Питу ГУЛИ 1865-1903

 

БИТКАТА НА "МЕЧКИН КАМЕН" И

СМРТТА НА ПИТУ ГУЛИ

***** 

Пишува: Сотир Гроздановски

 

Крушево и Мечкин Камен се македонските симболи на непокорот и љубовта кон  Крушевската Република. Тие се симбол и цвет на борбата против долговечното турско ропство ,   за  слобода и државност.

*****

 

Ни се приближува нашиот најголем национален празник, 2 август. Празник, славен и прославуван како вистински симбол на непокорот на македонскиот народ се' до денешни дни и за секогаш. Но, за жал и недоверба, некои домашни  ненародни елементи, предводени од лидерството на СДС на чело со нивниот водач, аболиран криминалец и хулиган од времето на деструктивната така наречена  "шарена револуција", Зоран Заев, покушаваат од петни жили да ја засенат и понижат  неговата македонска посебност.

Декларацијата за добрососедски односи со Бугарија, која како таква и со овај наслов не е воопшто спорна, напротив, но со нејзината содржина и те како е'. Нејзиното потпишување на тој ден на Мечкин Камен е навреда за македонските  жртви дадени на тоа свето место. Декларацијата е негација на македонскиот карактер  на Илинденското востание за слобода на Македонија,  и враќање во минатото. Ние не сме Бугари во Македонија, туку Македонци, свои на своето. 

Средствата за докусурување на македонскиот народ и сега, како и во блиското и подалечно минато имале иста цел: да го решат "македонското прашање" на Балканот,  за секогаш. Тогаш се служеле со брутално и сосема нецивилизирано и физичко истребување на народот македонски, преку распарчување,  на неговата земја и асимилирање, а денес, со помош на домашни платени  квислинзи и предавници за полесно разнебитување на веќе створената македонска држава, а како награда се понудува НАТО и Европската Унија, како средство за потполно распаѓање на македонската нација и асимилирање, на побезболен начин.

За одбрана од наездата на денешните непријатели на македонскиот народ и македонската држава ни се потребни современи средства, но најповеќе вистински родољуби и вистински патриоти и при тоа образовани луѓе, но не од сортата на Љубомир Фрчковски, Мирјана Најчевска,  Гордан Калајџиев, антифашисткињата Стериовска, Зоран Заев, Радмила Шеќеринска и многу други, кои сега се вградени во новата влада на Заев и како пратеници, во македонското Собрание. Од нив и такви како нив, македонскиот народ нема аир и ништо добро да очекува, ниту пак ќе добие. Ќе мора да си бара поарни од нив, ако сака да опстанеме сите заедно и понатака слободни на ова последно парче од македонската земја и со сите свои вековни национални атрибути и вредности.

Но за нив доволно се зборува и дискутира во подолните видео записи, кои ќе го дополнат  текстов. Затоа нашиот фокус ќе го насочиме кон борбата на Мечкин Камен и  жртвите на борците од четата на херојот Питу Гули. Ќе го насочиме кон одбраната на Крушевската Република  за пример,  како се брани татковината и како херојски,  за неа се гине. 

Не е за џабе речено, дека човекот живее толку долго, колку долго се споменуваат неговите дела. Односно, колку длабоки стапалки оставил на тлото од својата земја и во сеќавањата на народот. Па како за почеток, ќе речеме дека:

Битката кај Мечкин Камен е една од најголемите и најкрвавите борби во текот на Илинденското  македонско востание, која се одиграла кај градот Крушево и ќе продолжиме со нејзиниот повод и нејзината цел.

На 3 август 1903 година е прогласена Крушевската република. На 12 август повеќе од десеилјадна армија на Бахтиар паша го опкружува Крушево. На седницата на војводскиот совет е решено, сите чети да се повлечат од градот. Само храбриот војвода, Питу Гули,  не се сложува со тоа,  го напуштува собранието и одлучува да се бори. Така, од 1200 четници во градот, само неговите 370 заминале да го бранат Крушево и Крушевската република.

