Сотир Гроздановски

ЌЕ ЈАДЕМЕ ЛИ СЕ' ШТО НИ СЕ СЕРВИРА

ИЛИ ЌЕ НАПРАВИМЕ СВОИ МЕНИ 

ЗАВИСИ ОД НАС

***

Драги мои, овој пат навистина ќе бидам одмерен и нема да им го одземам просторот на моите ценети гости. Самиот наслов ви зборува што сакав  да ви кажам. Толпа луѓе со нечесни намери ја узурпира власта во Македонија и спротивно на интересите на македонскиот народ и на македонската држава, прави што сака. 

Како никогаш во историјата, во Македонија  се случуваат  настани што  човека, просто, го прават да не верува дека и тоа е можно. Пред нашите очи отворено се рушат сите бариери на чесноста, знаењето за важноста на историјата, културата, традициите и идентитетот  на Македонците, граден и надградуван со столетија и со љубов. 

Почитот кон нашите претци  и нивните жртви вградени во она што ни го оставиле како аманет да го користиме, чуваме и збогатено да им го пренесеме на генерациите што доваѓаат се смета како антиквизација на земјата и пречка за некој современ напредок во неизвесност.  Се нагрдува и фрла под нозете на нашите вековни непријатели се' што е свето и од витален национален и државен интерес, без грижа на совеста. Зад плеќите на својот сопствен народ се склопуваат срамни и предавнички договори со кои се разградува македонската држава, а од македонскиот народ се прави аморфна и безвредна маса на безимени суштества. Заедно со поранешните и денешните врвни политичари во земјата учествуваат во комплетирање на плановите за докусурување на се' што е македонско и со тоа еднаш за секогаш да го затворат "македонското прашање".

Но и во вакви, на изглед безизлезни, ситуации, има излез, ако се сака. Тоа се претстоините локални избори на 15 октомври 2017 година. Тоа ни е последната прилика да им ја одземеме нелегалната и украдена моќ на оваа ненародна и предавничка влада на Зоран Заев и неговата злосторничка дружина и избереме градоначалници, кои ќе бидат најблиску до сите нас, како последна одбрана на македонската нација и македонската држава.

Затоа, не излегувањето на избори, значи победа на Зоран Заев и СДС. Сите заедно против злото во кое не втурна така брзо и не надејно овој злосторник и ако дел од кривицата лежи на сите нас што му дозволивме така лесно да не излаже со својата слаткоречивост. И кога отворено ни зборуваше дека кога ќе дојде на власт, живи луѓе ќе јаде и дека за него и неговата партија не им доликува да бидат патриоти, не му верувавме дека сериозно и така ќе направи. Но, сепак Зоран Заев беше искрен и нечесен во исто време! 

Ветувањето го исполна на свој начин, без некој да му стане пред него и да му каже:

ДОСТА Е ЗЛОСТОРНИЧЕ!

А сега, послушаите што имаат да ви кажат поарните од мене!

Ваш Сотир Гроздановски

Михајло Маневски

БРИШЕЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА

Пишува Михајло Маневски

***

Никола Димитров се согласил македонско - грчка комисија да го отстрани иредентизмот во македонските учебници и мапите.

 

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коsијас гордо од Атина ја известува јавноста дека во Њу Јорк со "интересната личност" Николас Димитров, како го прекрстува, се согласиле да се направи заедничка комисија која од месец ноември во наредните четири месеци ќе ги разгледа школските учебници за да се отстрани иредентизмот и мапите што постојат.

Дали случајно искусниот министер и универзитетски професор Никос Коsијас нашиот министер го нарече НИКОЛАС? Таков дипломатски гаф неможе да му се случи на дипломат од таков калибар. Тоа е смислен крајно непримерен потез. Самиот тој факт доволно јасно покажува, во каква авантура се впуштил нашиот министер.

Зошто министерот Никола Димитров од Њу Јорк или после неговото враќање не ја информира македонската јавност за формирање на оваа комисија?

***

Срамно е со толку голема и сериозна работа македонската јавност да дознава од грчкиот министер за надворешни работи. Ваквото однесување на Никола (с) Димитров преставува тешка злоупотреба на функцијата министер за надворешни работи и велепредавство на македонските национални интереси. Тој од македонската јавност прикрива толку сериозна информација. Зошто Никола (с) Димитров не ја информира македонската јавност за формирање на ваква комисија, а тоа го чини Никос Коsијас? Дали мислеше дека сето ова може да се прикрие и зошто? Подмолно и нечесно Никола(с) Димитров работи зад грбот на народот.

Кој државен орган одлучил да се прифати формирање на ваква комисија? Дали затоа е информирано и расправало Собранието на Република Македонија, дали за ова прашање расправала Комисијата за надворешна политика на Собранието, дали одлучила Владата, кој одлучил? Се е завиткано во некоја подмолна тајна. Зошто?

Македонско-грчка комисија ќе го брише

иредентизмот во учебниците

***

Никола(с) Димитров прифаќајќи да се формира заедничка комисија која ќе ги разгледа школските учебници за да се отстрани иредентизмот и мапите што постојат, прифатил постоење на иредентизам во Македонија. Прифатил дека во Македонија постои националистичко движење и идеологии кои се заложуваат за менување на државните граници со цел етничките малцинства кои живеат во други држави да подпаднат под власт на државата каде што тој етникум е мнозинство. Тоа е дефиницијата на иредентизмот. Небулозно е вакво нешто и да се замисли, а камо ли за тоа да се формира некаква комисија.

