Блаже Конески, 19.XII. 1921 - 7.XII.1993.

НЕ СМЕЕ ДА СЕ ИЗНЕВЕРУВА

СВОЈОТ НАРОД

ЗОШТО НЕГОВИОТ ЈАЗИК НИ Е

ЕДИНСТВЕНАТА 

НАША ЦЕЛОКУПНА ТАТКОВИНА

 

 -  Блаже КОНЕСКИ, академик

====================================

Стевчо ЈАКИМОВСКИ

 

=====================================

ЗА КОГО СОНЦЕТО

И ИЗГРЕВА И ЗАОЃА НА ИСТОК?

 

Пишува : Стевчо Јакимовски

 

Кога на 16 февруари 2013 година одлучив да се кандидирам на локалните избори, главни погрдни зборови кои членовите на СДС ги упатуваа кон мене беа, дека сум предавник, четник, шајкача, Шешељ и што уште не.

Сведоци  сме дека главни советници на СДС за доаѓање на власт им беа српски агенции и маркетинг "експерти". Тие со шајкачата. Тие, четниците. Очигледно имале постизборен дил, по принципот не ти давам риба, туку ќе ти дадам трска да си фатиш риба. Тоа што овие агенции ги советуваа, сега вложеното знаење, ќе си го наплатат преку новиот српски кадар на кој му дадоа државјанство за да биде директор на ЕЛЕМ. Тоа значи, еве ви голем бизнис, односно, еве ви шведска маса па послужете се со што  сакате.

Кога Љупчо Георгиевски ја потпиша декларацијата со Бугарите, се сеќавам Бранко Црвенковски на голем митинг во Скопје, некаде во мај 2000-те година, за ВМРО-овците велеше, цитирам: "За нив сонцето и изгрева и заоѓа на исток". Бранко тогаш доживуваше овации. СДСМ-овците воодушевени велеа "како ли само му текнуваат вакви зборови". Денешниот нивен лидер, ќе си го потпише како попче договорот со Бугарија и не води сметка што сонцето "ќе му изгрева и заоѓа на исток".

Во комунизмот, уште Тито додека беше жив, за кои некои уште мислат дека бил диктаторски режим, македонските политичари слободно го поставувале прашањето за нашето национално малцинство во Бугарија. Откако се оствари нашиот милениумски сон да имаме своја држава, свој владар, свои институции, војска, полиција... Новото премиерче при посетата во Софија, не ни помисли да го спомне македонското национално малцинство во Бугарија.

Јавно прашувам, зошто бе Македонци правевме сопствена независна држава? Зошто се радувавме? - За да имаме фудбалска репрезентација која ќе биде на 120 и незнам кое место, која ќе губи од Андора. Зарем направивме држава за да молчиме? И да бидеме понеслободни од тоа што сме биле во Југославија?

Не само тоа, во договорот што треба да го потпишеме за добрососедство со Бугарија, мораме да се согласиме дека се откажуваме од нашиот интерес и грижа за нашето национално малцинство во Бугарија. Знаете ли зошто? - Затоа што, во нашиот Устав стои грижата за нашето малцинство во дијаспората. Ваквото прифаќање на одредба која ќе стој во договорот, значи и директно кршење на Уставот!

Учебниците мора да ги промениме и затоа што' ќе учат нашите деца, каква историја ќе имаме ќе мора согласност да ни дадат бугарските историчари. Убаво си вика Божидар Димитров, "Македонските деца шче учат блгарска историја. Таква, каква то се училе до 1944 година."

Ќе славиме заеднички Илинден, на востание што е чисто македонско автохтоно востание. За истото било ветено помош од Бугарија, дури 100.000 војска, но  не сме добиле ниту оружје, ниту муниција, ниту дошла војска. И, сме кренале востание со 1.200 востаници кои потоа биле масакрирани од 18.000 турски аскер. Што ќе славиме заедно со Бугарите? Нивната измама? Нивното предавство?

Не ги силувале нивните жени, туку нашите. Не ги убивале нивните деца, туку нашите. Не ги палеле нивните куќи, туку нашите, крушевските куќи.

Каде е тука помирувањето?

Ако искрено сакаме добрососедство, зошто ќе полагаат венец на Цар Самоил, а нема да положат венец на оние што sверски ги убивале. На ваташките младинци на пример. Што разбирале 17 годишни деца од политика и идеологоија? Ги убивале како кучиња по ваташките долови!

