ЈАС НЕ СЕ ПРЕКРСТУВАМ ПРЕТСЕДАТЕЛЕ, А ВИЕ ?

Маријана ПЕТИР

МАРИЈАНА ПЕТИР 

 ХРВАТСКИ ЕВРОПРАТЕНИК

БОРЕЦ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ПРАВА

 

"Македонија не треба да  го менува своето име, туку Европската унија треба да го промени својот пристап спрема неа", вели г-ѓа Петир

 

Постана скоро банално и не' сериозно поновувањето на проблемот со нашето уставно име, безпотребно ставен како причина за лошите меѓусоседски односи помеѓу нашите две земји, Грција и Република Македонија. Но, ете и со тоа мораме да се носиме, зошто сме присилени.

И пред и после изборот на македонската влада, сега предводена од коалицијата на СДСМ и албанските партнери, бевме и се' уште сме изложени на притисоци и нечесни уцени да,  ако сме сакале, а сакаме, што не е тајна, да бидеме членка во евроатланските интеграции, НАТО и Европската унија, прво сме морале да  го решиме проблемот со името на нашата држава и  идентитетот на македонскиот народ и точка. 

И 'ако барањето е недоличен преседан против сите меѓународни правни, цивилизациски и пред се' културни норми,  "Меѓународната зедница" сепак, веќе, над сто години упорно настојува  својата намера да ја реализира по секоја цена. Дури и со вооружени и други насилнички средства.  

Тоа што потполно не го постигна во времињата кога се распаѓаше Отоманската империја,   што значи бришење на македонскиот народ и неговата древна држава, втемелена во светската цивилизација и развојот на Христијанството во Европа,   сега сака , во овие времиња, да ги исправи своите неуспеси и со тоа да го реши "македонското прашање, еднаш за сакогаш".

И тоa "доброволно", во духот на западната "цивилизација" и придобивките од "грчката демократија", по Рузвелтовиот принцип: во едната рака морков, а во другата стап. Пошто сето тоа, изгледа не е доволно ефикасен метод за демолирање на државата Македонија, надворешните фактори го вклучија и планот "Б", а тоа се домашните предавници и лесно поткупливи политичари и други ситни души од интелектуалниот сегмент на македонското општество, вклучувајќи ги и најрадикалните елементи од националните малцинства, во прв ред албанските.

Ох, како тоа достоинствено и величенствено звучи!

Користејќи ги сите свои енормни злосторнички средства, од кои и планетата Земја е во "страв", "Меѓународната заедница" со уценување и застрашување, со таа своја погана намера, бесрамно ги гази сите норми и правила на цивилизарано, правно и човеково однесување. Но, дали ќе успее, зависи од сите нас, колку не има. А не има доста, ако сме сложни! 

Со цел човештвото да го прекине циклусот на  своето вечно самоуништување, заедно со ресурсите што живот значат, после завршетокот на Втората светска војна некои "паметни глави" измислија меѓународна организација под име "Обединети нации" и "Совет за  безбедност", во кој угодно се сместија големите светски сили. Но, за џабе. Кој го плаќа ручекот, тој одредува кој каде ќе седи и како ќе се однесува кога се одлучува кого  и кога ќе го "јадат", а тоа се САД, нашите стратешки "партнери".

Исто така, некој нов светски поредок е измислен и донесени  се правила за универзално однесување и "заштита" на човековите права, со негови институции, меѓународен суд на правдата ит.н.т. Но, и тоа е се' за џабе, во што се уверивме и ние со нашата победа против Грција во ХАГ. И тоа било лук и вода и радост за наивните, зошто и тој е финансиран и контролиран  од оние, кои им го плаќаат ручекот на судиите. И така, добрина по добрина, за чудење на забеганите.

E, сега да не одиме на долго и на широко, да го речеме и ова, пред да ја споменеме и нашата Маријана Петир, како добредојдена гостинка, во нашиов текст. 

Цела оваа патардија со нашето име има и своја причина, а тоа е животниот интерес на Западот, кој е тесно поврзан со средноисточниот и медитерански базен и желбата да не и' се дозволи на Русија да се "капи" во топлите води на Средоземното Море.

