чуда невидени. Одново им ги презедоа домовите и имотот на Македонците,  кои Грците пред тоа делум ги истепаа а делум ги раселија само како би ја ослободиле земјата од домородците и ја измениле нејзината демографска слика. 

Зарем тоа што му го посакувате на македонскиот народ и македонската држава да постане, со не контролиран налет на вистински стотици илјади туѓинци . Мааџири, му го посакувате на земјата во која е вашиот вистински национален корен? 

Не верувам! И поарно да е така, зошто? - затоа што не би сакал  и нив да им се случи тоа што на македонскиот народ му се случи во 1990-те години со налетот на Албанците од Косово, кои денес, како крајно не лојални граѓани на земјата и народот кој им подаде рака во несреќа, му го враќаат со дестабилизација и разнебитување на неговата држава.

Не сакам, господине Ризаов и затоа, зошто тоа што после турско-грчката војна во 1922 година и подоцна, со меѓусебната спогодба за размена на населението одново да се случува на овие простори. Не сакам тоа да се понови и со ова парче македонска земја што им се случи на Македонците во егејскиот дел на Македонија со над 600.000 ново дојденци - Мааџири, кои им ги преплавија вековните плодни полиња и нивните домови и створија немир и лош соживот со неповикани, арогантни и крајно агресивни гости, со лоши и осветољубиви намери.

 

Сотир Гроздановски

Раде СИЛЈАН

НАРОД БЕЗ ИМЕ Е

КАКО ЧОВЕК БЕЗ ДУША

******

 Не треба да заборавиме на заветот на предците, на просветителите и преродбениците, на илинденците и асномците, во спротивно, ќе не проколнуваат потомците

 

 

Во традицијата на македонскиот народ кумството зазема посебно и почесно место. Тоа е света работа, по своја волја избрана за навек. Ние кумот го викаме нунко, а се наследува од колено на колено, од генерација на генерација. Нунковците ги викаме и светијоани, луѓе кои уживаат голема почит од членовите на семејството. Тоа сродување по дух и по добра мисла трае со години, со децении и со векови.

На нункото и старо и младо му бакнува рака во знак на почит.

Често се потсетуваме на оваа убава традиција. Сето тоа буди спомени, не' враќа во реалноста, во миговите кога се негувале пријателства и се одржувале вистински побратимства. Но, за жал, во последниве децении ни доаѓаат нови нунковци од разни страни и меридијани. Доаѓаат со една мисла и порака: ако сакате "влез во иднината" сменете го името, па потоа по улици ќе тече мед и млеко и во големата Заедница ќе ги уживате и земните и небесните благодети.

И, така си легнуваме со пораката: најдете компромис за името. Во нас одsвонуваат навидум милозвучните , а всушност премногу заканувачки зборови. Тој рефрен се повторува од многу грла. А целта е јасна: Совладајте го стравот. Соберете храброст. Саморазголете се. Поплукајте на вашите претци кои се бореле и гинеле за светото име: Македонија. Сменете го името. Обезличите се. Дури тогаш ве чека светла иднина. Дали во рајот, дали во пеколот. Никој не знае. Никој нема да каже.

Се будиме мамурни и на утрото не му веруваме. Пак истата порака: најдете компромис. Во најмала рака, компромисот како да претставува витаминска храна за народот кој од памтивека се именувал како македонски.

Ги прелистуваме весниците. Секојдневен ритуал на насловните страници. Многумина порачуваат: треба да се најде компромис и визата за патот поплочен со божемни идеали не' чека како десерт по главно јадење. Некој треба да потпише во името на народот и да ги реши  маките на Македонците. Потоа се' ќе биде лесно, а по плоштадите, ќе зјаат говорниците со трогателни песни, во кои ќе се оплакува нашето страдалничко и слободољубиво племе, кое за миг ќе се претвори во аморфна маса. Обезличена, безимена и исфрустрирана.

Македонскиот народ и во песните и во приказните, а особено во богатата и разгранета уметничка литература ја саsидал свеста за своето свето име и сака да си живее спокојно, да живее со мислата за долговековната традиција на нункото, кој секогаш заземал почесно место на македонската скромна, но од Господа благословена софра.

