ОБЕДИНЕТИ ЌЕ ПОБЕДИМЕ

 

ЕДНА СЛИКА ВРЕДИ

ПОВЕЌЕ ОД ИЛЈАДА ЗБОРОВИ

********************

Деновиве сме сведоци на настани , кои не сме ги виделе долги години. Македонците, конечно сите сплотени, денес по 51 ден  пред Собранието на Македонија ја бранат македонската држава таква, каква ја сакаат и понатака да ја имаат.  Доидени, за да ги потсетат претставниците, на кои им ги дадоа своите гласови, да ја водат државата Македонија  по желба на македонските граѓани, а не по желба на страни влади и нивните лидери. Да ја водат македонската држава како унитарна држава и мултинационална, а не дво национална : македонско-албанска како предигра, за нејзино разнебитување, на албански начин. Да ја водат македонската држава по македонскиот Устав и законите произлезени од него, а не по туѓи платформи, составувани и одобрувани од туѓинци и отворени непријатели на македонскиот народ и неговата држава. 

Величенствените протесни собири пред Собранието на Македонија ја докажуваат силата на народот и крајот на толеранцијата. Толеранцијата, која радикалните домашни елементи  и албанските политички партии ја злоупотребија за разнебитување и на ова парче македонска земја, во полза на странски интереси.

Пораките на овие масовни и мирни протесни манифестации се чисти и јасни за секого, внатрешни и надворешни непријатели на Македонија, дека толеранцијата има свои граници. Толеранцијата неможи да се растегнува по желба на секого и до граници на пукање. И дека навреди и понижувања на македонскиот човек не се дозволени, од било кој и за секогаш. Дека странски душебрижници и надри дипломати и олеснувачи со лоши намери, не се добре дојдени во Македонија. Но за добронамерни и пријатели, Македонија е секогаш отворена и гостољубива, без граници.

А сега, и понатака нека ни е

СРЕЌНО И ЧЕСТИТО ХРИСТОВОТО ВОСКРЕСЕНИЕ! 

Ваш Сотир Гроздановски

СКОПЈЕ, 18 АПРИЛ 2017

ЕЛЕНА МИСИРКОВА, ВНУКА НА КРСТЕ П. МИСИРКОВ

Џејсон Мико

 

ГРЧКОТО МИНАТО ЈА КОЧИ 

МАКЕДОНСКАТА ИДНИНА

******************

Неодамна во списанието на Матицата на иселениците од Македонија Џејсон Мико објави свој текст под горниот наслов, со кој мислиме дека е потребно јавноста да се запознае  и да ја сознае вистината за спорот со нашето име. Па, да тргниме по ред:

- Минатиот месец, американскиот потпретседател, Џо Бајден, изјави дека Црна Гора најверојатно ќе добие покана во НАТО на самитот во Варшава во јули, ако бидат исполнети два услова: ако подршката од јавноста се зголеми (во моментов е околу 33%) и ако се спроведат дополнителни реформи. Она што тој веројатно го знае, но не го кажа е дека јавната подршка за членство во НАТО во Македонија продолжува да биде на високо ниво (околу 77%) и оти Македонија ги спроведе сите потребни реформи - и тоа уште во 2008 година.

Даниел Сервер, експерт за Балканот, професор и поранешен американски дипломат, неодамна говореше на универзитетот "Харвард" со амбасадорот Метју Нимиц за спорот сo "името". Во забелешките што ги користеше за својот говор, тој вели: "Дозволете ми да почнам со очигледното: овој спор во суштина не е спор за името. Но, ако не е за името, за што е тогаш? Исто како и во многу балкански конфликти, се работи за идентитет и за територија... Грција не сака да го признае постоењето на 'македонско' малцинство на своја територија, стравувајќи дека тоа ќе доведе до територијални и до други побарувања". Сервер е апсолутно во право. Не станува збор за името- станува збор за идентитетот, а вашиот идентитет како Македонци е нешто за што не се преговара. Не можете да го смените сопствениот идентитет исто како што не можете да ја смените својата ДНК. Тие се дел од она што сте.

Сервер продолжува велејќи:"Ова не упатува на подлабокиот проблем: идентитетот. Претераното докажување на националниот идентитет произлегува од несигурноста околу националниот идентитет...Имам дури и грчки дописници кои ме информираат дека ние (САД) всушност и не сме нација зашто не споделуваме исто генетско или културно наследство". И ова е дел од проблемот: Грците не се сигурни во сопствениот идентитет. Еве совршен пример за тоа: еден корисник на Твитер неодамна објави фотографија на грчкиот министер за одбрана кој се поклонува со почит и ја одбележува битката кај Саламина, која се случила во 480 г. пр.н.е. На тоа, друг корисник на Твитер му одговори: "И ти се грижиш дека Србија има проблем со 1389 година?" Нашите грчки пријатели се целосно заглавени во минатото. Но, нивното минато ја задржува иднината на Македонија.

Сервер понатака вели дека Вашингтон треба и може да "инсистира" Македонија да стане членка на НАТО на самитот во Варшава в година. И јас се согласувам со него (и ако исто така е точно дека Македонија може да биде примена во НАТО на било која средба на алијансата во меѓувреме). Безброј македонски лидери - и од левицата и од десницата - имаат изјавено дека Македонија би прифатила да влезе во НАТО (или ЕУ) под привремената референца што ја содржи Резолуцијата 817 на ОН од април 1993 година. Ова е решение, но Грција го отфрли. А според Привремената спогодба од 1995 година, Грција се согласи да  и' дозволи на Македонија да им се приклучи на меѓународните институции под привремената референца. Но Грција одбива да го почитува документот што го потпиша. Македонија ја тужеше Грција пред Меѓународниот суд на правдата (и го доби процесот), но Грција одби да ја почитува одлуката на Меѓународниот суд на правдата.

