Стефан Влахов МИЦОВ

************************

ЗОШТО СЕ САМОУБИВА ВМРО-ДПМНЕ

Пишува : Стефан Влахов МИЦОВ

 

Денешната состојба во ВМРО-ДПМНЕ наликува на една бугарска анегдота од времето на социјализмот. Имено, била донесена одлука народот да биде обесен и луѓето имале само едно прашање, дали сами да си купат јаже, или ќе го добијат како поклон?

 

Во последниве три години ВМРО-ДПМНЕ активно работи на самоуништување и за жал, тоа не е анегдота. Надвор од своето самоуништување, таа партија индиректно дејствува и за уништување на македонската држава, македонското име, идентитетот и севкупно на македонскиот народ.

Во самоуништување на ВМРО-ДПМНЕ нема нормална логика. Нема логика да управуваш 11 години, да го направиш Скопје европска метропола, да го потврдиш преку градби и споменици континуитетот на македонскиот идентитет од пред милениуми, и потоа да го затрупаш сето тоа како да не било.

Членовите на таа партија се нормални луѓе и никој од нив не сака да се самоубие. А уште помалку да биде уништена државата. Не сакаат самоуништување и сите нормални, чесни Македонци.

Јазот е се' поголем меѓу македонскиот народ и тукашните политичари, како и меѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините лидери. Прашањето е зошто тие лидери на чело со Груевски сакаат да ја уништат својата партија и преку тоа и македонската држава?

Исто прашање важи и за СДСМ, но, таму работите се јасни. Во изминатите 27 години, таа партија никогаш не работела за македонските национални интереси.

Сум слушал многу приказни дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ попуштило и доброволно ја предало власта, затоа што многу украле. Познавам влади кои паднале поради очигледен или наводен криминал, но, никогаш тоа не било доброволно. Точно е дека во последниве шест години, САД директно и преку нивната марионета ЕУ, сакаат да ја уништат Македонија во корист на "Голема Албанија". Затоа и пред три години организираа вештачка политичка криза.

Меѓутоа, тогаш, секоја нормална владеачка партија кој ужива доверба кај народот, независно дали и колку украла, дава жесток отпор, дури, ако крадела, дава уште пожесток отпор. Во минатото и денес САД уништија многу суверени држави, но, тоа го правеше преку провоцирана граѓанска војна или воена интервенција. Некаде, на пример, во Венецуела и Сирија, САД не успеаа. Во нашиот случај тоа стана мирно и тивко, ако ги исклучам вербалните закани спрема Груевски и останатите.

Нема друг случај во светот кога една држава упорно се вовлекува кај непријателите кои сакаат да ја уништат. Раководството на ВМРО.ДПМНЕ како и претседателот Иванов бараат прием во НАТО и ЕУ, иако тие одамна направија планови за распарчување на Македонија.

При нашата средба со Иванов, во февруари годинава, тој ни покажа мапа изготвена од амбасадорот на Велика Британија, Гарет, во која Македонија е поделена на 7 кантони. Новите информации се', дека тие меѓувремено се ревидирани на четири кантони. Да го знаеш ова и да дадеш мандат за состав на влада која ќе го реализира планот за кантонизација на Македонија, е далеку од здравиот човечки разум. Да не зборуваме за државничкиот разум.

За мене како обичен човек е ненормално претседател или било кој премиер на Македонија (Црвенковски, Георгиевски, Трајковски, Груевски, Иванов...) да се продава, или пак да попушта пред закани. Какви да се тие закани, па, дури да се случи убиство, со тоа директно ги праќаат во македонските легенди и народната меморија.

Парадоксално е дека од 2001 година до денес, САД добиваат од македонскиот државен врв се, само преку вербални уцени.

Уцени за терористички напади, за економски санкции и блокади...глупа и жална слика. Сето тоа покажува психолошки, ментален проблем кај македонските лидери.

Од друга страна, проблем е што македонскиот народ, во минатото и денес допушта на највисоки функции луѓе со психолошка оптовареност.

Што содржи таа оптовареност?