Нашето име е наша реалност и наша судбина. Затоа не тееба да заборавиме на заветот на предците, просветителите и преродбениците, на илинденците и асномците, во спротивно, ќе не' проколнуваат нашите потомци. Зашто, народ без име е исто како човек без душа. А човекот без душа е обична статуа, безнадежна фигура, со која сите белосветски "добротворци" ќе си играат подбишега.

Ние сме горделив и трпелив народ. Вековните имиња: Трпе, Трпче, Трпана, Трајан, Трајанка, Трајко, Гордон, Гордан,  Горјана, Горјанче итн., не' упатуваат на истрајбата и гордоста. Со тоа достоинство си го носиме товарот на нашите плеќи и ги славиме: Илинден, 8 Септември и 11 октомври. Живееме и пееме за слободата, за татковината, за името. Зашто, името Македонија е најубавото и најсветото нешто за сите нас, Македонците. Тоа е наш препознатлив код, со него сме минувале низ темните и мачни векови, со него не' препознаваат сега, во независна и суверена Македонија.

 

Автор Раде СИЛЈАН, писател

ДНЕВНИК, 16.10.2010, 10:34

Битолски занаетчија

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА

ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

***********************************

ДЕЛ 42

МАКЕДОНИЈА ПОД ОСМАНЛИСКА ВЛАСТ

(од XIV до крајот на XVIII век)

 

5. Демографските поместувања

5.1. Колонизација

Османлиското освојување на Македонија донело промени во сите сфери од животот, но се чини највпечатливи биле промените во демографската сфера. Веднаш по освојувањето, силен колонизаторски бран од муслиманско население, составено од османлиски етнички елементи, ја заплиснал Македонија. Новите жители најпрвин се населиле во градските центри. Средновековните македонски градови веќе биле оформени и како економски центри  во својата околина и како утврдени стратегиски средишта преку кои поминувале значајни раскрсници. Поради тоа, поголемиот дел од колонизаторите се насочиле кон градовите, како најпогодни центри за контрола на христијанската селска околина. Најпрвин во нив се стационирале воените гарнизони, а за кратко време била воспоставена и новата администрација, регрутирана исклучиво од муслимански елемент. Ваквото воено  и  административно присуство на муслиманите во градовите неминовно со себе ги повлекло и сите други неопходни служби за нормално световно и духовно функционирање на муслиманската градска средина. Тоа особено е видливо во поголемите македонски градови, како што биле Сер, Скопје и Битола и кои, уште во втората половина на XV век, биле со побројно муслиманско население. Освојувачите настојувале испразнетите населби да ги пополнат со свои лојални луѓе, како и со занаетчии и трговци чии активности, пред се', биле поврзани со натамошните воени акции. Османлискиот хроничар Ибн Кемал пишува дека Јигитбег,  по освојувањето на Скопје, "спремните куќи на неверниците што останаа празни, а ги имаше во изобилство, ги наполни со своите спахии и робови, и со полно внимание се зафати со поправка на оштетувањата на тоа место што го направи свое седиште..." Вакви активности спроведувани од страна на моќни и влијателни личности за населување на свои луѓе во освоените градови сигурно биле преземени и во Охрид и во Штип, градови во кои се етаблирале познатите османлиски семејства Охризаде и Иштипзаде, а во Сер и Ениџе Вардар тоа го направил славниот војсководител Евренос-бег.

