"ЗА ДЕМОКРАТИЈА И ЧОВЕКОВИ ПРАВА"

проф., д-р Тања Каракамишева - Јовановска

АКО ТОЛЕРИРАМЕ И ДОЗВОЛУВАМЕ

НАШИТЕ ДЕЦА СЕ СЛЕДНИ

Пишува: Проф., д-р Тања Каракамишева - Јовановска

*******************************

Музичката група Manic Street Preachers има една песна со многу поучен наслов "If you Tolerate This, Than Your Children Will Be Next" наслов, што постојано треба да ни одзвонува во нашите уши како аларм,  како постојан потсетник дека ако сега одлучуваме нешто да толерираме и да дозволиме, тогаш да сме потполно свесни дека со тоа ја одредуваме насоката на движење не само на судбината на нашите животи, туку и на судбината на животите на нашите најмили-децата. Опасноста што ни демне над нашите глави кога немаме соодветна или кога во најголем дел од случаите немаме никаква реакција  противсекојдневните погубни државни и национални политики во земјата, од ден на ден станува се поевидентна, станува сериозно загрижувачка.

Како македонски народ, како Македонска нација, мораме да бидеме свесни дека ако сега не реагираме одлучно против Стратегијата за мигрантите за период 2017-2027 година со цел да го спречеме населувањето на стотици илјади бегалци од африканскиот континент во нашите градови и на територијата на нашата држава, ако сега не реагираме против Законот за употреба на јазиците со кој на многу јасен и експлицитен начин се воведува албанскиот јазик како службен јазик на цела територија на државата спротивно на Уставот, ако сега не реагираме одлучно против реализацијата на погубните елементи од потпишаната верзија на Договорот со Бугарија за добрососедство, ако сега не реагираме против енормното задолжување што за само три месеци садистички го направи Владата на СДС и нивните албански партнери, ако сега не кажеме "Доста е!" на беззаконието, анархијата и ништењето на правната држава, ако сега него кренеме гласот против раскрчмувањето на девизните резерви за луксузирања и дополнителни вработувања на "заслужните револуционери" што три години го сквернавеја имотот на државата, што ги фарбаа и ги уништуваа нашите објекти, ако сега не кажеме силно, одлучно и гласно ПРЕСТАНЕТЕ со уништувањето на Македонскиот идентитет, традиција, историја, држава, тогаш треба да бидеме свесни дека стануваме сооучесници во процесот на самоуништување како народ и како држава. За катастрофалните последици од тоа самоуништување никој друг нема да ни биде виновен, освен ние самите.

Треба да сме свесни дека ако и натаму молчиме, трпиме, зборуваме тивко по ходници и нечујно во кулоарите, не само што ќе си ставиме крст на нашите судбини и животи, туку едновремено ќе одлучиме да им го уништиме животот и на нашите деца, но и на сите помлади генерации кои во моментот немаат можност да одлучуваат за сегашноста и за иднината на својата држава, а кои можеби имаат храброст нешто посуштински да променат.

Да се биде толерантен и попустлив на сопствена штета, но и на штета на оние што во моментов немаат право да одлучуваат за себе и за државата, да се премолчуваат и да се ставаат под тепих проблеми од егзистенционален, од суштински карактер за опстанокот на Македонците, да се правиме "на Тошо" дека, всушност, се е во ред, а секојдневно гледаме дека ништо не е во ред, да гледаме сеир  на сопствена штета кога се занимаваме со странични и неважни работи, рекла-кажала муабети, по систем овој-оној, а во меѓувреме пред нос ни буткаат тешки и  многу важни  политички одлуки во наше име и за наша сметка за кои поголемиот дел од нас немаме коментар, затоа што како што велат некои мои пријатели "не сме биле политичари и затоа нема што да се занимаваме со политика", е недопустливо, сето ова не смее да си го дозволиме како народ и како Македонска држава.

Дали навистина сме до толку национално неподготвени и неосвестени да се избориме ЗА СВОИТЕ ПРАВА во услови кога истите ни се нападнати од сите страни? До вчера, искрено, не верував во оваа констатација, и ако и денес сакам да верувам дека работите ќе се променат токму благодарение на нашето помасовно национално будење и свест во последен момент, бидејќи работите навистина се дојдени до коска од која натаму нема каде да се оди.

