КАКО ДО ЗАЕДНИЧКА ИСТОРИЈА

****************************

Гоце Делчев

КАДЕ БЕА БУГАРИТЕ

НА 2 АВГУСТ 338 ПРЕД НОВАТА ЕРА

ПА ДА ИМАМЕ ЗАЕДНИЧКА ИСТОРИЈА?

*************

ХЕРОНЕЈА - МЕЧКИН КАМЕН

 

"Додека моето рамо држи пушка, Бугарин во Македонија нема да владее"

 

Гоце ДЕЛЧЕВ

 

Втори август е,  најголемиот македонски национален празник не само затоа што е верски празник Св. Илија, туку најповеќе  затоа, зошто е темел на нашето постоење, како Македонци но  и затоа што е темел и на нашата современа држава, Република Македонија. Реков така, зошто не сум пронашол други датум во историјата на македонскиот народ поважен и повеличенствен од него.

 

Но, дозволете ми да направам поврзница на битката кај Херонеја со битката на Мечкин камен, па после да донесеме и заклучок за насловот, на мојов скромен текст.

Па, да почнеме.

На денешен ден, точно пред 2355 години кај Херонеја, во Беотија, денешна Грција, се одиграла крвавата и најголемата битка помеѓу Македонското кралство под водство на Филип II Македонски и здружените сили, на грчката коалиција. Таму Македонците и Тесалијците под командата на Филип ( со 32.000 војска наспрам 30.000 до 35.000) до темел ги поразиле овие здружени  сили на Атина и на Теба и ја зацврстиле хегемонијата над Грција.

Битката се водела по класичните принципи на војување, фалангата на Атина и нејзиниот сојузник, Теба, наспротив македонската фаланга на Филип. Атињаните биле на левото крило, а Тебанците на десното (со важниот Свет баталјон) најдесно. Атињаните и Тебанците биле сместени до центарот на борбената линија.

Кај Македонците пак, Филип го командувал десното крило, додека осумнаесетгодишниот негов син Александар, го командувал левото, иако надгледуван од најдобрите команданти на кралот. Славните коњички придружници биле сместени позади македонската борбена линија.

Античките извори велат дека двете страни жестоко се бореле долго време. Филип намерно ги повлекол неговите трупи на десното крило за да ги пробие грчките линии. Александар бил прв што ги разбил тебанските линии, проследен од храбар баталјон (веројатно роднини и пријатели); откако го видел ова, Филип се заложил да нападне со сет бес, а Атињаните - страствени, но неувежбани - не можеле да им се спротивстават на македонските ветерани. Со повлекувањето на Атињаните, Тебанците останале да се борат сами и биле поразени. Од славните 300 членови на Светиот тебански баталјон, 254 загинале, додека 46 биле ранети и заробени.

Грчките полиси биле поразени и подпаднале под македонска власт, но немале статус на робови и не плаќале данок. По општиот мир од зимата 338/7 г.п.н.е., на Грците им била дозволена слобода и автономија, но сепак била ограничена. Со наметнатите, од Филип II Македонски обврски, им било забрането:

* насилно менување на уредувањето,

* нова прераспределба на земјата,

* отпишување на долговите,

* ослободување на робовите,

* терање на политичките противници,

* конфискација на имотите,

* враќање на политичките бегалци,

* стапување во служба на други држави,

* здружување во сојузи,

* меѓусебни борби,

* мачење на робови.

Со склучениот мир по битката кај Херонеја, Филип II Македонски иако воено не ги окупирал (освен поставените четири воени бази околу островот Евбеја), сепак остварил негово мешање во внатрешните работи на полисите и приватната сопственост на нивните граѓани, а со тоа и нивна подредена положба, во однос на Македонците.

Заедничка историја со Бугарите и ден денешен немаме остварено по тој основ, зошто од нив немаше ни спомен, а камо ли помош, па да ја славиме битката кај Херонеја.

