Тања Каракамишева-Јовановска

 "НЕ" ЗА РЕФЕРЕНДУМ

ЗА УСТАВНОТО ИМЕ

"ДА" ЗА УСТАВНА ЗАБРАНА

ЗА НЕГОВА ПРОМЕНА

Пишува: Тања

Каракамишева-Јовановска

 

Дали се' уште постој сомнеж, меѓу било кој Македонец, дека троецот утврден и поставен од страна на сценаристот не е ништо друго, туку македонски бермудски триаголник кој треба да го однесе уставното име, Република Македонија, во мистериозен и неповратен правец за денешните и за сите идни македонски генерации.

 

Овој троец, драги мои сограѓани, е многу внимателно одбран и "перен во мозоците" подолг временски период со цел успешно завршување на операцијата на сценаристот, решавање на спорот со Република Грција на начин и со име што одговара на грчките интереси.

Република Македонија и сите Македонци денес се, очигледно, ставени пред свршен чин. Најавите од грчкиот министер за надворешни работи, Коsиас, дека Грција нема да отстапи од црвените линии, едно име за севкупна употреба, значат само едно: - Грција нема да направи ни милиметар отстапка во однос на решавањето на спорот што таа го има со нашето име. Се бара и ќе се добие од натопорената тројка, без мнозински легитимитет од македонските граѓани,  Република Македонија значително да ретерира од ставот што го држеше ВМРО-ДПМНЕ и да се согласи да го промени уставното име со цел да добие членство во НАТО, а потоа и започнување преговори со ЕУ. Цената што е најавено дека ќе ја платат тројанските коњи поставени на трите клучни позиции во државата е цена што, всушност, ќе ја платиме сите ние, Македонците, нашите деца, нашите внуци. Тројанциве нема да добијат негативна фактура како нас, туку ќе добијат унапредување на нивните политички кариери и експресно во форма на награда ќе бидат инсталирани во НАТО или во ЕУ структурите како "наши" претставници, откако ќе ја завршат домашната работа.

Преку нашиот грб,  преку цената на нашето обезглавување и обезличување, тројкава и сите што ги подржуваат ќе си бидат сместени какао во НАТО и во ЕУ фотелјите без око да им трепне за сите нас останатите. Каков парадокс, каква иронија. Тие што ќе направат се' да не обезличат и обезименат ќе бидат испратени како "наши" претставници во НАТО и во ЕУ администрациите како награда за соработеното. Како награда за извршеното колективно национално убиство.

Целта на убиството е Македонецот да не може и да не смее да се нарекува Македонец во иднина. Тоа право ќе му биде забрането од страна на актуелната квинслиншка власт во државата подготвена да гази и на лешеви, само и само да си ги оствари своите болни кариеристички интереси, да бидат индивидуално вградени во институционалниот систем на нивните робовладатели, да бидат поблиску до нив, што е можно подалеку од небањатиов и прост народ што го презираат и им се гади од него. Потоа, забраната за употребата на името Македонец ќе ни дојде и од останатите инволвирани субјекти директно вклучени во менаџирањето на оваа крупна политичка операција.

Сценаристот има ниет да не внесе во НАТО со сменето име на пролет 2018 година, барем такви се официјалните информации што циркулираат во јавноста. Тоа, како што се изјаснија официјалните грчки политички претставници нема да биде можно со постојната "привремена" референца БЈРМ, туку со сосема ново име по грчки терек, за севкупна употреба. Или во превод тоа значи, дека Грците ќе ни бидат кумови и по 26 години самостојност и независност ќе ни прават нова крштевка. Крштевка за навек. Тие, како наш духовен татко ќе ни одредат како ќе се нарекуваме внатре во нашата држава и како  треба да не нарекуваат другите држави и меѓународни организации во политичките и во севкупните односи.

На што ви личи ова драги мои Македонци освен на целосна без 'рбетна национална капитулација и национален срам на векот. Да биде иронијата уште поголема, во ова веќе изрежирано сценарио, сценаристот не не заборавил и нас Македонците. Срамот и перверзијата на сценариото оди до таму, што ние самите ќе треба да си го потврдиме новото име. Демек, никој друг не ви го дава новото име, иако направивме се' да ве превесламе до тука, туку вие самите си го одбравте и си го потврдивте на "кредибилен" референдум. Токму затоа е предвидено да постој референдумот. Да ни го тутнат новото име без разлика на нашето гласање, така, како што успеа Шкотлаѓаните да ги превеслаат дека гласале против излегувањето од сојузот со Обединетото кралство.