Што може да прави Македонија кога Грција одбива да ги почитува договорите на кои се обврзала, кога е тужена и повторно одбива да ја почитува судската одлука? И што може Македонија да направи ако меѓународната заедница одбива да ја спроведе на дело таа одлука? Дали "инсистирањето" Македонија да влезе во НАТО на самитот во Варшава ќе биде товар за Грција? Ќе и' наштети ли на Грција? Се разбира дека не. Напротив, ќе ја поттикне алијансата. Ќе го засили јужното крило на НАТО во време кога тоа трба да биде зајакнато. Ќе покаже дека билатералните спорови немаат врска со членството во НАТО - затоа што и немаат.

Македонија, се разбира, понуди свое елегантно решение: Грција може да ја нарекува Македонија како што сака, но остатокот од светот ќе ја нарекува и ќе ја признава Македонија со нејзиниот идентитет и нејзиното уставно име. Но, тое не е доволно добро за Грција. Ама би требало да е доволно добро за НАТО. И за ЕУ. За жал, образложението на НАТО за Македонија оди во оваа насока: "Грција е во клубот, а вие не сте. Мора да преговарате со Грција и да дојдете до заеднички прифатливо решение за името". Технички, ова не е аргумент. Ова е изјава, предавање и проповед.

Македонија вели дека за да се дојде до "заеднички прифатливо решение за името", мора да ги прифати барањата на Грција и да ги смени своите име и идентитет, што би претставувало историски преседан.

И така, имаме држава со континуирано висока подршка и од јавноста и од владата (и од левицата и од десницата), држава што ги исполнила (уште во 2008 година) сите поставени и потребни услови да стане членка, а сепак и' се негира заслуженото и легитимно место на масата поради билатерален спор - всушност, унилатерален спор.

Само Грција се противи Македонија да влезе во НАТО под својот вистински идентитет и име. Ова е неуспех на НАТО и го ослабнува НАТО. Ни помалку, ни повеќе.

Ако НАТО "не ја внесе" Македонија поради овој детинест спор предизвикан од една од нејзините членки, тогаш НАТО "не ќе може" да ги одбрани своите земји-членки кога ќе дојде време за тоа. Ќе се покаже дека станал хартиен змеј, без заби и без канџи. 

Се надевам дека ова нема да се случи. Се надевам, дека НАТО ќе се опамети и ќе и' стави крај на оваа пат-ситуација и едноставно ќе ја прими Македонија - држава што го заработи своето место на масата.

Џејсон Мико

Ристо Стефов

АНАЛИЗА НА ИСТОРИСКИТЕ НАСТАНИ ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ 31

Пишува: Ристо Стефов

Превод на македонски и уредува : Сотир Гроздановски

****************************

 

СОГОВОРНИКОТ: - Повеќе пати споменавте дека постој некоја завера од страна на големите сили, како ги нарекувате, против Македонија. Исто така познати ми се и вашите историски искуства со нив, али се' уште не ги објаснивте нивните мотиви, зошто сакаат Македонија да нестане од светската сцена, за секогаш?

РИСТО: - Тоа е навистина прашање на кое неможам точно да Ви одговорам.   Можам само да претпоставам.

После победата над македонската војска, Римјаните ја поделија Македонија на четири дела. Причината за тој чин највероватно лежеше во стравот од нејзиното одново воскреснување и продолжување со отпорот против нивната окупација.

Но, да видиме што се случило:-

"Во Јуни 197 г. пр.н.е. кај Синоскефале во Тесалија, непобедивата македонска армија дојде лице во лице со римските легии. Со силниот и одлучен напад македонската фаланга им причина страшни губитци на Римјаните, кои нема никогаш да ги заборават. За време на првиот судир, Македонците беа успешни и ја добија битката. Тоа беше страшна глетка за искусните Римјани, кои за прв пат се сретнаа со македонската Фаланга и нејзините борбени вештини.

После катастрофалната  битка кај Синоскефале, Филип V ја регрупира својата војска и ги пополни своите губитци, меѓутоа, Персеус беше неодлучен дали да се врати одново во војна со Римјаните. Од 171 до 168 г. пр.н.е. Персеус остана во дефанзива и прифаќаше само мали предизвици, верувајќи дека непријателствата ќе можат да се решат со преговори.

Третата македонска војна, која траеше четири години, дојде до кулминација на 22 јуни 168 г. пр.н.е. кога Римјаните изненада ја нападнаа македонската армија кај Пидна, во јужна Македонија.

Во стилот на своите претци, Персеус им се спротивстави на Римјаните со целокупната сила на  Фалангата. Тоа не беше обична Фаланга, позната од поранешните искуства. Беше модернизирана и посилна. Копјата им беа со тркалести бодежи во облик на еж, специјално на крилните позиции. Искусниот римски командант, Емилиус Паулус, после битката изјавил, дека оваа измена и подобрување на оружјето била застрашувачко искуство, какво до тогаш не видел во битките кои ги водел. ( Page 430, Peter Green, Alexander to Actium The Historical Evolution of the Hellenistic Age )

Спрема Ливај, Македонија била поделена на четири региони, секој со своја управа и била принудена да му плаќа на Рим половина од приходите, кои ги собира од своите граѓани.