Прво, недостаток на индивидуална самодоверба - затоа се додворуваат на странците и бараат покровители;

Второ, т.н. стокхолмски синдром - респект, приврзаност, па дури и љубов кон оние кои те киднапираат или силуваат;

Трето, недоверба кон народот, кон неговите желби. Третирањето на македонскиот народ како маса за гласање, а не како суверен кој носи одлуки, а политичарите мора само да ги спроведуваат адекватно;

Четврто, концептот за македонската историја, непознавање на македонската психа, трансформирање на сопствениот страв врз народот, "да не се закрвиме", создавање на поделби меѓу народот за да се владее, јасни критериуми за Македонец според делата, а не само по потекло. На тој начин се уништува границата меѓу патриоти и предавници, меѓу херои и одродници, "сите сме Македонци", се уништува концептот за нацијата.

Сличен синдром, како македонскиот лидерски генетски код, демонстрираат и повеќето од лидерите на Македонската револуционерна организација, дури во времето на Гоце Делчев. Практично, револуционерната мрежа тогаш не е изградена од ЦК, а по модел на Делчев. Четничката институција е реализирана од "обичните" граѓански и селски комитети. "Придонесот" на ЦК воден од бугарскиот врховист Гарванов е забрзаното Илинденско востание против волјата на Делчев. И пак македонскиот народ беше тој, кој по зборовите на поетот Вапцаров "во Илинден внесохме наша содржина"... Содржина македонска а не бугарска.

Каде се денес лидерите на ВМРО-ДПМНЕ да го спречат погубниот договор со Бугарија и општото славење на македонскиот свет празник Илинден? Дали се таму каде беа при гласањето на Тиранската влада на Заев - неми сведоци и дури соучесници. Да се потсетиме, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Георгиевски ја потпиша Декларацијата со Бугарија во 1999 година.

Каде се лидерите на ВМРО-ДПМНЕ кога премиерот на Грција, Бугарија и Србија се собраа во Солун, за да ги договорат идните кантони во Македонија? Всушност, суштинскиот дел од средбата во Солун бил затоа. Патем, Бугарија го користи истиот кукавички потфат како и во однос на ТМОРО пред Илинденското востание, кое сега сака да го славиме заедно. Тогаш Бугарија се договарала за поделба на Македонија, а истовремено им ветувала на лидерите на Организацијата безусловна подршка. Бугарија сега сака да потпише Договор за пријателство, а води преговори со Грција и Србија за поделба на Македонија кои од кантоните да и припаднат. Едниот од кантоните за кој инсистира Бугарија е со центар во Струмица.  Tака што, Заев ќе потпише договор за припојување на "неговиот" град и област кон Бугарија.

И малите деца знаат дека, ако вистински сакаш нешто, никој не може да те спречи. Затоа, секогаш децата го добиваат тоа што го сакаат.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да ја спречи тиранската платформа, може да го направи тоа!

Доколку сака да го спречи договорот со Бугарија и општото славење, исто така може да го спречи тоа!

Се разбира, може да го спречи и менувањето на македонското име и идентитет!

Меѓутоа, проблемот е што ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да го направи сето тоа како владеачка партија и денес како опозиција! Се разбира, спречувањето не може да се направи во Собранието, со разни процедури, реплики и дуплики, туку со подршката на народот. Со таа подршка,може да се добијат и нови парламентарни избори.

Меѓутоа, ВМРО_ДПМНЕ направи погрешни работи, прво, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ ја трошат народната енергија само за калкулантски, партиски цели и затоа ги запоставија бранителите од 2001, а ги згрижија терористите во своите влади и второ, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ се оградија и ги осудија граѓаните, патриоти, кои влегоа во Собранието на 27 април 2017 да ја бранат Македонија, кога тие ја предадоа а претседателот Иванов одби да ги аболицира, и ако минатата година аболицираше политичари за криминал, како што беа аболицирани и терористите од 2001 година.

Значи, за криминал може, а за патриотизам не може аболиција, да не зборуваме за државните одликувања.

За каква историска меморија и достоинство станува збор, кога е суден за влегување во Собранието, Јане Ченто, внукот на првиот претседател на Македонија, на кој ВМРО-ДПМНЕ му подигна споменик. Спомениците не го компензираат предавништвото. Јане влезе во Собранието за да се бори на истиот начин, на кој се бореше дедо му и при тоа е осуден од истите партиски предавници, кои го осудија и Методија Ченто.