Или 19 стрелани селани во Дабница? Стрелањето на 8-ми километар од Штип?  Цветан Димов го фрлиле од трети спрат на бугарската полициска станица во Скопје и се распркал како лубеница!

Од семејството на Ацеви е жива само Вера Ацева! Братот Мирче Ацев, Димче Ацев  е мачен и sверски убиен од Бугарите. Неговото семејство го украло неговото безживотно тело и кога сакале да го погребат, му ги виделе листовите на ноsете. Тие биле делкани со нож! Како да е неговото месо шунка!

Ќе биде коректно ако на некои од тие жртви се постави венец. Тоа е вистински подадена рака и покајание за нечии грешки во минатото. Тоа е вистинско добрососедство.

Како што Вучиќ сакаше да се поклони пред жртвитее во Сребреница.

Овде, Бојко Борисов вешто го избегнува ова помирување и ќе положи венец на Цар Самоил. Таму, нашето премиерче си положи венче на Самоил, царот блгарски. Ако сме мажи, ај да му исклесаме на споменикот на Самоил да пишува"Цар Самоил, цар Македонски"! Па да видиме како ќе го дочекаат Бугарите. Ште го изгонат. Нема да припари веќе во блгарската држава.

Е сега, едно интересно прашање. Каде е МАНУ? Не сакам да верувам дека некои академици, некој добивал титули по партиска припадност. Не сакам да верувам дека оваа наша значајна институција е партиски обоена и нечие ООЗТ.

Кога ќе се спомене МАНУ, мене секогаш ме потсеќа на Блаже Конески. На нашата светиња, кој беше претседател на МАНУ кога јас бев дете. Едно мило, симпатично човече. Се сеќавам, со очила со големи рамки и голема диоптрија. "О, тешкото" и денес го знам напамет. "Везилка". Татакото на нашата азбука, творецот, кој на нож бил дочекан во Белград за тоа каква азбука кодифицира на нас Македонците.

Каде е деновиве еден интересен лик, академик Блаже Ристовски. Ќе повторам, дете бев кога го гледав на малите екрани како убаво зборува за нашите корени, како прави дистанца од Бугарите. Цела кариера тој човек направи на анти-бугарштината, денес молчи. Ај што тој молчи, можеби е човекот во одминати години, па си има други маки. Ама, што молчи неговата ќерка, Лилјана Поповска? Лидер на политичка партија. Таа е позната по уште пожестоки анти-бугарски,  а промакедонски ставови.

 

Лилјана ПОПОВСКА, претседателка на ДОМ

Често пати се сеќавам, со каква жештина зборуваше за македонската нација. Кариера направи, зборувајќи против територијалната поделба во 2004-та. Го напушти подпретседателското место во Собранието, се сеќавате? Ни да гукне за тиранската платформа, ниту да гукне за добрососедски договор со Бугарија. Но таа, пред некој ден зборува за евтина електрична енергија. Еееј народе, Лиле Поповска побитна и' е електричната енергија од македонското достоинство!

Зборуваше СДС за де-политизација на МВР. Вообичаено е министерот и заменикот да бидат политички личности. Министерот и заменикот се политички личности. Државниот секретар им е член на Претседателството на партијата. Директорот на јавна безбедност, партиски член. Директорот на јавна администрација член на Извршниот одбор на СДС.

Ова се принципите на СДС?

Како беше онаа народната, не ме гледај што правам, туку гледај ме што зборувам.

 

Преземено од  infomax.mk

***************************

Марија Лукаревска

ХЕЈТЕРИЗАМ И РЕНЕСАНСА

*****************

КАКО ДА СЕ СПРАВИТЕ  СО

ОВАА НЕИЗБЕЖНА ПОЈАВА

ВО СОВРЕМЕНОТО ОПШТЕСТВО

*******

Пишува: Марија  Лукаревска

 

Социјалните мрежи се редовно преполни со компетентни критичари и искусни експерти од сите области. Сите луѓе имаат свое мислење за политичката ситуација во државата и светот, за загадувањето на околината, за заштитата на животните, за туѓата сексуална определеност, за туѓите животни избори, успеси, падови... И тоа од една страна е добро! Тоа значи дека луѓето размислуваат за работите што се случуваат околу нив. Па, зар не е тоа целта на модерното општество? Зар не треба секој да има свое право на мислење и изразување? Тоа денес е овозможено, благодарение на многубројните социјални мрежи како што се Фејсбук, Твитер и Инстаграм. Но каде се наоѓа границата? Кога личното мислење преминува во хејтеризам и дали е тоа добро и продуктивно?

