НЕ НИ СЕ ПОТРЕБНИ ТУЃИ ИСТОРИИ ИМАМЕ СВОЈА - МАКЕДОНСКА

*******************************************

Дарко ЈАНЕВСКИ

 

ОД МАКЕДОНЦИ

СТАНАВМЕ "ЗАЕДНИЧКИ"

 Пишува: Дарко Јаневски

********

Кога со некој друг народ истовремено си бил под окупација, тоа значело дека имаш заедничка историја. Отприлика така гласи едно од објаснувањата за еден од спорните елементи во Договорот меѓу Бугарија и Македонија.

 

Па ако е то така, значи дека ние имаме заедничка историја и со Грците од почетокот на османлиската окупација до 1832 година, кога завршува грчката војна за независност, со Србите и Бугарите до 1878 година, а со Албанците до прогласувањето на нивната независност во 1912 година. Но согласно ова, имаме заедничка историја и со, на пример, Норвешка во  текот на Втората светска војна, бидејќи исто така сме имале заеднички окупатор - Германија.

Можеме да одиме и до антиката, па во тој случај имаме заедничка историја со сите оние кои во времето на Исус Христос биле под римска окупација, па оттука, изгледа дека бројот на држави со кои ќе треба да ја усогласуваме нашата историј не завршува со Бугарија, туку, токму тука почнува. Во секој случај, по Бугарија, следна на ред ќе биде Грција, која едвам го чека потписот на Заев на договорот со Борисов. Па допрва ќе се смееме кога, на пример, за костурскиот митрополит Германос Катавангелис или за неговиот пулен Павлос Мелас кој во Македонија ни чаша вода неможел да добие, ќе треба да учиме како за ослободители на Македонија во почетокот на 20-тиот век, но не од Османлиите туку од комитите како Васил Чакаларов, Лазар Поп Трајков или Митре Влавот. Се разбира, тогаш ќе оди полесно бидејќи, што би рекол оној шутрак кој од друг шутрак беше поставен за директор на театар, веќе сме отворени три прста, па убиството на 60-тина селани во Загоричани, во 1905 година од страна на грчките чети (баш ме интересира како овој настан е опишан во бугарските учебници) ќе ни изгледа не како злосторство, туку како праведен чин во кој Грците дошле да го ослободат селото од неговите жители - окупатори.

Е сега, можеби ќе одиме малку потешко кога ќе дојдеме до Граѓанската војна во Грција, но евентуално решение тогаш би било да го ангажираме Трифун Костовски како експерт за Егејска Македонија, кој бил не застапувал во заедничката комисија заедно со Грција. Патем, ако Бугарите се ослободиле од Турците во !878 година, тогаш како во теоријата за заедничка историја врз основа на заеднички окупатор влегуваат Илинденското востание или Гоце Делчев кој во годината на бугарската државност имал шест години? Понатаму, дали тоа значи дека заеднички ни е Санстефанскиот договор? А кога сме кај окупаторите и окупираните, што станува со Турција? Таа е членка на НАТО, па може да не блокира ако не ги усогласиме учебниците и со нејзе (како и Албанија). А турската историја го има сето право Гоце Делчев да го третира за обичен "шумкар", поради што, впрочем и го ликвидирала.

Согласно правниот поредок на таа држава, тој бил бунтовник, па така и го третира нивната историја. Нашата, за Делчев има поинаков поглед, зар не? Така, што, само по основ на овој елемент, целиот договор со Бугарија може да се стутка и да се фрли во вода. Два различни народи не можат да имаат заедничка историја. Под услов, се разбира, да се различни. Ако тие два народи се "заеднички", односно ако се едно исто, тогаш веќе е друг муабет.

Вториот елемент кои, демек, двете страни "стручно" и "дипломатски" го обработиле па може да помине е дека, договорот се потпишува на македонски јазик, согласно Уставот на Македонија и на бугарски јазик, согласно на Уставот на Бугарија. И во тоа, ете, немало ништо спорно, оти се споменувал македонскиот јазик. Да, само што проблемот е што гледано од уставен аспект, во еден устав македонскиот јазик за прв пат се споменува на 31 декември 1946 година кога е донесен и првиот Устав на оваа држава. Тоа само по себе значи дека бугарската страна во овој договор успеа да ни протне нешто што македонската не сака да го види - дека таа и на овој начин ја потврдува својата теза оти пред формирањето на НРМ и пред АСНОМ, македонскиот јазик не постоел. Само што овој пат тоа самите ќе си го изгласаме. 