Питу Гули со своите четници се утврдил на Мечкин Камен - скалесто плато на Биринска Планина, која е падина од Баба Планина. Тој пред самата борба одржал говор и заповедал, поради ограничените резерви на муниција, да не се пука се' додека непријателот не се доближи до наш пушкомет. И така би!

Одредот се поделил на 9 чети, една под команда на Питу Гули, а другите под команда на осум други војводи, кои стоеле на чело на селските милиции.

Турците настапувале од три страни - од селата Бирино, Журче и Острилци. Борбата започнала во 10 часот утрото.  Откако борците на Питу Гули го задржале башибозлукот, нападнала редовната армија. Во 19 часот вечерта, Мечкин Камен бил опколен и Турците отпочнуваат решителен напад.

При нападот загинале најпрво Георги Димев и неговиот заменик Нове Смугрев. Во жестоката  борба загинаа 40 комити, некои успеа да ја пробијат турската линија и да се скријат во шумата. Останал само Питу Гули и дел од неговата чета, кои несакајќи да се предадат, се самоубиваат.

И покрај победата на Мечкин Камен, Турците продолжуваат да го бомбардираат Крушево, а потоа во градот навлегол башибозлукот и редовната војска. Од мирното население загинале 117 лица - меѓу нив 15 жени, 5 девојки и 6 деца. Околу 150 девојки и жени се силувани. Изгореле 159 куќи и 210 дуќани.

Таа била цената со која борците на Питу Гули ја платиле за слободата на Крушевската република, бранејќи ја жестоко, на Мечкин Камен и во херојското Крушево,  на 13 август 1903 година.

И покрај нестанокот на Републиката, прва на Балканот, сеќавањата на нејзиното постоење од само 12 дена, останаа во спомен за секогаш и кај македонскиот народ и во сеќавањата на светската јавност. Останаа за спомен и предупредување,  дека ниту една тиранија не останала за секогаш, па и турската и дека до слобода сепак се доаѓа само со храбри, горди и верни луѓе на својата татковина.

 

Делумни извор за текстов, материјали од Википедија.

Село Трново-Битолско

СЕМАКЕДОНСКА ИЛИНДЕНСКА СРЕДБА

ТРНОВО - 2017

*****

Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија - Битола, Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес и годинава се организатори на 46. Светска Македонска Иселеничка Средба и на 37. Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, обединети во една и единствена Семакедонска Средба Трново 2017.

Главен покровител на оваа средба е градоначалникот на општина Битола, а со одлука на Советот на општината од 2014 година, Семакедонската Средба е дел од програмата за култура на општина Битола.

Средбата ќе се одржи на 2 август 2017 година во дворот на македонската православна црква "Успение на Пресвета Богородица" во битолското село Трново, со почеток од 10:30 до 12:30 часот. Присутните ќе ги поздрават претседателите на организаторите, градоначалникот на Битола и претставник на владата на Република Македонија.

Семакедонската средба апелира на семакедонско помирување и обединување за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата! Исто така, бара: безусловен крај на разговорите за државното име со Владата во Атина; продолжување на членството на Македонија во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под официјалното име на државата, Република Македонија; македонско државјанство за Македонците по потекло, во светот; враќање на државјанствата, граѓанските права и имотите на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија, од Балканските војни 1912 -1913 и  Граѓанската војна во Грција, 1946-1949 година.

Средбата ќе продолжи со богата културно-уметничка програма и веселба. Во културно-уметничката програма со народни македонски песни и ора ќе учествуваат: културно-уметничкото друштво "Гоце Делчев" од Битола, а ќе пеат Круме Спасовски, Марија Станковска и Софија Кочовска.

Добредојдени се Македонците од сите делови на Македонија и од целиот свет, а поминот, како и секогаш, ќе биде незаборавен!

Сите верници од 08:00 до 10: 00 часот можат да присуствуваат на утринската боженствена литургија во црквата "Успение на Пресвета Богородица" на богослужбата, која ќе ја одржи парохискиот свештеник.