Пропагандната машинерија на СДС секојдневно не бомбардира со информации преку кои се обидува да не убеди во невозможното. Од текстовите на нивните перјаници не' боли стомак, ни се темни. Замислете, се обидуваат да не убедат дека Стратегијата за мигрантите била од интерес на државата и на Македонските граѓани со која ние, всушност, сме добиле можност да покажеме колку сме човечни, хумани, пријателски настроени и гостопримни!? Не убедуваат дека оваа стратегија е неопходен чекор за државата преку кој ќе сме докажеле дека знаеме и умееме да ги заштитуваме човековите слободи и права на сите дојденци согласно меѓународното право!?

Страшна констатација, нема што. Чудо. Значи Владата на СДС сака да не убеди дека со носењето на Стратегијата за мигрантите, Македонија, всушност ќе демонстрира познавање на меѓународните документи за заштита на човековите права. Ако е така, тогаш предлагам по илјадити пат, да го отвориме и нашироко заедно со владините министри и со претседателот на Владата да го актуелизираме прашањето за вистинското познавање на меѓународното право. Дали е квалитетно тоа познавање ќе процениме од прашањата што сакам да им ги упатиме во однос на статусот и заштитата на правата на Македонците кои живеат во Албанија, Грција, Бугарија и во другите земји и во тој контекст да видиме што Владата на РМ прави за да се избори за посоодветен третман на Македонците од страна на актуелните власти на овие земји. Дали Владата знае за секојдневните проблеми со кои нашето малцинство се соочува денес, но и во минатото во овие земји и дали прави нешто во насока на нивно решавање? Ако Владата е толку проевропска и заштитничка, како што се декларира, тоа треба најпрво да го покаже кон своите државјани и сограѓани, па потоа да покажува "добра волја" за дојденците. Ајде да се погледнеме во очи и отворено да разговараме за проблемите со кои се соочуваат нашите сограѓани кога сакаат да го употребат својот сопствен мајчин јазик во Албанија, Бугарија и посебно во Грција. Дали Македонците имаат право да комуницираат со албанските, со грчките и други власти на македонски јазик? Дали Македонците имаат право да го употребуваат, како службен својот македонски јазик на цела територија на Албанија, или барем во општините каде се населени во значителен број? Зошто нашата Влада нема реципрочен став и однос за ова прашање со другите држави кога веќе сака да го применуваме меѓународното право за човековите права?

Меѓународното право јасно го потенцира значењето на принципот на реципроцитетот врз кој се заснова и развива  меѓународната политика и меѓународните односи меѓу државите. Принципот на реципроцитет е алатка што го штити меѓународното право од можните злоупотреби и наметнувањето интереси на поголемите држави над помалите, на поголемите народи над помалите. 

Мене ми е јасно од каде дува ветерот во однос на инсистирањето да се донесе ваков неуставен и неевропски Закон за јазиците во земјата. Но, кога веќе некој се дрзнал да води политика преку уцени на послабиот, притисоци врз помалиот, омаловажувањето на цел еден народ кој постој и ќе постој без разлика на се", тогаш редно е нашата Влада да даде реципрочен одговор на овие уцени и закани, а сепак да остане на линија на меѓународното право. 

Ако Македонците докажале и покажале на дело дека немаат проблем да живеат со останатите малцински заедници без разлика дали е Албанска, Турска, Ромска или друга и да градат соживот и после вештачки исконструираниот и наметнат вооружен конфликт и нанесени далекосежни штети по сопствениот углед, достоинство, но и држава, тогаш зошто има потреба од вакви "удари под појасот"?

Зошто некој има потреба од постојани провокации и создавање тензична клима меѓу граѓаните преку реализирање на закони што немаат ниту европска, ниту меѓународна, а уште помалку уставна основа?

Иако на сите овие прашања оговорите ни се познати, сепак добро е да ги повторуваме и јавно да ги поставиме повторно и повторно за да не чујат и да знаат дека не сме паднати од Марс, туку сме свесни граѓани кои знаат до каде се границите на правото и границите на политиката.