Меѓутоа, се ближи денот за нова вистинска македонска патриотска партија, која ќе расчисти со марионетите на САД и ЕУ од сите партиски бои.

 

Преземено од www.dudinka.org

 

 

Хан АСПАРУХ

*********

КОИ СЕ БУГАРИТЕ И

КАКВО ИМ Е ПОТЕКЛОТО

 

Бугарите се народ кој потекнува од прабугарски турко-татарски племиња, кои од планината Кавказ се доселуваат на Балканот во 7 век, а нивниот водач - татаринот Хан Аспарух е првиотбугарски владател кој од 679 до 681 година ја основал првата бугарска држава на Балканот.

Во 7 век Бугарите воопшто не го познавале старословенскиот јазик, туку зборувале на својот бугарски (татарски) се' до 9 век.

Врховниот бог на кој му се поклонувале Бугарите бил Тангра, а нивната религија е позната како Тангризам. Тангра бил врховен бог и на Хуните, Монголите и Алтајците. Се' до 9 век сите бугарски владатели ја носеле титулата Хан (карактеристична за Татарите и Монголите).

Во тој период ќе дојде до мешање на Бугарите (Татарите) со античките Тракијци и со неколку словенски племиња кои живееле на територијата на денешна Бугарија. И дури тогаш (во 9 век) Бугарите ќе го примат христијанството и старословенскиот јазик, ќе почнат да ги менуваат своте татарски лични имиња со словенски. Но тие ќе го задржат своето татарско национално име - Бугари, и татарското знаме (бело-зелено-црвена боја).

Истото знаме во иста боја (бело-зелено-црвена) денес е национално знаме на Татарите од Република Татарстан.

Првиот бугарски владател кој ќе го прими христијанството и христијанската титула кнез е Борис Први, дури во 9 век - (864 г.)

Тоа се фактите..

Денес гледаме како Бугарите се обидуваат да ја крадат македонската историја, како се обидуваат да ги претстават Кирил и Методиј како Бугари и како сакаат да го скријат своето татарско потекло. Најтрагично од се е што Бугарите се обидуваат да го крадат и македонскиот јазик и да го претстават како некаков старобугарски јазик.

Доволно е да се погледне нивното татарско име - Бугари и да се види нивното татарско знаме (бело-зелено-црвено) и станува јасно кои се Бугарите и какво е нивното потекло. Од татарското име, знаме и потекло, за Бугарите бегање нема.

Затоа Македонците никогаш не биле и нема да бидат Бугари.

***********************

На фотографијата во бугарски музеј е прикажан основачот на Бугарија - татаринот Хан Аспарух, а во позадина му се восхитуваат бившиот бугарски премиер Симеон Саксобурготски и бугарскиот фашист Божидар Димитров. 

www.dudinka.org

 

Плоча кај "АТ ПАЗАР" Битола. Одбиено заедничко славење на "Илинден"

********

ТУРКО - ТАТАРИ

(МОНГОЛИ)

 

Во Битола, на влезот во градот, на просторот  "Ат Пазар", 1968 година беше поставена плоча, на која и денденешен стој следниот натпис:

"На 19 август 1905 година на ова место "ат пазар", турската власт го обеси легендарниот војвода од Илинденското Востание, Александар Турунџев, од село Екшису - Леринско.

На истото место на Илинден 1941 година партиската организација од Битола изведе илинденска демонстрација против бугарскиот фашистички окупатор, со што пропадна неговиот обид да го прослави Илинден, како бугарски празник".

2 август 1968 год.

********************

 

Бугарските арамии  на историјата, секогаш се обидувале, било со "добро" било со лошо, како и во Втората Светска Војна, да скубнат некое парче од она што не е, ниту некогаш било нивно. Секогаш инсистирале да ја прикажат македонската богата историја, културата, јазикот и народните обичаи како свои, а нас Македонците, како дел од бугарската нација. Но, како гледаме, никогаш не им успеало да ја "остварат" таа желба.