Фактот, што истата формулација е употребена и за бугарскиот јазик не значи ништо и не не става во рамноправна положба во Договорот од едноставна причина - ние за бугарскиот јазик не тврдиме дека е вештачка творба создадена од Блаже Конески  под српско влијание, ниту било кога сме го негирале бугарскиот јазик.

Инаку, како што стојат работите, Србија која што веќе отвори неколку поглавја од преговорите со ЕУ, во ова друштво ќе влезе пред нас (ако ние вооппшто некогаш станеме членка на ЕУ). Така што и оваа земја тогаш ќе се најде во позиција во која сега, спрема нас, се наоѓа Бугарија. И ајде тогаш да го разгледаме евентуалниот договор за добрососедство меѓу Македонија и Србија врз примерот на Мара Бунева (договорот кој ќе ни биде потребен со Албанија веќе беше исцртан во груби црти со Тиранската платформа, а кога ќе треба дополнување, тогаш го имаме тука командант Форина кој ќе го дополни додека педесетина пратеници му пеат песничка, а другите му креваат по две раце). За Србија таа е бандит и терорист, убиец на српски полициски началник Владимир Прелиќ, а за Бугарија таа е борец за слобода на окупираниот бугарски народ во овој дел  од Македонија, од Србија.

Кај нас Македонците, односно безимените, работата малку се комплицира бидејќи сме поделени на два дела: за дел  од нас таа е само борец против српскиот режим, а за другиот дел од безимените таа не е ништо, односно не постои. Така што, во овој случај на едно место ќе имаме терористка, револуционерка, Бугарка, Македонка и ништо. 

Многу би сакал да видам која е таа комисија од историчари која ќе го реши овој проблем и потоа ќе напише лекција за учебник која децата ќе можат да ја учат. Но, дотогаш, ние можеби и нема да треба да се мешаме во вакви работи, бидејќи ќе немаме историчари. Зашто ако договорот со Бугарија помине, македонските историчари (од кои голем дел, рака на срце единствени даваат отпор во оваа ситуација),  на чело со оние четворица во МАНУ кои така гласно молчат што се трескавично смешни, ќе можат слободно да си ги изедат диполимте, а историската наука во РМ ќе треба да престане да постои. Оти, не бива, прво да учиш четири години, потоа да магистрираш, па да докторираш, па да минуваш скалила од доцент до редовен професор и на крај, да треба некому, денес од Бугарија, а утре од Грција, да го убедуваш во тоа што бил и за што се борел Гоце Делчев. Освен се разбира доколку ВМРО-ДПМНЕ не почне да одржува двојно повеќе прес конференции од тие во моментов и доколку вака храбро не продолжи да преде како што тоа го прават Никола Попоски, Антонио Милошоски, Илија Димовски (во нетрпеливо очекување сме по ова прашање да биде изложена и на пример раскошната интелигенција на еден Миле Јанакиевски) и да не ги редиме натаму сите храбри комити, војводи и горски началници од оваа партија. Оти кога ВМРО-ДПМНЕ згрмува како што го прави деновиве, тогаш не Пирин, ами и Рила и Олимп се тресат.

Но, се разбира, треба да се има в предвид и дека  новопоставениот Маршал на Македонија Јосип Брос Бејли кажа дека договорот со Бугарија е наш најголем историски чекор за иднината (не е јасно како можеше после тоа и Жбогар да си земе за право да каже некој збор).

Штом е така, тогаш да си застанеме мирно и да си помолчиме. Како на времето. Оти се' друго е непријателска пропаганда.

Кој заборавил, ене му го член 133 од Кривичниот закон на СФРЈ, односно од Кривичниот закон од времето на Маршалот. Но, за тоа деновиве.

Дарко Јаневски, www.dudinka.org

 

 

москва

*********

КОЛУМНА НА ЛИЦЕ

ОД КАБИНЕТОТ НА ХОРХЕ

 

Најнова колумна-анализа, став од кабинетот на Хорхе

од неговите советници, де.