Се' што можам да Ви речам е, дека Македонија на сличен начин беше пак поделена во 1913 година, но незнам зошто. Не верувам дека тоа беше само некоја "историска" случајност. Верувам дека македонскиот народ го држи клучот на многу работи, за кои би требало да се напише цела енциклопедија,  која до сега им беше посветена на така-наречената "Древна Грција" и "Средновековна Бугарија".Треба повеќе да се каже за научните документи во Александриската библиотка во Египет и на планината Атос (Света Гора), потоа за Христијанството проширено во Источна Европа, Кириличното писмо, Славјанскиот јазик и т.н.т. Верувам дека некои луѓе сакаат сето ова да се заборави за секогаш. И тоа би се случило, ако би се спречила Македонија да се дигне одново и постане тоа што некогаш била.  Уверен сум, дека македонската судбина е да се подигне одново и да си го заземе своето место меѓу народите во светот, каде и припаѓа. И тоа ќе се случи, само кога ќе и' дојде времето. Јас исто така верувам, дека сите неправди нанесени на македонскиот народ  ќе бидат исправени и сите придонеси за развојот на светската цивилизација со право нему приписани.

СОГОВОРНИКОТ: - Али пред да се, како и вие нагласивте, одново издигне, Македонија треба да ги реши сите денешни проблеми, кои и' стоат на нејзиниот пат. Можно ли е тоа?

РИСТО: - Македонскиот народ се надеваше, дека, откако ќе им се придружи Република Македонија во Европската Унија,  одново ќе дојде до обновување и на заедничката македонска култура надвор од границите на Грција, Бугарија и евентуално на Албанија. Меѓутоа, изгледа дека има некои во неа кои не сакаат да не видат ни таму. Сакаат да не држат изолирани. Но до кога?   Дури не ја видат Македонија дестабилизирана од внатре?

По се' изгледа, ние  имаме и пребогато историско наследство кое чека да биде прегледано отворено и проучено, пред нешто важно да се случи.  Верувам, дека баш тежината на тоа наследство,   малку познато  на светот, не држи надвор од овие меѓународни асосијации. Ние самите треба да ја сознаеме нивната содржина од почетокот на македонската државност  до денес.  Македонскиот народ повеќе пати и од неколку држави беше погрешно сватен. Тие држави не ги знаат нашите намери што мислиме да направиме откако ќе им се придружиме на светот, али би сакале да сознаат дали очекуваме од нив да не подржат или не.

Денес сите тие не се подготвени да соработуваат со нас под овие околностите. Се' дури ние не им објасниме што очекуваме од нив во иднина, тие нема да соработуваат со нас и затоа ќе покушаваат да не омаловажуваат и понижуваат. На приме, ќе ја судиме ли  Грција за штетите кои ни ги нанела во минатото? Ако намераваме, треба да ги дефинираме и да им кажеме кои се и што бараме за сето тоа. Ако не мислиме да покренуваме ништо, треба однапред да им го кажеме отворено.

Ние би требало да го направиме првиот чекор и да им кажеме каде стоиме и кои се нашите услови. Што очекуваме од нив? Треба да ставиме на чист лист хартија се' што мислиме и што бараме. Сето ова би ни послужило во неколку ситуации. Прво да им кажеме на овие земји кои ни се намерите и второ, да му кажеме на светот да знае дека имаме побарувања од нив, но и не согласувања со нивното однесување спрема македонскиот народ.

Но во секој случај не смееме наивно да веруваме, дека само така ќе ни дозволат да влеземе во нивното коло, без понатамошни компромиси од наша страна. Секоја држава и народ ќе стори се' да ги заштити своите интереси, па пошто ние влегуваме внатре со ништо, мораме да бидеме подготвени на нивните барања, а тие се "безусловна капитулација", што би значеле стапица, на која и Грција и Бугарија и Србија и Албанија чекаат да налетиме и да не проголта мракот.

Сигурен сум дека многу земји  во светот, надвор од САД, Англија, Франција, Грција, Бугарија, Србија и Албанија, многу подруго би ја погледале положбата  во која денес Македонија се наоѓа, да им ја презентиравме нашата страна од прикаската при замолбата за прием во ОН. Но ние тоа не го направивме. Зошто? Бидејќи Грција ни се закани со ембарго, кое не направи два пати да се замислиме што  е по погодно по нашите интереси, но и стравот од враќањето на ЈНА. Па затоа неподготвени потрчавме да ги прифатиме условите на УН и се фативме в 'стапица.

Може би сето ова што ви го велам  делува не сериозно - Македонците бараат помош од земјите очекувајќи да ни помогнат за членство во ОН со нашето Уставно име, при тоа не верувајќи дека тие ќе го сторат тоа, меѓутоа, не се само тие кои би требало да ги увериме зошто треба да ни помогнат. Нашите напори, во оваа насока, само нам би ни користеле, зошто би му овозможиле на земјите во светот полесно да сознаат кој сме и што сме, што ние направено и што очекуваме.