Местењето на официјалните резултати на референдумите ширум светот според интересите на големиот сценарист е негова најголема специјалност. Токму затоа, ако учиме од сопствените грешки, од лекциите што ги поминавме на своја кожа (Охридскиот рамковен договор, нов закон за територијална поделба, Пржино 1,2), но и од лекциите на другите народи, треба да разбереме, дека е потребно едно големо национално единство и јасно изразен став против организирање референдум за промена на името. Треба да бидеме свесни, дека ни се подготвува една голема национална измама, уште не започната,  референдумскиот резултат на сценаристот му е веќе познат и вкалкуриран. 

Во моментов целата наша енергија, како Македонци, треба да ја насочиме кон промовирање национална кампања против одржување референдум за името и негово целосно повлекување, како можна опција. Фокусот на македонските граѓани треба да биде насочен кон  разубедување на двете најголеми партии во земјата, дека одржување референдум за името не смее да дојде во предвид по ниту една цена. Дополнително, што и по однос на референдумските резултати постои разлика во позицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС. Ако за ВМРО-ДПМНЕ одлуката за референдумот за можното ново име треба да биде со задолжителен карактер, СДС и новата влада зборуваат за конзултирање на граѓаните, значи, независно од нашата волја тие ќе си тераат со политиката на промена на името. ВМРО-ДПМНЕ вели дека одлуката донесена на референдум ќе биде задолжителна за сите, а ставот и позицијата на СДС и на новата влада е дека референдумот ќе има конзултативна природа, или согласно владината програма, граѓаните ќе бидат само конзултирани, но последната  одлука ќе биде на официјалните власти. Како и да го завртиш, Македонецот ќе губи, со кој било вид референдум. Ако внимателно ја читаме владината програма, на страна 14 ќе забележиме дека новата влада "се залага за реално и активно ангажирање за надминување на наметнатиот спор од страна на Грција, но нема да прифати никаков разговор за идентитетските прашања. За можните решенија ќе ги конзултира граѓаните".

Во ова залагање има две работи што се многу важни за сите нас. Прво, новата влада очигледно навлегува во нова, повисока фаза во врска со наметнатиот спор со Грција и од ниво на разговори СДС најавува ниво на преговори со Грција во однос на проблемот, што е квалитетно различен политички став во однос на предходната влада. Новата влада, се вели во програмата, реално и активно ќе се ангажира за надминување на спорот што не може поинаку да се протолкува освен како влегување во реални и активни преговори со соседна Грција. Второ, новата влада сака да не разубеди дека нема да прифати никаков разговор за идентитеските прашања, иако сите членови на владата како и мнозинството македонски граѓани се свесни дека со менувањето на името, односно со менувањето на уставното име, македонскиот национален идентитет се менува по автоматизам. Нема да бидат потребни никакви дополнителни разговори, како што велат во новата влада, бидејќи промената на името по дифолт значи менување на македонскиот  идентитет. За тоа прашање, да, точно нема да се водат никакви разговори, бидејќи нема да има потреба од нив. Ако веќе не си Македонец, значи ако те прекрстиле во Горно Македонец или Северно Македонец, може ли идентитетот да ти остане? Унитарноста на државата и републиканскиот облик на владеење?

Истото може да го побараме и од претседателот на Републиката, г-динот Иванов, тој во наше име да ја започне постапката за внесување уставен амандман за спас на честа, угледот и достоинството на Република Македонија, и пред се', на сите Македонци!

