ВАКА ЛИ СЕ РЕФОРМИРА МАКЕДОНИЈА ПРЕМИЕРУ ЗАЕВ?

Тања Каракамишева-Јовановска, Ун. професор

НЕМА ДА ВИ ПРОСТИМЕ

********************

Пишува: Тања Каракамишева-Јовановска

 

Денес, 1-ви август 2017 година, на само ден пред најсветиот празник на Македонците, 2-ри Август, црпнатиот стави потпис на Договорот (останатиот дел од насловот не заслужува да биде споменат бидејќи е тешка измама и лага) со кој ќе се стави крај на автохтоната, на нашата Македонска историја и идентитет. Под паролата дека Договорот се потпишува за побрз влез во НАТО и во ЕУ велепредавниците заборавија да споменат една многу важна работа, а тоа е дека овој Договор е антиевропски и дека истиот се коси со сите заеднички европски вредности врз кои почивала и денес почива ЕУ.

Зарем Заев, Димитров и Шеќеринска навистина заборавија дека европскиот идентитет не е ништо друго, ниту нешто помалку од збир на националните идентитети на земјите-членки на ЕУ и дека секоја земја-членка и покрај прифаќањето на европскиот идентитет со членството во Унијата и натаму мошне внимателно и сериозно си ги чува и негува елементите на својот национален идентитет, елементите што го прават секој народ свој и различен од другите што живеат во останатите земји-членки. Ниту една земја-членка на ЕУ го нема распродадено својот национален идентитет за да влезе во ЕУ. Таква приказна не постој. Напротив.

Секоја земја-членка на Унијата се труди со должна почит кон своите национални посебности, истите да ги зачува, да ги негува и да ги развива што е можно повеќе, со цел преку нивната посебност да изврши влијание врз моделирањето на новата содржина на европскиот идентитет, колку што е можно повеќе. Во тоа и се состој смислата и убавината на европската интеграција. Во тоа и лежи убавината на европското заедништво. Преку взаемното почитување на различностите што не прават единствени, а сепак свои, се негуваат цивилизациските придобивки да се биде вистински и голем Европјанин. Токму оваа вредност на негување на различностите во заедничките европски политики го задржала толку децении концептот на европскиот проект се' уште жив и се' уште актуелен и привлечен.

Но, поентата на заедништвото не е во негирањето и уништувањето на националните истории и вредностите на европските народи, туку во големината на народите да бидат прифатени такви какви што вистински се, такви какви што секогаш биле и се трудат вечно да останат. Европскиот идентитет како колективен идентитет на многу народи никогаш не инсистирал, ниту барал промена на личните карти на народите пред нивното влегување и зачленување во европското семејство. Напротив.

Европскиот идентитет бара освестени народи, народи кои се самопочитуваат и кои имаат достоинство, гласно и јасно да кажат кои се, што се и што сакаат од ЕУ. Народи кои без разлика на се', без разлика кој соседен или други народ мисли за него и за неговата историја останува бедем, останува цврст и решителен да ги зачува своите вредности и да ги вгради во европскиот мозаик,  што заслужуваат европска почит.

Националниот идентитет никогаш не смее да биде предмет на негирање и игнорирање од која било страна при неговото вградување во европскиот идентитет, затоа што токму европскиот идентитет е широко отворен простор во кој се прифаќаат сите национални разлики, сите специфичности, сите обележја на одделните народи.

Што ќе и' е на ЕУ идентитет што дава забрани, што создава ограничувања, што прави препреки? Дали ЕУ смета дека со бугарското негирање на македонскиот идентитет навистина ќе биде поквалитетна, а нејзиниот идентитет побогат?

Што ќе и' е на Унијата европски идентитет кој преку толерирањето на бугарските рампи не дозволува влез на Македонски елементи во неговата содржина? Дали европското семејство навистина знае да ги чува сопствените вредности, ако гледаме колку е немоќно да спречи класично негирање на Македонци од страна на свој член? Дали Унијата навистина се бори за посебностите на секој член без разлика дали станува збор за земја-членка или земја-кандидатка за членство во ЕУ?