Соединетите Американски Држави, Британија, Франција, Грција, Бугарија, Србија и Албанија, на пример, за сигурно нема да ни помогнат ма што и да направиме, па затоа и неби требало да трошиме врем на нив, туку да ги заобиколиме и да пробаме со другите земји во светот, кои се секако во мнозинство и ни се повеќе наклонети да ни помогнат, до колку нашите информации ќе допрат до нив.

Горе споменатите земји сакаат да бидеме таму, каде сме и денес. Тие знаат дека ние нема да си го смениме името, впрочем, тие и не доведоа до овде каде се наоѓаме, во бескарјно лимбо преговарајќи за нашето сопствено име; нешто за што не се разговара. Тие ќе ја продолжат својата песна се' дури не не дестабилизираат од внатре, а која веќе е во тек во моментов, во кои ги пишуваме овие редови.

Ние, Македонците, се' уште несме седнале заедно да се договориме што понатака, за разлика од Евреите кои го решија тоа прашање одма после Втората светска војна. Пред да покренат судска постапка против Германија, седнаа и ги дискутираа своите проблеми на отворен форум. Властите на Израел ги повикаа сите познати и непознати евреиски организации и поединци од целиот свет да ги пријават своите проблеми и барања и после тоа, откако се собрани сите информации, судската постапка ја покренаа и таа беше успешна.

Згора на ова, ние, како Македонци треба да се запрашаме, на пример, колку ни е важно да им се приклучиме на овие меѓународни организации и што сме спремни да жртвуваме за влез во нив. Откако ќе го направиме тоа, ќе имаме слика и база за "преговарање" со ОН. Сега, ние несме подготвени за такви преговори и поставување барања. Ние се' уште не сме ги одредиле нашите "црвени линии", како што тоа го нарекуваат Грците, или пак нешто слично, а се впуштиме во "преговарања". Преговараме што? Нашето растурање?

Што е уште по лошо е фактот, што нашите политичари на народот не му предложија некој прифатлив предлог до каде и колку маневрирање е дозволено. И секогаш кога ќе се спомене "преговори за името", ние како да седеме на игли од страв, молејќи, нашите политичари да не направат некои непредвидиви одстапки. Заштити не Господе, од повеќе грешки.

Нашите политичари и така направија и премногу грешки, и тоа големи грешки, особено со влегувањето во преговори за нашето име и со тоа ставајќи го македонскиот народ во големи опасности, губи-губи позиција.

САД, Британија, Франција, Грција, Бугарија, Србија и Албанија не притискаат доброволно да си го промениме нашето име, знаејќи дека тоа ние нема никогаш да го направиме! Па каде не води тоа?

Во пат позиција, а многу земји во светов и незнаат зошто. Ние знаеме зошто - затоа што не ги информиравме доволно преку нашата приказна, за нивните лаги и нашите барања.

До колку   го промениме нашето име, тогаш што би се  случило? И тоа не им е објаснато, дека би било многу опасно и со големи и лоши последици по нас. Прво, би ја избрисале Република Македонија од светската карта. Тој дел од Македонија би постанал неодредена територија и одвоена од другите делови. Потоа, друго што би се случило, истите тие кои бараат да си го мениме името на државата, ќе бараат да си го промениме нашиот идентитет. Причината за тоа би била, дека ако името на нашата земја не е повеќе Македонија, ние како народ повеќе несме Македонци. Ако некој се' уште мисли дека сето ова е смешно и невозможно, тогаш и следново е исто така смешно или уште по сулудо за неверување дека, не ќе можиме да го користиме името Македонија, зошто тоа име е грчко. Како ни звучи сега тоа? Ниту една претпоставка не смее да се занемарува, зошто со планот пред нас е предвидено се' за да се дојде цо целта: тотално разнебитување на нашата македонска држава, заедно со сите нас како Македонци, било каде да живееме. Република Македонија е последната црвена и одбранбена линија за нашето постоење и затоа никако не смее да се прескочи од никого. Па затоа, ако не сме Македонци, немаме право да поставуваме никакви барања од името на Македонија. 

Па затоа е извонредно важно за нашето постоење да ги запишиме и регистрираме сите наши желби, побарувања, притужби и т.н.т. во Обединетите Нации, со што ќе му дадеме на знаење на целиот свет какви ни се нашите планови за иднина, со кого имаме недоразбирања, и како мислиме да ги решаваме. Но пред сето ова да го направиме, потребно ние македонско единство, кое ќе ни овозможи да тргнеме напред. Ние немаме друга алтернатива, зошто нашите проблеми не смеат да чекаат на некој други да ни ги решава или да се надеваме дека тие самите ќе се решат. До колку планот А не ни успее, мораме да имаме подготвен и план Б.

За несреќа, ние закаснавме многу работи да направиме уште порано, пред да западнеме во сегашниве проблеми кои ни одзедоа многу години  од нашиот развој, но никогаш не е доцкан за нов почеток...

Се што ние потребно се волја, упорност и храброст да се зафатиме со работа. Тоа е моето мислење по ова прашање.

СОГОВОРНИКОТ: - Со други зборови, вашата препорака до македонскиот народ  е да покрене јавна капања како би го информирал светот за своите проблеми со Грција и неправдите кои таа замја му ги има направено во минатото, но и денес продолжува да ја дестабилизира Македонија. Исправно ли е тоа? Што ве тера да верувате дека на светската јавност и' е гајле за вас и вашата држава?