 

Преземено од "курир.мк"

********************************************************

Словенска богиња на љубовта

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА

ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ 27

5. Македонските Склавинии и Византија

 

Во текот на VIII век во македонските склавинии значително било издигнато нивото на политичко организирање, кое добило облик на полудржавни формации. За тоа, секако, свој придонес имала и репрезентацијата на моќта на лидерите на склавиниите, заснована и на стекнатите богатства, што се манифестирало со тенденцијата за здружено политичко дејствување. Коегзистенцијата и интеракцијата на Словените со античките Македонци претставувале мошне силен фактор, кој ја придружувал тенденцијата за политичко обединување и за формирање единствен државен субјект на територијата на Македонија. Токму тоа, меѓу другото, Византија претендирала да го оневозможи, преку сеопфатниот поход на императорот Константин V Копроним (741-775) против "македонските склавинии", спроведен во текот на 758-759 година. Меѓутоа, овој поход не резултирал со конкретна придобивка за Византија, бидејќи не бил проследен со воспоставување директна византиска власт во просторот на Македонија. Новиот византиски поход во Македонија следел во текот на 783 година, кога логотетот Ставрикиј се пробил до "Тесалоника и до Елада", принудувајќи ги Словените на плаќање данок. Ставракиевиот поход се ефектуирал во утврдување на византиската власт во некои делови на Тракија и од Грција, што кон крајот на VIII и во самиот почеток на IX век било валоризирано со создавањето на новите административни единици - теми: Тракија, Елада, Пелопонез, Кефалонија и Македонија.

Темата Македонија, формирана околу 800 година, не ја опфаќала историско-географската и етничката територија на Македонија, туку била лоцирана во западна Тракија, со седиште во Адријанопол "Одрин".

Именувањето на оваа тема како Македонија и нејзината локација непосредно до границите со македонската територија ја одразувале намерата на Византија за скорешно воспоставување на нејзина воена и политичка доминација во историска Македонија. Во овој период Византија, со исклучок на градот Тесалоника и натаму формално гоодржувала својот суверенитет во Македонија. Нестабилноста на византиските позиции ја илустрира вмешувањето на Акамир, архонтот на "Словените од Велзитија" во Тесалија, во меѓудинастичкиот судир во Византија. Неуспешниот потфат на Акамир упатува на зголеменото политичко влијание на елитата од склавиниите, што било присутно и кај сите македонски склавинии. Тоа влијаело Византија да го насочи својот воен потенцијал кон дефинитивното воспоставување на нејзината власт во Македонија.

Кратко време пред 836 година Византија ја санкционирала својата доминација во околината на Тесалоника, преку формирањето на Темата Тесалоника. Сепак, византиската хегемонија во пошироката околина на Тесалоника и натаму била мошне нестабилна, што го потврдува и избувнувањето на крупното востание на архонтот во една од склавиниите во близина на Тесалоника (836/837 г.). Особено чувствителен бил регионот помеѓу реките Струма и Нест (Места), каде што биле лоцирани Струмјаните и Смолјаните, во кој Византија се' уште не била во состојба да го санкционира тематското уредување.

Словенска традициска носија

6. Континуитетот на античките Македонци и

процесот на нивната симбиоза со Словените

 

По ликвидирањето на Македонското Царство во 168 година пр.н.е., Македонците ја продолжиле својата егзистенција, зачувувајќи ја етничката посебност. Во изворните сведоштва од римскиот период Македонците се идентификувани како мнозински народ во Македонија и носители на античките традиции од времето на Филип II и Александар III, што било признавано и од самите римски императори. Континуитетот на античките Македонци посебно е апликативен за периодот што му предходи на населувањето на Словените на Балканот. Мнозинството автори од рановизантискиот период во нивното политичко, географско и религиско дефинирање на територијата на македонија го користат терминот Македонци во етничка конотација. Во делата на Амијан Марцелин, Клавдиј Клавдијан, Зосим, Филосторгиј, Сидониј Аполинариј се забележува константна тенденција за конкретно територијално разграничување на Македонија освен во географска и во етничка смисла, компарирана со соседните територии.

Етничката идентификација на Македонците е присутна и при елаборацијата на поважните настани од религиската политика во Македонија во текот на IV - V век од авторитетните црковни автори Евсениј, Созомен, Сократ, Теодорит Кирски, Амброзиј. Теодорит Кирски, воедно, директно ја идентификува припадноста на градот Тесалоника на "македонскиот народ" што е неспорен изворен доказ за етничката доминација на Македонците во Тесалоника, како и во Македонија. Најтипично е сведоштвото на солунскиот архиепископ Јован, кој ги посочува Македонците како единствено заслужни за одбраната на Тесалоника од аварско-словенската војска при нападот од 586 година. Јовановата идентификација на Македонците како мнозински етнички елемент во Тесалоника има посебно значење ако се земе превид дека тој, како сведок на настаните и активен учесник во одбраната на градот, не само што го пренесува своето лично поимање за етничката структура на Тесалоника, туку директно ја одразува и тогашната идентитетска перцепција на солуњаните.