Па што сме ние криви за тоа? - ќе рече некој! Е, Господ е крив, или пак да речеме тоа е негово право што не сместил на нивните патишта, па им сметаме како "Славјани" слободно да си идиме и одиме на топла ракија и суви датули, односно како "Славјани", со "намера" да им "помогнеме" на Русите, да си ги остварат нивните вековни цели. Па затоа треба да бидеме казнети од кого? Од посилниот, и ако не е во право!

Но не и само тоа. Бидејќи во свое време, кога се делеше Македонија како чоколадна торта, и од горните причини,  споменатите  сојузници без срам и намус и' помогнаа на Грција да го земе најголемиот и најубавиот дел од колачот Македонија, со задача, да им ги чува нивните интереси од "лошите" Руси. И Грција за возврат, верно си го чува дадениот збор до ден денешен, лавовски и понатака помагана со се' што и' треба, како недоношче.

И уште нешто. Појавата на Република Македонија, како составен дел од поранешната Југословенската федерација, беше неочекувано изненадување, како Фениксот препороден и одново моќен за еден ден да постане нивна закана. Закана,  која ќе го постави  прашањето за правата на Македонците и враќање назад на нивните украдени  имоти заедно со македонската територија  и тоа со лихва. 

Со промената на името Македонија, тој проблем повеќе не би постоел. Ќе нема кој официјално да го покрене тоа тешко прашање против Грците и  Западот, како соучесници во злосторствата  за време на Граѓанската војна во Грција, кога сите заедно ги гореа Македонците како борина, без жал и милост, но и за оние пред тоа.

Тоа го знаат и едните и другите, но не сум сигурен дали и македонскиот дел од СДСмовата коалиција тоа го знае. До колку тоа го знае, и понатака покушава да му ја витка кичмата на својот сопствен народ, за  малку пари, тогаш алтернатива за тоа ќе биде безмилосно кршење на нивната, во погодно време. 

Но, за сигурно, нашата верна пријателка Маријана Петир, хрватска европратеничка, знае многу повеќе за кого и зошто се бори во Европскиот парламент. Се бори против универзалната неправда која се продава за правда и лажната демократија. Но најповеќе, зошто не' се радува кога на соседот му ја палат куќата, а таа да седи со скрстени раце и не заинтересирана, верувајќи, дека паликуќите со тоа ќе ја завршат својата "работа" и на злосторствата ќе му биде крај.

Г-ѓата Петир, во својата изјава за развојот на настаните во Парламентот рече:

Резолуцијата за извештајот на Комисијата за Република Македонија се односи на 2016 година, а во меѓувреме, дури се чекало нејзиното усвојување, после двегодишната криза, извршени се нови предвремени парламентарни избори и Македонија добила нова Влада, чии претставници, неделава го посетила Брисел. Клучната порака за новата македонска влада била дека мора да го реши проблемот со Грција, во однос на името на македонската држава, како би се отворила вратата на ЕУ и НАТО и за неа.

Маријана Петир, како претседателка  на групата на пријателите на Република Македонија во Европскиот парламент,  во своето обраќање рекла : "Сметам, дека ваквиот пристап на Европската унија е неприфатлив бидејќи, веќе,  постана сосема јасно, дека Европската унија има двојни стандарди кога се работи за проширувањето и дека нема ниту најмалка можна намера да ја притисне Грција за да го промени нејзиниот став во поглед на проблемот со името на македонската држава.

За било каква промена на името потребен е концензус на политичките партии во земјата и изразена волја на граѓаните на референдум, кој би бил нужен за промена на државното име на Република Македонија, но се поставува прашањето, да ли се смее такво нешто да се бара од една суверена и самостојна држава?

Во 2011 година Меѓународниот казнен суд донесе одлука дека грчката блокада на отворањето на преговорите за членство во НАТО сојузот е незконска и дека Грција ја прекршила Привремената спогодба од 1995 година. И прокрај тоа, Македонија до денес нема добиено покана за пристап во НАТО сојузот, ниту и' се отворени преговорите со Европската унија, дури ниту под привремената реферeнца ПЈРМ (FYROM).

Тоа е јасен и недвосмислен доказ дека сите други примедби и услови кои се барани од Македонија да ги исполни, како би се отвориле преговорите, беа само изговор за нешто сосема друго.

На Македонија и' се нуди учество во регионалниот заеднички пазар на Западниот Балкан кој има за цел да ги удвостручи финансиските средства за инфраструктурата, но тоа не смее да биде алтернатива за влезот на Македонија во ЕУ и НАТО сојузот, бидејќи Република Македонија одамна заслужила да биде нивна рамноправна членка".