Од пред неполни три месеци, откако СДС и Зоран Заев со својата дружина  ја презедоа власта во земјата, со помош на странските фактори, пред се', странските амбасади во Македонија, Бугарија одново си ја виде шансата да се врати на "местото на злосторствата", со истите желби од минатото.

Меѓутоа,  бидејќи Зоран Заев ги истроши лагите од предизборните ветувања и ја изгуби довербата дури и кај излаганите Македонци кои му помогнаа да ја зграби извршната власт во Македонија, не ќе му биде  лесно да го преведе  македонскиот народ жеден преку Вардар, како што  му успеа со Никола Груевски и Претседателот на Државата, Ѓорге Иванов.

Договорената Декларација за "добрососедство со Бугарија" води кон таа насока, до колку му успее да ја потпиши, со својот колега од Бугарија Бојко Борисов, на 2 август о.г. на Мечкин Камен.

Примеров, кој погоре во текстов го изнесовме за сличното искуство со бугарските фашисти во 1941 година, за сигурно ќе се повтори и на Мечкин Камен, затоа што Илинденското востание секогаш било и ќе биде најсветлиот празник на македонскиот народ. Дека Илинденското востание било и секогаш ќе биде само македонско востание и господинот Борисов, на Мечкин Камен, може да биде само добре дошол, како гостин, на оваа света прослава, на македонскиот народ.

 

Сотир Гроздановски

**********************

Извор и инспирација за текстов,

плочата и насловот од www.dudinka.org

Каролина РИСТЕСКА

***********

"Како ја оценувате работата на новата Влада на Р. Македонија?"

НОВАТА ВЛАДА

ЦИРКУЗАНТСКА ДРУЖИНА К15

 

Одговара: Каролина РИСТЕСКА

 

Кога во една држава власта ќе ја земат на не фер начин, тогаш следува да одговорам на поставеното прашање, еве вака: - циркузантска дружина, К15, во моментов владее во Република Македонија!

 

Целиот изборен процес помина во напнатос, со кочанот и Фатиме, за да заврши со уцените од Европската Унија и Западот. Сите видовме како беше изманипулиран Никола Груевски. Единствено што му замерувам е:- зошто Никола Груевски си замина од власта, зошто не ги издржа стаповите по твите плеќи? - за Македонија се работи!

Денес, оваа така наречена и само избрана "влада" за мене е нелегитимна дружина од циркузанти, шарени и невладини кои имаа празни џебови, па ете сега можност, добро да ги наполнат.

Денес, Македонците страдаат од Македонци. Затоа што не разбраа дека, само сложни можат да живеат слободно, денес, други ни ја кројат судбината. Со Албанците, јасна е платформата; со Бугарите, демек, први другари ќе бидеме, а од друга страна сеуште не се изјасниле дека, во Пиринска Македонија живеат Македонци; со Србија, пак,  играме криенка-миженка дека, тие  се пишманеле, што ни го признале името.

Искрено, ми недостасуваат коментарите на Мирка Велиновска, но, знам дека и таа ќе се сложи со мене дека, овој шарен циркуз мораме да го изгледаме до крај. Инаку да сечеш лента на туѓ труд, е ѓаволски лесна работа. Од мака да се изнасмееш. Се надевам Македонците еднаш ќе научат дека, само силните народи имаат држави и дека во слогата е Вистината и доброто за  сите нас и  во Република Македонија и пошироко.  Додека надворешната политика ја крчкаат Нимиц и Коцијас, дотичниот министер го спремаат за запршка. Тие мислат дека  Македонците забораваат!!! Бегалците ги спремаат за ново гласачко тело, кое ќе им го олесни Референдумот, за името.

Точно е дека имаат одличен план, кој Зоран Заев цело време го кажува, додека сите ние само слушаме и се нервираме поради неспособноста на нашата досегашна политика. Цврстиот став, за жал, не го докажаа, до крај, ниту Претседателот Ѓорѓе Иванов, ниту ВМРО-ДПМНЕ. Новите локални избори ќе бидат уште поголем циркуз од изборите на 11 декември 2016 година. Странскиот фактор ќе ја држи    цврсто палката , додека нашиве ќе свират и играат, по туѓи ноти.