Сведоштвото на Симеон Метафраст од Х век за етничката поврзаност на Димитрија со "родот на античките Македонци" упатува на факторот што влијаел на големата популарност на култот на св. Димитрија.

Св. Димитриј Солунски

Не случајно панаѓурот што традиционално се одржувал во чест на св. Димитрија дури и во ХII век, во сатирата Тимарион, бил идентификуван како "македонска прослава, каде не само што се собира македонскиот народ, туку и народи од сите видови и од сите правци...".

Посведочениот континуитет на Македонците, како мнозинско население во Македонија, имал суштинска рефлексија врз процесот на пренесувањето на македонските традиции на населените Словени во македонската територија од VII век.  Тоа го потврдуваат и најновите историско-археолошките студии, кои покажуваат дека населувањето на Словените во Македонија не претставувало масовна колонизација со капацитет целосно да ја промени етничката констелација во Македонија, иако било неспорно силното влијание на словенскиот етнос. Воедно и самите Словени во текот на VII век забележале демографска криза. Станува збор за етапен процес кој што ја овозможил заемната интеракција, коегзистенција и симбиоза помеѓу античките Македонци и населените Словени во Македонија. Во таа смисла, новата сложена етничка конфигурација што се формирала на територијата на Македонија во текот на VII и VIII век, преку евидентираното присуство на античките Македонци и населените Словени, ги навела византиските автори како Теофан да започнат  да ги идентификуваат Словените на македонската територија, под единствено име - македонски склавинии.

Тргнувајќи од тоа може да се констатира, дека античките Македонци имале силно влијание врз процесот на групната идентификација и креирањето на идентитетот на населените Словени во Македонија. Епизодите содржани во  II-та збирка на Чудата на св. Димитрија Солунски, каде што анонимниот автор прави јасна дистинкција помеѓу "нашиот јазик" со "јазикот на Ромеите, Бугарите и Словените", упатува дека во првобитната фаза од интеракцијата македонскиот говор во Солун, а не грчкиот, бил користен за општење помеѓу солуњаните и Словените. Сепак, со текот на времето, коегзистенцијата помеѓу Словените и Македонците резултирала со наметнување на доминацијата на словенскиот како јазик за комуникација, што се должело и на неговиот статус на lingua franca на поширокиот простор во Европа, веројатно како последица и од самото општење во Аварскиот хаганат. 

Во секој случај, за византиските автори од VIII век етничката класификација генерално зависела од воениот и политичкиот потенцијал на новите непријатели, идентификувани како македонски склавинии на просторот на Македонија. Формирањето на темата Македонија и етаблирањето на новата македонска династија во Византија, што коинцидирало и со освојувањето на поголемиот дел на Македонија од Бугарија, повлијаеле во конструкцијата на византиските автори од средината на IX век вештачки да биде изместена дотогашната неспорна географска и етничка идентификација на Македонија и Македонците.

 

Продолжува

Словенската божица ЛАДА

ЛАДА - СЛОВЕНСКА

БОЖИЦА НА ЉУБОВТА

**************

 

Божицата Лада во словенската митологија била божица на љубовта и била почитувана и обожувана кај речиси сите племиња во тоа време. Таа се појавува во повеќе форми како Фреја, Иси, Афродита и многу други. Поврзана е со Венера и нејзината моќ. Лада е претставена како девојка со долга  златна коса, а на некои места ја има и со плетено жито во косите, што ја симболизира нејзината функција како божица на плодноста.

За Словените била многу важна, во тие стари времиња, пред прифаќањето на христијанството, но, не ја заборавиле до ден денес. Нејзиното име Лада, е популарно женско име меѓу многу словенски народи и денес.

Како и да е, Лада била една од најважните фигури во Словенскиот пантеон и игра битна улога во словенската митологија.