За да можеме да го препознаеме хејтеризмот, најпрво треба да го дефинираме. Хејтеризмот (кованица од англискиот збор "hate" што значи омраза) може да се објасни како негативна појава на модерното време чија цел е да омаловажи и исмее нечиј труд, успех или неуспех и се користи како алатка од страна на лица со недостаток на самодоверба и вишок слободно време.

Сигурни сме дека и самите сте биле сведоци на голем број вакви примери. Колку статуси сте прочитале досега што исмеваат нечиј избор на облека? Колку твитови сте виделе чија цел е да омаловажат нечие мислење? Што е со статусите кои содржат говор на омраза кон сите оние со поинаква политичка определба или начин на живот? Како сте се чувствувале вие кога сте ги прочитале? Сигурно добро, доколку вашето лично мислење се совпаѓало со нив, па дури и сте "стегнале " лајк. Но, што е со оние кои не се одраз на вашиот личен став, туку го отсликуваат токму спротивното на најнегативен можен начин? Најверојатно ви разбудиле негативни емоции и мисли, па дури и самите сте се почувствувале навредени, особено ако сте се пронашле во нечиј статус или твит и сте доживеале лично.

Хејтеризмот не треба да се меша со конструктивна критика. Едно е кога не се согласувате со нечие мислење, па образложувате преку аргументи и докази зошто според вас тоа е погрешно и како би можело да се поправи, а сосема друго е кога исмевате.

Конструктивните критики се добри и корисни, бидејќи ни помагаат да станеме подобри и да постигнеме поголем личен напредок. Дури и да не се согласувате со нив, добро е да ги има за да го погледнете она што го правите од сосема поинаков аспект. Тие можат да ви ги отворат очите и да ви укажат на некои ситници кои воопшто не сте ги забележале. Луѓето кои критикуваат на конструктивен начин знаат како да се изразат, употребуваат неутрални зборови, го засноваат нивното мислење на добро издражани аргументи и нудат алтернативно решение. Конструктивните критичари немаат никаква врска со хејтерите.

Хејтерите најчесто си го кријат вистинското лице зад екраните и се претставуваат лажно, веројатно поради недостаток на самодоверба. Нивниот начин на изразување е полн со иронија и сарказам, укажуваат на проблемот преку исмевање и омаловажување, упатуваат директни навреди, нивното мислење не е подржано со аргументи и не нудат конкретно решение. Нивната единствена цел е да укажат на нечија грешка и да го навредат сторителот за тие самите да се чувствуваат подобро. Вистинската причина за ваквото однесување произлегува од нивното незадоволство од сопствениот неисполнет и површен живот. Празнината што ја чувствуваат длабоко во себе се обидуваат да ја исполнат преку секојдневните статуси и твитови полни со омраза. Своето вистинско лице го кријат зад маската на самоуверени, интелигентни и нарцисоидни личности кои со гордост го носат епитетот "хејтери".

Денес стана модерно да се биде хејтер. Сите хејтаат. Сите си земаат за право да ги коментираат и осудуваат туѓите животи и ставови под оправдувањето дека "секој има право на лично мислење". Тоа е неоспорно и неизбежно е дека еден ден и вие ќе станете мета на тие луѓе без разлика колку (не) се експонирате во јавност. Порано или подоцна некој ќе се обиде да ја излечи сопствената фрустрација преку вашиот успех или неуспех и тоа не може да се спречи. Тоа може да влијае на вашата самодоверба, можеби ќе се чувствувате повредени и ќе почнете да се сомневате во сопствените одлуки. Но, добрите вести се' дека постој решение за овој проблем и дефинитивно можете да ја свртите целата ситуација во своја корист!

Па, како да ги победите хејтерите сезнајковци?

1. Никако не се обидувајте да почнете расправија со нив! Нема да успеете ниту да ги разбудите ниту да им докажете нешто. Ако почнете да се карате, само ќе паднете на нивно ниво и ќе се изнервирате.

2. Игнорирајте ги. Хејтерите одвај чекаат да реагирате, затоа што така ќе си го исполнат времето со оглед на тоа што и онака немаат попаметна работа. Едноставно не им обрнувајте внимание и продолжете понатаму со животот. Ова е полесно да се каже отколку да се направи, но со текот на времето ќе станете имуни на хејтеризмот.

3. Искористете го нивниот хејт во ваша полза. Да, ова е сосема возможно. Не заборавајте дека никој не ги споменува луѓето кои не се вредни за споменување. Според ова, ако сте постојана мета на хејтери, тоа е знак дека нешто правите како што треба. Слободно сфатете го хејтот како комплимент.