За Битолчани, општината Битола организира вонредна автобуска линија Битола-Трново и назад.

 

Од Организаторите

 

Цар Самуил 976-1018

 

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА

НА МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ 32

 

СОЗДАВАЊЕ НА СРЕДНОВЕКОВНАТА ДРЖАВА ВО МАКЕДОНИЈА

 

2. Самуил - симбол на моќта на македонската држава

Годината 976 се покажала трагична за семејството на комитопулите. Давид несреќно загинал во близина на Преспа во пресметка со Власи-скитници, додека Мојсеј загинал во судирот со Византијците кај Сер.

Во текот на 976 г. или 987/8 г. следел меѓудинастичкиот судир помеѓу Самуил и Арон, испровоциран од Ароновото приклонување кон Византија за преземање на раководната власт, во државата. Меѓудинастичкиот судир бил проследен со ликвидацијата на целото Ароново семејство, освен неговиот син Јован Владислав, кој бил поштеден по заложба на Самуиловиот син, Гаврило Радомир.

Самуил ја засновал моќта на државата врз основа на изградената мрежа на тврдини, кои претставувале и средиште на поголема област. Со нив управувале блиски луѓе на Самуил, како и личности со предходно стекнат авторитет меѓу населението. На тој начин македонската елита, заедно со политичкиот и црковниот естаблишмент, концентриран во Преспа, го сочинувале костурот на македонската држава. Солидно изградениот воено-управен систем му овозможувал на Самуил да започне со проширување на територилниот опсег на државата, приоритетно фокусиран кон проширувањето на власта низ целата територија на Македонија. Во тој контекс, сосема логично произлегла и концентрацијата на офанзивните напади на Самуил кон југ, со тенденција за завладување на пошироката околина на Тесалоника и на самиот град. Во рамките на опсежната воена офанзива, која главно се одвивала на македонска територија, Самуил навлегол и во Тесалија, заземајќи го градот Лариса (985 г.). Од Лариса во Преспа биле пренесени моштите на св Ахил, со што Самуил ја наставил интенцијата за легитимирање на независната македонска црква, во контекст на промовирање на Преспанско-охридскиот регион во политичко, културно и религиско средиште на Балканот.

Широкиот опсег на воените активности на Самуил бил причина императорот Василиј II да посвети посериозно внимание на новата балканска држава. Меѓутоа, првиот директен судир со Самуил во 986 г. резултирал со понижувачки пораз за Византија кај Трајановата порта во близина на Сердика. Иако победата била проследена со освојување на поранешната бугарска престолнина Преслав, Самуил очигледно не им посветувал поголемо значење на бугарските територии, третирајќи ги претежно од воено-страгиски контекст, во функција на заштитата на Македонија. Ваквата тенденција на Самуил упатува на констатација, дека тој претендирал на поврзување со традициите на ликвидираната бугарска држава. Тоа се потврдува и од тежиштето на Самуиловата воено-стратегиска концепција, фокусирано на заштитата на Македонија, како јадро на државата и од заложбите за интегрирање на сите македонски територии, вклучително главниот град Тесалоника. Доследното придржување кон ваквата офанзивна концепција во текот на наредните години резултирало со поместување на границата со Византија, кон Тесалоника. Тоа го испровоцирало новиот поход на Василиј II во 991 г., кој овој пат бил директно насочен кон јужна Македонија. Иако размерот на походот не може изворно да се реконструира, присуството на Василиј II во Тесалоника и оддавањето благодарност на св. Димитрија биле симболична порака до Самуил, дека Византија со сите сили ќе го штити македонскиот град, Тесалоника.