И на крајот да сублимирам со следниот коментар:

- тие што молчат, ќе ги толчат. Господ Бог ни дал Библија за да ја читаме, од неа да учиме и да проповедаме низ целиот наш живот, мои Македонци, запишани во неа  и премногу пати, за на век!

Бидете живи и здрави. Ве сака,

ваша Каролина Ристеска.

****************************

Напомена: Текстов ќе биде објавен и во Канадско-македонскиот весник (Macedonian News Paper - Toronto,  на 01 август 2017 година).

Текстов е презеден од најновиот независен македонски весник: www.dudinka.org

 

Василиј II, Порфирогенит, 976-1025

******************************

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА

ИСТОРИЈА НА

МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ 33

 

3. Битката на Беласица 1014 година

 

Меѓународната промоција и стекнатиот легитимитет на македонската држава кон крајот на Х век логично ја предизвикале првата посериозна противофанзива на Византија, која се одвивала во периодот 1001 - 1004 г. Византија исклучително лесно ја обновила власта во Бугарија, со преземањето на Сердика, Преслав и Плиска. Отсуството на посериозно ангажирање во одбраната на бугарските територии потврдува, дека одбранбената стратегија на Самуил се засновала на заштитата на македонското државно јадро. Поради тоа, Василиј II првично се фокусирал кон обновата на византиската власт во областите северно и источно од Македонија. Потоа следела и првата посериозна офанзива во територијата на Македонија, која резултирала со наметнување на византиската власт во Верија, Сер, Воден, како и во Скопје (1004 г. ). Клучниот фактор за успехот на Византија при преземањето на македонските градови произлегол од обезбедувањето на подршката и воената елита, преку понудата на богати византиски титули  кои носеле престиж. Меѓу нив бил и Роман, синот на бугарскиот цар Петар кој, како управник, им го предал Скопје на Византијците. Истоветната византијска дипломатска стратегија резултирала и со успех при трансферирањето на лојалноста од водечките луѓе на Драч    ( 1005 г. ). На тој начин Византија обезбедила стратегиска контрола на поширокиот регион од Драч до Тесалоника, истовремено заобиколувајќи ја македонската држава од север и од исток. Со тоа Василиј II ја постигнал приоритетната цел на походот, кој не бил насочен кон директна пресметка со Самуил и кон ликвидирање на македонската држава.

Иако Јован Скилица говори за континуирани годишни воени кампањи на Василиј II против Самуил од 1005 г., во наредните 10 години не е регистриран никаков воен судир, помеѓу Византија и Македонија. Ваквата состојба имплицира дека Самуил и Василиј II, всушност, се задоволиле со постојниот status quo, што не го исклучува и можното склучување на десетгодишен мировен договор, со кој Византија индиректно ја признала независноста на македонската држава. Од аспект на Самуил, тоа значело зачувување на јадрото на македонската држава, што било негова приоритетна агенда и ги одразувало интересите на елитата и на мнозинското македонско население. Пренесувањето на седиштето на престолнината од Преспа во Охрид, што уследило во почетокот на ХI век, меѓу другото, било инспирирано од тенденцијата на Самуил да воспостави поефикасна управа преку директно поврзување со традициите од Климентовата дејност.

Десетгодишниот мирен период Самуил го искористил за утврдување на границите на македонската држава. Сведоштвото на Скилица не исклучува и повремени судири, но нивниот карактер немал капацитет за нарушување на веројатниот договор. Веројатно, антиципирајќи ги потенцијалните напади на Византија по текот на договорот, Самуил силно ги утврдил пограничните области, особено стратегиските теснини кои воделе во Македонија. Летото 1014 година, кога императорот Василиј II претендирал да навлезе во Македонија, бил изненаден кога наишол на поставената преграда кај теснината помеѓу планините Беласица и Огражден. Стратегиската тактика на која се решил Василиј II, со заобиколување на Беласица и напад од заднина, го обезбедила разбивањето на преградата. Жестоката битка што следела на 29 јули 1014 година на подножјето на Беласица завршила со трагични последици за Самуиловата војска, со изворно регистрирани 14.000-15.000 заробеници. Царот Самуил одвај успеал да се спаси, повлекувајќи се во Прилеп, заедно со синот Гаврило Радомир. Наспроти крупната победа кај Беласица, Василиј II не се решил на конечна пресметка со македонската држава. Меѓутоа, ненадејната заседа и ликвидацијата на дуксот Теофилакт Вотанијат при осигурувањето на безбедниот продор на Василиј II до Тесалоника толку го разгневиле императорот, што наредил ослепување  на сите заробени војници кај Беласица, оставајќи им на секој стоти по едно око за да ги одведат ослепените  војници кај Самуил. Ваквиот чин на Василиј II и трагичната глетка на ослепените војници биле претешки за Самуил, кој починал од срцев удар во октомври 1014 година. Овој незапаметен суров чин се одразил на легендарниот карактер на Беласичката битка, меморирана во византиските извори и во преданијата и топонимијата на струмичкиот крај. Самуил бил погребан во царската гробница во Преспа, веројатно кај црквата Св. Ахил.