Комисија за бришење на

македонската историја и култура

***

Заедничка комисија за одстранување на иредентизмот е комисија за бришење на македонската историја и култура. Македонската историја им е трн во окото и на Грција и на Бугарија и сите сакаат да ја сменат по секоја цена. Многу им смета историјата и културата на македонскиот народ и сакаат со гумичка да ја избришат и да ни напишат нова историја по нивни терк. Владата на Зоран Заев тоа целосно го подржува, под паролата отварање спрема соседите.

Дали оваа заедничка комисија за одстранување на иредентизмот ќе го одстранува иредентизмот и од грчките учебници и мапи? Дали ќе се читаат и грчките учебници и мапи и ќе се брише иредентизмот од нив? Дали воопшто ќе се гледаат од комисијата грчките учебници? Никос Коsијас за ова ништо не говори. Од изјавите на Никос Коsијас, чисто се сомневам во тоа!

Дали ќе се вратат имотите на Македонците на кои им се одземени со дискриминаторски закони и дали за шест децениското користење ќе им се плати надоместок на штета?

На овие и други прашања можеби ќе ја удостои јавноста со одговор министерот за надворешни работи Никола Димитров и ќе се подсети на неговата обврска за информирање на јавноста и за транспарентност во работата.

Што значи бришење на иредентизмот

од учебниците и мапите?

***

Бришење на иредентизмот од учебниците и мапите значи дека никогаш не постоеле Македонците во Егејска Македонија, никогаш немало геноцид врз македонскиот народ кој со брутално насилство, убиства и мачење, со палење на селата и градовите каде живееле е протеран и истребен од родните огништа, а неговите имоти се одземени со дискриминаторски закони.

Тоа значи дека народниот херој Мирка Гинова не била жива закопана и дека не постоела плејада борци и херои кои ги положиле своите животи во борбата за слобода? Тоа значи дека треба да се брише од историјата дека повеќе од 25 илјади деца - бегалци раселени по целиот свет како никогаш да не биле протерани и дека треба да се сруши споменикот во паркот Жена борец и спомениците на борците и хероите? Тоа значи не смее да се говори и пишува за Лерин, туку за Флорина, не за Кукуш туку за Килкиз и сите други топоними на селата и градовите? Тоа исто така значи дека не смее да се пее песната "Вие чупи костурчанки" или "Бело лице љубам јас" или да се користи големата ризница на културното творештво, фолклорот и традициите и обичаите, кои треба да се избришат?

Млитав и неубедителен демант

од Министерството за надворешни работи на изјавата на Коsијас

***

Одкако Никос Коsијас во интервјуто за грчката национална телевизија ЕПТ изјави дека со неговиот македонски колега Никола Димитров договориле, како дел од мерките за градење на доверба, да се формира заедничка македонско-грчка комисија од експерти кои ќе ги разгледуваат македонските учебници, со цел да се отстранат сите иредентистички изјави, мапи и текстови, МНР за ТВ Сител појаснува дека во Њу Јорк министрите разговарале за средба на македонски и грчки историчари, а не за формирање на заедничка комисија која ќе ги ревидира македонските учебници по историја.

Ако е така како што за ТВ Сител појаснува МНР, се поставува прашањето кој лаже и зошто лаже? Бидејќи нема изјава од министерот за надворешни работи Никола (с) Димитров, вицепремиерката Радмила Шеќеринска доаѓа во припомош да ја вади ситуацијата, па таа вели дека најважно за новата Влада било Македонија да оди напред, а добрососедските односи биле клучни во процесот на евроинтеграцијата.

Демантот на МНР за ТВ Сител всушност значи потврда на изјавата на Никос Коsијас. Зошто не се јави министерот да објасни за една толку сериозна работа? Дали на овој начин не бега од создадената ситуација и сака на овој начин да ја одбегне одговорноста? Да беше поодговорен и транспарентен, немаше да се нанесат толку големи штети на државата.

Под форма на формирање на заеднички комисии, како што е предвидено и во договорот за добрососедство со Бугарија, еднострано и многу штетно се загрозуваат македонските национални интереси и Македонија се става во тотално подредена положба. Кој има интерес од тоа?

 

kurir.mk

30 септември 2017 година

 

 

Слободан Томиќ

НЕ МЕ МАНИПУЛИРАЈ

НЕ МЕ ЗЛОУПОТРЕБУВАЈ

***

Пишува Слободан Томиќ

 

Карваните тргнаа, а по нив и пеачите, свирачите и речиси сета свита... Тргнаа сите кои го посакуваат Гласот на народот. Велат, какво ти е грлото, таков ти е гласот. А, како до подобер глас? Секако, треба да имаш дарба, да си богат во душата, да се радуваш кога сите се радуваат и да тагуваш кога сите тагуваат... Тогаш Гласот е нешто најсилно што може да те одржи во секакви прилики и ситуации. Можеш еднаш да згрешиш, може и втор пат, се случува, но трет пат нема шанса. Тогаш нешто не е во ред со тебе, вели народната!