Актуелизирањето на проблемот во источните владенија на Византија, кој го предизвикал повлекувањето на Василиј II од Балканот, го искористил Самуил за рерализирање на долго подготвуваните планови за освојување на Тесалоника. Походот што започнал во 995 г. резултирал со пробив на македонската војска до непосредната околина на Тесалоника, каде што во директен судир бил ликвидиран и самиот дукс на градот. Непосредната загрозеност на Тесалоника, која се должела и на фактот што еден дел од солунската елита ги споделувала политичките тенденции на Самуил, сериозно го алармирала Василиј II. Самуил, сепак, не се решил на директен напад на Тесалоника, насочувајќи ги освојувањата кон Пелопонез. Судирот со византиската војска кај реката Сперхеј (996 г.) завршил со катастрофален пораз за Самуил. Ваквиот исход не се одразил посериозно врз моќта на македонската држава и на нејзината воена . ефикасност. Сепак, соочувањето со концентрацијата на воената одбрана на Византија во регионот околу Тесалоника, го навело Самуил од 997 г. да ја пренасочи новата воена капања кон западен Балкан. Тоа му го овозможувала и обезбедената контрола врз Драч и околината, зацврстена со брачните врски на Самуил и на неговата ќерка Мирослава со влијателните драчки семејства Таронити и Хриселии. Моќта на Самуиловата војска најпрво ја почувствувала Дукља, што резултирало со заробување на дукљанскиот владател Владимир, кој подоцна ја манифестирал лојалноста како зет на Самуил. Натамошниот поход на Самуил бил проследен со опустошување на далматинското крајбрежие до Задар,  вклучително со градовите Котор и Дубровник. Самуил со леснотија ја наметнал македонската власт и во Босна, потоа во Рашка (Србија), како и во еден дел од Албанија. Како резултат на тоа, "непобедливиот по сила" Самуил, кон самиот крај на X век, освен со државното јадро концентрирано на поголемиот дел од Македонија, но без Тесалоника, суверено владеел со дел: од Бугарија, дел од Тесалија, дел од Албанија со Драч, поголем дел од Далмација, Дукља, Травунија, Босна и Рашка (Србија).

Непризвањаето на легитимитетот на моќната македонска држава од страна на Византија, логично го довело Самуил во позиција да побара потпора од Западната црква. Традиционалните врски на Римската црква во Македонија, како и константната тендеција на Рим за воспоставување противтежа на Константинополската црква на Балканот, го рефлектирале заемниот интерес за легитимирање на македонската држава и црква. Официјалното признавање на македонската црква, најверојатно, следело со благослов на римскиот папа Григориј V (996-999), што резултирало со нејзиното издигнување во ранг на архиепископија. Истовремено бил спроведен и чинот на крунисување на Самуил за цар во црквата Св. Ахил во Преспа, најверојатно од поглаварот на Преспанската архиепископија Герман (Гаврил), во присуство на папските легати, политичката и црковната елита. Трансферирањето на моштите на св. Трифун од Котор, изградба на цркви во Преспа, како и во новопромовираната престолнина во Охрид, во почетокот на XI век, ја потврдуваат интенцијата на Самуил за претворање на овие македонски градови во религиски средишта на Балканот, како противтежа на византискиот црковен естаблиштмент.

Продложува

 

МАКЕДОНЦИТЕ И ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

1945 - 1949

ДЕЛ 07

Пишува: Наум ПЕЈОВ

********* 

Од работата на XII Пленум на ЦК КПГ

Продолжение

 

Од како во Резолуцијата на Пленумот се истакнува веќе изнесеното, се бара спроведување на спогодбата во Јалта меѓу трите големи сили и со нивна интервенција и во Грција веднаш да се формира коалициона влада од сите партии кои не соработуваа со окупаторот и се против насилните фашистички решенија. Таквата влада да воспостави политички и синдикални слободи, демократски ред и спокојство и во рок, најмалку од 4 месеци, да спроведе слободни избори за уставотворно собрание, со пропорционален изборен систем. 

Натаму, откако е даден горниот предлог за "коалициона влада од сите партии", во Резолуцијата и' се поставуваат извесни задачи на таквата влада, за подготовка на изборите.