СЕМЕЈНОТО ДРВО НА ЦАР САМУИЛ

****************

ЦАРУВАЊЕТО НА ГАВРИЛО РАДОМИР 

ЈОВАН ВЛАДИСЛАВ И

КРАЈОТ НА ДРЖАВАТА

 

Смртта на Самуил ја оставила македонската држва без исклучителен воен стратег и личност што повеќе децении го симболизирала нејзиното единство. Десеткувањето на воената моќ по битката на Беласица, како и пројавеното неединство во редовите на македонската династија и елита, ја предизвикале постепената фрагментација на државата. Во такви услови, наследникот на царскиот престол, Гаврило Радомир (1014-1015), иако се одликувал со неспорна храброст и со воена опитност, не бил во состојба да обезбеди лојалност и да ја обедини елитата околу себе. За тоа придонело и веројатното оспорување на титулата од неговиот братучед Јован Владислав. Личната нетрпеливост во царската династија мошне умешно го искористила византиската дипломатија преку директната подршка на Јован Владислав во плановите  за преземањето на престолот. Меѓутоа, по убиството на Гаврило Радомир 1015 година и узурпацијата на царската титула, Јован Владислав (1015-1018) се дистанцирал од Византија, што се манифестирало низ неговата воено-политичка дејност против Василије II. Меѓутоа, неуспехот на Владислав да ја легитимира својата царска власт кај македонската елита, сериозно го нарушил кохезивниот елемент на државата и се одразил врз отсуството на посериозен отпор на освојувачките налети на Византија.

Почнувајќи од есента 1015 година, Василиј II систематски ги преземал главните македонски упоришта во југозападна Македонија. Во обидот за преземање противофанзива кон Драч, во февруари 1018 година, загинал и царот Јован Владислав. Сериозното несогласување што следело околу наследството на царската титула во династичкото семејство и помеѓу македонската елита, конечно го довело Василиј II во позиција да ги диктира условите на предавање, што било под принуда прифатено од вдовицата Марија и царското семејство, како и од најлојалните македонски управници во клучните упоришта. Со тоа, во истата 1018 година, била ликвидирана македонската држава, проследено со востановување на византиска власт, над цела територија.

 

Продолжува

ЗАХАРИЈАДИС

************************

МАКЕДОНЦИТЕ И ГРАЃАНСКАТА

ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

1945 - 1949

ДЕЛ 08

Пишува: Наум ПЕЈОВ

**************

 

Спогодбата во Варкиза 1945 година и односот на силите по декемвриските настани

 

Во својот реферат, одржан на XII Пленум на ЦК КПГ во јуни 1945 година, Зхаријадис ја дава следнава оцена за основната карактеристика на политичката ситуација во земјата:

"Реакционерната десница и оние кои ја следат, подржуваат или толерантно се однесуваат, ја одреди по позициите што ги зазеде со странска помош и по настаните во декември, оваа линија:

а) со еден див терор кој надминува секој преседан во историјата на нашата земја, да го присили народот да свитка глава, да напушти секој отпор;

б) со еден клеветнички поход и една нечуена фалсификација на стварноста да ја изолира КПГ,  авангарда на народот, да ја извалка како партија на "убици", "предавници", "предадени", за да ја изолира и уништи;

в) со еден шовинистички патетички аларм да го скрши вниманието на народот од животните внатрешни прашања и го сврти кон надвор, за да може на тој начин со една антинародна економска политика да ја стовари целата тежина на ситуацијата врз народот и да ја удесетстручи мизеријата и безизлезноста". 