Одеднаш, велиш: Ти и твојата "дружина" не сте заинтересирани да бидете патриоти. Ова се фрази или искрени изблици на чувства кон сопствениот народ? Велат, по утрото денот се познава, а ги има и такви кои до дванаесет сите ги мразат, а после дванаесет и самите себеси се мразат. "Кога ќе дојдеме на власт, живи луѓе ќе  јадеме".

Од друга страна, пак, бараш да те изберат за "спасител", бидејќи на сон ти се сонило дека Господ те избрал како "Мојсеј" кој ќе ја однесе Македонија кон ветеното место и ветената цел, па од поле те црпнал и те седнал за премиер.

И се изнаслушавме лаги, ветувања и празни зборови, а останавме со кусок од 400 милиони евра испумпани од државната каса, без отчет каде заминаа моите, твоите, нашите пари... Замислете, за неполни 100 дена летнаа 400 милиони евра! До крајот на мандатот, уште колку ќе летнат без отчет? Со проста математика: пет и пол милијарди евра. Луѓе мои, пет и пол милијарди евра... И така човекот од збор, заради живот за сите, остана со "слободата по старо". Од трета страна, пак, имаме и такви кои народот ги смета за вредни, идејни, но кои знаат и да згрешат или да погрешат. Велат, човечки е да згрешиш, а уште почовечки е со покајание да побараш прочка! Секако, треба да си самокритичен и сам да си го исчистиш ѓубрето од сопствениот двор кога критикуваш други. Верноста е нешто најсвето, нешто најсилно, особено кога некому му се доверуваш или бараш негова подршка, со еден збор, да ти ги чува плеќите. Значи "чираците" сакајќи или несакајќи направија "штети". Пресекоа повеќе од материјалот, без притоа добро да измерат со паметот или метрото. Освен тоа, истите "чираци" заборавиле дека се многу млади или аџамии и дека преку ноќ не можат да станат мајстори,  без притоа да го положат испитот на зрелоста и лојалноста и кај народот и кај мајсторот. Истото е и со куќата Македонија. Лошо изведен план и забегување од вистинските координати и мерки, планот може да се "утне", a оџакот да падне. И тогаш што се случува? Со еден збор-резил! Затоа веднаш и тоа најитно, освежување на тимот на "чираците" како и проветрување на просториите, бидејќи непроветрените одаи ја реметат мислата и совеста! Да се освестат "чираците", дека не можат преку ноќ да станат мајстори и тоа реформатори, без да бидат прво калфи, да размислуваат со свој ум и разум, а не под диригентска палка, или да бидат на туѓи конци како марионети. 

Сега секој посакаува да дојде до Гласот на народот. Како до гласот на народот? Со искреност или со шарени лаги? Колку сме искрени кон Гласот на народот и дали воопшто го слушаме неговото Височество, неговата порака и желба? Колку ја почитуваме неговата сила, искреност и доверба? Дали Гласот на народот е "марионета" или монета за поткусурување? Дали Гласот на народот вреди колку еден "локум" или пак "свирче"?

Од друга страна, секој лицитира со бројки и букви, вака или онака, ќе ја биде или нема да ја биде, каде оди Македонија? Или, колку има Албанци во Македонија и вели: "Во Македонија има од 25 до 30 и повеќе проценти Албанци." Биле овие или оние, есапот во куќата Македонија си е есап и крај, точка! Нема тука ништо што може да се погодува или пак со вистински попис на инвентарот во една крчма или куќа, Македонија нема вистинска слика каква е фактичката состојба... Но, едно да е, јасно: Ако во авионот има се', а пилотот го нема, така е и со крчмата: Или прочистете ми ја куќата Македонија. 

Читајќи ги извештаите на изборната комисија во нашата пријателска држава Германија, каде живеат 8 милиони наследници на Султан Сулејман, каде дамата по четврти пат го доби мандатот да ја раководи Германија, народот ја прашува и вели, аферим за вашата повторна победа, но зошто на тие осум милиони Турци не им го давате правото да го воведат својот мајчин  турски јазик како службен јазик во Германија, да биде втор јазик во државата Германија? Во Германија,  нема шанси за вакви прашања, нема Пржински договори, ниту извештаи од Прибе! Тоа што што и' го наметнуваат на Македонија не важи во Германија, освен еден збор, зборот НИКС, или по нашки - НИКАКО!

Ќе ја спомнам и г-ѓа Пак или Дорис Пак, одговорна за животот и народите на Балканите меѓу кои и на Македонците. Во една прилика госпоѓата Пак ми рече, пријателски, пиејќи го гостинското кафе во нејзиниот кабинет во Советот на Европа во градот на штрковите Стразбург уште во 2002 година или пред 15 години. Ми вели, имам сознанија и информации од тогашниот попис спроведен во Македонија, дека Албанците во Македонија се под 17%. Секоја чест на моите сограѓани Албанци. Ги почитувам како мои добри пријатели, сограѓани, другари. Со нив се гледам постојано на кафе, чај или на баклава за време нивниот празник Бајрам или на јајца на нашиот голем празник Велигден. Без стереотипи и без предрасуди... Со еден збор, нема никакви забелешки. Но, тука нешто некој р'чка, некој прави заврзлами и далавери. Сака да не  скара, а потоа како миротворец, да не раздвои и да ја подели Македонија, со една желба: Македонија да не постои како единствена и заедничка татковина на сите Македонци по потекло и државјанство, на сите кои си ја сакаат заедничката татковина Македонија и Македонците и Албанците и Ромите и Турците и Србите и Власите и Босанците и сите други луѓе...