Од овие, но и од ред други причини што не се наведени во овој текст, имаме пред се право , како граѓани, но и  граѓанска должност јавно и многу гласно да ги повикаме одговорните во власта да ГИ ПОВЛЕЧАТ спорните документи и закони и во консултација и расправа со стручните лица, со експертите и со граѓаните да подготват текстови што ќе одговараат на Уставот, на меѓународното и европското право и на интересите на државата и на граѓаните на Република Македонија.

Повлекувањето на неуставниот закон за јазици мора да се случи. Тоа го бара Деловникот на Собранието на РМ, тоа го бараат бројните системски закони донесени со 2/3 мнозинство од пратениците за кои власта има обврска да ги почитува, бидејќи се важечки и  се дел од правниот систем на земјата, тоа го бара Уставот на РМ, кој и покрај сите маки што ги преживеја и натаму е највисок правен акт во земјата, тоа го бара меѓународното и европското право за заштита на правата на граѓаните согласно кои овој закон се третира како правен преседан непознат во праксата на другите земји.

Македонците не смеат да дозволат поништување на нивната националност пред сопствени очи. Македонците имаат обврска да се борат со сите средства и демократски механизми да си ја зачуваат сопствената држава и идентитет, бидејќи друга/друг немаат, ниту пак во иднина ќе имаат, ако оваа ја загубат.

МАКЕДОНЦИТЕ МОРА ДА БИДАТ БУДНИ И ОДГОВОРНИ ПРЕД СЕ'  ПОРАДИ СЕБЕ, А ПОТОА И ПОРАДИ СВОИТЕ ДЕЦА И ПОМЛАДИТЕ ГЕНЕРАЦИИ КОИ САКААТ ДА ЖИВЕАТ ВО СВОЈАТА ЗЕМЈА!

Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска

Објавено на 05 септември 2017 година во курир.мк/колумни

 

Нашето име е МАКЕДОНИЈА!

 

"НАШЕТО ИМЕ Е МАКЕДОНИЈА" -

КОЈ ВИ ДАДЕ ПРАВО ДА  ПРЕГОВАРАТЕ

ЗА НАШЕТО ИМЕ?

**********************************

ММДЧП

Македонско меѓународно движење

за човекови права

 

Осудувањето на постапките на една политичка партија не значи подршка за другата. Силната подршка за македонските човекови и национални права не значи вмешаност во граѓанската и внатрешната политика. Исто како што Македонците во странство не треба да се мешаат во локалните прашања  во Македонија, политичарите и граѓаните кои живеат во Република Македонија немаат никакво право да преговараат за нашата вековна националност.

ММДЧП ги осудува се' поизразените предавнички постапки на сегашната македонска влада, поставена од САД. Потпишување на договорот за "пријателство" со Бугарија со кој се отфрлаат сите наши права и се преговара за нашиот идентитет може да се случи само во Македонија, каде политичарите се или корумпирани или немаат здрав разум или храброст да се изборат за нашите најосновни човекови права.

Распродавање на нашата земја на малкубројно албанско малцинство, под капата на дипломатијата и човековите права, може да се случи само во Македонија. Претседателот на ММДЧП, Бил Николов, во повеќе наврати, при средби со Стејт Департментот на САД, Глоубал Афеарз,  Канада, пратеникот на ООН, Метју Нимиц, како и многу други, прашува:  кога македонскиот јазик ќе стане билингвален и еднаков партнер во Грција, турскиот во Бугарија, а рускиот во Естонија.

По примерот на ЕУ и САД со албанскиот јазик во Македонија, овие чекори би морале веднаш да се спроведат и да се промовираат како основни човекови права, согласно со идеалите на Европската Унија.

Само во Македонија може една влада да претера во напорите да им удоволи на своите потчинители - Грција, Бугарија и Албанија и да го исполни секој каприц на своите господари - САД. Само во Македонија може владата да ја откаже прославата на Денот на независноста за да не ги "навреди" сопствените потчинители. Ова се случи во Торонто, но канадско-македонските организации сепак се потрудија да ги пополнат празнините кои ги создаде антимакедонското Министерство за надворешни работи.