Од изнесените констатации, недвосмислено може да се согледа, каква беше ситуацијата во земјата. Во каква положба беше доведено движењето на отпорот и неговите припадници. Со какви средства се бореше десницата која беше на власт, каков беше државниот апарат, кој беше во формирање, каква беше полицијата и војската.

Задачите кои ги постави Пленумот беа следните:

"Пленумот потцртува особено: а) дека убиствената терористичка дејност на десницата, императивно наложува веднаш организирање на Масовна народна одбрана, за престанување на теророт. Мажите, жените, младината, целата демократска Грција, ќе ја скршат раката на убијците - фашисти, секој пат кога ќе се крене вооружена; б) дека масовните борби на сите слоеви на работниот народ и демократските маси воопшто (протести, штрајкови, собранија, демонстрации, затворање на чаршијата) сенароден погреб на жртвите од фашизмот итнт. е првенствен демократски долг за да се спречуваат конкретните терористички дела на реакцијата; в) масовниот и сенароден политички штрајк, како решително народно оружје, се налага денеска за да се спречат масовните и значајни терористичкo-фашистички манифестации; г) сите демократски луѓе треба да се готови да го бранат својот живот и да се спротивстават со сите средства на секој фашистички пуч. Народот да биде буден".

Централната парола која се издигаше од моментот на потпишувањето на спогодбата во Варкиза и првиот налет на десницата против демократските маси и нејзината авангарда - борците од отпорот, беше паролата "масовна народна самоодбрана со сите средства". Но токму затоа што не достигаа "сите средства", стана фатална по судбината на демократското движење во Грција, затоа што не само ја исклучуваше, ами  и ја осудуваше борбата со оружје, ја предаваше судбината на демократското движење во земјата на милост и немилост на разузданата реакција, која од своја страна напаѓаше со сите средства, а во прв ред со насилство и силата на оружјето. Во тоа се состои една од основните грешки на раководството на КПГ во поваркизниот период.

Како што се гледа од самите констатации на Резолуцијата на ЦК КПГ, во Грција фактички пламтеше една крвава војна од страна на десницата против демократските сили во земјата.

Решенијата на XII Пленум на ЦК КПГ и констатациите внесени во горецитираната Резолуција, главно беа становишта изнесени од тогашниот генерален секретар на КПГ - Захаријадис во неговиот реферат одржан на Пленумот. Така, на пример, осудувајќи ја појавата и приврзениците на потребата од непредавање на оружјето и оружен отпор против десницата и странските интервенции, Захаријадис во својот говор го рече следното:

"Преминувањето на ослободителната војна во борба за Република, го доведе целото наше движење од повлекувањето после декември, на еден свиок. Една нова ситуација се појавуваше и бараше брзо приспособување на линијата, тактиката, методите и паролите, иако може овде да се говори во овој случај за криза само од таа страна, дека пред свиокот кон новото, се најдовме идеолошки малу неподготвени, нешто што доведе до извесна збрка. Многу членови и кадар не можеа веднаш да расчистат- што бараме и каде одиме во новите услови. Оваа збрка имаше за резултат извесни малограѓански колебања, внатре во партијата. Некои од тие, како она на Велухиотис, можеа да бидат опасни, но Партијата ги пресретна решително.

До колку таквите манифестации не ги предизвикуваше непосредно класниот непријател, се должат на идеолошките слабости. На пример, манифестација на партизанштина во движењето се должат на тоа, што извесни другари не разбраа дека  Варкиза беше една последица на поразот во декември и го наложи преминувањето од "лесната" партизанска борба, на масовна политичка борба, сакаа да ги задржат пушките и да ја продолжат партизанската борба (Захаријадис ја наречува со грчкиот израз "клевтополемос" - качачка војна м.п). Тоа значи, со вчерашниот билет да минат и денеска. Партијата удри и бие таква помисла затоа што води по последици катастрофални за целата борба. Но Партијата ги премина бргу сите овие колебања и решително се фрли во новите борби и новите задачи".