Илинденското востание од 1903 година е проект на Македонците од цела Македонија која, во тие времиња, беше во составот на Турската империја. Улогата на Бугарите ,пак, се состоеше во  саботирање. Да се инфилтрираат во редовите на македонските револуцонерни построиби и совети и да ги насочуваат нивните одлуки и воени дејствија, спрема своите егоистички цели; да ги ослабнат борбените способности на македонските револуционери, но и на турската армија, како би полесно навлегле во македонските простори и постанале "сопственици" на Македонија. Тоа го правеа во заедница и со своите подоцнежни сојузници, Грците и Србите, во Балканските воини за времето на безмилосното распарчување на Македонија и асимилирање на македонскиот народ. Бугарските прикаски за братската помош на македонскиот народ за ослободување и стварање на негова национална држава, не држат вода.   Точно е дека Македонците активно и братски учествувале во борбите за нивно ослободување и стварање на националните држави и на Бугарите и на Грците и на државата на Србите верувајќи во нивната искреност и помош дека ќе ја добијат, кога и ним ќе им затреба братска рака. Но, знаеме што се случи и што се случува и во денешни дни.

По оваа основа, Бугарите треба само да се срамат, а не да не сметаат за дел од бугарскиот народ, а Македонија за своја втора бугарска држава. А што да речеме за битката на Мечкин Камен и искасапените борци од десетилјадната турска армија, нив 370  храбри момчиња, на чело со македонскиот херој од влашко потекло, Питу Гули? Што да речеме за нечесноста на Бугарите кои им ветија стоилјадна војска како потпора во борбата со надмоќната турска војска,  вооружена со најмодерно оружје за тие времиња, а никако да ја видат околу себе, па и  на Мечкин Камен, кога започна крвавата и нерамна борба за слобода и македонска државност? Во борба за одбрана на Крушевската Република? Заслужуваат ли тие македонски момчиња, растргнати од турските топови на секаде по Мечкин Камен да ги имаат нив за посетители на овој ден, на најсветлиот македонски национален празник кои со срамната Декларација за добрососедски односи со Бугарија пробаа да им ја украдат чесната борба за слобода и македонска и само македонска, а не заедничка државност? 

Заедничка историја Бугарите можат да си имаат само со своите истонародници, Татарите, а не со нас, Македонците.

Во втората светска војна, имаше Бугари, ама беа на страната на фашистичка Германија, Италија и Албанија и како окупатори на Македонија, убиваа невини луѓе и деца , жени силуваа, палеа куќи и цели села и населби низ Македонија, барајќи "шумкари". Ако по таа основа сметаат дека имаме заедничка историја, нека им биде. Тогаш ајде заеднички да ги прославуваме тие настани и да им дозволиме прво да им се поклонат на сите убиени, обесени, силувани, влечкани полумртви партизани низ улиците на нашите села, да им се извинат на македонскиот народ за сите злосторства и т.н.т. Да престанат да ни го оспоруваат македонскиот наш мајчин јазик, македонската нација, да им ги признаат правата на Македонците во Пиринска Македонија, па потоа да седнеме и да разговараме за добрососедски и пријателски односи. 

Мислам дека тоа би бил патот на таквите односи и без писани документи, каква е Декларацијата на Заев и Борисов, без срам и намус потписана во Скопје вчера, на 1 август во 13:00 часот оваа 2017 година.

 

Пишува ваш Сотир Гроздановски, 

 делумни извор  текстот во Википедија

од нашата историчарка, Наде Проева

Цар САМУИЛ

***************************

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА

ИСТОРИЈА НА

МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ 34

************

5.  Карактерот и идентитетот на Самуиловата држава

 

Дебатата во историографијата, која продуцира спротивставени теории околу етнитетот на комесот Никола и неговите синови, во отсуство на конкретна изворна поткрепа, генерално се сведува на нивното ерменско, бугарско или македонско потекло. Брзото прифаќање на комитопулите од страна на населението и територијалниот опсег на востанието упатуваат на нивното веројатно потекло од Македонија, поконкретно од поранешната склавинија Берзитија, каде што било концентрирано и јадрото на новата држава. Камениот натпис на кој е наведен  царот Јован Владислав, откриен во Битола (1956 г.), останува единствениот изворен податок за наводната етничка самоидентификација на припадниците на семејството  на комитопулите. Меѓутоа, невообичаеното апострофирање на Владиславото потекло  "од бугарскиот род", содржано во натписот, што е несвојствено за тогашните прилики, внесува силен скептицизам за неговата изворна веродостојност. До толку повеќе, што ваквата етничка самоидентификација не е присутна во ниту еден  друг извор од времето на егзистенцијата на македонската држава, што не е практика и во други балкански држави. Дури и ако се изземе веројатниот фалсификуван карактер на натписот, текстот повеќе би упатувал на индивидуалното поимање на Јован Владислав во контекст на узурпацијата на власта во македонската држава и несогласувањето со македонската елита. Тоа никако не може да се поврзе со етничката идентификација на државата и населението.