Западот со сите средства се труди со технички аргументи да го оправда кршењето на македонските права. Но ако се примени истиот принцип за која било друга земја или етничка група, Западот со сите сили ќе ги брани своите права. Овој двоен стандард ги обединува Македонците во одбрана на нашите права, но македонските политичари се или отворено анти македонски или немаат храброст да ги одбранат истите.

Затоа, ММДЧП ја одбележува 26-годишнината од независноста на Република Македонија со осуда на најантимакедонската влада во нашата историја, моменталниот режим на Социјалистичкиот Демократски Сојуз (СДС).

ДПМНЕ, вие имавте и имате шанса да застанете во одбрана на Македонија со една едноставна постапка: - осуда на преговорите за името и идентитетот во ООН, но досега покажавте дека немате храброст за тоа.

СДС и вие ја имате истата шанса. Повлечете го Заев, Димитров и другите и ставете КРАЈ на преговорите за името, ако за ништо друго, тогаш за инает на вашите противници. Господ знае дека двете партии многу повеќе сакаат да постапуваат од таа причина, отколку заради тоа, што нешто е во интерес на Македонија.

За оние кои веруваат дека Македонија "мора"да преговара за името за да влезе во ЕУ и НАТО - разбудете се.  

ПРИЧИНАТА ЗАРАДИ КОЈА МАКЕДОНИЈА НЕ Е ВО  ЕУ  И НАТО Е ЗАТОА, ШТО ПРЕГОВАРА ЗА ИМЕТО!

ПРИЧИНАТА ШТО ЗАПАДОТ БАРА МАКЕДОНИЈА ДА ГО СМЕНИ ИМЕТО Е ЗАТОА, ШТО ПРЕГОВАРА ЗА ИМЕТО!

Како што ММДЧП постојано потенцира : - вештачкиот конфликт со името е најголемиот проблем кој ги комплицира сите аспекти на животот во Македонија. Затоа, веднаш инсистирајте на крај на преговорите за името.

Како што нагласува кампањата на ММДЧП "Нашето име е Македонија" - Кој ви даде право да преговарате за моето име?

*****************************************

Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) активно работи на полето на човекови и национални права на Македонците и другите обесправени народи од своето основање во 1986 година. За повеќе информации: 1-416-850-7125, info@mhrmi.org, www.mhrmi.org, twitter.com/mhrmi, facebook.com/mhrmi, mhrmi.org/ourNameIsMacedonia

Posted by: Bill Nicholov <nicholov@sympatico.ca>

 

Објавено на 08 септември 2017 година

Кавкаски Албанец - лажен Илир

******************************

ИСТОРИСКАТА ВИСТИНА ЗА

АЛБАНЦИТЕ

И НИВНОТО НАСЕЛУВАЊЕ ВО

МАКЕДОНИЈА

********************************

 

Многу често од албански историчари и политичари слушаме дека Албанцие биле автохтон народ во Македонија, НО, тоа воопшто не е точно. Сите историски извори го тврдат спротивното, односно дека Албанците се најдоцните дојденци во Македонија, дури Турците се дојдени порано отколку првиот дојденец Албанец, во Македонија.

Историските сведоштва говорат дека првите Албанци во Македонија почнале да се доселуваат поинтензивно дури после средината на 18 век. И секој човек кој логично размислува и има малку познавања од македонската топонимија и археологија, ќе знае дека сите населени места каде денеска живеат Албанци некогаш биле чисти македонски места, со македонски топоними, со македонски цркви и гробишта, без никакви пишани историски извори или археолошки наоди од Албанци се' до половината на 18 или 19 век. 

Каде има албански џамии или цркви, албански гробишта од 17 век во тетовско, гостиварско, дебарско, струшко, скопско, кумановско?! НИКАДЕ!

Според отоманскиот попис на населението од 1430-1431 г. во Македонија немало воопшто Албанци. Веќе од средината на 15 век, со исламизацијата на Албанците, тие во мал број почнале да доаѓаат во Македонија, како турски војници и наемници, но сепак во многу минорен број.