 

Во последната, а делумно и во последната емисија ВО ЦЕНТАР која беше емитувана на Канал 5, кажав, всушност потенцирав, четири работи:

Прво, видовме кој е американскиот агент ТЕСЛА, сега доаѓа периодот кога ќе видиме кој е рускиот агент ТЕСЛА;

Второ, дека и Американците и Русите посакуваа конфликт во Македонија преку избор на нова Влада без добиен мандат;

Трето, дека во немилите настани од 27 април 2017 година учествувале сите, што ќе рече, и Американците и Русите;

Четврто, дека ќе бидете изненадени кога ќе бидат објавени имињата на "дипломатската агентура", односно тие кои беа чекирани по скопските хотели во очекување на 27 април. Што ќе рече, дека 27 април не ни падна од небо, туку на тоа сериозно се работеше. И натоа работеа сите големи и мали сили заинтересирани за нестабилност во Македонија.

Во четвртокот, во Москва беа Стевчо Јакимовски и Иван Стоиљкович - според мене, два од трите или четирите најважни коалициони партнери на ВМРО и Никола Груевски. Имаа средби со блиски луѓе на Путин. Да не се лажеме- тоа е сериозен удар за Груевски. Дури ќе си дозволам да кажам многу посериозен е овој руски удар врз Груевски во споредба со американската операција со реформатори да ја реформираат ВМРО. 

Веројатно, Груевски ќе мора да го одмолчи тоа, бидејќи му се потребни српските  и  гласовите на ГРОМ ако сака да победи на локалните избори во Скопје (според мене ВМРО ќе има поголеми шанси да победи во првиот, отклоку во вториот круг во Скопје - но тоа е друга тема). Не очекувам дека Груевски некогаш ќе им го прости ова на Стевче од ГРОМ и Иван Стоиљковиќ. И не треба, бидејќи овој руски "атомски од лева страна" доаѓа во најкритичниот момент од кариерата на Груевски - кога тој се обидува да ги подобри односите со меѓународната заедница (читај Џес Бејли и Американците) и со албанскиот фактор во РМ. Реално, тоа е многу тежок процес за Груевски, но ниту тој ниту ВМРО немаат друго добро решение- мора по секоја цена да ги подобрат односите со САД и албанскиот фактор. 

Ако сакаат да ја стабилизараат партијата и во догледно време да се вратат на власт.

Во такви услови Русите, преку оваа коалициска двојка, удираат силно по Груевски и инвестираат во стратегијата на Бејли: Да ги донесе на власт СДСМ и ДУИ, како американска политика и стратегија, да се намали руското влијание во Македонија. Ми се чини дека во овј период  Русите работаат многу повеќе против Груевки од Американците. Зошто? Дефинитивно, Русите сакаат ако не конфликт, тогаш барем силна тензичност во Македонија.

Сега веќе и случувањата од 27 април имаат сосема поинаква диоптрија. Можеби случајно на таа средба, пред два дена, во Москва беше еден од лидерите на протестите против Тиранската Платформа.

Да, ВМРО е изорано од Американците, но да не се лажеме, ВМРО е многу повеќе изорано од Русите. Таа коалициска структура веќе подолго време работи на создавање анти американска стратегија, внатре во ВМРО и во патриотскиот камп, користејќи го создадениот анимозитет од делувањето на Бејли.

Ние сега на дело ги гледаме двата модели - американскиот и рускиот. Русите беа цело време тука, сега само решија да се појават. Сега ќе гледаме како Русите преку Софија, Атина и Белград ќе работаат на односите меѓу Македонија и НАТО. Само за тие што не разбираат политика е изненадување рускиот атак врз Груевски.

Русите долго ја посакуваа радикализацијата на Груевски, кога видоа дека тој наместо во радикализација влезе во рационална политика, Русите мораа јавно да ја радикализираат својата улога.

Оваа е првата четвртина. Ќе ги чекаме останатите 75 % од руската стратегија во Македонија.

www.dudinka.org

 

 

 

Ристо НИКОВСКИ

************

ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА Е

ПОНИЖУВАЧКИ ЗА МАКЕДОНИЈА

 

Пишува : Ристо НИКОВСКИ

 

Текстот на договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, кој е веќе усогласен и објавен е срамен, навредлив и понижувачки за Македонија. Просто е неворајатно дека е значително полош дури и од капитулантската декларација од 1999 година, со додатно и сериозно игнорирање на македонизмот.