И да завршам, кога ќе дојде време за прегледување на сметките и заслугите направени за опстојот или пропаста на Македонија и достоинството на македонскиот народ, народот македонски ќе знаее да ги награди или обвини за секогаш актерите на тие настани. Јас сум сигурен,  дека Маријана Петир ќе биде една од нив, која со својата биста или голем споменик ќе се најде во друштво и на видно место меѓу македонските великани.

И тоа би била заслужена награда за љубовта спрема македонскиот народ и Македонија, од една голема личност, од еден голем пријателски народ - хрватскиот.

Во продолжение на текстов, следи и Видео запис на Маријана Петир, вреден да се погледне и сослуша и ако е во оригинал на хрватски јазик.

 

Ваш Сотир ГРОЗДАНОВСКИ

Кралот Георги II

 

ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

1945 - 1949

ДЕЛ  01

Пишува : Наум ПЕЈОВ

 

УВОД:

Во времетраењето на Втората светска војна во Грција постоеја објективни услови да биде урнат ненародниот режим на грчката буржоазија и да се воспостави народна власт. Меѓутоа, од субјективните слабости и грешки на раководството на движењето на отпорот против фашистичките окупатори и домашните предавници и грубото вооружено мешање на англиските империјалисти, движењето на отпорот, оличено во Национално Ослободителниот фронт - ЕАМ и вооружените единици на Грчката ннародноослободителна армија - ЕЛАС, не успеа.

Напротив, уште во текот на војната, по отстапувањето на германските окупаторски војски, дојде и до вооружен судир меѓу единиците на движењето  на отпорот во земјата - ЕЛАС и единиците на емигрантската влада, потпомогнати од англиската војска. Ова судирање, иако заврши со познатата спогодба во Варкиза од 12 февруари 1945 година, беше увод во Граѓанската војна во Грција.

Затоа е нужно, во главни црти, да се објасни општествено-политичкиот развиток на оваа земја од периодот на националното ослободување, развојот на национално-ослободителното движење за време на НОБ 1941-1945 година и самото судирање во Атина во декември 1944 година, за да може по правилно да се сфатат настаните од времето на Граѓанската војна, па дури и најновите настани во Грција.

Во триесеттите години на XIX век, по четиривековното робување под јаремот на Отоманската империја, како резултат на долгогодишни востанички борби и подршката на тогашните големи сили (Англија, Франција и Русија) заинтересирани за уривање на "болниот од Босфорот", Грците се здобија со национална држава. Меѓутоа, помошта за национално ослободување, кое и не беше целосно, зошто национални делови останаа надвор од новосоздадената држава на Грците, истовремено ја фрлија во игрите на големите империјалистички сили, мешања и игри, кои ќе станат кобни за општествениот развиток на таа земја, до денешни денови.

Кога Грција се здоби со своја национална независност, таа се протегаше на Атика и Пелопонез. Надвор од националната држава на Грците останаа островите во Егејското Море, потем Тесалија и Епир и територии на малоазиското крајбрежие, врз кои свои аспирации имаа Грците. Националниот препород и обединување ќе се врши во еден подолг период врз крајно националистички и мегаломански идеи, врз идеите за една "Мегали Елада" (Голема Грција) , за обновување на Византија, а со примеса на интересите на империјалистичката сила, зад чија кола беше врзана грчката владеачка класа.

До педесеттите години од нашиот век стана доминантно англиското влијание, кое во текот на Граѓанската војна му го отстапи приматот на американското, со познатата Труманова доктрина, кога во 1947 година САД грубо се вмеша во внатрешните работи на Грција.

Од времето на својата национална независност, Грција се впушти во многу војни, не само за национално обединување, туку и за освојување на туѓи територии, или како инструмент на интересите на големите империјалистички сили. Во 1864 година, кон тогашната Грција се присоединија јонските острови, а по Берлинскиот конгрес и Тесалија. За време на Балканските војни се присоединија кон својата матица Епир и островот Крит.

Но, младата грчка буржуазија и дворецот не работаат само за ослободување на грчките територии, туку се стремат и да загосподарат со Македонија и Тракија. Со помош на Цариградската патријаршија се ангажираа сред христијанското население во Македонија да создадат свои позиции. Подоцна, како и другите соседи на Македонија, ќе почнат со испраќање на вооружени чети, до военото ангажрање во Балканските војни, за да учествуваат во поделбата на Македонија, заграбувајќи ја, речиси, половината од нејзината територија.