Која е целта на европската интеграција ако таа, пред се', е наменета да дезинтегрира и да дезавуира посебности на еден народ? Која е смислата на народното заедништво во некаква повисока европска форма ако тоа заедништво од старт поништува, стигматизира, негира народ што бара членство?

Ако европскиот идентитет е збир на различности што сите нас треба да не направат посилни и поединствени токму поради разликите што ги имаме, а не поради вештачкото вкалупување на  еден во друг народ, тогаш нашиве политички предатори имаат навистина сериозен проблем со разбирањето на ЕУ. На европскиот идентитет и на Унијата не сме им потребни како немакедонци, како претопена, безлична, аморфна маса на индивидуи согласна да биде фрлена во прегратките на бугарскиот народ без никаква разумна и оправдана причина. На европскиот идентитет и на ЕУ сме им потребни со сета своја историска и идентитетска убавина, со сето достоинство и гордост дека припаѓаме на македонскиот народ, дека имаме своја и само своја македонска историја, дека имаме македонски херои што оставиле силен печат во креирањето на европската историја и колективен идентитет, дека имаме свои традиционални вредности што не прават исправени и горди Македонци.

Договорот што денес го шарнаа двајца минливи и менливи политичари никогаш нема да биде прифатен од нас Македонците.

А вам Заев, Димитров, Шеќеринска и сите останати колабористи нека ви служат на чест лагите и манипулациите што ги истуривте врз нас за да го оправдате овој велепредавнички договор.

Вам и на сите останати замешатели и гробари на македонскиот народ никогаш нема да ви биде простено!

 

www.kurir.mk

 

Миленко Неделковски

*************

НАРОДОТ ЌЕ СИ НАЈДЕ ЛИДЕР НО

ЛИДЕРИТЕ НЕ МОЖАТ ДА СИ НАЈДАТ НАРОД

Пишува: Миленко Неделковски

01.08.2017

 

Гледањето како пред наши очи ни ја расклопуваат државата, сознанието дека за оние за кои сме гласале ја одобруваат таа операција на дезинтеграција на Македонија, вистината дека оние што сакаат да се национални лидери се всушност само странски слуги - прави овој 02 август да е втор најтежок, најдраматичен, најтрауматичен во историјата на Македонецот. Првиот е оној на 2-ри август 1903. Вториот е овој, овогодишен, утре.

Но, таа траума, тој пораз, не е крај. Напротив. Нашата денешна "победа" е во тоа, што конечно расчистивме кој не треба да ни е лидер. Кои луѓе не смеат да ја водат државата.

Како што би рекол Хеленио Херера, творецот на "катанаџо", ние многупати сме биле поразени, ама никогаш победени.

Мртвите се бројат на крајот на војната, не на крајот од битките.

Утрешниот ден е крај на политичките кариери на актуелните политички лидери од сите политички опции. И крај на политичките и професионалните кариери на политичарите во законодавството, извршната власт и судството.

Оние сега назначени, тазенаименувани функционерчиња (а и оне пред нив) треба да знаат дека полтронството, евет-ефедиството, подаништвото - не се квалитети што народот ги сака, цени и вреднува на избори.

Народот се освести дека, со случувањата во последните три години (а и подолго), ја загуби можноста да добие национален лидер и државник - водач од овие што се сега на јавната сцена. Тие се завршена прикаска, само што уште никој не им јавил.

Но народот, секој народ на светот, може и ќе си најде свој лидер. Бидејќи, како што вели Че Ге Вара, а и нашите вистински историски ВМРО-вци, "јас не сум ослободител, народот сам се ослободува". И сам си наоѓа лидер.

Спротивно, истрошените и избламирани лидери НИКОГАШ и никаде во светот не можат да си најдат народ.

Следните локални избори ќе го покажат тоа.

Народот оваа нанесена денешна второавгустовска болка ќе ја казни. Брутално.