Во отоманскиот попис од 1452-1453 година,  се забележани само 32 албански семејства на територијата на цела Македонија и тоа 31 семејство во вилаетот Калканделен (Полог) и  едно католичко семејство во Скопје. Овие Албанци веќе во најголем дел биле исламизирани и отоманските власти ги обележувале како АРНАУТИ или АРБАНАСИ, како би се разликувале од староседелското население. Имено, во пописните  тефтери, отоманците на личните имиња на Албанците им додавале "АРБАНАС" или "АРНАУТ" за да ги разликуваат од староседелското население,  за кои немало никакви придавки за народност.

Отоманскиот попис од 1467-1468 година забележува само 84 албански домаќинства на територијата на цела Македонија и тоа во следниве вилаети :

Попис 1467-1468 година.

Вилает Калканделен (Полог) 20 домаќинства

Вилает Ускуп (Скопје) 2 домаќинства

Вилает Пирлепе (Прилеп) 10 домаќинства

Вилает Ќипрјули (Велес) 3 домаќинства

Нахија Крчово (Кичево) 7 домаќинства

Нахија Мариово едно домаќинство

Нахија Манастир (Битола) 41 домаќинство

ИЗВОР : ТДИМН. ОПД, т.III, с. 35-143 (Вилает Калканделен), с 150; ТДИМН. ОПД, т. I, с. 197-199; ТДИМН. ОПД, т.II, с. 139-271 (Нахија Манастир), с.271-485.

 

Првите шест албански села во Македонија :

*************************************************************

Албанците дошле на границите на Македонија во 1572 година. Французинот Филип Канаје го опишал заземањето на Качаник од страна на неколку како што лично запишал "албански групи на убијци и разбојници" во 1572 година.

Во 1595 година за прв пат во историјата е забележана албанска разбојничка тајфа која опљачкала неколку полошки села, а многу селани ранила и испоубила {Ј. Трифуноски, Полог, стр. 38}.

Според отомански документ од 1597 година, околу 10.000 албански разбојници од северна Албанија, ограбиле и изгореле 27 села во западна Македонија, а во 6 од тие села, во дебарската област, се заселиле првите Албанци во Македонија. Значи, прво населување на Албанци во македонско село, временски датира 3 години пред почетокот на 17 век и тоа било во областа на Дебар.

 

Продолжува

Мустафа Пашина Џамија - Скопје

ИНСТИТУТ

ЗА НАЦИОНАЛА ИСТОРИЈА

НА МАКЕДОНИЈА

**************************

ДЕЛ 43

МАКЕДОНИЈА ПОД ОСМАНЛИСКА

ВЛАСТ

(Од XIV до крајот на XVIII век)

 

 

5. Демографските поместувања

5.2. Исламизација

Вториот фактор што придонел за демографските промени во Македонија била исламизацијата. Процесот на ширењето на исламот меѓу христијаните започнал во XV век, а особено дошол до израз во XVI век.

 

Нерамноправната социјално-економска  положба на христијаните во однос на муслиманите и нивниот статус на граѓани од втор ред биле најважните причини за прифаќањето на новата вера. Нерамноправноста се рефлектирала во: плаќањето повисоки даноци, немањето право да бидата вклучени во државниот и воениот систем на империјата,  забраната да носат оружје, немањето право во судовите да сведочат против муслимани и сл. Поради тоа,  преминот во исламот, речи си, бил единствениот начин да се избегне дискриминацијата и да се добие статус на полноправен член на општеството. Исламизацијата посилно  се почувствувала во градските средини, каде концентрацијата на муслиманите била поголема отколку по селата. За да ги зачуваат своите позиции во градот,  некои од припадниците на старата фристијанска феудална класа, од занаетчиите и од трговците биле меѓу првите што го прифаќале исламот. Тоа им гарантирало дека нивниот имот и остварените позиции во градот ќе останат недопрени. 