Победниците во Првата светска војна ги задоволија империјалистичките аспирации на грчката владеачка класа во Балканските војни, но не и аспирациите во однос на малоазиското крајбрежие и Кипар, по Грчко-турската војна од 1920/1922 година.

Непосредно по Првата светска војна, Грција и' објави војна на Турција. По првите победи на грчката армија во Мала Азија, турската репубиканска армија на Кемал Ататурк брзо се консолидира и ја принуди грчката армија на панично бегство. Резултатите од таа војна за Грција беа катастрофални. Таа не само што не ги задржа териториите на Малоазиското крајбрежије што ги окупира по Врсајскиот мир, туку изврши размена на населението и прифати четири до пет пати повеќе Грци и други христијански припадности од Мала Азија, за иселените мухамеданци од Грција. Околу 650.000 од овие доселеници ги насели во Македонија. Со тоа во Македонија создаде тежок општествен и национален проблем

По малоазискиот пораз, земјата се најде во голема беда и сиромаштија. Излез се бараше во труењето на масите со мегаломански националистички идеи за неостварените соништа за една "Голема Грција", која требала да ги реши сите тешкотии и неволи на Грците. Тие идеи систематски и со страст ги одгледува и до денешен ден оваа мала и самата вазална, но со големи амбиции, владеачка класа на Грција. И не може да се не одбележи дека тие големогрчки идеи оставија тежок печат врз општествено-политичкиот развиток на самото грчко општество, политичките партии и движења и врз односите на оваа земја со нејзините соседи. Чувствувајќи се неспособна сама да ги оствари тие амбиции, гтчката владеачка класа стануваше се' повеќе, и станува, зависна од империјалистичките сили.

Благодарејќи на тие мегаломански идеи и на странски мешања и влијанија врз развитокот на Грција, таа од денот на ослободувањето не стапи на патот на мирна изградба, туку како што е речено погоре, се впушти во неколку војни кои и' донесоа контраверзни резултати. На север, Грција не ги ослободи само своите национални територии, туку зафати и дел од Македонија и Тракија. Не е мала заслугата на мегаломанските идеи за "Голема Грција", за односите на Балканот во изминатите десетлетија - десетлетија на затегнатост, империјалистички аспирации и војни, за поделбата на Македонија и аспирациите за нови проширувања.

Грција економски заостана и стана зависна од странскиот капитал. Не застана цврсто на патот на капиталистичкиот развиток, туку напротив, долго задржа многу елементи на феудалните општествени односи. Во Грција не се разви силен индустриски капитал, туку пред се', трговски кои се врзуваше со странскиот капитал. Буржуазијата направи компромис со големопоседниците и Грција остана аграрна и економски неразвиена земја. Во земјата се задржа монархијата, со куси интервали на буржуаско-парламентарна демократија. Судирите меѓу каква-таква либерална буржуазија со династијата повеќе без резултат на странските влијанија и интереси, одошто на суштината на односиите меѓу феудалните остатоци и буржуазијата, бидејќи тие многу брзо се спогодуваа и заеднички истапуваа секогаш кога беше загрозен режимот, без тоа да значи дека тие судири за власт немаат определено место во општествено-политичкиот живот на оваа земја. Но факт е дека династијата во Грција во поново време двапати е воспоставена со помош (речиси без исклучок) на сите крила на буржуазијата. Така беше до последната криза и пучот на воената хунта од 21 април 1967 година.

Да потсетам.

Во 1935 година, монархијата е реставрирана и е воспоставена, подоцна, монархофашистичката диктатура на Метаксас, благодарејќи на држењето на Либералната партија со Темистоклис Софули на чело, кој не сакаша да соработува во Народниот фронт за да се спречи патот на монархофашизмот.

Монархијата, пак, во 1946 година (т.е. по Втората светска војна) е воспоставена со подршка на сите тогашни граѓански партии.

Воините на Грција, како што е речено, не и' донесоа само контраверзни резултати, туку и бројна милитаристичка каста која игра голема улога во јавниот и политичкиот живот на оваа земја.