 

www.dudinka.org

 

Самуилова тврдина - Охрид

 *************

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА

НА МАКЕДОНИЈА

****************************

 ДЕЛ 35

МАКЕДОНИЈА

ПОМЕЃУ ВИЗАНТИСКАТА И

ОСМАНЛИСКАТА ИМПЕРИЈА  

XI - XIV VEK

 

1. Востанијата во Македонија

од XI век

 Ликвидирањето на македонската држава во 1018 г. било проследено со нејзиното инкорпорирање во воено-административниот систем на Византија. Василиј II обезбедил силно присуство на византиски трупи кај клучните фортификациски градови и утврдувања на стратегиските локации. Притоа биле разурнати некои фортификациски утврдувања, меѓу кои и во Охрид, што било проследено со конфискување на сите царски обележја, вклучително и царските круни сместени во Охридската тврдина. 

Градот Скопје бил промовиран во средиште на византиската воено-административна управа, во надлежност за териториите што до тогаш ги опфаќала македонската држава. Напоредно со одведувањето на членовите на царското семејство и на еден дел од политичката елита од Македонија во источните владенија на Византија, Василиј II и' останал доследен на практиката за назначување лојални управници од локалната елита во функција на поефикасно обезбедување контрола на теренот и на населението. Основа на политичко-идеолошката доктрина на Василиј II во напорите за консолидирање на византиската власт во Македонија и пошироко на Балканот станала Охридската архиепископија. Дозволата за афтокефалниот статус на Охридската архиепископија, проследена со легитимирањето на широкиот опсег на нејзината јурисдикција на Балканот, имала за цел да обезбеди чувство на одреден степен на автономија кај новите поданици на Византија. Составен дел од  ваквата политика на Василиј II било назначувањето на архиепископската функција на Јован Дебарски, по потекло од Македонија.  Задржувањето на даночниот систем  од Самуиловото време, како и поставувањето на управничките функции лојални личности од локалната елита, биле во функција на сузбивањето на потенцијалната мобилизација на македонското население против византиската власт. Византиската власт на преостанатиот дел од Македонија генерално се темелела на воената управа во Солун, додека црковната јурисдикција била опфатена преку митрополиите на Солун, Сер и Филипи.

Наследниците на Василиј II по 1025 г. го ревидирале помирливиот приод при реализирањето на политичката  и религиската концепција во Македонија. Индикатор за тоа е практиката воспоставена од 1037 г. за поставување охридски ерхиепископи од византиско потекло, кои директно ја спроведувале византиската државна и црковна политика. Засегнувањето на дотогашното слободно религиско изразување преку Охридската архиепископија, што коинцидирало со новата даночна реформа со која биле воведени платежни давачки во даношниот систем, се одразиле низ силната акумулација на незадоволството кај населението во Македонија. Мошне изгледно е дека во овој период и богомилите ја интензивирале својата дејност во Македонија, на што упатуваат податоците од Барските анали, како и зголемената продукција на апокрифна книжнина од македонска провиниенција. Ваквиот амбиент го искористила локалната македонска елита за мобилизација на народот, што резултирало со кревање востание против византиската власт во 1040 г.

За легитимирање на тенденциите за реставрирање на државата во Македонија, била неопходна личност што ќе претставува обединувачки фактор за елитата и за македонскиот народ. Истата била изнајдена  во Петар Делјан, кој тврдел дека води потекло од Самуиловата царска династија, преку раскинатиот брак на царот Гаврило Радомир со ќерката на унгарскиот крал. Византиските автори го посочуваат востановениот обичај кај народот за нивни лидери да прифаќаат луѓе од "царски род". Веста за промовирањето на Петар Делјан за цар во Белград ја обезбедила масовноста на востанието, што го овозможило брзото заземање на византиските упоришта во Ниш и во Скопје. Обидот на Византија да интервенира за да се спречи ширењето на востанието во Македонија пропаднал, бидејќи мобилизираните војници од македонските и албанските области откажале послушност и се приклониле кон сопствениот водач Тихомир, кого го прогласиле за цар. Двојната тенденција за претендирање на Самуиловата царска титула од двата формирани востанички табора била надмината откако Делјан успеал да го ликвидира Тихомир и да ја преземе целокупната команда. Директното насочување на востанието кон Солун, како и лесното експресно преземање на контролата во поголемиот дел од Македонија, вклучително и на поранешната престолнина Преспа, ја илустрира комплементарноста на воено-политичката стратегија на Делјан со Самуиловата, што кореспондирало и со тежненијата на македонскиот народ.