Како божица на плодноста, таа има годишен циклус кој почнува од 21 март, и ако тогаш е пролет, но сепак, Лада  била сметана и за божица на летото. После Лада и Весна се смета за словенска божица на пролетта. Па така,  двете се поврзани со плодноста и тешко е да се разграничат нивните функции, бидејќи напролет се буди природата, а на лето се собира родот.

Текстот се базира врз текстот во: hybread.mk

Божицата ЛАДА

За разлика од горните сваќања и толкување на словенската митологија, Лада, Ладо, Ледо е поим кој се сретнува и во обредните песни. Тој се' уште стои  како дилема, дали претставувал божество, демон или само обреден елемен. Чајкановиќ претпоставува дека зад ова име стој боженствена епиклиза.

Во пантеонот на словенските божества, можеме да го идентификуваме преку некои податоци од полски извори. Во 15 век, на пример, било забранувано ракоплескање со кое се повикувале неко пагански божества (идоли) меѓу кои и Ладо. Според некои истражувачи, Лада е женско божество, а Кулишиќ, спрема времето (пролет) во кое се изведувал обредот претпоставува дека се однесува на обредите посветени на култот на претците кои се насочени кон аграрните потреби, па затоа  дава можност,  Лада да се смета и за небесно божество, од кое се бараат дожд и плодност.

Лада се споменува и како божица на бракот, а во Хрватска и Словенија за Иванден и Духовден се пеат песни ладарици, кои во рефренот го содржуваат зборот Ладо. 

Траги за Лада, како заштитничка на бракот, љубовта и младешката невиност се сретнуваат во новогодишните и пролетните фолклорни елементи, кај повеќето словенски народи.

***************************

За текстот е користен материјал од Речникот на јужнословенската митологија од Гордана Стојковска.

Грчки крал Ѓорѓи II

ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

1945 - 1949

ДЕЛ 03

Пишува: Наум ПЕЈОВ 

 

ГЛАВА ПРВА

ЕДНОСТРАНА ГРАЃАНСКА ВОЈНА

************

 

1. Ситуацијата по спогодбата во Варкиза и потезите на десницата

 

Додека се водеа борбите во Атина и во моментот кога се потпишуваше спогодбата во Варкиза, ЕЛАС беше господар на ситуацијата во цела земја. Секаде беше воспоставен ред, беа разоружани и притварани сите поистакнати вооружени соработници на окупаторот. Меѓутоа, по потпишувањето на спогодбата, додека се вршеше разоружувањето на ЕЛАС, на другата страна се вооружуваа довчерашните соработници на окупаторот кои се пуштаа во еден разузден терор против голоракиот народ. Во земјата завладеа вистински хаос. За тогашната ситуација може да се добие претстава, ако се изнесат само неколку цитати од тогашниот печат.

Весникот "Ризоспартис" од 15 јуни 1945 година, откако донесува вести за трагедијата на населението во Источна Македонија и Тракија, завршува со зборовите: "Затворите на Александрополис, Ферон, Суфли, Дидимотико и Орестијада полни се со затвореници кои се уапсени без никаква вина. Комисии од селата често ја посетуваат Дирекцијата на полицијата и Националната гарда, каде се поплакуваат на неподносливоста на положбата. Обласниот управител на Тракија тоа го знае. Комисиите кои отидоа во Александрополис и Комотини, се уапсени и уште се држат во затвор, а петициите им се искинати од припадниците на Националната гарда".

Истиот весник од 13 јули 1945 година под наслов "Сто и педесет разбојнички банди со 18.000 вооружени монархисти се денешна држава", иронично ја коментира изјавата на регентот Дамаскинос за "големата слобода во Грција" и ги дава следниве интересни податоци: "Повеќе од сто и педесет такви разбојнички банди ја држат власта на крал Ѓорѓи II во сите реони на земјата. Еве некои од кралските банди:

1.Пелопонез: Папанусис, Папапанос, Каралис, Гуменос, Пилитопулос, Доровицас, Христакис, Папатанос-Горентис, Лазанис, Зорвас, Папанастасопулос,  Цалбурас, Пападакос.

2.Румели: Кузелис, Катранзис, Галузис, Вуркалис, Ласијас, Папандонис, Герандодимос.

3. Ксиромеро: Веридос, Флорен, Бурвовилас, Карабекиос.

4. Кефалоња: Пападимакос.