РИСТО : - Да, јас предлагам да покренеме јавна кампања со која ќе го информираме светското мнение за сите неправди кои ни се нанесени. Ние мораме тоа да го направиме, ако сакаме да се покренеме во права насока. И да, во право сте кога ме прашувате дали на светот му е гајле за нас и за нашите проблеми. Сигурно да не, но и тоа е поарно, одошто да не правиме ништо. Затоа е важно да се подготвиме добро за таква една јавна кампања, поткрепена со веродостојни податоци и документи. Веројатно дека јавноста нема да направи ништо во наша полза, меѓутоа Грција и нејзините покровители за сигурно ќе кренат прашина во своја одбрана и одбарана на својот размрдан авторитет во светот. Уверен сум дека луѓето, особено неутралните земји во светот, ќе реагираат подруго откако ќе ја сознаат нашата вистина и што Македонија преживува денес од нашите соседи, активно подржувани од големите европски, но и подалечни сили. Можеби нашата борба за нашето име со Грција ќе ја согледаат подруго, на свој начин ...

СОГОВОРНИКОТ : - Па од сето тоа што го слушам од вас, вие имате две опции на располагање, како би го продолжиле вашиот пат напред. Се сложувате?

РИСТО : - Да, меѓутоа ниту една не ни одговара. Можиме да ги прекинеме "разговорите за името" или пак да ги продолжиме. Толку далеку можиме да одиме.

Со прекинувањето, кое го заговарав порано после внимателно размислување за таа опција, нема да стигнеме поблиску до каде би сакале да бидеме. Заправо може светот да не свати на свој начин и да помисли можеби не сме во право...? И ако не сме во право со името, можеби не сме во право и во некои други работи? Исто така, ако ги прекинеме разговорите, во тој случај ОН,САД и другите сили би могле да кренат раце од нас и не остават сосема сами да си ги решаваме проблемите кои, заправо, тие ни ги навратија на глава од свои сопствени интереси. Па така, би навлегле во уште поголеми проблеми и поголема изолација во иднина, но и без интервенција од меѓународната заедница, до колку се најдеме во неприлика со нашите комшии.

Па така ни доаѓа дека во  сегашната ситуација сме посигурни, зошто макар знаеме каде сме и барем си ја контролираме до негде својата судбина. Но, во исто време, ако продолжиме по овој пат и на овој начин, можеби никогаш нема да стигнеме таму каде сме наумиле да бидеме: рамноправен меѓународен субјект со сите права кои ни припаѓаат како самостојна нација и суверена држава. Затоа верувам дека е многу важно за нас да фатиме и некој подруг пат, кој ќе ни овозможи да му се обратиме на  човештвото за разбирање и кое би можело да ни помогне во решавањето на нашите проблеми. Да, таму каде се слуша нивниот глас и влијание, во ОН, ЕУ ...

Можно би било дури и Грција да ги смекша своите ставови во интерес на добрососедството и заедничката безбедност во регионот, до колку со изнесувањето на нашата прикаска ја доведеме во положба да си ги признае грешките и покуша да го сочува својот светски авторитет, ма каков тој и бил.

Би сакал да напоменам дека проблемите, во денешната светска положба, неможат да се "решат" со сила или политички притисоци. Силата и заканите можат да го одложат решавањето на проблемите, но не и да ги решат. Проблемите можат да се решат само со разговори, разбирање и меѓусебни попуштања. Тоа е втората причина зошто е потребно да јавно проговориме и да си ја кажеме нашата прикаска, нашата вистина.

Уште нешто што би сакал да ви речам е тоа, дека секое уценување и застрашување на Македонија за да си го промени своето име, не можи да биде успешно, на подолго време. Ако народот не е задоволен со некое решение, тој ќе проба и ќе го промени во своја корист. До колку името на Македонија некој го промени денес, во некое друго време во иднина, кога ќе се променат околностите, Македонците пак ќе си го вратат назад. Па така, во стварност "спорот за името" не е ништо повеќе од замаглување на јавноста за некое време. Но во никој случај не сум заговорник за промена на името на Република Македонија, односно на македонската држава. Името никогаш и никој не сме да го стави на стол за промена, и по никоја цена!

СОГОВОРНИКОТ : - Што со Македонците во Грција? Каква би требало да биде  нивната улогата во целата оваа работа?

РИСТО : - За несреќа, нивниот положај е полош од онај, за кој мислиме да им е. Македонците во окупираниот дел на Македонија се соочија и се' уште се соочуваат со грчкиот гнев спрема нив кој ги стави и уште ги држи во ранлив положај. Протеривањата, промена на нивните имиња, забраната на македонскиот јазик, масовните преселувања, понижувањата, геноцидот, асимилацијата... сите ови фактори негативно влијаеа на луѓето.

Тие Македонци кои беа асимилирани през изминатите времиња и одлучија да се нарекуваат "Грци" се најдоа во незавидна ситуација. Не-македонските Грци,(Албанците, Турците, Власите и т.н.т.) од југот и Турците христијани, доведени во окупирана Македонија од Мала Азија во 1920-тите години не им веруваат и не им дозволуваат напредок во општеството и на важни позиции.

Тие Македонци, пак, кои си останаа верни на својата националност и си го негуваат македонскиот дух и чувства, не ги поднесуваат и ги избегнуваат ваквите "нови Грци", гледајќи во нив предавници на сопствениот идентитет. Ги викаат "Гркомани" или "Гркофили", односно некои кои не се ни едно ни друго.