Во моментите кога востанието заземало пошироки размери, со обезбедена контрола на поголем дел од Македонија, на јужна Албанија со Драч, на делови од Грција, како и на бугарските територии до Сердика, кај востаниците пристигнал Алусијан, синот на царот Јован Владислав, кој претходно извршувал византиска служба. Подршката што ја обезбедил Алусијан кај еден дел од македонската елита со докажувањето на своето царско потекло го принудила Делјан неволно да го признае неговиот легитимитет, по што обајцата биле прифатени како рамноправни цареви и лидери на востанието. Меѓутоа, несоодветната воена стратегија применета од Алусијан резултирала со целосен неуспех на директниот напад врз Солун, кој бил проследен со големи жртви меѓу востаниците. Поразот, сепак, не се одразил на авторитетот на Алусијан кој, по заробувањето на Делјан и неговото ослепување, успеал да се наметне како единствен цар. Меѓутоа, по вториот неуспах во судирот со византиската војска, Алусијан стапил во тајни преговори со византискиот император, прифаќајќи ги ветените привилегии во замена за сопственото предавање. 

Однесувањето на Алусијан упатува на сериозното сомневање во неговите вистински мотиви и на можното влијание на Византија во неговото дејствување. Во секој случај, оставени без царското лидерство, со разбиена воена моќ, македонската елита набрзо била совладана од византиските воиски кои, во текот на 1041 г. успеале да го ликвидираат востанието.

Пројавените политички цели на востанието за обнова на македонската држава, а посебно тенденцијата за нејзиното легитимирање преку царското потекло на Делјан и на Алусијан, ја покажале нестабилноста на византиската власт. Административните мерки што го следеле ликвидирањето на востанието, проследени со воспоставувањето на уште построга даночна политика, влијаеле за повторно мобилизирање на македонската елита. Меѓу нив се истакнал Георги Војтех, кој во 1072 г. истапил како предводник на новото востание, со средиште во Скопје. Политичките цели и мотиви на македонската елита биле истоветни како и во претходното востание, засновани на легитимирањето на тенденциите за обнова на македонската држава. Царската династичка поврзаност со традициите на македонската држава била изнајдена во Дукља, преку врската на кнезот Михајло и неговиот син Бодин со Самуиловата династија.

Пратеништвото на македонската елита резултирало со формирање своевиден политички сојуз, кој бил ефектуиран  со прогласувањето на Бодин за цар во Призрен. Царското легитимирање, како и победата над византиската војска предводена од дуксот на Скопје, го овозможиле брзото ширење на востанието. Меѓутоа, Константин Бодин командата за ослободување на територијата на Македонија ја делегирал на еден од командантите, Петрило, додека самиот се насочил кон Ниш. 

Петрило, со еден дел од војската, лесно се пробил во внатрешноста на Македонија, преземајќи го градот Охрид, што создало особено силен ефект кај населението. Меѓутоа, претрпениот пораз кај Костур од византиската војска ги оневозможил востаниците да ја прошират  власта и да ги консолидираат позициите во Македонија. Тоа го искористила Византија за да му нанесе решавачки пораз на Георги Војтех кај Скопје, по што лесно се пресметала и со војските на Константин Бодин кај НИШ.

Во текот на 1073 година византиските наемнички војски успеале целосно да ги уништат одбранбените востанички пунктови во Македонија, со што било ликвидирано востанието. Воспоставувањето и  утврдувањето на византиската власт во одделните македонски градови и области биле проследени со уништување на дворците во Преспа, што имало симболична порака. 