5. Тесалија: Сурлас, Цандулас, Биджис, Мерманис, Кукудисис, Влатјокостас, Велетас, Калагрицас, Калјас.

6. Епир: Пентазис, Кацос, Балумис, Војдарес, Карабинис, Макас.

7. Македонија - Тракија: Чауш Андон, Капетан Катас, Капетан Вангелис, Кондакос, Зисис, Прионис, Дарвелас, Мумицис, Сакас, Цакирис, Романдас, Костандинидис, Кукас, Кукуванис, Харапулос, Суан, Илијадис, Загронис, Стефанидис, Пентазис, Зевгис, Кимеридис, Манаси, Пацурис, Загранис, Топузоглу, Карапанојотис".

Натаму, весникот износи податоци за бројот на башибузукот во одделни реони и начинот на кој се вооружуваат и помагаат во нивната дејност од владината војска и полиција.

Весникот "Лаики Фони" од 17 јуни 1945 година под заглавие "Фашисти припадници на Националната гарда и башибузук го мачат народот во Македонија. Силуваат 12-годишни девојчиња и стари жени на 60 години. Вистинска разбојничка банда, падарите во Ениџевардарско и еден интересен разговор" пишува меѓу другото: 

"На 7 јуни кон полноќ, бившиот соработник на окупаторот Коскинас, сега офицер на Националната гарда, во град Кукуш појде во домот на жртвата на албанскиот фронт, вдовицата Никополитиду, и застрашувајќи ја со пушка се обиде да ја одвлече.

Воден. Теророт во градот и околијата надмина секоја граница. Припадниците на Националната гарда, Англичани и башибузук вршат блокади и апсат демократски граѓани. Припадниците на Националната гарда апсат секого кој би го фатиле да чита весник на левицата и го претепуваат до мртвило. Продавачите на левичарски весници ги застрашуваат дека ќе ги пребијат ако и натаму продаваат такви весници.

Повеќе од месец дена не циркулираат левичарски весници...".

Солунските весници "Македонија", орган на Либералната партија во својот број од 1 јуни 1945 година донесува "отворено писмо" од Иоанис Михаил, бивши пратеник на Демократскиот сојуз за Солун, со следнава содржиа:

"До г.г.министер гувернерот на Македонија, управителот на Централна Македонија, командантот и јавниот обвинител на град Солун.

Во село Куфалија, Солунско, поставен е за командир на единицата на Националната гарда потпоручникот Иоанис Драгумис, за да го пази редот и безбедноста, за да ги пази селаните и нивниот имот. Откако ја презеде должноста, офицерот со своите постапки стана страв и трепет за анселението.

Селани - домаќини што немаат никаква врска со окупаторот се апсат и тепаат до изнемоглост и се застрашуваат дека ако јават за случајот одново ќе бидат тепани. Кога оние кои настрадале и одговорните од селото се пожалија на воената команда и јавниот обвинител, воената команда испрати виш офицер да поведе истрага, но досега нема резултат, а јавниот обвинител им изјавил дека не бил надлежен да интервенира. На тој начин, благодарејќи на незаинтересираноста на владата споменатиот офицер продолжува со sверствата, а селаните се вчудовидени од ваквата постапка на власта. Строгите наредби што му ги упати воената команда на офицерот изгледа дека немаат никакво дејство. Вчера е доведен во овдешната општинска болница чесниот селанец Христос Фока во тешка положба со искршени ребра од тепањето, само заради тоа што се јавил како заштитник и сведок на двајца свои соселани, кои беа ослободени од судската власт.

Јавно ја обвинувам срамната работа на потпоручникот Иоани Драгуми и барам директно негово обвинување или на соодветната   компетентна власт по тоа прашање, штом не останаа други средства да се заштитат правата на граѓаните.

Со почит

Иоанис Михаил, бивши пратеник на Демократскиот сојуз."

Со вакви примери обилуваше печатот од тоа време, а уште повеќе самиот живот.

Грчката десница, која по декемвриските настани ја имаше легитимната  влада во свои раце во Грција, беше свесна дека ни од далеку не ја осигурала својата власт и дека дури од нејзините натамошни настојувања ќе зависи колку ќе успее да го задуши демократското движење во Грција и ја зацврсти власта.

