Марко ЦЕПЕНКОВ, Прилеп

ОД МАКЕДОНСКОТО НАРОДНО ТВОРЕШТВО

Пишува Сотир Гроздановски

МАРКО КОСТОВ ЦЕПЕНКОВ е еден од најголемите, ако не и најголем, собирачи на македонски народни умотворби со непроценливо значење за македонската фолклористика, етнографијата, лингвистиката, националната историја, правото и за моралот на Македонците. Автор е на неколку публикации напишани на македонски јазик.

Марко Цепенков е роден во Прилеп на 7 ноември 1829 година, што би рекле, во тогашната Османлиска Империја, денес Република Македонија

Семејството Цепенков потекнува од прилепското село Ореовци и било многу сиромашно, што се почувствувало многу негативно врз неговото образование. Но сепак, Марко завршил една година основно образование и потоа се зафатил со учење на терзискиот занает, како би имал некоја заработувачка и материјални средства за својата права љубов, собирач на народни умотворби.

Како и самиот вели, Димитар Миладинов му бил поттик, за да во 1856 / 57 се зафати со собирачката дејност, патувајќи на секаде низ Македонија и спасувајќи ги македонските умотворби од забот на времето и заборавот.

Некое време работел во Народното собрание на Вугарија по статистиката на народното население, подоцна и во финансискиот оддел. Цепенков работел како администратор и во печатницата на браќата поп Спиркови. Со својата неуморна работа, Марко дал голем придонес во развојот на македонската култура и етнографија.

Марко Костов Цепенков и покрај својот значаен придонес,  сепак останал заборавен, напуштен и починал во крајна сиромаштија на 29 декември 1920 година во Софија, каде бил и покопан.

Целокупната оставина на Марко Цепенков се чува во Архивниот институт на Бугарската академија на науките во Софија. Во современа Македонија, делата на Марко Цепенков за прв пат биле реиздадени во 1954 година од Блаже Конески во "Сказни и сторенија". Во 1957 творештвото на Цепенков било прекажано во вид на филм од Кирил Пенушлиски, а пак  една година подоцна, започнало со неговото издавање.

Важно е да се спомене дека, Марко Цепенков, меѓу сите други собирачи на народното културно благо на македонскиот народ како на пр. браќата Миладиновци, Кузман Шапкаров, Стефан Верковиќ е оригинален собирач, зошто  тој самиот ги запишувал своите фолклорни и етнолошки материјали, за разлика од другите, кои во своите фондови имале и материјали добиени од други собирачи. По вкупниот фонд на собраните народни умотворби, како и по жанровската разновидност на собраните фолклорни материјали, Марко Костов Цепенков е најзначајниот собирач на македонските народни умотворби.

Во вкупниот број на публикувани и непубликувани негови дела можат да се набројат повеќе од 5500 пословици и поговорки, 800  приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри, јазичен и етнолошки материјали ( речник, тајни јазици, описи на занаети, обичаи, обреди, реквизити од домашниот материјален живот и сл.)

Цепенков своите записи ги правел во Прилеп и прилепско, Битолско, Скопско, Штипско, Велешко и Дебарско. Соодветно на обемниот фонд собрани народни умотворби, голем е и бројот на интерпретаторите од кои Цепенков ги слушал и запишувал своите фолклорни материјали. 

Автор е на драмското дело "Црне Војвода", а неговата автобиографија претставува богат извор за проучување на целокупниот живот во Прилеп.

Драги мои читатели, сигурно заприметувате некои промени кои се дешаваат во моите јавувања. Покушавам да ви донесувам разни новости и важни катадневни настани во Македонија и околу Македонија, но по некогаш и нешто од македонското народно творештво, што и самиот сметам дека покрај политиката и културата има свое важно место во нашите животи. И ако многу културни и воспитни личности не мислат така, зошто во последно време отворено кренаа рака против културното и историското наследство пренесувано со генерации, но и уништувано од разни освојувачи и крадено од комшиите сметајќи дека е нивно, јас и понатака ќе се однесувам со поштовање и пиетет спрема се' што е македонско, зошто во спротивно, ќе бидеме како дрво без корен.

Ево, во ово моје јавување уште еднаш навратив и sирнав во ризницата на Марко Костов Цепенков, за да не "мисли" дека и овие генерации го забораваат и не ја ценат неговата работа, како некои пред нас. 

 

СО КОЈ СИ ТАКОВ СИ

Еден лош чоек си патуаал од еден град на друг и настред пат стрел еден чоек и тој си патуал кај што одел лошио чоек. Откоа се поздравиле двата, се здружиле да патуаат. Лаф муабет, лаф муабет, отвориле за како живеат со ќесати и зулуми. Првио чоек бил кривината, препраен во чоек, а вторио бил правината и тој препраен на чоек. Нито кривината ја познала правината, нито правината ја позна кривината. Чинејќи си таквие лакрдии за како треба да живеат на овие лоши годиње, правината му се плакала на кривината оти и на три дни леб јадела, толку што била на мака.

_ Трај си, пријателе _ му рекла кривината _ лели те стави Госпо со мене, јас ќе ми те најадам и напијам од што ти срце сака. Коа чула правината тие зборои, се израдуала оти нашла еден богат чоек да го најади. Ошле вечерта во еден град и кондисале во еден најбогат анџија. Јале, пиле од што му душа сака неколку дни. На одење го викна кривината анџијата да му кажи есапот. Му кажал анџијата есапот, да речеме 90 грошеи сакал.

_ Мошне арно _ му рекла кривината _ 90 ти сакаш, а пак јас ти дадов 100 грошеи, дај ми назад ти уште десет грошеи.

Коа виде и чу правината тоа нешто, многу се устрами и се скри зад врата. А пак коа чул анџијата тој збор од кривината, многу се налути и се кара со неа, арно ама Госпо да те чуа од шерет даваси, а пак кривината толку викаше против анџијата и батакчија го праеше, што целата чаршија му ја собра и којшто чу, се' анџијата крив го праеше. На тоа згора, виде не-виде анџијата, му даде десет грошеи за од беља и рече: 

_ Правино, правино, кај си ?

Чу правината од зад вратата и му се одгоори:

_ Еда еве сум зад врата, бре анџи, туку што да ти праам кога и јас јадов?

Оттогај се одделија правината и кривината и нема да се здружат до векутума века.

 

Ваш Сотир Гроздановски  

14 јуни 2016 година

 

 

Kind regards : 14 јуни 2016

Sotir Grozdanovski br. 11