Македонците кои се чувствуваат Македонци, се' уште мораат да се кријат и јавно да не се декларираат како такви. Се плашат од омраза и насилства не само од државата, туку и од нивните комшии. И така, секогаш се чувствуваат како заробени и во страв...

Македонците во Грција чувствуваат нешто што ние на западот не го познаваме; омраза спрема луѓето кои не се како нас или недоверба во странците. Овие чувства се вградени во нив од времето на Отоманската Империја и стално живеат со нив до денешни дни. Тоа е затоа, зошто после секоја средба со странец, нешто непријатно им се случува. Уште од најрана младост се подучувани да не им веруваат на странците, зошто ништо "добро" од нив неможиш да очекуваш. 

Би се рекло, дека тоа постана дел од нивниот катадневен живот. Ваквото однесување сум го доживеал и јас самиот за време кога се' уште бев дел од таа средина, но и кога се вратив назад во 2015 година во куса посета на мојот роден крај. Бев одново потсетен да се чувам од непознати луѓе.

СОГОВОРНИКОТ: - Земајќи во предвид се' што им е направено на вашиот народ и кога би имал прилика да разговараш, што би им рекол на Грците?

РИСТО: - Искрено да Ви кажам, до денешен ден се' уште не сум нашол заеднички јазик со ниту еден Грк. Ние сме во постојан конфликт, како да сме од различни светови. Кога би му го споменал името Македонија и Македонец на некој Грк, е исто како да му покажеш црвена крпа на некој задишен бик во некоја арена. Се' што би сакале да ти направат во тој миг е да те нападнат. Како би пронашол заеднички јазик и разбирање со такви луѓе?

Што ни се случило и што уште им се случува на нашиот народ во Грција е неописиво... Неодамна имав прилика да разговарам со една Канаѓанка мажена за Македонец, која работи во едно училиште во Торонто со Гркињка. Па така еден ден откако сознала со кого работи и дека заправо таа била Гркињка, и споменала дека била мажена за Македонец. Не очекувајќи ништо необично да се случи, се изненадила од реагирањето на колешката Гркињка. "Такво нешто, како Македонец не постој", зајапурена и со повишен глас и' одговорила Гркињката. Канаѓанката се запрепастила од недоличното реагирање на својата колешка и просто не знаела како да реагира, за да не ја иритира уште повеќе.

По едно извесно време, одново се сретнавме јас и нашата Канаѓaнка. Прво што ме праша беше, зошто нејзината колешка реагиралa така необично, кога и' споменалa дека  сопругoт и' е Македонец. И дека се' уште не и' е јасно, кога знае дека ништо навредливо не и' рекла, освен да и' е сопругот Македонец.

Ете видовте ли зошто треба јавно да ја кажеме и нашата прикаска за односите на Грците спрема Македонците и кои се причините за тоа?

Тоа ме поттикна на мојата неинформирана сограѓанка, Канаѓанка, да и' дадам неколку од моите книги да ги прочита. Дали тоа и' беше доволно да се запознае со нашите проблеми не знам, али за сигурно знам, дека и тоа е поарно, од молчење.

 

Продолжува

Семејството на Алексадар III Македонски: Олимпијада и Филип II Македонски

 

 

ФОРМИРАЊЕТО НА МАКЕДОНСКИТЕ ЦАРСТВА

ПО СМРТТА НА АЛЕКСАНДАР III МАКЕДОНСКИ

**********************

ДЕЛ 15

*******

 

Оваа епоха започнува со владеењето на Александар Македонски (336-323 г. пред н.е.) и неговиот поход на Исток (освојување на Персиското Царство), а завршува со римските освојувања (I век пред. н.е.) на македонските монархии основани на територија на Александровото Царство. Имено, оваа епоха го содржи исклучителниот историски феномен - македонската панбасилеја, остварување на идејата на Филип II и на Александар Македонски за екуменска држава и за една обединета цивилизација, со која се обединува целиот Стар свет. Значи, творецот на оваа епоха е Александар Македонски, неа ја одржуваат неговите наследници, дијадосите - владателите на големите држави во Европа, во Африка и во Азија; носителите на оваа цивилизација се научници, мислители, филозофи, образовани леѓе кои се населени во административните, економските и културните центри на Александрија, Пергам, Родос. Во историска смисла, просторната и временската граница е уште поголема; оваа епоха, која создава нов начин на поимање на Светот, претставен во симбиоза на многу култури, има големо влијание на Римското и Ромејското Царство и трае се' до крајот на антиката, а повторно е обновена низ италијанскиот хуманизам од XIV до XVI век.

Значи, оваа значајна историска епоха, во цивилизациска смисла, на античките народи од Европа, од Азија и од Африка неправедно се обележува со терминот ХЕЛЕНИЗАМ (германски - Хеленисмус, термин на историчарот Г. Дројзен од XIX век според старогрчкиот Хеленисмос-подражавање на хеленскиот начин на живот, прифаќање на хеленската култура и користење на кодифициран старогрчки јазик коине), и покрај тоа што во овој период хеленските полиси влегуваат во зоната на историска и културна провинцијализација, наспроти новите светски центри создадени од: Александар, Птолемај, Пердика, Касандар, Антигон, Деметриј, Лисимах, Селевк, Антиох. Според тоа, во современото изучување на историјата се наметнува нов термин за овој епохален "транзициски" век - александризам или македонизам, зашто се создава нова културна историја, спроведувајќи ја благородната идеја на Александар Велики за "Светата свадба" меѓу народите.