Значи, станува збор за манипулатори и воени профитери, кои имаат една единствена цел: Да ни ги вметнат без'рбетниците политиканти и да посеат магла, за во матно да се лови... Или како добри" да нија скројат толку лошо капата, што од големината ќе ни ги покрива ем очите ем ушите, за ние при очи да бидеме слепи, при уши да бидеме глуви. И така, слепи и глуви да не остават и пуштат по патот наречен "Експресен европски автопат виа црната точка наречена САМОУНИШТУВАЊЕ"... Зарем таква Европа ни треба? Или, има ли морал на изборите и во политиката во Македонија? Да не ја заборавиме и амнестијата... Кого амнестираме деновиве и зошто? Кого апсиме за изборите и зошто? Велат стравот лозје чува. Од што се плашат политичарите и лидерите во Македонија? Ако ви е чиста совеста, дали треба од нешто да се плашите?

Кога сте чисти и праведни, секој би требало да е со вас: И народот и енергијата и вселената и Господ... И, до круцијалното прашање: Ако сте повиканите или избраните од да бидете спасители за нацијата и државата, зошто го апсите човекот кој нема вина за ништо, освен што си ја сака твојата и неговата Македонија, твоите и неговите Македонци каде и да се, а тие се и на север и на југ и на исток и на запад, или на сите страни од компасот.

Дури од Пустец, каде е чест и почит да се наречеш и чувствуваш дека си Македонец, а потоа човек. Од друга страна, оние што се огрешија пред државата и пред Бога во 2001 година, со закон ги ослободуваш од вина, а го апсиш оној кој се бори за Македонија?! Каде е тука етиката? Се согласувам и ви ја давам мојата целосна подршка, безкомпромисно против секој криминал и терор, но пред да ја барате раската во туѓите очи, народот порачува: Тргнете ја гредата од вашето око! Кој се плаши од Македонците во Пустец, а не е загрижен од организираната и оркестрираната колективна толпа за гласање да се освојат Струга и Кичево? И повторно, каде е моралот тука? 2000 гласа се еднакви на 20.000 гласа или 2 градоначалника, проста е математиката. Така ли ќе ја изградиме и сочуваме Македонија? Каде е моралот тука?

Ајде да се вратиме на пописот! Попис мора да се одржи, да се спроведе, но како што тоа го прават и во Западна Европа. Исто како во Германија, Франција, Велика Британија, САД... Каде и да влезете во западноевропските земји, Македонија и Македонците мора да изиграме по некое оро, "Пајдушкото" или "Топ тан топ тан.." Ни удираат печат и како жигосани строго да се движиме по котите и координатите истакнати во тие шенген визи. Зарем пописот ќе го замениме со проект Регистер на населението, како можна замена на ПОПИС? Зарем уште едно предавство? Зарем уште еднаш моите лични и партиски интереси, против државните и националните?! Зарем народот ќе се третира како стока? Колку е чесно ова за македонскиот народ или дефинитивно остварување на идејата за бришење од регистерот на народите, идентитетите и јазиците во ООН каде свесно некој не обезвредни и не маргинализира, или најлошо, не продаде под срамното времено обраќање со ПЈРМ? Почитуваната професорка Ванковска вели: "Сега јасно ви е зошто од зборот ПОПИС ги фаќа алергија? Бидејќи Македонија е веќе само територија, проектот ќе биде комплетен кога ќе воведат "регистер на населението/стоката"! 

Од укинувањето на концептот ПОПИС им зависи Рамковна Македонија, нема никогаш ни да го спроведат. Отиде Македонија... по ѓаволите!... " негодува Ванковска. Сега, некој го симна тој шенген срам, но повторно други за нив се лошите криминалци. Знаете, кога некого го врзувате и го држите во 'трло' пак ќе го пуштите, тогаш тие забегуваат, трчаат по сопствен избор и желба низ светот, со единствена цел, да се надомести изгубеното или неиживеаното време на мрак и тортура. На крајот, за да го добиете Гласот на народот, најпрвин треба да бидете сосема. јасни, а тоа е, колку сте самите искрени и чесни, во спротивно, Гласот на народот ќе ви одговори: 'Не ме манипулирај, не ме злоупотребувај!"

infomax.mk

29 септември 2017 година

Струга

ИСТОРИСКАТА ВИСТИНА ЗА АЛБАНЦИТЕ И НИВНОТО НАСЕЛУВАЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Албанизација на струшко дебарскиот крај

******************

И ако Албанците прво проникнале во дебарскиот крај во 17 век, сепак до 19 век, апсолутното мнозинство на Голо Брдо и Дебарско Поле го сочинувале Македонци, рисјани и муслимани. Подлабоки етнички промени во дебарскиот крај настанале во 19 век, со албанизација на Македонците муслимани од повеќе села и населување на Албанци од северна Албанија.