Многу се значајни овие Захаријадисови искажувања, затоа што го откриваат приодот кон политичка линија, врз инаку една правилна оцена на ситуацијата. Се осудува појавата на вооружен отпор. Меѓутоа, ако го анализираме ставот на потребата од вооружен отпор во светлината на ситуацијата која владееше во земјата, ќе можеме да расчистиме едно основно прашање - дали ситуацијата по Варкиза беше револуционерна ситуација или не и во врска  со  тоа, каква форма на борба се налагаше?

Продолжува

 

 

 

Григор ПРЛИЧЕВ
1830/31 - 1893

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

************************

ГРИГОР ПРЛИЧЕВ - "СЕРДАРОТ"

 

Григор Прличев е роден во Охрид,  во сиромашно семејство, 1830/31 а починал во 1893 година. Татко му починал кога тој бил шестмесечно бебе, па грижата за семејството паднала врз мајка му. Неговиот дедо го научил да чита уште на четири годишна возраст од некој стар грчки буквар. Мајка му и сестра му аргатувале по куќи, а тој продавал јајца, им давал часови на богаташките деца и препишувал книги. Освен овие податоци, во својата "Автобиографија", Прличев го опишува основното училиште и тогашните учители, како и доаѓањето на Димитар Миладинов за учител на кого "мед му течело од устата", кога зборувал.

1850 година се запишал на Медицинскиот факултет во Атина, што никогаш не го завршил, но тогаш за прв пат дознал за конкурсот за поеми. По 10 години се вратил во Атина, да ги продолжи студиите, а всушност да се пријави на конкурсот.

Со поемата "Сердарот" ("О Арматолос") тој го освоил првото место, ловоровиот венец, паричната награда и бил прогласен за втор Хомер (1860). Во наградата спаѓало и студирање во Берлин или Оксфорд, но таа награда можел да ја добие само, ако се откаже од се' словенско во себе - и тој ја одбил.

Следната година, повторно се пријавил на конкурсот со поемата "Скендер-бег", но таа година по некоја случајност, конкурсот не се одржал.

Кога дознал за смртта на браќата Миладиновци, Прличев ја напуштил Атина и се вратил во татковината за да се бори со владиката Мелетија (виновникот за затворањето на Димитрија). Од тогаш, па се' до крајот на својот живот, Прличев се борел со носителите на туѓото влијание во неговата татковина. Тоа ќе биде причината, тој да биде  прогонуван, па и затваран (во дебарскиот затвор).

Во 1871 година го објавил препевот на "Илијадата", но бил жестоко напаѓан, па дури и исмеан од бугарската критика. Причината била таа, што тој пишувал на општословенки, а не на бугарски литературен јазик. Прличев се занесувал со идејата да направи општословенски јазик - комбинација од словенските јазици, кој ќе го користат сите Словени (словенски експеранто). За жал, таа идеја не била прифатена и реално била неизводлива. Разочаран, се повлекол во Солун, каде ја напишал "Автобиографијата". Во нашата литература ова е прво дело, од ваков тип, напишано во проза.

Последните години од својот живот ги поминал во родниот град, речиси сосема осамен и разочаран.

"Сердарот" е историско-јуначка поема; историска балада. Темата е борбата на Македонците против насилствата на Гегите, или воопшто, борбата за слобода.

Идејата - да го прикаже макотрпното минато на својот народ и стремежот за слобода. Поемата е напишана на грчки јазик (бидејќи се пријавил на конкурсот за поема во Атина).

Мотивот Прличев го зел од народната песна за Кузман Капидан, а бил инспириран од тешкиот живот на Македонците од западните делови на Македонија, кои биле изложени на терор од страна на Гегите. Па дури и турската власт за да го заштити населението од грабежи, за да може после да им земе даноци, морала да организира заштитнички единици. Кузман Капидан бил водач, сердар, на една таква единица.