Овај епохален "транзициски" век говори на јазикот на светските мислители, на Платоновиот и Аристотеловиот филозофски јазик, присно именуван како "заеднички јазик" (коине глоса); оваа идеја ја апсолвира генијалниот визионер и сестрано образованиот Александар Македонски, кој ја наметнува потребата од заеднички светски јазик за размена на мислењата, идеите, умувањето, запишани на долги свитоци папируси и пергаменти во "александриските" центри.

Главен историски факт е дека Царството Македонија е онаа историска категорија под чиј притисок се урива полисниот систем и се создава ера на династии и монархии, просветени и просветителски владатели, ера на библиотеки и музеи, ера на собирање духовни реалии и на втемелување на многу науки. Македонската династија претставува втемелувач на монархиското уредување не само на Ромејското и Римското Царство, туку и на европското монархистичко уредување.

По смртта на Александар Македонски, освоените територии во Хелада, Египет и Персиското Царство ги наследуваат македонските војсководци, наречени дијадоси, а подоцна нивните наследници-епигони. Значи, владатели на новите држави се Македонци, најблиските хетајри (војсководци на Александар). Во Македонија и во Хелада владеат Антипатар и Касандар, а при крај владателите од династијата Антигониди; во Египет владеат Птолемаидите, а на Истокот, по многуте македонски владатели, власта ја презема династијата Селевкиди. Македонските владатели го прилагодувале управувањето со новите држави според општествените прилики и обичаи на народите со кои владееле.

 

Продолжува

******************

Професорка Ангелина Маркус

 

БЕШЕ СИ БИЛА...

...ПРИКАЗНА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ

ВО РУСИЈА

**********

Во XI и XII век, кога во Македонија постоеше единствена автокефална црква, Охридската Архиепископија, таа беше единственото просветно жариште за многу народи што во тоа време го прифатија Кирилското писмо, а со тоа и христијанството и воопшто македонското влијание на пошироки простори преку Киев и Москва. Во тоа време се покрсти царицата Олга и го доби светото име Елена. И кнезот Владимир се покрстил и оженил во Охрид, синовите Роман и Давид биле канонизирани како светители Борис и Тед со јурисдикција на Охридската Архиепископија. Влијание се ширело и преку Св. Гора од манастирот "Св. Катерина". Изградбата на киевската Кирилова црква во XII век во првата апсида наречена македонска сала има зографисано 25 македонски светители и целата градба со мозаици, фрески, икони го отсликува македонското влијание во Русија. Постоела силна преписка во православните цркви и Русија го возвраќа влијанието на Македонците со помагање на покорените православни земји. Од XIV век Руската православна црква станува покровител по укинувањето на Охридската Архиепископија во 1767 година. Руските цареви копнееле по Охрид и ги прифаќале сите Македонци кои се населувале во Русија бегајќи од теророт што го вршеле Турците во Македонија по Карпошовото, Разловечкото и Кресненското востание и Илинден.

Во Украина, Екатерина II во 1752 година формира православни полкови од доселени Македонци со свој грб и знаме, според архивите проучени од д-р Матковски. Македонските доселеници биле заведувани како Македонци припадници на Македонската нација. Трагите на Македонците од тоа време ги сретнуваме во топонимите како Македони, Кумановка, Кратовка, Скопиевка и полковите од 1773 година наместо Македонски ги добиле имињата според градовите како на пример Нови Полошки полк и т.н.т. Тие траги не само во топонимите, имињата, писмото, јазикот, туку и во целокупната македонска култура останата таму и од XIX век со школувањето на македонски студенти.

Во Москва,Петерсбург, Киев, Одеса.. работеле голем број македонски учители, учебникари, преведувачи и воспитувачи на царските деца, како Анатол Зографски, кум на Николај I и учител на царските деца, брат му Партение Зографски, Рајко Жинзифов и Андреја Петковиќ биле руски конзули во Турција и Австрија. Браќата Миладиновци, Григор Прличев, Ѓорѓија Пулевски, Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски и многу други македонски преродбеници битката за слободна Македонија ја воделе на културно поле од Русија.

Откако соседите по Балканските војни си ја поделија Македонија со се народ, со се јазик, со се цркви, со се територии, под покровителство на големите сили, прогласиле дека во Македонија немало еднороден јазик и народ, си создале свои еднородни држави со се Македонците внатре, не признавајќи ништо наше.

Турското ропство го заменија со христијанско. И по 100 години тврдат дека македонското писмо било нивно, дека македонската земја, црква, народ, име им припаѓа ним, на еднородни Грци, Срби, бугари, Албанци... Под ноктите на грабливците sирка Македонството што не можат да го сопрат со ништо. Македонскиот дух живее на руска територија како сродност со Македонците и идентичност во соседството-Македонство.