Значајна улога во исламизацијата на градското христијанско население одиграле  и бројните верски  исламски институции во градовите, кои преставувале места од каде се ширела исламската вера и преку кои се вршела строга контрола врз новите верници. Исто така, преминувањето во исламската вероисповед на припадниците на старата феудална христијанска класа бездруго поттикнало и  дел од обичната градска христијанска раја да го направи истото. Уште повеќе, што сиромашните градски жители во тоа го гледале единствениот спас од сиромаштијата. Колкав бил размерот на исламизацијата по градовите покажува и податокот дека во втората половина на  XVI век од 1/4 до 1/3 од муслиманското население во градовите биле исламизирани христијани. Карактеристично за градските конвертити е тоа што верската конверзија во исто време значела и етничко конвертирање. Имено, исламизираните жители во градовите, поради постојан контакт со бројното  турско население и силната социјална контрола, освен верата, биле принудени целосно да ги прифатат и јазикот, навиките и начинот на живеење на својата нова вера. На тој начин, заедно со менување на верскиот идентитет, тие постепено го менувале и својот етнички идентитет.

Што се однесува до исламизацијата на селското христијанско население, таа ни оддалеку не го  постигнала степенот присутен  кај градското население.  Само нешто повеќе од 3% од вкупниот број на муслиманско селско население во XVI век порано и' припаѓале на христијанската заедница.  Покрај економските причини, во ширењето на исламот важна улога одиграл и дервишкиот ред на бекташите.  Нивните верувања, полни со елементи од христијанското и од паганското верување на балканските народи, овозможувале полесно прифаќање на исламската религија од страна на христијаните. За изградба на своите текиња, бектачите многу често избирале места што биле свети за христијаните и кои, со текот на времето, станувале свети, за верниците и од двете религии. Таков е случајот со теќето на Х'д'р Баба кај Македонски Брод,  подигнато на местото на кое, според верувањата, пред тоа постоел манастир Свети Никола. Исто така, може да се претпостави дека кон дервишките редови, како еретички групи, чии учења не биле во согласност со официјалниот ислам, се приклучиле и некои од припадниците на средновековните христијански еретички движења, како што било богомилството.

Конечно, кога се зборува за процесот на ширењето на исламот меѓу христијаните, треба да се истакне дека тој не бил резултат на систематска исламизација, смислено спроведувана од страна на државата.  Инфилтрирањето на исламот меѓу христијаните најчесто се вршело преку населување на едно или повеќе муслимански семејства во христијанската средина или, пак, преку придобивање за новата вера на некое угледно и авторитетно христијанско семејство.  Во тој поглед,  мошне индикативен е примерот со  реканското село  Жировница. Имено, ова село во текот 1536-1539 година било речиси целосно христијанско и со само три муслимански семејства. Но, веќе во пописот од 1583 година, бројот на муслиманските семејства во него изнесувал 69, а името на првиот регистриран муслиман гласи Мустафа Жупан.

Средновековната титула ЖУПАН, содржана во името на ова лице, упатува на претпоставката дека тоа или било старешина на селото или имало голем авторитет кај селаните, а неговата исламизација влијаела и другите христијани од селото да го прифатат исламот. Се разбира, употребата на сила од страна на локални моќници или претставници на локалната власт за насилно прифаќање на исламот не може да биде исклучен. Познати се случаите на Ѓорѓи Кратовски од 1515 година  и на Злата Мегленска од 1794 година, кои јавно биле погубени затоа што не сакале да го прифатат исламот и кои подоцна, од страна на Православната црква, биле канонизирани и прогласени за светци. Исто така, во протоколите на Солунскиот и на Берскиот кадија има записи за грабење и насилно исламизирање на христијански жени и моми. Се чини дека помасовното прифаќање на исламот под закана со сила, особено во Западна Македонија, се одвивало во текот на  XVII и XVIII век, кога се зголемила нестабилноста на централната власт и се засилиле движењата и разбојништвата на арамиските групи, кои доаѓале од соседните албански области. 

Токму со тие насилства може да се објасни исламизацијата на  дебарскиот крај. Втора зона во Македонија што била зафатена со помасовна исламизација во XVII век бил родопскиот крај во југоисточна Македонија. Имено, во текот на 1669 година низ тие предели поминувала  главнината на османлиските сили подготвени за војна против Венеција за островот Крит, што имало директно влијание врз прифаќањето на исламот од страна на христијаните кои живееле во тие области.