Поемата е сочинета од 228 строфи со по четири стиха (катрени), од кои првиот и третиот стих се петнаесетерци, а вториот и четвртиот осмерци. Во неа мотивот  и версификацијата (градбата на стиховите) се под влијание на народната македонска поезија, додека стилските особености - сложените епитети, мотивите и ликовите од грчката митологија, опширната епска нарација, описот на оружјето, на двобоите и градењето на ликовите се под влијание на Хомер. Содржината на "Сердарот" започнува со потресна слика за положбата на македонското населени во Галичник и Река, каде е лоцирано дејствието на поемата.

Со познатата словенска антитеза, карактеристчна за нашето народно творештво ( но и за Хомер, види го извадокот за разделбата на Хектор и Андромаха - употребена е истата стилска фигура), Прличев не' воведува во понатамошниот тек на поемата.

Гласот на смртта на јунакот се шири со голема брзина и тој предизвикува болка и страв кај населението, зашто ќе нема кој да го заштитува.

Од тој ужас и немир што се шири меѓу селаните, Прличев се префрла на тивкиот и мирен дом во кој мајката на Кузман - Неда е осамена и во исчекување да се врати синот. Таа претчувствува нешто страшно, бидејќи сонувала како се руши куќата и потпорната греда (Кузман ) не издржува. Со смирен тон и многу сликовито, Прличев ја опишува мајката:

 

На средна е доба; и јадра, сосема здрава,

Кршна и херојски силна.

Извајана е амазонската нејзина става:

Вистинска личота милна.

 

Таа е последна која дознава за смртта на синот, сите се плашат да и' ја кажат кобната вест, но кога таа сепак допира до неа, Прличев го повишува тонот и ги градира чувствата:

 

Да, како лавица што дрско ловците ја гонат

и плодот и' го крадат прв...

А тогаш и најтврдиот од очи солзи срона:

го стигна жалта својот врв.

 

Гегите (Албанците) се непријателите кои го пљачкосуваат и тероризираат населението, но Прличев ги слика како поклоници на јунаштвото и чесноста. Тие за да му оддадат почест на големиот јунак, сами на раце го носат Кузмановото тело во домот на мајката, на тој начин искажувајќи ја почитта и кон неа и нејзиното херојско и гордо однесување. Стариот Албанец ќе рече:

 

И везден ти да плачеш, имаш зошто. Биди силна!

Ти загуби, о мајко, џин!

Народните ќе пеат колена со уста милна

за делата на твојот син...

 

Од голема почит, тој ќе вети дека Гегите никогаш нема да ја нападнат и навредат мајката на јунакот, дека таа секогаш ќе биде заштитена. Но, храбрата Неда не прифаќа да ја заштитат само неа, таа сака заштита за сите Македонци.

Прличев потоа го опишува ритуалот на капењето на мртовецот, тажачката на Неда, како и историјата на семејството, дека и Кузмановиот татко исто така се борел и храбро загинал.

На крајот од поемата, сосема кратко, но многу сугестивно е прикажана Марија, свршеницата на Кузман, која од силна љубов знае само за верност до гроб. Таа го презира својот убав лик, ги распушта косите и фрла пепел врз нив, сосема се отуѓува од животот и убавините што може да и ги донесе, па затоа се закалуѓерува..

 

...Румената лика од болката свенала многу;

лицето - восок и стана...

И почна од луѓето да се отуѓува; веднаш

в мисли да потоне знае...

Си шепотеше сама...И сите ја сметаа, бедна,

за поулавена да е...

 

Гробот на Кузман е секогаш осветлен со кандило и на него цвеќе има, бидејќи таа не го заборави, а не треба да го заборавиме ни ние.

 ЛИКОВИ       

Со особено мајсторство и во хомеровски дух, Прличев ги насликал ликовите во неговата поема. Сите ликови се длабоко сугестивни, силно впечатливи, носители на возвишени, но и реални особини.