Професорка Ангелина Маркус

***********************************

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ТВОРЕШТВО

  • НЕВЕСТА КРТИЦА

    Еден чоек сакал да земи за сина си невеста од најголем чоек. Се прашал до некого и тој, коа беше му чул зборот будалски, за на смеа беше му рекол:
    - Пријателе мој, лели си сакал снаа да земиш од најголем чоек, да земиш од сонцето, чунки од него нема поголемо.
    Кога чул тој збор од чоекот, го поверувал и си обул едни железни опинци, со едно стапче железно, та ти отишол кај сонцето:
    - Добро утро, сонце - му рекол - што чиниш, како си?
    - Дал ти Господ добро, пријателе, сполај Богу сме; ами вие како сте? и го отурдиса и го запраша:
    - Море, што си се мачил, бре пријателе, олкав пат далечен што си одел за да доиш до мене?
    - Сум се мачил. златно сонце, за со тебе да се сосватам, ако рекол Господ, чунки јас имам еден син, тики сакам да го женам од најголем чоек, да ми рекоа оти од тебе немало поголем; ако е кабил, ај дај ми една ќерка.
    -Ов, море душко, арно, би ти дал една ќерка, туку јас не сум најголем на веков; од мене има поголеми, а тие сет облаците, чунки кога да се распнат едни пати пред мене, јас колку силно да греам и не можам да 'и пробијам, да појди кај нив и од нив земи- му рекло сонцето.
    - Сполај ти, златно сонце, што ми кажа. Коа така, јас ќе му одам кај облаците.
    Отишол кај облаците:
    -Добро утро, облаци, што чините, како сте, здрао жио?
    - Арно сме, сполај Богу, да речиме; ами ти како си? Море што си се мачил, бре чоече, до овде?
    - Што сум се мачил, бре облаци, за аирлија ишала ќе бидит; јас барам со голем чоек, некој што е, да се сосватам. Ми рекоа луѓе оти најголемо ет сонцето, а пак сонцето ме прати кај вас.
    - Море арно, бре братко, сполај ти за честа што ни ја праиш, туку и од нас има поголем: ето го ветров, кога да дувни, не ќе се видиме кој кај ќе ватиме! Да од тоа тамо да појдиш.
    - Е, сполај ти братко! - му рекол.
    Станал чоекот и пошол кај ветрот:
    - Добро утро ветре!
    -Дал ти Бог добро, чоече! Што има нешто аир абер?

  • - Ишала аирлија ќе бидит. Облаците ме пуштија кај тебе за да ми дајте една ќерка за сина ми, чунки јас барам најголем чоек за да се сосватам - му рекол.
    - Лели бараш, чоече, најголем јас не сум; најголем ет старана планина, чунки се едно дуам и не можам да ја помрднам, да појди кај неа и сосвати се.
    Пошол кај стара планина и и' посакал една ќерка за снаа. Планината му рекла оти и од неа имало поголеми; тие биле кртоите што ја дупат стара планина.
    Слегол долу кај кртоите и му рекол:
    - Добро утро, кртои, што чините, што праите?
    - Дал ти Бог добро, чоече, повели седни. Што има, што нема, кажуј?
    Заватил да му кажуат со ред, откај сонцето да до нив дури дошол:
    - Да ви кажам, бре кртои. Јас сакав да земам невеста од најголем чоек и ме пратија кај сонцето, сонцето ме прати кај облаците, облаците кај ветерот, ветерот кај стара планина и стара планина кај вас, чунки от вас немало поголеми да ако е к' смет ќе ми дајте една девојка за невеста на сина ми.
    - О, О таман, ти еднаш ако не' дексаш нам, ние ќе те даксаме два пати. Ем прао ти кажала старава планина за нас, оти од нас поголеми немат, чунки ја дупиме од крај в крај и нема што да ни стори. Да коа така, повели, свату, дома и ишала, аирлија ќе бидит, оти чоек што ќе барат, тоа ќе си најдит!
    Влезе во куќата (крточињето, надигнатата земја) од кртоите и го честија многу. Најпосле туку му дотераа кртички моми за да си земи која сакат:
    - Де, свату, добре ни дошол, повели, одбери си која мома сакаш - му рекле кртоите.
    Ватил една кртица в рака и ја погледал во лицето дали е лична; кога гледат - слепа; вати втора, треќа; четврта - сите слепи.
    - Море свату, што туку 'и одбираш момите? Ами лели знаиш, оти кој пребира, тој забира. Ја вати си една која да е, ич не плаши се, за да бидат оката (опулена) - која да ватиш, од слепа послепа ет. Видел-не видел, си ватил една слепа кртица и му ја однесол на сина си за невеста.
    Кој бара рогои, ќе загубит и уши.

    Марко К. Цепенков

  • РАНЕТА ПТИЦА

    Белата птица падна на земја ранета
    Изгуби сјај, надеж и сила
    Ко да нема веќе крила,
    не може да ја ужива слободата мила.Не може да пее песна во гората блиска
    песна за пролетни цветови со опоен мирис
    песни за јунаци, борци
    песна за зелените лисја што шумолат и зборат
    крај извори горски.

    Ангелот-чувар слезе од неа
    тивко и нежно утеха и' дава:
    "Верувај во мене птицо бела
    Верувај и чудо ќе се случи,
    ти повторно ќе се вивнеш
    ти повторно ќе леташ на небото сино!"
    А птицата тажна рече:
    "Но јас сум ранета и без крила
    не можам да летам
    не сакам некој повторно да ме рани."

    Исправи се силно и рашири ги твоите крила
    Ако паднеш јас ќе те кренам
    Да запееш песни во гората блиска
    за пролетни цветови со опоен мирис
    песни за јунаци, борци,
    песни за зелените лисја што шумолат и зборат
    крај изворот горски.

    Автор, Гордана Димовска

Kind regards : 20 april, 2017

Sotir Grozdanovski broj 64