Идентитетот на владателите воопшто не бил клучниот фактор што го мобилизирал населението во средновековна Македонија. Уште повеќе, етничкиот идентитет на самите владатели не го подразбирал и истоветниот етнички карактер на државата и на населението со кои управувале, што важело и а сите средновековни држави. Притоа, треба да се има предвид и различното сваќање на етнитетот во средновековието, од аспект  на современите теории за поимањето на нациите. Во секој случај, за мобилизацијата на македонското население биле пресудни културната и социјалната репрезентација на нивните интереси и традиции, како и слободното религиско изразување што го артикулирала новата политичка и црковна елита во Македонија. Несомнено посебниот процес на креирање на етничкиот идентитет, втемелен на интегрирањето на македонските и словенските традиции присутни во просторот на Македониј во текот на повеќе векови, кој бил силно инспириран од античкото минато и од Климентовата дејност, својот финален исход го имал во формирањето на независната македонска држава во средината на X век. 

Диференцијацијата на политичките и културните процеси во Македонија и во Бугарија била манифестирана, меѓу другото, со негувањето на кирилометодиевските традиции во Охридската книжевна школа и низ доследната примена на глаголицата во македонската држава и во книжевната дејност. Тоа го потврдуваат зачуваните глаголски ракописи составени во Македонија во текот на X - XI век, познати како Асеманово евангелие, Зографско евангелие, Македонски глаголски листови, Охридски глаголски листови, Маринско евангелие, Клоцов зборник, Синајски псалтир и евхологиј и др. Дополнителен индикатор за диференцијалните процеси во Македонија е толерантниот однос на македонската елита спрема богомилите, компариран со предходниот третман на бугарската власт.

Посебноста на политичките и културните процеси во Македонија, сепак, не била регистрирана од византиските автори, но тоа не се должело единствено на отсуството на нивниот интерес за конкретна елаборација и сознание за етнитетите на Балканот. Оспорувањето на легитимитетот на новата држава создадена во Македонија од страна на Византија директно се рефлектирало врз отсуството на македонска терминологија при идентификацијата на државата и населението во византиските извори. Наместо тоа, византиските автори, следејќи ја политиката и идеологијата на Византија од XI век, продолжиле да ги употребуваат термините "Бугарија" и "Бугари" при идентификацијата на новата држава, иако таа била заснована на просторот на Македонија и се темелела на сосема различни културно-историски традиции. Етнитетската и топографската замена на имињата Македонија и Македонци со бугарска терминологија се должела на низа заемно обусловени фактори. Првата изворна  идентитетска конфузија настапила во самиот почеток на IX век, кога Византија ја именувала новата тема формирана во западна Тракија како Македонија, иако таа немала ништо заедничко со историската и етничката територија на Македонија. Иако на овој начин Византија симболично ги најавила плановите за реставрирање на власта во Македонија, административниот термин за истоимената тема се етаблирал во византиската документација.

Клучната причина за одржување на една ваква нелогична состојба се должела на фактот што од темата Македонија потекнувала византиската императорска династија, основана 867 г. од Василиј I (867-886). Kако директна последица од тоа, терминот Македонци бил интегриран како идентитетско име на византиската династија од времето на Василиј I, koe ги придружувало и самите имиња на императорите. 

Етаблирањето на византиската динаситја, која станала препознатлива како македонска, а нејзините императори како Македонци, хронолошки кореспондирало со клучниот период од културната, духовната и социјалната мобилизација во Македонија, која резултирала со создавање на новата македонска држава. Тоа придонело процесот на креирање на посебниот етнички идентитет, асоциран со територијата на Македонија, да остане нерегистриран во изворните сведоштва и механички да биде интерпретиран со бугарска терминологија.