НЕДА е централен лик во поемата. Таа е мајка на јунакот, но и самата јунак. Таа е храбра - гордо ја поднесува смртта на синот, бестрашно им се спротивставува на непријателите, подготвена е и самата да се бори и да ја поведе борбата - да стане водач. Јасно е изразена нејзината решителност и чесност, Но, освен овие возвишени атрибути, таа е сепак мајка, чувствителна, која безмерно го љуби своето единствено дете. Нејзиниот крик и плач е мајчин, зашто нема ништо пострашно од смртта на детето. Но, и во таа болка Неда не мисли само на себе, туку и на целиот нејзин народ, кој останал незаштитен и кој треба да преземе дел од таа болка.

Во ликот на Неда, Прличев го насликал и ликот на својата мајка, кон која чувствувал голема љубов и почит.

КУЗМАН е загинат уште на почетокот од поемата, затоа за него дознаваме преку раскажувањата на другите  ликови,  ретроспективно (преку навраќања). Тој олицетворение на возвишено јунаштво кое е почитувано дури и од непријателот. Силен и храбар во борбите со него. Тој е заштитник на народот и својот живот го жртвува за доброто на сите. И кај него се гледаат обичните човечки особини како - љубовта и почитта кон мајката, како љубов кон девојката Марија, со која сакал да го минува животот и да создаде семејство.

ГЕГИТЕ во поемата не се негативни ликови. Тие се непријатели - пљачкаши, немилосрдни, убијци, но и тие ги носат возвишените атрибути на чесност - носејќи го со сите почести мртвото тело на Кузман во домот на Неда, ризикувајќи да бидат убиени од гневното и желно за одмазда население. Тие и самите борци, имаат респект кон борецот, така ја покажуваат својата човечност. Особено се истакнува стариот Албанец, со својата мудрост и желба да ја утеши ужалената мајка, величајќи го неговиот смртен непријател.

МАРИЈА , свршеницата на Кузман, иако е опишана сосема кратко, е исто така впечатлив лик. Таа е достојна на љубовта на големиот јунак, верна до гроб, бескрајно вљубена, тивка и искрена. По смртта на својот љубен, таа нема повеќе за што да се радува, се повлекува во калуѓерство, посветувајќи му се целосно на споменот на таа љубов.

"Сердарот" има врвни уметнички квалитети. Поемата е симбиоза (обединување) на фолклорот, Хомеровиот стил и сопствената силна уметничка дарба на Прличев. Богатството на јазикот, стилските изразни средства, силината на претставувањето на ликовите, фабуларниот тек (со ретроспективни навраќања) ја ставаат оваа творба на највисоко место вопериодот на Романтизмот, но и денеска.

 

Охрид со Самоиловата тврдина.

  • "СЕРДАРОТ"

    Пискотници се слушаат од Галичник до Река,
    што тешка несреќа ги збра
    и мажите и жените, та гласи тажна ека
    и навева сал коб и зла?

    Дал' град полињата житородни ги беше фатил?
    Ил' рој од скакулци се вдал?
    Дал' султанот арачлии час предвреме им пратил
    да збира арач лут без жал?

    Ни град полињата житородни ги беше фатил,
    ни рој од скакулци се вдал,
    ни султанот арачлии час предвреме им пратил
    да збира арач лут без жал.

    Та Кузман, јунак славен, падна убиен од Гега,
    тој сердар прочут падна в бој,
    и ќе ги гази пљачкашот планинитe ни сега,
    а да ги брани нема кој...

  • ПРВА ПЕСНА

    - Земјоделци, служители на Деметра баш така
    шепотеа за гласот зол, а жените,
    штом чуја, писнаа од силна мака
    и коси корнеа од бол.

    А гласот растеше и голем стана та се дигна
    ко Бореј, брзокрил.
    За час во сите ближни села толку бргу, ене, стигна
    тој несреќен и кобен глас.

    Вдовиците и бедните, ги гледаш, солзи леат,
    и момите - за света чест.
    А земјоделците ко трогнати ни од ровја беа
    на таа толку жална вест.

    Григор Прличев, автор

    Продолжува
    *************

Kind regards : 25 јули 2017

Sotir Grozdanovski broj 83