Васил К'нчов во својата книга за Македонија објавена 1900 година сведочи за поалбанчувањето на Македонците муслимани и населувањето на Албанци во Голо Брдо и Дебарско Поле: " Жителите (македонски муслимани) на селата Острени, Трново, Клене, Летен, Џепиште, Ербеле, Обоки, Макелари и др. претпочитаат да се кажуваат за арнаути и да говорат арнаутски. Торбешите од с. Раица, најјужно од подримските потурчени села, говорат повеќе арнаутски и се бројат за арнаути. Селата Вичишта, Голеишча и Писанки биле до почетокот на 19 век македонски, до пред 30 години биле половина  македонски, а сега се населени со арнаути. Само во Писанки останаа уште 3 македонски куќи. Арнаутите идат од Горица и од други посеверни места. Уште посилен е притисокот на Поле (дебарско Поле).

Македонците исчезнале во почетокот на 19 век од северните села, а денес бегаат од сите други села поради страшните уништувања на кои се изложени. Селото Граѓани до скоро било македонско. Арнаутите дошле пред 50 години и сега тие се мнозинство. Има уште 8 македонски куќи, но и тие наскоро ќе бегаат. Македонци имало и до пред 30-35 години во арнаутското село Балании и во турското Коџаџик, но сите избегале. Тој крај е жестоко опустошен од арнаутските полкови на Али Паша, кои го уништија Божји Град во долината на реката Дрим, кон крајот на 18 век.

Само во Река арнаутите уште не проникнале и тоа брагодарејќи на торбешите од една страна и на фактот, што, тамошните македонски села се големи ( види кај Васил К'нчов, "Македонија. Етнографија и статистика" дел прв. Народи во Македонија. Арнаути, стр. 83-100).

Продолжува

Св. Климент Охридски

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ 48

Македонија под османлиска власт

(од XIV до крајот на XVIII век)

 

10. Охридската архиепископија

Со османлиското освојување Охридската архиепископија претрпела големи материјални загуби со одземањето на големи имоти и претворањето на голем број цркви во џамии, меѓу кои биле и катедралната Св. Софија, како и стариот св. Климентов храм - црквата Св. Пантелејмон во Охрид.

 

 

Св. Пантелејмон - Охрид

Сепак, таа продолжила да функционира како единствена средновековна институција во Македонија која го преживеала освојувањето. Прилагодувајќи се на новонастанатата политичка ситуација, архиепископијата успеала да го зачува својот автономен и привилегиран статус во новата држава, во чии рамки влегла речиси сета православна екумена на Балканот на чело со цариградскиот патријарх. Секако,  тоа било резултат и на толерантната политика на Османлиите кон оваа институција како предводник на доминантните христијани на новоосвоените територии, но и на мирољубивото однесување на нејзините водачи спрема освојувачите. Во почетокот на XV век, користејќи ја благонаклоноста на централната османлиска власт, која била во судир со Византија, Охридската архиепископија успеала да ја прошири својата јурисдикција на Софиската и Видинската епархија, а до почетокот и во текот на XVI  век и над Влашко и Молдавија, како и над делови од Српската црква. Во споменатиот век, таа успеала да ја приклучи , иако само привремено, и така наречената Италијанска епархија, во која влегувале Апулија, Калабрија, Сицилија, Малта, Венеција и Далмација.

Границите на Охридската архиепископија се менувале и зависеле пред се', од расположението на властите кон неа. И покрај тоа што тие се' повеќе се стеснувале, а нејзините автономни права се намалувале, сепак, во рамките на нејзините граници постојано останувале 9 митрополии и тоа: Костурската, Пелагониско-Битолската, Струмичката, Корчанско-Елбасанската, Бератската, Воденската, Драчката, Гребенската и Сисанската, како и 5 епископства: Дебарско-Кичевското, Велешкото, Преспанското, Мегленското и Гора-Мокренското.

На внатрешен план, Охридската архиепископија имала своја организациона структура преку која таа ја извршувала својата функција. Центар од каде се раководело останал  градот Охрид. Тука било седиштето на архиепископот и на Синодот како највисоко управно  и законодавно тело на Охридската архиепископија. Со него претседавал архиепископот, кој можел да биде суден и менуван од страна на Синодот. Архиепископот бил одговорен за функционирањето на црквата, а одговарал и пред османлиската власт, за мирот меѓу православните христијани.

Архиепископијата се делела на епархии, а сите епархиски  архиереи биле членови на Синодот. Архиереите биле одговорни пред архиепископот и Синодот. Костурскиот митрополит бил првопрестолен и заменик на охридскиот архиепископ. Епархиските архиереи имале големи права во раководењето со своите епархии. Тие назначувале свои заменици - архиерејски намесници, ракополагале и назначувале парохиски свештеници, а во манастирите назначувале и разрешувале старешини (игумени). На тој начин, хиерархијата се спуштала до најниските верски службеници.

За разгледување на поважните прашања бил свикуван архиерејски собор, како и црковно-народен собор на кој, покрај духовните, учествувале и световни лица, видни граѓани на Охрид. Охридската архиепископија имала и свои црковни судови каде што се разгледувале споровите меѓу христијанските верници, независно од османлиските закони. Всушност, токму преку претставниците на Архиепископијата, заедницата на православните христијани остварувала комуникација со државните власти, притоа, уживајќи голема автономија во областа на своите внатрешни работи и граѓанските права. На тој начин, Охридската архиепископија била институција преку која на територијата на Македонија и пошироко, функционирал милет-системот (аp. millet - заедница, народ), кој бил воспоставен на територијата на  целата Империја. Суштината на милет-системот, всушност, се состоела во правото на немуслиманските заедници сами да си ги уредуваат и водат  внатрешните работи во поглед на верата и на другите граѓански прашања, како што  биле склучувањата бракови, разводите, наследствата , образованието и сл. За функционирање на таа автономија биле задолжени верските претставници на немуслиманските заедници, кои пред османлиските власти одговарале за редот, мирот и почитувањето на законот од страна на нивната паства. Веднаш по паѓањето на Цариград, во османлиската Империја биле озаконети три главни милети: Рум (православен) милет, Ермени милет и Јехуди (Еврејски) милет. Сето православно население од Балканот влегло во состав на Рум милетот, на чие чело стоел цариградскиот патријарх.