Од друга страна, пак,  прифаќањето на исламот не претставувало ниту брз ниту чесен процес. Дел од новите муслимани долго време по конверзијата продолжувале тајно да ја практикуваат христијанската вера. Во своите домови тие ги употребувале своите христијански имиња, ги празнувале христијанските празници и тајно ги крштевале децата во црква, додека во јавниот живот се претставувале како муслимани, це обраќале со новите муслимански имиња, оделе во џамија и ги празнувале исламските верски празници. Еден Сулејман можел да биде познат и како Константин, а Мустафа како Петко. Некои селани од западна Македонија, кога биле запрашани од која вера се, тие одговориле ние сме муслимани, но на Богородица.

Ова т.н. криптохристијанство или двоверство се одржало на Балканот и после заминувањето на Османлиите.

 

Продолжува

 

Костантин Цалдарис премиер грчки 1946-1947 година

МАКЕДОНЦИТЕ И ГРАЃАНСКАТА

ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

1945 - 1949

*****************

ДЕЛ 18

Глава Втора

Пишува: Наум Пејов

 

3. Настаните од септември 1947 година

Продолжение

 

Во текот на 1947 година почна да се форсира вооружувањето на цивилното население. Оваа акција датираше од порано, но тоа повеќе се вршеше преку некои параетатистички организации и под изговор дека "самото население се вооружува за да се брани од партизаните". Сега веќе вооружувањето, организацијата и раководството, го преземаат отворено државните органи, војската и полицијата и тие стануваат составен помошен дел на вооружените сили на контрареволуцијата. Овие единици познати под името МАИ - (монадес асвалијас ипетру-единици за безбедност на провинцијата), одиграа важна улога како помошно воено-политичко средство на грчката реакција во текот и по граѓанската војна во Грција. Тие и до денеска во Грција постојат и играат важна улога во задушувањето на демократските права.

Монархофашистичката пропаганда - печатот и радиото не бираа средства во нападите против движењето на Демократската армија. Најомилен начин беше Демократската армија да се претстави како "оружје на Славјаните" кои "сакаат да ја уништат Грција" и тнт. Натаму, нивната пропаганда се бореше да го зацврсти уверувањето во масите дека Велика Британија и САД се крајно заинтересирани да не дојде до победа на Демократската армија, затоа што губат една многу важна стратегиска позиција, која би паднала под контрола на СССР. Таа нивна пропаганда вршеше определено влијание врз масите, бидејќи ја поткренуваа и настаните. Велика Британија упорно се бореше во ООН да го задржи правото за стационирање на свои единици на територијата на Грција, кое, всушност значеше најбрутална интервенција во полза на десницата; владата на САД, пак, од своја страна, покрај дипломатско-политичката поткрепа на атинскиот режим во меѓународните односи и ООН, во март 1947 година изјави дека ќе му даде материјална помош, која веднаш потоа и уследи.

Но и покрај сите напори на владата на Константин Цалдарис да го задуши движењето и да ги зголеми своите вооружени сили до таа мера што да се во состојба да го задуши партизанскиот отпор во земјата, тоа не и' појде од рака. Под натисок на се' повеќе зголемените партизански сили, зачестените и зголемени удари, кралскиот генералштаб се најде принуден да изработи план за повлекување. Во април 1947 година издава тајна наредба нивните единици да се концентрираат во поголемите административни и комуникациски центри, тука силно да се закрепуваат за конечно да го изолираат демократското партизанско движење од градските центри. Со повлекувањето на кралската армија во центрите со сила се евакуирани голем број села. Подоцна е воведена економска блокада на селото и во голема мера е постигната контрола над центрите. Овие мерки беа проследени со максимални напори за организирање на одбраната на споменатите центри и комуникациони објекти. Во реоните на партизанското движење градовите се оградени со бодликава жица (некаде таа ја зачуваа уште од времето на окупацијата), поставени се мински полиња, направени се бункери, митралески и топовски гнезда итнт.

Тактиката на повлекувањето на армијата на атинскиот режим од многу востанички реони во центрите и насилната евакуација на селата (покрај насилната евакуација известен број кулачки елементи сами се беа повлекле во градовите), создаде не само паника, но и економски хаос. Бројот на населението во овие градови се зголеми двапати, а некаде и трипати. За одбележување е дека стотици илјади бегалци во центрите живееја на колективни казани од мизерната помош од УНРА. Токму тоа го користеше атинската влада да вооружи еден дел од овие бегалци или да ги користи за градење на одбранбени објекти.