Ваквата воспоставена практика била комплементарна со византиската политичка идеологија, заснована со оспорувањето на легитимитетот на новата македонска држава. Сето тоа ги навело византиските автори во своите перцепции Македонците, какои и сите жители во македонската држава, да ги идентификуваат со терминот "Бугари", што било резултат од византиската политичка квалификација на главните непријатели, кои дотогаш биле лоцирани во бугарската држава, иако истата била ликвидирана во 971 г.

Ваквата состојба може мошне јасно да се воочи преку анализата на текстовите на византиските автори од периодот меѓу X - XII век, меѓу кои се и Јован Скилица, Јован Геометар, Лав Ѓакон, каде што напоредно се употребува и терминот Македонија во географска и етничка конотација, но кој исклучиво се користи за дефинирање на македонските територии под византиска власт. Во конструкцијата на византиските автори "Бугарија" била делот контролиран од новите непријатели идентификувани како "Бугари" или "Мизи" наспроти делот од Македонија кој бил под византиска власт, a кој внимателно бил идентификуван со вистинската географска и етничка македонска терминологија. 

Во услови на монополизирање на името Македонци од византиската династија и администрација, Македонците, во рамките на новата држава формирана во Македонија во средината на X век, едноставно биле лишени од етничката идентификација од надворешните авторитети. Тоа не се однесувало на македонските територии во пошироката околина на Тесалоника што биле под византиска власт. Темата Македонија, како место на потекло на византиската династија, исто така продолжила да биде именувана со соодветната административна терминологија. За делот што претставувал јадро на новата македонска држава и што гравитирал околу Охрид и Преспа, во традиционалната византиска историографија продолжиле да се употребуваат топонимите и етнонимите "Бугарија" и "Бугари". Од тоа произлегува дека силниот антагонизам помеѓу  Василиј и Самуил имал многу подлабока политичка и идеолошка димензија, заснована и на правото на користење на македонската идентификација и традиции.

Концентрацијата на судирот околу главниот македонски град Тесалоника дополнително упатува на ваквата тенденција. Оттаму, не изненадува фактот што по ликвидирањето на македонската држава (1018 г.) продолжила востановената византиска апликација на терминот "Бугари" при дефинирањето на македонските територии околу Охрид, Преспа и Скопје, опфатени во рамките на новата воено-административна единица именувана како "Бугарија", а не вистинските бугарски земји околу Преслав и Плиска, како и од Подунавјето. 

По 1018 г. терминот "Бугарија" бил поширок употребуван во црковно-административен контекст, што било комплементарно на политичко-идеолошката концепција на Византија, преку Охридската архиепископија да го легитимира влијанието на поширокиот простор на Балканот. Ваквата воспоставена византиска изворна традиција продолжила да се практикува и во периодот на Комненската династија (1081-1185), а се одразила и во источните извори. Тоа најилустративно е прикажано со придодавањето на епитетот "Бугароубиец" на императорот Василиј II Македонецот во изворите на крајот на XII век, што воедно било поврзано со тенденцијата за инспирирање на византиската аристократија во контекст на походите на Балканот и за справувањето со новоформираната бугарска држава во 1185 г. Севкупно гледано, владеењето на македонската императорска династија со Византија (867-1056) резултирало со вештачко изместување на топонимите и етнонимите поврзани со "Бугарија" и "Македонија", што воопшто не ја одразувале реалната географско-историска, а уште помалку етничка идентификација на Македонија и на Македонците. Ваквата византиска изворна перцепција воопшто не го доведува  во прашање различниот идентитетски процес што се одвивал во Македонија, туку само го потврдува. На тоа упатува фактот што во византиските изворни сведоштва напоредно се употребуваат термините Македонија и Македонци и во географска и во етничка конотација во која, според веќе востановената политичко-идеолошка конструкција на Византија, генерално била ограничена на Тесалоника и пошироката околина.

Ваквото поимање најилустративно е содржано во писмата на Теофилакт Охридски, кој прави јасна дистинкција помеѓу архиепископувањето во  "варварската земја" Македонија, за која го употребува терминот "Бугарија", со "областите на нашата Македонија". Изворната терминолошка конфузија постепено била надмината по кризата на Византија во текот на  XIII - XIV век, кога реалната идентификација на Македонија нашла одраз кај авторитетните византиски историографи Никифор Грегора и Јован Кантакузин. 