Нормално е дека не можете да добиете одобрување за она што го правите од сите луѓе на светот, но не доволувајте нечиј ограничен ум да ви го попречи патот кон остварувањето на вашите соништа. Никогаш не се менувајте себеси за да им се допаднете на другите. Останете доследни на себе и секогаш бидете свои. Не заборавајте дека што и да направите: Хеитерите секогаш ќе хеитаат.

Позајмено од: www.kafepauza.mk

Развој на богомилското движење

 

************************************** 

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА

ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ 30

 

3. Појавата на богомилството во Македонија

 

Тенденцијата за културна и духовна мобилизација, која своето извориште го црпела во дејноста на светите Климент и Наум Охридски, несомнено била одржувана и поттикнувана од елитата издигната од Охридската книжевна школа. Дел од Климентовите ученици ја продолжиле активноста како доследни служители на официјалната црква, но несомнено имало и такви што, проширувајќи ги своите теолошко-идеини концепции, се обидувале да изнајдат алтернативен и независен духовен израз. Во овие услови на поширока афирмација на културно-просветните и религиски тенденденции во Македонија се појавило богомилството. Не станува збор за директна поврзаност помеѓу дејноста на с. Климент и подоцнежното богомилско движење, туку за посредни влијанија кои, впрочем, ја предодредиле неговата појава. Силен мобилизирачки фактор било и акумулираното незадоволство на населението од бугарската и византиската власт, што го продлабочило социјалниот и политичкиот антагонизам.

Условите за создавање на богомолството како независно и оригинално религиско движење и учење созреале кон средината на X век, кога е забележана неговата појава во Македонија. Во прилог на тоа говори и Пространото Климентово житие, во кое се истакнува дека по смртта на Климент Охридски меѓу неговата паства се распространила зла  "ерес",  што во принцип кореспондира со почетоците на богомилството во Македонија.

Како идеен творец и главен проповедник на богомилството изворно е идентификуван попот Богомил, чија што дејност може хронолошки да се определи за време владеењето на бугарскиот цар Петар (927-969), територијално да се лоцира во југозападна Македонија. Попот Богомил, несомнено, за своето време пројавил реформаторски тенденции за повеќе прашања од религиозен и општествен карактер. Идејата за богомилството како нова духовна манифестација веројатно се должела на теоретската опитност и објективното расудување на попот Богомил, но неговата реализација во целост, како учење со определена концепција, која засега посеопфатни теолошки, филозофски и социјални аспекти, веројатно била плод на повеќегодишна тимска работа што ја вршел со неговите најблиски соработници и истомисленици. Богомолството, несомнено претставувало автентична духовна појава, со дуалистички карактер на религиозното произнесување и на социјално-филозофската ориентација. Традицијата од постарите еретички искуства какви што биле манихејството, масилијанството и павликијанството, во констелација со различни филозофски ориентации, оставила видливи белези во концепцијата и идејната насоченост на богомилството. Истовремено, неоспорна е претензијата за вклучување нови содржински елементи, адекватни за приликите во Македонија, што придонело за автентичноста и оригиналната артикулација на учењето настанато во македонските простори. 

Суштината на богомилството може да се реконструира врз основа на неколку клучни постулати. Тоа се: дуалистичкиот карактер (манифестиран преку борбата помеѓу доброто и злото, односно меѓу Бог и Сатанаил), кој варирал од умерени до екстремни позиции, специфичната теолошко-догматска определба, подржувањето на етичките начела во нивниот социјален живот, како и политичката димензија на движењето, чии детерминанти произлегувале од вкупните општествено-политички процеси во средновековието, а посебно во Македонија. Всушност, богомолите биле против црквата во нејзиното институционално значење и против христијанскиот обреден систем, што резултирало со оспорување на култот на храмовите, службите, иконите, крстот, крштевањето, евхаристијата, светите мошти како извор на чуда, воскресението, празниците, световноста на Богородица итнт. Во организациска смисла тие биле поделени на три основни категории и тоа обични приврзаници, верници и совршени. Партиципирањето во една од наведените категории зависело од опитноста во изложување на догмите и аскетизмот, идентификуван преку постот, молитвата, живот во целибат и целосно дистанцирање о материјалните добра. Дејноста на богомилите сериозно ги загрозувала интересите на официјалната црква и држава, поради што тие биле подложни на силни прогонства.