Со економскиот хаос и теророт што владееше во земјата од ден на ден се повеќе растеше граѓанската војна. Владата на Константин Цалдарис, и ако беше поткрепена од шестмина лидери на крајно-десничарски страни, во август 1947 година таа падна. Десет дена Цалдарис настојува да состави нова влада на "широка коалиција" во која би учествувале и либералите, но во тоа не успеа. На 29 август состави еднопартиска влада исклучиво од популисти, но тоа не можеше да се одржи подолго. На 7 септември 1947 година составена е влада под претседателство на Темистоклис Софулис, шеф на Либералната партија.

Продолжува

Блаже КОНЕСКИ, 19.XII.1921 - 07.XII.1993

 

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО

ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

***************************

БЛАЖЕ КОНЕСКИ

 

Т Е Ш К О Т О

  • О тешкото! Сурли штом диво ќе писнат,
    штом тапан ќе грмне со подземен екот -
    во градиве зошто жар лута ме стиска,
    во очиве зошто ми навира река
    и зошто ми иде да плачам ко дете,
    да превијам раце, да прекријам лик -
    та гризам јас усни, стегам срце клето,
    да не пушти вик.

    О тешкото! Старци излегуваат еве,
    на чело им мисла, во очи им влага
    и првиот чекор по меката трева
    е мирен и бавен, со задржана тага.
    Но 'рзнува тапан и писок се крева
    и молнија светнува во секој глед,
    и наптед се пушта, се стрелка, се слева
    стегнатиот ред.

    До старците момци се фаќаат скокум;
    не издржа срце - сив сокол во клетка,
    не издржа пламен жив потулен в око,
    не издржа младост што сака да летне!
    Се залула оро! Се заврте земја,
    и чиниш - се корне стресениот век,
    и околу трпнат ридиштата темни
    и враќаат ек.

    И божем се врасло кипнатово оро
    со исконска сила за земјава наша
    и во него шуми на реките зборот,
    и во него рика див ветер и страшен
    и во него шепнат узреани житја
    и вечерен мирис се разлева тик,
    и земјата дише во пролетна ситост
    со запален здив.

    И душата, чиниш, на родот мој мачен
    во тешково оро се уткала сета -
    век по век што трупал се' попуст и мрачен,
    од крвава болка, од робија клета,
    век по век што нижел од корава мисла
    за радосна челад, за слободен свет,
    од песна - за љубов што гине со пискот
    ко жерав во лет.

  • О тешкото! Кога во молк да те гледам,
    на очиве магла ми напаѓа сура,
    и одеднаш - бескрај се растега редот
    и ридја се губат в пустелија штура -
    и еве кај иде од маглата матна
    се' сенка до сенка, се' еден до друг -
    во бескрајно оро син оди по татка,
    по деда си внук.

    Времињата мачни се нивното поле,
    нивната свирка - на прангите sвекот,
    главите им се наведнати доле,
    по кроце врват - се' чекор по чекор.
    О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
    кој збор ќе ми најде за вашата страв?
    Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
    над пустош и крв?!

    Кој број ќе ми каже на лутите рани,
    на пламнати ноќи, на пепелишта пусти
    кој на срце болки ќе изреди збрани,
    на очи солзи и клетви на усти.
    О тешкото! Синџир ти' беше на робја,
    од калеши моми и невести ред,
    со врзани раце во плен што ги погнал
    насилникот клет.

    О тешкото! Синџир ти' беше на робја,
    дур не стана ти народ во листена гора,
    се' дури со јадот од векови собран
    не поведе бујно, бунтовничко оро!
    Се залула танец низ крвје и огон,
    и повик се зачу и грмеж во чад -
    те разнесе сегде бунтовната нога
    по родниот кат.

    О тешкото! Сега по нашите села
    во слобода првпат штом оро ќе сретнам,
    зар чудно е - солза да потече врела,
    зар чудно е - жалба јас в срце да сетам?!
    Од вековно ропство, мој народе, идеш
    но носиш ти в срце дар златен и пој.
    Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
    и животот твој!

    Блаже КОНЕСКИ

Kind regards : 15 септември 2017 година

Sotir Grozdanovski broj 95