******

Денес, 27 јули 2017 година добивме дискретна потврда дека и зад овој нов катастрофален пораз за Македонија, повторно стојат САД. Исто како и во 1999 година. Амбасадите на Бугарија и САД во Скопје објавиле заедничко соопштение, со кое го поздравуваат договорот! Зошто имало потреба двете држави заедно да слават ако проектот не е заеднички? Ова е само нов доказ за длабоката американска вклученост во сите наши досегашни четврт вековни голготи. Да потсетиме дека на почетокот на нашите страдања, во 1990-тите, кога започна крајно нелегалната медијација на СБ на ООН околу името, претседателот на САД Клинтон, го одредил Нимиц (од 1994 до 1997 година) да биде негов личен претставник во тој процес?! 

Според која логика и критериуми, претседателот на единствената супер сила требало, директно, да следи еден билатерален проблем? Зарем немал поважни задачи? Тоа неизбежно значи, дека главната намера била и да се влијае. Зошто инаку би се мешал? Заклучокот е само еден - САД имаат директни и важни интереси во и околу Македонија. Тоа е неспорен факт, веќе 25 години.

Затоа:

а) ни го суспендираа името во СБ на ООН;

б) ни ја наметнаа привремената спогодба;

в) ни ја спремија декларацијата со Бугарија во 1999;

г) ја организираа војната во 2001 година;

д) ни го подметнаа Охридскиот рамковен договор;

ѓ) целосно ја променија политиката на НАТО кон Македонија во 2008-та и од отворени врати ни поставија блокада, уцена и ултиматум - прво името потоа членство...

е) го организираа прислушувањето;

Ж) го смислија Пржино...

Дојде редот САД да не докусурат преку договор со Бугарија, со кој дефинитивно ќе се елиминира автохтоноста на македонскиот јазик и ширум ќе се отворат вратите на прекрстување на државата и бришење на македонскиот народ. Со овој договор, меѓународната позиција на македонскиот јазик е дефинитивно уништена. Клучно е, што е тоа направено со наша согласност. Можеме апсолутно да бидеме сигурни дека Софија нема да дозволи никаде во светот (ООН, НАТО, ЕУ, ОБСЕ...) нашиот јазик да се регистрира без додавката - "според Уставот". Македонски јазик ќе нема никаде. На Вашингтон му преостанува само да ја заврши епопејата околу името и народот, започната преку Атина и приказната за македонизмот ќе биде целосно и дефинтивно завршена. И таму, како и околу јазикот со Софија, потребна е наша согласност и на тоа веќе упорно се работи. Македонија покажува дека е спремна да витка 'рбет и да капитулира, а Божидар Димитров и сличните во Софија се' уште не можат да сватат дека кај нас се нашле такви аматери кои тоа ќе го сторат. Очигледно, нашата нова власт е спремна на стратегиски и историски отстапки, жртвувајќи ги фундаменталните интереси на македонскиот народ. Тоа е невидена шанса за сите мршојади, како од соседството така и од Вашингтон и Брисел, да ги задоволат своите апетити. 

Ваков каков што е договорот, е всушност финале на бугарските историски фалсификати.  Со него Софија докажува, а ние прифаќаме дека, корените на Македонците се бугарски. Тој содржи само бугарски интереси, со целосно игнорирање на македонските и е полн со нелогичности и контрадикции.

Ниту еден збор не е во полза на Македонија и Македонците. Текстот е асиметричен индиректно и отворено го игнорира историскиот карактер на македонскиот јазик и неговата автохтоност. Тоа е еден од клучните бугарски интереси во договорот и ако и другите не се за потценување.

Ево ја замката - ако според договорот, нашиот мајчин јазик е според нашиот Устав, како било порано?

КАКО БИЛО ПРЕД 1944 ГОДИНА, ПРЕД СОЗДАВАЊЕТО НА СОВРЕМЕНАТА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА? ТОГАШ СМЕ ИМАЛЕ УСТАВ И СЕГА, СПОРЕД ДОГОВОРОТ, ПРИФАЌАМЕ ДЕКА НЕ СМЕ ИМАЛЕ НИТУ МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК!

Доволно ли е јасно каква глупост ќе потпишеме? Што јазик зборувале нашите дедовци, тие се знале.

1. Во договорот воопшто не се споменува македонскиот народ. За Бугарија таков нема а нашите преговарачи, очигледно, не сакале да провоцираат со нешто што не постој. Да се потпишува договор за пријателство и соработка меѓу две држави, а да се игнорираат термините "бугарски" и "македонски" народ, во најмала рака е надвор од умот. Соработката и пријателството се меѓу народите. Меѓу луѓето а не министарствата, заводите, управите...