Поставеноста на богомилството наспроти Бугарија и Византија, својата политичка димензија ја пројавило во периодот на создавањето и етаблирањето на македонската држава во втората половина на X век. Односот меѓу  богомилите и царската династија на Самуил сосема сигурно бил заснован на меѓусебните интереси и имал интерактивно дејство. Како резултат на тоа, во втората половина на X век богомилството важело и за делумно организирано движење со народна ориентација. Наспроти нивната пацифистичка доктрина, учеството на приврзаниците на богомилството во военоослободителните потфати на Самуил се јавило како реална потреба и нужност за реализирање на заедничката кауза. Во конкретен момент од тогашните процеси богомилите и Царот го насочиле своето дејствување против византиската политичка власт, но и против духовната и културната доминација на Византија.

Како алтернативна форма на религиозно-идеолошко произнесување, богомилството остварило влијание и врз културолошките процеси, непосредно одразувајќи се во духовната култура на Македонија, од каде што подоцна се дисперзирало во регионот на Балканот и пошироко во Византија, како и во земјите на западна Европа. Идентификацијата на културните вредности и влијанија на богомилството најдобро се согледуваат преку книжевните состави со оригинална богомилска артикулација, апокрифите, филозофските аспекти на учењето, како и преку неговата присутност и традиција во народното творештво. Богомилството опстојувало до XV век, а неговото исчезнување било детерминирано од османлиските освојувања во Македонија и на Балканот.

 

Продолжува

 

 

ШТИП

ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

1945 - 1949

ДЕЛ 05

Пишува Наум ПЕЈОВ

(Грчките барања за проширување)

продолжение

 

Во врска со грчко-југословенската граница, бидејќи постојните теснини и пречки меѓу сегашните граници и Солун, на Костурино и Демир Капија, малку се оддалечени од Солун и во правец на висорамнините Лерин - Кожани не постоела никаква природна пречка и линијата на сигурност "кон Југославија" требало да биде следнава:

"Северните приоди на планинските масиви Сува Гора и Караџица, северно од Велес, северно од Штип сливот на реката Брегалница и нејзината притока Злетовска Река, течението на реката Брегалница до околината на Царево Село."

Нема сомневање дека кога имаат смелост да бараат "исправки" спрема Албанија и Југославија, ќе бараат исто и спрема Бугарија. 

Откако набројува "аргументи" за оваа негова теза, генералот Лумбас заклучува: "Поради споменатите причини во околиите меѓу Струма и Места нашата погранична сигурност е незначителна, а во областа помеѓу реките Места и Марица не постој ниту трага од погранична сигурност. Поради сето тоа станува нужна потребата од стратегиско исправање на нашите граници со Бугарија на начин, кој во иднина да спречува секаква можност за анексионистички претензии против нас. Но тоа може да успее единствено со општото завладување на планинските масиви на Пирин и Родопите од наша страна, зашто овие планински масиви од една страна претставуваат многу сериозни природни пречки за нападни операции од бугарска територија против нас, а од друга страна - на овој начин се добива нужна длабочина на нашите застрашени околии за водење на одбранбена борба."

Поздравен говор на "Конгресот за национални права" од 28 октомври 1945 година во Солун, одржа и генерал потполковникот Димитрис Какавос, кој наскоро беше отпечатен во посебна брошура под наслов : "Македонија во последните 40 години и нашите национални права". Тој фрла летимичен поглед на блиската историја на Македонија, гледана низ призмата на грчките мегаломански очила и откако, оплакува за тоа дека Грција не била наградена како што требало, предлага:

"Нашите граници веќе минуваат покрај клонот на Пирин, кој исто така е клон на Родопите, но и Родопите се клон на Хемус. Ако, значи, сакаме справедливо да ги разделиме воените предности на територијата, потребно е, бездруго, да стигнеме део Хемус и оттаму линијата да се отправува западно кон Црно Море.

Но, ако истакнуваме на овие наши справедливи барања би се окарактеризирале евентуално како шовинизам, а не како неопходна мерка за сигурноста на државата од насилја, единствена согласност која би можело да биде примена, е да се ограничи нашата гранична линија до горните Родопи, оттаму преку Габровица, откако ќе ја надмине железничката линија Пловдив-Софија, да мине на Панаѓуриште и да заврши на Црно Море, така што да стане наша национална област долината на Марица заедно со, до пред извесно време развиените грчки центри Пловдив, Станимах, Кавакли, Бургас, Созопол, Агатопол."