Оваа констатација на Захаријадис е точна. Таа јасно говори за тоа дека во времето по декемвриските настани и Варкиза, дотогаш се води една еднострана граѓанска војна. Тогаш се поставува прашањето: што во таков случај треба да се прави?

Фаталната грешка на раководството на КПГ се состој токму во тоа, што откако констатира дека се води немилосрдна, уништувачка војна против демократските сили во земјата, кога не' со политички, туку во прв ред со воени средства, десницата сака да расчисти со демократските организации и прогресивната мисла во земјата, КПГ спротивстави само политички средства и го исклучуваше вооружениот отпор.

Меѓутоа, што покажуваше практиката до половината на 1945 година?

Во оценката на декемвриските настани на XII Пленум се вели:

"Со востанието во декември се затвора една и се отвора друга страница во нашата историја. Тоа е преодот, свиокот, кризата. Востанието не победи, но ни движењето не беше поразено. Тоа е основната специфичност на поразот во декември".

Тоа е точно. Ова го потврдува и фактот што по декември беше потпишана спогодбата во Варкиза, а движењето не беше безусловно совладано. Но десницата беше свесна за своите сили. Имено, дека силите на страната на движението на отпорот беа толку јаки, што ако бара  негово совладување,  ќе биде поразена, та затоа и таа се согласи со спогодбата во Варкиза, со која "вети", дека ќе спроведе демократизација во земјата. На десницата и' беше потребен здив, еден маневар и тоа го оствари.

Значи, грешката на раководството на КПГ е во тоа, што борбата во декември беше ограничена само на Атина, а не беше проширена во целата земја. И во тоа што, откако беше изгубена битката во Атина, наместо да се повлече од Атина и да продолжи да се бори, дојде до спогодбата во Варкиза, која не даваше ни најосновни гаранции дека може да осигури демократски развиток во земјата.

Втора грешка е што навреме не се согледа споменатата прва грешка и на време да се избегнат катастрофалните последици од спогодбата во Варкиза која, навистина, беше една голема победа на десницата. Наместо тоа, од раководителите на КПГ беше прогласена како голема победа.

Грешка е и тоа, што во Варкиза и тоа тогаш кога се здоби толку искуство што можеше да се донесе правилен заклучок за линијата на Партијата, за тоа дека како средство за борба треба да се организира вооружен отпор во земјата, се залажуваше членството со илузии за политичка борба, а вооружената борба се осудуваше како организирана од "класниот непријател", како "дело на провокатори" итнт.

Благодарејќи на таквата политичка линија на Партијата, десничарската влада можеше со успех да ги остварува своите замисли. При спогодбата во Варкиза, владата фактички ја имаше власта само во Атина и околината и неколку поголеми центри во земјата, одржувајќи ја, со помошта на англиските сили.

По спогодбата и предавањето на оружјето од страна на ЕЛАС, веднаш пристапи кон мобилизација на свои сили. Веднаш, штом ги прифати од ЕЛАС затворените логори, соработниците на окупаторот ги вооружа и ги пушти разуздано да делуваат против голоракото движење на отпорот. Од националистичките единици што ги доведе од Африка и остатоците на Наполеон Зервис и некои други националистички формации, направи езгро на идната армија. Енергично пристапи кон организирање на полицијата и војската. За формирање на војската го спроведе системот на самостојни единици, таканаречени баталјони на националната гарда. Овие баталјони се формираа на територијална основа, а за кадар се земаа осведочени антидемократски офицери. Овие баталјони подоцна беа организационо поврзувани и создавани поголеми формации. Што се случи во текот, на 1946 година.

До половината на 1945 година владата во Атина својата власт успеа да ја воспостави, главно, вво градските-околиски и поголеми општински центри. Но со своите слаби воени и полициски сили, разурнат железнички и патен сообраќај, беше далеку од тоа ефикасно да ја контролираат провинцијата. Меѓутоа, како што е погоре нагласено, таа ги вооружа бившите соработници на окупаторот и разуздано почнаа да крстарат низ провинциите.