Текот на востанието и неговиот исход го илустрира неуспехот во обединувањето на елитата во Македонија, што се должело и на различните интереси. Сепак,  нивна заедничка тенденција при презентацијата на стремежите за обнова на државата била интенцијата за мобилизација на македонскиот народ преку повикување на колективната меморија од времето на Самуил. Токму овој фактор бил пресуден за обезбедување масовност на востанијата во Македонија, посебно на Делјановото востание, кое  го воделе  директните потомци на царската династија. Ваквата народна традиција се одразила и во сведоштвото на Теофилакт Охридски, кој укажува на "победоносните песни" присутни во Охрид и пошироко во Македонија во XI - XII век.

 

Продолжува

 

Никос Захаријадис

************

МАКЕДОНЦИТЕ И ГРАЃАНСКАТА

ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

1945 - 1949

************************

ДЕЛ 10

Пишува: Наум Пејов

 

Не самокритичноста на Захаријадис и префрлување на вината за грешките во Партијата на странските фактори.

 Според изнесеното, на XII Пленум се отстапи дури и од благите констатации за грешките усвоени на XI Пленум на ЦК КПГ од април 1945 година, кога беше оценето дека спогодбата во Либан не одговара на соодносот на силите и според тоа, не го унапредуваше делото на националното единство и не го обезбедуваше нормалниот демократски развиток; дека погрешно беа оценети силите во декемвриското судирање и не биле искористени можностите за една поповолна спогодба од она во Варкиза која дојде како резултат на поразот во Атина.

Захаријадис во неговата анализа целата вина за поразот ја фрла врз странскиот фактор, на англиското ангажирање. Точно е дека англиското мешање и вооружената интервенција беа неопходниот фактор за попбедата на десницата. Таква оценка, меѓутоа, колку не даваше одговор за грешките во минатото, уште помалку отвораше перспектива за во иднина - тезата за "грчкиот пршлен" во империјалната зграда и "грчкатa оска",  местото на Грција во меѓународни односи и потребата од англиското присуство во Грција. Никос Захаријадис не се осврнува сериозно, без да се потцени странскиот фактор и интервенцијата, кон сопствените грешки на движењето што доведоа до превласт на така слабите сили на десницата, од што можеше, во тоа време, да се извлечат драгоцени искуства. Така на пример вели дека од почетокот до крајот на окупацијата ЕАМ имаше, во основа, правилна линија. За спогодбата во Либан вели дека договорот на хартија и да бил полош, не би можел да влијае врз односот на силите во земјата. Не го споменува воопшто договорот во Казерта.

Меѓутоа, токму во тоа се основните грешки на раководството на КПГ и ЕАМ. Со договорот во Либан ЕАМ и ПЕЕА за легитимна влада на Грција ја признаа емигрантската влада и во која зедоа учество. ЕЛАС го ставија под командата на таа влада и сојузничката команда. Натаму, со договорот во Казерта се согласуваа со поделбата на територијалното владеење на силите на ЕЛАС, ЕДЕС и владините војски до создавање на националната војска. А што е најважно, ЕЛАС беше ставен под заповедите на сојузничката команда на Средниот Исток. Точно е дека договорите можеа да влијаат врз натамошниот тек на работите, создаваа легални позиции на емигрантската влада и одврзани раце да настапува во името на "целата нација", во името на Грција а делува за своите себични - класни интереси.

Таква анализа на грешките беше потребна за одредување правилна линија за во иднина, за правилната ориентација на членството и масите и перспективите на борбата на демократските сили во Грција.

Со оценките што ги даде раководството на КПГ на својот XII Пленум на ЦК, всушност не даваше одговор на основното прашање кое се поставуваше: имено, дали постои револуционерна ситуација во земјата и каков треба да биде курсот за основната форма на борбата по демократските настани.

Во почетокот на октомври 1945 година во Атина се одржа VII Конгрес на КПГ. Овој Конгрес се одржуваше десет месеци по крвавите настани од декември 1944 година и осум месеци по потпишувањето на договорот во Варкиза; се одржуваше три месеци по XII Пленум на  ЦК, а ситуација во земјата за демократските сили се' повеќе се влошуваше. Затоа е од интерес да се види како Конгресот ги поставува работите.