Охридската архиепископија првите сериозни територијални загуби во текот на османлиското владеење ги почувствувала со обновувањето на Пеќката патријаршија (1557 г.). Тогаш северните македонски територии потпаднале под јурисдикција на обновената Српска патријаршија. Истовремено, продолжил и се' повеќе се засилувал притисокот на Цариградската патријаршијa врз автономијата на Охридската архиепископија. Во врска со таа политика на Патријаршијата, со текот на времето сред високиот клер на Охридската архиепископија се формирале две партии: автохтона партија и партија на цариградскиот патријарх. Главната борба меѓу двете партии се воделе околу изборот на архиепископот. Засилена од подршката на моќните фанариоти од Истанбул (грчката духовна и трговска елита), партијата на патријархот се' повеќе ги приграбувала позициите на високото свештенство во Архиепископијата. Грчкиот јазик се' повеќе бил застапен преку литургијата, училиштата и црковните записи. Во мај 1763 година Цариградската патријаршија, со силен притисок од фанариотите, се обидела на охридскиот престол да постави свој човек - јеромонахот Ананиј. Но, и покрај тоа што за него Патријаршијата обезбедила и берат од султанот, тој бил одбиен од страна на Архиепископијата и изгонет од Охрид. За свој архиепископ Синодот го избрал пелагонискиот митрополит Арсениј, по потекло Словен. Тоа бил последниот успех на приврзаниците за автономна архиепископија. По многуте интриги и клевети од страна на Цариградската патријаршија, при што Архиепископијата била претставувана  како орудие на Австрија и на Рим, во јануари 1767 година било издејствувано нејзиното укинување. Архиепископот Арсениј бил принуден "доброволно" да поднесе оставка, да ја признае Цариградската патријаршија и да ги приклучи сите архиепископски епархии кон неа. Сето тоа било потврдено со султански декрет, со кој биле озаконети укинувањето на Архиепископијата и присоединувањето на охридските епархии кон Патријаршијата.

Охридската архиепископија одиграла многу значајна улога во зачувувањето на верскиот и културниот идентитет на православните христијани на целиот Балкан, како и во ширењето на писменоста сред населението. Иако највисокиот клер бил грчки, нејзиниот низок клер,  свештениците и монаштвото, биле со македонско словенско потекло и токму тие ја остварувале врската меѓу верниците и црквата. Овој низок клер во црквите и манастирите придонел за зачувување не само на православната вера, туку и на етничкиот идентитет на македонскотонаселение, правејќи ја на тој начин Охридската архиепископија база на македонското православие.

 

Продолжува

 

 

 

Партизан на ДАГ

МАКЕДОНЦИТЕ И ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

1945 - 1949

Глава Трета

ДЕЛ 23

2. ФОРМИРАЊЕ НА ПРИВРЕМЕНА ДЕМОКРАТСКА ВЛАДА

Пишува Наум Пејов

Демократската армија и воопшто демократското движење во земјата, со доаѓањето на Софулис на чело на атинската влада во септември 1947 година, се најде пред една нова ситуација. Политичките маневри на Софулис не беа за потценување,  особено ако се земат  во предвид опозиционите ставови во парламентот кои често беа  пофалувани  од демократскиот печат. А зад политичките маневри следеше засилената американска помош и мерките за зголемување на вооружените сили - војската, полицијата и вооружените цивили, така наречени МАИ.

Амнестијата на Демократската армија беше навистина едно силно испитание. Дури траеше амнестијата, се појавија поединечни дезертерства од редовите на Демократската армија.

Во текот на месец септември 1947 година од страна на кралските војски беше преземена офанзива и извршен напад врз ослободената територија на планината Грамос. Таа офанзива имаше за цел да направи клин во слободната територија на Епир и Западна Македонија и ја засенчи одлуката на Главниот штаб на Демократската армија кој се прогласи за врховна власт на ослободената територија до формирањето на Демократската влада. Оваа непријателска офанзива не успеа да го заземе Грамос, но успеа да и' наметне позициона борба на ДАГ и со поголема ефикасност да се служи со тешкото вооружување - артилеријата и авијацијата. Тој непријателски напад го осуети планот на ДАГ да ја прошири слободната територија, со што би се создале поволни услови за реализирање на замислениот политички потег - формирање на Демократската влада.

Во месец октомври 1947 година одржан е Третиот пленум на ЦК КПГ, на кој е констатирано: "Американската интервенција во Грција го затвори патот за спогодба на двата спротивни табори". Врз основа на таа оценка, на истиот пленум се поставува задача да се покрене народот на вооружено востание и во врска со тоа, Пленумот го застапува следното становиште:

"Ослободување на земјата и осигурување на нејзината независност и демократски развиток".