Едновремено со воспоставувањето и проширувањето на власта, се ширеа мерките за задушување на демократското движење и по селата. За да се има поправилна претстава за тоа како можеше така брзо да ја консолидира колку-толку својата власт контрареволуционерната власт во Атина, треба да  се земат предвид следниве моменти: 

Прво, дека Грција беше земја која до војната имаше фашистичка диктатура во траење од полни пет години и со консолидиран фашистички државен апарат, а рехабилитацијата на соработниците на окупаторот и' даваше истотака предани на нејзиното дело луѓе, решени да се пресметаат со демократското движење и демократските мерки за да не одговараат како предавници;

Второ, дека ставот на Партијата беше против вооружениот отпор и  за почитување на обврските спрема власта.

Ако не беше ставот на Партијата, на пример, да се оди во војска, владата тешко ќе можеше така успешно да си ја постигне својата цел, во однос на создавање на воени формации.

 

Продолжува

 

 

 

 

 

Григор Прличев 1830/31 - 1893

 *****************************************

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО

ТВОРЕШТВО

 Григор ПРЛИЧЕВ - "СЕРДАРОТ"

************* 

Григор Прличев е роден во Охрид, во сиромашно семејство, 1830/31 а починал во 1893 година. Татко му починал кога тој бил шестмесечно бебе, па грижата за семејството паднала врз мајка му. Неговиот дедо го научил да чита уште на четири годишна возраст од некој стар грчки буквар. Мајка му и сестра му аргатувале по куќи, а тој продавал јајца, им давал часови на богаташките деца и препишувал книги. Освен овие податоци, во својата "Автобиографија", Прличев го опишува основното училиште и тогашните учители, како и доаѓањето на Димитар Миладинов за учител на кого "мед му течело од устата", кога зборувал.

  • "СЕРДАРОТ"

    Во пролетна вечер задумано почива една
    жена, седејќи на прагот.
    Со раце на колена, пушката светната ледна
    таа ја милува благо.

    На средна е доба; у јадра и сосема здрава,
    кршна и херојски силна.
    Извајана е амазонската нејзина става:
    вистинска личота милна.

    Годините не ја намалиле онаа убост;
    на лице свежост се гледа,
    младешката сочност
    не ја беше сменила грубост.
    Таа е кутрата НЕДА,

    несреќната, достојна мајка на Кузман. Седејќи
    в хаос од мислите мачни
    во земјата очите беше ги впила, бидејќи
    сонила соништа мрачни:

    Потпорните греди од нивната куќа се ведат,
    паѓаат шумно во мракот.
    Но насреде уште останала самотна греда,
    ама да потпира јако.

    Но и неа бесно огнооки змејови страшни
    силно ја тресат од темел и куќата,
    најпосле паѓа, а купишта прашни
    станаа гробови неми...

    Со одвратнос од себе сонот го оттурна она,

  • ВТОРА ПЕСНА

    мислите црни ги гони;
    но пак ја обградија мачните слики од сонот
    ноќеска што и се сони.

    Штом шушнува нешто - смуртеното чело го крева
    сигурно синот и ќе е!
    И пак го наведнува, како овената трева,
    зашто чеканиот не е.

    И зошто ја жали вдовицата минувач тажен,
    вода да стопли за толку
    саканите капнати јуначки ноsе и глава...
    Него го носеа молкум.

    Се надева, кутрата, пак да го пречека кога
    коњче ќе заигра стројно.
    Тој, силниот цар на сенчестите планини, тогај
    помил и станува тројно.

    А Кузман честопати гонеше пљачкаши кои
    плачкаа секаде смело,
    и секогаш силен и горд, со другарите свои,
    победник идеше в село.

    Григор Прличев, автор.

    Продолжува
    **************

Kind regards : 01 август 2017 година

Sotir Grozdanovski broj 84

ВИДЕО ЗАПИСИ

***********************

ЧЕСТИТИ И ВЕЧНИ ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНИЦИ НА СИТЕ МАКЕДОНЦИ ДОМА И НА СЕКАДЕ ВО СВЕТОТ ВИ ПОСАКУВА

СОТИР ГРОЗДАНОВСКИ СО СЕМЕЈСТВОТО!

***********************************