Најважен елемент во колонизацијата на територијата надвор од градските центри биле Јуруците, чие населување во Македонија особено било интензивно во XV век. Нивното доселување било на доброволна основа, но многу често зад тоа стоела присила мотивирана од воените, политичките и економските интереси на османлиската држава. Областите во кои најчесто се населувале биле поврзани со важните комуникациски и стратегиски правци во Македонија, како што биле: Солунската област, Серско, Овче Поле. Освен економска функција, овие номадски сточари имале и важна воена улога бидејќи дел од нив биле вклучени во посебна воена организација. Македонските Јуруци биле организирани во два големи санџака: Солунскиот и Овчеполскиот јуручки санџак, именувани според територијата на која се концентрирале. Во секој од овие санџаци имало определен број воени јуручки единици, именувани како оџаци, во чиј состав влегувале по 30 лица. Се смета дека во XVI век во овие оџаци биле вклучени 17.600 Јуруци, додека вкупниот број на јуручкото население во Македонија изнесувал околу 140.000 лица. Со текот на времето ова номадско население постепено преминало на седелачки начин на живеење, а неговото главно занимање, покрај строчарството, станало и земјодекството.

За време на османлиското владеење во Македонија се доселило и бројно еврејско население. Бегајќи од инквизицијата во Шпанија и во Португалија, дел од Евреите од овие земји, познати под името Сефарди (т.е. шпански Евреи), нашле сигурно прибежиште во Османлиската Империја. На македонска територија, најмногу од нив се населиле во Солун, каде што кон средината на XVI век имало речиси 3.000 еврејски куќи. Во 1530 година тие биле поделени во 21 општина: Шпанија, Сицилија, Магреби, Лисабон, Италија, Отранто, Езхаим, Каталон, Арагон, Сицилија-стара, Каталон-стари, Шалом, Мадрас, Пулија, Прованса, Кастилија, Евра-Португал, Аламан, Геруш-Калавриш (т.е. Калабрија), Сарагоса и Крг. Поради тоа овој град бил наречен "град-мајка на Израел". Од него Евреите се рашириле и во други македонски градови. Во пописот од 1528 година за Евреите во Штип е наведено дека пристигнале од Солун, а најверојатно и битолските Евреи, кои потекнувале од Португал и од Арагон, а во Битола дошле преку Солун. Истераните Евреи од Сицилија и од Италија во Македонија пристигнувале преку Дубровник, а по Мохачката битка (1526 г.), Евреи од Будим, од Пешта и од Алба Реал биле преселени во Кавала, во Сер и во Драма. Други градови од Македонија во кои се формирале мали еврејски колонии биле: Скопје, Бер, Костур, Кратово и Струмица. Доселувањето на Евреите значело не само збогатување на етничката структурата на македонските градови, туку и поттик за побрз стопански и трговски развој.

Во почетните години на османлиската доминација имало и примери на присилно депортирање на домородното христијанско население. Познати се два таква примера од XV век поврзани со градовите Охрид и Скопје. Во првиот случај султанот Мехмед II Фатих, 1466 година, наредил во Истанбул да бидат депортирани охридскиот архиепископ Доротеј, заедно со многу охридски клерици и болјари, најверојатно поради нивното антиосманлиско  дејствување за време на востанието Скендербег. Депортираните охриѓани  во Истанбул формирале свое маало, кое било наречено Охридско маало, а е регистрирано во пописот на населението на Истанбул близу еден век по депортирањето. Во исто време, односно 1467 година, биле депортирани и жители на Скопје, поточно, 15 православни куќи биле преселени во албанскиот град Коњух (Елбасан), кој бил изграден како тврдина наменета за борбата против Скендербег. Освен овие скопски христијани, како жители на Елбасан, во пописите на населението од XVI фигурираат и семејствата од Охридско, од Костурско и од Серско кои, исто така, биле присилно населени во овој град.