Како непосредна задача се постави содавањето на поголема слободна територија, а за таа цел "ДАГ  да изврши мобилизација и бројчено да порасне, да се подигне борбеноста, да изработи генерален план за напаѓање и спроведување на постојани напади, да не се штедат жртвите, како досега".

Во врска со споменатиот Пленум на ЦК КПГ, Главниот штаб на Демократската армија донесе решение за формирање регуларни воени формации и следните два документа за мобилизација, пред одржувањето на самиот Пленум:

 

"ЗАПОВЕД

Демократска армија на Грција

Главен штаб

Штабно биро I

Број на протоколот 722.

 

Во врска со број 132/25.VIII.1947 година и А.П. 307/25.IX.1947 година, заповед :

1. ги повикуваме под оружје да служат во редовите на Демократската армија мажи и жени од следните категории:

а) сите граѓани кои служеле во редовите на ЕЛАС коко борци и офицери кои зедоа отпусница по спогодбата во Варкиза,

б) кои служеле во Националната милиција како милиционери и офицери и кои зедоа отпусница по спогодбата во Варкиза,

в) оние кои служеле во интендатурата на партизаните и зедоа отпусница по спогодбата во Варкиза.

2. Од погорната мобилизација се исклучуваат инвалидите на Народно - ослободителната борба 41-45 (ЕЛАС) чии процент на инвалидност ги направил неспособни за воена служба.

3. Погоре мобилизираните, каде и да се наоѓаат, ќе треба да најдат начин да се јават при најблиските  единици на Демократската армија во своето местожителство. 

Оние од мобилизираните што не ќе се јават на оваа заповед во редовите на Демократската армија, ќе се сметаат за непријавени.

4. Обласните Штабови да издадат соодветни наредби на сите единици. Да се преземат мерки за навреме да се известат сите повикани.

 

Главен штаб, 30.IX.1947 година

Генерал Маркос".

 

А под бр. 721, следната заповед:

"Главниот штаб на Демократската армија, имајќи ја во  предвид желбата на грчкиот народ да се бори со сите свои сили за слобода, демократија и независност на Грција, ги повикува сите демократски граѓани што се наоѓаат во градовите и селата држани од непријателот да помогнат на кој и да е начин на делото на Демократската армија.

Наредени во редовите на Демократската армија ќе се сметаат сите демократски граѓани кои во градовите и селата ќе се состават во групи повеќе од по три члена, ќе положат заклетва на борец на Демократската армија и ќе работаат енергично за успешно извршување на нејзините цели.

 

Главен штаб, 30.IX.1947 година

Gенерал Маркос."

 

Задачите што ги постави Третиот Пленум на ЦК КПГ не се остварија. Мобилизацијата што ја објави Главниот штаб на ДАГ не ги даде очекуваните резултати. Непријателот имаше спроведено силна контрола над градовите и селата што ги држеше под своја власт. Покрај војската и полицијата, вооружените цивили, таканаречени МАИ, беа јака опора на контрареволуционерната власт. Освен од оваа важна причина, за неуспехот на мобилизацијата влијаеше и фактот што дотогашната линија на КПГ беше двосмислена во однос на вооружената борба во Грција. Но мобилизацијата сепак бројчано ја засили Демократската армија и ја доведе во положба не само да ги одбие монархофашистичките напади на Пелопонез, Тесалија, Источна и Западна Македонија, туку да премине и во офанзива. Така, наредните зимски месеви и пролетта 1948 година, единиците на Демократската армија презедоа офанзивни акции ширум цела Грција. Поголеми партизански одреди се јавија во близината на Атина. Се зачестија нападите на југ - во Пелопонез и Тесалија, а во Егејска македонија, Тракија и Епир, тие зедоа најголем замав. Во споменатиот период преземен е напад против Солун, нападнати се градовите Нигрита, Негуш, Собоско, Кеанти во Тракија и Коница во Епир.

Но, ако Демократската армија можеше да ја преземе иницијативата и да ги спроведе горните акции во зимата 1947 и 1948 година и пролетта 1948 година, таа од летото 1948 година ја изгуби иницијативата и оттогаш, може да се рече, почнува крајот на востанието.

Врз оценката дека "американската интервенција го затвори патот за спогодба меѓу двата спротивни табори" и задачата за ослободување на поголема територија, беше донесен план за ослободување на Западна Македонија и Епир и фронтот да се пренесе во Тесалија. Тоа се поставуваше како минимум план за 1948 година, што ќе беше и услов за формирање на Демократската влада и таа да добие меѓународно значење и тежина. Меѓутоа, Демократската армија не успеа да ја изврши таа задача и кога во декември 1947 година беше формирана Привремена демократска влада, немаше слободна една поголема територија со некој окружни или покраински град за да послужи како седиште на револуционерната влада.

На 23 декември 1947 година беше формирана Привремена демократска влада. Веста за формирањето на Демократската влада навистина предизвика коментари ширум светот, а забуна во Атина, Лондон и Вашингтон, зашто формирањето на Демократската влада требаше, всушност да значи нова фаза од развитокот на борбата на демократските сили во Грција и фаза на нов степен и од меѓународно значење. Меѓутоа, текот на настаните тоа го демантира. Борците на ДАГ и демократските маси во Грција очекуваа демократската влада да биде признаена за законита влада на Грција од пријателски расположените влади спрема демократското движење. Но тоа не беше така. Тој факт одеше во прилог на пропагандата на непријателот и тој елемент беше од определено влијание за натамошниот развиток на работите.