Како резултат на изнесениот развиток во времето меѓу двете светски војни, Грција попадна во големи економски тешкотии. Големата економска криза во триесеттите години ги заостри општествените противречности во земјата. Политичкото движење на работничката класа, од првин во лицето на Социјалистичката, а потоа во лицето на Комунистичката партија, нарасна во крупна политичка сила во земјата. Тој факт ги заплаши дворецот и буржуазијата и тиа сложно, во 1936 година ја воведоа монархофашистичката диктатура на Метаксас.

Метаксас,  кој имаше само неколку пратеници во Парламентот, откако ја доби довербата на Либералната партија и формира влада, по кусо време го распушти Парламентот и со помош на дворецот воведе фашистичка диктатура.. Ги распушти сите политички партии, затвори или депортира на островите во Егејското Море и неколку истакнати личности од граѓанските партии. Меѓутоа, неговиот острец беше насочен против работничкото движење, против работничката класа и Комунистичката партија. И против уште еден фактор- Македонците, стремејќи се со паролите за комунистичка славјанска опасност да го затруе грчкиот народ со националистички идеи и шовинизам. На тој начин ја остави земјата неподготвена за одбарана од италијанскиот и германскиот фашизам и империјализам.

Меѓу проанглискиот расположен крал Ѓорѓи II и германскиот воспитаник Метаксас, постоеја разлики во надворешно-политичката ориентација. (Метаксас беше жив кога Италија ја нападна Грција 1940 година, но не беше жив кога Германија ја нападна Грција).

Во такви услови Грција ја пречека Втората светска војна. Благодарејќи на антифашистичкото расположение на масите и слабостите на италијанската фашистичка војска, шест месеци (октомври 1940 до април 1941) се задржа западниот - албански фронт, но за кусо време по нападот од Германија, со помош на петтата колона, грчката армија беше разбиена и виши офицери ја потпишаа капитулацијата. Грчкиот крал и владата ја напуштија Грција и емигираа во странство. Како и во другите окупирани земји, така и во Грција остана народот на милост и немилост на окупаторските власти и нивните соработници.

Со капитулацијата на грчката армија, емигрирањето на владата и окупацијата на земјата, беше, во голема мера, разбиена и  машината на грчката држава. Генералите кои ја потпишаа капитулацијата, формираа квислиншка влада која правеше напори да го воспостави стариот државен апарат, а во прв ред полицијата и жандармеријата. Но, иако во тоа успеваше, сепак неможеше исцело да го воспостави државниот апарат зашто немаше армија. Што е најважно, во услови на окупацијат, настана економски хаос и глад во земјата.

Таквите објективни услови создаваа револуционерна ситуација и поволни услови за организациона активност на Комунистичката партија и за вооружено востание. Прва од партиите која се зафати со организирање отпор против окупаторот и домашните предавници, беше Комунистичката партија на Грција, но под многу тешки услови. Со воведувањето на фашистичката диктатура на Метаксас во 1936 година, Комунистичката партија беше подложена на прогонување, голем дел од раководството и членството беше затворено и организационо разбиено. Дел од раководството на Комунистичката партија, кој беше на слобода и извесни раководители кои успеаја да излезат од затвор по капитулацијата и по неа, презедоа мерки организацијата брзо да се реорганизира и зацврсти.

Есента 1941 година формиран во Атина е Национално-ослободителен фронт - ЕАМ, во кој земаат учество и други групации и одделни личности на Грција. Со неуморната работа на илегалниот апарат на Партијата, во  текот на 1941 - 1942 година воспоставена е мрежа од антифашистички организации и во земјата се вршат диверзантски акции од вооружени герилци, а во 1943 година се формираа и регуларни единици на ЕЛАС.

Уште во текот на народноослободителното движење против окупаторот, можеа да се воочат многу слабости на движењето на отпорот.

Иако организацијата на отпорот во земјата, масовната политичка организација ЕАМ и вооружената сила ЕЛАС беа дело на Комунистичката партија, а комунистите беа најрешителните борци, раководството на Момунистичката партија направи крупни идејно-политички и принципиелни грешки во поставувањето и водењето на работите, кои доведоа до непринципиелни компромиси по основните прашања на револуцијата, го успорија текот на настаните и придонесоа за поразот.

Раководството на КПГ немаше јасни гледања за самиот карактер на народноослободителната борба, имено, дека националното ослободување, во тогашните конкретни услови во Грција и на грчкото општество не може да се издвои од народнодемократскиот карактер на востанието и воспоставувањето на народнодемократската власт и од самото водство на Комунистчката партија.