Врз демографската структура на населението влијаеле и честите војни, востанијата и феудалната анархија поради кои се случувале миграции и напуштање на цели области од страна на македонското христијанско население. Како резултат на тие миграции, кон крајот на XVII и во XVIII век, во западниот дел на Македонија постепено почнало да се населува албанско население од Албанија. Се' до крајот на XVII век албанското присуство на територијата на Македонија останало скромно. Нивното прво помасовно населување во западна и во северна Македонија се случило по повлекувањето од Македонија на австриската војска (1689/1690 г.) за време на големата Австро-турска војна (1683/1699). Заедно со повлекувањето на Австријците, на север се повлекол и голем дел од христијанското население во северозападна Македонија, кое во војната учествувало на страната на Австријците или зеле учество во Карпошовото востание (1689 г.) Најголема преселба се случила од: Тетовско, Скопско, Кумановско, Кривопаланечко, а тоа предизвикало опустување на цели области и исчезнување на многу населби. Наскоро во овие области започнале да се населуваат лојални муслимани-Албанци од соседна Албанија, што довело до значајни и трајни промени во етничкиот состав на населението во тие региони.  Ова доселување било поттикнувано од централната власт, која на истакнатите албански бегови им давала на управување цели области. Познато е дека веднаш по Карпошевото востание, до Арнаут Коџа Халил-паша, сераскерот на Мореја (Пелопонез) кој учествувал во задушувањето на востанието, бил упатен ферман со кој се наредувало "на истакнатите и храбрите арнаутски бегови од вашето подрачје во име признание и награди да им се доделат 25 парцели мириско земјиште". Наскоро овие бегови се претвориле во локални моќници без контрола од централната власт.

Албанското доселување во Македонија продолжило и во текот на целиот XVIII век, особено во неговите последни децении, кога анархијата во Османлиската Империја ја достигнала својата кулминација. Власта била немоќна пред самостојните албански бегови, кои имале свои војски составени, исто така, од Албанци. Во времето на моќниот Али-паша Јанински цела југоисточна Албанија, во која имало бројни словенски населби, била преплавена со албанско население. Тогаш Албанците допреле до Охридското Езеро, до самиот манастир Св. Наум. И во времето на Мустафа-паша Скадарски, кој во првата половина на XIX век држел области што се протегале се до р. Вардар, христијанското население во западна Македонија морало да се повлекува кон исток. Нападите во Гостиварско и во Дебарско натерале многу македонски христијански семејства да се  иселат, а на нивно место се доселиле  Албанци. Оттука албанскиот пробив продолжувал понатаму, подлабоко во територијата на Македонија, преминувајќи кон Скопје, Куманово, Кичево, Пролеп, Битола, Велес и Тиквеш. Се смета дека во периодот од 1780 до 1840 година бројот на Албанците во Македонија пораснал на околу 50.000, а тие се доселиле главно од албанските области Мат и Љума, од околината на Пешкопеја, потоа од разни предели на северна Албанија, од јужна Албанија од пределите на Колоња и на Корча, од Голо Брдо и од Елбасанско.

Исто така, по катастрофата на влашките населби Москополе, Сисан, Николица и Пљаса, опустошени 1788 г. од страна на Али-паша Јанински, влашкото население било приморано да емигрира. Мнозина од нив се населиле во македонските населби Крушево, Битола, Солун и во други места. Таа миграција, исто така, носела демографски промени во одредени македонски реони.

 

Продолжува

Наполеон ЗЕРВАС

МАКЕДОНЦИТЕ И ГРАЃАНСКАТА

ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

1945 - 1949

********************

ДЕЛ 17

Глава Втора

Пишува Наум Пејов

 

3. Настаните од септември 1947 година

Продолжение

 

Неможејќи сама да се спротивстави на нападите, грчката реакција во декември 1946 година го покренува прашањето во ООН и како резултат, во Грција во јануари 1947 година доаѓа Анкетна комисија на Советот за безбедност. Во времето кога се подготвуваше да дојде и во времето на дејноста на Анкетната комисија во Грција,  до извесна мера беше  ублажен теророт, во градовите се покажуваше слаба слика на демократски живот. Во поголемите градови излегуваа демократски весници, а свои простории има и организацијата на ЕАМ. Со повлекувањето на Анкетната комисија од Грција и доаѓањето   за министер на безбедност Наполеон Зервас, во месец март 1947 година, почнува масовен терор. Сите негови пријатели и приврзеници се поставени на одговорни места. Сите оние кои сведочеа пред Анкетната комисија беа уапсени и фрлени во затвор; почна да се прогонува и централното раководство на КПГ. Во малите градови се забранува излегувањето на демократските весници, а во поголемите, со честите провокации, е оневозможено излегување на органите на КПГ и ЕАМ.