Откако накратко и лажно ги интерпретира воените настани од Првата и Втората Балканска војна, авторот се свртува на барањата према Југославија и вели: "По горното сметам дека нашата гранична линија од горните Родопи треба да минува низ масивите на Пирин и Арвин и да стигнува на Малеш и од таму да завршува на височините на Охридското Езеро, така што сите споменати грчки центри - Струмица, Дојран, Гевгелија, Прилеп, Крушево, Битола да преминат во грчката држава, со што покрај нашата воена сигурност прилично се задоволува и прашањето на нашето економско засилување со приклучувањето на Пелагонското Поле."

На крајот, заокружувајќи ја замислената граница на Грција до Јадранско Море, Какавос вели: "И денеска, продолжувајќи го одредувањето на нашата гранична линија до Јадранско Море, сметаме дека таа од северниот крај на Охридското Езеро треба да се насочува кон устието на река Скумби, така што Јужна Албанија, која правилно е наречена Северен Епир, заедно со развиените грчки центри, херојската Хумара, Авлона, Гинокастро, Корча, да преминат во нашата национална територија".

Еве какви националистички и мегаломански идеи се ширеа во Грција од грчките шовинисти по најстрашната војна која до денес, ја помни човештвото. 

Земајќи го овој факт во вид, може да се дојде до заклучок какви можеа да бидат односите на оваа влада спрема обичниот, мирниот работник и селанец кој се бори за гола егзистенција. Во Грција буржуазијата беше доведена во положба да падне. Таа паѓаше, но со помош од империјалистичките сили од странство таа одново застана на ноsе и тогаш со десетпати поголема жестокост се нафрли против својот гробар - работникот и работниот селанец, против работниот народ-револуционер. Само така може да се објаснат настаните во Грција по истерувањето на окупаторот.

 

Продолжува

*************************************

ОД МАКЕДОНСКАТА ПОЕЗИЈА

 

Блаже КОНЕСКИ 

 

Блаже Конески е роден на 19 декемеври 1921 година во Небрегово, Прилепско, а почина во Скопје, на 7 декември 1993 година. Познат македонски книжевен, културен и јавен работник. Академик, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог, јазичар, преведувач и професор.

Блаже Конески е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност.

Автор е на Граматиката на македонскиот литературен јазик (1952/54) и на Речникот на македонскиот јазик во три тома (1961/65/66). Добитник е на многу книжевни награди, меѓу кои наградите "11 Октомври", "Ацо Шопов", "Браќа Миладиновци", Рациновото признание и многу други.

Извор: www.kafepauza.mk

**************************

 

Многу од нас сме слушале за овој наш човек през нашите животи, но сепак останува нешто што би требало да се понови и согледа од денешен агол на времето во кое живееме, за да не се заборават зборовите и неговите дела, кои го направија вечен за македонскиот народ, но и за науката. Па, да видиме што ни фалеше од сликата, на нашиот Блаже Конески: - Неговото пророчанство за денешнината!

Сотир Гроздановски 

  • ШУМ

    Почини, немирна душо,
    не блуди в приквечер бледна,
    во есенска.
    Листот е нападнат веќе,
    и ако шум се слуша,
    шум е од тага една,
    од есенска.

    ЖЕД

    А како мреам кога те гледам,
    не знае никој, ниту ќе знае.
    Тоа е подла жед - ќе речеш.
    Тоа е потез на жедна рака
    до sвезден предел - јас ќе речам.

    ВРВ

    Еве на врвот се искачив. Сам.
    Тука не ме следи око ничие.
    И што? Јас во себе пак го шепотам
    Жалосниот сон на своето величие.

    РЕКИ

    Ги пуштив реките да течат
    дека се матни, дека мислат гласно,
    и може негде некому да речат
    што не сум знаел да изразам јасно.

  • СПОМЕН

    Не да те гонам како итра срна,
    не како галаба врака да те земам -
    јас ќе те кријам во моево срце
    како в гнездо ластавица скрита,
    јас ќе те чувам како таен спомен
    со ужас дека те заборавам.

    ПЕСНА

    О пеј ми, пеј ми!
    Каква песна!
    За едно пее
    за друго збори:
    "Се' што си рекол,
    се' што си сторил,
    случајно не е,
    простено не е."

    ГРАБЕЖ

    Да можев да те грабнам како змев
    со силни вилни ветришта и мрака,
    па макар колку омразен и грд
    и свесен дека пак презрен ќе бидам,
    но барем сиот опиен за час
    од силата на таков грабеж див.

    Блаже Конески, автор

Kind regards: 15 јули 2017

Sotir Grozdanovski broj 81