Народноослободителните задачи формулирани од привременото раководство на КПГ на VI пленум на ЦК 1941 година, беа:

1. Ликвидација на германо-италијанската окупација на Грција;

2. Ликвидација на владата - орган на окупацијата;

3. Секојдневно подржување и одбрана на Советскиот Сојуз;

4. Подржување со сите средства на секоја доследна антифашистичка сила;

5. Формирање привремена влада од сите партии која би ги воспоставила демократските слободи на народот, би му обезбедила леб и работа, би свикала национално уставотворно собрание и би го заштитила интегритетот и независноста на Грција од секоја странска империјалистичка сила.

**

( Четириесет години на КПГ - 1918-1958, избрани документи стр.468 - издание на ЦК на КПГ.)

 

Продолжува

 

Јустинијан I 482 - 565 , Константинопол

 

ИНСТИТУТ ЗА НА ЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА

НА МАКЕДОНИЈА 

Македонија и Словените

ДЕЛ 25

 

2. Македонија во политичко-религиската концепција

на Јустинијан I

 

Во почетокот на VI век во Македонија и во другите балкански провинции на Византија настапиле значителни промени во социо-економската и политичката структура. Тоа е период кога дошло до економско слабеење на помалите и средните градови. Процесот на дезурбанизација ја опфатил и Македонија, при што бројот на градовите од околу сто бил намален на четириесетина.  Напоредно со нив опаѓале и руралните населби, што довело до забележително намалување на руралната популација. Сето тоа повлијаело и на слабеењето на економската инфраструктура во Балканскиот Полуостров. Тесалоника бил еден од ретките градови што го избегнале процесот на рурализација. Во такви услови, Византија континуирано се соочувала со напади од варварските племиња, а линија на раздвојување била реката Дунав. Во првите децении од VI век опасноста за Византија најповеќе се заканувала од "Хуните" или од "Гетите", со кои византиските автори генерално ги идентификувале номадските коњаници. Нивните напади главно биле концентрирани во Источен Балкан, иако во текот на 517 година и Македонија била опфатена од опсежниот напад на "гетската" коњица. Овој поход коинцидирал и со катастрофалниот земјотрес што го разурнал градот Скупи (Скопје). Прокопиј Кесариски во 518 година го регистрирал и првиот напад на Антите кои "живееле близу до Словените". Меѓу варварите што се идентификувани како опасност за Балканот се споменуваат уште Бугарите и Кутригурите.

Со стапувањето на Јустинијан I на византискиот трон 527 година , настапил процес на реконфигурација на политичко-идеолошката стратегија на Византија, што било проследено со коренито редефинирање на безбедносниот систем на Балканот. Тоа се манифестирало и низ офанзивната византиска воена стратегија, која почнала да се реализира од третата деценија на VI век, а била фокусирана кон утврдувањето на одбраната на дунавската граница. Интегрален дел на Јустинијановата концепција било и издигнувањето на статусот на неговото родно место Таурисиум (Таор), лоцирано во околината на Скопје. Во неговата непосредна близина Јустинијан подигнал "величенствен град", кој во 535 година бил промовиран во архиепископија, именувана Јустинијана Прима. Далекусежните планови на Јустинијан биле фокусирани кон претворањето на Јустинијана Прима во политички и црковен центар на Балканот, како противтежа на римското влијание преку Викаријатот во Тесалоника. Јустинијан му доверил широки овластувања на архиепископот на Јустинијана Прима, такви што ја надминувале црковната компетенција и ја засегнувале цивилната и воената сфера. Оваа административно-црковна иновација, несомнено, била комплементарна со Јустинијановите планови за преуредување на префектурата Илирик, преку трансферот на нејзиното седиште од Тесалоника во Јустинијана Прима. Тоа коинцидирало и со новата административна реорганизација, спроведена во периодот 535-545 година, со која провинциите  Македонија Прима и Македонија Секунда биле обединети во единствена провинција Македонија. Меѓутоа, Јустинијановата намера за префрлање на префекторијалното седиште од Тесалоника во Јустинија Прима останала практично без реализација. Јустинијан бил принуден да ја признае доминацијата на Римската црква во Јустинијана Прима (545 г.), но сепак продолжил да ја третира архиепископијата согласно со стратегиската визија за религиска реунификација и за поефикасно управување со балканскиот регион.