Што се однесува до напорите за легитимирањето на државноста може да се забележи дека Самуил не претендирал директно да се поврзе со бугарските традиции, туку етаблирањето на новата држава го темелел врз македонските традиции. На тоа упатува концентрацијата на неговата политичка и црковна дејност во Македонија, што коиндицирало со античките македонски традиции испреплетени со културните и духовните традиции од Климентовата дејност, тенденцијата за освојување на главниот македонски град Тесалоника, како и приклонувањето кон Рим во напорите за легитимирањето на државата и црквата. Востановената традиција кај Римското папство во текот на XII - XIII  век, со консекутивното наведување на Самуил, заедно со бугарскиот цар Петар, како востоличени цареви, воопшто не имплицира дека Самуил се повикувал на бугарските традиции за да го обезбеди легитимитетот на царската круна. Тоа всушност го правела Римската црква, која претендирала да го обнови сопственото црковно влијание на Балканот, користејќи го интересот на новата бугарска држава за нејзино маѓународно легитимирање  во XII и во XIII век, кога македонската држава повеќе не постоела.

Ваквата политика на Рим несомнено произлегувала од тенденцијата за воспоставување противтежа на Византија и на Охридската архиепископија. Дека во Македонија се етаблирала самостојна владејачка династија, независна од бугарските традиции, упатуваат и изворните сведоштва од XI век кои покажуваат дека лидерите на ослободителните движенија против византиската власт, концентрирани во Македонија, својот легитимитет кај народот го црпеле од нивната директна поврзаност со Самуиловата "царска лоза". Оттаму, директен резултат од создавањето на средновековната држава во Македонија било заокружувањето на посебните културно -историски процеси што се одвивале во продолжение на повеќе векови на македонскиот простор, кои резултирале со генерациско интегрирање на македонските и словенските традиции во единствен етнички идентитет, со колективен македонски именител, асоциран со територијата на Македонија, а репрезентиран од новата царска династија, политичка и црковна елита.

 

Продолжува

Никос Захаријадис

 

 ************************

МАКЕДОНЦИТЕ И

ГРАЃАНСКАТА

ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

1945 - 1949

ДЕЛ 09

Пишува: Наум ПЕЈОВ

 

 

Уништувачкиот терор не се спречува со

"политичка борба"

 

 

 Времето беше судбоносно и тоа секој член на Партијата, член на ЕАМ или симпатизер, учесник во движењето на отпорот, добро го чувствуваше. Го чувствуваше затоа, што ударот на уништувачкиот терор му висеше над главата како Дамклов меч. И затоа беше готов да се спротивстави - обичниот член, масите и средниот кадар, кои јасно увидуваше дека со "политичка борба" не можат да се спротивстават на уништувачкиот терор. Но тоа нивно убедување, неопходен револуционерен елемен за едно востание, го убиваше раководството на КПГ со својот став. Масите беа свесни за големината на своите сили, ако се заземеше курс за одбрана со сите средства, за организирање на вооружен отпор во земјата.

За потврда на горното, карактеристични се  уште некои од оценките и ставовите изнесени на XII Пленум на ЦК КПГ од 25-27 јуни 1945 година, оценките и ставовите донесени на VII Конгрес на Партијата одржан во октомври 1945 година и нешто од активноста на раководството на КПГ во текот на 1945 година спротивно на десницата која во текот на 1945 година усилено работеше на консолидирање на својата власт.

Пред враќањето на Никос Захаријадис од прогонство (Захаријадис, генерален секретар на КПГ уапсен уште од Метаксовата полиција во време на Втората светска војна, по окупацијата на Грција беше предаден на Германците и одведен во логорот Дахау во Германија) беше одржан XI Пленум на КПГ, на кој е направен осврт на НОД во Грција, но небеше направена сериозна анализа на грешките кои доведоа до поразот на движењето. XI Пленум беше одржан во почетокот на 1945 година, кога Захаријадис не беше уште ослободен. Целото членство очекуваше дека враќањето на Захаријадис ќе има решително влијание за исправување на грешките, осудување на дотогашните грешки ит.н.т. Меѓутоа, на XII Пленум не беше дадена сериозна анализа на тие недостатоци во движењето кои доведоа до победата на десницата, туку под едно подзаглавие "што е вината" во рефератот на XII Плениум за развојот на НОД се вели:

"...Но тогаш во што е вината?