Привремената Демократска влада донесе неколку законски акти од внатрешно-политички карактер, што за општествениот и политички живот на Грција означува општествена програма. Донесен е Закон за народни одбори на народно-демократска основа, Закон за аграрна реформа, некои законски прописи за школството и признавање рамноправност на националните малцинства, а во одговор на атинската влада на Софулис, донесен е Закон за амнестија.

Но сите овие акти неможеа да го надоместат ефектот кој би имал признавањето на привремената Демократска влада од страна на  еден број земји за легитимна влада на Слободна Грција.

Работите во токот на 1948 година не се развија ниту на војно, ниту на политичко поле според предвидувањата од демократското движење во земјата.

Прво, мобилизацијата на Демократската армија не ги донесе очекуваните резултати. Непријателот презеде една голема офанзивна акција во февруари-март 1948 година на една колона од новомобилизирани борци, невооружени, од Тесалија и Румелија и на теренот на планината Пиерија, успеа да ја разбие. Тој успех на непријателот беше голем морално-политички удар за ДАГ, а конкретно и една изгубена битка.

Второ, Демократската армија, иако презеде офанзива низ цела Грција, не успеа да реализира ни еден територијален успех, според предвидениот план, ниту да ги уништи главните сили на непријателот. Наспротив тоа, непријателот кога успеа да однесе полна победа на Грамос - летото 1948 година, го прегази целиот терен на Румелија, изврши големи злосторства над мирното население, свлече по затворите нови стотици невини луѓе од дотогаш, слободната територија во овој реон.

Трето, во јуни 1948 година се појави резолуцијата на Коминформ против КПЈ, што имаше директно негативно влијание по демократското движение, а го осмели непријателот, кој умешно занеше да го користи тоа во пропагандни цели.

Четврто, како последица на ставот на Коминформ спрема раководството на КПЈ и Југославија, слабостите и грешките во демократското движение во текот на 1948 година, допринесоа разијдување во раководството на Демократската армија.

Захаријадис се пресметува со своите противници, што предизвика криза во редовите на Демократската армија и воопшто, во демократското движение.

 

Продолжува

 

 

 

 

Коле Неделковски 1912 - 1941

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

*******************

КОЛЕ НЕДЕЛКОВСКИ

 

Коле Неделковски - роден како Никола Крстев Неделков на 16 декември 1912 а починал на 2 септември 1941 во Софија, е истакнат македонски поет и комунист помеѓу двете светски војни.

Роден е во селото Војници, близу до Велес, во сиромашно земјоделско семејство. Гимназија завршил во Велес, но морал да го прекине образованието, поради недостаток на пари. Заминал во Скопје во потрага по работа и го посетувал трговското училиште.

Поради неговата револуционерна активност бил прогонуван од великосрпскиот режим, поради што во 1933 година пребегал во Бугарија. Во 1938 година на страниците на "Илустрација Илинден" објавена е неговата прва песна "Стојан војвода" ("Стојан на Ордановци"). Една година подоцна, во Македонскиот книжевен кружок другарува со Никола Вапцаров, Антон Панов, Ѓорѓи Абаџиев, Венко Марковски и други македонски револуционерно-книжевни дејци. Кон крајот на 1939 година ја издава својата прва стихозбирка "М'лскавици", со која го подржува трендот на пишување македонска поезија со македонска тематика и употреба на македонскиот јазик.

Во 1940 година станува член на диверзанстката група "Млади антифашистички борци". Во август 1941 година излегува од печат неговата втора книга "Пеш по светот". Само десет дена подоцна, на 2 септември 1941 година, Коле Неделковски го завршува својот живот, при обидот на бугарската полиција да го уапси во станот во кој живеел. Останува неразјаснето дали бил фрлен од полицајците, или самиот скокнал преку прозорецот на неговата соба. Сведоците на настанот потврдуваат само, дека слушнале експлозија на бомба во зградата, а потоа виделе како Неделковски паѓа на плочникот. По втората светска војна, на местото на настанот е поставена спомен плоча, која подоцна исчезнува.

Коле Неделковски е еден од најреволуционерните поети во македонската литература. Неговата песна Глас од Македонија е една од најпознатите револуционерни песни во македонската литература.

 

 

 

 

 

ГЛАС ОД МАКЕДОНИЈА

  • О, трајте, трајте, тирани ниедни!
    Доста се тија лаги и злоба -
    пакостен глас од устите гадни
    на мојот народ од секоа доба.

  • Та ете веќе векови цели
    писка и стенка од волци гости
    за брата вијат кој да го дели,
    за да му глодат сувите коски.

    Па нека сега сам да си реши
    со своа волја судба и сева,
    в животот еднаш сам да се теши,
    д' издигне славно свој род без врева.

    Та Шар и Пирин дружно да викнат
    родната песна в небеса темни
    и бурниот Егеј - на век да плиска
    тешкиот глас на новите химни.

    Автор, Коле Неделковски

    ***


Kind regards : 10 октомври 2017 година

Sotir Grozdanovski broj 100