Јустинијановите интенции кореспондирале со првите самостојни напади на Словените во 40-тите години од VI век, кога тие за првпат се наложиле како посериозна опасност за Византија. Наскоро следел и првиот поорганизиран поход на Словените (550 г.), со директна цел за освојување на градот Тесалоника. Меѓутоа, појавата на крупна византиска војска, предводена од прославениот командант Герман, влијаела врз пренасочувањето на походот на Словените кон Далмација. Зимата 550/551 г. Словените ја поминале  во Далмација, "како на своја земја", што претставува првиот изворно евидентиран случај на презимување на Словените на византиска територија. Сепак, тоа не ја имплицира тенденцијата за перманентно населување на Словените. На тоа влијаело и комплетирањето на новиот безбедносен систем на Балканот, во средината на 50-тите години од VI век, преку имплементацијата на импресивната фортификациска дејност на Јустинијан. Ваквиот одбранбен концепт на Јустинијан се покажал како мошне ефикасен, бидејќи од 552 до 577 година не бил регистриран ниту еден самостоен напад на Словените. Единствено се забележани нападите на Кутригурите (558/559 и 568 г.), но тие немале капацитет за нарушување на утврдената воено-стратегиската позиција на Византија.

 

Продолжуа 

 

МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПРИКАЗНИ

620

НЕБЕСНИТЕ СВЕТИЛА

 

1. Ден и ноќ

Господ имал две клопчиња, едното бело и другото црно; белото било врзано со црното. Кога ќе го одвиткал белото, ќе било ден, а кога ќе го одвиткал црното, ќе се сторело ноќ. Толку многу долго било преденото, што дури да го соберел белио конец на клопче, ќе почнел да го одмотуа црното и ќе било ноќе.

Бидејќи врзани биле крајоите на клопчињата, коа го виткал белото во зимно време, Господ виткал и од црното предено на белото клопче и од тоа се малел денот, а се големела ноќта. Така и во лете растел денот и ноќта се малела.

2. Трус

Госпо Земјата ја имал врзана сета со тељои и сите крајои од тељоите му биле во левата рака. При се' што биле тељоите со милиони, милиони и милиони, милиони што број немало, пак Госпо го знаел кој тељ од кој синор јет и едно ќе видел оти се разлошиле од некоја страна луѓето и туку Госпо ќе го потргнел тељот од тој синор али од таа земја и веднаш ќе се стресела Земјата; ако потргнел силно тељот, силно ќе се стреси и Земјата.

3. Каин на Месечината

Коа убил Каин брата си Авела, Господ го прашал кој го убил:

- Каине, Каине, кој го уби брата ти - му рекол за да умри?

- Јас не сум му вардач, Господи - му рекол Каин - ноќеска да го вардам и да го видам кој го отепал.

Кога чул Господ тие зборои од Каина лажливи, го проколнал да биди обесен во Месечината векутума века, за да биди вардач ноќе, да гледат сите ноќни убиства што ќе се праат од лошите луѓе и да се плаши и страши и да се треси, обесен како лис на некоја гора. Секој чоек можел да го види Каина обесен во Месечината, кога ја полна месечината и ден  денеска.

4. Сонцето и Месецот

Коа го напраил Господ Сонцето и Месечината, еднакви беше и' напраил да светат: Сонцето да свети дење, а Месечината ноќе, за да биде како дено и ноќта. Арно ама пуста завис и фодулук од Месечината, ја донесла работата да се скара со Сонцето и сега да биди темна.

Зашто? Ич за ни за ошто, од будалалако на Месечината!

Откоа и' создал Господ, почнала Месечината да му се фали на Соцето и да му вели:

- Јас сум поубаа, јок, јас посилно греам, јок, јас поголема сум!

Еднаш, дваш, беше је претрајало Сонцето; арно ама таа не се сеќаал оти је срамота да се фали и откоа му дошло веќе до носо на Сонцето и му пребликнало:

-Е, доста се кабардисуа, мори Месечино - је рекло Сонцето - мори бестрамнице, еве за тебе што треба, да ти се затни узтата со една волска лепешка!

На тоа згора грабнало Сонцето една лепешка и врлило на Месечината за устата да му затни; арно ама и устата и образо и окото му го зашлакало.

Ете оттогај остана Месечината темна и страмна и набрго се крие од страмо на Сонцето.

Kind regards : 20 јуни 2017

Sotir Grozdanovski broj 76