Политички реферат на Конгресот одржа Никос Захаријадис. Откако со две три реченици се осврна на меѓународната ситуација, првата реченица со која почнува да зборува за внатрешната ситуација е следнава:

"Вооружената насилна иногрчка интервенција во декември 1944 година, што ненадејно го пресече внатрешниот демократски развиток и ја донесе на власт неогрчката реакција, квинслинзите и експлоататорите на народот, ја фрли Грција во длабока политичка криза. И денес, десет месеци после херојскиот отпор во декември, нашата земја пропаѓа во економска катастрофа, во политички хаос и анархија".

Осврнувајќи се потоа на "новогрчкиот политички проблем" и "политичката криза во Грција", вели:

"Политичката криза која денес ја разјадува нашата земја, своите корени ги има во фактот што англиската насилна интервенција, во декемви, во Грција ја зеде со сила власта од рацете на народот, им ја даде на експлоататорите, квинслинзите и предавниците. На тој начин создаде една непомирлива спротивност меѓу мнозинството на народот, од една и кликата на плутократите што ја држат власта, од друга страна". (подвлекол Н.П.).

Под наслов  "Односот на класните сили во денешна Грција", во рефератот се вели следново:

"Основно во Грција денес за политичката превласт се борат две странки, два табора, две струи. Прво, странката на плутократите ги собира во своите редови квислинзите, старите оџаци, коџобашиите и чифлик-сајбиите,  сите експлоататори на народот, на чело со финансиската олигархија, како владеачка сила. 

Политички, овој табор се бори под знамето на монархофашизмот. Влијае уште над заостанатите слоеви во градот и селото. Како основно средство за политичка превласт му служи отворениот злочинечки терор кој го спроведува Црниот фронт, САН, Кситосите и останатиот монархофашистички олош. Располага, речиси со целиот државен апарат и ги употребува полициските и војните сили, во прв ред офицерите, за терористички операции... Применува од декември наваму режим на еднострана граѓанска војна против своите противници - народната демократија. Оди по следнава политичка линија: тргнува од безспорниот факт дека народот го немаше со себе, ниту некогаш би го имал. Затоа и средствата кои ги употребува за да завладее се сите други, само не политички, демократски, народни". (подвлекол Н.П).

Точно е дека Грција во 1945 година се наоѓаше во "економска и политичка криза, хаос и анархија".

Точно е дека постоеше "непомирлива спротивност" и дека се водеше "еднострана граѓанска војна". Но откако се прават горните констатации во заглавието "Смислата на предупредувањето" и подзаглавието "Новата ситуација-нови задачи-одговорностите на Англија", меѓу другото се вели:

"Новата ситуација која се формира пред нас поставува нови задачи. Не треба да постој никакво двоумење дека во центарот на политичката активност остануваат напорите да постигнеме еден мирен демократски развиток кон избори". (подвлекол Н.П.).

Какви избори подготвуваат властите? А уште повеќе какви избори можеа да бидат подготвени во услови на еднострана граѓанска војна лесно може да се замисли. Но за карактерот на претстојните избори се говори и во рефератот. На страна 8 од брошурата "Марксистичка библиотека" посветена на VII Конгрес може да се прочита следново:

"Но со ова не се исцрпуваат средствата за политичка превласт што ги употребува монархофашистичката реакција. Изолацијата од масите ја принудува и англиската подршка и дозволува да прибегнува и кон други терористички антидемократски средства за политичка превласт. Како што знаеме, приготвена е една огромна изборна фалсификација. Денеска настојувањето во таа насока зема конкретна форма. Откако работите се сварија во Лондон, овде се применуваат. Со англиски натисок се вршат усогласувања меѓу сите буржуаски и други партии. Одат кон тоа арамиски да ги поделат пратеничките места и по декември да спроведат и "избори" со изборните списоци на Булгарис, на тој начин во Грција да триумфира парламентаризмот и демократијата, исклучувајќи го в сушност ЕАМ! Во овие пазарлоци земаат учество и демократските и социјалистичките водачи, со сосем мали чесни исклучоци. Се работи за најбезобразно предавство на демократијата од сите што до денеска ги имаме во Грција".