Владата на Цалдарис, со сите сили и сите средства ја водеше борбата за уништување на партизанското движење, а избегаваше да се согласи на какво и да е компромисно решение и борбата да се пренесе на политичко поле. За таа цел својата дејност ја насочува кон следново:

а) наспроти развитокот на партизанското движење, спроведува масовен терор против секоја демократска појава, врши масовни апсења, интернации, смртни пресуди и стрелања за да го обезглави демократското и работничко-селанско движење во градот и селото;

б) на одговорни места во државниот апарат поставува луѓе кои се истакнаа со своите противнародни дела за време на метаксовата фашистичка диктатура, германската окупација и подоцна;

в) ги ангажира сите средства за јакнење и зголемување на вооружените сили - војската и џандармеријата, а потоа пристапи кон вооружување на единици од населението.

Во војската е вршено чистење на офицерите кои и најмалку пројавуваа демократски идеи и на нивно место се поставувани проверени монархисти. Засилена е ЕСА - воена полиција, која ги задушува и најмалите демократски појави.; мобилизирани се и нови сили, но при мобилизацијата се употребува методот на лични покани, а не мобилизација на одредено годиште. Обрнува големо внимание на опремата и вооружувањето на војската. Офицерите и подофицерите се платени добро, а на борците и нивните семејства им е доделувана помош.

Но и покрај овие мерки, во овој период монархистите уште немаа направено од војската сигурен инструмент, зашто преку војската и натаму делуваа демократските елементи, поради што војската не беше опфатена со офанзивен дух. Војниците не преминуваа на страна на Демократската армија, но затоа, пак, и не се бореа упорно против неа. Причините за таквата состојба во кралската армија во овој период лежи во тоа што од неа отсуствуваа најборбените демократски елементи, кои беа во планините или во затворите. Затоа, преовладуваше конзервативен, колеблив дух. Силната владина пропаганда влијаеше врз војничката маса дека не е можна победата на Демократската армија, а присуството на англоамеиканците во Грција ја потенцираше таа пропаганда. Покрај тоа, во редовите на кралската армија беше оневозможено организациона работа на КПГ.

Полицијата и џандармеријата беа најсигурната вооружена сила во земјата, во рацете на атинската влада. Тие беа привилегирани и добро платени. Од нив се составуваа казнените експедиции за терор во провинциите. Тие вршеа масовни апсења по градовите и селата, ги уништуваа демократските институции, весниците, канцелариите и клубовите на демократските организации, тие во борбите со партизаните се бореа најжестоко. Во формациите на полицијата и џандармеријата се вклучени квинслишки елементи и колаборационисти - учесници во "тагмата асвалијас" (батаљонски формации во Грција во услуга на окупаторот). Со доаѓањето за министер на јавната безбедност на колаборационистот Наполен Зервас, во мардт 1947 година, се разуздува уште повеќе и онака разузданата полиција и џандармерија и тогаш теророт беше најмасовен и најжесток - по изборите и по плебисцитот.

 

Продолжува 

 

 

Македонска Лирика 1950 - СКОПЈЕ

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

Предговор

 

Уште во минатиот век, со делата на првите македонски писатели, преродбеници, се создадоа првите културни творби на нашиот народ. Браќата Миладиновци, Марко Цепенков, Кузман Шапкаров и многу други го собраа криеното во пазувите на народот богатство на народната усна литература нашите народни песни, приказни, гатанки кои се одликуваа со богат фух и говоре за големата творечка надареност на еден народ, кој притиснат со стегата на ропството, не можеше да даде и писмен израз на она што со векови напираше да се излее од душата негова.

Надахната од силните акорди на народната поезија, во тоа време, прозвуча и нежната лира на првиот наш поет Константин Миладинов, кој во своите песни ја воспеа тагата на народот и неговата безмерна љубов кон родната земја, неговите огнени копнежи кон слобода.

Се огласи, по него, и поетот прокуденик Рајко Жинзифов и неговите стихови прозвучаа како зов истргнат од душата на поробениот народ. Така, првите наши литературни творби беа крвно врзани со основните народни болки и стремежи.