Со ова прашање доаѓаме до јазелот. Да ја земеме конкретната стварност во Грција во годините на окупацијата. Во внатрешноста, всушност, владееше ЕАМ кој решително војуваше со окупаторот. ЕАМ го собираше мнозинството, решително мнозинство од народот. Другите групи, како ЕДЕС, по однос на своето влијание во масите играа второстепена улога. Политички беа изолирани од народот. Во странство беше Глигзбург и неговата влада што ја претставуваа, како и самите велеа Грција, но без никаква врска со ослободителното движење и нацијата што се бореше. Бившите политичари, всушност, се движеа во дворот на владата во бегалство во Каиро или во границите што им ги допушташе окупаторот, во земјата, каде соработуваа со него предавајќи ги врвните интереси или имаа став на очекување и двоумење.

Напорите што беа направени за да се оствари единството помеѓу ЕАМ и владата во Каиро, завршија со договорот во Либан и ЕАМ зеде учество во владата. Се создаваа, всушност, све власти: власта на ЕАМ на чело со ПЕЕА која фактички е вистинска влада, затоа што таа ја имаше силата и власта во Грција и "власта" на емигрантската влада во Каиро, во која учествуваше и ЕАМ, чија сила беше минимална. Особено по бунтот на војската на Средниот Исток, што имаше за резултат, речиси, потполно растурање на вооружените сили во странство.

Согласно овој внатрешно-грчки однос на силите, проблемот на власта во Грција во суштина беше решен, ако во играта учествуваа само грчки фактори, грчки сили. И навистина, кога со напредувањето на Црвената Армија на Балканот и ударите на ЕЛАС, внатре во Грција, Германците почнаа да се повлекуваат и да бегаат подгонети, власта преминуваше автоматски, природно во рацете на ЕАМ. Штом вака стоеја работите, грчкиот внатрешен проблем ќе беше решен поскоро, полесно, понародно и подемократски од која и да е друга земја во Европа што се ослободија, без, дури да има потреба ниту еден странец да стапи во Грција. И со враќањето на владата (од Каиро) од странство, пак фактички не би се изменило ништо. Ќе требаше да се изврши реорганизација на владата, која би била вистински одраз на волјата на нацијата. Дури да останеше и таква како што беше дошла, ќе требаше во рок од 2-3 месеци да се одржат избори и така ќе можеше целосно да се реши внатрешниот проблем. Во Грција имаше ред, имаше полиција, имаше народна армија, дисциплинирана и силна, испробана, победоносна, со создаден кадар и добро вооружување. Во рок од 3-4 месеци таа војска ќе можеше да ги удвостручи и утростручи своите сили".

"Тогаш во што беше вината, та работите се развија токму обратно? Напразно се мачат оние кои сакаат да ги откријат причините во малите грешки и линијата во Народно ослободителното движење. Такви грешки се неизбежни во една таква голема, широка и оригинална усилба. Но тоа не повлијае врз апсолутно правилната основна линија. Како што е нагласено и погоре, ЕАМ во основа од почетокот до крајот на окупацијата застана на правилниот пат. Тука ништо не е грешно. Ниту Либан е виновен. Затоа што, иако не постоеше или ако беше полош, договорот на хартија, не ќе можеше да измени ништо суштествено во тоа време во дадениот однос на силите внатре во земјата. Во што, тогаш, беше вината".

Се запрашува, на крајот, Никос Захаријадис и откако говори за тешката задача на ЕАМ, "правилно да го постави движењето во меѓународните рамки", го дава следниов одговор:

"Да се обидеме сега да ја поставиме Грција во меѓународните рамки. Економски и политички Грција значително зависи од странскиот капитал, всушност од англискиот капитал. Економско-географски, следователно и политички му припаѓа на Балканот и Европа и не може да живее и да се развива надвор од таа нејзина природна средина. Природна, дека економската содржина Грција ја наоѓа во Балканот и Европа. Не може да остане туѓа и без влијание од економско-политичките и општествени преобразби на Балканот и Европа. Ако сака да го стори тоа, ќе биде неприродно и ќе има за последица изолација од природниот потпир, со сите економско-политички последици и денеска, кога на Балканот дува ветерот на републиката и во југоисточна Европа се манифестира живо и творечки влијанието на големата социјалистичка република од север, една таква изолација ќе ја наведеше Грција на сериозни сплетки, опасности и опаѓање. Но до овде не завршува поставувањето на Грција во денешните меѓународни рамки. Нашата земја се протега во Средоземјето, речиси, до африканските крајбрежја и владее во западниот дел на источното Средоземје на патот што ја сврзува Англија со мосулскиот петролеј, Суец и Индија и понатаму со Кина и Пацификот. Стоиме на една од стратегиските невралгични и значајни точки, на една од најосетливите сообраќајни артерии на Британската империја.