Меѓународната ситуација не трпеше решенија какви што даде грчката десница кога се најде во политичка криза пред Втората светска војна со воведувањето на фашистичката диктатура на Метаксас. Токму затоа мораше да се мисли на скорешни парламентарни избори и плебисцит за враќање или не на кралот во земјата. Но грчката буржуазија беше свесна за големината на својот политички капитал во грчките  широки маси. Во текот на војната, во земјата се разви, без оглед на внатрешните слабости, масовно народно-ослободително движење против фашизмот и на тој начин се изврши најсилната поларизација на силите во Грција. Затоа грчката буржуазија не се одлучуваше за слободни парламентарни избори или плебисцит, се дури не осигура такви услови и такви избори кои ќе ја задоволат само формалната страна на прашањето и ќе и' обезбедат на владата легитимација на "законита" влада на Грција.

За горната цел беше потребно во прв ред да се задуши движењето на ЕАМ; потоа да ја воспостави, зацврсти и консолидира својата власт во земјата - да направи свој државен апарат, своја вооружена сила-полиција и војска. Немаше на кого друг да се потпре, освен да  ги рехабилитира соработниците на окупаторот. Така и постапи. На декларираните соработници со окупаторот им овозможи и понатаму да продолжат со теророт што го вршеа над народот за време окупацијата. Таа мерка требаше да послужи да му се нанесе првиот удар на демократското движење, да се заплашат масите и владата да добие свои приврзаници. 

Ова беше основната карактеристика на јавниот и политичкиот живот во Грција во текот на целата 1945 година.

Продолжува

 

 

*******************************************************

 

ОД МАКЕДОНСКАТА ПОЕЗИЈА

  • Анте ПОПОВСКИ, поет



    НЕПОКОР
    *********

    МАКЕДОНИЈА

    Стиснете ги тревките
    Неја ќе ја исцедите.

    Наслоните се врз каменот
    Името ќе и' го чуете.

    Симнете се во реките
    дното со неја ќе ве почести.

    Легнете да починете
    И ноќта со неа ќе ве покрије.

    ("Вардар")

    Се искачија маглишта по ридон нагоре
    И месечината ќе ја украдат.

    Долу по рекана,
    Горе по добравана,
    Оsвива полено кој знае кој век
    Во војнички цокули обуено.

    Обесени вековите загинаа со очи кон твоето небо
    Ти вишнееш разделена на Ристоси и Голготи...

    Еве ја таа проста земја од дволичен камен и сонце
    Децата уште незаодени каде што откопуваат лобањи
    По градините.

    Еве ја таа проста земја од пајажина и од води
    Мудро слободата кај што ги запишува селските имиња

    Место икони по црквите
    И каде летото како судбина
    Трае до последниот востанат.

    Еве ја таа проста земја од заморено дишење и од молк
    Низ која времето одминува и пак се враќа
    Со неја да го сподели лажното траење.

    О, еве ја таа проста земја од грч и од чекање
    Што ги научи и sвездите да шепотат на македонски
    А никој не ја знае.

    Од без нас стежнаа патиштата и ридовите голеат
    Послани по полињата згинавме со сите есени чекајќи.
    Се расправавме со тоа пак тоа. Згни до што е плоча под праговите
    Не' изгриза оваа месечина од појди пак дојди недојдена.

    Чини намножи со брсјачиштана, направи историја и битисај!
    Не оставај мијак да ја запише...

    Митровден да ти е брат друг што ќе дочекаш.
    До сена сонце делија - на месечина в земи поднови.

    За рик волчји и уплав на небињата, мојата земја е создадена
    Без чемпреси и без божилак.

    До капка, три дена пред да се покажат
    Гробишта, облакот го исцицуваат.

    И црна сенка од нож, место крст, каменот што те покрива го сени,
    За вечни времиња.

    Зашто, ништо друго не му прилега на ова диво билје и црногорица,
    Освен да го чека, недојденото.

    Ова немо, ова ширум црно црнеење ме докрајчи и еве
    Болен веќе моите очи и црното не го познаваат.

    Да побегнев, да преноќев една ноќ, макар во вљубените,
    Врз ружа да легнев - ќе оздравев...

    Вака...Ах, зло да не види и на дланки ружи да му расцутат на тој
    Што ги научи по потајно корење
    И ружите, црвенилото свое на земјата моја да и' го даруваат
    Со знамиња небото да си го покрие.