Меѓу првите наши писатели и современата литературна генерација, што се роди во огнот на победоносната револуција, стој подолг период од време. Тоа е време на силен револуционерен подем, изразен во пламенот на Илинденското востание, на едностојни борби за придобивање на слобода и независност. И имено во кипежот на тие борби и револуционерни раздвижувања што во годините пред Втората светска Војна ја достигнаа својата врвна точка, се јави лирата на новите македонски поети, што го подзетоа и го продолжија делото започнато од преродбениците. Поникната во огнот на револуционерни борби, на здравите и животворни традиции од народната поезија и поезијата на првите наши поети од минатиот век, нивната поезија неизбежно ја содржеше во себе си основната одлика на своите предходници: да ги воспева борбите на народот, да го покрева народот на борби и во борбата да го бодри од победа до победа.

Во денешни дни современата македонска литература доживува вистински расцвет. Во условите на слободен живот се раскрија во длабочините на народот многу надарени млади луѓе, кои имаа што да му кажат на својот народ и умееја како да му кажат. Пет години слободен живот и веќе имаме на лице една нова национална литература, со свои творци и дела, што во новата општојугословенска литература, има достојно место и се одликува со сите квалитети што ја красат денес литературата на нова Југославија: да биде вистински народна литература, која верно ќе го прикажува животот на нашите луѓе и нивната борба за создавање на подобер живот.

Денес македонската литература има одлични услови за развиток. Македонските поети и прозни писатели, организирани во Друштвото на писателите на Македонија, имаат две литературни списанија - "Нов ден" како орган на Друштвото и "Иднина", списание на младите, во кои ги печатат своите стихови, раскази, драмски творби. 

За овие пет години излезени се голем број оригинални творби на македонските писатели во посебни книги со тираж што достига до десетина илјади егземплари и тие се најчитаните и најсаканите книги за нашите луѓе.

Овој зборник на македонска поезија претставува само дел од постигањата на современата македонска литература.

**********************************

 

ГАНЕ ТОДОРОВСКИ

**********

 

НАШИОТ САНДАНСКИ

(На клеветниците од Радио - Софија)

 

  • Минува разлистен април, наметнал облека цветна,
    ставата негова красна - тоа е нашето поле;
    минува мирисен април, лазурот небесен светнал,
    расцветан, насмевнат тој е, во мојот поглед волен.

    Денеска радосен порој јури низ срцево мое
    дишам јас безмерно, мошно, в градиве пролет се шири;
    денеска в спомен ми расне светлото име твое
    денеска в спомен ми расне април и личен Пирин.

    За тебе песнава гласи; знам јас, просторот мал е
    но широк имаме простор: - целата слободна страна
    целиот народ те носи на едно срце со Гоце,
    нашиот народ го сака Сандански - верниот бранач.

    Земјата твоја е ширна. Земјата твоја е тоа,
    народот в борбите роден, заветот твој го знае,
    името твое е кај нас символ на животот среќен,
    името твое е кај нас жив дел од денот сјаен.

    В песнава несакам појке за тебе Јане да пишам
    нашиот живот е сведок како те сакаме ние,
    в песнава сакам јас машки подлеци срамни да стишам
    онака гневно и тврдо, ко ти што такви си биел.


  • Клевети смешни и груби виреат в устите туѓи
    родот наш книжно бил створен, јазик сме немале
    мајчин. Старите песни се тоа, песни на нашите врагој,
    рубата нивна е денес скроена на друг начин.

    Онака гневно и смело, ти, ко што такви си ринел
    онака својски и мошно, со мојот роден јазик
    одвраќам: пцетата лајат, керванот сигурно мине,
    одвраќам : лагите плитки, народот наш ќе ги згази.

    Сандански - синот на Пирин, синот на нашата страна
    дел е од животот суров, дел е од нашата сила;
    го носи в срцето свое народот слободен станат
    што цени слобода златна, што љуби земја мила.

    Автор, Гане ТОДОРОВСКИ

Kind regards : 10 септември 2017 година

Sotir Grozdanovski broj 94