Додека постој Англиската империја, ќе постој и оваа артерија и Англија ќе чини се' што е во нејзина моќ да ја држи. За оваа артерија војуваше двапати - 1914 и 1939 година; затоа што таа претставува столб на нејзината светска зграда. На еден пршлен од тој столб стоиме ние. Ако им го одземеме, ќе се урне целата зграда. Оваа проста работа не треба да ја заборавиме никогаш, а покрај тоа, да не заборавиме дека се' уште, во основа, зависиме економски и политички, од англискиот капитал".

 Продолжува

 

 

 

 

Григор ПРЛИЧЕВ

***********

ОД МАКЕДОНСКОТО

ПОЕТСКО

ТВОРЕШТВО

************************

Григор ПРЛИЧЕВ

"СЕРДАРОТ"

 

Григор прличев е роден во Охрид, во сиромашно семејство, 1830/31, а починал во 1893 година. Татко му починал кога тој бил шестмесечно бебе, па грижата за семејството паднала врз мајка му. Неговиот дедо го научил да чита уште на четиригодишна возраст, од некој стар грчки буквар. Мајка му и сестра му аргатувале по куќи, а тој продавал јајца, им давал часови на богаташките деца и препишувал книги.

Освен овие податоци, во својата "Автобиографија " Прличев го опишува и основното училиште и тогашните учители, како и доаѓањето на Димитар Миладинов за учител на кого "мед му течело од устата", кога зборувал.

1850 година се запишал на Медицинскиот факултет во Атина, кој никогаш него завршил, но тогаш за прв пат дознал за конкурсот за поема. По 10 години се вратил во Атина, да ги продолжи студиите, а всушност да се пријави на конкурсот.

Со поемата "Сердарот", ("O Armatolos"), Прличев го освоил првото место - ловоровиот венец, паричната награда и бил прогласен за втор Хомер (1860). Во наградата спаѓало и стидирање во Берлин или Оксфорд, но таа награда можел да ја добие само ако се откаже од се' словенско во него - и тој ја одбил.

Следната година повторно се пријавил на конкурсот со поемата "Скендер-бег", но таа година, по некој случај, конкурсот не се одржал. 

Григор Прличев своите последни години од животот ги поминал во родниот град, Охрид, речиси сосема осамен и разочаран.

  • "СЕРДАРОТ"

    -"Пуштајќи го денес изутрина на волја гласот
    чета од стомина сврати
    Во Стан. Но да дадеше бог да не тропнеше
    часот смрт што на сите им прати.

    Зар некаков демон кон пропаста стрмна не турна
    Браќата мои под ридон
    ко рибите насуво тогаш во борбата бурна,
    да се прпелкаат видов.

    И мајка над синот и жена над мажот ќе кука,
    ќе го оплакува мрачно...
    А ние, од бачило што се наоѓаше тука,
    грабнавме овнови алчно.

    Се спуштија други во Стан; и по куќите, вични,
    бараа пченични лебој, Доведоа оттаму десет ергенчиња лични:
    некој да служи ни требал!

    Но господ на робјето виде од вишното небо
    колкав е нивниот ужас,
    и нададе уши стенчивиот глас да го слушне
    - плачот на тие што служат.

    Ко камшик од бога одненадеж Кузман се јави;
    намислил ужаси бојни...
    Дружината вешто ги одра, а потем ги стави
    на ражен бравите гојни.

    А крвта се впиваше каде што капеше вземи.
    Подоцна - судбина била!
    - на истата земја, во црвени порои темни
    крв да се пролее - силна.