    Ќе ги изнајдам јас тие зли ветришта од далеку, од пекол,
    И ќе му донесам на ова поле болно бездомие.

    Жедни ќе ги исушам сите корита и брегови ќе оставам
    Да каменееат безизлезна тишина.

    И едно големо невреме ќе го растури твојот црн престол на лелекот
    На гола чистина како пред најдревен олтар ќе застанам

    Врисоци на рацете да ми ја донесат мојата последна ноќ
    И над пепелта до првиот заборав ќе ми стражариш ти
    Земјо, на незбиднато воскресение.

  • Полна месечина на рабон два вкрстена меча
    И река од Демирхисарски непокор;

    Отвори ми ја вратата да истечам
    Со сета лоша крв на своето несреќно име...

    Ќе се вратам забраден со црната шамија
    На твојата најубава невеста

    За да ме соsидаш на портите
    Кон твоите неоли што водат.

    Ги промостивме, ги исушивме сите реки
    Туѓа надојдина.

    Простум, по наше, надживеавме до што е корен
    На нас неналик

    И тихо, очи да ти истечат, најмилото да ти умре
    За кого грее сонцето?

    Осемнавме, високо е, трага ќе ни нема
    А небоно нови балкани болика се прави.

    Ќе умреш - не рече доста земја, голина, камен...
    У бога само три работи бидувале - раѓај, немај и немеј.

    И ишта ти е кому да шепнеш, да ти е твое барем окото
    Се' што заврза - заврза да е за века туѓо и неверовито.

    Па поткасај си ги усните - крв и од месечина потекла
    Од радост заплачи - не запри невреме планиње дур не однесло...

    Арно што научи што зборува земјана, голинана, каменон
    Ако ти е ишта и пет века живеј си арн'ама - раѓај, немај и немеј.

    Ги пречекавме сите мени на гол камен
    Разлиставме по ова црно дабје балканско.

    Три колена и три века
    За една дланка кособоиште продававме,

    По карпите орли имињата ни ги пишуваа
    Копаа бездни трага да ни сокријат маркокралеи,

    Од овој корен заврза до што е дрво правостоина,
    До што е sвер на овие брегови пие месечина.

    Нема веќе пат. Сите патишта свршија. Сега и оној,
    До деветтиот круг што води го нема.

    Го задавил некој и сонцето. Несреќнику
    Кој ќе го преврзе со најблагата молитва на мајка ти
    И мртов што те нема?

    Зашто по полињата, под ноктите, меѓу бреговите
    На едно трајно поразно течење
    Нема веќе тајни.

    Темно е, мрачно е и само земјата изморено дише
    Низ грло од селанска пушка.

    Се изнагледав месечина. Како капка мојата изгорена душа
    Те испи за три живота напред и пак горам.

    Истеков си сите реки и празни корита и им донесов на морињата
    - И за шпијунот во твои меса ако се криел болка ме пече

    Зашто ти од малена не' научи
    Така просто, така јасно да си се разбираме
    - Тој нож што нема среќа нема.

    Да е вечен тој бог
    За визглавје на јунаците што те роди
    И за леб на шпијуните.

    Секнува рекана, уште едно колено ти истечува земјо
    Извади ги визглавјата од под татковците и подај ни ги.

    Простум, зашто инаку не не' научи , го пречекавме оној сетен час
    Со каменон кога треба да се разделиме и кога ништо освен твоето име

    Оsемнато на усните на сите камењари и неба
    Не му оставаме на она што иде и не ќе не провтаса.

    Да ја дочекавме таа проклета река небоно што ја вести
    Меѓу два брега тебе: оваа и - онаа по бездните што те бараме.

    О, привиденија!
    На дабот налик рода да се роди
    И пат без крстопати

    На овој даб името ќе ти го напишам
    Дождовите да го симнат
    Жедните в земи да ги напои.

    На оваа нива
    Грутка од тебе ќе посејам
    Класатка да никне
    Со неа внучињата да ни ги нахраниш.

    На овој рид ќе те оставам
    И кога ќе заминам,
    Пак да те гледам -
    Голема.

    ("Вардар")

Kind regards : 01 јули 2017

Sotir Grozdanovski broj 78