2. Ги нема и не се споменуваат ниту малцинствата. Ако постоеше било каков интерес на Македонија за еден ваков договор тој мораше да се сведува на регулирање на позицијата на Македонците во Бугарија. Познато е дека тие не се признати, дека се жестоко асимилирани, дека немаат никакви права и дека се прогонувани заради своите национални чувства. Пресудите на Судот од Стразбург, за регистрација на партијата на Македонците во Бугарија, ОМО ИЛИНДЕН - Пирин, не се почитуваат. Како може да се гради пријателство со Бугарија без да се регулира статусот на тамошните Македонци, кои се' уште се многубројни иако ги има се помалку и помалку? Какво пријателство ќе градиме со некој кој нас не не признава како народ, а нашето малцинство го игнорира на бесрамен начин?

3. Македонија мораше да инсистира Бугарија да се извини и за фашистичката окупација во Втората светска војна, макар на најблаг можен начин. Арно ама, бидејќи нам ни е доделена и послушно ја играме улогата на држава поразена во војна, такво нешто не доаѓа во предвид. Место тоа, ќе го менуваме нивното фашистичко минато во нашите учебници. Зошто инаку би биле бугарски пријатели?

4. Во преамбулата на договорот се вели дека ќе се соработува врз "основа на меѓусебно почитување, доверба, разбирање и заемно почитување на интересите на двете држави". Во Бугарскиот однос кон Македонија нема апсолутно ништо од сето наброено.

5. Во истиот дел, крајно непотребно и како шлаканица за нас звучи нагласувањето на - "фундаменталното значење на Заедничката декларација од 22 февруари 1999 година, во односите меѓу двете земји". 

Се валоризира нешто што претставува флагрантно игнорирање на македонските национални и државни интереси и што, за жал со наша согласност, урнисува еден од двата столба на државата - македонскиот јазик... Така е бидејќи   со тоа Бугарија ни ги врзува рацете за да мораме да се држиме до декларацијата! Професионалци и аматери. Во тоа е проблемот.

6. Овој дел од текстот завршува со класично негирање на македонизмот. Се заклучува дека, договорот ја има предвид "заедничката историја, koja ги поврзува двете држави и нивните народи". Бидејќи историјата е заедничка, бугарска со други зборови, нормално е и да не се споменува "македонскиот народ". Ваква глупост немаше во декларацијата.

7. Веќе објаснивме дека бугарската помош на нашиот пат кон Брисел е крајно маргинална. Тоа и самата Софија го признава. Во член 2 од договорот стои дека Бугарија - "ќе ја подржи Република Македонија за добивање на покана за членство во НАТО согласно соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО". Бидејќи врвот на НАТО ни постави блокада, уцена и ултиматум - прво името, потоа членство, уште во 2008 година, Бугарија и во договорот за пријателство со Македонија ни ја реафирмира својата согласност и подршка на блокадата!

Еееј, какви пријатели имаме! Штом врвот на НАТО ќе реши да не прими, Софија прва ќе аплаудира. Браво!

8. На наша додатна штета, декларацијата е надградена и со член 3 од договорот. Македонија презема обврска дека - "двете договорни страни ќе организираат, со заемна согласност, заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности..." Нема повеќе дали сакаме или не. "Заемна согласност" бидејќи поинаку и не може, ама не треба да биде спорно дека ќе играме по нотите од Софија и заедно ќе славиме. Бугарска историја. 

9. Членот 5, кој е препишан од декларацијата, се однесува на нашата обврска да ги баталиме Македонците во Бугарија. Не дека и без тоа нешто сторивме за нив, ама сега и Собранието ќе мора да потврди, преку ратификацијата, дека Македонци во Бугарија - нема. А ако пак, случајно ги има, тоа е нивна работа и нема врска со нас. Нас и така ќе не прекрстат. Овој член е целосно асиметричен бидејќи таква обврска за Софија- нема. Тие можат непречено да ги освестуваат "Бугарите" во Македонија.

10. За последниот став од договорот, околу нашиот "уставен јазик" веќе доволно кажавме.

11. Бугарската министерка за надворешни работи, Захариева, јасно ни порача - "Скопје треба да одлучи, дали ќе продолжат да бидата изолирани од своите соседи и светот, правејќи се многу големи и важни или сакаат да имаат европски перспективи".

Ова повеќе ми личи на закана, отколку на пријателска порака. Вам?