    Од окото божје на кривдата чедата неми
    ни да се затскријат каде...
    Запаливме огнови. Над нив дружината
    спрема овнови десет да кладе.

    Штом сеизедливиот оган ги испече добро,
    откако жарот се згаси,
    под дебели сенки другжината наша се собра:
    песната долго се гласи.

    Врз месото, како брзокрили јастреби, ние
    се изнафрливме гладни.
    Штом некој од жедност посакаше вода да пие
    - служеа децата страдни.

    И кога се насити секој, со децата смеа
    почна: плапотеше сешто.
    Од сегде претерани смеите војнички беа;
    кобеа тие на нешто.

    Да, солзите на навредените целата утрин
    кобеа лошо над моите
    Ко трендафил алов црвенеа децата кутри:
    остро ги укорив своите.

    Но незапирливите млади не разбраа тогај
    старецот зошто им зборел,
    бидејќи одмаздата пратена над нас од бога
    висела веќе од горе.

    Блескавото сонце се беше искренало право
    над нас на небото. Вбесен,
    одненадеж среде виковите диви се јави
    коњик со јунаци десет.

    Албанецот, решија, злочинот да им го плати.
    Кузман ги запре со глава:
    им влеа тој храброст и веднашка гласник ни прати
    - в борба не викаше. Страва

    не минеше од нас. Од смртта исплашени тогај
    зедовме оружје в рака.
    Чувствуваме дека ни мрзнеше крвта... Па кога
    Кузман сред јарост и мака

  • ЧЕТВРТА ПЕСНА

    се провикна:: ..."Бидете смели, о деца - на Река!
    Нечесност не ќе не плаши.
    Спомнете си кој ви навредувал земја и нека
    срцата охрабрат ваши!

    И, ако со виното вдовица вашата силна
    жед ја загасила медно,
    а ако ви бацило рака со насмевка милна
    сираче нејако, бедно,

    ил ако во гозби сте имале почесно место
    - кое е гордост, би рекол -
    и ако здравицата вам ви се здравила често:
    здравје ви посакал секој -

    па, да се присетиме ние за тоа и нека
    да се покажеме смели!
    Да не речат дека сме туѓи на честа и дека
    фалби се нашите цели.

    На јуриш! Судбината ние во скутот на бога
    скриена, иста и сретна!"...
    - Тој викна и разбуди смелост кај сите; и тогај
    виорно коњикот летна,

    држејќи во рацете сабја дамаскалија, лута
    двеостра сабја од челик.
    Со викот и галоп го следеа коњот на Кузман
    десетте јунаци смели.

    Се спуштија како вихрогона далга во бојот;
    дишеа лутина страшна.
    А Гегите паѓаа и го оставаа својот
    врел труп на земјата прашна.

    Но борбата нерамна беше, и - како што бива -
    дадоа и тие жртви. Та не беа челични!
    И нив ги родила жива
    жена, и паѓаа мртви.

    А тогаш ја зеде врз грбот тежината сета
    син ти неизмерно сакан.
    Ко сторачен гигант сам против албанската чета
    беше се испречил така.

    Се носеше коњот по желба на силниот вјавач,
    виткав ко змија на оган; пробиваше пат, спасувајќи на херојот глава
    - зашто го сакаше многу.

    Го тераше коњот ко молња и без да го запре.
    Погледот ровја му беше,
    а ударот гигантски задаван назад и напред
    - смрт за Албанецот грешен.

    Штом опасност видеше Кузман од негде, тој тешко
    мавташе оружје ледно.
    Во погледот - острина. Од нас, пак, потече жешко
    крвта пролеана бедно.

    Со ноздри раширени 'ржеше коњот во пена
    - другар во триумфот жнеан;
    тој гордо ги газеше телата бедни што стенат...
    Тажни стоновите беа.

    Пред очите наши, затрепкани в уплав, тој беше
    демон што сечеше тела;
    на одмазда гласник да казнува секогаш решен
    насилни, пљачкашки дела.

    На смртен тој никако веќе не личеше среде
    оние борбени часои.
    Под сабјата негова паѓаше Албанец беден
    - како под српови класои.
    ***********

    Григор ПРЛИЧЕВ, автор

    Продолжува

Kind regards : 02 август 2017 година

Sotir Grozdanovski broj 86

ВИДЕО ЗАПИСИ