Сотир Гроздановски-Македонски
РОДЕНДЕНСКА БЛАГОДАРНИЦА ЗА МОИТЕ ПРИЈАТЕЛИ, ПОЗНАТИ И МОЕТО ГОЛЕМО СЕМЕЈСТВО, БИЛО КАДЕ ДА Е
********
Никогаш не сум размислувал дека и тоа еден ден ќе дојде, да се заблагодарувам на доброжелбените роденденски честитки на ваков начин. И тоа баш на мојот 80 ти роденден, мојот највисок животен дострел. Ќе ме прашате зошто? Па затоа, што несум имал посебни потреби, ниту толку драги пријатели и толку членови на моето семејство, како сега.
Вакви настани во животот на човекот значат многу, зошто причинуваат радост и чувство да е некој сакан и почитуван. Значат, дека растел, пораснал и створил нешто од себе си. Дека направил нешто препознатливо и корисно за животната средина која го опкружува. Нешто за своите родители, за своите блиски, но и за себе си. Можеби нешто и за човештвото.
Ги почитувал достигањата на другите членови од човековата врста, научил нешто од секого од нив или пак си останал таков каков Господ го дал : - за почит или не, како си заслужил. Или по нашата стара поговорка: - како си послал, така си легнал!
Сето тоа на некој начин се наградува со внимание, почит и љубов. Со честитки, кои обврзуваат и се поттик за продолжување со работата која е веќе препозната и наградена во било која форма.
Мојот 80 ти роденден годинава беше посебен настан. Посетата на Дубровник, туристичкиот бисер на Хрватска и меката за светските љубители на медитеранската убавина, беше роденденски подарок од нашите деца Јосипа и зетот Бариша. Таму го одбележавме првиот дел од мојот бурен и среќен животен пат, но и почетокот на вториот, кој никој не знае, уште колку ќе трае.
Нашето заедничко дружење значи многу за мене. Но верувам и за многу околу мене, пред се' за моето семејство, за моите блиски и подалечни пријатели од нашето заедничко и безгрижно детство во нашите, далечни места. Во родните места, каде сме сонувале за иднината која е сега тука и во голема мерка стварност...
Затоа, трогнат и вистински возбуден од вашите многуброини честитки по повод мојот роденден, драги мои пријатели, роднини и членови на моето семејство од многу земји во кои живеете, одлучив да ви се заблагодарам на овај начин и да Ви посакам добро здравје вам и на вашите семеиства.
Денес можностите за комуникација помеѓу луѓето, во однос со изминатите времиња се неспоредливи. Количината на пораките испратени од едната до другата страна на светот немаат физичка тежина, а брзината на испораката се мери во секунди.
Нека нашите насмевки и нашите убави зборови бидат секогаш врска кои не спојуваат и чинат посреќни денес од вчера. И, нека нашите честитки и искрени желби за добро здравје бидат патоказ, за поарно утре.
И затоа уште еднаш Ви благодарам на сите и бидете ми здрави, среќни и секогаш весели.