 

Ристо Никовски

јули 2017 година.  www.dudinka.org

 

Григор Прличев 1830/31 - 1893

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО

ТВОРЕШТВО

**************************

Григор ПРЛИЧЕВ - "СЕРДАРОТ"

 

Григор Прличев е роден во Охрид, во сиромашно семејство, 1830/31 , а починал во 1893 година. Татко му починал кога тој бил шестмесечно бебе, па грижата за семејството паднала врз мајка му. Неговиот дедо го научил да чита уште на четири годишна возраст од некој стар грчки буквар. Мајка му и сестра му аргатувале по куќи, а тој продавал јајца, им давал часови на богаташките деца и препишувал книги.

Освен овие податоци, во својата "Автобиографија", Прличев го опишува и основното училиште и тогашните учители, како и доаѓањето на Димитар Миладинов за учител на кого "мед му течело од устата", кога зборувал.

Григор Прличев, своите последни години од животот ги поминал во родниот град, речиси сосема осамен и разочаран.

  • "СЕРДАРОТ"

    Но одеднаш се слушна надвор како некој стапи
    со еден толку тивок шум:
    четворица натажени Арнаути, без капи,
    по селскиот се движат друм.

    Испотени, мртовецот го носат; и во тремот
    го внесоа тој товат скап,
    а луѓето се собрале крај мртвиот и немо
    приковале свој поглед тап.

    Отсекаде се чуја плачови и пискот силен,
    и чиниш, овој народ клет
    тој час го оплакуваше со својот лелек вилен
    најсвидното на овој свет.

    Крај трупот Кузманов со тага коњот 'ржи;
    и уште крвав беше тој;
    ја копка земјата и лад со гривата му држи
    на стопанот и другар свој.

    И мајката истрчува со стапка трепет полна
    се двоуми, но сал за миг...
    По плачот општ се сети дека веста беше болна
    и танок таа пушти крик,

    да, како лавица, што дрско ловците ја гонат
    и плодот и го крадат прв...
    А тогаш и најтврдиот од очи солзи срона:
    го стигна жалта својот врв.

    Плачовите низ селото се носеа се уште
    и Неда црна крпа пак
    од главата си фрли, повторно косата ја пушти,
    а плачот стана толку јак,

    -"Малодушни земјоделци, истајте од дворов!"
    - им викна мајката со гнев.
    - Јас сакам да го видам. Молкнете, о створој,
    гледајте си на својот грев!

    Доста му беа липањата пискотите ми ледни
    за награда во овој час.
    Над вашите невести и ќерки плачете, о бедни,
    бидејќи за нив нема спас.

    Та каква надеж отсега вам ќе ви носат дните?
    Го нема, кутри, Кузман ваш




  • ТРЕТА ПЕСНА

    кој како своја зеница ве чуваше вас сите
    и крајот свиден роден наш!"

    При викот мајчин народот стаписано се стресна
    и пат и стори нејзе мал.
    Со коси пуштени, се фрли ко Менада бесна
    врз својот мртов син од жал.

    Плачејќи, до себе студената ја гушна глава
    ко бршлан кој што јавор млад
    прегрнува, се припива до таа тенка става...
    Се' повеќе од нејна град

    се крева плач и пискотот што воздухот го полнат,
    Над овој толку тажен створ
    се збраа многу жени и со една тага болна
    и шепнат тие збор по збор.

    Ја тешат ко миловидни ластавици, ја делат
    од трупот студен, толку мил.
    Кој гласот женски може да го слуша мирен?
    велам:
    Кој смртен толку корав бил?

    Албанците, гологлави, пристапија со почит,
    со раце скрстени. Тој час
    најстариот се доближи и вземи удри очи
    па прошепна со искрен глас:

    И везден ти да плачеш, имаш зошто. Биди силна!
    Ти изгуби, о мајко, џин!
    Народите ќе пеат колена со уста милна
    за делата на твојот син.

    Да, слугите на Арес ќе го слават, мајко, сето
    што тој го сторил в подвиг смел,
    и сите певци ќе те слават секаде по светот
    со еден занес толку врел.

    А ако сакаш, почуј, немој солзи да те душат!
    Ќе раскажам што знам за се'.
    Знам, свето е за херојство и подвиг да се слуша...
    - Се' молкна. Сегде тивко е...

    Григор Прличев, автор

    Продолжува

Kind regards : 01 август 2017

Sotir Grozdanovski broj 85