Откако ќе се прочитаат сите овие оценки и ставови, линијата на партијата стануваше нејасна и неразбирлива за членството. Затоа што откако се констатира "еднострана граѓанска војна", се инсистира на политичка борба, избори и парламент, а десницата, од своја страна, го уништуваше целиот борбен цвет и авангардата на масите.

 

Продолжува

 

 

Григор Прличев 1830/31 - 1893

**************

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО

ТВОРЕШТВО

*************************

Григор Прличев

 "СЕРДАРОТ"

Григор Прличев е роден во Охрид, во сиромашно семејство, 1830/31, а починал во 1893 година. Татко му починал кога тој бил шестмесечно бебе, па грижата за семејството паднала врз мајка му. Неговиот дедо го научил да чита уште на четиригодишна возраст, од некој стар грчки буквар. Мајка му и сестра му аргатувале по куќи, а тој продавал јајца, им давал часови на богаташките деца и препишувал книги.

Освен овие податоци, во својата "Автобиографија" Прличев го опишува и основното училиште и тогашните учители, како и доаѓањето на Димитар Миладинов за учител на кого "мед му течел од устата, кога зборувал.

Григор Прличев во 1850 година се запишал на Медицинскиот факултет во Атина, кој никогаш не го завршил, но тогаш за прв пат дознал за конкурс за поема. По 10 години се вратил во Атина, да ги продолжи студиите, а всушност да се пријави на конкурсот.

Со поемата "Сердарот", ("O Armatolos"), Прличев го освоил првото место - ловоровиот венец, паричната награда и бил прогласен за втор Хомер (1860). Во наградата спаѓало и студирање во Берлин или Оксфорд, но таа награда можел да ја добие само ако се откажел од се' словенско во него - и тој ја одбил.

Следната година повторно се пријавил на конкурсот со поемата "Скендер Бег", но таа година, по некој случај, конкурсот не се одржал.

Григор Прличев своите последни години од животот ги поминал во родниот град Охрид, речиси сосема осамен и разочаран.

  • "СЕРДАРОТ"

    За таа наша пропаст жал на Махмуда му стана,
    се спушти како орел тој.
    Разбеснето со шпорите тој шибна, коња врана
    со Кузмана да стапи во бој.

    Спроти него се исправи. Под црна веѓа густа
    одмаздата ја собрал - бран.
    Тој зеде в раце оружја огнодишни, а в уста
    стегајќи остар јатаган.

    Од двете оружја се слушна пукање, и сетне
    два куршума со пискот зол
    излетаа, барајќи месо: едниот го сретна и Кузман сети силен бол

    во рамото, кај одлево клучницата со зглобот
    лопатниот го крепи дел;
    а другиот во правта закачи,
    свирејќи злобно но без да сретне жива цел.

    И Кузман горчлив насмев сал на својот враг му прати.
    Се исправи на коњот жив,
    та дур на Махмуд му се здаде јатаган да фати
    - Испреварен, му зајде здив...

  • ПЕТТА ПЕСНА

    Ја крена Кузман сабјата па одлево и кратко
    ја замавна врз врагот клет
    на она место кај што гордо гркланот на вратот
    над телото се подал сет.

    Не се спротивстави коскената и јака маса
    на секот, што во овој миг
    до мишката, делејќи меса, сосема лесно стаса,
    и Махмуд пушти грозен крик.

    Да, така дрвар лесно сече в гора гранка здрава
    од дабот толку силен, стар.
    И прво падна раката со таа руса глава
    на мојот храбер господар.

    А потем падна и се урна снагата му цела
    врз оној грозен, крвав куп.
    И бликаше на земјата во струи крвта врела
    од уште топлиот му труп.

    Григор ПРЛИЧЕВ, автор

    Продолжува


    ****************************

ВИДЕО ЗАПИСИ

Kind regards : 06 август 2017 година

Sotir Grozdanovski broj 87